Достапни линкови

Вести

Турција ја откажа трилатералната средба со Шведска и Финска

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Турција на неодредено време ја откажа средбата на трилатералниот механизам со Шведска и Финска, закажана за февруари, по протестот кој се одржа минатиот викенд во Стокхолм кој наиде на осуда од Анкара, објави денеска државната телевизија ТРТ.

Состанокот беше одложен на барање на Анкара, соопшти ТРТ повикувајќи се на турски дипломатски извори.

Портпаролот на Ердоган на почетокот на овој месец изјави дека треба да присуствува и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган еден ден претходно рече дека Шведска не треба да очекува поддршка од Турција за нејзиното членство во НАТО.

Ваквите коментари доаѓаат по протестот во близина на турската амбасада во Стокхолм, каде беше запалена копија од Куранот.

види ги сите денешни вести

Лонг Ајленд - Жена прогласена за мртва, па во мртовечница откриле дека дише

Илустрација

Жена од 82 години била прогласена за мртва во старечки дом на Лонг Ајленд во американската сојузна држава Њујорк, но три часа подоцна било востановено дека дише во мртовечницата во која била пренесена, соопштија денеска тамошните власти.

Жената, чие име не е соопштено, била прогласена за почината во саботата во старечкиот дом Вотерс Еџ во Порт Џеферсон во 11:15 по локално време, а во мртовечница била пренесена во 13:30. Таму било утврдено дека дише во 14:09, соопшти полицијата на округот Сафолк.

Жената била хоспитализирана, а денеска нема податоци за нејзината состојба. Случајот е во фаза на истрага и го води државното обвинителство на Њујорк.

Пред само неколку дена, еден старечки дом во сојузната држава Ајова беше казнет со 10 илјади долари поради сличен инцидент со прерано прогласување смрт на една жена.

Тоа се случи на 3 јануари, кога една 66-годишна жена беше прогласена за мртва во Дом за специјална нега на заболени од Алцхајмерова болест во Урбандејл, Ајова. Таа била ставена во мртовечка вреќа и била пренесена во крематориум, каде што работниците востановиле дека дише, па повикале полиција.

Жената била вратена во домот, каде што починала два дена подоцна, на 5 јануари.

Турција прогласи седумдневна жалост поради земјотресот

Последици од земјотресот во турскиот град Искендерун

Турција прогласи седумдневна национална жалост по смртоносните земјотреси кои погодија неколку јужни провинции, соопшти денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Поради земјотресите што се случија во нашата земја на 6 февруари, прогласена е национална жалост во траење од седум дена. Нашето знаме ќе биде на половина копје до зајдисонце во недела на 12 февруари во целата наша земја и во претставништвата во странство“ напиша Ердоган на Твитер.

Според последните информации, во земјотресите со јачина од 7,8 и 7,5 степени според Рихтеровата скала што денеска погодија големи делови од Турција и Сирија, во Турција загинале 1.762 луѓе, а повеќе од 8.500 се повредени. Во Сирија 800 загинати и над 2000 повредени.

Македонски спасувачи со опрема и кучиња ќе се вклучат во потрагата по преживеани во Турција

Урнатини по земјотресот во турскиот град Адана

Владата, на вонредна седница, донесе одлука за испраќање спасувачки тимови и опрема, како и помош за настраданите од разорниот земјотрес во Турција.

Во серијата земјотреси во југоисточна Турција, кои ја погодија и северна Сирија досега загинаа над 2300 луѓе, а над 8000 се повредени. Се очекува бројот на загинати да расте како што ќе се расчистуваат урнатините.

Владата денеска донесе одлука за испраќање 40 припадници на републичките сили за заштита и спасување од Дирекцијата за заштита и спасување со комплетна специјализирана опрема и материјално - текхнички средства за пребарување и спасување од урнатини, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила. Ќе бидат испратени и 22 лица од Баталјонот за специјални сили на АРМ и двајца водачи на службени кучиња со две кучиња од Командата за обука и доктрини на Министерството за одбрана.

Ќе бидат испратени 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила.

Владата исто така задолжи различни институции да подготват и да достават одлуки за испраќање финансиска помош и хуманитарна помош, како и луѓе и опрема.

Десетици земји веќе најавија испраќање на тимови за спасување во Турција.

Стотици загинати и неколку стотици повредени во земјотрес во Турција
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:22 0:00

Отфрлено обвинението за трговија со деца против четири хрватски двојки во Замбија

Илустрација: Деца во Замбија

Судот во Ндола, Замбија денеска го отфрли обвинението против хрватските државјани за трговија со деца и тие мора да ја напуштат земјата во рок од 48 часа, потврди хрватското Министерство за надворешни и европски работи.

Четири двојки од Хрватска беа уапсени на почетокот на декември на аеродромот во Ндола, третиот по големина град во Замбија, под сомнение за трговија со луѓе, односно поради сомнение за валидност на документите за посвојување малолетни деца од ДР Конго.

Тие беа обвинети за обид за трговија со луѓе и фалсификување документи. Пред две недели тие беа пуштени од притвор да се бранат од слобода откако ги исполнија сите услови поставени од судот. По отфрлањето на обвинението, осумте Хрвати мора да ја напуштат Замбија во рок од 48 часа.

Сè уште не се знае што ќе биде со децата кои четирите двојки ги посвоија, а кои им беа одземени по подигнувањето на обвинението.

Курти го прифати предлогот на ЕУ за нормализација на односите со Белград

Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти, по средбата со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак, соопшти дека Косово го прифаќа предлогот на ЕУ за нормализација на односите.

Курти во објава на Твитер изјави дека имал добра дискусија со Лајчак.

„Добра размена на мислења со специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак на работниот ручек во Приштина. Го прифаќаме предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и го сметаме за добра основа за понатамошна дискусија и солидна платформа за напредок“, потенцираше Курти.

Тој додава дека за одредени прашања за меѓународните гаранции, механизмите за имплементација и тајмингот ќе се разговара наскоро, на преговорите во Брисел.

Предлогот на ЕУ им е доставен на властите во Белград и во Приштина, а го поддржуваат Франција, Германија и САД.

Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно наведе дека е подготвен да работи на примената на тој план.

Овој предлог не е јавен, но РСЕ имаше увид во него. Според тој документ, се предвидува почитување на територијалниот интегритет, неповредливоста на границите, признавањето на државните симболи и посебен аранжман за српската заедница на Косово.

Во документот не се споменува експлицитно меѓусебното признавање или членство на Косово во Обединетите нации, на што инсистира Косово.

Исто така од Србија се бара да не го попречува членството на Косово во меѓународните организации.

Од друга страна, Белград инсистира на формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство како што беше договорено во Брисел во 2013 година. Курти на 2 февруари наведе дека Заедницата мора да биде во согласност со Уставот и законите на Косово. Уставниот суд на Косово констатираше дека формирањето не е во согласност со Уставот, но оти документите може да се прилагодат со статут или некои подзаконски акти.

Бајден одобри итен одговор на САД за помош по земјотресот во Турција

Урнати згради по земјотресот во турскиот град Кахраманмарас

Американскиот претседател Џо Бајден изјави денеска дека неговата администрација тесно соработува со официјална Анкара, за да може Вашингтон најитно и најефикасно да одговори на последиците од разорниот земјотрес што утринава ги погоди Турција и Сирија.

Бајден изјави дека американските тимови брзо се распоредуваат за да започнат со поддршка на турските напори за пребарување и спасување.

„Тимовите на терен мора итно да ги решат потребите на повредените и раселените по земјотресот“, вели американскиот претседател во соопштение објавено од Белата куќа.

Во земјотресот загинаа повеќе од 2.300 луѓе, а илјадници се повредени во јужна Турција и северозападна Сирија.

Стотици загинати и неколку стотици повредени во земјотрес во Турција
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:22 0:00

Бугарија испраќа генератори на три гранични премини со Македонија

Бугарски граѓани не можеа да ја поминат границата на Деве Баир и да му оддадат почит на Гоце Делчев на 4 февруари зашто „падна системот“ за проверка на лични документи поради прекин во напојувањето со струја

Бугарија денеска испраќа три генератори за електрична енергија на три гранични пункта со Македонија, изјави бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев.

Трите генератори Демерџиев ги најави во саботата за време на престојот во Скопје по повод одбележувањето 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Повод за донацијата е тоа што бугарски граѓани не можеа да ја поминат границата и да му оддадат почит на Гоце Делчев зашто „падна системот“ за проверка на лични документи поради прекин во напојувањето со струја.

Според него, немало причина да се спречуваат луѓето кои сакале да дојдат во Скопје за да положат цвеќе.

Поради најавата за доаѓање на бугарски граѓани за чествувањето, во ек на затегнати односи меѓу двете земји, власта оцени дека се работи за настан од висок безбедносен ризик.

И Македонија и Бугарија го сметаат Гоце Делчев за свој национален херој.

Тензично на Деве Баир, тројца бугарски државјани приведени
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:32 0:00

Настанот помина мирно под силно полициско обезбедување, но на границата со Бугарија имаше тензии поради спреченоста на бугарските граѓани да влезат во земјава. Тројца бугарски граѓани беа уапсени поради напади врз полицијата по што беа протерани од земјава.

Бугарија и Македонија имаат историски и идентитетски спор, меѓу другото и за тоа е чиј е Гоце Делчев.

Европската комисија предлага 100 милиони евра помош за Македонија

Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен

Европската комисија (ЕК) денеска предложи да обезбеди до 100 милиони евра макрофинансиска помош за Македонија. Во соопштението се наведува дека ЕК застанува до Македонија во тешки времиња, зашто по руската инвазија врз Украина, надворешниот баланс на земјава се влошил поради големата зависност од увоз на горива и струја, како и дека годинава доспеваат за враќање големи суми.

„Предложената помош ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи. Денешниот предлог ја придружува 24-месечната програма за поддршка склучена со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), до 530 милиони евра“, се наведува во соопштението.

Помошта ќе биде во форма на заем и ќе се исплати во две транши. Исплаќањето ќе биде условено од спроведувањето на реформите во фискалното управување, даночната политика, јавните инвестиции, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупцијата, како и на други полиња.

Предложената помош треба да биде одобрена од Европскиот парламент.

Помошта ја најави шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен при посетата на Скопје во октомври минатата година.

Станува збор за средства од пакетот што ЕК го воспостави во време на ковид – кризата. Македонија во 2020 и 2021 година година користеше 160 милиони евра маркофинансиска поддршка од ЕУ за справување со економските последици од коронавирусот.

Најмалку 34 загинати и 40 повредени во борбите во Сомалија

Архивска фотографија: Безбедносни сили во Сомалија

Најмалку 34 лица загинаа, а 40 се повредени во судирите во северниот отцепен регион Сомалиленд во Сомалија, соопштија денеска лекарите од јавната болница во градот Ласкануд во тој регион.

Министерот за внатрешни работи на Сомалиленд, Мохамед Кахин Ахмед, изјави дека рано утринава избувнале борби во источниот дел на Сомалиленд меѓу регионалните сили и антивладините борци, еден месец откако околу 20 лица беа убиени во протестите поради контрола на спорните области.

Сомалиленд се отцепи од Сомалија во 1991 година, но не доби широко меѓународно признавање на нејзината независност.

Лекар во болницата Ласкануд, од историскиот град Мохамад Фарах, рече дека најмалку 34 лица загинале, а 40 се повредени.

Новак - Сакаме да придонесеме за отстранување на пречките на патот на Северна Македонија кон ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски се сретна со неговата унгарска колешка Каталин Новак во Скопје

Сакаме да придонесеме за отстранување на сите пречки на патот на Северна Македонија кон ЕУ, изјави денеска во Скопје унгарската претседателка Каталин Новак на заедничката прес - конференција со нејзиниот домаќин, претседателот Стево Пендаровски.

Таа потврди дека за време на неодамнешната посета на Бугарија на средбата со колегата Румен Радев разговарале и за спорот на релација Софија - Скопје, со цел, како што вели, да се запознае со ставовите на двете страни.

„Сакаме долгорочно да придонесеме кон тоа да ги отстраниме сите пречки во натамошниот процес на интеграциите во ЕУ. Како што бевме еден од најголемите поддржувачи на Македонија на патот за зачленување во НАТО и сега веќе Македонија е членка на НАТО, се надеваме дека наскоро можеме да ја поздравиме Северна Македонија и во ЕУ. Ние ќе се обидеме доколку имаме каква било можност да придонесуваме на тоа, овие меѓусебни несогласување што побрзо да се расчистат“, рече Новак на новинарско прашање дали со Радев разговарале за односите на Софија и Скопје.

Новак се сретна и со премиерот Димитар Ковачевски.

Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции поради историски и идентитетски спор. Услов за продолжување на преговорите е внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, за што во моментов го нема потребното двотретинско мнозинство.

Во земјотресите во Турција и во Сирија загинаа повеќе од 2.000 луѓе

Потрага по преживеани под урнатините во турскиот град Адана по земјотресот што ги погоди Турција и Сирија

Според најновите податоци, во денешните два земјотреса што во рок од 12 часа ги погодија Турција и Сирија загинаа повеќе од 2.000 луѓе.

Се очекува зголемување на бројот на жртви, а во тек се спасувачки операции.
Според досегашните официјални податоци, во Турција загинале 1.014 луѓе, а 5.383 лица се повредени, додека се урнале 2.818 згради.

Сириското Министерство за здравство соопшти дека загинале повеќе од 783 лица, а 1.042 се повредени. Дополнително на тие бројки, спасувачката служба „Бели шлемови“ во северозападна Сирија, во областите што не се контролирани од Владата, соопшти дека бројот на загинати е 221, со што вкупната бројка на жртви е 2.018.

Повеќе од 10 тимови за пребарување и спасување од Европска унија се мобилизирани по големиот земјотрес што ја погоди Турција, соопшти портпаролот на Европска комисија. САД, Велика Британија, Израел, Русија и Кина понудија помош.

Првиот земјотрес се случил рано утрово во близина на Кахраманмарас и поголемиот град Газиантеп, блиску до сириската граница, а бил со интензитет од 7,8 степени според Рихтеровата скала, што е еден од најсилните земјотреси во регионот во најмалку еден век. Земјотресот беше почувствуван дури до Кипар и Каиро.

Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ) соопшти дека прелиминарните податоци покажуваат дека вториот земјотрес бил со интензитет од 7,7 степени според Рихтеровата скала на 67 километри североисточно од Кахраманмараш, Турција, на длабочина од два километри.

Сеизмолозите регистрираа повеќе од 100 помали последователни потреси.

Стотици загинати и неколку стотици повредени во земјотрес во Турција
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:22 0:00

Двајца македонски ученици повредени во земјотресот во Турција, не се во животна опасност

Урнати куќи од земјотресот во турскиот град Дијарбакир

Двајца македонски ученици се повредени во силниот земјотрес во Турција, но не се во животна опасност, информира Министерството за надворешни работи.

„Едниот ученик е со потешки повреди – скршеница на која во моментов работат медицински лица и е во фаза на санирање - додека вториот ученик е со полесни повреди“, информира МНР.


Осум македонски ученици и нивниот ментор/наставник престојувале во Турција преку програмата „Еразмус плус“. Македонските претставништва стапиле во контакт со деветтемина македонски државјани кои се во загрозениот регион. МНР досега нема информации за други македонски државјани на кои им е потребна помош.

„По инструкција на МНР, дипломат од Амбасадата во Анкара е веќе упатен во регионот за да помогне во евакуацијата на учениците од градот Кахраман Мараш, како и да обезбеди информација и присуство директно на терен во најзагрозените делови за евентуални дополнителни интервенции“, информира МНР.

Во земјотресите што ги погодија Турција и Сирија во изминатите 12 часа досега загинаа над 1500 луѓе, а над 5300 се повредени. Се очекува бројката да расте.

Првиот земјотрес беше со јачина од 7,9 степени според Рихтеровата скала, а вториот 7,7 степени. Во меѓувреме имало стотина помали потреси.

Стотици загинати и неколку стотици повредени во земјотрес во Турција
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:22 0:00

Турција побара помош од НАТО за справување со последиците од земјотресот

Потрага по преживеани во Дијарбакир, Турција. 06.02.2023

Турција официјално побара помош од сојузниците на НАТО за справување со последиците од серијата силни земјотреси.

Tимови и опрема за итни случаи, различни единици за пребарување и спасување, како и „комплетно опремени теренски болници отпорни на екстремни временски услови“ се наведени како дел од барањето објавено од НАТО.

Во документот се наведува и дека Молдавија, членката на НАТО, понудила тим за пребарување и спасување на кој му е потребна помош за да стигне до погодената област. Одговорот на НАТО на земјотресите е координиран од Координативниот центар за одговор при катастрофи на Алијансата.

Серија силни земјотреси ги погодија денеска Турција и Сирија во кои има илјадници настрадани и повредени, како и големи материјални штети. Спасувачки екипи се на теренот.

Македонската армија и понуди помош на Турција

Славјанка Петровска - Министер за одбрана на РСМакедонија

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, изрази сочувство до Турција и турскиот народ по силниот земјотрес и понуди помош од македонската армија.

„Изразувам длабоко сочувство до турскиот народ и нашите сојузници од Турција, но и подготвеност за помош во овие тешки моменти за нашите пријатели“, пишува Петровска на својот фејсбук-профил.

„Македонската Армија е подготвена да даде секаква поддршка за да помогнеме во напорите со справување со последиците од оваа страшна катастрофа и спасување колку може повеќе човечки животи“, додава Петровска.

Нашиот народ, вели таа, знае што значи солидарност и подадена рака во тешки моменти кога е најпотребна.

Стотици загинати и неколку стотици повредени во земјотрес во Турција
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:22 0:00

Рускиот патријарх Кирил шпионирал во Швајцарија за КГБ во 70-тите години

Рускиот патријарх Кирил

Рускиот патријарх Кирил, силен поддржувач на претседателот Владимир Путин, работел за советското разузнавање додека живеел во Швајцарија во 1970-тите, објавија швајцарските весници, повикувајќи се на декласифицирани архиви. Според неделниците Sonntagszeitung и Le Matin Dimanche, досието на швајцарската полиција за човекот кој денес служи како духовен поглавар на Руската православна црква „потврдува дека „монсињор Кирил“, како што се нарекува во овој документ, работел за КГБ.

Во раните 70-ти патријархот Кирил, кој жестоко ја поддржува руската инвазија на Украина, живеел во Женева, каде што официјално ја претставувал Московската патријаршија пред Светскиот (екуменски) собор на црквите. Кирил тогаш под оперативниот псевдоним Михаилов исто така имал задача да влијае на овој совет, во кој КГБ поставиле агенти во 70-тите и 80-тите години на 20 век. Советскиот Сојуз постави за цел да ја убеди институцијата во Женева да ги осуди САД и нивните сојузници и поумерено да го критикува недостатокот на верска слобода во СССР, наведуваат весниците и истакнуваат дека Руската православна црква „одбива каков било коментар за шпионски активности на Кирил во Женева“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG