Достапни линкови

Рафтовите во аптеките се празнат, кризата удри и по лековите


илустрација
илустрација

Граѓаните се жалат на недостиг на одредени антибиотици, лекови за притисок, епилепсија, авто-имуни заболувања. Од Агенцијата за лекови Малмед велат дека недостигот на лекови е резултат на глобалната енергетска криза, но дека граѓаните не треба да стравуваат дека ќе останат без терапија

Веќе неколку недели пациентка која боледува од лупус (автоимуна болест) низ аптеките го бара лекот декортин. Безуспешно. Овој кортикостероиден лек кој се користи за лечење на голем број болести е сѐ потешко да се најде и приватно, па дел од граѓаните се принудени да патуваат до некоја од соседните земји за да дојдат до лекот кој им е потребен.

„Никаде не можам да најдам декортин. Не само низ аптеките во Куманово, еве пробав и преку пријатели да го побарам и во други градови. Мене ми е лекот редовна терапија и не знам што ќе правам ако не го пијам. Во моментот ја користам последната кутија што ја имам дома. Боледувам од лупус нефритис и мојата состојба може многу брзо да се влоши, ако не го пијам лекот“, вели Валентина Цветкова од Куманово.

Од веледрогеријата Варус, која го увезува овој лек за Македонија потврдуваат дека има проблеми во испораките за македонскиот пазар.

„Се соочуваме со застој на планираните испораки на лекот од страна на производителот. Надлежните институции се соодветно известени за состојбата. Во постојана комуникација сме со производителот со цел што е можно побрзо обезбедување на нови количини“, одговорија за РСЕ од веледрогеријата Варус.

Граѓани се жалат и на недостиг на лекови за притисок, но и на антибиотици. Во сезона на грип и зголемен број на респираторни инфекции, се потешко се наоѓа и вентолин, лек кој го користат астматичарите, но и пациентите со бронхијални опструкции.

„Јас пијам редовна терапија за висок притисок и еве на пример не можам да го најдам лекот пирамил со денови. Исто така внучето беше болно и не можевме дури и приватно да го најдеме антибиотикот Зинат. И во аптека прашувам и тие не знаат да ми кажат кога ќе ги добијат лековите. Се плашам да не останам без терапијата која ми е редовна и не можам без неа“, изјави пензионерката Мира.

И од аптеките потврдуваат дека веќе некое време се соочуваат со дефицит на одредени лекови.

„Она што загрижува е што не можат да се најдат лековите и на приватно. Едноставно немаме залихи од некои антибиотици, на некои лекови за регулирање на крвниот притисок, терапијата за невролошки заболувања е дефицитарна, има недостиг на одредени лекарства за некои авто-имуни болести. Пациентите доаѓаат, се молат за кутија повеќе, а ние немаме како да им помогнеме“, вели вработена во аптека.

Малмед: Нема потреба од паника

Од агенцијата за лекови Малмед велат дека во моментот нема потреба од паника, но дека состојбата со пазарот на лекови будно се следи.

Директорот на Малмед, Љирим Шабани вели дека тенденцијата на недостиг на лекови е последица на пандемијата со ковид 19, војната во Украина, проблемите со синџирот на снабдување и енергетската криза.

„Недостигот на репроматеријали и високите цени на транспортот влијаат на бизнисот на многу веледрогерии и фирми кои работат со лекови. Малмед не купува лекови, но ние се обидуваме да помогнеме во делот што е нашата надлежност. А тоа е, знаејќи дека цела Европа се соочува со недостаток на лекови ние се обидуваме итно да ги разгледаме и во голема мера да ги одобриме барањата за увоз на лекови, секогаш внимавајќи на законските прописи и безбедноста на тие лекови“, вели директорот на Агенцијата Љирим Шабани.

Лекарите бараат итно решавање на проблемот со недостиг на лекови, оти според нив ненавременото лекување може да предизвика уште поголеми компликации и оштетувања.

„Нема лекови. Секој ден е сѐ полошо. Јас на пример моите пациенти ги праќам во Србија. Некои од лековите за епилепсија го има и во Србија и на Косово, па така се снаоѓаат. Од друга страна дел од пациентите кои се повозрасни не сакаат да примаат друг лек од тој на кој се научени, па не прифаќаат да им пишам рецепт за заменски лек, вели доктор Фатмир Асани, претседател на Здужението на матични лекари од Куманово.

Недостиг на лекови и во европските земји

Според неодамнешната анализа на Европската комисија во сите земји-членки на ЕУ, во последните години е забележан тренд на зголемување на извештаите за недостиг на лекови, што делумно може да се припише на економската глобализација и концентрацијата на фармацевтското производство во земјите надвор од Европа (особено Кина и Индија). Резултатите од истражувањето покажаа дека недостигот на лекови во повеќето европски земји значително е влошен во споредба со минатата година.

Од соседните земји недостиг на лекови има и во Грција која најави дополнителни мерки за справување. Властите најавија дека грчките фабрики ќе го зголемат производството на најчесто бараните лекови, како и дека ќе ги контролираат аптеките во магацините за да утврдат дали има доволно резерви во согласност со законот.

Во Бугарија во моментот најзабележителен е недостигот од антибиотици, антипиретици и антихипертензивни лекови, па оттука се размислува за забрана за извоз на лекови. За забрана за извоз на лекови размислува и Турција.

Ситуацијата е посебно алармантна во Германија, каде според пишувањата на германските медиуми во моментов е тешко да се најдат околу 300 лекови. Германците, всушност, дури и за најобичните детски сирупи против треска или болка, се снаоѓаат со споделување на вишоци преку групите на WhatsApp и социјалните мрежи. Причината е што домашно производство на одредени лекови речиси и да нема, а не е исплатливо ниту за производителите.

Со недостиг на лекови се соочуваат уште и Словенија, Унгарија и Италија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG