Достапни линкови

Вести

Бугарскиот парламент усвои декларација за Северна Македонија

Собрание на Бугарија
Собрание на Бугарија

Бугарскиот парламент денеска категорично го осуди насилството врз македонските Бугари во Република Македонија, како и омаловажувањето на проблемот со правата и безбедноста на Бугарите во РСМ. Ова се наведува во декларацијата на Националното собрание, усвоен денеска со огромно мнозинство. Во декларацијата Софија го осуди говорот на омраза и инсистира на спроведување на Договорот за пријателство, кој, како што се наведува, властите во Скопје не го почитуваат.

Документот беше усвоен само еден ден откако делегација на македонските Бугари беше пречекана во Европската комисија од страна на европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји. Една од причините за усвојување на декларацијата е бруталното претепување на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“. Извештајот ги обединува предлозите на Десислава Атанасова од ГЕРБ, Андреј Ѓуров од ПП, Костадин Костадинов од Преродба и Елисавета Белобрадова и Стојан Михалев од ДБ.

види ги сите денешни вести

Запален Олимпискиот оган во Париз

Француското знаме
Француското знаме

Церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Париз започна со дождливо небо над реката Сена и сомнителни чинови на саботажа насочени кон водечката француска железничка мрежа.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги прогласи Летните Олимписки игри за отворени.

Легендата на францускиот фудбал Зинедин Зидан ја започна церемонијата на отворање со олимпискиот оган во рацете. Факелот со огнот му го предаде на тенисерот Рафаел Надал, кој потоа во придружба на колешката Серена Вилијамс и атлетичарот Карл Луис со брод низ Сена го однесоа до катедралата Нотр Дам. Оттаму група француски спортисти и спортски ветерани го однесоа факелот покрај музејот Лувр и Триумфалната капија каде што беше запален Олимпискиот оган.

Изненадување на отворањето на Летните Олимписки игри беше Лејди Гага која го започна својот настап на скалите покрај реката Сена, пеејќи ја песната „Mon Truc en Plumes“ на Зизи Жанмер. Појавата на Гага беше изненадување, затоа што таа не беше наведена во програма обезбедена за медиумите однапред, но за нејзиното можно учество се зборуваше откако таа беше забележана во Париз.

И покрај дождот, сцената беше исполнета со музички изведби, шарени чадови во воздухот и воодушевена публика која навиваше за секој еден брод од вкупно 86 кои пловеа низ реката Сена со над 7 илјади олимпијците.

Релиќ со македонското знаме на отворањето на Олимписките игри и надеж за медал
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:46 0:00

Меѓу нив беше и шестчлената македонска делегација. Од нив прв на Летните Олимписки игри ќе настапи 16-годишниот Никола Ѓуретановиќ, кој своето деби во олимпискиот базен во Париз Никола ќе го има на 27 јули во трката на 400 метри слободно.

Еден ден подоцна, ќе настапи и македонската олимпијка во стрелаштво Анастасија Мојсовска.На олимпиското борилиште ќе настапат Еди Шерифовски, Мила Релиќ и Владимир Егоров. Последен од македонските натпреварувачи е Дарио Ивановски, кој ќе истрча на улиците на Париз на 10 август.

Трамп по посетата на Нетанјаху- ќе вложам напори за мир на Блискиот Исток

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се состана со Доналд Трамп
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се состана со Доналд Трамп

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се состана со Доналд Трамп на 26 јули во имотот на поранешниот претседател во Флорида. Ова беше нивна прва средба лице в лице по речиси четири години, во обид да го поправат својот политички сојуз.

Посетата на Нетанјаху дојде на петтиот ден од неговата посета на Вашингтон и еден ден откако тој се сретна со потпретседателката на САД Камала Харис, која го повика Нетанјаху да постигне договор за прекин на огнот со Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од страна на САД и Велика Британија.

Во соопштението од кабинетот на Трамп е наведено дека тој ветил во разговорот со Нетанјху дека „ќе вложи максимални напори за да донесе мир на Блискиот Исток“ и ќе се бори против антисемитизмот во колеџските кампуси доколку американските гласачи го изберат за претседател во ноември.

Долгогодишниот израелски лидер го промени распоредот на патувањата за неговата посета на САД за да оди на Флорида на средба со Трамп, пишува новинската агенција Ројтерс.

Посетата на Нетанјаху на САД се совпаѓа со промената на американската политика. Во неделата, Бајден (81) се повлече од претседателската трка во САД под притисок на колегите демократи и ја поддржа Камала Харис за претседателската номинација на партијата во 2024 година.

Тројца Бугари уапсени поради вандализам врз споменикот на холокаустот во Париз

Црвените дланки насликани на Меморијалот на Холокаустот во мај,
Црвените дланки насликани на Меморијалот на Холокаустот во мај,

Тројца бугарски државјани се приведени под сомнение дека го вандализирале споменикот на холокаустот во Париз во мај, соопшти бугарската државна агенција за национална безбедност (ДАНС) на 26 јули.

Двајца од Бугарите беа приведени на 25 јули во Бугарија во заедничка акција на агенти и полицајци. Третиот е приведен во друга земја на ЕУ, се вели во соопштението на Агенцијата.

Според соопштението на Агенцијата уапсените „гравитираат околу бугарските групи со екстремно десничарска екстремистичка идеологија“.

Тие се осомничени дека го вандализирале Споменикот на Холокаустот правејќи 35 црвени отпечатоци од дланки на споменикот. Француските власти во мај, набргу откако се појавија графитите, објавија дека истражуваат дали сквернавењето било координирано од Русија.

Олимпијадата во Париз, без руски спортисти и гледачи во Русија
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:34 0:00


ДАНС соопшти дека бугарските органи за спроведување на законот дејствувале по европскиот налог за апсење издаден на 19 јули од француските власти за злосторства, вклучително учество во организирана криминална група и оштетување на имот по етничка, расна и друга основа.

Инспекторите почнаа да ги следат Бугарите во мај, кога идентификуваа тројца осомничени кои престојуваа во хотел во Париз, а потоа отпатуваа за Белгија.

Меморијалот на холокаустот во Париз е испишан со имињата на 3.900 мажи и жени кои помогнале да се спасат Евреите од прогонство за време на нацистичката окупација на Франција од Втората светска војна.

Обвинителите истражуваат оштетување на заштитениот историски објект од национални, етнички, расни или верски мотиви. Казната за вандализмот може да биде построга доколку се докаже дискриминација.

Мицкоски: Лотарија без лиценца издавала лиценци за игри на среќа

Премиерот Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски

Од 2017 година „Лотарија на Македонија“, без разлика што и самата не поседува лиценца самата издавала лиценци за приредување на игри на среќа, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање. Тој посочи дека документацијата е предадена на истражните органи и очекува надлежните институции да излезат со став.

„Има претходни високи функционери од Владата коишто и покрај тоа што знаеле дека ова е спротивно на Закон дозволиле ваков тип на игри на среќа да се приредуваат, а со тоа ги оштетиле и граѓаните и Буџетот“, изјави премиерот Мицкоски.

Оваа информација следи откако претходно деновиве беа одземени две лиценци на фирми од Струмица и од Скопје, кои, како што тврди премиерот не плаќале редовно данок. Министерството за финансии ги испратило предметите за двете друштва до Финансиската полиција и до МВР кои треба да утврдат дали и во колкав обем е оштетена државата од незаконското работење на друштвата за игри на среќа.

Претходно владејачкото мнозинство во Собранието побара укинување на лиценците на новите три компании за онлајн игри на среќа кои Државна лотарија преку јавен повик заеднички ги основаше со приватен капитал од Србија, Црна Гора и Бугарија. Во овие новоформирани компании, државното Акционерското друштво има 51 насто од сопственоста, додека приватните фирми 49 насто.

Станува збор за компаниите „ Државна лотарија - 77 Битс ДОО Битола“, каде косопственик е бугарската Телематик Интерактив Бугарија АД.

Потоа „Државна лотарија - Везув ДОО Скопје“, чиј странски капитал е на истоимената фирма „Везув“, која е најголемиот ланец на обложувалници „Волкано“ во Црна Гора и последната „Државна лотарија - Моззарт ДОО Скопје“ во партнерство со српската „Моцарт ДОО Белград“ која важи за една од најголемите компании за игри на среќа во регионот.

Барак и Мишел Обама ја поддржаа Камала Харис во изборната трка

Американската потпреседателка Камала Харис разговара на телефон со поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел Обама
Американската потпреседателка Камала Харис разговара на телефон со поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел Обама

Поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел на 26 јули ветија поддршка за потпретседателката Камала Харис во нејзиниот обид да стане претседателски кандидат на Демократската партија.

Јавната декларација за поддршка од Обама дојде во видео на кое се гледа дека Харис го прифаќа нивниот повик.

„Не можам да го имам овој телефонски повик без да и кажам на мојата девојка, Камала, горда сум на тебе. Ова ќе биде историско“, изјави поранешната прва дама на САД Мишел Обама во телефонскиот разговор со Харис.

Одобрувањето уследи по други истакнати демократи кои објавија дека ја поддржуваат и дава уште еден поттик за кампањата на Харис, со што републиканскиот кандидат, поранешниот претседател Доналд Трамп, се прилагодува на реалноста да се кандидира против црна жена две децении помлада.

Американскиот претседател Џо Бајден ја поддржа потпретседателката Камала Харис како кандидат на Демократската партија во неговото обраќање до нацијата на 24 јули.

Бајден ја кроеше номинацијата на Демократската партија за изборите, но се откажа од трката и ја поддржа Харис поради загриженоста во јавноста за неговата подготвеност да служи уште еден мандат поради неговата возраст. Тој со недели беше под притисок по ужасниот настап на дебатата со Трамп, каде што претседателот на моменти изгледаше изнемоштен и збунет, и ги покрена прашања за неговата физичка и ментална состојба.

Руските обвинители бараат 9 години затвор за новинар поради текстови за војната во Украина

Сергеј Михаилов, новинар и основач на весникот и веб портал Листок (LIStok)
Сергеј Михаилов, новинар и основач на весникот и веб портал Листок (LIStok)

Руските обвинителите побараа од судот во Сибир на 26 јули да го осуди Сергеј Михаилов, новинар и основач на весникот и веб портал Листок (LIStok) во градот Горно-Алтајск. Тие бараат да биде осуден на 9 години затворска казна под обвинение за дистрибуција на „лажни информации“ за руската војска.

Обвинението произлегува од текстовите објавени во весникот за, како што се вели, наводните злосторства на руските трупи врз украинските цивили во градот Буча.

Михаилов во неговата одбрана тврдел дека одлуката за објавување на тие текстови ја донел главен уредник Виктор Рау, а не тој, бидејќи тој дејствувал само како основач, а одлуките за публикациите и објавувањето на материјалите ги носи главниот уредник.

Рау, кој моментално е надвор од Русија, потврди дека е негова идеја да ги објави материјалите. Самиот Рау ја напушти Русија и продолжува да објавува вести на веб порталот „Листок“. Тој е казнет и со 120 илјади рубли според административен член за повиците за санкции против Русија.

Случајот Михајлов првпат беше разгледан во пролетта 2023 година.
Во април 2023 година, судот го врати на обвинителството бидејќи во случајот не беше прецизирано каде и како Михаилов го извршил делото. Сепак, обвинителството успеало да го врати случајот на суд.

Според пресметките на невладината ОВД - инфо, вкупно 992 лица се вклучени во антивоени случаи од почетокот на инвазијата на Украина.

update

Владините партнери Влен и Знам се „скараа“ за балансерот

Министерот за јавна администрација Горан Минчев
Министерот за јавна администрација Горан Минчев

Новите пресметките на таканаречениот балансер, според кој правичната застапеност во институциите се пресметува водејќи се од процентот на резидентното население во државата од пописот од 2021 година, а не како досега според процентот на етничка припадност на вкупно попишаното население, спречи 115 институции да добијат „зелено светло “ за вработување во јавната админстрација, соопшти на 26 јули новиот министер за јавна администрација Горан Минчев.

Тој соопшти дека засега одобрени се само пет од вкупно 120 годишни планови за вработување, додека на останатите 115 институции им е наложено да ги доработат плановите согласно новата пресметка во Балансерот.

„Институциите од јавниот сектор се известени односно им се вратени на доработка годишните планови со цел да ги усогласат со коригираните податоци во нововграденото решение за Балансерот, согласно резидентното население на територијата на Република Северна Македонија“, изјави Минчев.

Тој посочи и дека новото Министерство за јавна администрација со кое тој раководи е еден од примерите за досегашната злоупотреба на Балансерот.

„Тоа е предмет на ревизија, досегашните анализи покажуваат дека од 100-процентната вработеност, околу 18 до 19 проценти ја имаат злоупотребено можноста за искажување етничка припадност односно злоупотреба на Балансерот. Тие се во редовен работен однос, секако дека ќе останат на работа, меѓутоа нужно е да укажеме дека во минатото Балансерот бил злоупотребуван и токму оваа постапка што ја правиме за враќање на годишните планови за вработување и нашите укажувањата до институциите од јавниот сектор е за спречување на повторно таква злоупотреба на Балансерот“, додаде Минчев.

На неговата денешна прес конференција со реакција со огласи и владиниот партнер од коалицијата Влен (Вреди). Во нивната пишана реакција е наведено дека кадрите на ЗНАМ имаат погрешна проценка дека ќе го создаваат својот политички идентитет на анти-албанска доктрина. Во него додаваат дека очекувале нивниот коалициски партнер да ги поништи огласите со кои Македонци се определувале како етнички Албанци за да се вработат во јавната администрација.

„Токму тоа е злоупотреба на Балансерот кое неговото Министерство не смее да ги премолчува. Истовремено, порационално е Димитриевски и Минчев да направат список на државни институции во кои сеуште нема пристап за Албанците. Намалувањето на процентите на Албанците е предизборен фолклор и аргумент плус зошто е неопходно да се укине Балансерот и да се донесе Закон за правична застапеност. Со таков пристап ќе се елиминира некои политичари како Димитриевски и Минчев да одлучуваат колку и какви Албанци ќе се вработуваат во јавната администрација!“, пишува во реакцијата на Влен.

По нивната реакција од движењето Знам се огласи со сопштение во кое и порачуваат на коалицијата Влен (Вреди) да детално да ги проучат постоечки и важечки закони и како што велат анти-албанска доктрина не постои во нивните редови.

„Што се однесува на фразата „Елиминирање на некои политичари“, би сакале да ги потсетиме припадниците на Вреди дека времето на ДУИзација во Република Македонија е завршено.Колегите од Вреди треба да разберат дека заврши времето кога можеше да се демонстрира моќ од позиција на власт преку кршење на законите во Македонија. Таква демонстрација на моќ практикуваше ДУИ. Тоа време е минато“, е наведено во реакцијата на „Знам“.

Потпретседателот на Алијансата за Албанците, Наим Бајрами, преку соопштение објавено на социјалната мрежа Фејсбук, ги повика албанските партии да ја напуштат Владата бидејќи, според него, одлуката на министерот за администрација Горан Минчев за промена на процентот на застапеност според Балансерот значи реализација на сценаријата за деградација на Албанците во земјава.

Укинувањето на „балансерот“ беше дел и од партиската програма „Платформа 1198“ на ВМРО-ДПМНЕ пред парламентарните избори на 8 мај.

Во Програмата „Платформа 1198“ ВМРО-ДПМНЕ предлага да се укине оваа алатка.

Според Рамковниот договор потпишан во Охрид во 2001 година, со кој се стави крај на конфликтот во Македонија меѓу припадниците на Ослободителната народна армија-ОНА и македонските вооружени сили, една од главните промени беше вработувањето по етнички клуч во јавната администрација.

„Исповед“ на Германец осуден на смрт во Минск објавена на белоруската телевизија

Белорусија - Државната телевизија (Белорусија 1) прикажа видео монолог на Германецот Рико Кригер, кој беше осуден на смрт, на 25 јули 2024 година.
Белорусија - Државната телевизија (Белорусија 1) прикажа видео монолог на Германецот Рико Кригер, кој беше осуден на смрт, на 25 јули 2024 година.

Германски државјанин, кој минатиот месец беше осуден на смрт од белорускиот суд во Минск, на 25 јули беше прикажан на видео на белоруската телевизија како бара милост за, како што веруваат експертите, изјава дадена под принуда.

Државната белоруска телевизија доцна на 25 јули го емитуваше видеото на со германскиот државјанин Рико Кригер, кој минатиот месец беше осуден на смрт под обвинение дека е платеник.

Во видеото кое трае 17 минути, 30-годишниот Кригер беше прикажан како седи зад решетки со лисици. За време на својот монолог, тој рече дека му е жал и изрази надеж дека авторитарниот владетел Александар Лукашенко, кој е лидер веќе 30 години, ќе го помилува.

Практиката на прикажување на таканаречените видеа за покајание на опозициски политичари или активисти направени под очигледен притисок по нивното апсење е вообичаена во Белорусија со години.

„Исповедта“ на Кригер изгледаше како да се користи за пропагандни цели, при што тој зборува германски со гласовниот превод на руски.


Гласот на нараторот што го преведува говорот на Кригер вели дека германските власти молчат и покрај личните апели на Кригер до германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер.

Сепак, портпаролот на германската влада на прес-конференција во Берлин на 26 јули изјави дека „канцеларот е свесен за случајот и, како и целата влада, и тие се загрижени за овие настани, особено во врска со смртната казна“.

Во видеото, според преводот на говорот на Кригер, се посочува дека тој работел како болничар и во безбедносната служба на Амбасадата на САД во Берлин пред да воспостави онлајн контакт со Украинската служба за безбедност (СБУ) преку, како што се тврди во видеото, со странска платеничка единица во украинските вооружени сили минатата година.

Според објавеното видео, Кригер добил задача од офицер на украинската служба за безбедност да најде ранец на 5 октомври 2023 година, на локација координирана од службениците на СБУ и да го постави на железницата, што и тој го направил.

„Сега знам дека никој не е повреден, дека нема човечки жртви“, вели Кригер во видеото додека почнува да плаче.

Кригер потоа вели дека бил уапсен на 6 октомври на аеродромот во Минск додека го чекал својот лет за Берлин.

По ова, на видеото се појавува кадар на кој се гледа експлозија на шините во близина на станица со датум и време: 5 октомври 2023 година, 23:22 часот.

„Дефинитивно се сметам себеси за виновен... Се каам во секоја секунда“, вели Кригер, додавајќи дека тој може да биде погубен во секое време и бара помош од германските власти и милост од белоруските власти.

Деталите за случајот на Кригер не беа познати сè додека групата за човекови права „Вјасна“ минатата недела објави дека тој е осуден на смрт во јуни за платеничка активност, тероризам, создавање екстремистичка група, намерно оштетување на возило и нелегални операции со огнено оружје и експлозиви.

Белоруските власти не го коментираа случајот.

Русија објави список со „екстремистички“ организации

Илустрација, протестен марш на една од организациите кои се најдоа на новиот список на руското министерство за правда
Илустрација, протестен марш на една од организациите кои се најдоа на новиот список на руското министерство за правда

Руското Министерство за правда на 25 јули прогласи 55 организации регистрирани во странство како „екстремистички“ поради нивната поврзаност со забранетото Антируско сепаратистичко движење, групација која не постои.

Наведените организации се залагаат за самоопределување на етничките републики и региони во рамките на Руската Федерација. На пример една група на списокот е Фондацијата Слободна Русија, која беше основана од руската опозиција и активисти за права во егзил.

Минатата година, Русија назначи како „непожелни организации“ две движења регистрирани во странство - Лигата на слободните нации и Форумот на слободните народи на пост-руските земји.

Од моментот на запишување во овој регистар, основачите на овие организации можат да бидат повикани на кривична одговорност за делото „Организација на активности на екстремистичка организација“.

Ова не е прв пат руските власти да обвинат суштински фиктивни структури за екстремизам. Ова се случи со „меѓународното ЛГБТ движење“, кое Врховниот суд на Руската Федерација го означи како екстремистичко на крајот на 2023 година.

Виножитото беше наведено како симбол на движењето. По оваа судска одлука, безбедносните сили почнаа со рации во ноќни клубови и приватни забави во Русија. И Русите почнаа да се апсат и казнуваат поради носење обетки со виножито.

ДКСК отвори предмет за проверка на анкетниот лист на Ковачевски

Поранешниот премиер и актуелен пратеник од СДСМ Димитар Ковачевски
Поранешниот премиер и актуелен пратеник од СДСМ Димитар Ковачевски

Државната комисија за спречување на корупцијата оформи предмет за проверка на вистинитоста на податоците од изјавата за имотна состојба и интереси на Димитар Ковачевски, велат антикорупционерите за Радио Слободна Европа.

Во последната година од премиерскиот мандат, Димитар Ковачевски го зголемил својот имот за еден стан и една куќа. Ова го покажува споредбата што Радио Слободна Европа ја направи на двата анкетни листа што ги поднел до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК)- првиот кога стана премиер во јануари 2022 година, а вториот кога стана пратеник во јуни 2024.

„Постапувањето по предметот е во тек. Од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата се преземаат дејствија во насока на утврдување на фактичката состојба. По утврдување на фактичката состојба, ќе биде донесена одлука на јавна седница, која ќе биде објавена на веб страницата на ДКСК,“ е наведено во одговорот од ДСКС за РСЕ.

Пратеникот Ковачевски за Радио Слободна Европа изјави дека транспарентно сите промени на имотот ги пријавил во Антикорупцијата комисија.

Според новиот анкетен лист, Ковачевски поседува вкупно четири стана и една куќа. Еден од становите е во сопственост на неговата сопруга Елена. Пријавената вредност на недвижниот имот изнесува 365 илјади евра.

Ковачевски кога седна на премиерското столче во јануари 2022 година, во ДКСК пријави дека поседува недвижен имот вреден 248 илјади евра, што е за над сто илјади евра помалку од сегашната состојба.

Ковачевски вели дека го продал станот кој го поседувал од 2008-та година и дека со тие пари, како и со продажбата на автомобилот „Пасат“ купил помали станови во изградба.

„ И наплатив дивиденда, која што ми беше ненаплатена дивиденда поради ковид кризата, од фирмата во која што имав акции порано, кои пред да станам заменик министер за финансии ги отстапив и си ги повлеков средствата, си ја наплатив и дивидендата од 3,4 милиони денари, и со тие средства ги купив помалите станови, а тоа се е пријавено во Антикорупциска“, одговори Ковачевски за РСЕ.

Според купопродажниот договор до кој дојде Радио Слободна Европа во јуни лани Ковачевски исплатил 26 илјади евра за куќа од вкупна површина од 76 метри квадратни и двор од 393 метри квадратни. Но, во новиот имотен лист кој го доставил до Државната комисија за спречување на корупција, не го внел дворот на куќата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG