Вести
Бројот на загинати од рускиот напад во Днипро се искачи на 30 лица
Бројот на загинати од рускиот ракетен напад врз станбена зграда во централниот украински град Днипро се искачи на 30, соопшти националната служба за вонредни состојби. Општинскиот совет на Днепро, исто така, соопшти дека 72 лица биле повредени во нападот во градот, само еден од неколкуте украински градови цел на руски ракети. Советот додаде дека 39 лица, меѓу кои шест деца, биле спасени. Се наведува дека 43 лица се водат како исчезнати во смртоносниот напад.
Нов руски ракетен напад врз Украина
„Продолжуваат операциите за пребарување и спасување и демонтирање на опасните структурни елементи. Деноноќно“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски. Зеленски директно му се обрати на рускиот народ во своето ноќно видео обраќање: „Вашиот кукавички молк, вашиот обид да „дочекате“ што се случува, ќе заврши само со фактот дека еден ден истите тие терористи ќе дојдат по вас“, рече тој, говорејќи на руски. Претходно, градскиот совет прогласи тридневна жалост за, како што рече, најлошиот „терористички напад врз Днипро“ од почетокот на целосната инвазија на Русија минатиот февруари. Спасувачите користеа кран за да се обидат да ги евакуираат луѓето заробени во горните катови на станбената зграда, од кои некои сигнализираа со батериските светилки на нивните мобилни телефони, рече Кирило Тимошенко, заменик-шеф на украинскиот претседателски кабинет, наведувајќи дека најверојатно имало луѓе под урнатините.
Столтенберг: Украина може да очекува повеќе испораки на оружје од западните земји
Украинската војска соопшти дека верува оти деветкатницата била погодена со ракета со долг дострел Kh-22. Како последица на нападот се урна целиот влез на зградата во која живеат повеќе од 1.100 луѓе.
види ги сите денешни вести
ДПИ: Трговците вадат нови производи за да ја „прескокнат“ одлуката за маржите
Маркетите за многу краток период извадија нови производи само за да ја избегнат Одлуката за ограничување на маржите. Се обидуваат на секаков начин да го заобиколат законот и да остварат профит. Имаат празни рафтови и не се снабдени доволно со производите опфатени со Одлуката. Вршат и големи притисоци врз добавувачите. Oва го изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Горан Трајковски, на прес-конференција денеска (5 октомври) и најави строги казни.
Тој нагласи дека екипите на ДПИ се секојдневно на терен и вршат контроли и објасни дека маркетите на купувачите не им ги нудат оние пакувања кои претходно ги имало и кои се опфатени со Одлуката за маржите, туку некои други, со помала грамажа.
„И денеска имаме екипи на терен, а за грамажата ќе се консултираме и со АХВ. Ќе постапуваме најригорозно, зашто навистина има обиди да се заобиколат законите. Не велам дека не треба да има 194-грамско кафе. Во Одлуката е опфатено 200-грамското, нека има и од 194, но мора да го има и тоа од 200 грама. Освен кај кафето и кај киселото млеко наоѓаме 300 грамско пакување, иако со Одлуката е опфатено 400-грамско. Можно е ваквите производи да се запленат“, рече првиот човек на ДПИ.
Од донесувањето на Одлуката за ограничувањето на маржата до 10 отсто ДПИ извршил преку 500 надзори кај над 73 категории производи и издал над 30 прекршочни платни налози во вредност од над 4,3 милиони денари.
Со Одлуката на Владата за посебни услови за трговијата на одделни стоки се врши ограничување на профитните маржи до 10 отсто на 73 основни прехранбени производи, поради што се очекуваше нивните цени да се намалат за 10 отсто.
Оваа одлука Владата ја донесе на вонредна седница на 20 септември.
МЗ: Ќе се утврдат причините за смртта на 14-месечното бебе
За да се утврдат причините за смртта на 14-месечно бебе, кое починало утрово на Клиниката за детски болести, Министерството за здравство ќе иницира комисија за стручен надзор на оваа клиника, но и на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле.
„Од Клиниката информираат дека е хоспитализирано со тешка респираторна инфекција, тешка општа состојба и засегнати витални функции. Настапило рапидно влошување на состојбата, со отежнато дишење, со пад на сатурација.Телото на бебето е пратено на обдукција, по што ќе се утврдат причините за смртта“, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), како што велат од Министерството, согласно надлежностите ќе изврши вонреден инспекциски надзор во двете здравствени установи каде починатото бебе било лекувано.
„Со цел да се утврди вистинитоста за евентуални пропусти во лекувањето, надзорот ќе се изврши во присуство на одговорните лица на здравствените установи, како и на лекарите кои учествувале во претходно пружање здравствена заштита“, додаваат од Министерството за здравство.
Граѓански протест во Тузла - Речиси 600 дена болните од рак чекаат апарат
Неколку илјади граѓани денеска (5 октомври) одржаа протест во Тузла, Босна и Херцеговина, поради проблемите што настанаа во врска со набавката на линеарен акцелератор за Универзитетскиот клинички центар (УКЦ) Тузла.
Заболените од рак во Тузла речиси 600 дена чекаат клиничкиот центар да набави апарат за зрачење и да им ја обезбеди потребната терапија.
Радиотерапијата беше прекината во февруари минатата година, поради истрошеност и неодржување на апаратот.
Оттогаш, околу 200 пациенти патуваат стотици километри до болниците во Сараево, Мостар и Зеница на лекување.
Од УКЦ Тузла пред неколку дена беше соопштено дека е завршена постапката за доделување на договорот за набавка на линеарен акцелератор.
„Во наредните денови ќе се потпише договор со избраниот понудувач Inel-Med d.o.o.Mostar, по што ќе следи демонтажа на опремата која е вон употреба и ќе се вгради комплетен нов систем. Во текот на овие работи кои не смеат надминуваат 180 дена, договорот предвидува обука на персоналот УКЦ Тузла, кој ќе работи со опрема за радиотерапија“, соопштија од оваа здравствена установа.
Болницата се обидува да купи нов апарат од март 2023 година.
Три пати беше поништен тендерот за набавка на нов уред. Жалбата секој пат ја поднесуваше компанијата Сименс медицина Сараево.
Компанијата го обвини клиничкиот центар дека се обидел да му ја „намести“ работата на одреден производител.
Од центарот ги отфрлија обвинувањата.
И набавката на опрема за радиотерапија стана предмет на истрага на обвинителството, но сѐ уште нема резултати.
На 28 мај полицијата запленила документација и доказни материјали поврзани со набавка на апарати за радиотерапија и придружна опрема за лекување на онколошки пациенти во Универзитетскиот клинички центар во Тузла и на други локации, соопшти тогаш обвинителството во Тузла.
Тие не прецизираа за кои други локации се работи.
Станува збор за продолжување на проверките со цел да се утврди дали при набавка на апарати за радиотерапија во таа медицинска установа се фаворизира некој од добавувачите, се додава во соопштението.
До февруари 2023 година, клиничкиот центар во Тузла имаше два апарати за радиотерапија кои беа во употреба 15 години.
Тие се запечатени и забранети по барање на државната Агенција за радијациона сигурност поради истекување на гаранцијата и несервисирање.
После тоа, обвинителството во Тузла покрена истрага за да се утврди дали евентуално е нарушено здравјето на пациентите со нивната употреба.
Невладината организација „Пратимо тендере.ба“ предупредува дека 90 отсто од јавните набавки се предмет на корупција и други злоупотреби.
Зеленски ќе им го претстави „планот за победа“ на сојузниците
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе го претстави „планот за победа“ на Киев за време на претстојниот состанок на западните сојузници во Германија.
„Ќе го претставиме победничкиот план, јасни, конкретни чекори за праведен крај на војната“, напиша Зеленски денеска (5 октомври), мислејќи на сеопфатната војна со Русија што започна кога Украина беше нападната во февруари 2022 година.
Во воздухопловната база Рамштајн во Германија, на 12 октомври ќе се одржи 25-тиот состанок на повеќе од 50 сојузници и партнери, колективно познати како Контакт група за одбрана на Украина.
Осврнувајќи се на стратегијата како „мир преку сила“, Зеленски рече дека „планот за победа предвидува неопходно зајакнување на Украина“.
Тој посочи дека Киев веќе започнал разговори со Соединетите држави, водечки поддржувач на Украина за време на војната со Русија, и додаде - „ги вклучуваме сите партнери“.
Зеленски почна делумно да го открива „планот за победа“ на Украина, во август, а подоцна објави дека тој е речиси завршен и се состои од „четири главни точки и една што мора да се спроведе по војната“.
За време на неговата посета на Вашингтон, минатиот месец, тој им го претстави планот на американскиот претседател Џо Бајден, како и двајцата кандидати на претседателските избори на 5 ноември - сегашната потпретседателка Камала Харис (демократ) и поранешниот претседател Доналд Трамп (републиканец).
Портпаролот на Стејт департментот на САД тогаш соопшти дека планот содржи „голем број продуктивни чекори“.
За планот не се знае многу повеќе, иако The Wall Street Journal цитираше анонимни американски официјални лица велејќи дека во суштина тоа е обновено барање за повеќе оружје и за земјите кои донираат ракети со долг дострел да ги укинат ограничувањата за нивно користење за подлабок напад на руска територија.
Кон крајот на септември, Зеленски рече дека Украина и нејзините партнери треба да „одредат заеднички чекори и заедничка визија како да го зголемат притисокот врз Русија“ за време на состанокот во Рамштајн.
Зеленски, исто така, рече дека војската на Украина се соочила со „многу, многу тешка“ ситуација бидејќи продолжува да се одбранува од инвазијата на руските сили кои постигнаа значителни придобивки на истокот на Украина во последните неколку седмици.
Сепак, тој ја истакна важноста на украинската војска да има придобивки пред состанокот во Рамштајн за да ги увери сојузниците во своите способности.
Предвидено е Зеленски повторно да се сретне со американскиот претседател Бајден за време на собирот.
Над 20 интервенции во поплавени куќи во Тетово ноќеска
Тетовските пожарникари ноќеска имале над 20 повици за интервенции за испумпување на вода од поплавени куќи, дворови, подруми и улици. Најголем дел од поплавените куќи се во селата Мала Речица и Голема Речица, јавува агенцијата МИА.
Интензивниот дожд траеше повеќе часа, а претпладнево нема врнежи.
„Уште пожарникарите во Тетово интервенираат кај подвозниците на излез од градот или внатре во градот каде што има два вакви подвозници“, истакна Авни Амети, командир на Територијалната противпожарна единица Тетово.
Како што објасни Амети, се поплавуваат неколку критички точки каде постојано има проблеми при поинтензивен дожд.
„Имаше шест такви точки, но интервенираше општината, сега имаме три критични точки. Тоа се населба Деребој, подвозникот за Фалише и селата Мала и Голема Речица. Во минатото не се предвидело како ќе биде за 10 или 20 години. Така, имаме мали цевки за атмосферска канализација ставени за 20 куќи, а сега има по 50 куќи“, изјави Амети.
Пожарникарите во текот на вчерашниот ден извлекуваа и неколку возила кои заглавиле кај поплавените подвозници.
Шест пакистански војници загинаа во напад на милитанти
Пакистанската војска соопшти дека шест нејзини војници, вклучително и еден висок офицер, биле убиени вечерта на 4 октомври, кога воен конвој бил нападнат од милитанти во немирниот северозапад на земјата.
Војската го идентификуваше убиениот офицер во денешната изјава (5 октомври) како потполковник Мухамед Али Шукат. Шест милитанти, чија припадност не беше прецизирана, исто така беа убиени во судирот што се случи во Северен Вазиристан, племенски округ во провинцијата Хајбер Пахтунхва, во близина на границата со Авганистан.
Ниту една група не презеде одговорност за нападот.
Според соопштението, операциите за пребарување и спасување продолжуваат. Извор од окружната разузнавачка агенција за РСЕ Радио Машаал, под услов да остане анонимен, изјави дека 24 војници биле повредени во „интензивната размена на оган“.
Северен Вазиристан одамна е плодна почва за милитантите кои дејствуваат од двете страни на границата. Во последниве години, цивили и безбедносни сили беа убиени во целни убиства, а пакистанските власти велат дека нападите се во пораст во последните месеци. Многу од нив беа преземени од пакистанските талибанци (ТТП).
Откако авганистанските талибанци се вратија на власт по повлекувањето на силите предводени од САД од земјата, многу членови на ТТП, наводно, нашле засолниште во Авганистан, користејќи го за почести напади врз пакистанските војници и цивили.
Немирите во Северен Вазиристан и другите области на провинцијата Хајбер Пахтунхва доведоа до масовни протести на цивили кои повикаа на поголема безбедност, но исто така изразија загриженост дека цивилите може да бидат малтретирани или уапсени за време на воената офанзива.
Централната влада и пакистанската војска соопштија дека се посветени на ставање крај на тероризмот во регионот и дека ќе продолжат да ги таргетираат милитантите.
Во 2014 година пакистанската војска започна двегодишна воена операција во Северен Вазиристан за која тврдеше дека резултирала со отстранување на милитантите од регионот.
Офанзивата значително го наруши животот на цивилите. Милиони луѓе останаа без покрив над главата. Многумина се вратија во областа во 2016 година, но мирот беше нарушен кога нападите на милитантите продолжија во 2018 година.
Киев: Русија егзекутирала 93 украински затвореници од почетокот на војната
Украина има документирани докази поврзани со егзекуцијата на 93 украински воени затвореници, според службеник за спроведување на законот задолжен да ги истражува воените злосторства поврзани со руската инвазија на Украина.
Јуриј Белоусов, кој раководи со одделот на Јавното обвинителство задолжен за истрага на злосторствата извршени во вооружени конфликти, ја претстави најновата бројка за време на телевизиско гостување на 4 октомври.
„Сега имаме информации за смртта на 93 наши војници кои беа егзекутирани на бојното поле“, изјави Белоусов за Једини Новини, емисија што комбинира неколку украински телевизиски канали.
Белоусов рече дека околу 80 отсто од егзекуциите биле забележани оваа година, но дека бројот на егзекуции почнал да расте во ноември „кога имало промени на полошо во односот на руските војници кон нашите воени заробеници“.
Јавното обвинителство на 1 октомври објави дека отворило истрага за, како што ја опиша, „најголемата масовна егзекуција“ на украинските воени заробеници од страна на руските војници од почетокот на целосната инвазија на Москва, во февруари 2022 година.
Според официјалното соопштение објавено на каналот Телеграм, руските сили неодамна убиле 16 украински „воени заробеници“ во близина на селата Николаевка и Сухи Јар во областа Покровска во областа Доњецк.
Се чини дека видеата кои кружат на различни канали на Телеграм покажуваат дека украинските војници, кои штотуку биле заробени од руските војници, излегуваат од шумска област.
Oткако заробениците се постројуваат, се чини дека руските сили отвораат оган. На снимката потоа се гледа како руските војници им приоѓаат на оние кои биле само ранети и повторно ги гаѓаат од непосредна близина со митралези.
Хамас ја потврди смртта на својот командант во израелскиот напад врз Либан
Саид Аталах, шефот на вооруженото крило на Хамас, бригадата Ал-Касам, е убиен на северот на Либан, пренесува Ројтерс повикувајќи се на медиум поврзан со палестинското движење.
Медиумите блиски до Хамас објавија дека Аталах бил убиен заедно со тројца членови на семејството во израелски напад врз палестински бегалски камп во северниот либански град Триполи, јавува Ројтерс.
Израел сѐ уште не ја коментираше најавата.
Нема повеќе информации за Аталах, за кој агенциите велат дека е водач на бригадите Ал Касам.
Во средината на јули, Израел го елиминираше Мохамед Деиф, долгогодишниот лидер и еден од основачите на оние бригади кои го предводеа нападот врз Израел на 7 октомври. Деиф беше убиен еден ден откако политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија, беше елиминиран во Техеран.
Последното насилство во повеќедеценискиот израелско-палестински конфликт беше иницирано од Хамас - кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација - со нападот врз Израел на 7 октомври минатата година, кога, според израелските податоци, беа убиени 1.200 луѓе. А околу 250 биле земени како заложници.
Во последователните напади на Израел врз Појасот Газа, управуван од Хамас, загинаа повеќе од 41.000 луѓе, според локалните здравствени власти, и раселено е речиси целото население на крајбрежната палестинска територија.
Во последните израелски воени акции во Либан против Хезболах, стотици луѓе беа убиени, додека еден милион беа раселени.
ЦУК: Три пожари на отворено и над 2000 повици на 112
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека изминатото деноноќие на единствениот повикувачки број за итни случаи, 112, имало 2 028 повици. Од нив, 60,6 отсто биле, како што велат, „реални“, а 39,94 проценти не биле итни.
Кон Полиција биле упатени 67,16 отсто, кон Итната медицинска помош 19,82, кон пожарникарите 5,03, а кон АМСМ 0,30 проценти од реалните повици.
Според ЦУК, регистрирани се и три пожари на отворено.
Велат дека се гаснела запалена ниска вегетација во атарот на с. Могила (Општина Битола), запалено ѓубре на патот од Демир Хисар кон Струговско Езеро (Општина Демир Хисар), запалено стрниште во с. Крупиште (Општина Чешиново Облешево) и во атарите на селата Таринци и Карбинци (Општина Карбинци).
Експлозии во Бејрут, во тек се борби меѓу Хезболах и израелската армија
Либанското милитантно движење Хезболах објави дека продолжуваат борбите против израелските сили на границата, а сведоци од Бејрут јавуваат дека во тој град повторно се слушаат експлозии.
Хезболах објави дека израелската армија се обидува да влезе во јужниот либански град Одаисех и дека борбите се во тек, јавува Ројтерс.
Либанската група Хезболах е поддржана од Иран, а САД ја сметаат за терористичка организација, додека Европската унија го стави на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.
Очевидци од либанскиот главен град за агенцијата изјавија дека силни експлозии се слушнале во јужните предградија, рано во саботата.
Израел претходно издаде три предупредувања до жителите веднаш да ги напуштат тие делови на Бејрут.
Израел, исто така, го отсече клучниот пат во близина на либанскиот граничен премин Маснаа со Сирија што стотици илјади луѓе го користеа за да избегаат од израелското бомбардирање во последните денови.
Израел го обвини Хезболах дека ги користи граничните премини со Сирија за да внесе оружје. Повеќе од 300.000 луѓе - огромното мнозинство од нив Сиријци - преминаа од Либан во Сирија во изминатите 10 дена за да избегаат од ескалацијата на израелското бомбардирање.
Либанската влада го обвини Израел дека цели на цивили, укажувајќи на десетици убиени жени и деца. Израел вели дека е насочен кон воените капацитети и презема чекори за да се намали ризикот од повредување на цивилите. Ги обвинува Хезболах и Хамас дека се кријат меѓу цивилите, што тие го негираат.
Упадот на Израел во Либан, кој почна претходно оваа седмица, предизвика страв од поширок конфликт на Блискиот Исток.
Загриженоста се зголемени кога Техеран започна масовен, најголем досега, балистички ракетен напад врз Израел на 1 октомври, како одмазда за кампањата што еврејската држава во јужен Либан ја започна против Хезболах поддржан од Иран, што предизвика предупредувања за контрамерки од Израел и неговиот главен сојузник САД.
Израел, во консултација со САД, ги разгледува опциите за одговор на иранскиот ракетен напад на 1 октомври.
Американскиот претседател Џо Бајден, на прашањето на новинарите во Вашингтон во четвртокот - дали Белата куќа поддржува напади врз иранските нафтени објекти, рече: „Зборуваме за тоа“.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете