Достапни линкови

Вести

Во Прага прв состанок на Европската политичка заедница

Денеска во Прага ќе се одржи првиот состанок на Европската политичка заедница, покрај лидерите на Европска унија, ќе учествуваат и оние од земјите на Западен Балкан. Главната цел е „да се спроведе политичка дискусија за стратешки прашања од заеднички интерес за европскиот континент“, велат од ЕУ, додавајќи дека меѓу главните теми ќе бидат војната во Украина, енергетската криза и економската ситуација во Европа. Европската политичка заедница, идејата на францускиот претседател Емануел Макрон, треба да обезбеди платформа за политички дијалог и соработка со земјите кои сакаат да влезат во ЕУ и земјите кои немаат такви аспирации, но ги споделуваат демократските вредности на ЕУ.

Северна Македонија на самит на Европската политичка заедница

Таквата заедница, како што истакна Макрон, ќе го надополни процесот на пристапување во ЕУ, а не ќе го замени. Многумина, сепак, беа загрижени дека европската политичка заедница може да стане алтернатива на проширувањето на ЕУ, „за што Франција, како и повеќето западни земји беа скептични пред руската инвазија на Украина да му даде нов поттик на процесот“, наведуваат од Унијата. Макрон најави дека состаноците на Европската политичка заедница ќе се одржуваат на секои шест месеци. Македонската делегација на состанокот во Прага ја предводи премиерот Димитар Ковачевски. За време на посетата на премиерот Ковачевски заедно со премиерот на Украина Денис Шмихал, ќе присуствува на потпишувањето на договори помеѓу Република Македонија и Украина поврзани со слободната трговија и обезбедувањето храна.

види ги сите денешни вести

Брисел бара независна истрага за масовните гробници кај болниците во Газа

Медицински тим ги проверува телата на Палестинците убиени во израелска воена офанзива во близина на болницата „Насер“ во Кан Јунис, јужниот дел на Појасот Газа, на 21 април 2024 година.
Медицински тим ги проверува телата на Палестинците убиени во израелска воена офанзива во близина на болницата „Насер“ во Кан Јунис, јужниот дел на Појасот Газа, на 21 април 2024 година.

Европската унија(ЕУ) бара независна истрага за масовните гробници oткриени во двете големи болници во разурнатата Газа, рече Петер Стано, портпарол на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАЦ).

„Бараме независна истрага за сомнежите и околностите на тоа откритие, бидејќи тоа создава впечаток дека можело да има прекршување на човековите права“, рече Стано.

Во вторникот, на 23 април, Обединетите Нации повикаа на независна истрага за масовните гробници откриени во двете главни болници во Појасот Газа.

Во изјавата, високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк рече дека е „згрозен“ од уништувањето на најголемата болница во Газа, болницата „Ал-Шифа“ и медицинскиот комплекс „Насер“ во Кан Јунис, како и од откривањето на масовните гробници до нив.

Израелската армија негираше каква било одговорност и соопшти дека е „неосновано да се верува“ дека ги закопала телата на Палестинците.

Претставник на цивилната одбрана во Појасот Газа во вторникот за АФП изјави дека неговите тимови откриле тела на 340 луѓе во масовни гробници на теренот на болницата „Насер“ од саботата.

На почетокот на април, болницата „Ал-Шифа“ беше оставена во урнатини по израелската воена акција.

Болниците во Појасот Газа беа цел на израелските воени операции како одговор на упадот на Хамас (кого САД и ЕУ го прогласија за терористичка организација) на израелска територија на 7 октомври.

Според Израел, Хамас извршува напади од болници и таму крие оружје во тунели, што Хамас го негира.

Во нападот на Хамас со кој започна војната, милитантите убиле околу 1200 луѓе, главно цивили, а зеле околу 250 заложници. Израел вели дека милитантите сè уште држат околу 100 заложници и останките на повеќе од 30 други.

Како одговор, израелската воздушна и копнена офанзива во Газа, чија цел беше елиминирање на Хамас, уби повеќе од 34 000 Палестинци, според локалните здравствени власти, од кои околу две третини се деца и жени. Офанзивата ги уништи двата најголеми града во Газа, создаде хуманитарна криза и предизвика околу 80 отсто од населението на територијата да избега во другите делови на опколената крајбрежна енклава.

До 17 часот излезноста на гласачите е 44,18 отсто

Северна Македонија - Прес конференција на Државната изборна комисија (ДИК) за претседателските избори, 24.4.2024 година
Северна Македонија - Прес конференција на Државната изборна комисија (ДИК) за претседателските избори, 24.4.2024 година

Излезноста на гласачите до 17 часот е 44,18 отсто, објави Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференција попладнево, додека трае гласањето на седмите претседателски избори во Северна Македонија.

До ДИК до 17 часот се пристигнати податоци за излезност на гласачите од 1.788 избирачки места, со вкупно 899.977 запишани гласачи на овие избирачки места. Од нив, гласале 397.612 избирачи, односно 44, 18 отсто од вкупно запишаните, рече Даштевски.

Според податоците за излезност до 17 часот, најголем одзив на гласачи има во Новаци, од 67,19 отсто. Најмал е одзивот во Пласница, од 15, 5 отсто.

„Во споредба со првиот круг од претседателските избори во 2019 година, до 17 часот на овие избори има поголема излезност околу 9 отсто. Гласањето досега се одвива мирно на сите избирачки места“, рече Даштевски.

Досега, до Државната изборна комисија се доставени 308 приговори за заштита на лично избирачко право. Од нив, 75 приговори се усвоени, 27 приговори се отфрлени како неуредни, а 38 се одбиени. Останатите приговори се обработуваат.

Гласање не се одвива на три избирачки места во Куманово. Како што појаснија од ДИК, според Изборниот законик, доколку за три часа не почнало гласањето, истото се прекинува.

Во другите избирачки места гласањето тече нормално, рекоа од ДИК.

Во Северна Македонија денеска, 24 април, се одржува прв круг претседателски избори на кои право на глас имаат 1.814.317 граѓани. На изборите се кандидираа седуммина кандидати.

Украина „погоди руска нафтена рафинерија“ во Смоленск

Пожар во нафтена рафинерија во Смоленск, Русија, 24 април 2024 г.
Пожар во нафтена рафинерија во Смоленск, Русија, 24 април 2024 г.

Денеска (24 април) наутро Службата за безбедност на Украина (СБУ) изврши напади со дронови при што запалени се складишта со нафта во руската област Смоленск, потврди за Радио Слободна Европа (РСЕ) извор упатен во случајот.

Дроновите погодиле две складишта за гориво и енергија во населбите Јарцево и Роздоров во регионот на Смоленск со што се предизвикани големи пожари и евакуација на вработените, изјави изворот на РСЕ.

„Во овие складишта има 26.000 кубни метри руско гориво. По силните експлозии, во објектите избувнал голем пожар, поради што персоналот е евакуиран“, вели изворот за РСЕ.

Тој додава дека СБУ смета отиобјектите се легитимни воени цели бидејќи служат за логистика – ја снабдуваат руската армија со гориво.

Гувернерот на Смоленск, Василиј Анохин, претходно денеска (24 април) потврди дека украинските беспилотни летала ги погодиле складиштата за гориво и енергија во неговиот регион, при што ги запалиле.

„Нашиот регион повторно е нападнат од украински беспилотни летала“, напиша Анохин, додавајќи дека нема жртви и дека пожарот го гаснат итните служби во областите Смоленск и Јарцево.

За пожарите во нафтените рафинерии во Смоленск и Јарчево информираа и очевидцти. На каналот „Астра“ на Телеграм беше објавено видео снимено од очевидци, а на кое наводно се гледа голем пожар во рафинеријата.

Соочен со зголемен недостиг на системи за противвоздушна одбрана, оружје и муниција, Киев се повеќе прибегнува кон воздушни и поморски напади со беспилотни летала на територијата на Русија, насочени како кон воени цели, така и кон капацитети за преработка на нафта.

Нападите се дел од напорите за намалување на снабдувањето со гориво за руската војска, како и приходите од извоз што Москва ги користи за финансирање на војната.

Интернет-страницата „Хисторис“, на почетокот на месецов објави дека украинските дронови можат да уништат 15 отсто од руските рафинерии за нафта, додека руската статистичка служба наведува дека до крајот на март производството на бензин во земјата е намалено за 14,3 отсто, а производството на дизел за седум отсто.

Според британското разузнавање, Русија од 23 март изгубила најмалку десет отсто од капацитетот на рафинериите за нафта поради напади со беспилотни летала.

Велика Британија оценува дека нападите предизвикуваат финансиски загуби за Русија бидејќи влијаат на домашниот пазар на гориво.

Седум експрипадници на југословенската армија осудени за воени злосторства врз косовските Албанци

Судот во Белград (архивска фотографија)
Судот во Белград (архивска фотографија)

Поранешниот припадник на Војската на Југославија (ВЈ), Топлица Миладиновиќ е осуден на 20 години затвор за воени злосторства врз косовските Албанци во селата во околината на Пеќ во 1999 година.

Како што денеска (24 април) објави Вишиот суд во Белград на својата веб-страница, за воени злосторства се осудени уште шестмина други поранешни членови на југословенската армија – Предраг Вуковиќ на 13 години, Абдулах Сокиќ на 12 години, Синиша Мишиќ на пет,а по две години затвор добиле Лазар Павловиќ, Славиша Кастратовиќ и Бобан Богиќевиќ.

Ослободителни пресуди, пак, добиле Вељко Корачанин и Милам Ивановиќ.

Според обвинението, поранешни членови на 177-от воен територијален одред на југословенската армија, познат како „Шакали“, учествувале во масакрот на косовските Албанци во селата Ќушка, Захач, Пављан и Љубениќ во текот на април и мај 1999 година.

Обвинетите, како што се наведува во обвинението, учествувале во убиства и уништувале и опустошувале имоти на цивили.

Обвинителството го обвини Топлица Михаиловиќ дека како командант на територијалниот одред наредил протерување на албански цивили и оти знаел за убиствата и грабежите направени при присилното раселување.

Во обвинението се наведува дека убиствата биле извршени на суров и подмолен начин, дека жртвите често биле пукани од зад грб, по што повеќето тела биле запалени за да се оневозможи идентификација на жртвите.

Пресудата на Вишиот суд не е правосилна односно може да се обжали до Апелациониот суд.

Претставничката на невладиниот Фонд за хуманитарно право (ФХП), Наташа Канди, по пресудата за воени злосторства во околината на Пеќ изјави дека човечкиот живот не е важен во судските постапки.

„Моето чувство, по 14 години од почетокот на судењето за убиството на цивилите во Ќушка, Захаќ, Љубениќ и Пављан, е дека човечкиот живот не е важен во судските постапки“, вели таа во изјава дадена преку соопштение од ФХП.

Судењето за случајот „Ќушка“ започна во 2010 година, првата пресуда беше донесена во 2014 година, но Апелацискиот суд на Србија ја укина во 2015 година.

До 15 часот правото на глас го искористиле 35 проценти од гласачите

илустрација
илустрација

Одзивот на гласачите до 15 часот, на првиот круг од претседателските избори изнесува 35 проценти. Според податоците на официјалната веб страница на Државната изборна комисија (ДИК).

Право на глас до 15:00 часот оствариле 534 988 граѓани.

Најголем одзив е забележан во општините Новаци (57,69) отсто и Крива Паланка (51,92) проценти, а најмал во општините Маврово-Ростуше (17) отсто и Центар Жупа (13, 11)отсто.

Во Северна Македонија денеска (24 април) се одржуваат претседателски избори на кои право на глас имаат 1.814.317 граѓани.

Киев од ЕУ доби транша од 1,5 милијарди евра

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Украина доби од Европската унија нова транша од 1,5 милијарди евра финансиска поддршка и се надева дека ќе добие уште десет милијарди евра подоцна оваа година, соопштија властите.

Украинскиот министер за финансии Сергеј Марченко изјави дека ЕУ, која ѝ обезбеди на Украина 31 милијарда евра, стана најголемиот донатор на буџетско финансирање на Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

„Меѓународната поддршка е клучот за обезбедување макроекономска стабилност и градење на основите на економскиот раст“, рече Марченко.

Соединетите држави, кои одобрија милијарди долари во нов пакет помош за Украина, се исто така важен донатор.

Украина се соочува со буџетски дефицит од 37 милијарди долари оваа година и во голема мера се потпира на финансиската помош од западните партнери за финансирање на социјалните и хуманитарните трошоци.

Киев го користи најголемиот дел од својот државен приход за финансирање на одбранбените напори, додека неговите војници се борат против поголемата и подобро опремена војска на Русија, пишува Ројтерс.

Израел се подготвува да ги евакуира цивилите од Рафа пред пред да го почне нападот што го вети

Раселени Палестинци ја проверуваат локацијата по израелски напад врз шаторскиот камп во Рафа, јужниот дел на Појасот Газа, на 22 април 2024 година.
Раселени Палестинци ја проверуваат локацијата по израелски напад врз шаторскиот камп во Рафа, јужниот дел на Појасот Газа, на 22 април 2024 година.

Израел набави десетици илјади шатори за палестинските цивили кои во следните недели планира да ги евакуира од Рафа, пред ветениот напад врз градот што го гледа како последен бастион на Хамас во Појасот Газа, соопштија денеска израелски извори.

На египетската граница, населението на Рафа се зголеми за дополнителни над еден милион Палестинци кои избегаа од шестмесечната израелска офанзива во другите делови на Појасот Газа.

Нивната судбина ги загрижува западните сили, но и Египет, кој ја отфрли можноста за какво било прифаќање на бегалците на Синај.

По неколкунеделни преговори со САД за мерките за заштита на цивилите, израелското Министерство за одбрана купи 40.000 шатори, секој со капацитет од 10 до 12 лица, за Палестинците да бидат преселени од Рафа, соопштија израелски владини извори.

Видео кое кружи на интернет покажува квадратни бели шатори кои се подигнати во Кан Јунис - град кој се наоѓа на пет километри од Рафа.

Ројтерс не можеше да го потврди ова, но доби снимки од сателитската компанија „Maxar“ на кои се прикажани повеќе шатори во Кан Јунис, каде што немаше ништо на 7 април.

Израелското Министерство за одбрана одби да даде каков било коментар.

Владини извори рекоа дека воениот кабинет на премиерот Бенјамин Нетанјаху планира да се состане во следните две недели за да ја одобри евакуацијата на цивили, што се очекува да потрае околу еден месец и се претпоставува дека тоа е првата фаза од чистењето во Рафа.

Кабинетот на Нетанјаху не даде веднаш коментар.

Иако таа не наведе детали за конкретни борбени планови, израелската армија се почесто испраќа сигнали дека е подготвена да тргне во Рафа.

„Хамас е силно погоден во северниот сектор. Силно е погоден и во центарот на Појасот Газа, а наскоро ќе биде тешко погоден и во Рафа, изјави во вторникот бригадниот генерал Ицик Коен - командант на 162-та дивизија која дејствува во Појасот Газа.

„Хамас треба да знае дека кога ИДФ (Израелските одбранбени сили) ќе влезат во Рафа, најдобро би било да ги кренат рацете за да се предадат. Рафа нема да биде како Рафа денес... Таму повеќе нема да има муниција. И таму нема да има заложници“, вели Коен.

Во средата армијата објави дека мобилизирала две резервни бригади за мисии во Појасот Газа.

Израел тврди дека Рафа е дом на четири недопрени борбени баталјони на Хамас - организација означена како терористичка од Соединетите Држави и Европската унија, која е засилена со илјадници борци од исламистички екстремистчки групи кои се повлекуваат.

Победата во војната во Појасот Газа започната по убиствата и киднапирањата од страна на Хамас на 7 октомври 2023 година, е невозможна без заземањето на Рафа, поразот на Хамас и враќањето на сите заложници, тврди Израел.

Хамас не коментира за своите распоредувања.

Во говорот во вторникот по повод 200-тиот ден од војната, портпаролот на вооруженото крило на Хамас, Абу Убаид, рече дека Израел постигнал само „понижување и пораз“ во кампањата која, според медицинските претставници на Хамас во Газа, убиени се повеќе од 34.000 Палестинци.

На 7 октомври Хамас уби 1.200 луѓе и киднапираше 253, според израелските податоци. Од тие заложници, 129 останаа во Појасот Газа, велат израелските власти. Повеќе од 260 израелски војници се убиени во копнени борби од 20 октомври, соопшти армијата.

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Зградата на Европскиот парламент.
Зградата на Европскиот парламент.

Европскиот парламент го изгласа Планот за раст за Западен Балкан, што е досега најамбициозниот финансиски пакет на Европската унија за регионот.

За овој пакет гласаа 517 европски пратеници, 56 беа против, а 30 беа воздржани.

Гласањето за пакетот се одржа само еден ден пред распуштањето на Европскиот парламент, бидејќи институциите влегуваат во изборен период, за претстојните избори за новиот состав на парламентот и за функционерите на институциите на ЕУ, кои ќе се одржат меѓу 6 и 9 јуни во сите земји-членки.

Според текстот за кој се договорија Европскиот совет и Европскиот парламент, земјите од регионот ќе треба да исполнат голем број на не толку лесни критериуми за да го искористат пакетот финансиска помош.

Меѓу нив се основните критериуми кои важат подеднакво за сите земји-членки, а се однесуваат на владеењето на правото, почитувањето на принципите на демократијата, институционалните реформи и преземањето на неопходните чекори за да се осигура дека средствата нема да се злоупотребат.

Покрај критериумите поврзани со реформите и владеењето на правото, постојат и критериуми од политичка природа.

За Косово и Србија постои „уште еден услов“ поврзан со напредокот во процесот на нормализација на односите.

Со Планот за раст за Западен Балкан, ЕУ има намера двојно да ја зголеми економијата на земјите од регионот во следните десет години.

Овој план беше предложен од Европската комисија во ноември 2023 година.

Станува збор за фонд од шест милијарди евра, од кои две милијарди се во форма на грантови, а останатите четири милијарди во форма на кредити со многу поволни рати.

Целта на ЕУ е со овој план да го стимулира економскиот раст во шесте земји од регионот, во исто време да го помогне реформскиот процес и со тоа да земјите да се подготват за влез во ЕУ што е можно поскоро.

Според предлогот, ќе се поедностави постапката за исплата на финансиски средства, но заострени се критериумите за нивно добивање.

До 13 часот одзивот на гласачи е 24,92 проценти

Прес конференција на Државната изборна комисија (ДИК), 24 април 2024 година
Прес конференција на Државната изборна комисија (ДИК), 24 април 2024 година

Гласањето на сите избирачки места се одвива мирно, а одзивот на гласачите до 13 часот, на првиот круг од претседателските избори изнесува 24,92 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на прес конференцијата во 13:30 часот.

Право на глас до 13:00 часот оствариле 417 170 граѓани.

Најголем одзив е забележан во општината Новаци (42,87) отсто, а најмал во општината Врапчиште (10,18) проценти.

До Комисијата пристигнале 140 приговори за заштита на избирачките права. Од нив Комисијата усвоила 16 и на истите им било овозможено правото да гласаат. Осум приговори се отфрлени како неуредни, а 9 се одбиени. Останатите се во процес на разгледување.

Во Северна Македонија се одржува прв круг претседателски избори на кои право на глас имаат 1.814.317 граѓани.

МВР: Мирен изборен ден со одредени нерегуларности

Портпарол на МВР, Тони Ангеловски
Портпарол на МВР, Тони Ангеловски

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека изборниот ден се одвива мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Сепак како што изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, на некои места биле регистрирани одредени неправилности.

„Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач“, изјави Ангеловски.

За сите овие настани, како што вели тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.

„Покрај тоа, на територијата на општина Чаир се забележани летоци, кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графита. На едно гласачко место во Скопје, покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“, додава Ангеловски.

Од МВР апелираат граѓаните и учесниците на изборите, да се воздржат од какви било инциденти во текот на гласањето, па се до завршувањето.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG