Достапни линкови

Вести

Комитетот за настаните од 6 јануари препорача кривично гонење на Доналд Трамп

Комитетот на американскиот Конгрес кој го истражува насилството од 6 јануари 2021 година во Капитол

Комитетот на американскиот Конгрес кој го истражува насилството од 6 јануари 2021 година во Капитол во Вашингтон едногласно препорача Министерството за правда да покрене кривична постапка против поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговите сојузници. Со ова заврши истрагата на Специјалниот комитет, кој го сочинуваат седум конгресмени од Демократската партија и двајца од Републиканската партија, а неговите членови оценија дека овие препораки се „мапа на патот до правдата“. Комитетот, формиран од Претставничкиот дом, објави резиме на својот конечен извештај, во кој се утврди дека Трамп учествувал во „заговор“ за да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година, на кои загуби од Џо Бајден.

Основачот на екстремно десничарската група прогласен за виновен за нападот на Капитол

Кривично гонење беше препорачано и за Трамп и за неговите соработници кои му помогнаа да создаде сложена кампања за притисок за тој сепак да биде победник на изборите. Наодот тврди дека Трамп постапил незаконски по четири основи, пред упадот на толпата во Капитол. Се препорачува Трамп да биде обвинет за заговор за измама на државата, попречување на правдата, заговор за давање лажна изјава и помагање и поттикнување востание.

Организацијата Трамп прогласена за виновна за фискална проневера

Препораката за поведување кривична постапка е претежно симболична, имајќи предвид дека Министерството за правда го има последниот збор дали да поднесе обвинение. За време на својот мандат, Комитетот спроведе повеќе од 1.000 интервјуа поврзани со нападот на толпата на Капитол на 6 јануари, одржа 10 јавни расправи од висок профил и собра повеќе од милион документи.

види ги сите денешни вести

Данела Арсовска разрешена од функцијата претседател на ЗЕЛС

Данела Арсовска

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на денешното гласање во Заедница на единиците на локална самоуправа на Македонија (ЗЕЛС) е разрешена од функцијата претседател на ЗЕЛС. Во соопштението на град Скопје се наведува дека на овој начин „уште еднаш на дело се покажа коалицијата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“, односно дека разрешувањето било постигнато „со здружени гласови на градоначалниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ“.

„Ова е само последниот пример за соработката помеѓу две партии на штета на граѓаните за нивните лични и теснопартиски интереси. На СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ очигледно му пречат луѓе кои знаат да кажат не на корупцијата и криминалот, луѓе кои јавниот го ставаат пред бизнис интересот на врхушката во партиите.Истите луѓе кои се најзаслужни за ерозија на македонското општество во сите сфери од денес ја превземаат контролата врз единствената национална асоцијација и непрофитна организација, во која на доброволна основа членуваат сите 80 општини и Градот Скопје“, се вели во соопштението.

Во експлозија во џамија во Пакистан загинале над 20 верници

Пешавар, 30.01.2023.

Во денешната експлозија во џамија во пакистанскиот град Пешавар загинаа над 20 верници, а повеќе од 90 се ранети, изјави претставник на болницата. Меѓу жртвите има и полицајци кои се собрале на секојдневната молитва. Џамијата се наоѓа во близина на полициски станбен блок, а во неа имало околу 260 луѓе кога се случила експлозијата, информираат од полицијата. „Тоа се случи за време на молитвата. Дел од зградата се урнал и се верува дека неколку луѓе се наоѓаат под урнатините“, изјави полицискиот претставник Сикандар Кан.

Најмалку 51 загинати во две несреќи во Пакистан

Мохамад Асим, портпарол на болницата Лејди Ридинг во Пешавар, рече дека се примени повеќе од 90 повредени. „Многумина се во критична состојба. Снимката од државната телевизија ПТВ покажува дека полицијата и жителите расчистуваат урнатини и носат ранети луѓе.

Во Словенија уапсени две лица осомничени дека шпионирале за Русија

Љубљана

Словенечките државни безбедносни агенции уапсиле две лица осомничени дека шпионирале за руската воена разузнавачка служба, објави денеска љубљанскиот весник „Дело“. Осомничените, од кои еден има аргентинско државјанство, работеле под лажен идентитет од изнајмена канцеларија во љубљанската населба Безиград, се вели во извештајот. Двајцата осомничени се обвинети за шпионажа и употреба на лажни документи.

Доколку бидат осудени, тие може да се соочат со затворски казни до осум години, се вели во извештајот. Се претпоставува дека станува збор за агенти „спијачи“ кои работеле за руската воена разузнавачка служба ГРУ. Поради чувствителноста на информациите, истражните органи во Словенија засега не соопштуваат ништо за овој случај.

Шоле и Ескобар: време е да се формира Заедница на општини со српско мнозинство

Претседателката на Косово Вјоса Османи со советникот во Стејт департментот на САД Дерек Шоле и американскиот претставник Габриел Ескобар (фотографија од датотека)

Во авторскиот текст на Дерек Шоле, советник на американскиот Стејт департмент и Габриел Ескобар, специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, објавен во Коха.нет и Косев медиа, повторно повикуваат на формирање на Заедница на општини со српско мнозинство. Шоле и Ескобар, исто така, велат дека една од најважните цели на САД на Западен Балкан е да помогнат во создавањето услови „за здрави, мирни и стабилни односи меѓу Србија и Косово“.

„Во изминатите недели, заедно со Франција, Германија, Италија и Европската унија, отпатувавме во Белград и Приштина за да ги охрабриме двете страни да го прифатат предлогот на ЕУ за двете земји да ги нормализираат односите, да го прекинат циклусот на криза и конфронтација и решително. да ја унапредат нивната европска интеграција. Ова е историска шанса што сметаме дека треба да ја искористат и двете страни“, се наведува во нивниот текст. Косово и Србија, со посредство на ЕУ, потпишаа договор за формирање на Заедницата во 2013 година. Во 2015 година, Уставниот суд на Косово утврди дека договорот не е целосно во согласност со Уставот, но дека членовите може да се договорат. Србија бара Косово да ги спроведе постигнатите договори, но Владата на Косово се изјасни против моноетничко здружување. Шоле и Ескобар велат дека имало многу дискусии за Заедницата, но сега, според нив, дојде време јасно да се покаже што е оваа Заедница, а што не.

„Генерално, Заедницата би била структура за општините со мнозинско српско население за да ги координираат прашањата и услугите како што се образованието, здравството, урбаното и руралното планирање и локалниот економски развој - со други зборови, функции за кои сите општини во Косово се одговорни“, стои во нивниот авторски текст. Тие велат дека остро се противат на создавање каков било етнички состав сличен на Република Српска во Босна и Херцеговина и дека меѓународната заедница не сака да наметне решение. Тие образложија што може, а што не може да биде Заедница на општини со српско мнозинство. „Општините со заеднички интереси, јазик и култура би можеле поефикасно да работат заедно за да ги решат заедничките предизвици во обезбедувањето јавни услуги, преку економии на обем и размена на најдобри практики.“ Според нив, Заедницата нема да додаде ново ниво на извршна и законодавна моќ на Владата на Косово. Тие велат дека „битно е да се нагласи дека Заедницата на општини со српско мнозинство нема да биде еднонационална“.

Борис Џонсон вели дека Путин му се заканил со ракетен напад, Кремљ демантира

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон го посети градот Бородинка, тешко оштетен за време на руската инвазија на Украина, надвор од Киев, 22 јануари 2023 година

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон изјави дека рускиот претседател Владимир Путин му се заканил со ракетен напад за време на телефонскиот разговор во пресрет на инвазијата врз Украина. Џонсон, зборувајќи за Би-Би-Си, рече дека рускиот лидер го прашал за изгледите за пристапување на Украина во НАТО, на што тој одговорил дека нема да биде „во догледна иднина“. „Тој ми се закани во еден момент и ми рече: „Борис, не сакам да те повредам, но со проектил ќе биде потребно само една минута“, рече Џонсон, потсетувајќи се на телефонскиот разговор во февруари 2022 година, кој уследи по посетата на тогашниот премиер на Киев.

Украински тенкисти на обука во Британија

Кремљ денеска соопшти дека Борис Џонсон лажел кога рекол дека претседателот Владимир Путин му се заканил со ракетен напад за време на телефонскиот разговор во пресрет на инвазијата на Украина. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека она што го кажа Џонсон не е вистина, или „поточно, лага“. Односите меѓу Москва и Лондон паднаа на најниско ниво во последните децении, дури и пред Русија да ја нападне Украина, поради труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во британскиот град Солсбери во 2018 година. Џонсон, кој се повлече во септември лани по серијата скандали, се обиде да го позиционира Лондон како главен сојузник на Киев на Запад. Додека беше на функција тој неколку пати го посети Киев и често му се јавуваше на претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Османи во Брисел на средби во НАТО и ЕУ

Бујар Османи

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи денеска и утре е во работна посета на Брисел каде што ќе има средби со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската Комисија, Жозеп Борел, како и со заменикот на генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана. Покрај презентацијата на програмата на ОБСЕ, на средбите во Европската Унија ќе бидат разменети мислења и за можностите за продлабочување на соработката со ОБСЕ, пред сѐ со Европската Комисија и институциите на ЕУ, со посебен фокус кон улогата и работата на теренските мисии на Организацијата во поширокиот регион на Југоисточна Европа, соопшти МНР.

Османи - На Русија и одговара да ги држи живи конфликтите на Балканот

Во рамките на посетата на НАТО, Османи ќе учествува на посебна тематска сесија на Северно-атлантскиот совет (САС) на НАТО, на која ќе бидат разменети видувањата за актуелните безбедносни предизвици и улогата на ОБСЕ во одржувањето на стабилноста и безбедноста на Континентот. Покрај Борел и Џоана, Османи ќе има средби и со специјалниот пратеник на ЕУ за Западен Балкан – Мирослав Лајчак и со еврокомесарот за кризен менаџмен Јанез Ленарчиќ

САД со уште едно предупредување за можни терористички напади во Турција

Истанбул

Амбасадата на САД во Турција денеска ги предупреди Американците за можни напади врз цркви, синагоги и дипломатски претставништва во Истанбул. Ова е второ известување за четири дена, по инцидентите со палењето на Куранот во Европа. Во ажурираното безбедносно предупредување, амбасадата на САД соопшти дека „можни се непосредни одмазднички напади од терористи“ во областите посетени од западни туристи, особено во градските населби Бејоглу, Галата, Таксим и Истиклал.

Турција ги предупреди граѓаните на можни дискриминаторски напади во Европа и САД

Во петокот, неколку амбасади во Анкара, вклучително и оние на САД, Германија, Франција и Италија, издадоа безбедносни предупредувања за можни одмазднички напади врз места за богослужба, по одделни инциденти во кои беше запалена муслиманската света книга Куранот во Шведска, Холандија и Данска. Во саботата Турција ги предупреди своите граѓани за „можни исламофобични, ксенофобични и расистички напади“ во САД и Европа.

Блинкен во посета на Ерусалим и Рамала

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен кој вчера во Египет ја почна тридневната посета на Блискиот Исток денеска ќе престојува во Ерусалим. Неговата посета доаѓа во време кога се разгорува насилството меѓу Израелците и Палестинците по доаѓањето на новата десничарска влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Израелската полиција приведе 42 лица за смртоносниот напад пред синагога

Блинкен се очекува да ги повтори американските повици за смиреност и да ја нагласи поддршката на Вашингтон за решение меѓу две држави, иако американските власти признаваат дека наскоро нема да има мировните преговори. Блинкен ќе отпатува и за Рамала за да се сретне со претседателот на палестинската управа Махмуд Абас.

Германија нема да испраќа борбени авиони во Украина

Олаф Шолц

Германија нема да испраќа борбени авиони во Украина, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц, додека Киев бара од Западот повеќе оружје за да се спротивстави на руската инвазија. По неколку недели двоумење, Берлин во средата реши да испрати 14 тенкови Леопард 2 од германско производство во Украина и да им дозволи на другите европски земји да ги испорачаат тенковите во Киев. Запрашан во интервју за весникот „Тагесшпигел“ во неделата за барањето на Киев за набавка на борбени авиони, Олаф Шолц одговори: „Прашањето за борбените авиони не се ни покренува. Можам само да советувам да не влегуваме во постојана тендерска војна со системското оружје. Но, штом беше донесена одлуката (за тенковите), во Германија започна нова дебата“ за нешто друго - авиони и „тоа е несериозно и ја поткопува довербата на граѓаните во владините одлуки“, рече тој.

Западните тенкови „витални“ во обидот на Украина да ги истера руските сили

Со одлуката да испрати германски тенкови во Украина, Германија го следеше ставот на Соединетите Држави за снабдување на украинската армија со тенкови Абрамс од американско производство. Но, украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој им се заблагодари на Берлин и Вашингтон, веднаш побара повеќе, вклучително и борбени авиони и ракети со долг дострел. Според Шолц, „неопходно е“ да се разговара со рускиот претседател Владимир Путин. Нивната последна средба датира од почетокот на декември. „Имам намера повторно да разговарам со Путин по телефон“, рече тој, без да прецизира кога.

Ердоган: Турција би можела да одобри прием на Финска во НАТО, но не и на Шведска

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган навести дека Турција може да го одобри приемот на Финска во НАТО, но не и Шведска. „Ако треба, можеме да дадеме поинаква порака за Финска. Шведска ќе биде шокирана кога ќе дадеме поинаква порака за Финска“, рече шефот на турската држава за кандидатурата на двете нордиски земји за членство во НАТО, одговарајќи на прашање за време на состанокот со млади луѓе. Турција го блокираше приемот на Шведска и Финска во НАТО, одложувајќи го на неодредено време трипартитниот состанок првично закажан за почетокот на февруари, кој требаше да ги расчисти приговорите на Анкара за нивната кандидатура.

Турција ја откажа трилатералната средба со Шведска и Финска

Турскиот претседател предупреди дека Шведска, која Турција веќе ја обвини дека засолнува курдски „терористи“, повеќе не може да смета на „поддршката“ на Анкара откако екстремно десничарски активист запали копија од Куранот во Стокхолм. Без да го спомене овој настан, турскиот претседател, сепак, ги повтори своите приговори за Шведска во однос на барањата на Турција за екстрадиција на Курдите. „Им рековме: „Ако сакате да влезете во НАТО, мора да ни ги вратите тие терористи“. Им дадовме список од 120 луѓе (...) Но тие ни се смеат и се повикуваат на нивниот Устав“, рече Ердоган. Фактот што антиисламски десничарски екстремист минатата недела запали Куран во близина на турската амбасада во Шведска предизвика силни протести кај Анкара и муслиманскиот свет, а Анкара веќе ја откажа најавената посета на шведскиот министер за одбрана.

Турција ги предупреди граѓаните на можни дискриминаторски напади во Европа и САД

Стокхолм го осуди палењето на Куранот како чин на „длабоко непочитување“ и изрази „сочувство“ за муслиманите, истакнувајќи дека шведскиот устав спречи забрана за такви дела, но тоа не го смири турскиот гнев. До неодамна, Хелсинки одбиваше да шпекулира за влез без Шведска, укажувајќи на придобивките од заедничкото членство со својот сосед.

Во Скопје, владина дводневна конференција „Година на нови можности“

Влада на Република Северна Македонија

Македонската Влада на дводневната годишна конференција „Година на нови можности“ што ќе започне денеска во Скопје има за цел преку дискусија да се направи пресек на владините мерки и случувања во 2022, со акцент врз идните насоки и визија за 2023 година. „Верувам дека плодните дискусии ќе обезбедат добри насоки за тоа како оваа 2023 година да ја погледнеме како можност и да ги искористиме предизвиците за да обезбедиме стабилност, сигурност и подобар европски животен стандард“, напиша премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук.

Владата се фали со капитални инвестиции, опозицијата критикува проекти нема

Во рамките на конференцијата предвидено е да се одржат вкупно осум панели на различни теми. Меѓу другото ќе се дискутира за „ЕУ интеграции и реформски процеси“, „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“, „Социјални и здравствени политики во време на криза“ и „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“.

Министрите за внатрешни работи на Македонија и Бугарија на средба во Скопје

Македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски

Македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот бугарски колега Иван Демерџиев денеска на работна средба во Скопје ќе ги договараат заедничките активности кои двете земји ќе ги преземат за обезбедување мирна и безбедна средина за прославата на 4 февруари – денот на раѓањето на револуционерот Гоце Делчев. Од Министерството за внатрешни работи информираа дека по завршувањето на средбата, нема да има изјави за медиумите, односно ќе биде издадено само соопштение. Средбата доаѓа откако на социјалните мрежи беа објавени информации дека во Скопје на чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на големиот револуционер Гоце Делчев, се очекува да пристигнат организирани групи на бугарски државјани.

„Гоце Делчев“ под стража

По овие информации, пред три дена на социјалните мрежи од македонска страна започнаа да се организираат граѓани кои планираат да постават блокади на патиштата со цел да ги спречат бугарските државјани, кои најавија дека доаѓаат во Скопје на 4 февруари. Министерот Спасовски пред неколку дена посочи дека нема никаква потреба од какво било организирање на граѓаните за блокади на патиштата или ноќни стражи, затоа што, како што нагласи, тука се институциите на системот.

Протест на приватните превозници пред ЈСП во Автокоманда

Блокади и протест на приватните автобуски превозници во Скопје, 5 декември 2022 година

Дел од приватните превозници за денеска од девет часот најавија протест пред седиштето на ЈСП во Автокоманда. Според организаторите, работата околу решавањето на нивниот проблем се одолговлекува, а тие се без работа и имаат трошоци. На протестот ќе се бара средба со директорот на ЈСП, а се подготвуваат и барања за средби во Град Скопје и до Владата. Како што информираше Милорад Димитријевски, еден од сопствениците на „Макекпрес“, на протестот уште еднаш ќе ги побараат средствата што им ги должи ова јавно претпријатие. Тој додаде дека минатата недела на „Слобода превоз“ им биле префрлени само 5.000 денари, додека на „Макекспрес“ од 02.11.2022 година кога било последното исплаќање не им било даден ниту денар.

Град Скопје: нема интерес на јавниот повик за извршување на јавниот превоз

Град Скопје објави два јавни огласи за пакет линии во јавниот градски превоз, откако го раскина договорот со приватните превозници, кои го блокираа центарот на Скопје барајќи Градот и ЈСП да им го исплатат долгот од 1,5 милиони евра. И на двата огласи, не се пријави ниту еден заинтересиран. Во моментов, јавниот градски превоз го врши само ЈСП со помалку автобуси отколку што му се потребни на градот.

Милков: најважниот конкретен чекор за деескалација е внесувањето на Бугарите во Уставот

Николај Милков

„Сакаме да бидат заштитени правата на Бугарите таму. Се стремиме кон таква деескалација која ќе донесе подобра заштита на правата на Бугарите. Очекуваме конкретни чекори, а најважниот конкретен чекор, се разбира, е внесувањето на Бугарите во Уставот“, изјави техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков во интервју за БТВ. „Враќање на ситуацијата од пред десет дена не нѐ задоволува. Конкретно бараме заштита на правата на Бугарите таму – ако тоа не се постигне, бетонирање на репресијата“, вели Милков.

Скопје и Софија утре ќе ги прецизираат деталите за чествување на Гоце Делчев

Во интервјуто, Милков информира дека секретарот на бугарскиот клуб во Охрид ќе остане во Бугарија се додека не биде безбедно да се врати назад. „Лошото е што имаме дилема пред којашто се поставени многу луѓе во Северна Македонија – ќе треба да бидат замолчени и да не се занимаваат со својата дејност како членови на бугарските клубови или да бидат прогонети и да дојдат да живеат во Бугарија. Тоа е сериозен проблем. Наместо да се бараат напаѓачите, во полиција се испрашуваат активистите од клубовите и не знаат дали се повикани како обвинети или како сведоци на тоа што се случило во клубот“, вели Милков.

„Гоце Делчев“ под стража

За говорите на европратеникот Ангел Џамбаски и пратеникот во бугарското Собрание Костадин Костадинов во Скопје, Милков изјави дека не може да се поддржат такви изјави, затоа што не само што не водат до добрососедски односи, туку ги зголемуваат тензиите во Северна Македонија кои се рефлектираат врз правата на Бугарите. Во интервјуто тој потврди дека денеска во Скопје ќе дојде техничкиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и директорот на ДАНС Пламен Тончев и дека ќе се разговара за конкретните чекори што треба да се преземат по повод чествувањето на роденденот на Гоце Делчев.

Времето денеска: променливо облачно

Променливо облачно и студено, попладне со делумно намалена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Дневната температура ќе се движи од 0 до 5 степени. Во Скопје и околината слично време со дневна температура до 5 степени.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG