Вести
Серија руски хакерски напади врз бугарски државни веб страници

Серија хакерски напади врз веб-страниците на бугарската Влада и министерствата за внатрешни работи и за одбрана се извршени денеска. Одговорноста за хакерскиот напад ја презеде руската група „We are killnet“.
Нападот првично почнал со напад кон сајтот на претседателството, додека владините веб страници се отвораа, иако побавно од вообичаено. Владините веб страници и систеи имаат воведено заштита од таков тип на хакерски напади во 2015 година откако руски хакери ги погодија веб-страниците на ЦИК, Министерството за внатрешни работи и други институции за време на локалните избори.
Бугарскиот Главен обвинител, Иван Гешев, соопшти дека нападите врз бугарските институции дошле од рускиот град Магнитогорск.
„Цел на нападот не е претседателството, туку бугарската држава,“ коментираше главниот обвинител Иван Гешев.
Тој оцени дека проблемот е сериозен и очекуван.
види ги сите денешни вести
Остри реакции по одлуката на Уставен за повисоки плати на функционерите

Претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, ја повика Владата да се најде законско решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите.
„Во врска со одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плати на функционерите, ја повикувам Владата да се најде законско решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите. Сметам дека е невкусно во време на економска криза да се покачуваат платите кои се исплаќаат од државниот буџет“ изјави за Сител, претседателот Стево Пендаровски.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи одговарајќи на новинарско прашање за одлуката на Уставен суд за зголемување на платите на функционерите рече дека не може да не се почитува одлука на Уставен суд.
„Владеењето на правото е неприкосновено. Ако има друга одлука со која што треба таму да се интервенира, јас сум еден од првите што ќе ја поддржи“, одговори Битиќи.
Покачувањето треба да следува веќе од идниот месец. Градоначалникот на скопската општина Аеродром, Тимчо Муцунски, попладнево на социјалните мрежи напиша дека се откажува од зголемувањето на платата.
„Зголемувањето на платата, согласно одлуката на Уставниот суд во целост ќе го донирам за хуманитарни цели, семејства со ниски месечни примања и семејствата на уставобранителите. Имајќи ја предвид тешката економска и финансиска состојба во која живееме, почнувајќи од следниот месец разликата во платата ќе ја донирам за хуманитарни цели“, напиша Муцунски.
Со одлука на Уставниот суд за укинување на два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, се овозможува зголемување на платите на државните функционери за дури 78 отсто.
Покрај нив, законот се однесува и на примањата на премиерот, претседателот, собранискиот спикер, но и сите вршители на јавни функции, соопштија од Синдикатот на управа, правосудни органи и здруженија на граѓани (УПОЗ). Тука спаѓаат и сите заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции.
Иницијативата е поднесена од адвокат од Скопје, а Уставниот суд одлуката ја донел на 21 март, само четири месеци по поднесувањето, што е прилично брз рок, споредено со други иницијативи кои со години чекаат Судот да одлучи по нив.
Со одлука на Уставниот суд на 21 март се укинати член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија и член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.
Како што информираа од Уставниот суд, со првата укината одредба е утврдено дека основицата за пресметување на плата на избраните и именуваните лица се применува од јануари 2012 година и е во износ од 25.726 денари, додека со втората укината одредба е предвидено дека платите на избраните лица во 2014 година може да се зголемат за 4 отсто започнувајќи со исплатата на платите во 2014 година.
Уставниот суд смета дека во случајот, постои двојство во уредувањето на прашањето за основицата на платата на избраните и именуваните лица, што претставува неконзистентност во законското уредување на оваа материја.
Од УПОЗ појаснуваат дека со одлуката на Уставниот суд се укинува основицата од 26.000 денари за пресметување на платите на функционерите. Од сега основицата ќе изнесува колку просечна бруто плата и таа сума ќе се множи со коефициентот.
Лавров во посета на Турција следната недела

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе ја посети Турција на 6 и 7 април на покана на неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Таа прецизира дека двајцата планираат да разговараат, пред сè, за состојбата и перспективите на билатералните односи во областите од заемен интерес, вклучувајќи ги трговијата, енергетиката и туризмот.
Лавров и Чавушоглу ќе „разменуваат мислења“ и за регионални и меѓународни прашања, вклучително и за ситуацијата во Украина, Сирија и Нагорно Карабах, како и во Централна Азија и Авганистан.
Министрите ќе прецизираат „распоред за билатерални контакти на различни нивоа“, најави Захарова.
Турција остана неутрална за време на конфликтот во Украина, воздржувајќи се од приклучување на западните санкции кон Русија и одржувајќи добри односи и со Киев и со Москва. Двапати беше домаќин на мировните преговори меѓу Москва и Киев, но последниот состанок беше во март и не даде резултати.
Турција во јули минатата година помогна да се постигне договор за извоз на украинско жито блокирано во пристаништата на Црното Море.
Болсонаро се врати во Бразил

Поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, се врати во својата земја, откако во последните три месеци беше во Соединетите Држави. На аеродромот во Бразилија беше пречекан од стотици поддржувачи.
Официјални лица на неговата Либерална партија изразија очекување дека Болсонаро, кој никогаш не го призна поразот на минатогодишните избори, ќе ја предводи опозицијата, пренесува Ројтерс.
Болсонаро го напушти Бразил два дена пред да му ја предаде претседателската функција на Луис Инасио Лула да Силва на 1 јануари.
Тврдеше дека треба да се одмори, но критичарите велат дека го избегнал ризикот од истраги со кои можел да се соочи во Бразил.
Истрагата се фокусираше на неговата критика за гласачкиот систем на Бразил и неговата наводна улога во поттикнувањето на поддржувачите да упаднат во владините згради на 8 јануари, потсетувајќи на нападот на американскиот Капитол во Вашингтон во 2021 година.
Универзална сала оставена сама на себе, градските советници не и ја отстапија на Владата

Советниците во Градскиот совет не ја изгласаа иницијативата на советниците на СДСМ, Универзална сала да се отстапи на Владата, односно на Министерството за кутура, за да започне нејзината реконструкција. Предлогот на СДСМ доби само 15 гласа.
Советничката група на СДСМ, која е и подносител на оваа иницијатива, не гледа ништо спорно во тоа Универзалната сала времено да му биде отстапена на Министерството за култура за да се заврши реконструкцијата, а потоа да му се врати на Градот Скопје.
Додека советниците од СДСМ не гледаат ништо спорно во иницијативата, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета оти со нејзино прифаќање ќе се прифати и поразот, но и неспособноста на, како што велат, советниците, на градоначалничката и на службите на Градот Скопје. За Левица, пак, иницијативата за отстапување на Универзалната сала на Владата не е спорна, туку е спорна самата Влада. Советниците од оваа партија порачаа дека на една година пред парламентарни избори нема да дозволат овој објект да им биде отстапен на, како што велат, делегитимираната Влада.
За градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, тоа не е одлука којашто таа како градоначалник може или сака да ја направи.
За преземањето на Универзална сала од страна на Министерството за култура се зборува уште од ноември минатата година кога министрите за култура и за локална самоуправа, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Ристо Пенов, беа на средба со градоначалничката Данела Арсовска, од каде што излегоа со тврдење дека Универзалната сала целосно ќе биде преземена од Министерството за култура, за истата да се реконструира, за што добиле согласност од градоначалничката.
Годишен извештај на омбудсманот: повреди на детските права, граѓанските состојби, работните односи

Детските права, правосудството, граѓанските состојби, потрошувачките права се дел од областите во кои има констатирано најмногу повреди во 2022 година, изјави денеска Народниот правобранител Насер Зибери, повикувајќи се на Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права.
„Властите во наредниот период треба сериозно да се ангажираат за да се донесат законски измени, некои да се допрецизират, или да се изнајдат системски решенија, се со цел на граѓаните да не им се прекршуваат нивните права“, порача Зибери.
Статистиката покажува дека во Канцеларијата на Народниот правобранител во 2022 година биле примени за околу 20 отсто повеќе претставки во однос на минатата година. Тој посочи дека како и минатите години, така и во 2022 продолжи трендот на прво место според бројот на поднесени преставки да биде областа правосудство, потоа потрошувачките права права, работните односи, детските права и имотно-правните односи.
Врз основа на предметното постапување и следење на состојбата, општа констатација на Народниот правобранител е дека во постапките за присилна наплата на неплатен даночен долг, радиодифузна такса, други јавни приходи и парични казни, Управата за јавни приходи, Градот Скопје и општините, не ги почитуваат уставно прокламираните начела за заштита на основните слободи и права на граѓаните.
„Имено, од овие субјекти, на одредени граѓани со години им се загрозува како личната, така и егзистенцијата на нивните семејства бидејќи присилна наплата исклучиво ја спроведуваат преку блокада на нивните трансакциски сметки во банки со одземање на целиот износ од плата, пензија, надоместоци од социјална заштита, невработеност и слично, кој тие го примаат. Следствено на тоа, тие подолг временски период, остануваат без основни средства за егзистенција, а дополнително се принудени да им плаќаат финансиски средства на банките за деблокирање на трансакциските сметки“, рече Зибери.
На темата финансии, Зибери посочи уште една појава која се однесува на работата на финансиските друштва, за што иако немаат директна надлежост граѓаните доставиле претставки. Тој притоа посочи пример за земен брз кредит од 9.000 денари, граѓанин, кој поднел претставка кај Народниот правобранител, бил принуден да плати сума за осум пати поголема од главниот долг.
„За да има јавноста јасна престава за што зборувам ќе илустритам со еден пример. Земен кредит од 9.000 денари, за доцнење со негова исплата навистина како во рекламите, не се наплатува камата, меѓутоа се наплатуваат други огромни трошоци. Така за конкретниот пример на име достасан надоместок наплатени се 2.026 денари, за надоместок за доцнење дури 58.846, денари, па кога на ова ќе се додаде износот за пратената опомената 5.900, денари долгот ја достигнува сумата од 75.772 денари, што е сума за осум пати поголема од главнит долг“, рече Зибери.
Како проблем на денешната прес - конференција Народниот правобранител го посочи и тројно зголемениот данок на имот за 2022 година, од страна на Општина Охрид. Апсурдот според него е што, сите решенија се донесени во текот на месец март 2022 година, односно по само два месеци од денот на започнувањето на применета на Законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот, па аналогно на тоа, единствено се засноваат на претпоставката на Општина Охрид дека нема да ги користат или нема да ги издаваат под закуп предметните недвижности, подолго од шест месеци во текот на една година.
Кралот Чарлс Трети: Руската инвазија ги загрозува демократските вредности

Британскиот крал Чарлс Трети денеска предупреди за „заканата“ што ја претставува руската инвазија врз Украина за безбедноста на Европа и „демократските вредности“.
Во говорот пред германските парламентарци, тој ја подвлече значајната улога што Велика Британија и Германија ја одиграа во поддршката на Киев, особено на воениот фронт.
„Одлуката на Германија да испрати голема воена помош за Украина е храбра, важна и добредојдена“, рече тој.
Британскиот крал, првиот монарх кој зборуваше во Бундестагот, беше пречекан со долг аплауз. Во говорот одржан главно на германски јазик, Чарлс Трети повика на единство околу Украина и климатските промени.
Британскиот крал Чарлс Трети вчера пристигна во посета на Германија, што е негова прва посета во странство откако дојде на тронот. Тој првично требаше да ја посети Франција, а потоа и Германија, но посетата на Франција беше одложена поради протестите во земјата.
Чарлс има крвни врски со Германија, но двете земји се бореа на спротивни страни за време на двете светски војни. Говорејќи во Бундестагот во четвртокот, тој истакна колку далеку стигнале Велика Британија и неговата земја домаќин оставајќи го зад себе минатото исполнето со конфликти, нагласувајќи ги заедничките вредности што сега ги делат.
Во петок, кралот Чарлс ќе направи понатамошен чекор во зближувањето со одавање почит на жртвите од бомбардирањето на сојузниците за време на Втората светска војна во Хамбург.
Дисциплинската комисија бара разрешување на обвинителката Русковска

Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија утврди дека поранешната основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска е одговорна за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за Јавното обвинителство и одлучи да поднесе предлог за нејзино разрешување до Советот на јавните обвинители.
По спроведената дисциплинска постапка против три јавни обвинителки и разгледување на извештајот на обвинителот-известител Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при ЈОРСМ, донесе решение со кое:
„За поранешна основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е утврдено дека е одговорна за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за Јавното обвинителство и Комисијата одлучи да поднесе предлог за нејзино разрешување до Советот на јавните обвинители“.
Тие донеле одлуки и за другите обвинителки: Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.
„За една јавна обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за утврдена тешка дисциплинска повреда е изречена дисциплинска мерка – намалување на месечна плата во висина од 30% од исплатената нето плата во траење од 6 месеци. За една јавна обвинителка Комисијата одлучи да ја ослободи од одговорност, бидејќи не се докажа дека сторила тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство“, се наведува во решението на Комисијата.
Против Решението на Комисијата, како што информираат од ЈОРСМ, незадоволните страни имаат право на жалба пред Советот на јавните обвинители.
Во март годинава, обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска, беа сослушани во рамки на дисциплинската постапка поведена против нив, а поврзана со претресот во Управата за финансиска полиција.
Русковска, е суспендирана, а паралелно против трите обвинителки се води и истрага по кривичната пријава на екс директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми. Тој обвинуваше дека претресот во неговите канцеларии не бил во согласност со законот.
Предлогот да се поведе дисциплинска постапка го даде републичкиот обвинител Љубомир Јовески, кој дополнително ја суспендира Русковска и од работа.
Претресот во Управата за финансиска полиција од страна на ОЈО ГОКК беше извршен 18 јули минатата година.
Макрон: Протестите нема да ги запрат реформите

Протестите нема да ги запрат пензиските реформи или други промени во политиката, рече францускиот претседател Емануел Макрон пред да го претстави планот од 50 мерки за да се избегне криза со вода ова лето и во годините што доаѓаат.
Со овој план, Макрон и неговата влада сакаат да преминат на други теми освен законот за пензиите, кој веќе два месеци предизвикува жестоки протести низ целата земја, пренесува Ројтерс.
Меѓутоа, во Савин-ле-Лак на Алпите, каде што требаше да одржи говор, го пречекаа групи демонстранти лути поради законот за пензиите.
На еден постер пишуваше „Макрон да поднесе оставка! и „Земи си ја пензијата, а не нашата“. Локалните медиуми јавуваат дека двајца демонстранти се уапсени.
Двајца мажи се во кома по насилните судири во саботата меѓу демонстрантите и полицијата за време на демонстрациите против изградбата на огромен резервоар за вода за наводнување на фармите во западна Франција.
Најлошата суша во Франција минатото лето ја засили дебатата за водните ресурси во најголемиот земјоделски производител во Европската унија.
Земјоделците велат дека им требаат големи акумулации за да ги наводнуваат нивните посеви ова лето, додека еколошките здруженија велат дека отпадните води се начин земјоделците да го конфискуваат општото добро.
„Протестите се нормални“, им рече Макрон на новинарите, „но тоа не значи дека треба да престанеме. Ништо не го оправдува насилството во едно демократско општество“, рече тој.
Милиони Французи протестираат и штрајкуваат од средината на јануари во знак на протест против реформите. Протестите се интензивираа откако владата употреби посебни овластувања за да ја „протурка“ реформата без гласање во парламентот.
Макрон, кој вети дека ќе го реформира пензискиот систем во двете претседателски кампањи, тврди дека промената е потребна за да се балансира националниот буџет. Синдикатите и опозицијата тврдат дека има и други начини за тоа.
Фон дер Лајен: Ставот на Кина кон војната во Украина ќе биде „одлучувачки за односите меѓу Кина и ЕУ“

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека односот на Кина кон војната во Украина ќе биде „одлучувачки фактор за односите меѓу ЕУ и Кина“.
Кина, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, има одговорност да одигра конструктивна улога во промовирањето на мирот заснован на територијалниот интегритет на Украина, со повлекувањето на руските сили, рече претседателот на ЕК.
„Секој еден мировен план што ќе ги консолидира руските анексии едноставно не е одржлив план“, рече Фон дер Лајен во говорот во Брисел пред да отпатува за Пекинг, пренесоа британските медиуми.
Шефицата на ЕК кажа дека „одлучувачки фактор за продолжување на односите меѓу ЕУ и Кина ќе биде како Кина ќе продолжи да се однесува кон војната на Путин“.
Кина сè уште не ја признава руската анексија на Крим од Украина во 2014 година, но избра да го преориентира својот водечки надворешнополитички проект, Иницијативата „Појас и пат“, за подобро да се интегрира со Русија и помалку да се фокусира врз Украина.
Синдикатите и Министерството за здравство се договорија, здравствените работници ќе добијат поголеми плати

Синдикатите од здравство кои неколку часа пред најавениот протест беа на средба во Министерството за здравство постигнаа договор. На денешната средба потпишаа анекс на колективниот договор и зголемување на платите.
Медицинските сестри ќе добијат 3000 денари зголемување, а останатите вработени во здравство 2.000 денари. Покачувањето ќе важи од март месец, а за официјализација се чека одобрувањето од министерство за финансии и министерот Фатмир Бесими.
„Се договоривме. По три илјади денари за сите сестри и по две илјади денари за сите останати од помошно-технички персонал, администрација, доктори, сите вработени во здравството да имаат бруто покачување со мартовската плата, изјави Предраг Серафимовски, потпретседател на Синдикатот на Клинички центар по состанокот со заменик министерката за здравство и шефот на Кабинет на министерот за здравство.
Серафимовски рече дека и од Министерството за здравство треба да излезат и да ги потврдат овој договор.
Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски рече дека со притисок се успеало да се дојде до изнудување на потпишување на анексот на Колективниот договор за здравствена дејност.
Тој нагласи дека со неговото непотпишување ќе се доведеле во ситуација 11 илјади вработени во здравството да бидат изедначени со минималната плата.
„Очекуваме дека денешниот договор во најкраток период, во тек на наредната недела, ќе биде и официјализиран со потпишување“, рече Каранфиловски.
Инаку, членови на двата синдиката, денеска одржаа протест пред Министерството за здравство.
Кина е подготвена да соработува со Русија за воените прашања

Кинеските воени претставници се подготвени да соработуваат со своите руски колеги за зајакнување на стратешката комуникација и координацијата меѓу двете земји, соопшти денеска кинеското Министерство за одбрана.
„Кина и Русија ќе работат заедно за спроведување на глобалните безбедносни иницијативи“, објави портпаролот на кинеското Министерство за одбрана, Тан Куфеи на редовната прес-конференција.
Двете земји ќе ја продлабочат воената доверба и заеднички ќе ја бранат меѓународната правда и правичност. Тие, исто така, ќе организираат заеднички морски и воздушни патроли и ќе спроведуваат заеднички вежби, додаде портпаролот.
Неодамнешната заедничка вежба на морнариците на Кина, Иран и Русија во Оманскиот Залив ги подобри нивните можности за извршување поморски мисии од различна природа, соопшти кинеското Министерство за одбрана.
„Вежбите дополнително придонесоа за пријателските односи и соработката меѓу трите земји. Кина, Иран и Русија испратија поморски единици вклучувајќи 12 бродови, специјални сили и нуркачки единици за да учествуваат во вежбите, кои се одржаа меѓу 12 и 19 март“, рече Тан Куфеи.
Неодамна, кинескиот претседател Си Џинпинг се сретна со неговиот руски колега Владимир Путин во Русија. Кинеските претставници во таа пригода соопштија рече дека соработката меѓу Австралија, Велика Британија и САД за прашањето на нуклеарните подморници може да предизвика трка во вооружувањето.
Јавната седница се одложи, на Мијалков му застари обвинението за „Титаник 2“

Поради неуредна покана за обвинетите и адвокатите, се одложи јавната седница за предметот „Титаник 2“, а следната е закажана за 13 април. Делото на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, му застарува на 7 април, што значи дека на него нема да му се суди за изборните нерегуларности.
На јавната седница закажана за денеска не дојде обвинетиот Мендух Тачи. Случајот „Титаник 2“, за изборните нерегуларности, два пати влезе во судница во Кривичен суд и по втор пат е во Апелација.
Мијалков се гонеше за примање награда за противзаконито влијание.
Првата пресуда за „Титаник 2“ беше укината од Апелација во декември 2019 година. Од тогаш до јануари 2023 година предметот се судеше во Кривичен суд. На повтореното судење, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.
Пред шест дена Апелацискиот суд донесе пресуда и за „Плацеви на Водно“, со која Сашо Мијалков беше ослободен и доби условна казна. Во образложението за условната осуда, од Апелација соопштија дека Мијалков не презел реални постапки во кривичното дело, туку само вербални.
Јовески за смртта на Јана: Немаме резултати од обдукцијата, обезбедуваме други докази

Јавниот обвинител на РСМ, Љубомир Јовески, изјави дека се обезбедуваат сите докази со кои ќе се открие која е причината за смртта на шестгодишната Јана Христовска од Битола.
„Јавниот обвинител од Битола ги презема потребните мерки и обезбедува докази во врска со смртта на девојчето, резултатите од обдукцијата сè уште не се добиени. ЈО работи и на други докази од повеќе лица, кои може да помогнат во расветлување на случајот“, изјави денеска Јовески.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница во Битола, каде што почина петгодишната Јана Христовска. Притоа било констатирано дека на девојчето му била дадена гликоза, заедно со физиолошкиот раствор, но тоа не е констатирано како грешка на педијатрите што го третирале девојчето.
Родителите се убедени дека за смртта на ќерка им пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот ѝ е 9. По инфузијата, шеќерот ѝ се качил на 19 и состојбата ѝ се искомплицирала, а по три часа, им соопштиле дека починала.
Двегодишна условна казна за Митровски во предметот „Империја“

Бизнисменот Зоранчо Митровски во случајот „Империја“ доби условна казна од две години затвор која нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело.
Покрај казната, со првостепената пресуда судот одлучи Зоранчо Митровски и „Еземит вино“ ДООЕЛ солидарно да платат и отштета од 92,25 милиони денари (околу 1,5 милиони евра) во корист на буџетот на РСМ, додека фирмата АД „Бетон Штип“ за преднајавената штета се упатува парите да си ги бара во граѓански спор.
Изрекувањето на пресудата следува откако Митровски на првото рочиште одржано на 20 март годинава призна вина и постапката за него беше раздвоена. Тогаш со него на обвинителна клупа седнаа и Цветан Панделевски и Јованчо Тасковски. Првиот не призна вина, а вториот побара одложување за да направи увид во штетата.
Митровски пресудата ја доби за две кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.
Во истрагата за „Империја“ беа опфатени 19 лица, но дел од нив во меѓувреме признаа вина и се спогодија со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за дел постапката беше прекината поради застарување, а за дел имаше решенија за запирање на постапката. Спогодба постигнаа седуммина меѓу кои поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и бизнисменот Јордан (Орце) Камчев.
Два американски воени хеликоптери се урнаа над Кентаки

Два американски воени хеликоптери Блек Хок се урнале за време на обука над државата Кентаки, објави американската војска.
„Засега не е позната судбината на членовите на екипажот“, изјави портпаролката на американската војска Нондис Турман, без да го прецизира точниот број на членови на екипажот во хеликоптерите.
Гувернерот на Кентаки, Енди Бешир на Твитер објави дека има можни жртви и дека Федералната полиција на Кентаки и Одделот за управување со вонредни состојби испратиле луѓе на терен.
Локалните медиуми наведуваат дека најверојатно, загинале дури девет лица. Причината за падот на двата хеликоптери се истражува. Хеликоптерите слетале во областа Триг Каунти.
Портпаролката на Армијата рече дека фокусот на главната команда сега е на грижата за екипажот и нивните семејства.
Хеликоптерите кои се урнаа припаѓаат на 101-та воздушнодесантна дивизија, која е единствената таква дивизија во американската војска и во минатото била распоредувана во конфликтните зони ширум светот.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете