Достапни линкови

Вести

Шолц: Тактиката на „изгорена земја“ нема да му помогне на Путин да победи во војната

Германскиот канцелар Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ги користи енергијата и гладот како оружје, но не успеал да го наруши единството на Западот и дека нема да ги постигне своите воени цели преку тактика на „изгорена земја“. Говорејќи во германскиот парламент, тој исто така рече дека Германија се ослободила од зависноста од рускиот гас, но дека работи на намалување на цените на енергијата, вклучително и со обезбедување нови договори за испорака на гас од други земји.

Беспилотни летала камикази ги тероризираат украинските градови

Руската армија ја удри енергетската инфраструктура на Украина во последниве денови, присилувајќи ја Украина да воведе ограничувања на електрична енергија за прв пат по руската инвазија во февруари.

Фон Дер Лајен: руските напади врз украинската инфраструктура се воени злосторства

„Нема да дозволиме последната ескалација на Москва да остане без одговор. Тактиките на изгорена земја нема да и помогнат на Русија да победи во војната. Тие само ќе го зајакнат единството и решителноста на Украина и нејзините партнери“, рече Шолц, додавајќи: „Сите лаги и пропаганда, разговори за „специјални операции“ и брзи победи - сето тоа беше само фасада, како потемкиновско село“.

Состанок на Европскиот совет за Украина и енергијата

Шолц се обрати во германскиот парламент додека лидерите на 27-те земји од Европската унија се подготвуваат да се сретнат по втор пат во две недели за да се обидат да ги намалат цените на енергијата, иако поделбите и понатаму постојат околу потезите за ограничување на цените на бензинот.

види ги сите денешни вести

Поранешниот пакистански премиер Кан осуден на 14 години затвор во случајот за корупција

Имран Кан
Имран Кан

Судот во Пакистан во петокот ги осуди поранешниот премиер Имран Кан и неговата сопруга Бушра Биби во голем случај за корупција што тој го оспори.

„Обвинителството го докажа својот случај. Кан е осуден“, изјави судијата Насир Џавед Рана, објавувајќи казна од 14 години затвор за Кан и седум години затвор за неговата сопруга Биби.

Двајцата се обвинети дека прифатиле подарок - земја - од деловниот тајкун Малик Риаз во замена за испрани пари додека Кан бил на власт.

Обвинителите соопштија дека сумата во овој случај е околу 190 милиони британски фунти (240 милиони долари).

72-годишната поранешна ѕвезда на крикет стана политичар, која беше премиер од 2018 до 2022 година, е во затвор повеќе од една година и се соочува со повеќе од 150 кривични пријави, и покрај тоа што ужива огромна популарност меѓу Пакистанците.

Тој и неговата политичка партија Пакистан Техрик-е Инсаф (ПТИ) нагласија дека случаите се политички мотивирани.

Постигнат договор за заложниците во Газа

Израелско - палестински конфикт
Израелско - палестински конфикт

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека е постигнат договор со Хамас за ослободување на заложниците.

„Премиерот му наложи на безбедносниот кабинет да се состане денеска и да го одобри договорот. Семејствата на заложниците се известени и почнати се подготовките за враќање на заложниците во Израел“, соопшти кабинетот на Нетанјаху.

Претставници на Хамас, Израел, САД и Катар официјално го потпишаа договорот во Доха, објавија израелските медиуми. Тој беше објавен во средата од посредниците на САД и Катар, а според катарскиот премиер Ал-Тани, примирјето ќе стапи на сила в недела, откако ќе биде одобрено од израелската влада.


Крајнодесничарските министри во израелската влада Итамар Бен Гвир и Безалел Смотрич најавија дека ќе поднесат оставки зашто не се согласуваат со договорот, иако кажаа дека засега нема да ѝ се придружат на опозицијата во обидот да се урне владата.

Договорот за примирје се состои од три фази и вклучува постепено повлекување на израелските сили од Газа и нејзина обнова. Во првата, шестнеделна фаза треба да бидат ослободени 33 заложници, а израелските трупи ќе се повлечат од густо населените области на Газа.

Предизвикот на ТикТок „фати го предаторот“ однесе пет тинејџери пред суд

Пет тинејџери од колеџот во Масачусетс на 16 јануари прв пат се појавија во судница по обвинението дека планирале да намамат маж во нивниот кампус преку апликација за запознавање, а потоа да го киднипираат како дел од предизвикот кој е тренд на ТикТок „фати предатор“.

Учениците кои се запишани во приватното римокатоличко училиште во Ворчестер, беа изведени во судница под обвинение за заговор и киднапирање пред Окружниот суд во Ворчестер.

Обвинетите кои се на возраст од 18 до 19 години се изјаснија за невини. Следното рочиште им е закажано за 28 март. Според обвинението, тинејџерите преку апликацијата Тиндер оствариле контакт со мажот кој што сакале да го намамат во кампусот.

Една од девојките обвинети во случајот се соочува и со дополнително обвинение за заплашување сведоци. Момче од оваа група е дополнително обвинетo и за напад.

Станува звор за обид на групата да намамат 22 годишен активен воен припадник да дојде во кампусот. Според исказот на 22 годишната жртва во полицијата, тој бил во градот дојден за погреб на неговата баба во октомври и „само сакал да биде покрај луѓе кои се среќни“.

Тој рече дека една студентка чиј профил на Тиндер вели дека има 18 години го поканила и го однела во дневната соба во подрумот.

„Неколку минути подоцна „група луѓе излегоа од никаде и почнаа да го нарекуваат педофил“, обвинувајќи го дека сака секс со 17-годишни девојки“, се вели во полицискиот извештај.


Мажот на полицијата и рекол дека се ослободил и најмалку 25 луѓе го бркале до неговиот автомобил, каде што бил удрен со тупаница во главата. Тој побегнал и повикал полиција.

Видеото од надзорот на кампусот покажува голема група студенти, вклучително и девојката со која контактирал, „сите со мобилни телефони во рака во, нешто што наликува како да го снимаат целиот настан “, се вели во полициското соопштение.

„Тие се гледа како се смеат, извикуваат во нешто што се чинеше дека е „намерно организиран настан“, а нема докази што укажуваат на тоа дека мажот барал сексуални односи со малолетни девојчиња“, се вели во полицискиот извештај.

По нападот, сега веќе обвинетата девојка го пријавила 22 годишниот маж во полиција како сексуален предатор и рече дека била исплашена од него. Таа рече дека тој дошол во кампусот непоканет и дека му пратила порака на пријател кој го избркал.

Сето ова е лажно, заклучила полицијата на кампусот откако ги прегледала снимките од надзорот и открила дека „видеа од перспектива од прво лице“ се шират меѓу студентите.

ИЈЗ: Расте бројот на заболени од грип

Илустрација
Илустрација

За повеќе од три пати е зголемен бројот на заразени со грип неделава во однос на претходната, покажува последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Во текот на втората недела од јануари пријавени 1.053 случаи на заболени од грип и заболувања слични на грип.

Во однос на возраста, од заболените 633 лица се на возраст од 15-64 години, потоа забележни се 179 случаи кај деца на возраст од 5-14 години, а 144 кај деца на возраст од 0-4 години и 97 се регистрирани кај лица на возраст над 65 години.

Најмногу заболени има во Скопје – 305, потоа Дебар – 134, Куманово – 118, Тетово и Гостивар – по 66, Кавадарци – 62, а во останатите, бројот на заболени е ≤50.

„Од почетокот на сезоната 2024/2025, заклучно со 2-ра недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ пристигнати се 130 материјали од здравствените установи - од амбулантски и болнички лекувани пациенти за тестирање за присуство на вирусот на грип, од рутинскиот надзор. Сите пристигнати материјали се тестирани за присуство на инфлуенца вирус, SARS-CoV-2 и/или RSV. Детектирани се 14 позитивни случаи на Influenza, 2 Influenza А(H1)pdm09, 11 Influenza А(H3) и 1 Influenza B/Victoria. Регистриран е еден позитивен случај на SARS-CoV-2. Дополнително, регистрирани се 5 позитивни случаи на респираторен синцицијален вирус (RSV)“, се вели во извештајот на ИЈЗ.

Оттаму додаваат дека во земјава се спроведува таканаречен сентинел надзор за состојбата со грип и КОВИД-19 во земјава со цел да се добијат подетални информации во однос на инциденца, интензитет, тип на вируси кои циркулираат и за имплементација на навремени превентивни мерки. Од сентинел местата кои учествуваат, во 2-ра недела пријавени се вкупно 50 САРИ (Сериозни Акутни Респираторни Инфекции).

Се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, кој е над неделната граница за сезонска активност за прв пат оваа сезона, велат епидемиолозите од Институтот за јавно здравје. Според тоа во земјава има среден интензитет на вирусот на грип.

Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи, односно постари од 65 години, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, луѓе со хронични болести и бремени жени, како и здравствени работници.

Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 70.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Вакцинацијата се спроведува
во Центрите за јавно здравје и здравствените домови. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива преку веб страната www.vakcinacija.mk. Според податоците на министерството заклучно со 2-ра недела од годинава, во земјава се вакцинирани вкупно 72.318 лица со бесплатна или
комерцијална вакцина.

Ученик со нож нападнал соученици и наставник во Словачка, двајца убиени

Илустрација
Илустрација

Најмалку две лица се убиени во училиште во северна Словачка откако ученик со нож нападнал наставник и двајца соученици, соопштија на 16 јануари службите за итни случаи и полицијата.

„Најмалку две лица загинаа, а едно е повредено“, изјави портпаролката на словачката служба за итни случаи, Данка Чапакова, за новинската агенција Ројтерс.

Полицијата соопшти дека напаѓачот е 18-годишен ученик во средното училиште во градот Списка Стара Вес.


„18-годишен ученик осомничен за тешко кривично дело е приведен многу кратко по инцидентот“, соопшти полицијата.

На местото на настанот биле неколку екипи на итната медицинска помош, пренесуваат новинските агенции, додавајќи дека се уште не е познат бројот на повредени.

„Благодарение на брзото приведување на осомничениот, засега нема непосредна опасност и полицијата презема дополнителни неопходни мерки за обезбедување на безбедноста“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи на Слобачка.

Словачкиот претседател Петер Пелегрини го нарече нападот во Списка Стара Вес вистинска трагедија и изрази сочувство до семејствата на жртвите.

Велика Британија и Украина потпишаа „историско 100-годишно партнерство“

Британскиот премиер Кир Стармер (лево) и украинскиот претседател Володимир Зеленски по потпишувањето на „историското 100-годишно партнерство“ во Киев, Украина, 16 јануари 2025 година.
Британскиот премиер Кир Стармер (лево) и украинскиот претседател Володимир Зеленски по потпишувањето на „историското 100-годишно партнерство“ во Киев, Украина, 16 јануари 2025 година.

Британскиот премиер Кир Стармер на 16 јануари го потпиша Договорот за „Стогодишното безбедносно партнерство “ со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев. Стармер изјави дека главната цел на договорот е да се осигура дека Украина „се наоѓа во најсилната можна позиција во 2025 година“.

Договорот предвидува зајакнување на воената соработка во областа на поморската безбедност, со акцент на зајакнување на безбедноста во Балтичкото, Црното и Азовското Море и одвраќање на руската агресија.

„Обединетото Кралство и Украина потпишуваат историско 100-годишно партнерство за продлабочување на безбедносните врски и зајакнување на нашето партнерство за идните генерации“, се вели во соопштението на британското министерство за надворешни работи.

Ненадејната посета, која доаѓа неколку дена пред враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Ова е прва посета на Кир Стармер во Киев како британски премиер.

Кандидатот на новоизбраниот американски претседател за државен секретар Марко Рубио во средата изјави дека и Украина и Русија ќе мора да направат отстапки за да се стави крај на војната.

Тој нагласи дека е важно да се биде „реален“ дека „Руската Федерација, но и Украинците, ќе мора да попуштат“.

Стотици илјади загинати руски војници, но нема револт во Русија. Зошто?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:38 0:00

Пред посетата на британскиот премиер на Киев, Зеленски рече дека ќе ја искористи средбата за да разговара за изгледите британските трупи да бидат распоредени во Украина како мировници по каков било договор за прекин на огнот со Кремљ.

Стармер претходно изјави дека „амбицијата на Путин да ја одвои Украина од нејзините најблиски партнери беше монументален стратешки неуспех.

Наместо тоа, ние сме поблиску од кога било и ова партнерство ќе го однесе тоа пријателство на следното ниво, рече тој.

„Силата на нашето долгогодишно пријателство не може да се потцени. Поддршката на Украина да се одбрани од варварската инвазија на Русија и да ја обнови просперитетна, суверена иднина е од суштинско значење за основата на безбедноста на оваа влада и нашата агенда за промени“, рече Стармер.

Германската опозиција го обвини Шолц за предизборен маневр со помошта за Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц

Германските опозициски пратеници во четвртокот го обвинија канцеларот Олаф Шолц за валкана предизборна тактика поради неговото барање за дополнително задолжување со цел финансирање на пакет помош за Украина во вредност од 3 милијарди евра.

Коментарите на опозоцијата уследија откако германскиот канцелар Шолц на15 јануари изјави дека пакетот може да се финансира само со суспендирање на должничката кочница, и дека пакетот е прашање на политичка волја и поставување приоритети.

Според опозициската Слободна Демократска партија поддршката за Украина не бара намалување на должничката кочница, посочувајќи на уставните ограничувања за задолжувањето на државата.

Според нив 500 милиони евра веќе се издвоени од Министерството за одбрана, што значи дека се потребни само дополнителни 2,5 милијарди евра, во буџет од вкупно 488 милијарди евра.

За опозицијата, Шолц „врши маневри за изборната кампања на грбот на Украинците“.

Тешко повредена 20 годишна студентка на протестна блокада во Белград откако автомобил удри во неа

Србија -- 20-годишна студентка беше тешко повредена во Белград кога во неа удри автомобил за време на протест, 16 јануари 2025 година.
Србија -- 20-годишна студентка беше тешко повредена во Белград кога во неа удри автомобил за време на протест, 16 јануари 2025 година.

Тешко е повредена дваесетгодишна студентка во центарот на Белград кога во неа удрил автомобил додека таа била дел демонстрантите кои стоеле на протестна блокада на раскрсница. Возачот побегнал од местото, а полицијата соопшти дека е пронајден. Повредената девојка е пренесена во Ургентниот центар.

„Пациентката е примена во свесна состојба. Таа е комуникативна и во стабилна општа состојба. Поради повредите со кои се здобила во тек е дополнителна дијагностика“, велат за српската национална телевизија РТС од Клиничкиот центар во Белград.

Инцидентот се случи околу пладне во центарот на Белград, каде студенти кои ги блокираа околните факултети учествуваа во акцијата „Стоп, Србија“, со која им се оддава почит на загинатите во несреќата во Нови Сад.


Како што може да се види на снимката објавена во медиумите и на социјалните мрежи, девојката стоела на тротоарот пред семафорот на раскрсницата на улицата Рузвелт и улицата Квин Мери, кога автомобил се качил на тротоарот и ја удрил. Возачот не застанал, туку продолжил да вози носејќи ја девојката на покривот и по неколку секунди таа паднала од покривот на автомобилот на улица. Возачот на автомобилот не застанал на местото на инцидентот, туку побегнал.

Студентите кои го блокираа Правниот факултет во Белград објавија дека повредениот студент е нивен колега. Тие во знак на протест ја блокираа раскрсницата пред Правниот факултет во центарот на градот, а во блокадата им се придружија и граѓани и студенти од другите факултети. Како што најавија, блокадата ќе трае неколку часа.

Полицијата соопшти дека возачот на автомобилот е идентификуван и приведен. Станува збор за 38-годишниот возач. Се сомнева дека во возилото имало уште две лица.

„Полицијата во соработка со обвинителството ги утврдува сите околности и факти за овој настан“, соопшти МВР.

Во соопштението не се наведува дали на возачот му е одреден притвор.

За време на петнаесетминутните акции „Стоп, Србија“, кои речиси секојдневно се одржуваат ширум земјата, студенти и граѓани 15 минути ги блокираат патиштата за да им оддадат почит на петнаесетте лица кои загинаа во несреќата на Железничката станица во Нови Сад.

Акциите симболично почнуваат во 11:52 часот, време кога на 1 ноември се урна бетонската настрешница на Железничката станица, при што загинаа 15, а две лица беа тешко повредени. Граѓани, студенти и дел од опозицијата бараат политичка и кривична одговорност за несреќата во Нови Сад. Студентите, во знак на протест, блокираа повеќе од 60 факултети на четири државни универзитети, во Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац.

Почина 9-годишно дете на скопската Детска клиника

Илустрација
Илустрација

По два дена откако е примено, почина деветгодишно дете на скопската Клиника за детски болести. Детето на 14 јануари било доведено на скопската клиника од штипската болница во тешка состојба, се вели во писменото соопштение од Клиничка болница-Штип.

„Детето е донесено на Одделот за детски болести во ЈЗУ Клиничка болница -Штип на 14 јануари во 18 часот во тешка општа состојба со засегната свест. Веднаш се реализирани биохемиски иследувања и КТ на глава и поради тешката состојба со медицинска придружба во 19 часот истиот ден детето е транспортирано до УК ДБ-Скопје, се вели во соопштението од Клиничка болница-Штип.

Деветгодишното момче кога било донесено на скопската клиника имало срцев застој и влошени витални параметри, велат од Детската клиника за Телма. Оттаму додаваат дека докторите се сомневаат дека лошата здравствена состојба на детето била резултат на цревна инфекција.

Деветгодишното дете кое почина на Клиниката за детски болести во Скопје е од Општина Свети Николе.

Минатиот месец на скопската Детска Клиника почина седуммесечно бебе. Министерот за здравство Арбен Таравари ја исклучи можноста за лекарска грешка при лекувањето, откако го доби извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), кој изврши вонреден инспекциски надзор.

Констатирана оставката на Илире Даути од претседателка на собраниска комисија

пратеничката Илире Даути
пратеничката Илире Даути

Македонското Собрание на 16 ти јануари ја констараше оставката на пратеничката Илире Даути од функцијата претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади. Таа денеска на собраниска седница ја образложи својата неотповиклива оставка по изгласувањето на нејзината интерпелација минатиот петок.

Пред да ја образложи оставката, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја напуштија собраниската сала. Даути која доаѓа од опозициската Алијанса за Албанците во својот говор во Собранието, истакна дека си ја исполнила својата работна задача според Деловникот.

„Ова е врвот на срамот што се случил во Собранието и е директна закана кон еден избраник од граѓаните, како и држење под контрола на истиот. Моето дејствие за ставање на Законот за бранители е врз основа на членот 3, кој подразбира дополнителни услови како да дејствуваат институциите. Нема да прифатам различни услови на дејствување надвор од Деловникот, рече Даути.


Интерпелацијата на Даути беше поднесена од пратеничката група Левица. Собранието констатираше дека наводите во интерпелацијата се основани. На седницата тогаш не присуствуваа пратениците на СДСМ.

Претседателот на Собранието Африм Гаши на 14 јануари во писмена изјава до медиумите истакна дека изгласаната интерпелација нема правна последица.

„Важно е да се напомне дека интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти. Мојата улога како Претседател заврши по завршувањето на процесот на интерпелација, како што се случи во случајот со интерпелацијата поднесена против мене пред неколку месеци“, изјави Гаши.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ оценија дека Илире Даути нема кредибилитет да претседава со собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, откако беше изгласана недоверба по расправата за интерпелација.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG