Достапни линкови

Вести

Владата одобри стратешка инвестиција за производство на електрична и топлинска енергија

Владина седница

Владата денеска донесе одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект, за проектот „Митилинеос – Когенеративна постројка Скопје“ на Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија „Митилинеос“ ДООЕЛ – Скопје.

Вредноста на инвестицијата се предвидува да биде 211 милиони евра и според предвиденото, се состои од постројка за електрична енергија со моќност 90 до 105 мегавати и топлинска енергија со моќност од 135 со 150 мегавати.

Како дојде до тоа земјава да нема доволно струја?

Како што се наведува во соопштението од денешната 89-та владина седница, годишното производство на електрична енергија се очекува да изнесува околу 1.150 гигават часови и околу 275 гигават часови топлинска енергија, коишто, се очекува да бидат испорачани во соодветните енергетски системи – МЕПСО и системот за пренос на топлина на Град Скопје.

„Донесената одлука е во насока на определбите на Владата за создавање услови за зголемување на домашното производство на електрична и топлинска енергија“, посочуваат од владината прес-служба и додаваат дека одлуката била донесена согласно Законот за стратешки инвестиции, а по јавен повик за поднесување барање за утврдување стратешки инвестициски проект, објавен на 31 јануари годинава.

види ги сите денешни вести

Ковачевски и Шоле разговарале за стабилноста, евроинтеграциите и поддршката од САД

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер, премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошевски

Зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан се меѓу врвните надворешно-политички приоритети за земјава, истакнал вечерва премиерот Димитар Ковачевски во телефонскиот разговор со советникот на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле при што му се заблагодарил за помошта што ја дава САД.

Како што соопштија од Владата, на разговорот присуствувале министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошевски и американската амбасадорка во Скопје, Анџела П. Агелер. Притоа премиерот Ковачевски изразил огромна благодарност до Стејт департментот за значајната поддршка од САД во клучните моменти и важни процеси за земјава, за што од големо значење е стратешкото партнерство меѓу двете земји.

Тема на разговор биле актуелните прашања, при што било оценето дека Северна Македонија е држава којашто напредува и била изразена целосна поддршка на нејзините евроинтеграци, како прашање од државно, регионално и европско значење.

Бугарскиот министер Демерџиев утре ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев

Илустративна фотографија/ Министрите за внатрешни работи на Македонија и Бугарија, Оливер Спасовски и Иван Демерџиев, на средба во Скопје, 30.01.2023

Бугарскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев ќе допатува утре утре во Скопје за да положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“, по повод 151-та годишнина од раѓањето на револуционерот.

Како што јави БТА, Демерџиев ќе биде придружуван од неговиот заменик Венцислав Катинов.

Ова е прва потврда за присуство на бугарски владини претставници на чествувањето во црквата „Свети Спас“, кое е означено како настан од висок ризик при затегнати односи меѓу двете земји кои Гоце Делчев го сметаат за свој национален херој.

Демерџиев во понеделникот беше во Скопје, кога се сретна со својот македонски колега, Оливер Спасовски, кога упатија пораки дека не смее да има инциденти на чествувањето, како и дека нема да се дозволи одредени лица и закани да го разгорат огнот меѓу двата народи.

За време и пред настанот е најавено засилено полициско присуство во обид да се спречат инциденти, поради најавата за присуство на група бугарски граѓани, организирана од бугарската фондација „Македонија“. Полицијата вчеравечер ги затвори улиците кои водат до местото каде што е погребан Гоце Делчев.

Гробот на Делчев, утре ќе го посети владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, почит пред гробот на Гоце Делчев ќе оддаде и претседателот Стево Пендаровски, делегација на Собранието предводена од собранискиот потпретседател Горан Мисовски, како и делегации на институции, партии и граѓански здруженија.

Кој го посетува гробот на Гоце Делчев кога не му е роденден
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:22 0:00

ЕУ постигна договор за ограничувањата на цените на руските горива

Илустративна фотографија

Земјите-членки на Европската унија денеска постигнаа договор за ограничувањата на цените на руските нафтени деривати, пред меѓународното ембарго кое треба да стапи на сила викендов, соопшти Шведска.

„Амбасадорите на ЕУ денеска ги одобрија ограничувањата на цените на нафтените деривати пред конечното усвојување од страна на Европскиот совет (кои ги претставуваат земјите-членки на ЕУ)“, твитнаа официјални претставници од Шведска, која во моментов претседава со ЕУ.

Овој потег е последниот дел од меѓународниот притисок да се ограничи воениот фонд на рускиот претседател Владимир Путин за неговиот напад врз Украина, со таргетирање на неговиот клучен извоз.

ЕУ во декември воведе ембарго на руската сурова нафта што доаѓа по море и заедно со партнерите од Г7, постави ограничување од 60 долари по барел за извоз низ целиот свет. Второто ембарго ширум ЕУ, на руското гориво, треба да стапи на сила во недела. Тоа е насочено кон руски рафинирани нафтени производи како што се бензин, дизел и гориво за греење, кои пристигнуваат на бродови.

Во исто време, ЕУ и групата Г7 на богати демократии, исто така, се согласија да воведат ограничување на цените за руските испораки на овие производи на глобалните пазари.

Дипломатите посочија дека Полска и балтичките земји, кои имаа остар став во ЕУ за санкциите за Русија, се залагаат за поголемо намалување на цената, со цел дополнително да се ограничат приходите на Москва.

Но, ова е чувствително прашање бидејќи Западот не сака целосно да ги прекине руските испораки на светските пазари, за да не ги зголеми глобалните цени.

Кремљ пак ја нападна ЕУ пред стапувањето на сила на ембаргото, инсистирајќи дека тоа „ќе доведе до дополнителна нерамнотежа на меѓународните енергетски пазари“.

„Преземаме мерки за заштита на нашите интереси од ризиците“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Војната на Москва во Украина обезбеди суров повик за будење за ЕУ, која со години се потпираше на евтините фосилни горива од Русија за да ги напојува своите индустрии.

Брисел вели дека ембаргото на сурова нафта доведе до тоа блокот да прекине околу 90 отсто од рускиот увоз, откако беа доделени исклучоци за испораките што течеа преку гасоводот до земји без излез на море, како Унгарија.

ЕУ ја повика Украина да продолжи по патот за членство, без да даде временска рамка

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на заедничката прес-конференција по самитот ЕУ-Украина во Киев, 03 февруари 2023 година

Европската унија ги призна „значителните напори“ на Украина во последните месеци да напредува кон членство во блокот од 27 нации и го повика Киев да продолжи на тој пат, откако лидерите на ЕУ се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, во знак на поддршка за Украина.

Зеленски, говорејќи на прес-конференција по денешниот состанок со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, повторно притисна преговорите да започнат релативно брзо. Тој посочи дека целта на Украина е да започне преговори оваа година, додавајќи „ова не е само цел, туку голема и главна цел“.

Фон дер Лајен рече дека нема ригидни временски рокови за пристапување на Украина во Европската унија и повтори дека Киев мора да исполни одредени критериуми како дел од притискот за членство.

Во заедничката изјава објавена по состанокот се споменува решеноста на Украина да започне разговори „што е можно поскоро“ без да се даде датум. Исто така се додава дека формалниот преглед на напорите на Киев за исполнување на сет услови за започнување на преговорите за влез, треба да се случи подоцна во текот на годинава.

Украина во јуни доби статус на кандидат за членство во 27-члениот блок.

Сепак, Брисел е цврст на својата позиција дека иако ја поддржува кандидатурата на Украина, земјата ќе треба да спроведе широк спектар на демократски и економски реформи и да ја искорени ендемската корупција пред да може да биде примена во блокот, како и дека процесот на прием може да трае многу години.

Иранските демонстранти палат владини пропагандни транспаренти

Илустративна фотографија/ Протест поради смртта на Махса Амини во Техеран, 19 септември 2022 година

Демонстрантите во неколку ирански градови, вклучително и главниот град Техеран, ги запалија владините транспаренти за годишнината од Исламската револуција во 1979 година. Ова е продолжение на големите протести поради смртта на младата Махса Амини, која почина во полициски притвор.

Демонстрантите во населбата Екбатан во Техеран ја покажаа длабочината на нивниот гнев кон владата со извици од прозорците и покривите за „смрт за диктаторот“, алудирајќи на врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи.

Слични сцени се повторија и во други населби на Техеран, како и во други области на земјата.

На неколку видеа објавени на социјалните мрежи се гледа како луѓето ги палат пропагандните транспаренти на владата за 44-годишнината од револуцијата што ги донесе на власт свештеничките власти во Иран. Годишнината се паѓа на 11 февруари.

Немирите беа предизвикани од смртта на Махса Амини на 16 септември. 22-годишникот почина додека беше во притвор, откако беше уапсена од озлогласената полиција за морал поради неправилно носење на задолжителна исламска шамија - хиџаб.

Официјалните власти рекоа дека се работело за срцев удар, по што следеше масовен бран антивладини протести во градовите низ земјата. Властите сурово ги задушуваа немирите, при што групите за човекови права соопштија дека се убиени над 500 луѓе, вклучително и 71 дете.

Официјални претставници, кои го обвинија Западот за демонстрациите, ветија уште посилно сузбивање на демонстрантите. Протестите претставуваат најголема закана за исламската влада од револуцијата во 1979 година.

Уапсени се неколку илјади луѓе, меѓу кои и многу демонстранти, како и новинари, адвокати, активисти.

Блинкен ја одложи посетата на Кина поради спорниот кинески балон

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја одложи посетата на Кина откако кинески балон беше забележан над Соединетите држави, потврди американски официјален претставник.

Кина претходно изјави дека балонот што лета над Соединетите држави е всушност метеоролошки цепелин. Тие исто така изразија жалење што балонот залутал во американскиот воздушен простор.

Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе ја продолжи комуникацијата со Соединетите Држави за справување со неочекуваната ситуација.

„Цепелинот е од Кина и е од цивилна природа и се користи за метеоролошки и други научни истражувања. Поради влијанието на западните ветрови и ограничената способност за маневрирање, цепелинот отстапил од планираниот курс“, се вели во соопштението.

Американските власти претходно соопштија дека кинески шпионски балон лета над Соединетите држави веќе неколку дена.

САД и Канада следеа балон кој лета на голема височина над Северна Америка и чувствителни воени локации. Пентагон објави присуство на балон во воздушниот простор на САД во четвртокот навечер, а канадската влада на 3 февруари соопшти дека истражува „уште еден потенцијален инцидент“.

На барање на американскиот претседател Џозеф Бајден, Пентагон размислуваше за соборување на балонот, но беше оценето дека тоа ќе претставува ризик за луѓето на теренот, изјави неименуван американски претставник.

„Нема сомнеж дека балонот е од Кина“, додаде тој.

Портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер, рече дека САД и Канада ја следат траекторијата на балонот.

Инаку Блинкен требаше да го посети Пекинг следната недела, за да се сретне со неговиот кинески колега, министерот за надворешни работи Чин Ганг, а беше отворена можноста за средба и со кинескиот претседател Кси Џинпинг.

Мери Дика Георгиевска е новата претседателка на скопска Апелација

Илустративна фотографија

Судијката од скопска Апелација, Мери Дика Георгиевска е нова в.д. претседателка на Апелацискиот суд Скопје.

Одлуката ја донесе Судскиот совет, во текот на денешната 429-та седница.

Претходно беше донесена и одлука за престанок на судиската функција на Лидија Димчевска, поради исполнување на услови за старосна пензија.

Димчевска, од март 2018 година беше в.д. претседателка на скопска Апелација.

На денешната седница било расправано и за избор на генерален секретар на Судскиот совет, но не е донесена одлука за избор, па ќе се носи на наредната седница.

Уапсени над 1.800 мажи во Индија поради малолетнички бракови

Илустративна фотографија

Полицијата во индиската држава Асам уапси повеќе од 1.800 мажи поради венчавки или склучување бракови со малолетни девојчиња. Со ова, како што рече Химанта Бисва Сарма, главниот министер на оваа источна индиска држава, започна процесот на сузбивање на оваа практика.

Апсењата започнаа претходната ноќ, изјави Бисва Сарма за Ројтерс, и најави дека има големи шанси бројката да расте. Цел на полицијата се и оние кои помагаат да се регистрираат малолетнички бракови во храмови и џамии низ Индија.

„Детските бракови се главната причина за детска бременост, која пак е одговорна за високите стапки на смртност на мајките и доенчињата“, рече министерот.

Владата на Асам има регистрирано 4.004 луѓе имаат поврзаност со детските бракови. Склучување брак под 18 години е спротивно на законот во Индија, но отворено се прекршува.

Обединетите нации проценуваат дека Индија има најголем број омажени девојчиња, околу 223 милиони.

УНИЦЕФ, во својот извештај за 2020 година, наведува дека секоја година се мажат скоро 1,5 милиони девојчиња.

Ковачевски најавува забрана за влез во земјава на провокатори и негатори на македонскиот народ и држава

Премиерот Димитар Ковачевски

Сите што се недобронамерни, провокатори и го негираат македонскиот народ и држава, нема да влезат во државата, најави премиерот Димитар Ковачевски во пресрет на утрешното чествување на Гоце Делчев, по повод 151-годишнината од неговото раѓање.

Тој апелираше на мирно и достојно чествување, при што посочи дека секој странски државјанин за кој МВР има информации дека е лице „коешто со влезот во државата може да ја наруши националната безбедност, владеењето на правото, јавното здравје или меѓународните односи на државата“, нема да биде пропуштен во државата.

„Тие одлуки се носат согласно Закон за странци, согласно информациите со коишто располага МВР, се носат на денот на настанот и во деновите пред настанот. Можете да видите дека МВР уште од вчерашниот ден ги презема потребните активности“, рече Ковачевски.

Ваквите најави доаѓаат во време на затегнати односи меѓу Македонија и Бугарија, ден пред чествувањето на Делчев, кога бугарски групи најавија свое присуство на гробот на револуционерот во црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде ќе биде одбележувањето.

Премиерот рече дека засега Владата не добила најава дека делегација од Бугарија ќе присуствува на чествувањето.

Посочи дека согласно со заклучоците од Советот за безбедност кај претседателот на државата и согласно со одлуките на Владата, МВР е задолжено да обезбеди мирно и достоинствено чествување на годишнината од раѓањето на, како што рече, најголемиот борец за независна македонска држава - Гоце Делчев.

Апелираше дека „сите треба да бидеме обединети, сите треба да бидеме горди и сите треба заедно да покажеме достојна почит на великанот на македонската револуционерна борба“ и дека „МВР и Владата тоа ќе го овозможат“.

Инаку, и двете држави сметаат дека Гоце Делчев е нивен револуционер. Односите меѓу Северна Македонија и Бугарија се затегнаа во 2020 година, кога Софија го стави двегодишното вето за македонските евроинтеграции. Причина за тоа, меѓу другото, беа и историските несогласувања.

Нова есклација имаше изминативе недели, кога група Бугари во Скопје, ја славеа Мара Бунева и скандираа дека Македонија е бугарска, а во Охрид беше претепан македонскиот Бугарин, Христијан Пендиков. Бугарските власти во инцидентот видоа злосторство од омраза и напад врз Бугарите во Македонија.

Антикорупциска бара кривично гонење на чаирскиот градоначалник Висар Ганиу

Илустративна фотографија

Поради основано сомневање дека со непостапување при незаконско градење овозможиле прибавување корист за друго лице, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) одлучи да покрене иницијатива за кривично гонење на градоначалникот на општина Чаир Висар Ганиу и овластен градежен инспектор. Иницијативата ќе биде поднесена до надлежното Основно јавно обвинителство за поведување кривична постапка за „злоупотреба на службена положба и должност“.

Како што појасни членот на ДКСК, Владимир Георгиев, со самото не постапување и не одговарање на дописите на Државниот градежен инспекторат и ДКСК, создале сомнеж дека се знаело за објектот, меѓутоа не се постапувало.

„Барањето од група граѓани, кои што се обратиле до Државниот инспекторат за градежништво е крајот на 2018 година. Ние, одговорот со сите ургенции го добивме три години подоцна“, изјави Георгиев.

Предметот бил доставен од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, по пријава до нив од граѓани против непознат инвеститор за сторено дело – бесправно градење на објект. Оттаму ја доставиле претставката до овластениот градежен инспектор во општината Чаир, а од градоначалникот било побарано да ги преземе сите со закон предвидени дејствија. Немало одговор од општината, па од Инспекторат поднеле ургенција, на која што повторно не добиле одговор по што се обратиле до ДКСК изразувајќи сомнеж дека се работи за дивоградба.

И ДКСК побарал одговор од општината и ја добиле по третата ургенција, каде по увид во списите било констатирано дека за објектот имало барање за утврдување статус на бесправно изграден објект и дека објектот ги исполнува условите за легализација.

ДКСК, посочува дека доколку било постапено по барањата на Инспекторатот и Антиркорупциска, во периодот од три години, би можело да биде спречено и да бидат применети одредбите за уривање на градбата и други мерки предвидени во законот, а кои што се во надлежност на општината.

Претседателот Пендаровски и неговиот Кабинет не ја примиле јануарската плата

Претседателот на државата Стево Пендаровски

Претседателот на државата Стево Пендаровски и неговиот Кабинет не земаа плата за минатиот месец, бидејќи Министерството за финансии нема дополнителни средства за исплата на платите, потврдија од Кабинетот на претседателот. „Кабинетот на претседателот во согласност со потпишаниот Колективен договор со Синдикатот на вработените, предвиде покачување од 5 проценти на плата само за државните службеници кои се вработени во Кабинетот на претседателот. Ова покачување не се однесува за претседателот, именуваните лица и посебните советници во Кабинетот. Средствата за Буџетот во 2023 година се обезбедени преку сопствени заштеди во буџетот на нашата институција и за ова не се побарани дополнителни средства од Министерството за финансии“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Според Кабинетот, ова образложение е неосновано. „Барањето за финансиски средства за плата за месец јануари 2023 година, кое Кабинетот на претседателот го достави до Министерството за финансии е изработено во согласност со Законот, во рамки на одобрените средства во Буџетот на Република Македонија за 2023 година, буџетскиот корисник – Претседател и во согласност со Колективниот договор за вработените при Претседател на Република Македонија, додаваат од Кабинетот.

Во осум средни училишта во Скопје дојава за поставена експлозивна направа

Во СВР Скопје денеска околу 11:40 часот е пријавено дека на електронска адреса на осум средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. „Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштето и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираа од МВР. Последните дојави за поставени бомби беа кон крајот на минатата година кога беа евакуирани се 20 училишта од кои 12 во Скопје и 8 во Куманово по новите закани за поставени бомби.

Од Министерството за внатрешни работи потоа изјавија дека по антитерористичките проверки било констатирано дека дојавите биле лажни. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски тогаш на брифинг со новинари неодамна изјави дека зад овие закани лоцира геостратешки интереси, политички интереси и таканаречени авантуристички интереси. Првата лажна дојава за бомба на е- маил адреса пристигна на 26 октомври. На 9 октомври заканите освен кон училишта се проширија и кон јавни и приватни објекти како Транспортниот центар, трговските центри Ист Гејт и Бисер, зградата Флет Ајрон.

ДКСК со иницијатива за кривично гонење на директорот на АМС за злоупотреби на ваучер системот

Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница донесе одлука да достави иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и членовите на централната комисија поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови во периодот од 2020 до 2022 година. Според анализите на ДКСК годишно на овој начин се трошат околу една милијарда денари, што се вложуваат во спортот по разни основи, но АМС нема никаква отчетност како ги доделува и како се трошат овие средства.

ДКСК, исто така, смета дека е неопходно да се интервенира и во самиот Закон за спорт, со носење на некое ново решение за распределба на средства со почитување на утврдени критериуми, за што веќе се дадени одредени предлози до кабинетот на вицепремиерката за добро владеење и до АМС. Освен од АМС, податоци биле побарани и од фудбалската, кошаркарската, ракометната и одбојкарската федерација, како и до спортските клубови кои користеле средства од ваучери во висина од над еден милион денари. Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, посочи дека тие не се против доделување средства на клубовите, туку да се направи праведен систем без фаворизирање.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог закон за амнестија на осудените за нaстаните од 27 април во Собранието

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието поднесе Предлог закон за амнестија на лицата осудени за настаните од 27 април 2017 година. Како што појасни координаторот на пратеничката група на опозициската партија, овој закон е резултат на иницијативата и заедничката заложба на адвокатите Јанаки Митрески и Драган Пешевски и целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. „Многу важно е да се напомене дека е само продолжение на претходниот закон за амнестија кој што е донесен во декември 2018 година, но со една голема и суштинска исправка а тоа е надминување на селективноста и селективната правда која што произлегуваше од законот донесен во 2018 година“, изјави Никола Мицевски.

Со овој закон, потенцираше тој, ќе бидат опфатени сите осудени лица за настаните од 27 април без исклучок. Пратениците од опозициската партија ги повикаа своите колеги од владејачкото мнозинство да го поддржат законот. Доколку не го сторат тоа, ќе покаже и докаже дека, како што рече Мицевски, „за нив селективноста е на прво место, а владеењето на правдата ги нема никаде“. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ исто така истакна дека дале поддршка на адвокатите двата процеси да одат паралелно односно да се чека одлуката од Врховниот суд по барањето за вонредно преиспитување на пресудата и носење на закон за амнестија.

Српските пратеници ја продолжија седницата за Косово

Специјалната седница за Косово во српскиот парламент. (02.02.2023)

Пратениците на српскиот парламент ја продолжија седницата на чиј дневен ред е Извештајот за преговарачкиот процес со привремените институции на самоуправа во Приштина, кој пред пратениците го презентираше претседателот на Србија Александар Вучиќ. На вчерашната дебата, Вучиќ зборуваше за француско- германскиот предлог и изјави дека Србија ќе продолжи да преговара за секој, дури и најлош, предлог за Косово бидејќи не смее да ги повтори лошите искуства од минатото.

Вучиќ во парламентот презентираше десет точки со кои ќе се менаџира во наредниот период, а не сите се однесуваат на Косово, туку и на развојот на Србија воопшто. Во текот на расправата дојде до инцидент и краток прекин во работата, кога пратениците од опозицијата станаа и се упатија кон претседавачката маса тврдејќи дека им е ускратено правото да одговорат. Претседателот на Собранието, Владимир Орлиќ, тоа го окарактеризира како „напад врз претседателот на државата“, а дошло до пресметка меѓу членовите на власта и дел од опозицијата. На седницата и денеска присуствува Вучиќ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG