Достапни линкови

Вести

Светските лидери му ја честитаат изборната победа на Лула да Силва

Луис Инасио Лула да Силва
Луис Инасио Лула да Силва

Светските лидери денеска ја поздравија победата на Луис Инасио Лула да Силва на претседателските избори во Бразил и изразија подготвеност за соработка, особено во областа на заштитата на животната средина. Изборната администрација на Бразил синоќа објави дека да Силва од левичарската Работничка партија го победи актуелниот претседател на крајната десница Жаир Болсонаро и стана нов претседател на земјата. Врз основа на 98,8 отсто преброени гласови, соопштено е дека Силва освоил 50,8 отсто, а Болсонаро 49,2 отсто. „Заедно ќе ги обединиме нашите сили за да се соочиме со многуте заеднички предизвици и да ја обновиме врската на пријателството меѓу нашите две земји“, напиша францускиот претседател Емануел Макрон во порака на Твитер неколку минути по објавувањето на резултатите од бразилските избори. Рускиот претседател Владимир Путин му честитал на Лула и напишал дека се надева оти со заеднички напори „ќе успеат да го продолжат развојот на конструктивната руско-бразилска соработка во сите области“.

Бразил: Лула го победи Болсонаро и стана претседател по трет пат

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, напиша дека и се брза да соработува со Лула, особено за „итните предизвици“ поврзани со климата, слободната трговија и безбедноста на храната. По големото зголемување на уништувањето на шумите под мандатот на претседателот Жаир Болсонаро, Лула по неговата победа вети дека Бразил е подготвен уште еднаш да игра водечка улога во борбата против климатските промени. Кина му честиташе на Лула, наведувајќи дека сака да го доведе партнерството меѓу двете земји на повисоко ниво. На 1 јануари Лула ќе го започне својот трет претседателски мандат, 12 години по заминувањето од власт.

види ги сите денешни вести

Новинарот на РСЕ Ихар Лосик се наоѓа во затвор веќе четири години

Новинарот на РСЕ, Ихар Лосик
Новинарот на РСЕ, Ихар Лосик

По повод четвртата година откако Ихар Лосик новинарот на Радио Слободна Европа е во затвор, белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја изјави дека Лосик е во самица веќе 16 месеци. Белоруски новинар отслужува 15-годишна затворска казна под обвиненија кои тој и другите велат дека се политички мотивирани.

"Пред четири години, новинарот Ихар Лосик беше уапсен во Белорусија. Немаше комуникација со него повеќе од 480 дена. Неговата ќерка Паулина живее со баба и дедо. Сакам да им се заблагодарам на сите кои ни се придружија во борбата за негово ослободување," напиша Тихановска на платформата „X“.

32-годишниот Лосик беше уапсен во јуни 2020 година, а во декември следната година беше осуден по повеќе обвиненија, меѓу кои „организирање масовни протести, учество во масовни немири, поттикнување омраза“ и неколку други обвиненија. Лосик тврди дека е невин и обвинувањата ги нарекува политички мотивирани.

Тој, како и 150 други политички затвореници, меѓу кои и Андреј Кузнечик, друг новинар на Радио Слободна Европа, ја отслужуваат казната во истиот затвор на северот на земјата, кој е познат како најозлогласениот казнено-поправен дом во Белорусија.

Работната група на Обединетите нации во октомври 2023 година откри дека Белорусија го прекршила меѓународното право за човекови права со затворањето на Лосик, заклучувајќи дека неговото затворање се засновало „само на неговата новинарска активност и неговото користење на правото на слобода на изразување и собирање“.

Родителите на новинарот на РСЕ претходно изјавија дека последното писмо од нивниот син го добиле на 20 февруари 2023 година. Неговата сопруга Дарија беше осудена во јануари 2023 година под обвинение за овозможување на екстремистички активности. Обвинението произлезе од нејзиното интервју за полската телевизија, која Минск ја прогласи за екстремистичка група.

Американскиот Стејт департмент, Хелсиншкиот комитет, американски и европски политичари, како и бројни други постојано повикуваа на итно ослободување на Лосик.

Освен Лосик и Кузњечик, неправедно во затвор во моментов се уште двајца новинари на Радио Слободна Европа, Алсу Курмашева и Владислав Јесипенко. Групите за човекови права и РСЕ постојано повикуваа на нивно ослободување.

Вучевиќ: Србија е подготвена за компромиси во однос на Косово

Српскиот премиер Милош Вучевиќ
Српскиот премиер Милош Вучевиќ

Новата влада на Србија е подготвена да направи „компромиси“ во однос на Косово, изјави српскиот премиер Милош Вучевиќ во интервју за Агенцијата Франс Прес на 25 јуни.

Во пресрет на средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти на 26 јуни во Брисел, Вучевиќ изјави дека Белград е подготвен да преговара.

„Подготвени сме да правиме договори и компромиси, компромиси кои значат дека ниту една страна не е апсолутен победник или апсолутен губитник“, рече тој.

Тој додаде дека „ништо друго не може да биде одржливо на долг рок“.

Дијалогот меѓу Србија и Косово за нормализација на односите, кој се води под покровителство на Европската унија од 2011 година е во застој.

Последен пат Курти и Вучиќ се сретнаа во Брисел на 14 септември 2023 година, кога разговараа за спроведувањето на Договорот на патот кон нормализација на односите, но оваа средба не резултираше со напредок.

Неколку дена подоцна, на 24 септември, група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во селото Бањска во Звечан на северот на Косово, а во таа прилика беше убиен и еден косовски полицаец. Во судирите загинаа и тројца српски напаѓачи.

Косово ја обвинува Србија дека стои зад нападот, но, Белград негираше вмешаност.

Оттогаш, и покрај напорите на Западот, Курти и Вучиќ не се сретнаа за да разговараат за спроведувањето на договорот.

Овој договор, кој беше постигнат минатата година, не е потпишан од страните, но ЕУ вели дека е правно обврзувачки за Косово и Србија. Косово бара да се потпише договорот, а Србија одбива.

Договорот од 11 члена, меѓу другото, предвидува и ниво на самоуправување на српската заедница на Косово и меѓусебно признавање на државните симболи, а Приштина и Белград се обврзани да ги спроведат сите претходни договори постигнати за време на дијалогот.

Украина ги започна преговорите за членство во ЕУ

Архивска фотографија
Архивска фотографија

Европската унија официјално ги отвори преговорите за членство со Украина на 25 јуни, давајќи и на земјата политички поттик среде руската инвазија. Сепак, земјата се соочува со долг пат на реформи пред официјално да се приклучи на Унијата.

Украинскиот премиер Денис Шмихал во обраќањето на средбата во Луксембург рече дека ова е историски момент и значаен чекор за Киев и ЕУ кон „заедничка голема победа“.

„За нашата нација, Европската унија значи многу повеќе од физички простор. Таа ги претставува вредностите и домот“, рече тој.

Официјалното отворање на преговорите го поздрави и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, велејќи дека европскиот проект навистина ќе биде завршен само кога Украина ќе биде дел од него.

„Од денес имаме целосна доверба: Украина дефинитивно ќе стане полноправна членка на Европската унија“, рече Зеленски во видео обраќањето од Киев.

Состанокот за отворање на преговорите беше симболичен и вистинските преговори ќе започнат дури откако ЕУ ќе ги разгледа украинските закони за да процени какви реформи се потребни за да се исполнат стандардите на Европската унија.

Меѓутоа, со означување на почетокот на преговорите со Украина и Молдавија, ЕУ сигнализираше дека и двете земји се на патот на оддалечување од руското влијание и поголема интеграција со Западот.

„На Украинците е да одлучат за иднината на Украина“, изјави белгискиот министер за надворешни работи Хаџа Лахбиб.

На патот кон членство во Европската унија, земјите мора да спроведат низа реформи со цел усогласување на нивното законодавство и стандарди со европските, вклучително и борбата против корупцијата и регулацијата на земјоделството и усогласувањето на царините.

На земјите-кандидатки им треба одобрение од сите 27 членки на ЕУ за да го отворат и затворат секој чекор од преговорите за членство.

Украина и Молдавија аплицираа за влез во ЕУ набргу по почетокот на руската инвазија, додека добија кандидатски статус во јуни 2022 година.

Во декември добија зелено светло за почеток на преговори.

Бугарско МНР: Неприфатливо е Северна Македонија да не се придржува до потпишаните договори

Знаме на Бугарија
Знаме на Бугарија

Бугарското Министерство за надворешни работи денеска со соопштение реагира на изјавата на македонскиот премиер Христјан Мицкоски дека доколку има политичка волја можно е решение со Бугарија и промена на преговарачката рамка со ЕУ.

„МНР упорно потсетува дека европскиот консензус постигнат во летото 2022 година меѓу 27-те земји-членки на ЕУ и самата Северна Македонија јасно го опишува чекорите за постигнување вистински напредок во евроинтегративниот процес на соседната земја. Исто така, принципот на едногласност во процесот на проширување на ЕУ е вграден во Договорот за Европската унија и во преговарачките рамки на сите претходни и сегашни проширувања. Покренувањето идеи за повторно преговарање за веќе преземените меѓународни обврски само ќе доведе до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ“, се наведува во соопштението.

Од бугарското МНР велат дека како резултат на непотребните провокации и конфронтации со соседните земји, „Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отворање на пристапните преговори“,

За властите во Софија, како што се посочува, „неприфатлива е искажаната намера на новата влада на Северна Македонија да го отфрли легитимното барање на дел од сопствените граѓани да ги гарантира правата и слободите на рамноправна основа со сите други заедници во Северна Македонија, вклучителни преку нивно вметнување во Уставот“.

„Подеднакво неприфатлива е и искажаната намера на Северна Македонија да не се придржува до меѓународните обврски и потпишаните договори. Ваквиот став е некомпатибилен со напредокот на европскиот пат. Остава сериозна загриженост дека во својата политика кон Бугарите и Бугарија, актуелната влада во Скопје ризикува да биде заробена од догмите на една минато време, отфрлена од сите демократски општества. Бугарската позиција е јасно наведена во Одлуката на Народното собрание од 24 јуни 2022 година, поддржана од сите политички сили. Оваа позиција на национално ниво нема да се менува“, стои во соопштението од бугарското МНР.

Ваквата реакција на Бугарија следува по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека преговарачката рамка со Европската Унија може да биде адаптирана, нагласувајќи дека доколку ЕУ сака да го види напредокот на Северна Македонија кон членството, постојат реални можности за тоа.

„Ако постои искрена волја, тогаш сè е возможно“, рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека со стабилна политичка состојба во Бугарија, тој е подготвен да разговара за неколку конструктивни предлози кои би овозможиле напредок во пристапните преговори со ЕУ.

Неколку загинати и десетици повредени во судири меѓу полицијата и демонстрантите во Најроби

Демонстрации во Најроби, Кенија, 25.06.2024
Демонстрации во Најроби, Кенија, 25.06.2024

Најмалку пет лица загинаа, а десетици се ранети во судир меѓу полицијата и демонстрантите кои се обидоа да влезат во Парламентот во Најроби, главниот град на Кенија, додека пратениците го одобрија предлог-законот за зголемување на даноците.

Дел од зградата на Парламентот беше запален откако демонстрантите упаднаа во неа. Според Би-Би-Си, полицијата употребила солзавец во обид да ги спречи демонстрантите да влезат во зградата на Парламентот.

Според медицинските работници од теренот, повредени се најмалку 50 лица. Протести и судири се забележани и во други градови низ државата.

Собранието го усвои законот за финансии и го испрати до пратениците на трето читање. После тоа, законот треба да се испрати на потпис до претседателот, кој доколку има забелешки може да го врати во Парламентот.

Демонстрантите се противат на зголемувањето на даноците во земјата која веќе се бори со криза со високи трошоци за живот, а многумина, исто така, бараат претседателот Вилијам Руто да поднесе оставка.

Кенија се бори со неколку економски шокови предизвикани од долготрајното влијание на пандемијата ковид - 19, војната во Украина, две последователни години суша и девалвација на валутата.

Нацрт-законот за финансии има за цел да собере дополнителни 2,7 милијарди долари во даноци како дел од напорите за олеснување на тешкиот должнички товар.

Предлог-законот, кој содржи одредби за кои се смета дека наметнуваат дополнителни оптоварувања на обичните граѓани, предизвика големи негодувања во јавноста, која и онака е оптоварена со високите трошоци за живот.

Во меѓувреме, владата се откажа од некои контроверзни предлози како што се даноците за леб, нафта, сопственост на автомобили и финансиски трансакции. Сепак, гневот на јавноста не стивнува и многумина сега бараат законот целосно да се укине.

Затворањето на преминот Рафа спречи најмалку 2.000 евакуации од Газа

Чад по нападот на Рафа на 22 јуни 2024 година.
Чад по нападот на Рафа на 22 јуни 2024 година.

Затворањето на граничниот премин Рафа меѓу Египет и Газа спречи медицинска евакуација на најмалку две илјади пациенти, изјави претставник на Светската здравствена организација (СЗО), повикувајќи на повторно отворање на Рафа и другите премини.

„Пред затворањето, приближно 50 критични пациенти дневно ја напуштаа Газа. Тоа значи дека од 5 мај, најмалку две илјади луѓе не можеа да ја напуштат Газа за да добијат медицинска нега“, рече Рик Пиперкорн, претставник на СЗО на Западниот Брег и Газа.

Преминот Рафа беше главниот канал за евакуација, како и пристигнување на хуманитарна помош во војната што започна на 7 октомври меѓу Израел и Хамас, кои САД и ЕУ ги прогласија за терористичка организација. Преминот беше затворен кога Израел започна операција во јужниот дел на Газа во мај.

Оттогаш, борбите се фокусирани на Рафа, област каде што речиси половина од 2,3 милиони луѓе во Газа се засолниле откако ги напуштиле своите домови.

Соединетите држави, Египет и Катар одржаа разговори кон крајот на минатата недела со цел повторно отворање на преминот и зголемување на протокот на хуманитарна помош. Но, преминот, од кој Египет бара повлекување на израелската армија, останува затворен.

Евакуацијата е неопходна за најмалку 10.000 луѓе од Газа, рече Пиперкорн, додавајќи дека бројката е потценета во споредба со реалниот број на луѓе на кои им е потребна итна медицинска помош за воени повреди и хронични болести.

„Потребни ни се повеќе правци за итна медицинска евакуација“, рече претставникот на СЗО, додавајќи дека би сакале да видат отворени други правци за носење пациенти во Источен Ерусалим или Западниот Брег.

Најмалку 24 лица загинаа во три одделни воздушни напади утрото на 25 јуни во Газа. По повеќе од осум месеци војна, меѓународните напори за постигнување договор не донесоа резултати. Хамас вели дека секој потенцијален договор мора да доведе до крај на војната, додека Израел вели дека ќе се согласи само на привремени паузи во борбите додека Хамас не биде искорен.

Војната започна кога милитантите на Хамас започнаа напад на 7 октомври во кој загинаа 1.200 луѓе и зедоа 250 заложници. Во израелските одмазднички напади оттогаш загинаа повеќе од 37.658 луѓе, според Министерството за здравство на Газа предводено од Хамас.

Таравари: Назначени нови директори на клиниките

Арбен Таравари - архивска фотографија
Арбен Таравари - архивска фотографија

Андон Чибишев е новиот директор на Клиниката за токсикологија, а утре ќе биде назначен и нов директор на Клиниката за онкологија, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

„Се надевам дека утре ќе го назначиме и новиот директор на Онкологија бидејќи таму решението за в.д. директорката е поминато кон средината на јуни. На Неврологија, нов директор е поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити“, изјави Таравари.

Министерот за здравство потврди дека се сменети организациските директори на девет клиники, меѓу кои и на Токсикологија. Потврди дека се пронајдени неправилности во работењето на економската директорка Бесија Иљази на Токсикологија.

„Најверојатно да, службите го имаат тоа. Секако дека ние одлучивме веднаш да се разреши и да се назначи нов директор. Нема веќе да има економски директори, тоа е целта“, рече Таравари.

Од Министерството за здравство за Македонската информативна агенција (МИА) велат дека разрешени се и економските директори во Скопје на Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „Свети Пантелејмон“, Универзитетската клиника за психијатрија, Клиниката за физикална медицина и рехабилитација, Клиниката за неврологија, Универзитетската клиника за хирургија на лице, вилици и врат - максилофацијална хирургија - академик Илија Васков, Универзитетската клиника за дерматологија, Универзитетската клиника за ревматологија, Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболични нарушувања, како и на психијатриската болница „Скопје“.

Разрешен е и медицинскиот директор на Општата болница „Ферид Мурад“ во Гостивар.

Новиот министер за здравство Арбен Таравари, вчера на првиот работен ден најави разрешување на сите организациски директори во Универзитетски клинички комплекс „Мајка Тереза“. Тој посочи дека во следните два месеци ќе бидат разрешени сите организациски директори и дека повеќе нема да постои функцијата економски (организациски) директор, односно на клиниките ќе има само еден директор.

Според последните податоци од Министерството за здравство како вршители на должноста економски директори се вкупно 14. Останатите се со активен мандат.

ЕСЧП ја прогласи Русија за виновна за кршење на човековите права во Украина

Зграда на Европскиот суд за човекови права
Зграда на Европскиот суд за човекови права

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) пресуди дека од анексијата на полуостровот во 2014 година, Русија ги прекршила човековите права на Крим.

Судот со седиште во Стразбур во пресудата од 25 јуни изјави дека злосторствата извршени од Русија вклучуваат малтретирање и заплашување на свештеници и новинари. Москва ги негираше овие тврдења, кои до судот ги достави Украина.

Тоа се однесува и на обвинувањата на Киев дека Русија ги прогонувала Украинците поради нивниот политички став или проукраински активности, без разлика дали се случувале на Крим или други делови на Украина или во Русија.

Киев инсистира на тоа дека Москва го контролира полуостровот од 27 февруари 2014 година и дека руските сили мачеле и убиле полицајци, како и цивили, наводи кои и Москва ги негира.

„Постои прекршување на членовите 5 и 7 од Женевската Конвенција поради континуираната административна практика на незаконско лишување од слобода, прогон и осуда на „украинските политички затвореници“ врз основа на примената на рускиот закон на Крим“, се вели во една од одлуките на судот.

„Судот едногласно одлучи дека Русија мора да преземе мерки што е можно поскоро за безбедно враќање на затворениците префрлени од Крим во казнените институции на територијата на Руската Федерација“, се наведува понатаму.

Правните прекршувања извршени од Русија, понатаму наведува Судот, вклучуваат кршење на правото на живот, забрани за нечовечко или понижувачко постапување, слобода на вероисповед и слобода на изразување, меѓу другото.

Меѓународната заедница ја осуди анексијата на полуостровот Крим од страна на Москва и тековната инвазија на Украина, која ја започна во февруари 2022 година.

Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на поранешниот министер за одбрана на Русија

Тогашниот руски министер за одбрана Сергеј Шојгу (десно) и генералот Валери Герасимов гласаат на изборите на 15 март 2024 година.
Тогашниот руски министер за одбрана Сергеј Шојгу (десно) и генералот Валери Герасимов гласаат на изборите на 15 март 2024 година.

Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Сергеј Шојгу, поранешниот руски министер за одбрана и водечкиот генерал Валериј Герасимов за наводни злосторства извршени за време на инвазијата на Украина.

Има разумни основи да се верува дека „двајцата осомничени се одговорни за ракетните напади на руските вооружени сили врз украинската електрична инфраструктура од 10 октомври 2022 година најрано до 9 март 2023 година“. беше кажано од Судот.

Руските функционери се осомничени за воени злосторства и злосторства против човештвото за насочување на напади врз цивили и цивилни објекти во Украина.

Како што пренесува британски „Гардијан“, Советот за безбедност на Русија објави дека потерниците се дел од „хибридната војна против Москва“.

Русија не е членка на Меѓународниот кривичен суд, неколку пати повтори дека украинската енергетска инфраструктура е легитимна воена цел, а тие негираат дека се насочени кон цивили и цивилна инфраструктура.

Украина исто така не е членка, но тие му доделија на Судот јурисдикција да гони злосторства извршени на нивна територија.

Минатиот месец Шојгу беше сменет од министерската функција и назначен за секретар на Советот за безбедност. Функцијата министер за одбрана ја извршуваше од 2012 година. Како и тој, Герасимов е началник на Генералштабот од 2012 година и е и командант на руските воени напори во Украина.

Покрај Шојгу и Герасимов, Судот од почетокот на инвазијата распиша уште шест потерници против високи руски функционери. Меѓу нив е и налогот против рускиот претседател Владимир Путин, кој е осомничен за депортирање на украински деца во Русија. Судот нема свои полициски сили и се потпира на земјите-членки за апсења.

Меѓународниот кривичен суд е основан во 2002 година за да гони воени злосторства, злосторства против човештвото, геноцид и злосторства на агресија кога земјите-членки не сакаат или не можат сами да го сторат тоа.

Фиала: Првата пратка муниција од чешката иницијатива пристигна во Украина

 Чешкиот премиер Петр Фиала
Чешкиот премиер Петр Фиала

Првата пратка муниција во рамки на чешката иницијатива за набавка на артилериска муниција пристигна во Украина, изјави денеска чешкиот премиер Петр Фиала.

„Првата пратка муниција од нашата иницијатива пристигна во Украина пред извесно време. Ние го правиме тоа што е потребно“, објави Фиала на платформата Икс.

Чешката Република во мај објави дека првите 50 000 до 100 000 артилериски гранати ќе стигнат до Украина во јуни.

На 29 мај, Фиала соопшти дека иницијативата на Чешка за забрзување на испораката на оружје за Украина собра 1,6 милијарди евра. Тој истакна дека средствата се донирани од 15 земји-членки на Европска Унија и на НАТО, но не наведе повеќе детали. Исто така беше посочено дека иницијативата ќе продолжи сè додека е потребно.

Фиала тогаш го повтори ставот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг дека западните држави треба да ги укинат ограничувањата со кои на Украина и се забранува употреба на донираното оружје за напад врз руска територија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG