Достапни линкови

Вести

Шефот на Енергоатом гледа знаци за можно руско напуштање на окупираната нуклеарна централа

Петро Котин, шефот на украинската државна компанија за нуклеарна енергија Енергоатом, изјави дека има знаци оти руските сили можеби се подготвуваат да ја напуштат огромната нуклеарна централа Запорожја, која ја зазедоа во март, веднаш по нивната инвазија.

Ваквиот потег би бил голема промена на бојното поле во делумно окупираниот југоисточен регион Запорожје, каде што линијата на фронтот речиси не се поместува со месеци. Повторуваното гранатирање околу централата поттикна страв од нуклеарна катастрофа.

Русија и Украина, која беше местото на најтешката нуклеарна несреќа во светот во Чорнобил во 1986 година, со месеци постојано се обвинуваа меѓусебно за гранатирање на нуклеарниот комплекс Запорожје, кој повеќе не произведува енергија.

Запрашан дали е премногу рано да се зборува за напуштање на руските војници од централата, Котин на телевизија сепак дополни: „Прерано е. Не го гледаме тоа сега, но тие се подготвуваат (да заминат).“

Во петокот, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека трите украински нуклеарни централи на територијата под контрола на владата биле повторно приклучени на мрежата, два дена откако руските ракетни напади ги принудија да се затворат за прв пат по 40 години.

види ги сите денешни вести

Харви Вајнстајн заврши во болница

Харви Вајнстајн заминува од Кривичниот суд во округот Менхетен во Њујорк Сити, 6 јануари 2020 година.
Харви Вајнстајн заминува од Кривичниот суд во округот Менхетен во Њујорк Сити, 6 јануари 2020 година.

Холивудскиот филмски магнат Харви Вајнстајн беше хоспитализиран на 27 април по враќањето во Њујорк, откако највисокиот градски суд ја укина неговата пресуда од 2020 година за обвиненијата за силување.

Одлуката на судот беше шокантен пресврт во еден од клучните случаи на движењето #MeToo. Сепак, Вајнстајн ќе остане во затвор бидејќи ја отслужува втората, 16-годишна затворска казна, исто така за силување, изречена во Калифорнија.

„Одделот за поправки во Њујорк утврди дека на господинот Вајнстајн му е потребна итна медицинска помош“, изјави за АФП неговиот адвокат Артур Л. Ијдала.

„Харви треба да биде подложен на голем број тестови и е задржан на набљудување“, додаде неговиот адвокат.

Полицијата за американските медиуми соопштила дека Вајнстајн бил пренесен во њујоршката болница Белви.

На 25 април, градскиот Апелационен суд утврди дека судечкиот судија погрешил кога го признал сведочењето на жените кои Вајнстајн наводно ги малтретирал, но кои не биле дел од обвинението против него, и нареди ново судење.

Во пресудата од 2020 година, 72-годишниот Вајнстајн беше осуден на 23 години затвор под обвинение за принуден орален секс во 2006 година и за силување на актерка во 2013 година.

Повеќе од 80 жени излегоа со обвинувања за сексуален напад и недолично однесување против Вајнстајн, кои се протегаат веќе неколку децении.

Русија извести за напади со дронови, Украина за оштетена хотелска зграда

Украинските војници гаѓаат руски позиции во близина на Авдијевка, регионот Доњецк, Украина, 22 март 2024 година. (Илустративна фотографија)
Украинските војници гаѓаат руски позиции во близина на Авдијевка, регионот Доњецк, Украина, 22 март 2024 година. (Илустративна фотографија)

Руските системи за противвоздушна одбрана уништија 17 дронови лансирани од Украина, објави руското Министерство за одбрана на социјалната мрежа Телеграм на 28 април.

Регионален претставник изјави дека цел на нападот било складиште за нафта во регионот Калуга.

Руското Министерство за одбрана на апликацијата за пораки Телеграм соопшти дека три беспилотни летала лансирани од Украина биле соборени над Калушка област, јужно од Москва.

Владислав Шапша, регионалниот гувернер на Калуга, изјави дека беспилотните летала паднале во близина на складиште за нафта во близина на градот Људиново.

„Немаше жртви или други штети“, напиша Шапша на Телеграм.

Руското Министерство за одбрана, исто така, соопшти дека девет беспилотни летала лансирани од Украина се уништени над регионот Брјанск, три над регионот Курск и два над регионот на Белгород.

Ројтерс не можеше независно да ги потврди овие извештаи.

Од друга страна, гувернерот на поширокиот регион Миколаев во јужна Украина објави дека напад на руски дрон сериозно оштетил хотел во јужниот украински град Миколаев.

„Непријателот го нападна градот со беспилотно летало од типот „Шахед““, напиша на Телеграм гувернерот на Николаев, Виталиј Ким.

„Како резултат на тоа, зградата на хотелот беше сериозно оштетена, избувна пожар кој бргу беше изгаснат. Нема жртви“, напиша тој.

Ким и Украинската државна служба за итни случаи соопштија дека рускиот напад ги оштетил и прозорците на околниот хотел и оштетил грејна инфраструктура.

Ројтерс не можеше независно да ги потврди ниту овие извештаи.

Воздухопловните сили на Украина, исто така, објавија на својот профил на Телеграм, без да наведат детали, дека нивните сили уништиле руски дрон над Миколаев.

Од утре започнува пролетниот распуст, учениците се враќаат на настава на 7 мај

Ученици во Скопје (Илустрација)
Ученици во Скопје (Илустрација)

Учениците од основните и средните училишта во Северна Македонија од утре, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен за првпат во оваа учебна година.

За првпат има промени и во календарот за настава, така што учебната 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори 2024.

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука (МОН), наставата од деновите кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата.

„Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците“, стои во соопштението на МОН кое, по реакции во јавноста и од синдикатите, ја повлече претходната одлука пропуштеното да се надомести со учење во сабота.

Временска прогноза - Сончево и релативно топло

Сончево време во Скопје (Илустрација)
Сончево време во Скопје (Илустрација)

Времето денеска ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Денеска ќе дува и слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени Целзиусови.

Во Скопје времето ќе биде сончево и релативно топло со мала облачност и со слаб североисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени.

Според најавите од УХМР, следува период на сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност.

Локална појава на попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи се очекува кон средината на следната седмица.

Пронајден 76-годишен маж од кавадаречко кој вчера бил пријавен за исчезнат

Полиција, Северна Македонија (Илустрација)
Полиција, Северна Македонија (Илустрација)

Пронајдено е 76 – годишното лице во кавадаречко по кое се трагало од вчера, потврди за МИА, доктор Мирослав Нерков од Итната медицинска помош при општата болница со проширена дејност во Кавадарци.

Откако вчера наутро во полициската станица во Кавадарци семејството пријавило дека 76-годишен маж е исчезнат, потрагата по лицето ја вршеа полицајци, роднини и пријатели, пожарникари и планинари.

„За среќа, лицето е пронајдено и веднаш пристапивме кон пружање прва медицинска помош, тоа е во стабилна состојба и надвор од животна опасност, го однесовме во неговиот дом“, истакна Нерков.

Инаку во полицискиот билтен стои дека вчера во 10.30 часот во ОВР Кавадарци, 74 годишна жена со иницијали К.С пријавила дека од домот се оддалечил нејзинот сопруг 76-годишен сопруг С.С, кој имал здравствени проблеми.

Од полицијата додаваат дека веднаш биле преземени мерки за негово пронаоѓање, а денеска лицето е пронајдено.

Британски трупи ќе добијат задача да доставуваат помош во Газа, пишува Би-Би-Си

Палестинците дистрибуираат помош среде тековниот конфликт меѓу Израел и Хамас, во засолништето во Деир Ал-Балах, во централниот дел на Појасот Газа, 7 април 2024 година.
Палестинците дистрибуираат помош среде тековниот конфликт меѓу Израел и Хамас, во засолништето во Деир Ал-Балах, во централниот дел на Појасот Газа, 7 април 2024 година.

Британските трупи најверојатно ќе добијат задача да доставуваат помош во Газа преку морско пристаниште што сега се гради од страна на САД, објави Би-Би-Си во саботата, 27 април, пренесува АП.

Според пишувањата на Би-Би-Си, британската влада размислува да распореди војници кои ќе ги возат камионите што ќе носат помош од пристаништето до брегот.

Сепак, Би-Би-Си објави и дека конечна одлука по ова прашање не е донесена и предлогот се уште не е пристигнат до британскиот премиер Риши Сунак.

Овие информации доаѓаат откако висок американски воен функционер во четвртокот рече дека нема да има американски „чизми на теренот“ и дека друга нација ќе обезбеди персонал за возење на камионите за испорака на помош до брегот.

Инаку, токму Велика Британија е таа која што веќе обезбедува логистичка поддршка за изградбата на пристаништето, вклучително и брод на Кралската морнарица во кој ќе бидат сместени стотици војници и морнари кои работат на проектот.

Покрај тоа, британските воени планери се дел од Централната команда на САД во Флорида и во Кипар, каде што помошта ќе биде проверена пред да се испорача во Газа.

Хидрографската канцеларија на Обединетото Кралство исто така сподели своја анализа за тоа како можат да помогнат во изградбата на пристаништето.

„Многу е важно да воспоставиме повеќе правци за испраќање витална хуманитарна помош до жителите на Газа. Обединетото Кралство и нашите меѓународни сојузници продолжуваат да ја преземаат водечката улога во обезбедувањето помош за Газа“, се вели во изјавата на министерот за одбрана Грант Шапс.

Изградбата на пристаништето во Газа за полесен пристап до хуманитарна помош, доаѓа во време кога Израел се соочува со меѓународни критики за бавна испорака на помош на палестинската територија, за која Велика Британија тврди дека најмалку една четвртина од населението се наоѓа на работ на глад.

Војната меѓу Израел и Хамас, организација означена како терористичка и од ЕУ и од САД, започна со нападот на Хамас во Јужен Израел на 7 октомври минатата година кога милитантите убија 1.200 луѓе, главно цивили, а притоа и зедоа 250 лица како заложници.

Москва национализираше руска филијала на италијанска фирма која произведува опрема за греење

Министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани (Архивска фотографија)
Министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани (Архивска фотографија)

Италија во саботата го повика рускиот амбасадор во земјата на разговори, откако Москва објави дека Аристон Термо Груп, филијала на италијанска компанија која произведува опрема за греење, ќе биде ставена под „привремено управување“ на државниот енергетски гигант Газпром, пренесува АФП.

„Владата бара појаснување за прашањето за национализацијата на Аристон Термо групацијата“, напиша италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани на социјалната мрежа X, порано позната како Твитер, на 27 април.

Тој рече дека побарал од висок функционер во италијанското Министерство за надворешни работи да го покани рускиот амбасадор Алексеј Парамонов на интервју.

„Ние работиме и со Брисел, во соработка со Германија откако Бош исто така беше цел на нападот“, рече Тајани.

Во друга објава, Тајани посочи дека разговарал со врвните менаџери на Аристон, додавајќи дека Рим „стои покрај компаниите и е подготвен да ги заштити на сите меѓународни пазари“.

Национализацијата на Аристон беше објавена во рускиот декрет објавен во петокот и потпишан од рускиот претседател Владимир Путин.

Уредбата ја пренесува контролата над 100 отсто од руските компании на Аристон - Аристон Термо Рус, во сопственост на Аристон Холдинг НВ и БШХ Холдинг Алианс, во сопственост на БШ Хаусгерат ГмбХ - на Газпром Холд Системс, подружница на Газпром.

Откако ја нападна Украина, Москва ги презеде руските подружници на голем број западни компании - на пример францускиот производител на јогурт Данон и данскиот производител на пиво Карлсберг - под, како што во Русија ја нарекуваат „привремена контрола на управување“.

Кремљ ги опиша овие потези како одговор на западните санкции против руските компании. Западните власти и некои од компаниите ја осудија руската национализација на приватната сопственост.

Гир: Изборите поминаа во мирна и демократска атмосфера, се надеваме дека ќе биде така и во вториот круг

Евроамбасадорот Дејвид Гир (Архивска фотографија)
Евроамбасадорот Дејвид Гир (Архивска фотографија)

Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, денеска, 27 април, одговарајќи на новинарско прашање рече дека првиот круг од претседателските избори во Северна Македонија одржани на 24 април генерално поминале во фер и демократска атмосфера.

„Се надеваме дека така ќе биде и за време на камапањата вториот круг од претседателските избори и за параламентарните избори и дека целиот процес ќе заврши со позитивни пораки“, изјави евроамбасадорот Гир, кој денеска присуствуваше на одбележувањето на Европската недела на имунизација во Градски парк во Скопје.

Гир изрази надеж дека на сличен начин ќе поминат и изборите кои ќе се одржат на 8 мај.

„Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР веќе го издаде прелиминарниот извештај од Првиот круг на изборите. Изборите се одвиваа во генерално мирна и демократска атмосфера и навистина се надеваме дека во вториот круг на претседателските избори, тие исто така и во кампањата за парламентарните избори тие ќе се надградат во овој позитивен правец што ќе овозможи целиот процес да заврши со позитивни пораки и со позитивно чувство“, истакна Гир.

Во вториот круг претседателски избори на 8 мај ќе се кандидатиет кои освоија најмногу гласови на 24 април - професорката Гордана Сиљановска-Давкова со 363.086 гласови и Стево Пендаровски со 180.500 гласови.

Покрај втор круг претседателски, на 8 мај граѓаните паралелно ќе гласаат и на парламентарните избори. Излезноста на овие избори беше поголема од таа во првиот круг пред пет години.

Во првиот круг од претседателските избори право на глас имаа 1.814.317 граѓани, а се гласаше на 3.508 избирачки места.

Невреме ширум САД, торнада уриваат куќи и згради во Небраска и Ајова

Луѓето носат предмети од оштетениот дом во Бенингтон, Небраска, откако торнадо ја уништи областа во петок, 26 април 2024 година.
Луѓето носат предмети од оштетениот дом во Бенингтон, Небраска, откако торнадо ја уништи областа во петок, 26 април 2024 година.

Торнада направија хаос во американскиот среден запад во петокот, предизвикувајќи уривање на зграда со десетици луѓе внатре, а уништени и оштетени се уште стотици домови во близина на градот Омаха, во Небраска.

Од петокот вечерта имаше неколку извештаи за повредени, но нема извештаи за загинати лица од невремето. Предупредувањата за торнадо продолжија да се издаваат во текот на ноќта во другата соседна американска држава Ајова, пренесе АП.

Три лица се повредени во округот Ланкастер, Небраска кога торнадо удри и урна индустриска зграда со 70 луѓе внатре. Неколкумина лица биле заробени, но сите се успешно евакуирани, соопштија властите.

Едно од најразорните торнада во петокот се движеше со милји низ претежно руралните земјоделски области пред да ги уништи домовите и другите згради во предградието на Омаха, град со 485.000 жители и околу еден милион во пошироката метрополитенска област.

Фотографиите на социјалните мрежи покажаа дека и малиот град Минден, Ајова, на педесетина километри североисточно од Омаха, претрпел голема штета.

Прогнозата за сабота е застрашувачка, пишува АП. Националната метеоролошка служба издаде предупредувања за торнадо во делови од Ајова, Канзас, Мисури, Оклахома и Тексас. Синоптичарите предупредија дека се можни големи налети на град и силен ветер.

Сопствениците на куќата ја проценуваат штетата
Сопствениците на куќата ја проценуваат штетата

„Изгледа дека утре ќе има нов голем шок. Можеби малку подалеку на југ“, рече Беки Керн, метеоролог во канцеларијата на Националната метеоролошка служба во Омаха.

„Стотици домови беа оштетени во петокот во Омаха, најмногу во областа Елхорн на западната страна на градот“, рече поручникот Нил Боначи од полицијата во Омаха, додавајќи дека многу домови се уништени или сериозно оштетени.

Шефот на противпожарната служба на Омаха, Кети Босман, рече дека полицијата и пожарникарите оделе од врата до врата за да им помогнат на луѓето, одејќи во „најтешко погодената област“.

Во една област на Елхорн биле оштетени десетици новоизградени големи куќи, каде биле испратени и десетици возила на итната помош.

„Можевме да го слушнеме торнадото што доаѓа. Наеднаш нашата ограда ја снема и погледнавме на северозапад - целото соседство го нема“, рече Пат Вудс, кој живее во Елхорн.

Во петокот попладне беше издадено предупредување за торнадо во областа Омаха, токму кога децата требаше да бидат пуштени од училиште. Многу училишта имаа засолништа за ученици додека не помине невремето. Неколку часа подоцна, автобусите сè уште ги носеа децата дома.

Пожарникарите им помагаат на лицата кои претрпеа штета од торнадо
Пожарникарите им помагаат на лицата кои претрпеа штета од торнадо

Друго торнадо ја погоди областа на источниот раб на Омаха, минувајќи директно низ делови од аеродромот Епли, кој се наоѓа во самиот град. Откако поминал низ аеродромот, торнадото ја преминало реката Мисури и влегло во Ајова, северно од Советот Блафс.

Портпаролката на Агенцијата за управување со вонредни состојби во Небраска, Катрина Сперл, во петокот попладне изјави дека извештаите за штетата штотуку почнуваат да се појавуваат.

Бура облаци додека торнадо се движи северозападно од Омаха, Небраска, 26.4.2024.
Бура облаци додека торнадо се движи северозападно од Омаха, Небраска, 26.4.2024.

Во округот Ланкастер, каде што три лица беа повредени при уривање на индустриска зграда, полициските службеници исто така рекоа дека имале извештаи за превртен воз во близина на Вејверли, Небраска.

Локалното претпријатие за електрична енергија, Омаха Пауер Дистрикт, објави дека речиси 10.000 корисници се без струја во областа Омаха.

Гувернерот на Небраска, Џим Пилен, на социјалната мрежа Х соопшти дека наредил државните ресурси да се стават на располагање за да помогнат во одговорот и поддршката за итни случаи додека тие вршат детална проценка на направената штета.

МВР ја промовираше новата генерација полициски службеници

Промоција на нова генерација на полициски службеници, 27 април, 2024 година.
Промоција на нова генерација на полициски службеници, 27 април, 2024 година.

Во Центарот за обука во Идризово денеска, 27 април, се одржа свечена промоција на која беа промовирани нови полициски службеници од генерацијата 2023-2024 година. Според податоците на МВР, едногодишната обука ја завршиле 508 нови полицајци од кои 416 мажи и 92 жени.

Техничкиот премиер Талат Џафери честитајќи им на новите припадници на полицијата посочи дека да се биде на првата линија на безбедноста е благородно и во исто време многу одговорна должност.

Џафери ги охрабри полицајците посакувајќи им да бидат чесни и посветени во спроведувањето на должностите кон граѓаните и горди на својата работа, а им испрати и порака дека треба професионално да се справуваат со новите предизвици на работата.

„За професионалниот полицаец, нема помалку или повеќе важна задача. Сите граѓани се еднакво исти пред законот и имаат еднакво исто право на безбедност. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека, полицијата како институција е професионална, и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи“, рече Џафери.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека полицајците ги очекува една нова етапа.

„Најпрво би ви порачал секојпат да имате на ум дека секој еден од вас е креатор на сопствената среќа. Вашиот успех зависи само од вас. Вашиот успех треба да заврши само од вашата стручниост, кооперативност, добра волја“, истакна Тошковски.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев им честиташе успешното завршување на обуката за полициски службеници, потсетувајќи на се што претходно е направено во полицијата, меѓу другото, и на реконструкцијата на Центарот за обука во Идризово.

На свеченоста беа соопштение и имињата на најдобрите полициски службеници.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG