Достапни линкови

Вести

Ден на жалост во Јужна Кореја откако во стампедо загинаа најмалку 151 лице

Жртви од стампедото во Сеул.

Луѓето во јужнокорејската престолнина Сеул се во жалост откако вчера најмалку 151 лице загинаа во стампедо предивикано од толпата во тесна уличка за време на прославата на Ноќта на вештерките.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол прогласи национална жалост на 30 октомври и нареди знамињата да се спуштат на половина копје.

„Се чувствувам тешко и не можам да ја задржам мојата тага како претседател кој е одговорен за животите и безбедноста на луѓето“, рече Јун.

Официјалните лица денеска соопштија дека бројот на загинати може да се зголеми бидејќи 19 од 82 повредени лица, наводно, се во тешка состојба. Деветнаесет од загинатите, наводно, се странски државјани, иако нивната националност не е објавена.

Градската влада на Сеул соопшти дека била контактирана од повеќе од 2.000 луѓе кои барале исчезнати роднини.

Повеќе од 100.000 луѓе го преполнија градскиот кварт Итаевон на 29 октомври за најголемата прослава на Ноќта на вештерките во земјата откако глобалната пандемија на Ковид-19 ги принуди официјалните лица да воведат остри ограничувања на јавните собири. Тие ограничувања беа олеснети во последните месеци.

види ги сите денешни вести

Приватните превозници утре ќе протестираат пред ЈСП во Автокоманда

Протест на приватните превозници на автобуси во Скопје, 28 ноември, 2023

Протест пред седиштето на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) за утре во 9 часот наутро најавија дел од приватните автобуски превозници, кои до неодамна беа дел од јавниот превоз во Скопје. Во автобускиот превоз, освен автобусите на ЈСП, беа вклучени и приватни превозници на Макекспрес и Слободна превоз. Град Скопје, кон крајот на минатата година, ги раскина договорите со приватните превозници.

Тие протестираа и блокираат крстосници во Скопје, оти ЈСП и Град Скопје им должат пари.

Откако Градот ги раскина договорите со двете здруженија на приватни превозници линиите на кои возеа приватниците ги пополнија со автобуси на ЈСП.

Потоа Град Скопје отвори повик приватниците повторно да се јават на оглас, но никој не се јави.

Исен Халили од „Макекспрес“ во изјава за МИА вели дека вчера се одржал состанок на лица од двете компании, на кој е одлучено да се протестира во текот на утрешниот ден. Тој вели дека целата работа околу решавањето на нивниот проблем се одолговлекува, а тие се без работа и имаат трошоци.

На протестот ќе се бара средба со директорот на ЈСП, а се подготвуваат и барања за прием до Град Скопје и до Владата.

МИА го контактираше и Ленин Јовановски од „Слобода превоз“, кој кажа дека тој лично не е информиран за протест што ќе се одржи утре пред седиштето на ЈСП во Автокоманда.

Руски напади врз станбени и деловни објекти во Херсон

Украина - Херсон регион, декември 2022

Руските напади во изминатите 24 часа беа насочени кон цивилната инфраструктура во областа Берислав во јужната украинска провинција Херсон, при што се оштетени неколку куќи и згради на фарми, изјава на 29 јануари началникот на областа, Володимир Литвинов.

„Нема жртви меѓу цивилното население од руските напади во Берислав, и селата Милове и Тиахинка“, соопшти официјалниот претставник на Телеграм.


Украинската војска си го поврати десниот брег на регионот Херсон во текот на летото и есента 2022 година. Регионалниот центар беше ослободен на 11 ноември. Речиси веднаш потоа, руските трупи почнаа да го гранатираат Херсон и областите во регионот контролирани од украинската влада.

Скоро цела година Украина води војна против Русија, која ја почна инвазијата врз украинска територија на 24 февруари минатата година.

Турција ги предупреди граѓаните на можни дискриминаторски напади во Европа и САД

Турско знаме

Турција ги предупреди своите граѓани за можни дискриминаторски напади во Европа и САД по серијата исламофобични инциденти и откако Шведска, Норвешка и Данска издадоа предупредувања до своите граѓани да избегнуваат големи собири во Турција.

„Граѓаните кои живеат или патуваат во Европа или САД треба да бидат внимателни и да избегнуваат области со големи демонстрации“, соопшти турското Министерство за надворешни работи.

„Неодамнешните исламофобични и расистички дејствија против Турција, извршени од групи поврзани со терористички организации, покажаа опасно ниво на верска нетрпеливост и омраза во Европа“, се додава во соопштението.


Предупредувањата беа издадени набргу откако министерствата за надворешни работи на Шведска, Норвешка и Данска ги предупредија своите граѓани да избегнуваат големи собири во Турција поради неодамнешните тензии.

Николоски – Бугарските барања немаат крај

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски

Новата декларација на Комисијата за надворешни работи на Бугарското собрание е најдобар доказ дека бугарските барања немаат крај, а клучниот проблем е што нашата Влада не ја почитува Декларацијата изгласана во македонскиот Парламент каде се исцртуваат македонските црвени линии, смета потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на денешната прес конференција.

Собраниската Комисија за надворешни работи во Бугарското собрание усвоила Декларација со осуда за „актите на насилство врз Бугарите, нивните клубови и организации“, во која се осудува насилството врз Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Македонија, Цар Борис Трети.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат власта да ги испита наводите дека здруженија, фондации, поединци и странски агентури се вмешани во провокациите кон земјава и да го истражи финансирањето на бугарските клубови, а Бугарија да ги почитува пресудите од Стразбур.

Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година.

Блокадата делумно се надмина летоска и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но Бугарија го условува отворањето на поглавјата со внесување на Бугарите во македонскиот Устав, за што во моментов го нема потребното двотретинско мнозинство.

Односите меѓу Македонија и Бугарија, повторно станаа „жешка“ тема, откако минатата недела беше претепан Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид. По овој настан, но и по изјавите на бугарскиот европратеник Александар Џамбаски дека „Македонија е бугарска“, се затегнаа односите меѓу Скопје и Софија.

Ѓоковиќ ја освои 10-тата титула во Мелбурн и 22-от Гренд слем трофеј

Новак Ѓоковиќ слави со трофејот по победата во последниот меч против Гркот Стефанос Циципас

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ денеска ја освои 10-тата титула на Отвореното првенство на Австралија и 22-от Гренд слем трофеј во кариерата, откако во финалето во Мелбурн го совлада четвртиот тенисер во светот Стефанос Циципас после три сета – 6:3, 7:6 и 7:6. Мечот траеше 2 часа и 56 минути.

Со овој 22-ри Гренд слем трофеј во 33-то финале, 35-годишниот Ѓоковиќ се изедначи со рекордерот, Шпанецот Рафале Надал по бројот на титули. Со оваа победа, Србинот се врати на првото место на АТП листата.

Ѓоковиќ не се натпреваруваше на Австралија опен минатата година, откако беше депортиран од земјата зашто не бил вакциниран против Ковид-19. Владините мерки за влез во земјата оттогаш се олеснија, па тој доби виза за настап годинава и покрај тоа што не е вакциниран.


Неговиот татко Срѓан Ѓоковиќ, не присуствуваше на финалето во Мелбурн, по контроверзиите околу фотографиите на кои позира со руско знаме со Владимир Путин. Тој се соочи со повици, предводени од Украина, да добие забрана за присуство на Грен слем.

Циципас по втор пат игра финале на Гренд слем турнир и по вторпат изгуби од Ѓоковиќ. Претходно, тие играа во финалето на Ролан Гарос во 2021, кога грчкиот тенисер имаше два сета предност, но изгуби после 5 сета.

Битиќи – Увоз на работници ако сакаме забрзан економски раст

Вицепремиерот Фатмир Битиќи

Дојдено е времето да ја отвориме дискусијата за потребата од увоз на работна сила, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на гостувањето на регионалната телевизија Блумберг Адрија.

Битиќи рече дека недостигот на работна сила се решава со доквалификација и преквалификација на одредена група невработени за да се прилагодат на потребите на пазарот, но оти дополнително ќе мора да се најде начин да се надополни одливот на работници.

„На пазарот на труд има недостиг на работна сила и мора да одговориме на тој предизвик ако сакаме да имаме забрзан економски раст“, посочи Битиќи.


Стапката на невработеност во Македонија е околу 14 отсто. Според Агенцијата за вработување, во земјава има над 113 илјади активни невработени и уште други 46 илјади луѓе кои бараат работа. Бизнисмените, пак, долго време се жалат дека овие невработени ги немаат потребните вештини кои им се потребни.

Битиќи вели дека тие невработени не одговараат на потребите во некои сектори кои бараат специфични квалификации.

Украина воведе санкции против 182 руски и белоруски компании

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, Киев, Украина, 28 јануари 2023

Украина воведе санкции против 182 руски и белоруски компании, но и против три лица. Ова се најновите чекори на украинскиот претседател Володимир Зеленски во обидите да ги блокира врските на Москва и Минск со неговата земја.

„Нивниот имот во Украина е блокиран, нивниот имот ќе се користи за наша одбрана“, рече Зеленски во видео-обраќање во сабота, 28 јануари, пренесува Ројтерс.

Санкционираните компании главно се занимаваат со транспорт на стоки, изнајмување возила и хемиско производство, се наведува во списокот објавен од Украинскиот национален совет за безбедност и одбрана.

Украина санкционираше стотици руски и белоруски поединци и компании по почетокот на руската инвазија на Украина, во февруари минатата година.

Советот на Европската унија (ЕУ) на 27 јануари ги продолжи санкциите за одредени сектори на руската економија за шест месеци, до 31 јули.

Санкциите, кои првпат беа воведени во 2014 година, по анексијата на полуостровот Крим, беа значително продолжени од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Санкциите вклучуваат ограничувања на трговијата, финансиите, технологијата, индустријата, транспортот и луксузните стоки.

Мрежата за трансакции SWIFT е прекината за неколку руски банки, а емитувањето на одредени содржини од Русија е суспендирано.

Во Македонија 150 жени годишно заболуваат од рак на грло на матката

Клиника за онкологија и радиологија Скопје.

Во Македонија во просек секоја година 150 жени заболуваат од рак на грло на матката, а 20 жени ја губат битката со оваа болест, информираат од Министерството за здравство.

Во светски рамки, пак, ракот на грлото на матката е четврт најчест канцер кај жените, со над 600 илјади нови случаи секоја година.

Специјалната претставничка на СЗО за Северна Македонија и шефица на Канцеларијата на СЗО во Скопје, д-р Ане Јохансен, вели дека примарната причина за карцином на грлото на матката е хуманиот папилома вирус (ХПВ).

Како што потенцира, помеѓу факторите на ризик се вбројуваат и возраста од првата бременост, три или повеќе полнорочни бремености, пушење цигари, ослабен имунолошки систем, ХИВ инфекција или присуство на други сексуално преносливи инфекции.

Карцином на грло на матка најчесто се развива кај жените од 20 до 45 години.

Во рамки на месецот за подигање на свеста за карциномот на грлото на матката, главните пораки кои ги упатува претставничката на СЗО се задолжително информирање и едукација на жените за карциномот на грлото на матката, скрининг преглед и вакцинирање со две дози до ХПВ вакцината.

Таткото на Ѓоковиќ не присуствува на финалето на Австралија опен

Срѓан Ѓоковиќ, татко на тенисерот Новак Ѓоковиќ

Таткото на тенисерот Новак Ѓоковиќ, не присуствуваше на финалето на Австралија опен во неделата, по контроверзиите околу сликите на кои позира со руско знаме со Владимир Путин.

Срѓан Ѓоковиќ не седеше во ложата покрај теренот за да го гледа настапот на својот син во финалето со Стефанос Циципас.

Местото во ложата до мајката на Новак, Дијана, на кое обично седи татко му, беше празно.

Срѓан Ѓоковиќ реши да го прескокне полуфиналето на Мелбурн Парк, откако се соочи со повици, предводени од Украина, да добие забрана за учество на Грен слем. Тој изјави дека „сака само мир“.

На видео објавено на проруски профил на Јутјуб се гледа како тој позира со маж кој држи руско знаме со ликот на претседателот Путин на него.

Новак Ѓоковиќ потоа го бранеше својот татко, велејќи дека имало „погрешно толкување“ на сликите. Тој вели дека неговиот татко „нема никаква намера да поддржи какви било воени иницијативи“.

Амбасадорот на Украина во Австралија, Васил Мирошниченко, побара на Срѓан Ѓоковиќ да му се одземе акредитацијата.
Новак Ѓоковиќ, пак, во неделата го доби воведниот сет со 6-3 против Циципас.

За Ѓоковиќ, ова е шанса да ја освои својата 10-та титула на Австралија опен една година откако не му беше дозволено да се натпреварува во Мелбурн Парк, бидејќи не беше вакциниран против ковид-19. За 35-годишниот српски играч, тоа ќе биде и 22. Грен слем титула во поединечна категорија, изедначувајќи го со Рафаел Надал за машки рекорд.

Ќучук - Има надворешни фактори кои не сакаат Софија и Скопје да бидат во добри односи

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, европратеникот Илхан Ќучук

Бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук вели дека има надворешни фактори кои не сакаат Бугарија и Северна Македонија да бидат во добри односи.

„Тоа се оние луѓе кои не сакаат Северна Македонија да биде дел од Европската унија. Тоа се оние луѓе кои не сакаат нашата држава да има влијание бидејќи ставањето вето значи дека Бугарија нема пријатели на Балканот, во ЕУ“, изјави Ќучук за првата бугарска приватна телевизија „БТВ“.

Последната ескалација меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе биде добредојдена за многу трети фактори, коишто ќе видат шанса тука да се одржи еден перманентен конфликт, вели и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи во интервју за Радио Слободна Европа.

Ќучук е категоричен дека мора да инсистираат во Северна Македонија да има владеење на правото и високи демократски стандарди.

„Се додека не се признаваат правата на луѓето кои се сметаат за Бугари, тензијата ќе продолжи“, вели Ќучук.

Тој вели дека треба да се поттикнат сите обид за намалување на тензиите, како од бугарската држава, тука и во Скопје, за да се најде решение за проблемот.

Посочува дека Бугарија е во Европската Унија веќе 17 години, а, како што вели, не може да се приклучи на блокот за важни теми, вклучително и за обезбедувањето на воена помош за Украина и за клучните реформи во ЕУ.

Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година. Но во последните недели односите повторно се затегнати откако беше претепан Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид и по изјавите на бугарскиот европратеник Александар Џамбаски дека „Македонија е бугарска“.

Потоа Софија го повлече на неодредено време амбасадор од Скопје и се закани со можно ново вето на македонските евроинтеграции.

Предизвик за бугарско-македонските односи сега е и чествувањето на револуционерот Гоце Делев, на денот на неговото раѓање 4 февруари. За активностите за одбележување на датумот в понеделник во Скопје ќе разговараат властите на двете земји.

Најмалку 51 загинати во две несреќи во Пакистан

Спасувачи собираат остатоци од изгорениот автобус по несреќата во Пакистан, 29 јануари 2023.

Најмалку 51 лице загинаа во две одделни сообраќајни несреќи во западен Пакистан во неделата, кога автобус падна од мост и одделно се преврте чамец во кој имало деца.

Засега е потврдено дека 41 лице загинаа кога автобус падна од мост во југозападен Пакистан, а потоа се запали, изјави владин претставник на 29 јануари.

Високиот функционер во областа Лазбела во провинцијата Балучистан, Хамза Анџум, рече дека тројца луѓе биле спасени, а се претпоставува дека автобусот превезувал 48 патници.

Автобусот удрил во столб на мостот и излетал од курсот.

Лошите автопатишта, слабите безбедносни мерки и несовесното возење придонесуваат за мала безбедност на патиштата во Пакистан.

Најмалку 10 ученици загинаа во несреќа со брод во северозападниот дел на Кибер Пахтунхва, соопштија официјални лица. А се трага уште по девет, кои се водат како исчезнати, соопшти локалната полиција, а операцијата за спасување е во тек.

Претставникот на локалната полиција во Кибер Пахтунхва, Мир Рауф за АФП изјави дека сите мртви досега извлечени од езерото биле на возраст меѓу седум и 14 години.

Тој рече дека се спасени уште 11 деца, од кои шест се во критична состојба, а се трага по уште девет ученици.

Според проценките на Светската здравствена организација, повеќе од 27.000 луѓе загинале на патиштата во Пакистан во 2018 година. Во Пакистан вообичаени се и несреќите со пловни објекти, оти се стари и преоптоварени и ја губат стабилноста.

Иран тврди дека со дронови е нападната воена фабрика во Исфахан

Експлозија во воена фабрика во централниот ирански град Исфахан.

Со беспилотни летала со бомби е нападната воена фабрика во централниот град Исфахан во Иран, во текот на ноќта, соопштија иранските власти рано во неделата.

Според нив, предизвикана е одредена штета во фабриката во услови на зголемени регионални и меѓународни тензии што ја зафатија Исламската Република, јавува новинската агенција Асошиејтед прес.

Иранското Министерство за одбрана не кажа на кого се сомнева дека стои зад нападот. Нападот со дронови на воената фабрика се случи, откако претходно избувна пожар во рафинерија која се наоѓа во северозападниот дел на земјата, а Иран го погоди и земјотрес со јачина од 5,9 степени според Рихтеровата скала, при што загинаа три лица.

Техеран претходно беше цел на напади, за кои постои сомнеж дека се израелски, среде војна во сенка со неговиот ривал на Блискиот Исток, откако пропадна неговиот нуклеарен договор со светските сили. Во меѓувреме, тензиите остануваат високи и со соседен Азербејџан, откако вооружен маж ја нападна амбасадата на таа земја во Техеран, убивајќи го шефот за безбедност и рани двајца други луѓе.

Нема многу детали за нападот во Исфахан, кој се случи околу 23:30 часот во саботата. Во соопштението на Министерството за одбрана се наведува дека имало три беспилотни летала кои целеле на објектот, при што две од нив биле успешно соборени. Третото летало, очигледно, успеало да удри во зградата, предизвикувајќи „мали оштетувања“ на нејзиниот покрив, но никој не е повреден, соопшти Министерството.

Временска прогноза - Променливо облачно и студено

Времето денеска во земјава ќе биде променливо облачно и студено, во северните планински делови со провејување на слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец кој вдолж Повардарието ќе засилува.

Минималната температура ќе биде во интервал од -7 до 1, а максималната ќе достигне од 1 до 6 степени.

Во Скопје променливо облачно со умерен до повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 5 степени.

Од утре ќе преовладува студено и променливо облачно, повремено ветровито време. Засилен северен ветер ќе дува во вторник и ќе има краткотрајни врнежи претежно од снег, а од четврток врнежите од снег ќе бидат повремени и со умерен интензитет.

Павел победи на претседателските избори во Чешка

Петр Павел

Поранешниот армиски началник и висок функционер на НАТО, Петр Павел победи на претседателските избори во Чешка. Тој вети дека земјата ќе остане цврсто закотвена на Западот и ќе ги премости политичките разлики во општеството.

Павел, кој има 61 година, е пензиониран генерал и првпат се кандидираше за функцијата претседател. Тој освои 58,3 отсто од гласовите, од сите гласачки окрузи кои ги објавија конечните резултати, победувајќи го милијардерот и поранешен премиер Андреј Бабиш.

Павел, социјал-либерал кој водеше кампања како независен и ја доби поддршката од централно-десничарската влада, пренесе порака за единство кога им се обрати на своите поддржувачи и новинари во Прага.

„Убеден сум дека овие вредности ги споделува огромното мнозинство од нас, вреди да се обидеме да ги направиме дел од нашите животи, а исто така да ги вратиме во Прашкиот замок и нашата политика“, изјави Павел.

Чешките претседатели немаат многу секојдневни должности, но тие избираат премиери и шефови на централни банки, имаат збор во надворешната политика и се моќни креатори на мислењето.

Павел ќе ја преземе функцијата во март, заменувајќи го Милош Земан, кој го поддржа Бабиш да биде негов наследник.

Земан се залагаше за поблиски врски со Пекинг и со Москва додека Русија не ја нападна Украина, а изборот на Павел ќе означи остра промена.

Излезноста на вториот круг од изборите, што заврши во саботата, беше рекордно висока 70,2 отсто.

Резултатите од изборите ќе бидат официјали кога ќе бидат објавени во службен весник во вторник.

Бабиш и премиерот Петр Фиала му ја честитаа победата на Павел. Либералната претседателка на Словачка Зузана Капутова се појави во седиштето на Павел за да му честита, што претставува демонстрација на нивните блиски политички позиции.


Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер му честиташе на Павел за неговиот избор и рече дека се радува на блиска соработка.

Павел поддржува централноевропската земја од 10,5 милиони жители цврсто да се држи до Европската унија и воениот сојуз на НАТО и ја поддржува континуираната помош на владата за Украина.

Тој го поддржува усвојувањето на еврото, тема што последователните влади ја одржуваа во втор план, и ги поддржува истополовите бракови и другите прогресивни политики.

Италија во обид да ја намали зависноста од руски гас

Италијанската премиерка Џорџа Мелони зборува за време на прес-конференција во Триполи, Либија, 28 јануари 2023 година

Италијанската државна енергетска компанија ЕНИ потпиша договор вреден 8 милијарди долари со либиската Национална нафтена корпорација за развој на две либиски офшор гасни полиња. Чекорот на Италија доаѓа во време кога додека европските земји се обидуваат да ја намалат зависноста од руски гас.

ЕНИ ќе помогне во развојот на две офшор полиња, а производството се очекува да започне во 2026 година, соопшти компанијата на 28 јануари. Се предвидува полињата да може да произведат 7,5 милијарди кубни метри гас годишно, што е две-третини гас од вкупната количина на гас што Италија го увезува од Русија.

Европските земји брзаат да купуваат природен гас од неруски извори, вклучително и Северна Африка, по инвазијата на Москва на Украина во февруари 2022 година.


Русија, најголемиот снабдувач на природен гас за Европа пред инвазијата, нагло го намали извозот на гас за Европа, што претставниците на ЕУ го оценија како обид да се уцени Брисел да ја намали поддршката за Украина. Италија беше вториот најголем потрошувач на руски гас во Европа по Германија.

Соопштението на ЕНИ доаѓа по посетата на италијанската премиерка Џорџа Мелони на Северна Африка, која е богата со енергенси.

За време на нејзината посета на Либија, Мелони рече дека Италија не бара „предаторска“ улога, туку сака да им помогне на африканските нации „да растат и да станат побогати“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG