Достапни линкови

Вести

Руските напади може да предизвикаат нуклеарна „катастрофа“

Петро Котин, шеф на украинската нуклеарна компанија Енерхоатом

Русија ризикува да предизвика „нуклеарна и радиоактивна катастрофа“ со нападите во кои сите нуклеарни централи на Украина беа исклучени од електричната мрежа за прв пат по 40 години, изјави денеска Петро Котин, шеф на украинската нуклеарна компанија Енерхоатом. Украинските власти вчера соопштија дека три нуклеарни централи на територијата што ја држат украинските сили биле исклучени по последниот бран руски ракетни напади врз украинските енергетски постројки. Котин рече дека огромната нуклеарна централа во регионот Запорожје во јужна Украина, која не е во функција од септември, исто така била исклучена од мрежата и станала зависна од резервните дизел генератори.

Снабдувањето со струја и вода обновено во украинските градови по разорните напади

Тој додаде дека централата Запорожје, која е окупирана од руските сили веднаш по инвазијата на Русија во Украина пред девет месеци, била повторно приклучена на мрежата до четврток наутро и дека резервните генератори биле исклучени. „Постои реална опасност од нуклеарна катастрофа. Русија мора да одговара за ова срамно злосторство“, рече тој. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на комплексот на нуклеарката Запорожје. Украинските власти постојано предупредуваат на нова нуклеарна катастрофа во земјата која ја доживеа најтешката нуклеарна несреќа во светот во 1986 година во нуклеарната централа во Чернобил, која повеќе не е во функција.

види ги сите денешни вести

Естонија ќе купи американски артилериски систем ХИМАРС

Ракетен систем ХИМАРС во Украина

Естонија, земја членка на НАТО и сосед на Русија, ги зајакнува своите одбранбени капацитети со набавка на напреден американски ракетен артилериски систем. Властите во Естонија велат дека станува збор за најголем проект за набавка на оружје досега.

Договорот потпишан денеска вреди повеќе од 200 милиони долари и вклучува опрема како што се муниција и ракети, како и обука.

Пакетот вклучува ракети ХИМАРС со дострел од 70-300 километри се вели во соопштението на Естонскиот центар за одбранбени инвестиции.

Првите испораки се очекуваат во 2024.

Естонските власти не го открија бројот на ракетни фрлачи, но локалните медиуми објавија дека станува збор за шест ракети ХИМАРС.

Соседите на Естонија, Летонија и Литванија или имаат или во моментов се во процес на набавка на ХИМАРС.

Чадиковски реизбран за претседател на ЗНМ

Изборно собрание на ЗНМ

Младен Чадиковски е реизбран за претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). На денешното изборно собрание, кое се одржа во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, Чадиковски доби уште еден четиригодишен мандат, како. Денеска се избираа и членови на органите и телата на Здружението.

Конкуренти на Чадиковски за претседател на ЗНМ му беа новинарката Фиљана Кока и новинарот Марјан Николовски.

За Чадиковски гласаа 275 членови на ЗНМ, Николовски доби 119 гласа, додека Кока 53 гласови од членовите на ЗНМ. На денешното собранието присуствуваа 465 членови на ЗНМ.

Членовите на ЗНМ денеска избраа и членови во Управниот одбор, во Надзорниот одбор и членови во Советот на честа.

Изборното собрание траеше цел ден.

Суспендирани полицајци за случајот со убиството на трудница во Косово

Косово - Протест против семејно насилство, по убиството на трудницата Магашин.

Четворица полицајци се суспендирани поради прекршување на наредбата за заштита на Хамида Магашин, трудница која беше убиена на 30 ноември, соопшти денеска министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља. За убиството се сомничи нејзиниот сопруг.

Препорака за суспензија на полициски службеници претходно даде и полицискиот инспекторат на Косово.

Според Инспекторатот, командирот на полициската станица во Липјан, наредникот и двајца истражители се осомничени за кривичните дела злоупотреба на службената положба или овластување и фалсификување службена исправа.

Министерката за правда Албуљена Хаџиу изјави дека убиството на Хамиде Магашин е „последица на институционална неодговорност“.

Во меѓувреме, косовскиот премиер Албин Курти рече дека одговорните лица мора да поднесат оставки или да бидат разрешени.

Триесет и петгодишната Хамида Магашин, наводно била убиена од нејзиниот сопруг Сокол Халили во близина на Гинеколошката клиника во Приштина, каде го чекала раѓањето на своето дете. Не преживеало ниту детето што го носела.

Основниот суд во Урошевац потврди дека претходно и издал налог за заштита на жената од насилниот сопруг од 13 септември 2022 година до 13 март 2023 година.

Истиот суд на 23 септември го прогласи за виновен обвинетиот Халили за кривичното дело неовластено држење оружје, врз основа на што е казнет.

По два дена во бегство, на 2 декември, властите објавија дека Халили извршил самоубиство и покрај обидите на полициските службеници да го убедат да се предаде.

Шведска екстрадира во Турција осуден член на ПКК

Илустрација

Шведска екстрадираше во Турција осуден член на Курдската работничка партија (ПКК), која за Анкара е терористичка организација. Во Турција е екстрадиран Махмут Тат, првиот човек осуден за членство во ПКК.

Тоа е прв конкретен чекор на Шведска во реализација на меморандумот за членство во НАТО, потпишан со Турција во јуни, што вклучува екстрадиција на лица вклучени во терористички активности.

Тат, кој во Турција е осуден на шест години и 10 месеци затвор, синоќа е донесен во Истанбул и одведен во притвор.

Екстрадицијата на Тат се случи два дена по разговорите меѓу министрите за надворешни работи на Турција и Шведска на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Букурешт.

Шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу по средбата истакна дека Анкара ја почитува одлучната намера на Шведска да влезе во НАТО, но дека очекува конкретни чекори во спроведувањето на договорот за екстрадиција на терористите во Турција.

Турција се противаше на прием на Шведска и Финска во НАТО, додека тие држави не ги исполнат своите обврски во врска со борбата против тероризмот, односно да ги екстрадираат на лица вклучени во терористички активности.

Мицкоски -Власта за еден месец даде 33 милиони евра за струја од странство

Работници на електричен столб

Владата за само еден месец потрошила 33 милиони евра или 1,1 милион евра на ден за набавка на струја од странство, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Бутел.

„Ако се сеќавате не убедуваа дека РЕК Битола ќе работи во грејната сезона со трите блока, Осломеј ќе работи и Неготино ќе работи со двата котли. Денеска Неготино не работи, Осломеј не работи и работи само еден блок од РЕК Битола“, рече Мицкоски.

АД ЕСМ денеска соопшти дека го зголеми производството на електрична енергија за 26 отсто за 11-те месеци годинава во споредба со истиот период лани.

Од јануари до ноември 2022 година, АД ЕСМ со термоелектраните РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино, гасната електрана Енергетика, хидроелктраните и системи Маврово, Тиквеш, Црн Дрим и Треска, и Ветерниот парк Богданци произведе 3.673.994 мегават часови електрична енергија што претставува 126 отсто споредено со истиот период во 2021 година, кога беа произведени 2.922.342 мегават часови.

АД ЕСМ има законска обврска во 2022 година да го снабдува регулираниот пазар со 60 отсто, но, по задолжение од Владата, го снабдува во 100 отсто и по значително пониска цена се со цел да не дојде дo драстично зголемување на крајната цена која ја плаќаат граѓаните.

Владата неодмана почна да објавува дневни рапорти за тоа колку струја произвело ЕСМ во изминатото деноноќие.

АД ЕСМ вчера произведе 12.773 мегават часови електрична енергија со што целосно ги задоволи потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Компанија купила 3.940 мегават часови електрична енергија. Тоа е електрична енергија наменета за болници, градинки, училишта, јавни претпријатија, капацитети од прехранбената индустрија и објекти од виталната инфраструктура во државата, соопшти Владата.

Иран започна со изградба на нова нуклеарна централа

Иран - Иранско знаме пред нуклеарната централа Бушер.

Иран денеска започна со изградба на нова нуклеарна централа во југозападниот дел на земјата, објави иранската државна телевизија, во услови на тензии со САД поради опсежните санкции воведени откако Вашингтон се повлече од нуклеарниот договор на Иран со светските сили.

Објавата доаѓа во момент кога Иран е потресен од силни антивладини протести кои започнаа по смртта на една млада девојка во полициски притвор.

За изградба на новата нуклеарна централа Карун од 300 мегавати ќе бидат потребни осум години и ќе чини околу 2 милијарди евра, објавија државните радио и телевизија. Централата ќе се гради во провинцијата Хузестан, богата со нафта, во близина на границата со Ирак, пренесува АП.

Иран има една нуклеарна централа во јужното пристаниште Бушер, која со руска помош беше пуштена во употреба во 2011 година, како и неколку подземни нуклеарни постројки.

Најавата за централата доаѓа на помалку од две недели откако Иран објави дека почнал да произведува збогатен ураниум со чистота од 60 проценти во подземната нуклеарна постројка Фордо. Ова се смета за значителен напредок во нуклеарната програма на земјата.

Збогатувањето на ураниум до 60 отсто се смета за чекор до нивото од 90 отсто потребно за производство на нуклеарно оружје. Експерти за ширење на нуклеарното вооружување во изминатите месеци предупредуваат дека Иран сега има доволно 60-процентно збогатен ураниум, кој може да се преработи во гориво за најмалку една атомска бомба.

Потегот беше осуден од Германија, Франција и Велика Британија, трите западни земји кои не се повлекоа од нуклеарниот договор. Неодамнешните обиди за заживување на договорот се во застој.

САД во 2018 година еднострано се повлекоа од нуклеарниот договор со Иран постигнат во 2015. Администрацијата на тогашниот претседател Доналд Трамп повторно воведе санкции против Техеран, а иранските власти почнаа да не ги почитуваат условите од договорот. Иран постојано негира дека се обидува да создаде нуклеарно оружје и инсистира дека неговата нуклеарна програма е цивилна.


Ковачевски - Платите ќе се усогласуваат со минималната

Со Буџетот за 2023 предвидено е да продолжи усогласувањето на минималната плата со просечната и трошоците на живот, соодветно на системското утврдено решение, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција.

Премиерот вели дека се предвидени зголемувања на платите во образование, како и зголемувањето на пензиите по новата утврдена методологија кое зголемување треба да се случи првиот квартал идната година.

За пензионерите за следната година се издвоени дополнителни 120 милиони евра повеќе од 2022 или вкупно 1.2 милијарди евра за пензиите кои што се зголемени, вели Ковачевски.

Ковачевски наведе дека се обезбедени средства и за сите надоместоци за ранливите категории граѓани, невработените, стечајците, гарантираната минимална помош, помош и нега на друго лице, поддршка на лицата со попреченост, за социјалните надоместоци и надоместоците за невработени, како и за активни мерки за вработување на млади лица, лица со попреченост итн.

Претседателот на Владата информираше дека за плати во јавна администрација во 2023 година се планирани 570 милиони евра, а за здравството како систем се планирани 685 милиони евра.

Од синдикатите во земјава претходно реагираа дека во Буџетот нема пари за усогласување на платите со порастот на минималната плата.
Сојузот на синдикати (ССМ) денеска соопшти дека е прифатен амандманот предложен од нив, а поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за зголемување на платите на администрацијата за 15 проценти.

Сега преостанува амандманот да се потврди од уште една собраниска комисија, Законодавно-правната комисија.

„Пратениците од СДСМ за жал и овој пат не гласаа, како што не гласаа или гласаа против за амандманот на ССМ за усогласување на сите плати со порастот на минималната плата со што уште еднаш ги изневерија работниците“, соопшти ССМ.

Минималната плата годинава беше покачена на 18 илјади денари, но требаше да се усогласат и другите плати со неа.

МВР демантира дека имало закани и напад на полицајци во Арачиново

Полициска контрола во Скопје, архивска фотографија

Комплетна дезинформација се објавите дека полициски службеници биле нападнати во општина Арачиново, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) по извршените детални проверки од страна на СВР Скопје и Одделот за внатрешна контрола.

„Од извршените проверки е утврдено дека на 30.11.2022 тројца полициски службеници запреле возило „фолксваген“, управувано од малолетник, но не ги презеле потребните службени дејства, за што против нив се изготвени иницијативи за дисциплинска постапка, а во извршените службени разговори тројцата полициски службеници негираат дека било кој им се заканувал или вршел притисок врз нив“, соопшти МВР.

Полицијата апелира пред да се проверат фактите да не се објавуваат дезинформации со кои се вознемируваат граѓаните.

Дел медиуми на 1 декември објавија дека во скопско Арачиново четири полициски службеници на полициски пункт сопреле возило управувано од лице без никакви валидни документи. Лицето, според овие наводи, упатило навреди кон полициските службеници, по што побегнало од местото на настанот.

Во врска со случајот, во полиција се повикани 17 годишник и неговиот татко од село Сарај, скопско. Малолетникот го појаснил стореното дело. Тој ќе одговара зошто управувал возило без возачка дозвола, а неговиот родител ќе одговара за тоа што го дозволил тоа.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска при посетата на Бутел говорејќи за МВР предводено од Оливер Спасовски, рече дека криминалците од Арачиново се шерифи во овој град, зошто добиваат заштита од МВР. Тој најави дека ќе ја разгледаат и можност за интерпелација на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

За Русија ограничувањето на цената на нафтата е опасно

Русија порача дека и понатаму ќе наоѓа купувачи за својата нафта, и покрај, како што велат, „опасните“ обиди на западните влади да ја ограничат цената на руската нафта.

Од друга страна, од кабинетот на украинскиот претседател денеска соопштија дека ограничувањето ќе ја „уништи“ руската економија.

Андреј Јермак, шеф на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, на Телеграм порача дека ограничувањето од 30 долари „побрзо би ја уништило“ економијата на Русија.

Коалицијата на западни земји, предводени од групата Г7 економски најмоќни држави, вчера се договори да ја ограничи цената на руската нафта на 60 долари за барел за да ги ограничи приходите на Москва и да ја намали нејзината моќ да ја финансира војната во Украина.


Рускиот претседател Владимир Путин и високи функционери на Кремљ повеќепати повторија дека нема да продаваат нафта во земјите кои го спроведуваат ограничувањето.

Руската амбасада во Соединетите Американски Држави денеска на Телеграм напиша дека се работи за „преобликување“ на принципите на слободниот пазар и истакна дека побарувачката за нафта ќе продолжи и покрај најавените мерки.

„Ваквите чекори неминовно ќе резултираат со зголемена несигурност и наметнување на повисоки цени за потрошувачите на сурови материјали“, наведе Амбасадата.

Ограничувањето на цената ќе им дозволи на земјите од Европската унија да увезуваат сурова руска нафта со танкери, но ќе им забрани на бродските и осигурителни компании да стопанисуваат со руска нафта ширум светот, освен ако не е продадена за цена пониска од договорениот лимит.

Цената на руската сурова нафта од типот Урал е променлива, но во изминатите денови се продаваше за околу 65 долари за барел.

Постои голем ризик за светскиот пазар на нафта од губењето на големи количини сурова нафта од Русија, вториот најголем производител во светот.

Тоа би можело да ги зголеми цените на бензинот ширум светот, што предизвика политички превирања во многу земји.

Европа веќе влезе во енергетска криза, а владите се соочуваат со протести поради зголемување на цените за живот. Земјите во развој се уште почувствителни на растот на трошоците.

Извозот на жито од Украина намален за една третина

Житница во Украина, август, 2022

Украина досега во сезоната 2022/2023 година извезла 18,1 милиони тони жито, што е за 29,6 отсто помалку од истиот период минатата година, кога биле извезени скоро 26 милиони тони, покажуваат податоците на Министерството за земјоделство.

Извезени биле скоро 7 милиони дони пченица, помалку од 10 милиони тони пченка и околу 1,5 милиони тони јачмен.

По речиси шестмесечната блокада предизвикана од руската агресија, три украински пристаништа на Црното Море кон крајот на јули беа деблокирани, според договорот меѓу Москва и Киев, постигнат со посредство на Турција и на Обединетите нации.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео обраќање рече дека договорот ѝ овозможил на Украина да извезе речиси 13 милиони тони земјоделски производи.

Владата соопшти дека Украина оваа година би можела да ожнее околу 51 милиони тони жито, што е помалку од рекордните 86 милиони тони минатата година, поради загубата на земја од руските сили и пониските приноси.


Минатата недела, Украина и нејзините сојузници започнаа со план за извоз на жито во вредност од 150 милиони долари во земјите најранливи од глад и суша.

Зеленски рече дека првиот брод со пченица веќе заминал за Етиопија и оти ќе има и втор. Третиот брод со пченица ќе биде наменет за Сомалија.

До почетокот на следната година, во иницијативата ќе учествуваат околу 60 бродови, додаде тој.


Украдено возило на Итната помош од кочанската болница

Архивска фотографија, возило на итна помош

Украдено е возило на Итната медицинска помош од болницата во Кочани. Вработени во болницата ноќеска пријавиле во полиција дека возилото го нема. Неколку часа подоцна возилото е најдено во близина на здравствената установа.

Директорот на болницата Александар Серафимов вели дека се работи за постаро возило oд марката тојота, што Итната медицинска помош го користи само повремено и за кратки релации во градот или до блиските населени места.

„Веројатно се работи за млади лица кои на овој начин сакале да се забавуваат, а полициската истрага треба да покаже како тие влегле и го стартувале возилото“, вели , директорот на Општата болница во Кочани.

Службата за Итна медицинска помош во болницата во Кочани има уште неколку понови возила што се користат за транспорт на пациенти до Штип и Скопје, а едно од нив во март минатата година беше тешко оштетено во сообраќајна несреќа при судир на патот Кочани – Штип.

Софија лута поради холандското „не“ за влез во Шенген

Бугарската влада ја критикуваше одлуката на Холандија да ѝ го блокира пристапот во европската Шенген зона без пасоши. За Бугарија ова е чин на „цинизам“.

Владата на холандскиот премиер Марк Руте на 2 декември објави дека ќе се согласи со приклучувањето на Романија и Хрватска во Шенген зоната, но ќе го блокира приемот на Бугарија.

Холандија стави вето оти Бугарија не успеала да постигне задоволителни резултати во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Министрите за правда на ЕУ ќе одлучуваат за прифаќање на Бугарија, Хрватска и Романија во Шенген на состанокот на 8 и 9 декември.

Прифаќањето на нови членки во Шенген бара едногласност.

Наместо европска солидарност, Бугарија добива цинизам“, напиша бугарскиот претседател Румен Радев на Фејсбук.

„Нашите напори не заслужуваат занемарување! Нашите напори не заслужуваат навреди“, изјави бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев.

„Холандија нема право да не нè сака во Шенген. Начинот на кој го направија тоа е апсолутно неприфатлив, политички и правно неоснован“, изјави министерот за правда Крум Зарков.

Австрија, исто така, изрази резерва за членството на Бугарија во Шенген. Канцеларот Карл Нехамер изјави дека неговата земја го поддржува членството на Хрватска, но е против приемот на Бугарија и Романија.

Европската комисија неколку пати соопшти дека Бугарија, Романија и Хрватска ги исполнуваат критериумите и се подготвени за членство во Шенген зоната. Европскиот парламент повика земјите да бидат прифатени во зоната без натамошно одлагање.

Шенген зоната им овозможува на луѓето слободно да се движат, без проверка на идентитетот. Во Шенген зоната има 26 земји-членки, од кои четири не се дел од ЕУ.

Повторно нема струја во Херсон поради руското гранатирање

Руските сили денеска го продолжија гранатирањето на јужниот украински град Херсон, прекинувајќи го снабдувањето со струја на неодамна ослободениот украински град. Жестоките борби продолжуваат и на истокот на земјата, а властите предупредија дека Украина се соочува со тешка зима поради руските ракетни напади врз енергетската инфраструктура.

Херсон се врати под украинска контрола на 11 ноември, кога руската војска се повлече на левиот брег на реката Дњепар и редовно го напаѓа градот со артилерија и ракети. Тројца луѓе загинале во денешните гранатирања, соопштија властите.


Милиони Украинци се без струја и греење од почетокот на зимата, по бранот руски напади врз целата земја. Рускиот претседател Владимир Путин вчера рече дека понатамошни напади врз украинската инфраструктура се „неизбежни“.

Украинските власти одговорија со пркос, ветувајќи дека ќе направат сè за да ја ограничат штетата.

Во земјата има проблеми и со производството на струја, и со преносот и дистрибуцијата.

Сега се воведуваат рестрикции во Киев, по 4 часа има струја, па 4 часа нема.

Стојковски - ЈСП треба да го подмири долгот кон приватните превозници

Автобус на ЈСП

Долгот што Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) го има кон приватните превозници треба да се подмири, но прво треба да се види колкав е реалниот долг, вели в.д директорот на ЈСП Александар Стојковски.

Реалниот долг ќе се знае откако ќе заврши увидот направен од Финансиската полиција и Управата за јавни приходи. Стојковски во интервју за МИА вели дека долгот го наследил кога стапил на функцијата пред шест месеци. Во меѓувреме, вели тој се плаќани сите доспеани фактури што биле доставени од приватните превозници.

Директорот на ЈСП ги отфрла како шпекулации информациите дека нема нафта за автобусите на ЈСП и тврди дека нема да има зголемување на цената на билетот без оглед на случувањата на глобално ниво со цената на нафтата.

Утринско возење со автобус во Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:05 0:00

Тврди дека автобусите на ЈСП се технички исправни и најавува нови вработувања за возачи поради тоа што дел од возачите се пензионирале.

Ветува и дека Скопјани ќе добијат бесплатен јавен превоз. Вели дека работите се ставени во мирување поради актуелната економска и енергетска криза, но дека се прават подготовки за да се реализира ветеното пред граѓаните на главниот град.

Во последните денови жителите на главниот град се жалат дека нема редовно автобуси и има многу гужви, оти приватните превозници не возат откако Град Скопје им ги раскина договорите. Приватниците се жалеа дека ЈСП и Град Скопје им должат пари. Автобусите на ЈСП ги преземаа и линиите што досега ги држеа приватниците. Директорот на ЈСП вели дека се прават подготовки да се воведе нов возен ред.

Ограничувањето на цената на нафтата ќе ги намали приходите на Русија

Логот на руската државна нафтена компанија Роснефт

Договорената граница на цената на руската сурова нафта од 60 долари за барел од страна на Европската унија (ЕУ) ќе ги одржи глобалните пазари добро снабдени, додека ги „институционализира“ попустите што се прават под закана од таквото ограничување, изјави висок претставник на американското Министерство за финансии.

Претставникот, зборувајќи со новинарите неколку часа откако европските влади ја убедија Полска да се согласи да го прифати ограничувањето, рече дека овој потег ќе ги ограничи приходите на Москва од нафтата и ќе ѝ ускрати милијарди долари кои би ги потрошила за војната во Украина.

„Со поставувањето на цената на 60 долари за барел, ние го институционализираме големиот попуст по кој Путин беше принуден да ја продава руската нафта, попуст што постои делумно и поради заканата за ограничување на цената, што ја принуди Русија да нуди попусти на земјите увознички“, рече тој.


Американската министерка за финансии Џенет Јелен, во одделна изјава, рече дека ограничувањето на цената дополнително ќе ги ограничи приходите на рускиот претседател Путин.

„Со оглед на тоа што руската економија веќе се намалува и нејзиниот буџет се намалува, ограничувањето на цената веднаш ќе го намали најважниот извор на приходи на Путин“, рече таа.

Вчитај повеќе

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG