Достапни линкови

Вести

Бугарските здруженија и клубови имаат три месеци да си ги сменат имињата

Отворање на Клуб Цар Борис Трети во Охрид, 7 октомври 2022
Отворање на Клуб Цар Борис Трети во Охрид, 7 октомври 2022

Собранието ги донесе измените на Законот за здруженија и фондации и Законот за политички партии, со кои се осудува промовирањето на фашизам и нацизам. И двата закони се донесоа по скратена постапка.

Измените на Законот за здруженија ги поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ по отворањето на бугарски здруженија и клубови во Македонија кои носат имиња на спорни историски личности.

Предлогот на опозицијата го поддржаа и пратениците од власта. За измените гласаа 67 пратеници, немаше против и воздржани.

Потоа и владејачката СДСМ поднесе измени на Законот за партии, со речиси идентичен текст на законот за здруженија, со кои се осудува фашизмот. И за овие измени „за“ гласаа 67 пратеници.

Измените на законот за здруженија предвидуваат во иднина да не може да се регистрираат организации со контроверзни имиња, по примерот на здруженијата Иван (Ванчо) Михајлов и Цар Борис Трети и истоимените клубови. Овие здруженија и клубови ќе имаат време да ги сменат имињата, а доколку тоа не го направат во рок од три месеци, ќе бидат избришани од Централен регистар.

За имиња на фондации и здруженија кои допрва треба да се отвораат мислења ќе дава новоформираната Комисијата за употреба на имињата на историски личности, како советодавно тело, а одлуката ќе ја формира министерот за правда.

Со измените, пак, на Законот за политички партии, исто така се забранува партиите во програмата, статутот и дејствувањето да не разгоруваат национална, расна или верска омраза, нетрпеливост, омраза, геноцид, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх.

види ги сите денешни вести

Пропадна иницијативата за смена на градоначалниците во северните општини на Косово

Косово: Избирачко место во Северна Митровица.
Косово: Избирачко место во Северна Митровица.

Претседателот на Централната изборна комисија на Косово, Крешник Радониќи денеска изјави дека иницијативата за смена на градоначалниците на северните општини на Косово пропаднала, бидејќи на референдумот не учествувале 50 отсто плус еден гласач.

Според него, гласале вкупно 253 лица.

Во Лепосавиќ гласале 124 гласачи или 0,91 отсто од вкупниот број, во Зубин Поток 18 гласачи или 0,26 отсто, во Звечан немало ниту еден гласач, додека во Северна Митровица имало 111 гласачи или 0,59 отсто од гласачите.

Сите избирачки места, вкупно 23, се затрени денеска во 19 часот.

И Мрежата на невладини организации Демократија на дело претходно објави дека има мал интерес за гласање.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи по затворањето на избирачките места, оцени дека Косово им овозможило на граѓаните во општините на северот на Косово преку процесот на отповикување да ги сменат актуелните градоначалници и да избираат нови.

„Меѓутоа, граѓаните главно не ја искористија оваа можност. За жал, тоа беше пред се поради притисокот од Белград од страна на на Српската листа и нелегалните криминални структури. Србија повторно незаконски се вмеша во изборниот процес на друга земја. Повторно, Вучиќ не го одржа зборот даден на меѓународните партнери“, изјави Османи во објавата на мрежата Х.

Таа посочи дека Косово уште еднаш покажало зрелост, примерна организација и целосно почитување на неговите закони и Уставот, нудејќи им на сите заедници можност да избираат свои претставници, без да први разлика.

Како што нагласи таа, Косово ги исполнило сите услови што ги бара ЕУ.

„Неправедните мерки против Косово мора веднаш да се укинат“, порача косовската претседателка.

Навалнаја предупредува на подготвеност на Путин да нападне во Европа

Јулија Навалнаја.
Јулија Навалнаја.

Протераната вдовица на покојниот руски опозициски лидер Алексеј Навални изјави дека „никој не знае“ што да очекува од рускиот претседател Владимир Путин и предупреди дека реваншистичкиот лидер на Кремљ може да употреби нуклеарно оружје доколку за тоа почувствува потреба.

Јулија Навалнаја, која вети дека ќе го одржи притисокот врз Путин по смртта на нејзиниот сопруг во руски затвор во февруари, на прашањето од новинската агенција ДПА дали мисли дека рускиот лидер Путин ќе се откаже од употребата на нуклеарно оружје, одговори дека „не не знам што да очекувам од него“.

„Веројатно ќе го стори тоа“, рече таа.

Навалнаја ги искористи неодамнешните шпионски скандали и апсења во Германија и Полска за да ја аргументира позицијата дека Путин со години води војна во срцето на Европа.

„Путин не започна сега“, рече таа. „Тој тоа го прави цело време.

47-годишниот Алексеј Навални почина на 16 февруари под неразјаснети околности во затвор на Арктикот, каде што издржуваше 19-годишна затворска казна за екстремизам и други обвиненија кои се сметаат за политички мотивирани.

Неговата смрт Навалнаја и неговите поддржувачи ја нарекуваат убиство и покрај официјалната потврда за смртта во која се наведува дека Навални починал од природна смрт.

Американскиот претседател Џо Бајден и другите западни лидери ја обвинија Москва за убиство на нивниот најчест домашен критичар, кој преживеа повеќекратни труења за кои тој го обвини Путин.

На 9 април, руските истражители го продолжија рокот за прелиминарна истрага за смртта на Навални најмалку до 20 април.

Навални почна да ги пишува своите мемоари пред четири години, кои ќе бидат пуштени во продажба подоцна оваа година. Издавачот Алфред А. Нопф вели дека тоа е „последното писмо на Навални до светот“.

Сепак, неговата сопруга Јулија, која живее во егзил со нивните деца, го повикува светот да го повлече признавањето на Путин како „легитимен“ претседател на Русија и вети дека ќе продолжи со напорите за негово соборување.

Путин беше прогласен за победник на претседателските избори со 87 отсто од гласовите и со тоа го започна својот петти мандат. Руските власти го дисквалификуваа неговиот единствен сериозен противник од трката.

Осврнувајќи се на непредвидливоста на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Навалнаја вели дека е невозможно да се знае каде Путин би можел да го направи следниот удар.

„Тој ги плаши луѓето, ги држи во страв. Никој не знае што ќе направи Путин понатаму“, истакнува таа.

До 15:00 часот 203 луѓе гласале за смена на градоначалниците на северот на Косово

Жена гласa на избирачко место во северната општина Митровица, на 21 април 2024 година.
Жена гласa на избирачко место во северната општина Митровица, на 21 април 2024 година.

203 лица денеска до 15 часот гласале во четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово, на референдумот за или против смената на градоначалниците Албанци, објави Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово.

Според портпаролот на ЦИК, во Лепосавиќ гласале 122, во Зубин Поток 17 и во Северна Митровица 64 граѓани.

Во Звечан се уште никој не гласал, како што беше наведено и во претходното соопштение на ЦИК.

Портпаролот на ЦИК, Ваљмир Ељези изјави дека се отворени сите избирачки центри во општините на северот на Косово.

„Ги повикувам граѓаните да го остварат своето право и да се изјаснат“, рече Ељези.

Мрежата на невладини организации Демократија во акција (ДНД) соопшти дека има мал интерес за гласањето.

„Процесот се одвива мирно. Интересот на граѓаните за учество во гласањето не е запазен“, објави ДНД врз основа на информациите од своите мобилни тимови.

Според податоците на ЦИК, право на глас имаат 46.556 гласачи, од кои 1.461 се нови.

Државното обвинителство на Косово денеска соопшти дека го следи овој референдум.

„Обвинителите заедно со косовската полиција се ангажирани во полициските станици во четири општини и будно го следат текот на гласањето“, се наведува во соопштението.

Обвинителството ги повика граѓаните, медиумите и граѓанскиот сектор да ги пријават сите кои може да бидат вмешани во злоупотреби во процесот на гласање.

Хрватскиот државен врв им оддаде почит на жртвите во логорот Јасеновац

Споменикот на Камениот цвет.
Споменикот на Камениот цвет.

Шефот на државата на Хрватска со претставници на националните малцинства, антифашисти и преживеани од логорот на 21 април им оддадоа почит на жртвите во усташкиот концентрационен логор од Втората светска војна во Јасеновац.

Во комеморацијата на 79-годишнината од пробивањето на затворениците во логорот, тие прошетаа од Меморијалниот музеј до споменикот на Камениот цвет, каде положија цвеќе во спомен на жртвите.

Како што јави Хрватската радио телевизија (ХРТ), претседателот на хрватската влада Андреј Пленковиќ, претседателот на хрватскиот парламент Гордан Јандроковиќ и претставникот на претседателот на Републиката Орсат Миљениќ положија рози на споменикот Јасеновац и им оддадоа почит на жртвите.

На комеморацијата присуствуваа лидерите на Здружението на Ромите, Здружението на антифашистички борци, Српскиот национален совет, претставници на семејствата на жртвите, како и преживеаните затвореници.

Пленковиќ положи венец на спомен плочата на ромските гробишта во Уштица. Во делегацијата на премиерот беа вицепремиерката Ања Шимпрага и министрите Давор Божиновиќ, Гордан Грлиќ Радман, Нина Обљен Коржинек, Марин Пилетиќ и советничката Сара Лустиг.

На комеморацијата присуствуваа и дипломатски претставници и лидери на политички партии, институции, здруженија и градови.

ХРТ наведува дека претставниците на Координацијата на Еврејската заедница годинава не учествувале на официјалниот протокол, туку го положиле венецот пред почетокот на програмата, како и лидерите на партиите СДП и Можемо.

На крајот на Втората светска војна, на 22 април 1945 година, 600 затвореници во логорот Јасеновац тргнаа во пробив, од кои нешто повеќе од 100 беа ослободени, а останатите затвореници кои не учествуваа во пробивот беа убиени и изгорени заедно со објактите во логорот.

ХРТ потсетува дека усташкиот логор Јасеновац во речиси четирите години од своето постоење бил место на страдање за затворените Срби, Роми, Евреи и политички затвореници, меѓу кои имало Хрвати, Бошњаци, Словенци и припадници на други народи.

Српската полиција ја отстрани бомбата останата од бомбардирањето на НАТО

Отсранување на бомба од бомбардирањето на НАТО.
Отсранување на бомба од бомбардирањето на НАТО.

Бомбата од авион останата од НАТО бомбардирањето на Сојузна Република Југославија во 1999 година, која беше пронајдена на градилиштето на Научно-технолошкиот парк во Ниш.

Бомбата е преместена надвор од градот, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија (МУП ) објавено на 21 април.

Се наведува дека на 1.300 евакуирани жители од населбата Стеван Синѓелиќ, која се наоѓа во непосредна близина на градилиштето, им било дозволено да се вратат дома.

МУП соопшти дека се работи за бомба тешка 1.000 килограми, со 430 килограми експлозивно полнење.

„Ова е една од најголемите бомби што сме ги деактивирале досега. Тоа е моќно смртоносно оружје“, изјави Лука Чаушиќ - помошник министер за внатрешни работи и началник на Одделот за вонредни ситуации.

По неутрализирањето, бомбата била пренесена надвор од територијата на Ниш, каде безбедно ќе биде уништена со закопување во земја.

Пренесувањето на оваа воздушна бомба започна во осум часот на 21 април и заврши во 9:40 часот.

Од 10 часот на евакуираните граѓани им е дозволено да се вратат во своите домови.

Две пушки пронајдени на северот на Косово, соопшти полицијата

Силите на косовската полиција (Илустративна фотографија).
Силите на косовската полиција (Илустративна фотографија).

Косовската полиција пронашла огнено оружје во куќа во Мали Звечан на северот на Косово, соопштија косовските власти.

Во соопштението на 21 април се наведува дека со одлука на обвинител во зградата е извршен претрес и дека на таванот биле пронајдени автоматски пушки АК-47 „Калашников“ и одредена количина муниција.

Се додава дека осомничениот е сопственик на куќата, за кој постои сомневање дека се наоѓа во Србија.

Полицијата соопшти дека овој случај не е поврзан со референдумот во општините на северот на Косово.

Девет деца и четворица возрасни загинаа во бомбардирање на Газа

Палестинските власти објавија на 21 април дека 13 лица, меѓу кои девет деца, биле убиени во израелски напади во текот на ноќта врз градот Рафа на југот на Газа.

Како што соопштија раководителите на кувајтската болница, во првиот удар загинале маж, неговата бремена сопруга и нивното тригодишно дете, додека лекарите успеале да го спасат бебето што го носела мртвата жена.

Според податоците од таа болница, во вториот напад загинале осум деца и две жени од едно семејство.

Во воздушен напад претходната ноќ загинаа девет лица, меѓу кои шест деца.

Палестинското Министерство за здравство соопшти дека од 7 октомври и почетокот на војната меѓу Израел и Хамас - организација која Соединетите Американски Држави и Европската Унија ја сметаат за терористичка организација, загинале 34.000 Палестинци.

Околу 80 отсто од населението на Појасот Газа, од вкупно 2,3 милиони, ги напуштиле своите домови во други делови на таа територија, за која Обединетите нации (ОН) предупредуваат дека се на работ на гладување.

Израелската армија, која тврди дека убила повеќе од 13.000 борци на палестинската организација Хамас, пренесува АП.

Започна дистрибуцијата на гласачкиот материјал до општинските изборни комисии

Candidates with ordinal numbers for the 2024 Presidential Election
Candidates with ordinal numbers for the 2024 Presidential Election

Дистрибуцијата на гласачкиот материјал за претстојните избори започна денеска од печатницата „Киро Дандаро” во Битола до 80-те општински изборни комисии, потврди Државната изборна комисија (ДИК).

Примопредавањето на доверливиот гласачки материјалот од печатницата било направено рано утринава во присуство на претседателот, потпретседателката и членовите на ДИК, а потоа започнала неговата дистрибуција до општински изборни комисии.

„Дистрибуцијата се одвива во 17 однапред определени рути. Организационо сме подготвени, по тој тек ќе се одвива дистрибуцијата која ќе се заврши во текот на денешниот ден“, потенцираат од ДИК.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи во среда на 24 април, додека гласањето за вториот е закажано за 8 мај, која истовремено ќе се одржат и парламентарните избори.

Утре ќе се изврши и дистрибуција на уредите за биометриска идентификација, велат од ДИК.

За претседателските избори отпечатени се вкупно 1.814.000 ливчиња, колку што се евидентирани гласачи во Избирачкиот список.

Претседателските избори годинава ќе бидат седми по ред на кои со непосредно гласање од граѓаните се избира шефот на државата.

На северот на Косово се гласа за смена на градоначалниците Албанци

Косово: Избирачко место во Лепосавиќ.
Косово: Избирачко место во Лепосавиќ.

Во четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово: Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток денеска се гласа за или против смена на градоначалниците Албанци.

„Во Северна Митровица, во првиот час по отворањето на избирачките места, никој не го искористи своето право на глас“, јави од местото на настанот новинар на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Иста е состојбата во Зубин Поток, на избирачкото место во зградата на општината, како и во Лепосавиќ, каде се гласа на 19 избирачки места.

Портпаролот на Централната изборна комисија (ЦИК) Ваљмир Ељези изјави дека сите избирачки центри во општините на северот на Косово се отворени.

„Ги повикувам граѓаните да го остварат своето право и да се изјаснат дали се за или не се за смена на градоначалниците на четирите општини“, рече Ељези.

Според податоците на ЦИК, право на глас имаат 46.556 гласачи, од кои 1.461 се нови.

Според одлуката на Централната изборна комисија, во Лепосавиќ се отворени осум избирачки места каде се гласа од 7 до 19 часот.

Отворени се пет избирачки места во Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица.

ЦИК мораше да најде алтернативни локации за избирачки места, бидејќи образовните институции кои работат во српскиот систем во четири општини на северот на Косово не дале дозвола за користење на нивните простории.

Граѓаните можат да одговорат со „ДА“ или „НЕ“ на прашањето дали се согласуваат градоначалникот во нивната општина да биде разрешен.

За да биде успешно гласањето потребно е за опцијата „ЗА“ да гласаат најмалку 50 отсто плус еден гласач со право на глас во секоја од четирите општини на северот на Косово.

Потоа резултатаите се испраќаат до претседателката на Косово, Вјоса Османа, која има законски рок од 30 до 45 дена да распише вонредни избори.

Доколку гласањето биде неуспешно, градоначалниците остануваат на власт и за една година може да се покрене нова иницијатива за нивна смена.

Мнозинското српско српско население во Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток не ги прифаќа албанските градоначалници, но сигурно е дека на 21 април нема да гласаат за нивна смена бидејќи Српската листа - најголемата партија на Србите на Косово која има поддршка од Белград, повика на бојкот.

Албанските градоначалници дојдоа на власт затоа што Српската листа ги повика граѓаните да ги бојкотираат изборите во април 2023 година, кои беа организирани откако Србите ги напуштија косовските институции во ноември 2022 година на иницијатива на таа партија.

Во меѓувреме таа партија побара нови избори и ја поддржа граѓанската петиција за смена на градоначалниците, за на 7 април да соопшти дека нема да учествува во гласањето за смена на градоначалниците.

Гласањето на 21 април се организира врз основа на Административното упатство издадено од косовската Влада, по притисокот на меѓународната заедница да распише нови избори во општините на северот на Косово.

Киев и ЕУ го поздравија усвојувањето на долго одложуваниот пакет помош на САД за Украина

Претставничкиот дом на САД.
Претставничкиот дом на САД.

Украина и нејзините европски сојузници го поздравија усвојувањето на долго одложуваниот нацрт-закон за помош од страна на Претставничкиот дом на САД, којшто е клучен за одбраната на Украина од руската инвазија, иако пакетот од 61 милијарда долари сепак мора да биде одобрен и од Сенатот пред да го потпише претседателот Џо Бајден.

Украинските испораки ќе вклучуваат муниција и противвоздушна одбрана и се дел од пакетот вреден 95 милијарди долари, кој исто така ги вклучува Израел и другите сојузници на САД, вклучително и Тајван кој е соочен со потенцијални закани од Кина.

Гласањата на 20 април беа постигнати со поддршка од демократите и умерените републиканци.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека потегот на САД „ќе спаси илјадници и илјадници животи“.

„Се надеваме дека законите ќе бидат поддржани во Сенатот и ќе бидат испратени до масата на претседателот Бајден. Ви благодариме Америка! Демократијата и слободата секогаш ќе имаат глобално значење и никогаш нема да пропаднат се додека Америка помага да се заштитат“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Кремљ одговори велејќи дека потегот на САД ќе ја чини Украина дополнителни животи „поради режимот во Киев“. Се сугерираше дека поддршката на САД имала за цел да ги „збогати“ Соединетите држави, а дека „дополнително ќе ја уништи“ Украина, која веќе се борела со сепаратистите поддржани од Русија по 2014 година, пред неиспровоцираната руска инвазија од целосен обем во февруари 2022 година.

Нацрт-законот, на шест месеци по неговото претставување, е усвоен 311 гласови „за“ и 112 „против“. 101 републиканец гласаа „за“ и 112 „против“.

Законот беше усвоен шест месеци по неговото воведување, во задоцнување за кое критичарите велат дека и овозможило на Русија да го врати драгоцениот моментум во својата речиси 24-месечна инвазија во полн обем.

Сенатот се очекува да го одобри пакетот на 23 април, пред Бајден да го потпише и Пентагон да каже дека испораката може да започне брзо.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG