Достапни линкови

Вести

Студентките во Авганистан ги напуштаат студентските домови по забраната да одат на факултет

Авганистанки го следат говорот на талибанскиот министер за високо образование, Нида Мухамед Надим, на мобилен телефон во Кабул, 22 декември 2022 година.

Студентките на универзитетите во Авганистан почнаа да ги напуштаат своите домови откако владата предводена од Талибанците соопшти дека жените повеќе нема да можат да бараат високо образование во земјата.

Ахмед Зија Хашеми, портпарол на Министерството за високо образование, потврди дека процесот на напуштање на жените од студентските домови е започнат.

„Универзитетите се затворени, па што прават [жените] во студентските домови?“, напиша тој.

Голем број студентки во Кабул и Нангархар изјавија дека талибанците им рекле дека нивните универзитети се затворени и треба да си одат дома.

Талибанците ја објавија одлуката да им забранат на жените да одат на универзитети на 20 декември во писмо од Министерството за високо образование до високообразовните институции, што наиде на итна осуда од меѓународната заедница и Обединетите нации.

Министерот за високо образование Нида Мохамад Надим на 22 декември изјави дека забраната е неопходна за да се спречи мешањето на половите на универзитетите и затоа што верува дека некои предмети што се изучуваат ги прекршуваат принципите на исламот. Тој, исто така, рече дека студентките ги игнорирале исламските упатства, вклучително и што да носат, и дека не биле придружувани од машки роднини кога патувале.

Забраната е во сила до понатамошно известување, додаде тој.

Забранатаза жените да посетуваат универзитет е последен напад врз жените откако талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан во август минатата година, додека силите предводени од САД забразано се повлекуваа од земјата зафатена од војна.

Талибанците претходно им забрануваа на девојчињата да одат на училиште после шесто одделение, им ограничија на жените да работат на повеќето работни места и им наредија да се покриваат од глава до пети кога се во јавност. На жените им е забранет и влез во паркови и спортски сали.

види ги сите денешни вести

Русија тврди дека остварила мал напредок, Украина чека оружје

Илустрација

Руските сили тврдат дека постигнале мали територијални придобивки во интензивните борби во источна Украина во услови на извештаи дека Москва распоредила дополнителни сили во регионот Курск на границата со Украина за да ја заштити границата и да осигура безбедност.

Киев денеска ги отфрли тврдењата на Денис Пушилин, гувернер на делови од Доњецк кои се под контрола на Русија,дека имало напредување во близина на градот Вуледар, епицентарот на тековните борби во битката за контрола на источна Украина.

„Не ги загубивме нашите позиции“, рече Јевхен Јерин, портпарол на украинската војска задолжен за областа.

Украина ги повика своите западни сојузници да ја забрзаат испораката на тешко оружје кое беше ветено во изминатите неколку недели, додека се обидува да ја задржи територијата на исток.


Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече ситуацијата на теренот „многу тешка“, при што руските сили „постојано се обидуваат да ја пробијат нашата одбрана“.

Соединетите држави и Германија се согласија да испратат тенкови Абрамс и Леопард 2 во Украина, додека Велика Британија претходно во јануари соопшти дека ќе испрати 14 тенкови Челинџер 2.

Германија, исто така, им дозволи на другите земји, како Норвешка и Полска, да ги испратат своите тенкови Леопард 2 од германско производство во Украина. Полска соопшти дека ќе и испорача уште 60 тенкови на Украина, покрај 14-те тенкови Леопард 2 што веќе ги вети.

Блинкен повика на смирување на тензиите меѓу Палестина и Израел

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на денешната посета на Ерусалим ги повика Израелците и Палестинците да ги намалат тензиите. Тој притоа го реафирмираше дводржавното мировно решение како „единствен пат“ напред.

Неговата посета доаѓа во време кога се разгорува насилството меѓу Израелците и Палестинците по доаѓањето на новата десничарска влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Седум лица беа застрелани во напад во петокот од страна на маж од источен Ерусалим кој и самиот беше убиен од полицијата. Еден ден претходно, Израел изврши невообичаена рација на бегалскиот камп Џенин на окупираниот Западен Брег, при што загинаа 10 жители, повеќето вооружени лица.

„Одговорност на секој е да преземе чекори за смирување на тензиите наместо да ги разгорува“, им рече Блинкен на новинарите по слетувањето во Тел Авив.

Тој додаде дека нападот во Ерусалим е повеќе од напад врз поединци, туку е напад врз чинот на практикување на својата вера и најостро го осуди.

„И ги осудуваме сите оние кои ги слават овие и какви било други акти на тероризам кои одземаат невини животи, без разлика која е жртвата или во што веруваат. Повиците за одмазда против повеќе невини жртви не се одговор“, додаде Блинкен.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, со кој Блинкен се состана денеска, повика повеќе граѓани да носат оружје како мерка на претпазливост од вакви улични напади. Но, тој исто така ги предупреди Израелците да не прибегнуваат кон насилство. Блинкен утре треба да се сретне со палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Дводржавното мировно решение вклучува формирање на независна палестинска држава која ќе ги вклучува Западниот Брег, Ерусалим (Кудс) и Појасот Газа, како и палестинските територии окупирани од Израел во 1967 година.

Бројката на жртви во нападот на џамија во Пакистан се искачи на 44 лица

Спасувачките екипи на терен по експлозијата во џамијата во Пешавар.

Бројот на загинатите во бомбашкиот напад на џамија во полициски комплекс во пакистанскиот град Пешавар, според последните податоци, се искачи на најмалку 44 лица. Властите соопштија и дека се ранети повеќе од 150 луѓе.

Нападот против безбедносните сили, кој е еден од најсмртоносните во последниве години го изврши бомбаш-самоубиец, а покривот на џамијата се урна врз жртвите, кои главно беа полицајци, како резултат на експлозијата.

Во црквата се молеле повеќе од 300 луѓе кога бомбашот го активирал експлозивот. Спасувачите се уште ги отстрануваат посмртните останки за да стигнат до верниците кои се уште се закопани.


Според еден од полициските службеници, бомбашот се разнел додека бил меѓу верниците. Од локалната болница соопштија дека многу од ранетите се во критична состојба, што значи дека бројот на жртвите може да се зголеми.

Не е јасно како бомбашот успеал да влезе во комплексот, кој е заграден со ѕидови и во кој се наоѓа седиштето на полицијата, бидејќи се наоѓа во зона со висока безбедност, која вклучува и други објекти на централната власт.

Еден од командантите на пакистанските талибанци, Сарбакаф Мохманд, ја презеде одговорноста за нападот преку објава на Твитер, но главниот портпарол на вооружената група не беше достапен за коментар.

Премиерот Шахбаз Шариф го осуди бомбашкиот напад и рече дека ќе бидат преземени „строги мерки“ против оние што стојат зад него. Тој им нареди на властите да обезбедат најдобар можен медицински третман за жртвите.

Хрватскиот претседател со критика до западните земји за вооружувањето на Украина

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, чија земја е членка на НАТО, денеска упати критика до западните земји за снабдување на Украина со тешки тенкови и друго оружје во нејзината кампања против инвазијата на руските сили. Тој рече дека е „лудо“ да се верува дека Русија може да биде поразена во конвенционална војна.

„Јас сум против испраќање на какво било смртоносно оружје таму“, рече Милановиќ.

Според него, тие испораки на оружје само ќе ја продолжат војната.

„Која е целта? Распад на Русија, промена на власта? Се зборува и за распарчување на Русија. Ова е лудо“, додаде тој.

Соединетите држави, Германија и неколку други европски земји ветија дека ќе испратат во Украина десетици напредни борбени тенкови во следните неколку месеци за да помогнат во зајакнувањето на воениот капацитет на Украина.

Милановиќ победи на претседателските избори во Хрватска во 2019 година како левичарски либерален кандидат, за разлика од Владата кој е конзервативна. Но, оттогаш тој се сврте кон популистичкиот национализам и ја критикуваше западната политика кон Русија и кон Балканот.

Милановиќ изгради репутација на проруски ориентиран политичар, што тој постојано го негира. Сепак, во последниве месеци, тој отворено се спротивстави на приемот на Финска и Шведска во НАТО, како и на обуката на украинските војници во Хрватска како дел од помошта на ЕУ за загрозената земја.

ЕУ бара БиХ да воведе визи за руските државјани

Патник држи руски пасош. Илустрација.

Европската унија (ЕУ) очекува Босна и Херцеговина, како земја-кандидат, целосно да ја усогласи својата надворешна, безбедносна и трговска политика со политиките на ЕУ, соопшти денеска Делегацијата на ЕУ во земјата.

„Од Босна и Херцеговина се очекува целосно усогласување со визната политика на ЕУ, која не предвидува безвизен режим со Русија“, објаснуваат за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина.

Оттаму додаваат дека во петтиот извештај на Мониторинг механизмот по визната либерализација од декември 2022 година е потврдено дека БиХ се уште ги исполнува критериумите за визна либерализација со Шенген зоната.

Потоа беше препорачано Босна и Херцеговина „приоритетно да ја усогласи својата визна политика со списокот на трети земји на кои им се потребни визи за ЕУ, особено оние трети земји кои претставуваат ризик од нерегуларна миграција или ризик по безбедноста на ЕУ“.

На 9 септември минатата година, поради руската инвазија на Украина, ЕУ повторно ги воведе визите за граѓаните на Руската Федерација, кои имаа полесен влез во ЕУ од 2007 година.

Оттогаш ЕУ ги применува општите правила за руските граѓани, па таксата за виза е зголемена од 35 на 80 евра. Потребна е и пообемна документација со апликацијата за виза, а процесот на обработка на апликацијата е подолг и порестриктивен.

Босна и Херцеговина, сепак, сè уште го применува безвизниот режим со Русија, со која потпиша Договор во 2013 година.Имено, Босна и Херцеговина сè уште не го усогласила визниот режим со визниот режим на ЕУ, иако има обврска да го стори тоа како земја која доби кандидатски статус за членство во ЕУ на 15 декември минатата година.

Алијанса за Албанците со програма од 5 точки за влез во Владата

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари ја потврди утрешната средба со премиерот Димитар Ковачевски на која ќе се разговара за можен влез на партијата во владината коалиција.

„Веќе имаме подготвено програма со пет точки во кои што ќе бидат нашите барања до мнозинството, до Владата. Ако се прифатливи за нив, ќе продолжиме да преговараме и за кадровските решенија. Ако не се подготвени, тогаш мислам дека наскоро ние треба да ја завршиме оваа приказна. Или ќе се договориме наскоро или ние ќе продолжиме во опозиција“, рече тој на јавната дебата на тема „За вистинска реформа на фискалната децентрализација“ во организација на Институтот за јавни политики „Арбен Џафери“.

Во однос на уставните измени потребни за внесување на Бугарите во Прембулата со цел продолжување на евроинтегративниот пат на земјава, Таравари рече дека и да се во опозиција ќе гласаат за нивно донесување.

„Нормално, ние повторно ќе инсистираме, без разлика дали сме опозиција или власт, на одредени барања кои што се во нашата агенда како приоритети“, рече тој.

И премиерот Димитар Ковачевски и лидер на владејачката СДСМ потврди дека утре во Владата ќе има средба со Таравари.

„Ќе разговараме за напредокот од последниот пат кога сме се виделе, но ќе разговараме, исто така, и за можна соработка и за законски и за програмски решенија кои можат да ги унапредат капацитетот на државата и Собранието и донесување на оние одлуки за остварување на нашата зацртана цел 2030 да бидеме земја членка на ЕУ“, истакна Ковачевски.

Ковачевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети претходно соопштија дека потребата за влез на Алијанса за Албанците во Владата е за пофункционално Собрание. Инаку, веќе неколку месеци траат најавите за можен влез на Алијанса за Албанците во Владата.

Маричиќ не гледа реална можност во заканите за вето од Бугарија

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави денеска дека заканите за враќање на ветото од страна на Софија за членството на Северна Македонија во ЕУ го гледа како предизборен контекст во Бугарија, отколку како реална можност, бидејќи, според него, за тоа нема причина.

„Ние јасно ги исцртавме условите под кои ќе се случи втората меѓувладина конференција. Тие услови претпоставуваат спроведување на уставните измени и завршување на скринингот и усвојување на скрининг извештајот. Ние сме фокусирани на тие приоритети и на тие прашања. Бугарија не би требало надвор од тие прашања да отвора какви било теми“, изјави Маричиќ по завршувањето на првиот панел од денешната конференција „Година на нови можности“, во организација на Владата.

Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година. Блокадата делумно се надмина летоска и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но Бугарија го условува отворањето на поглавјата со внесување на Бугарите во македонскиот Устав, за што во моментов го нема потребното двотретинско мнозинство.

„Според мене, најдобра стратегија е да си ги исполнуваме нашите обврски, така како што се запишани во документите. Во тој случај нема да направиме грешка. Но, секако во секој даден момент да ги браниме нашите позиции и достоинството на нашите институции и граѓани“, изјави Маричиќ.

За претстојното чествување на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари, министерот рече дека преку институционална комуникација се прават обиди да се менаџираат и провокациите и проблемите, кои што произлегуваат околу организацијата, но и провокациите кои секојдневно доаѓаат од поединечни политичари од Бугарија.

Тупанчевски: Се уште трае истрагата за бегството од затворот во Идризово

Министерот за правда Никола Тупанчевски

Министерот за правда Никола Тупанчевски денеска изјави дека се уште трае истрагата во врска со бегството од затворот Идризово на осуденикот Мемети Беким.

„Знаете дека првиот човек на Управата за извршување на санкции е разрешен и при коментирањето и сугерирањето за тоа каков би требало да биде правниот епилог за сиве овие настани што ни се случуваат, би требало да се има комплементарен пристап, а тоа значи каква и да е одговорноста и за кого било, би требало да биде индивидуална, констатирана и потенцирана. Сè уште трае истрагата, се уште се констатираат дефектите, недостатоците што беа поврзани со последните настани. Јас верувам дека сето тоа ќе има и правен епилог“, рече Тупанчевски.

Додека бил пренесуван од затворот кон болница Мемети пукал во затворски полицаец и побегнал. По неговото бегство беше разрешен директорот на Управата за извршување на санкции, Марјан Спасовски. За бегството на Мемети суспендирани од работа беа и командирот на одделение и припадниците на затворската полиција кои го вршеле спроводот на затвореникот.

Тупанчевски не сакаше да ги коментира информациите дека Министерството за правда ќе биде предмет на преговори за влез на Алијансата за Албанците во Владата.

„Дефинитивно она што вие го слушате, го слушам и јас. Немам некоја поконкретна информација. Сведоци сме дека има некакви поместувања, дека тоа се во иницијални преговори и разговори итн. Она што сакам да потенцирам и посебно да подвлечам е дека ние како Министерство за правда до последен ден, ако има последен ден од мандатот, ќе ја завршуваме и ќе ја вршиме својата функција и своите обврски онака како што сме ги замислиле. Сепак, тоа станува збор за некој тип на политички контекст, не би сакал јас да го коментирам“, рече Тупанчевски.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари утре ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски за влегувањето на партијата во Владата.

Тупанчевски додаде и дека до него не се пристигнати случаи од Комисијата формирана со измените на Законот за здруженија и фондации, а кои се однесуваат на имињата на бугарските клубови. Измените на Законот за здруженија ги поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ по отворањето на бугарски здруженија и клубови во Македонија кои носат имиња на спорни историски личности.

Измените на законот за здруженија предвидуваат во иднина да не може да се регистрираат организации со контроверзни имиња, по примерот на здруженијата Иван (Ванчо) Михајлов и Цар Борис Трети и истоимените клубови. Овие здруженија и клубови ќе имаат време да ги сменат имињата, а доколку тоа не го направат во рок од три месеци, ќе бидат избришани од Централен регистар.

Финска вели дека ќе остане со Шведска во процесот на НАТО

Пека Хаависто

Финска го задржува својот план за влез во НАТО истовремено со нордискиот сосед Шведска, изјави денеска финскиот министер за надворешни работи Пека Хаависто. „Нашата силна желба е сè уште да влеземе во НАТО заедно со Шведска“, рече Хаависто на прес-конференција во Хелсинки. Турскиот претседател Таип Ердоган во неделата сигнализираше дека Анкара може да се согласи Финска да влезе во НАТО пред Шведска, во услови на растечки тензии со Стокхолм. Турскиот претседател предупреди дека Шведска, која Турција веќе ја обвини дека засолнува курдски „терористи“, повеќе не може да смета на „поддршката“ на Анкара откако екстремно десничарски активист запали копија од Куранот во Стокхолм.

Без да го спомене овој настан, турскиот претседател, сепак, ги повтори своите приговори за Шведска во однос на барањата на Турција за екстрадиција на Курдите. „Им рековме: „Ако сакате да влезете во НАТО, мора да ни ги вратите тие терористи“. Им дадовме список од 120 луѓе (...) Но тие ни се смеат и се повикуваат на нивниот Устав“, рече Ердоган. Фактот што антиисламски десничарски екстремист минатата недела запали Куран во близина на турската амбасада во Шведска предизвика силни протести кај Анкара и муслиманскиот свет, а Анкара веќе ја откажа најавената посета на шведскиот министер за одбрана.

Спасовски-Демерџиев: Нема да биде дозволен инцидент на чествувањето на роденденот на Делчев

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по денешната средба со неговиот бугарски колега Иван Демерџиев

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по денешната средба со неговиот бугарски колега Иван Демерџиев изјави дека разговарале за нападот врз генералниот секретар на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков и за претстојното чествување на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари.

Едно лице е во притвор за нападот на Пендиков, како што посочи Спасовски, и се постапува кон проширување на истрагата. Тој порача дека МВР за сите случаи постапува подеднакво посветено со цел виновниците да бидат изведени пред лицето на правдата и санкционирани.

„Нашата крајна цел е да се обезбеди безбедност за сите граѓани и сите лица кои престојуваат на нашата територија“, рече Спасовски и во однос на чествувањето на роденденот на Делчев додека дека има малку зголемени тензии и различни најави за нарушување на јавниот ред и мир.

„Сакаме да упатиме јасна порака дека нема да биде дозволен никаков инцидент. Македонската полиција ги презема сите неопходни мерки и активности и апсолутно не смее да се дозволи инцидент, односно ќе се обезбеди чествување како што доликува на нашиот великан Гоце Делчев“, рече Спасовски.

Министерот Демерџиев додаде дека ги добил сите информации од неговиот колега Спасовски дека се ќе биде обезбедено и ќе бидат преземени сите мерки за мирно чествување.

„Јас ќе преземам мерки за луѓето кои што ќе дојдат на чествувањето. Во никаков случај нема да дозволам да бидат предизвикани провокации и да дојде до несакани настани. Постигнавме согласност дека се ќе биде во најдобар можен ред и нема да дозволиме некои луѓе и закани да го разгорат огнот меѓу двата народи. Целат е да се одржи тоа чествување на еден великан како Гоце Делчев, а не да биде место каде ќе се распалуваат огнови“, порача Демерџиев.

Во однос на нападот на Пендиков тој додаде дека со Спасовски постигнале разбирање дека во една земја како Република Северна Македонија не треба да се допуштаат такви инциденти и добил уверување дека случајот ќе биде истражен целосно и објективно. Притоа Демерџиев додаде дека на Спасовски му пред документи и изјави со закани кон Пендиков додека е во болница и добил убедување дека такви лица кои се служат со такви закани ќе бидат изнесени пред правдата.

Одбележувањето на годишнината од раѓањето на револуционерот Делчев е нов предизвик во односите меѓу соседните земји, кои во изминатиот период повторно се затегнати.

На 19 јануари беше претепан секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид, Пендиков. Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година.

Блокадата делумно се надмина летоска и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но Бугарија го условува отворањето на поглавјата со внесување на Бугарите во македонскиот Устав, за што во моментов го нема потребното двотретинско мнозинство.

Руска компанија нуди парични награди за уништување на западните тенкови во Украина

Леопард 2

Руска компанија соопшти дека ќе им понуди пет милиони рубљи (72.000 долари) во готовина на првите војници кои ќе ги уништат или заробат тенковите од западот во Украина. Соединетите држави, Германија и неколку други европски земји ветија дека ќе испратат во Украина десетици напредни борбени тенкови во следните неколку месеци за да помогнат во зајакнувањето на воениот капацитет на Украина.

Одлуката беше критикувана од Кремљ како опасна ескалација, а портпаролот Дмитриј Песков рече дека тенковите „ќе изгорат“ на фронтот. Сега руската компанија - Форес, фирма со седиште во Урал која произведува средства за енергетската индустрија - нуди готовинско плаќање на руските војници кои „заробуваат или уништуваат“ тенкови Леопард 2 или Абрамс од германско производство. Тенковите сè уште не се испратени во Киев и може да поминат неколку месеци пред да се испрати најголемиот дел од ветените испораки. Од почетокот на конфликтот, руското Министерство за одбрана тврди дека уништило стотици парчиња западно вооружување.

Киев претходно ги отфрли тие изјави, нагласувајќи дека Русија тврди дека уништила повеќе ракетни фрлачи на американско производство HIMARS отколку што биле доставени во земјата. Претходните испораки на напредно западно оружје, особено HIMARS, се заслужни за пресврт на бранот на 11-месечната војна, помагајќи му на Киев да обезбеди серија изненадувачки победи и потиснување на руските сили од територијата заробена на почетокот на инвазијата.

Ковачевски: шансите за членство во ЕУ никогаш не биле поголеми од денес

Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека очекува нов исчекор во евроинтеграциите во 2023 година и оти верува дека може да се постигне европско парламентарно мнозинство во Собранието, што ќе обезбеди европски перспективи. „Оваа оценка ја базирам врз фактот што огромното мнозинство граѓани во земјата на последните парламентарни избори ја дадоа довербата на проевропските политички субјекти, кои формираа проевропска влада. И оваа проевропска влада, која јас ја предводам, ќе продолжи да работи согласно очекувањата на мнозинството граѓани, а тоа се европскиот начин на живот дома и интеграцијата на земјата во Европската унија“, рече Ковачевски.

Тој на почетокот на дводневната годишна конференција „Година на нови можности“ истакна дека неговата влада е чувар на минатото, но и дека нема да дозволи никој да ја загрозува европската агенда и како што рече, заслужената европска иднина. Северна Македонија во јули минатата година ја одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ и започна процесот на скрининг, но услов за втората меѓувладина конференција и отворањето на поглавјето е Бугарите да бидат вклучени во Уставот, кој се противи македонската опозиција. Преговорите со ЕУ може да бидат прекинати доколку до ноември, кога се очекува да заврши скринингот, не се завршат уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, за што е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.

Данела Арсовска разрешена од функцијата претседател на ЗЕЛС

Данела Арсовска

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на денешното гласање во Заедница на единиците на локална самоуправа на Македонија (ЗЕЛС) е разрешена од функцијата претседател на ЗЕЛС. Во соопштението на град Скопје се наведува дека на овој начин „уште еднаш на дело се покажа коалицијата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“, односно дека разрешувањето било постигнато „со здружени гласови на градоначалниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“.

„Ова е само последниот пример за соработката помеѓу две партии на штета на граѓаните за нивните лични и теснопартиски интереси. На СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ очигледно му пречат луѓе кои знаат да кажат не на корупцијата и криминалот, луѓе кои јавниот го ставаат пред бизнис интересот на врхушката во партиите.Истите луѓе кои се најзаслужни за ерозија на македонското општество во сите сфери од денес ја превземаат контролата врз единствената национална асоцијација и непрофитна организација, во која на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Градот Скопје“, се вели во соопштението.

Во експлозија во џамија во Пакистан загинале над 20 верници

Пешавар, 30.01.2023.

Во денешната експлозија во џамија во пакистанскиот град Пешавар загинаа над 20 верници, а повеќе од 90 се ранети, изјави претставник на болницата. Меѓу жртвите има и полицајци кои се собрале на секојдневната молитва. Џамијата се наоѓа во близина на полициски станбен блок, а во неа имало околу 260 луѓе кога се случила експлозијата, информираат од полицијата. „Тоа се случи за време на молитвата. Дел од зградата се урнал и се верува дека неколку луѓе се наоѓаат под урнатините“, изјави полицискиот претставник Сикандар Кан.

Најмалку 51 загинати во две несреќи во Пакистан

Мохамад Асим, портпарол на болницата Лејди Ридинг во Пешавар, рече дека се примени повеќе од 90 повредени. „Многумина се во критична состојба. Снимката од државната телевизија ПТВ покажува дека полицијата и жителите расчистуваат урнатини и носат ранети луѓе.

Во Словенија уапсени две лица осомничени дека шпионирале за Русија

Љубљана

Словенечките државни безбедносни агенции уапсиле две лица осомничени дека шпионирале за руската воена разузнавачка служба, објави денеска љубљанскиот весник „Дело“. Осомничените, од кои еден има аргентинско државјанство, работеле под лажен идентитет од изнајмена канцеларија во љубљанската населба Безиград, се вели во извештајот. Двајцата осомничени се обвинети за шпионажа и употреба на лажни документи.

Доколку бидат осудени, тие може да се соочат со затворски казни до осум години, се вели во извештајот. Се претпоставува дека станува збор за агенти „спијачи“ кои работеле за руската воена разузнавачка служба ГРУ. Поради чувствителноста на информациите, истражните органи во Словенија засега не соопштуваат ништо за овој случај.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG