Достапни линкови

Вести

Полска предлага дополнителни системи „Патриот“ на границата со Украина

Полска - Системи за противвоздушна одбрана Патриот
Полска - Системи за противвоздушна одбрана Патриот

Варшава ќе ја прифати понудата од Германија и ќе предложи распоредување дополнителни ракетни системи „Патриот“ во близина на нејзината граница со Украина, изјави полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак.

„Со задоволство го прифатив предлогот на германскиот министер за одбрана во врска со распоредувањето на дополнителни ракетни мнофрлачи „Патриот“ во нашата земја“, напиша на Твитер на 21 ноември полскиот министер за одбрана.

Понудата на Германија дојде по падот на залутан проектил во Полска минатата недела.

Германската влада веќе соопшти дека на својот сосед ќе му понуди дополнителна помош во контрола на нејзниот воздушен простор со германските Еурофајтери по инцидентот, кој првично предизвика стравувања дека војната во Украина може да се прелее преку границата.

Ракетата што ја погоди Полска минатата недела, при што загинаа две лица, се чини дека била истрелана од украинската воздушна одбрана, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Копнените системи за противвоздушна одбрана како што е „Патриот“ се дизајнирани да пресретнуваат проектили кои доаѓаат, пренесува новинската агенција Ројтерс.

види ги сите денешни вести

ЕУ испорача повеќе од 980.000 гранати во Украина

Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел (десно) и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха (лево) во Киев, Украина, 9 ноември 2024 година.
Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел (десно) и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха (лево) во Киев, Украина, 9 ноември 2024 година.

Европската унија и достави на Украина повеќе од 980.000 гранати, изјави високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Тој за украинскиот весник „Европска правда“ изјави дека целта за испорака на вкупно еден милион гранати ќе биде постигната „многу брзо“.

„Знам дека се обврзавме да го достигнеме ова ниво до пролет - и не успеавме. Но, можеме да го направиме тоа до крајот на годината“, додаде тој, според Ројтерс.

Борел беше во Киев на 9 ноември. Целта на посетата беше да се убеди Украина во поддршката на Брисел.

Тоа е прва посета на висок европски функционер по победата на републиканецот Доналд Трамп на претседателските избори во САД.

Победата на Трамп ги загрижува Украина и Европа, кои стравуваат дека новиот американски претседател ќе ја прекине поддршката на Вашингтон за Киев во борбата против руската инвазија, пренесува Франс прес.

„Пораката е јасна. Европејците ќе продолжат да ја поддржуваат Украина“, рече Борел, кој се очекува да ја напушти функцијата во декември.

„Ја поддржуваме Украина од почетокот, а за мојата последна посета на Украина ја пренесувам истата порака. Ќе ве поддржиме колку што можеме“, рече Борел на 9 ноември.

За време на изборната кампања, Трамп го доведе во прашање продолжувањето на големата американска воена и финансиска помош за Украина и рече дека може брзо да постигне договор за ставање крај на војната.

„Никој не знае што точно ќе направи новата (американска) администрација“, рече Борел, истакнувајќи дека претседателот во заминување Џо Бајден има уште два месеци да донесе одлуки.

Борел додаде дека ЕУ треба да ја искористи оваа можност за да изгради посилна и обединета Европа и да ја поддржи Украина.

Од почетокот на руската инвазија во 2022 година, Европа потрошила околу 125 милијарди долари за поддршка на Украина, додека САД издвоиле повеќе од 90 милијарди долари, според студијата на Институтот во Кил.

„Букинг“ најави реорганизација на своето работење

„Букинг“ (илустрација)
„Букинг“ (илустрација)

Платформата за резервации за сместување booking.com (Букинг) најави реорганизација на своето работење, сигнализирајќи дека може да ги намали работните места, пренесува Ројтерс.

Анализата на бизнисот штотуку започна и се уште не е донесена конкретна одлука, соопштија преку електронска пошта од компанијата, членка на групацијата Букинг Холдингс.

„Ова е тежок, но неопходен проактивен чекор што треба да ја гарантира агилноста на „Букинг“ во високо конкурентен сектор и иновации фокусирани на клиентите“, се вели во извештајот.

На крајот на минатата година, Букинг Холдингс вработуваше околу 23.600 луѓе, според годишниот извештај на групацијата.

Во петокот, групата напиша во поднесување до американската Комисија за хартии од вредност дека ќе даде повеќе детали за временската рамка на реорганизацијата и нејзиното веројатно влијание врз вработените и финансиите „во догледно време“.

„Веруваме дека овие напори ќе ја подобрат оперативната трошковна ефикасност, ќе ја подигнат организациската агилност на повисоко ниво и ќе ослободат ресурси за инвестирање во понатамошно подобрување на нашата понуда за патниците и партнерите“, се вели во извештајот.

Букинг холдингс додаде дека како дел од реорганизацијата ќе ги модернизира процесите и системите и ќе ги оптимизира набавките.

Букинг холдингс кон крајот на октомври објави дека вкупните оперативни трошоци во третиот квартал биле за 14,3 отсто повисоки од минатата година, достигнувајќи 4,8 милијарди долари.

Вкупните приходи се зголемија за девет отсто на 7,99 милијарди долари. Бројот на ноќевањата е зголемен за 8,1 отсто, на 299 милиони.

Растот на приходите следеше по стапката на бруто вредноста на резервациите, која достигна 43,4 милијарди долари.

Бројот на ноќевањата е зголемен за 8,1 отсто, на 299 милиони. Нето добивката се задржа на минатогодишното ниво и изнесува 2,5 милијарди долари.

Побарувачката во Европа и бројни азиски земји за патувања во странство е стабилна и компензира за послабите резултати во сегментот на домашни патувања во САД и Кина поради послабата лична потрошувачка во услови на макроекономски тешкотии.

Шумски пожари на двата брега на Соединетите Држави

Чад и оган во Проспект парк, Њујорк, САД, 8 ноември 2024
Чад и оган во Проспект парк, Њујорк, САД, 8 ноември 2024

Пожарникарите на двата брега на Соединетите Држави продолжуваат да се борат со шумските пожари во понеделник (11 ноември).

Пожарот северозападно од Лос Анџелес во округот Вентура избувна минатата среда и брзо се прошири на 83 квадратни километри, потпомогнат од силните ветрови.

Изгореа повеќе од 130 куќи и други објекти. Илјадници жители ги напуштија своите домови. Причината за пожарите се истражува.

Во природен парк во државата Њујорк во близина на границата со Њу Џерси, вработен загина во саботата кога врз него паднало дрво додека ја расчистувало шумата Стерлинг за да спречи ширење на пожарот.

Противпожарната служба на Њу Џерси соопшти дека пожарот зафатил 12 квадратни километри и се заканува да се прошири на 25 згради.

Властите ги предупредија жителите на делови од државата Њујорк и тој град, како и североисточниот дел на Њу Џерси, дека воздухот е нездрав поради чадот од пожарите.

Официјални лица од Њу Џерси објавија дека е локализиран вториот пожар од 70 хектари во областа Помптон Лејкс во округот Пасаик, а напредок има и во однос на други пожари во државата.

Обвинителите во округот Оушн, Њу Џерси веќе поднесоа обвиненија за предизвикување пожар од 142 хектари во Џексон минатата среда, што беше предизвикан од пукање на забранета муниција со магнезиум од стрелиште.

Во Масачусетс, еден од шумските пожари поттикнати од силните ветрови и сушата уништи стотици хектари во заливот Лин Вудс, природен парк од 8,8 квадратни километри кој се наоѓа северно од Бостон.

Зурабишвили вели дека владејачката партија ја „заробила“ Грузија и бара повторно гласање

Саломе Зурабишвили, претседателка на Грузија
Саломе Зурабишвили, претседателка на Грузија

Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили по средбата со делегацијата на ЕУ во посета на земјата изјави дека владејачката партија Грузиски сон која е пријателски настроена кон Русија „виртуелно ги освоила“ сите институции. Таа повика на нови избори за да ја вратат кавкаската земја на вистинскиот пат кон евроатлантските интеграции.

Зурабишвили зборуваше на прес-конференција во Тбилиси на 11 ноември по состанокот со делегацијата на пратениците на ЕУ по спорните избори минатиот месец, на кои Грузиски сон тврди дека победил со околу 54 отсто од гласовите.

Грузијците одржаа неколку протести од изборите на 26 октомври против резултатите и повикаа на повторување на гласањето, бидејќи Апелациониот суд на Грузија не успеа да ги потврди документираните жалби на опозицијата за кршење на изборната доверливост и насилни инциденти.

„Влегуваме во криза“, им рече на новинарите Зурабишвили, која одби да ги признае изборните резултати.

„Овде не може да има изненадувања, кризата е очигледна“, рече Зурабишвили, додавајќи дека на земјата и се потребни „нови избори за Грузија да добие легитимен парламент, легитимна влада и легитимен нов претседател кога ќе дојде време“.

Грузија минатата година го доби посакуваниот статус на земја-кандидат за ЕУ, но отскокнувањето на демократијата и владеењето на правото од страна на Грузиски сон, што вклучуваше протуркување на законот за „странски агенти“ во руски стил и анти- ЛГБТ законите, го поттикна Брисел да ја предупреди земјата дека патот кон европска интеграција и е опасност.

Претседателот на Европската комисија, Шарл Мишел на 8 ноември изјави дека „постојат сериозни сомнежи за измама, кои бараат сериозна истрага“ по гласањето на 26 октомври.

Делегацијата на ЕУ беше формирана од шефови на комисиите за надворешни односи од парламентите на Германија, Финска, Шведска, Франција, Литванија, Латвија, Естонија и Полска.

Шалва Папуашвили, претседателот на парламентот контролиран од Грузиски сон, одби да се сретне со делегацијата на ЕУ на 11 ноември, тврдејќи на социјалните мрежи дека причината за неговото одбивање е „непријателскиот однос кон грузиската влада и грузиското општество што беа многупати прикажани од владите на делегацијата при посета на земјата“.

Неколку членови на делегацијата на ЕУ го критикуваа одбивањето на Папуашвили да се сретне со нив.

Литванскиот Зигимантас Павиљонис рече дека Грузиски сон „паднал“ на тестот за демократијата, додека францускиот пратеник Фредерик Петит го нарече одбивањето на Папуашвили „неочекувано“, а Германецот Михаел Рот рече дека е „за жалење“.

Белорусија стана партнер на БРИКС

илустрација
илустрација

Министерството за надворешни работи во Минск соопшти дека Белорусија стана земја партнер на БРИКС откако претседателот Александар Лукашенко на 5 ноември преку писмо го информира рускиот колега Владимир Путин, за подготвеноста на земјата да се приклучи на организацијата како партнер.

Лукашенко во писмото наведува дека БРИКС од своето формирање континуирано ја зајакнува мултилатералната интеракција, станувајќи не само симбол, туку и еден од столбовите на мултиполарноста.

Статусот на земја-партнер предвидува континуирано учество на специјални сесии, на самити и состаноци на министрите за надворешни работи на БРИКС.

Исто така, можно е да се поканат партнерите и на настани на министерско ниво, особено за трговија, на состаноци со претставници за националната безбедност и на парламентарни форуми. Партнерите можат да се приклучат на финалните документи на БРИКС.

AA на Села ја оспори легитимноста на конгресот на Таравари

Ремзи Мехмеди
Ремзи Мехмеди

Потпретседател на партијата Алијанса за Албанците (АА) на претседателот Зиадин Села, Ремзи Мехмеди на прес-конферецијата пред Основниот суд во Тетово го оспори вчерашното одржување на вонредниот конгрес на Алијанса за Албанците со претседател Арбен Таравари и тоа го нарече обид за манипулација.

„Вчера (10 ноември) немаше конгрес на Алијансата за Албанците, ниту редовен, ниту вонреден, туку обичен спектакл ала Тараварче, срамна фарса со цел да се манипулира со јавноста. Правата, обврските и правилата на однесување во рамките на Алијансата за Албанците се запишани во Статутот на Алијансата за Албанците. За да може вчерашната партија да се нарече конгрес, учесниците требаше да имаат конгресни делегати избрани на редовниот конгрес на АА во 2022 година и кои се регистрирани во Основниот суд Тетово, чиј мандат според статут трае четири години, односно до 2026 година. За да се нарече редовен, одлуката за прогласување на редовен Конгресот ја носи партиското собрание и таква одлука нема. За да бидат наречен вонреден, делегатите кои се делегирани и назначени од членството на АА мора повторно да бидат повикани. Вчера немаше партиски делегати, но имаше луѓе, дури и од други партии, од кои голем дел се бореа со дух и буква против Алијансата за Албанците, никогаш не биле нејзини членови и нема да бидат“, истакна Ремзи Мехмеди.

Според него со оглед на тоа што нема правосилна судска одлука, конгресот се одржува со мнозинство од пријавените делегати во судот од последниот официјален и легитимен конгрес.

Инаку со усвојување Декларација за политичко дејствување, Алијансата за Албанците (АА) на претседателот Арбен Таравари синоќа (10 ноември) во Тетово го заврши петтиот вонреден конгрес.

Како што изјави Таравари, декларацијата е надоградување на постојната од 2022 година и ќе биде политички патоказ до 2026 година. Според Таравари, промените се потребни зашто сега партијата е дел од власта. На конгресот едногласно било избрано и Централното собрание на партијата.

Израел најави проширување на хуманитарната зона во Појасот Газа

Појас Газа (илустрација)
Појас Газа (илустрација)

Назначената „хуманитарна зона“ во Појасот Газа треба да се прошири и ќе вклучува теренски болници, вода и лекови, изјави во понеделник (11 ноември) портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), во услови на тешки услови на палестинската територија опустошена од војната.

Хуманитарните организации постојано предупредуваа на глад меѓу населението, особено во северниот дел на Газа.

Соединетите Држави и другите сојузници на Израел постојано го повикуваат Израел да ги отвори граничните премини за испорака на помош.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок повика да се отворат сите премини. „Никогаш во последните 12 месеци не влезе толку мала помош во Појасот Газа како сега“, рече таа во изјавата објавена во неделата.

Бербок рече дека Израел постојано давал ветувања во врска со ова, но потоа „не успеал да ги исполни“.

Оваа недела истекува рокот од 30 дена што САД го поставија на 13 октомври, во кој на Израел му беше наложено да ја подобри хуманитарната ситуација во Појасот Газа, или во спротивно американската воена помош за Израел ќе биде ограничена.

Израелските власти велат дека испораките на помош се ограбуваат од оперативци на Хамас, кои потоа ја продаваат стоката на населението во обид да ја зацврстат нивната контрола.

Хамас е прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија.

Палестинските жители велат дека нема безбедни области во регионот, истакнувајќи дека израелската војска постојано извршувала напади во зоните прогласени за безбедни по нападот на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени повеќе од 1200 луѓе, а околу 250 беа земени како заложници.

Во израелската офанзива која следуваше потоа, повеќе од 43300 луѓе биле убиени и над 102 000 повредени , според информациите на Министерството за здравство контролирано од Хамас.

Кремљ ги негира извештаите за разговорот Путин-Трамп како „целосно невистинити“

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Кремљ ги демантираше медиумските извештаи за телефонски разговор меѓу новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, велејќи дека извештаите се „целосно лажни“.

„Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори блиски до Трамп, на 10 ноември објави дека Трамп телефонски разговарал со Путин на 7 ноември за војната во Украина. Се наведува дека Трамп го прифатил повикот во Флорида еден ден по разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Неименувани извори цитирани од весникот велат дека Трамп му рекол на Путин да не ја разгорува војната во Украина и изразил интерес за понатамошни разговори за „наскоро решавање на војната во Украина“.

Ројтерс исто така објави за повикот.

„Ова е целосна невистина. Ова е чиста фикција, тоа се само лажни информации“, изјави за медиумите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на 11 ноември и додаде:

„Немаше разговор“.

Путин неформално му ја честиташе победата на новоизбраниот претседател на 7 ноември. Тој ја пофали „храброста“ на Трамп да преживее обид за атентат во јули и рече дека е „подготвен“ да разговара со него.

„Ова е најјасен пример за квалитетот на информациите што се објавуваат во денешно време, понекогаш дури и од доста реномирани медиуми“, рече Песков.

Песков додаде дека „се уште нема конкретни планови“ за таков повик.

Песков, исто така, рече дека Кремљ забележал „одредена нервоза“ во Европа по реизборот на Трамп.

На кампањата пред изборите на 5 ноември, Трамп тврдеше дека ќе стави крај на војната во Украина без да понуди детали за тоа како планира да го стори тоа.

Трамп претходно посочи дека Украина можеби ќе треба да се согласи да се откаже од територијата за да склучи мировен договор со Русија.

Луѓето кои се запознаени со повикот за Вашингтон пост изјавија дека Киев бил информиран за повикот на Путин и дека не се противел.

Сепак, портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Хеорхиј Тихиј на 10 ноември за Ројтерс изјави дека Киев немал информации за разговор меѓу двајцата.

„Извештаите дека украинската страна била однапред информирана за наводниот повик се лажни. Украина не може да го одобри или да се спротивстави на повикот“, рече Тихиј.

Ишиба официјално реизбран за премиер на Јапонија

Шигеру Ишиба
Шигеру Ишиба

Шигеру Ишиба денеска(11 ноември) и официјално беше реизбран за премиер на Јапонија по вториот круг гласање во Парламентот во кој неговата владејачка коалиција повеќе нема мнозинство.

Се очекуваше Ишиба да остане на функцијата, бидејќи неговата Либерално-демократска партија (ЛДП) и нејзиниот коалициски партнер Комеjто имаат најголем број места во парламентот, иако не освоија мнозинство на парламентарните избори одржани на 27 октомври.

Сеага Ишиба ќе може да формира малцинска влада.

Кандидат за премиер беше и поранешниот јапонски премиер Јошихико Нода, лидер на опозициската Уставно-демократска партија. Бидејќи ниту еден кандидат не освои мнозинство во првиот круг на гласање, победникот беше решен во вториот круг.

Ишиба освои 221 глас во вториот круг против Јошихико Нода, шеф на главната опозициска Уставна демократска партија на Јапонија (ЦДП), кој освои 160 гласа.

Сирски: Русите напредуваат кон Курск додека Москва ги напаѓа украинските градови

Генерал полковник Олександр Сирски
Генерал полковник Олександр Сирски

Русија распоредува десетици илјади војници во Курск, каде што се обидува да ја врати контролата врз територијата изгубена од украинските сили по нивниот упад во рускиот регион летово, изјави највисокиот воен командант на Украина на 11 ноември.

„Следејќи ги наредбите на нивното воено раководство, тие се обидуваат да ги преместат нашите војници и да напредуваат длабоко на територијата што ја контролираме“, напиша украинскиот генерал полковник Олександр Сирски на социјалните мрежи, и додаде:

„Да не беше издржливоста на нашите војници, овие десетици илјадници непријатели од најдобрите руски единици би ги нападнале нашите позиции“.

Украинските сили во август започнаа неочекуван упад во Курск, кој граничи со Украина, заземајќи неколку населени места и зајакнувајќи ги нивните позиции во првото такво распоредување на руска територија откако Москва ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Според украинската војска, нејзините сили презеле контрола на околу 1000 квадратни километри руска територија од август, а Москва признала дека 28 населени места биле под украинска контрола.

Сирски на 9 ноември ги потврди извештаите дека илјадници севернокорејски војници се собираат заедно со руските сили во Курск, најверојатно во подготовка на контраофанзива.

„Имаме бројни податоци за подготовката на севернокорејските војници да учествуваат во борбите на страната на руските војници“, напиша Сирски на Фејсбук по телефонскиот разговор со генералот Кристофер Каволи, кој ја предводи Европската команда на САД.

Тој рече дека му рекол на Каволи дека ситуацијата „останува предизвикувачка и покажува знаци на ескалација“.

Украинските вооружени сили на исток се соочуваат со остра руска офанзива која напредуваше постепено и покрај огромните загуби на страната на Москва.

Според проценката на началникот на британскиот одбранбен штаб Тони Радакин, во октомври во просек биле убиени или повредени дневно по околу 1500 руски војници - најлошиот месец во Русија по жртви од почетокот на инвазијата.

Во меѓувреме, Русија продолжи да ги удира украинските градови и енергетската инфраструктура на почетокот на зимската сезона за цивилното население во Украина, кое во претходните години се соочуваше со недостиг на енергија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG