Достапни линкови

Вести

Републиканците во Претставничкиот дом започнаа истрага против Бајден и неговото семејство

 Џо Бајден со неговиот син Хантер (фотографија од датотека)
Џо Бајден со неговиот син Хантер (фотографија од датотека)

Новоформираното републиканско мнозинство во Претставничкиот дом на САД ја отвори долго ветената истрага против американскиот претседател Џозеф Бајден и неговото семејство. Републиканците во Долниот дом на Конгресот сега имаат четири места повеќе од демократите, па затоа можат да побараат информации како подготовка за јавни расправи. Републиканскиот конгресмен Џејмс Комер, претседател на Комисијата за надзор на Претставничкиот дом изјави дека овој комитет испрати серија писма до Министерството за финансии во кои бара информации во врска со финансиските трансакции на семејството Бајден кои може да се сметаат за сомнителни активности.

Мекарти избран за претседател на американскиот Претставнички дом во 15-тиот обид

Републиканските конгресмени, исто така, бараат сведочење од повеќе функционери на Твитер вклучени во справувањето на компанијата со пишувањата на Њујорк Пост од октомври 2020 година за Хантер Бајден, помладиот син на претседателот. Републиканците тврдат дека ширењето на приказната било потиснато од политички причини.

Хантер, синот на избраниот претседател на САД, Бајден, под даночна истрага

Со толку брзо дејствување по преземањето на контролата врз Претставничкиот дом, републиканците се подготвуваат за хаотична, политички експлозивна пресметка со Белата куќа пред претседателските избори во 2024 година. Министерството за финансии одби да го коментира барањето на републиканците.

види ги сите денешни вести

Уапсен помошник на германскиот европратеник поради шпионирање за Кина

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер рече дека наводите за шпионирање се „исклучително сериозни“.
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер рече дека наводите за шпионирање се „исклучително сериозни“.

Помошник на екстремно десничарски германски пратеник во Европскиот парламент е уапсен под сомнение дека шпионирал за Кина, соопштија во вторникот, 23 април, германските власти.

Притворот на ова лице доаоѓа помалку од 24 часа откако три лица беа уапсени во Германија и осомничени за шпионирање за Кина во посебен случај.

Германскиот државјанин е обвинет дека работел за кинеската разузнавачка служба и дека постојано пренесувал информации за преговорите и одлуките на Европскиот парламент во јануари. Обвинителите тврдат дека тој шпионирал и кинески дисиденти во Германија.

Обвинителите не го идентификуваа претставникот за кој работи, но Максимилијан Крах од екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД), кој е главен кандидат на неговата партија на изборите за Европскиот парламент закажани за почетокот на јуни, рече дека дознал од медиумите за апсењето на работникот на Џијан Гуо.

Немам повеќе информации“, рече Крах.

Тој додаде дека „шпионирањето за странска држава е „сериозно обвинение“, кое доколку се докаже, ќе доведе до итен отказ на работникот.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер рече дека наводите за шпионирање се „исклучително сериозни“.

„Ако се потврди дека имало шпионирање за кинеското разузнавање од Европскиот парламент, тогаш тоа е инсајдерски напад врз европската демократија“, рече Фезер во изјавата.

Веста за апсењата дојде еден ден откако тројца Германци беа уапсени под сомнение дека шпионирале за Кина и договориле пренос на информации за технологијата што може да се користи за воени цели.

Во понеделникот, британските обвинители објавија дека поранешен истражувач кој работел во британскиот парламент и уште еден човек биле обвинети за шпионирање за Кина.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, рече дека „неодамнешните извештаи во Европа за кинеско шпионирање се создадени за да се оцрни и да се поттисне Кина“.

Пекинг ги повика „релевантните страни да престанат да шират дезинформации за кинеската закана од шпионажа и да престанат со политичка манипулација и злонамерна клевета против Кина“.

Минатата недела германскиот канцелар Олаф Шолц се состана со врвните кинески лидери во Пекинг на крајот од тридневната посета на земјата.

Во стратегијата за односите со Кина објавена минатата година, германската влада укажа на „системското ривалство“ со азиската сила и потребата да се намали ризикот од економска зависност.

Сепак, Германија ја нагласи својата желба да работи со Пекинг на предизвиците како што се климатските промени и да одржува силни трговски врски.

Во документот се наведува и „одлучна акција“ насочена кон спречување на кинеските шпионски активности.

Српскиот парламент ги усвои законските измени: Локалните и изборите во Белград на 2 јуни

Зградата на српскиот парламент во Белград, Србија
Зградата на српскиот парламент во Белград, Србија

Пратениците на српскиот Парламент ги усвоија измените на Законот за локални избори, со кои се овозможи локалните избори во градовите каде што не беа одржани во декември да се комбинираат со веќе најавените избори за градската власт во Белград, што ќе се одржат на 2 јуни.

За измени на законот гласаа 168 пратеници, меѓу кои и пратеници од опозицијата, односно партиите кои донесоа одлука за учество на белградските избори во јуни.

Седницата беше закажана на предлог на 187 претставници на власта и на дел од опозицијата.

Во образложението на предлогот за измена на Законот пишува дека се донесува поради динамиката на одржување избори и седници на локалните самоуправи.

Рокот за распишување локални избори ќе се помести од 120 на 150 дена пред истекот на мандатот, а од денот на распишувањето до денот на изборите не може да поминат помалку од 30 дена, наместо 45 како што пишува во сегашниот закон.

Како што е најавено, на изборите ќе учествуваат Зелениот левичарски фронт, Народното движење на Србија, Еколошкото востание, Демократската партија, Движењето на слободни граѓани и Ново лице на Србија, додека Партијата за слобода и правда, Србија центар и од коалицијата НАДА најавија дека нема да учествуваат бидејќи сметаат дека нема време за подобрување на изборните услови до 2 јуни.

Швајцарија замрзна руски имот во вредност од 5,8 милијарди франци

илустрација
илустрација

Швајцарија замрзна руски имот во вредност од 5,8 милијарди швајцарски франци или 5,95 милијарди евра, соопшти денеска Државниот секретаријат за економски прашања на земјата (СЕКО).

Оваа бројка се однесува на вкупната вредност на руските средства замрзнати од Швајцарија од почетокот на војната во Украина до крајот на 2023 година.

Вредноста на замрзнатите руски средства во Швајцарија е помала отколку на крајот на 2022 година, кога изнесуваше 7,5 милијарди швајцарски франци.

„Вредноста на финансиските средства замрзнати во врска со санкциите против Русија изнесуваше 5,8 милијарди швајцарски франци на 31 декември 2023 година. Ова е за 1,7 милијарди швајцарски франци помалку од бројката пријавена за декември 2022 година. Покрај тоа, сега се блокирани 17 имоти во 7 кантони“ се вели во соопштението на СЕКО.

Седум повредени во руски напад со дронови врз Одеса

илустрација
илустрација

Седум лица се повредени, меѓу кои две деца, во напад на руски дрон врз украинското пристаниште Одеса, соопштија украинските власти.

„Во нападот се уништени најмалку 14 станови, изјави градоначалникот на Одеса, Генадиј Труханов“, пренесе агенцијата Униан.

Во текот на ноќта и главниот град на Украина беше цел на руски беспилотни летала, а шефот на градската управа Серхи Попко изјави дека украинската противвоздушна одбрана соборила неколку беспилотни летала испукани од Русија кон Киев, додавајќи дека нема извештаи за штета или повредени во нападот.

Украинската морнарица соопшти дека се уништени четири руски беспилотни летала над јужниот регион Миколаев.

Британскиот парламент го одобри контроверзниот закон за депортација на мигрантите во Руанда

Британскиот премиер Риши Сунак
Британскиот премиер Риши Сунак

Британскиот премиер Риши Сунак вчера во денот кога Горниот дом на парламентот го усвои потребниот закон вети дека во рок од 10 до 12 недели ќе започне да испраќа во Руанда баратели на азил за да ги процесуираат нивните барања, што беше одложено со месеци поради парламентарните обиди за промена на планот.

Сунак објави дека владата резервирала комерцијални чартер авиони и обучила персонал да испраќа мигранти во Руанда, политика за која се надева дека ќе ја зајакне неговата Конзервативна партија пред изборите подоцна оваа година.

Домот на лордовите долго време одбиваше да го поддржи нацрт-законот, што нема дополнителни заштитни мерки и беше раздор, но на крајот попушти откако Сунак рече дека владата ќе го принуди парламентот да заседава онолку долго колку што е потребно за да го усвои.

Десетици илјади мигранти, од кои многумина бегаат од војните и сиромаштијата во Африка, Блискиот Исток и Азија, стигнаа до Велика Британија во изминативе години поминувајќи го Ламанш со мали чамци на ризични патувања организирани од банди шверцери на луѓе.

Запирањето на протокот на мигранти е приоритет за владата, но критичарите велат дека планот да се депортираат луѓе во Руанда наместо да се работи со барателите на азил во Британија е нехуман. Тие ја наведуваат загриженоста за состојбата со човековите права во источноафриканската земја и ризикот барателите на азил да бидат вратени назад во земјите каде што се соочуваат со опасност.

И по успешното надминување на парламентарните пречки, Сунак се уште може да се соочи со правни предизвици за законот.

Молк за претседателските избори, гласаат болни, затвореници и во дијаспората

Избори - гласачки кутии
Избори - гласачки кутии

Од денеска па до утре до 19 часот е молк, пред утрешните седми претседателски избори. Поради двојните избори, за време на молкот за претседателските избори, нема прекин на кампањата за парламентарните избори закажани за 8 мај.

Денеска за претседателските избори гласање се спроведува за болните и затворениците во Казнено-поправните домови и лицата во притвор, во старските домови и државјаните во странство.


Во дипломатските претставништва и конзуларни канцеларии денеска од 7 до 19 часот по локално време, прифатени за гласање се 2.571 пријави македонски државјани.

Другите граѓани кои живеат во странство, своето право на глас можат да го остварат во избирачките места во земјата, согласно адресата во личните документи.

Резултатите од денешното гласање ќе се знае утре, заедно со резултатите од гласањето во земјата.

Право на глас на седмите претседателски избори имаат 1.814.317 избирачи. Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето трае до 19 часот. Се гласа на 3480 избирачки места во целата земја.

Претседателските кандидати со последни пораки пред првиот круг од изборите

Candidates with ordinal numbers for the 2024 Presidential Election
Candidates with ordinal numbers for the 2024 Presidential Election

Претседателските кандидати денеска (22 април) ги испратија последните пораки во пресрет на настапувањето на изборниот молк кој започнува вечерва на полноќ. Денот на гласањето во првиот круг од изборите е 24 април кога во 19 часот треба да се затворат гласачките места со што ќе заврши и молкот.

Кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата „За европска иднина“, Стево Пендаровски, кампањата за првиот круг ја заврши вечерва со митинг во Битола, а претходно имаше средби со граѓани во Демир Хисар и Ресен.

На нив, тој им порача дека ако во среда излезат масовно и гласаат за него, ќе го одредат и победникот на 8 мај.

„Сега на 24 април, да им покажеме дека знаеме која е вистинската опција, опцијата 1 и да го одредиме победникот на 8 мај и на претседателските и на парламентарните избори“ рече Пендаровски кој на митинзите зборуваше дека неговата опција нуди чекорење напред наместо противниците за кои давањето глас би значело враќање назад.

На излезност повика и Гордана Сиљановска Давкова која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. Таа кампањата ја финишираше со митинг во Штип.

„Да си ја обединиме нацијата, да градиме консензус, само единството може да нè одведе напред, само заедно можеме и вас да ве направиме горди и себе да се почувствуваме горди. А, најмногу, од оваа мала држава да направиме почитувана европска држава“, порача Сиљановска Давкова.

Кандидатот на ДУИ и „Европскиот фронт“, Бујар Османи, пак, на последниот ден од кампањата одржа средба со младите порачувајќи им дека од нивната одлука ќе зависи „кој ќе ја води државата и каква иднина нуди со себе“.

„Гласањето не е само право, гласањето е столб на демократијата но и голема одговорност којашто посебно на овие избори, кога земјата ќе одлучи дали ќе ја одбереме изолацијата или ќе ја одбереме интеграцијата“, рече Османи.

На мобилизација за гласање повикуваше и Арбен Таравари кој е кандидат на албанската опозициска коалиција „Вреди“. Тој вчера имаше централен митинг во Гостивар, чиј градоначалник е, од каде побара поддршка за, како што рече, „да се направи разлика од 7.000 гласови“ во однос на ДУИ.

Кандидатот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, пак, кампањските активности за првиот круг ги заврши со посети на Василево, Босилово, Ново Село и митинг во Струмица.

„Ние сакаме Македонија да ја гледаме таму каде што и е местото – во Евроатлантскиот сојуз, но притоа почитувајќи го нашето достоинство, интегритет, македонскиот јазик, култура, континуитет, самобитност, сопствената историја и се она што е македонско“, порача Димитриевски пред струмичани.

Кандидатката на Левица, Билјана Ванковска, пак, на последниот ден од кампањата дел од активностите ги имаше во Гостивар од каде искажа задоволство од текот на кампањата која, според неа, поминала во „пријатна атмосфера“.

Очекувањата на нејзиниот штаб се дека таа ќе влезе во вториот круг каде ќе се соочи со кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова.

Поддршка од гласачите на последниот ден од кампањата побара и Стевчо Јакимовски од коалицијата „Храбро за Македонија“.

„Немој да кажете дека не сте имале избор. Секој работи за тој што го плаќа. Мене ме плаќате вие, јас работам за вас! Нив ги плаќаат странците, тие работат за нив!“, порача Јакимовски преку социјалните мрежи.

Доколку никој од седуммината кандидати не освои мнозинство гласови, двајцата најдобропласирани ќе се соочат во вториот круг што ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори.

Во Избирачкиот список за овие претседателски избори се запишани 1.814.317 граѓани.

Ова ќе бидат претседателски избори на кои граѓаните по седми пат со непосредно гласање ќе го изберат шефот на државата.

Министрите од ЕУ се согласија да ги заострат санкциите кон Иран

Неколку земји од ЕУ повикаа на проширување на санкциите кои се однесуваат на дроновите.
Неколку земји од ЕУ повикаа на проширување на санкциите кои се однесуваат на дроновите.

На состанокот во Луксембург денеска (22 април) министрите за надворешни работи од земјите-членки на ЕУ начелно се согласија да ги заострат санкциите кон Иран по ракетниот и нападот со дронови врз Израел, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

ЕУ веќе има повеќекратни програми за санкции против Иран, кои беа воведени поради неговите резерви на оружје за масовно уништување, кршење на човековите права и снабдување на Русија со беспилотни летала.

Сепак, неколку земји од ЕУ повикаа на проширување на санкциите кои се однесуваат на дроновите.

„Постигнавме политички договор дека постојниот режим на санкции, кој се однесува на беспилотни летала, ќе ги опфати и ракетите и нивниот потенцијален трансфер во Русија“, им рече Борел на новинарите по состанокот на шефовите на дипломатиите од ЕУ.

Тој појасни дека санкциите ќе бидат проширени со цел да се опфатат испораките на дронови и ракети не само за Русија, туку и за нејзините сојузници во регионот.

Сепак, како што пренесува Ројтерс, ќе биде потребно повеќе работа за да се одобри правната рамка пред проширените санкции да почнат да се применуваат.

На 13 април, Иран лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел.

Со овој напад Техеран го промени својот пристап, кој дотогаш се потпираше на сојузниците и вооружените групи низ Блискиот Исток со што Иран избегнуваше директна конфронтација со Израел.

По нападот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави оти Израел ќе донесе одлуки за тоа како да се брани. Тоа ги поттикна повиците од западните земји тој да се воздржи од одмазда против Иран.

САД, ЕУ и групата Г7 најавија дека размислуваат за построги санкции против Иран, со цел да го смират и убедат Израел да не одговори на иранскиот напад.

Руски државјанин осуден на пет години принудна работа поради изјава за РСЕ

Јуриј Коховац на суд во Москва, 30 август 2023 г.
Јуриј Коховац на суд во Москва, 30 август 2023 г.

Рускиот државјанин Јури Коховац денеска (22 април) беше осуден од судот во Москва на пет години принудна работа бидејќи во анкета на Радио Слободна Европа (РСЕ) од јули 2022 година ја осуди руската инвазија врз Украина.

Откако ја осуди војната во Украина и рече дека руските власти се одговорни за неа, Коховац беше прогласен за виновен за ширење лажни информации за руските вооружени сили.

Исто така, судот му забрани да биде администратор на веб-страници во наредните четири години.

Претходно на рочиштето, обвинителството бараше Коховац да биде осуден на пет и пол години затворска колонија.

Казната за „принудна работа“ во Русија значи дека осудените наместо да отслужуваат затворска казна, можат да останат дома и да бидат испратени на работа во индустриски погон што ќе го одреди Федералната затворска служба.

Исто така, за време на издржувањето на казната, државна одзема одредена сума од месечната плата на осудениот.

Во јули 2022 година, новинар на РСЕ ги праша минувачите на улиците на Москва за нивниот став кон војната во Украина.

Меѓу оние кои се согласија да одговорат беше и Коховац, кој рече дека војната ја започнала руската влада и оти мора да ја прекине.

Покрај тоа, тој рече дека руските сили без никаква причина убиле цивили во киевското предградие Буча. Москва ги отфрла обвинувањата дека извршила воени злосторства во Украина.

Коховац потоа – во март 2023, беше приведен, а подоцна беше ослободен со забрана да ја напушта руската престолнина.

Коховац пред судот рече дека своето мислење го кажал во разговор со новинарите, користејќи го уставното право на слобода на говор.

Руските власти ја нарекуваат лага секоја информација за војната во Украина која се разликува од верзијата на руското Министерство за одбрана.

Делото за лажни вести за војската беше додадено во Кривичниот законик веднаш по почетокот на руската инвазија на Украина.

Казната за ова кривично дело може да биде до десет години затвор или до пет милиони рубљи (околу пет илјади евра).

Први разговори на Иран и Пакистан по прекуграничните напади

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси (во средина) со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф (десно), 22 април 2024 г.
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси (во средина) со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф (десно), 22 април 2024 г.

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф денеска (22 април) во Исламабад ја одржаа првата средба по меѓусебните ракетни напади во февруари годинава.

Тридневното патување на Раиси во соседен Пакистан е дел од напорите на двете земји да ги поправат односите што беа затегнати претходно оваа година.

Иран и Пакистан делат граница долга 900 километри, а на која дејствуваат сепаратистите кои се противат на владите во Техеран и Пакистан.

Во февруари, Иран ги нападна, како што тврди, базите што ги користат иранските сепаратисти во Пакистан.

Исламабад потоа одговори со таргетирање на локации во Иран, за кои рече дека ги користат пакистанските сепаратисти.

На денешната средба, иранскиот претседател беше пречекан на аеродромот од министерот за домување Ријаз Хосеин Пирзада, а потоа беше организиран и формален пречек од премиерот Шариф.

За да ја гарантираат безбедноста, властите распоредија стотици дополнителни полициски и паравоени сили.

Според соопштението објавено од кабинетот на премиерот, Шариф и Раиси разговарале за повеќе прашања за унапредување на билатералните односи и соработка на различни полиња и ветиле соработка во борбата против тероризмот.

Иранската државна новинска агенција ИРНА соопшти дека за време на посетата на Раиси ќе бидат потпишани осум документи за соработка.

Двете страни ќе разговараат и за проект за гасовод вреден повеќе милијарди долари, кој е во мирување од 2014 година.

Проектот, на кој Вашингтон се спротивставува поради „прекршувањето на санкциите наметнати на Техеран поради неговата нуклеарна програма“, беше започнат во 2013 година и тој треба да го снабди Пакистан со ирански природен гас.

На посетата, Раиси е придружуван од сопругата и висока делегација.

Тој планира да ги посети Карачи, најголемиот град во земјата, и Лахоре, каде ќе се сретне со новоизбраната прва министерка во Пакистан, Маријам Наваз Шариф.

По посетата на Пакистан, Раиси ќе отпатува и за Шри Ланка.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG