Достапни линкови

Вести

Ураганот Ијан стигна до Флорида, поплавува населби и корне дрвја

Ураганот Ијан претходно го погоди крајниот запад на Куба

Ураганот Ијан, еден од најсилните досега забележани во САД, синоќа стигна на југозападниот брег на Флорида оваа вечер, корнејќи дрвја и поплавувајќи населби. Во Флорида е прогласена вонредна состојба. Огромното невреме се очекува да предизвика поплави низ поголемиот дел од Флорида бидејќи полека се движи североисточно од државата. Властите во погодената крајбрежна област примаат „значителен број повици“ од луѓе заробени во домовите погодени од ветрови и дождови додека надоѓаат бранови вода.

Бурата Фиона уништи куќи и урна далноводи во Канада

Ијан е класифициран како четврта од петте категории на јачина на урагани, а брзината на ветрот е до 241 километар на час. Ураганот претходно го погоди крајниот запад на Куба, оставајќи ја целата островска држава без струја и уби две лица. Околу 2,5 милиони луѓе на југозападниот брег на Флорида добија наредба да се евакуираат.

види ги сите денешни вести

Премиерот Ковачевски објави видео од својот ручек во студентскиот дом „Гоце Делчев“

Премиерот Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски ги посети студентите во студентскиот дом „Гоце Делчев“, и ручаше риба и грав во студентската менза, заедно со студентите. За ова објави видео на Фејсбук и порача дека студентите се иднината на државата и нема да бидат оставени сами.

„Студентите никој не може да ги тргне од мене. Никој нема да биде оставен сам“, порачува Ковачевски во видеото насловено „Ручек со студентите“.


Видеото доаѓа откако на скоро два месеца по почетокот на академската година студентите поради законски вакуум не добија пари за студентски оброк, при што со новите законски измени се направи обид ова право да им биде скратено повеќе студенти. Ваквите измени беа повлечени по силните реакции во јавноста, а привремено решение се најде по студентскиот протест и средба со студентски претставници во Собранието.

Во истовреме, во дел од медиумите излегоа слики и од студентскиот дом „Стив Наумов“, каде голем дел од студентите живеат во субстандардни услови. Практично, во моментов единствениот целосно реновиран државен студентски дом кој работи во Скопје е „Гоце Делчев“.

Инаку премиерот во последниот период има навика честопати да јаде надвор и да објавува на социјалните мрежи. Така, неодамна во РЕК јадеше сендвич со мортадела, на Широк Сокак се почести со тост, а по ќебапџиња беше во Гостивар.

Османи од Ријад: Големи можности за размена на прехрамбени и земјоделски производи

Прва посета на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на Кралството Саудиска Арабија

Има голем потенцијал за интензивирање на соработката на полето на прехрамбената индустрија, туризмот и енергетиката, се согласиле министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговиот колега Кралството Саудиска Арабија, принцот Фаисал бин Фархан Ал Сауд.

Османи денеска е во прва официјална посета на Ријад, што воедно претставува и прва средба на ниво на министри за надворешни работи од воспоставувањето дипломатски односи.

„Денешната посета претставува потврда на заемната посветеност на развојот на билатералните односи, со посебен акцент на економските врски и трговската размена. Пред нас се отвораат големи можности за понатамошно интензивирање на размената на прехрамбени продукти и земјоделски производи, особено имајќи ги предвид актуелните предизвици со безбедноста на храната во овој регион и нашиот потенцијал за кој ни се потребни нови пазари“, истакнал Османи, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Османи притоа ги нагласил интензивните активности во доменот на економската дипломатија и посветеноста на креирањето поволни услови за странските инвеститори, подвлекувајќи дека саудиските инвеститори во Владата на Северна Македонија ќе имаат доверлив и транспарентен партнер за реализација на нивни потенцијални идни проекти.

Соговорниците разговарале и за можностите на унапредување на билатералните односи, договорната рамка, парламентарната соработка како и соработката на полето на културата и образованието.

СДСМ го обвинува ВМРО ДПМНЕ за манипулација, велат договорот за РЕК Битола е на 18 месеци

Илустративна фотографија

Договорот што ВМРО-ДПМНЕ денеска го спомнува се однесува на период од 18 месеци, односно ќе се покрива ископот на јаглен во текот на грејната сезона 2022/2022 и следната грејна сезона, 2024/2025, се наведува во соопштението на СДСМ како одговор на денешната прес конференција на Стевче Антовски од ВМРО ДПМНЕ во која тој обвинува дека за ист тендер во РЕК Битола годинава биле платени 7 милиони евра повеќе од лани.

Од СДСМ го обвинуваат ВМРО ДПМНЕ за манипулација. Притоа појаснуваат дека промената била направена за да не се случи завршување на Договорот во текот на грејна сезона.

„Колку ВМРО-ДПМНЕ се грижи за енергетиката покажува фактот што оваа партија блокираше поволен заем од 100 милиони евра од ЕБОР за поддршка на енергетските капацитети во време на светска економомска и енергетска криза. На ВМРО-ДПМНЕ воопшто не им е битна енергетиката, за време на 11 години владеење на оваа партија, цената на струјата се зголеми за 100 отсто, а не беше изграден ниту еден нов енергетски капацитет во државата“, велат од СДСМ.

Антовски претходно обвини дека на тендерот имало само еден понудувач, како и дека за ист тендер во РЕК Битола лани биле платени 13 милиони евра, а годинава 20 милиони евра.

Приватните превозници утре ќе ја блокираат крстосницата кај „Мавровка“

Илустративна фотографија

Приватните превозници кои се дел од јавниот автобуски превоз во Скопје утре ќе протестираат со целосно блокирање во сите правци на крстосницата кај Мавровка, односно булеварот „Гоце Делчев“ и булеварот „Крсте Петков Мисирков“.

Според најавите на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, блокирањето ќе биде со повеќе од 30 автобуси и над 300 лица.

„Не е исклучена можноста и не е потврдена информацијата дека на тој ден во утринските часови според можеби поедини превозници да ги блокиранаат излезите односно влезовите на ЈСП-Скопје. Исто така времетраењето на протестот не е утврдено и се планира да трае до исполнување на барањата кои ако брзо не се решат во наредните денови ќе се прошири и на други делови од сообраќајниците во Скопје“, посочуваат од „Слобода превоз“.

Приватните превозници бараат исплаќање на долгот од околу 1 милион евра што им го должи Градот, односно ЈСП-Скопје.

Минатиот месец проблем имаше и со платите на вработените во ЈСП-Скопје, па и тие еден ден не возеа бидејќи имаа колективен штрајк.

Исто така поради долг кој не можеше да го наплати од ЈСП, престанаа да сообраќаат и автобусите на вториот приватен превозник „Мак експрес“, па овие линии во меѓувреме беа заменети со автобусите на ЈСП. Сето ова доведе до гужви, нередовни автобуси и многу нервози кај скопјани.

Уапсена внуката на Хамнеи во Иран по нејзината осуда на режимот

Фаридех Морадкани

Иранските власти ја уапсија внуката на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, откако таа снимила видео во кое властите предводени од нејзиниот вујко ги опишува како „убиствен режим и убивачи на деца“.

Фаридех Морадкани потекнува од гранка на семејството кое има историја на спротивставувања на свештеничкото раководство на Иран, а и самата претходно беше во затвор во Иран.

Нејзиниот брат Махмуд Морадкани на Твитер напиша дека таа била уапсена на 23 ноември откако отишла во канцеларијата на обвинител по добиена покана.

Потоа, на 27 ноември, нејзиниот брат објави видео на Јутјуб каде што таа го осудува „јасното и очигледно угнетување“ на кое Иранците биле изложени.

Татко на Морадкани е дисидентот, шеикот Али Техерани, кој помина 10 години во затвор во Иран.

Чести прекини на водата за пиење во новиот систем во Тетово

Тетово

И оваа недела, поради заматувањето на Лешничка река по секој посилен дожд, тетовци останаа без вода за пиење која се носи преку новиот водоснабдителен систем. Поради заматувањето, сензорите во пречистителната станица го прекинуваат доводот во градската мрежа, па само есенва неколку пати градот морал да се снабдува само со водата од стариот водоснабдителен систем.

Доктор Ратко Давидовски, специјалист по здравствена екологија и хигиена во Центарот за јавно здравје Тетово вели дека има начин да се надмине оваа состојба преку озонирање, филтрација со активен јаглен и користење таложник.

Надминувањето на матноста со овој и другите можности зависи од финансиските капацитети на ЈКП Тетово, смета докторот и појаснува дека за проблемот редовно се информирани институциите на државно и на локално ниво.

„Често се случува да има заматување на водата затоа што на дневно ниво има и два до три дефекти и дотраена е водоводната мрежа и плус разнородна е. Во план е нова водоводна мрежа, мора се промени состојбата затоа што во најдобри времиња на пролет максимални 600 литри вода во секунда е магистралниот цевковод што носи вода од Шар Планина, а апсорпционата моќ е 400 литри на градскиот водовод. И на пролет кога се топи снегот, имаме 750, 600 можат да дојдат, само 420, имаме загуба од 180 литра. Тоа е еден град да се снабдува со вода“, истакнува Давидовски.

За оптимално снабдување на Тетово со вода се потребни околу 300 литри вода во секунда. Најтешко е во зимски услови кога стариот водоснабдителен систем што зема вода од извори на Шар Планина има доток помал од 300 литри во секунда.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека за ист тендер во РЕК Битола се платени 7 милиони евра повеќе од лани

Рек Битола

За ист тендер во РЕК Битола лани се платени 13 милиони евра, а годинава 20 милиони евра, нагласи Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната пред-конференција од партиското седиште, обвинувајќи дека се трошат народни пари за „коруптивен договор“.

„На 22.11.2022 година во РЕК Битола се склучува коруптивен договор во висина од 20.000.000 евра. На тендерот со еден понудувач „Марковски- компани“, која е фирма миленик на директорот Ковачевски за договори во четири очи, понудила точна сума – токму колку што планирале од РЕК Битола да потрошат. Најстрашно е што кога имало конкуренција во претходната 2021 година за истата услуга на истиот оглас во договор од 24.06.2021 година во РЕК Битола платиле 13.000.000 евра што е за 7.000.000 евра помалку“, истакна Антовски.

На Бирото на јавни набавки стои дека споменатата компанија годинава добила тендер за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во Рудник Брод-Гнотино (РЕК Битола).

Антовски рече дека лани кога имало повеќе понудувачи, цената од планирани 13.5 милиони евра паднала на 13 милиони, па прашува како е можно годинава РЕК Битола да платила 7 милиони евра повеќе.

„Меѓутоа лакомоста и криминалот во РЕК Битола не завршува тука. При реализација на овие тендери истиот камион неколку пати поминува на вага со товарениот материјал без да го истовари на депониите за јаглен кои во рудниците во БРОД ГНЕОТИНО не се обезбедени, ниту пак некој ги контролира и истиот товар се наплаќа односно се фактурира неколкукратно. Испорачаната количина на јаглен е неколкукратно помала бидејќи се испорачува еден товар, а се наплаќа повеќепати, се наплаќаат повеќе фактури за истиот товар“, додаде Антовски.

Вчера пак од ВМРО ДПМНЕ обвинија за судир на интереси во склучувањето на договор тежок 632.000 евра со којшто РЕК Битола набавувале средство за спречување кревање прашина, од како што посочија, семејна фирма на директорот на ТЕЦ Неготино.

Заедничката седница во Тирана на албанските и косовските пратеници

Заедничка собраниска седница на Косово и Албанија во Тирана

Албанија и Косово треба да ја споделат одговорноста за трансформација на државните граници меѓу двете земји во формални, нагласи Линдита Никола, претседателка на албанското собрание, во своето обраќање кон пратениците, на првата заедничка седница на парламентите на Албанија и на Косово што денеска се одржува во Тирана.

Заедничката седница се одржува во пресрет на 28 ноември- одбележувањето на 110- годишнината од независноста на Албанија.

„Денес Албанија и Косово се две независни држави. Она што се случи на 28 ноември не беше се што сакаа Албанците, туку камен-темелник на кој ќе се гради иднината. Албанците станаа достојни граѓани на цивилизацијата на која и припаѓаат,“ рече претседателката на Собранието на Албанија.

Според Никола, предизвиците во 21 век се заеднички за сите Албанци.

Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца оцени дека 28 ноември е празник „не само за Албанија, туку и за Косово“. Додаде дека овој датум ја има потребната симболика за зачувување на најскапоцените спомени на Албанците.

Славната војна на нашиот народ го отстрани окупаторот и го отвори патот за прогласување независност, рече Коњуфца и ја обвини Србија дека се обидува да го „дестабилизира Косово и да го подели“.

„Единствената европска земја која останува поврзана со Русија е Србија, која се обидува да го дестабилизира Косово и да го подели. Србија ни се бори од внатре и однадвор, и колку сме поблиску еден до друг, толку полесно ќе ги заштитиме нашите националните интереси“, порача Коњуфца.

Мепсо - засилени активности за реконструкцијата на трафостаницата „Битола 2“

Илустративна фотографија

МЕПСО соопшти дека се користат добрите временски услови за засилени ремонтни активности на ТС „Битола 2“, според договорот за ревитализација на високонапонската опрема во трафостаницата.

Од компанијата посочуваат дека не е лесно во услови на кризи да се држи чекорот со планираните инвестиции, но со „упорност, посветеност и труд“ во рок се завршени планираните активности.

„Со овој процес на модернизација и реконструкција на 400/ 110 kV трафостаница Битола 2, на долг рок не само што ја зголемуваме доверливоста и сигурноста во управувањето со електроенергетскиот систем, туку новата опрема треба да ги сведе на минимум и ризиците од испади или дефекти“, велат од компанијата.

Реконструкцијата почна во 2020 година, со рок од 3 години за планираните зафати. Со неа се менува опремата стара 40-тина години, со нова високонапонска опрема што чини 3,18 милиони евра. Од нив, 2,2 милиони евра се сопствени средства на АД МЕПСО, а останатите се кредит од Европската банка за обнова и развој.

ТС „Битола 2“ има стратешко значење во енергетскиот систем на земјава бидејќи на неа се приклучени РЕК Битола како најголем производител на струја, како и рудниците Суводол и Брод – Гнеотино. Во оваа трафостаница влегува и еден од двата 400 киловолтни далекуводи со кои нашиот национален електропреносен систем е поврзан со електроенергетскиот систем на Грција.

Фудбалската федерација на САД го тргна исламскиот амблем од знамето на Иран

Ирански навивачи пред натпреварот Иран-Велс во Катар, 25 ноември 2022

Фудбалската федерација на САД го прикажува националното знаме на Иран на социјалните мрежи без амблемот на Исламската Република, велејќи дека ги поддржува демонстрантите во Иран пред натпреварот на Светското првенство на двете нации, на 29 ноември.

Федерацијата преку соопштението на 26 ноември објави дека одлучила да се откаже од официјалното знаме на профилите на социјалните мрежи за да покаже „поддршка за жените во Иран кои се борат за основните човекови права“.

Потегот доаѓа во време кога во Иран продолжуваат националните протести против владата на Техеран. На Твитер профилот на тимот на САД беше прикажан транспарент со натпреварите на тимот во групната фаза, а знамето на Иран ги имаше само зелената, бела и црвена боја.

Репрезентациите на САД и Иран во вторник ќе играат меч во Катар, како последен натпревар од третото коло на Мундијалот, по што ќе следи осмина финалето на Светското првенство во фудбал.

Протестите во Иран се интензивираа по смртта на младата Иранка Махса Амини, која почина во притвор откако била приведена бидејќи не носела марама според строгите исламски правила во земјата.

Русија ќе забрани странци да користат Русинки за сурогат мајки

Илустративна фотографија

Русија наскоро ќе усвои закон со кој на странците им се забранува да користат сурогат мајки од оваа земја, изјави претседателот на Долниот дом на парламентот, Вјачеслав Володин, на 27 ноември, Денот на мајката.

Платеното сурогат мајчинство е легално во Русија, но оваа практика беше критикувана од религиозните групи како комерцијализирање на раѓањето деца.

„Мора да се направи сè за заштита на децата со забрана на странците да ја користат услугата за сурогат мајчинство“, објави Володин на Телеграм.

Тој рече дека околу 45.000 бебиња родени од сурогат мајки биле однесени во странство во изминатите неколку години. Новата одлука најави дека ќе биде донесена на почетокот на декември.

„Трговијата со деца е неприфатлива“, додаде тој.

Струјата во Киев е „речиси целосно“ вратена

Илустративна фотографија/ Киев

Електричната енергија, снабдувањето со вода, како и топлината и комуникациите се „речиси целосно“ обновени во Киев, соопшти градската воена администрација на 27 ноември.

Оттаму велат дека „можни се прекини поради оптоварувањето на електричната мрежа“.

Десетици илјади жители на главниот град на Украина останаа без електрична енергија по интензивните руски напади.

Според проценките на градските власти, вчера околу 130.000 луѓе во тримилионската метропола беа погодени од прекините во снабдувањето со струја.

Ова беше причина и за први критики од почетокот на војната од украинскиот претседател Володомир Зеленски кон градоначалникот на Киев Виталиј Кличко за, како што рече, лошата работа во поставувањето засолништа за итни случаи, за да им помогне на оние без струја и топлина по руските напади.

Украина воспостави илјадници „центри за непобедливост“ каде што луѓето можат да пристапат до топлинска енергија, вода, интернет и телефонска врска. Сепак Зеленски рече дека Кличко и неговите службеници не направиле доволно и дека е „потребно повеќе работа“.

Последните руски напади врз инфраструктурата, дополнително ги зголемија стравувањата на Украинците дека им претстои тешка зима.

Со план за рационализирање ќе се штедат енергенси во здравствените установи

Поликлиника Јане Сандански во Скопје

Министерството за здравство направило план за рационализирање на трошоците во здравствените установи, а донесена е одлука јавните здравствени установи да склучат договори за електрична енергија преку ЕСМ продажба по поповолна цена од берзанската.

Како што соопштија до Министерството, дадени се насоки до сите јавни здравствени установи, за рационализирање на сметките и трошоците за оваа намена, но истовремено, како што велат, грижата за пациентите и обезбедувањето здравствена заштита останува врвен приоритет.

Информираат дека засега 24 здравствени установи имаат потпишано договор со ЕСМ продажба, од кои три се во фаза на потпишување и тие веќе добиваат електрична енергија по многу поповолна цена.

Во однос пак на штедењето струја во зградата на министерството, кое е на последно место по штедење споредено со останатите вакви објекти, велат дека се спроведуваат мерки како забрана за користење дополнителни грејни тела, рационално користење на осветлувањето, редовно менување на филтрите на клима уредите, замена на стари прозорци со енергетско ефикасни, поставување штедливи сијалици и слично.

Протести во Шангај поради тешките ковид ограничувања

Протести во Шангај, 27 ноември 2022

Протестите против тешките ограничувања на Кина за Ковид -19 се проширија во повеќе градови, вклучително и во финансискиот центар Шангај рано на 27 ноември, речиси три години од пандемијата, со нов бран на гнев предизвикан од смртоносниот пожар на западот на земјата.

Пожарот на 24 ноември, во кој загинаа 10 лица во висока зграда во Урумчи, главен град на регионот Ксинџијанг, предизвика јавен гнев бидејќи многу корисници на интернет претпоставуваа дека жителите не можеле да избегаат навреме бидејќи зградата била делумно заклучена, што беше негирано од градските власти.

Пожарот и негирањето на властите дека мерките за Ковид-19 го попречиле бегството и спасувањето, поттикнаа бран на граѓанска непослушност без преседан во континентална Кина откако Кси Џинпинг ја презеде власта пред една деценија

Во видео кое кружи на интернет, а кое според агенцијата Франс прес е снимено на улица во центарот на Шангај, стотици демонстранти извикуваат „Си Џинпинг оставка“ и ја осудуваат Кинеската Комунистичка партија, во реткиот приказ на непријателство во економскиот центар кон претседателот и властите.

Друго видео покажува луѓе кои се собираат во центарот на Шангај за да им оддадат почит на десет лица загинати во пожарот во Урумчи.

Стотици се собраа на елитниот универзитет во Пекинг Цингуа за да протестираат против заклучувањата во неделата, изјави за АФП сведок кој сакаше да остане анонимен.

Видеа споделени на интернет покажаа толпа на оваа локација, собрана околу говорникот која извикува: „Ова не е нормален живот, доста ни е. Нашите животи не беа вакви порано!“

Заморот расте во Кина поради тешката политика за борба против пандемијата. Последниве денови во неколку градови веќе се одржаа спорадични, а понекогаш и насилни протести, особено во најголемата фабрика за Ајфон во светот, лоцирана во Женгжу, во центарот на земјата, а во сопственост на тајванската групација Фокскон.

И покрај повеќе достапни вакцини и спротивно на остатокот од светот, Кина продолжува да наметнува карантини веднаш штом се појават случаи на ковид.

Вселенското летало Орион на НАСА постави рекорд десет дена по лансирањето

Вселенското летало Артемис 1 Орион се приближува до Месечината

По десет дена од лансирањето, беспилотното вселенско лето Орион на мисијата на месечината Артемис 1, на НАСА, постави рекорд во однос на поминатото растојание од Земјата.

Тоа е оддалечено од 400.726 километри од Земјата, објави американската вселенска агенција на Твитер на 26 ноември, додавајќи дека ова е најдолгата оддалеченост некогаш помината со вселенско летало направено за човечки патници.

Претходниот рекорд беше поставен пред повеќе од 50 години од мисијата Аполо 13, на 400.101 км.

На капсулата Орион нема луѓе - астронаутите не треба да се приклучат до мисијата Артемис 2 во 2024 година.

Непосредно пред да се постави рекордот на 26 ноември, Орион влезе во орбитата на Месечината.

Програмата Артемис е план на НАСА за враќање на космонаутите на Месечината како отскочна штица за евентуално патување на Марс.

Вчитај повеќе

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG