Вести
Повредата на рбетот била фатална за хрватскиот ракометар Тот
Вештачењата и обдукцијата што биле направени на телото на хрватскиот ракометар Денис Тот кој беше убиен пред ноќниот клуб во Градскиот парк во Скопје во раните утрински часови на 7 април покажуваат дека повредата на ‘рбетниот столб била смртносна. На денешното судско рочиште вештаците од Судска медицина изјавија дека обдукцијата покажала дека со таа повреда на ‘рбетниот мозок тешко дека ќе можел ракометарот да преживее.
За убиството на Тот се обвинети три лица: Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19).
Обвинетите за убиството на Денис Тот не се чувствуваат виновни
Други вештаци треба да сведочат на наредното рочиште, а потоа се очекува во текот на судскиот процес да се гледаат и видеоснимките од безбедносните камери.
На минатото рочиште во судница дојде и таткото на Денис, Игор Тот, кој порача дека очекуваат да се дознае вистината, да се види дали обвинетите се виновни и, ако се виновни, да има соодветна казна.
Одбраната бара наместо за убиство на ракометарот Тот, за им се суди за тепачка со смртни последици
Пред неговото сведочење, пак, воведни зборови дадоа тројцата обвинети. Во кратките излагања пред судот тие порачаа дека никој од нив не сакал да се случи тоа. Нивните адвокати, пак, настапија со теза дека овој кривично-правен настан не може да се квалификува како убиство бидејќи не постоела умисла.
види ги сите денешни вести
Тајланд започна воздушни напади врз Камбоџа по граничниот судир
Тајланд започна воздушни напади врз соседна Камбоџа на 8 декември, соопшти тајландската војска. Ова доаѓа додека двете страни разменуваат обвинувања за најновото разгорување на конфликтот во спорната гранична област во кој загина еден тајландски војник.
Откако камбоџанските војници отворија оган врз тајландските сили во понеделник наутро во покраината Убон Рачатани, „војската доби извештаи дека тајландските војници биле нападнати со боева муниција, што резултирало со смрт на еден војник и ранување на четворица други“, наведува во соопштението портпаролот на тајландската војска, Винтаи Суваре.
Винтаи додаде дека Тајланд почнал „да користи авиони за да нападне воени цели во неколку области“ со цел да ги одбие нападите на камбоџанските сили.
Портпаролката на Министерството за одбрана на Камбоџа, Мали Сочеата, изјави дека тајландските сили започнале напад врз камбоџанските трупи во пограничните покраини Преах Вихер и Одар Минчи во понеделникот наутро, обвинувајќи го Тајланд за „пукање со тенкови кон храмот Тамоне Том“ и областите во близина на Преах Вихер.
Таа додаде дека Камбоџа не возвратила на нападите.
Мет Миасфикдеј, портпарол на покраинската администрација Одар Минчи, изјави дека е пријавено пукање во областите на храмовите Тамоне Том и Та Крабеи, додавајќи дека „голем број жители што живеат во близина на границата бегаат од своите домови“.
Тајландската војска соопшти дека околу 35.000 луѓе во Тајланд се евакуирани од областите долж границата со Камбоџа.
Исто така, тајландската војска ги обвини камбоџанските сили дека лансираат ракети врз цивилни области во покраината Бури Рам, додавајќи дека нема пријавени жртви.
Двете страни објавија за судири во неделата, а тајландската војска објави дека двајца војници се ранети.
Петдневните борби меѓу Тајланд и Камбоџа ова лето резултираа со 43 мртви и околу 300.000 раселени пред да стапи во сила прекинот на огнот.
Прекинот на огнот беше делумно посредуван од САД, Кина и Малезија.
Во октомври, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша заедничка декларација меѓу Тајланд и Камбоџа, промовирајќи нови трговски договори со двете земји откако тие се согласија да го продолжат прекинот на огнот.
Сепак, Тајланд го суспендираше договорот минатиот месец откако во сомнителен инцидент со нагазна мина беа повредени неколку војници.
Оттогаш, двете страни разменуваат обвинувања за нови судири.
Споровите меѓу двете земји се фокусираа на децениски несогласувања околу границите нацртани за време на колонијалното владеење на Франција во регионот, при што двете земји тврдат дека имаат неколку храмови долж граничната линија.
Грчките земјоделци со нови блокади го засилуваат притисок врз власта
Земјоделците од Грција од денеска, 8 декември, ги засилуваат своите активности со дополнителни блокади откако веќе една седмица со трактори на различни локации низ земјата го стопираат сообраќајот.
Во моментов има над 20 локации со блокади, а меѓу нив се и граничните премини како кон Северна Македонија, така и кон Бугарија и Турција. Со стотици трактори, изминативе денови тие повремено ги затвораат граничните премини, секој ден во различен период.
Блокадата на најфреквентниот граничен премин кон Северна Македонија, „Евзони“ („Богородица од македонска страна, кај Гевгелија) ја спроведуваат земјоделци од областа Пеонија и градот Јаница со повеќе од 300 трактори. Тие се наоѓаат таму од минатиот понеделник, а граничниот премин периодично се затвора на неколку часа еднаш во попладневните часови по 12 часот, и потоа уште еднаш во вечерните часови по 18 часот по локално време.
Како што јави дописничката на МИА од Грција, се очекува оваа пракса да продолжи и денеска, иако одлуките, земјоделците ги носат на дневна база, по состаноци на надлежните комисии.
Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи. Едно од нивните барања е исплата и на заостанатите субвенции со кои се им се помага да ги покријат производствените трошоци.
На повеќе локации каде што се одвиваат блокадите, земјоделците поставија и новогодишни елки, што во Грција се толкува како порака дека нема да отстапат и ако треба на улица ќе останат и за време на празниците.
Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, на 7 декември го повтори повикот за дијалог кон земјоделците порачувајќи дека вратата на Министерството за земјоделство е и секогаш ќе биде отворена за дискусија. Тој посочи дека „радикалните форми на протест, како што се блокадите, може да изразуваат притисок, но на крајот од денот го отежнуваат секојдневието на сите“.
Главната блокада што ја спроведуваат земјоделците е во централна Грција, кај Никеа односно во близина на Лариза на автопатот Солун – Атина. Таму сообраќајот досега се одвиваше по споредни патишта, но за 8 декември земјоделците најавија дека ќе ги блокираат и споредните премини од 17 до 19 часот со цел да извршат дополнителен притисок врз власта.
Во Солун, исто така, активни се уште неколку блокади – на патот кон аеродромот и кон Халкидики, но и на патарините на излез од градот.
Во обид да ги зголемат блокадите, за среда е најавено дека земјоделци од областа Тесалија, ќе се упатат кон градот Волос и ќе го блокираат тамошното пристаниште.
Блокади има и на автопатот Е65 што ги поврзува градовите Ламиа, Кардица и Трикала со автопатот „Егнатија“. Протестите се проширија и на Пелопонез и островот Крит.
По критиките од Трамп, Зеленски на разговор со европските сојузници во Лондон
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се сретне со своите клучни европски сојузници во Лондон на 8 декември, откако американскиот претседател Доналд Трамп го обвини дека не го прочитал најновиот мировен предлог.
„Во моментов започнуваме нова дипломатска недела – ќе има консултации со европските лидери. Прво и основно, безбедносни прашања, поддршка за нашата отпорност и пакети за поддршка за нашата одбрана“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање, снимено во воз на 7 декември.
Во Лондон, Зеленски треба да се сретне со британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, најголемите поддржувачи на Киев во Европа.
Во меѓувреме, разговарајќи со новинарите, американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше својот украински колега, велејќи дека е „малку разочаран“.
„Разговаравме со [рускиот] претседател [Владимир] Путин и разговаравме со украинските лидери, вклучувајќи го и Зеленски, претседателот Зеленски, и морам да кажам дека сум малку разочаран што претседателот Зеленски сè уште не го прочитал предлогот, тоа беше пред неколку часа“, изјави Трамп пред новинарите на 7 декември.
Разговорите во Лондон следат по тридневните преговори меѓу украинските и американските претставници во близина на Мајами. Овие разговори завршија со позитивен тон, но не донесоа јасен напредок.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Киев да го прифати мировниот предлог за кој многу критичари велат дека во голема мерка е во корист на Русија.
По преговорите во Мајами, Зеленски рече дека разговарал со американските преговарачи, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
„Американските претставници се свесни за основните позиции на Украина, а разговорот беше конструктивен, иако не беше лесен“, рече Зеленски.
„Очекувам детални информации за сè што беше кажано на американските претставници во Москва и за нијансите што Американците се подготвени да ги изменат во преговорите со нас и со Русите“, рече Зеленски, алудирајќи на украинските главни преговарачи Рустем Умеров и Андриј Хнатов, кои ја претставуваа Украина на преговорите во Мајами.
Во меѓувреме, Русија ги продолжи своите воздушни напади врз клучната украинска инфраструктура додека зимските температури продолжуваат да паѓаат.
Според регионалните власти, руските сили ја нападнале Ахтирка во Сумиската област ноќта на 8 декември.
Гувернерот Олег Григоров изјави дека седум лица се повредени во напад врз деветкатна станбена зграда и сите се префрлени во болница.
Според соопштението на Службата за итни случаи на Украина, пожарникарите изгаснале пожар кој бил од вториот до петтиот кат и евакуирале 35 жители, спасувајќи седум лица, меѓу кои и едно дете, од погодените станови.
Во Чернигов, пак, е оштетена станбена зграда како резултат на пад на руски дрон. Три лица се повредени, од кои едно е хоспитализирано, објави Службата за итни случаи на мрежата Телеграм на 8 декември.
Пред планираните посети на Зеленски на Лондон, Брисел и Рим, на кои тој ќе разговара за мировниот процес, италијанската премиерка Џорџија Мелони разговараше телефонски со него.
Според соопштението од нејзиниот кабинет, таа ја потврди солидарноста на Рим со Киев и вети дека ќе обезбеди итна помош за поддршка на енергетската инфраструктура на Украина и нејзиното население.
Од нејзиниот кабинетот додадоа дека Италија ќе достави дополнителни резерви, вклучително и генератори, за поддршка на енергетската инфраструктура и на украинското население, и оти целта останува траен и праведен мир.
СДСМ бара истрага за Ивица Томовски, тој најави тужба за клевета
Опозицискиот СДСМ денеска изнесе како што наведе „нови докази и документи“ за фирмата „Сити аутсорсинг“ за која велат дека е семејно поврзана со директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски.
Како што објавија од СДСМ, компанијата првично се викала „Сити логистик“ – основана од Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица, со управител Слободан Кутановски, нивен близок роднина – пред да стане „Сити аутсорсинг“. Според објавените податоци од опозициската партија, компанијата добила 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра.
Во денешната прес - конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека компанијата „Сити аутсорсинг“ меѓу контактните телефонски броеви има наведено и број кој при проверка води до фотографија на Ивица Томовски.
„Во документите на ‘Сити аутсорсинг’ стои број кој по проверка, се појавува слика на Ивица Томовски. Ова дополнително ги потврдува семејните врски со татко му Витомир и роднинот Кутановски. Затоа, ДКСК и Јавното обвинителство мора да истражат за конфликт на интереси и корупција во врвот на владата на Мицкоски. Кој сега ќе бара извинување од Томовски?“, изјави Кузеска.
Таа рече дека не планираат да се извинат како што вчера побара директорот на СОЗР, Ивица Томовски. По денешната прес-конференција, Томовски најави тужба за клевета. За телефонскиот број кој јавно го објави опозицијата, не негираше дека е негов.
„Досега не чув каков криминал сум направил, ниту пак видов докази за тоа. Во тоа нивно растурање пердуви, вчера жигосаа уште една домашна компанија која не е моја, а денес јавно го објавија мојот телефонски број – број кој е познат на сите кои ме познаваат, кој го имам со години и кој е единствениот број што го поседувам, доделен пред многу години од мојот татко. На истиот тој број можеа да се јават и да се извинат, но тие одбраа да одиме по судски пат. Затоа уште еднаш повторувам: ќе одговараат и следува тужба“, вели Томовски.
На вчерашните обвинувања од СДСМ реагираше и компанијата „Сити аутсорсинг“, од каде рекоа дека објавените информации се политичка пресметка врз нивен грб.
Судии, обвинители и адвокати протестираат во Белград поради „политички притисок врз судството“
Судии, обвинители и адвокати протестираат пред Уставниот суд на Србија и Правниот факултет во Белград во недела поради, како што велат, политички притисок врз судството.
Протестот беше организиран поради најавата за можни измени на законот за Обвинителството за организиран криминал (ТОК) и затоа што на обвинителот од Првото основно јавно обвинителство во Белград не му беше дозволено да изврши увид на лице место во шаторскиот град пред српскиот Парламент каде што престојуваат поддржувачи на владата.
„Правдата е слепа, судството не е“, пишува на централниот транспарент на учесниците на протестот, кои бројат неколку стотици.
Судијата на Апелациониот суд Милимир Лукиќ изјави дека најавената промена на законот дефинитивно ќе предизвика Обвинителството за организиран криминал да ја изгуби својата автономија и независност.
Тој оцени дека кога ТОК ќе стане дел од Вишото јавно обвинителство во Белград, резултатот ќе биде прво слабеење, а потоа и исчезнување на судските органи одговорни за организираниот криминал.
„Она што најмногу загрижува е што со овој амандман на законот, државата недвосмислено се откажува од институционалната борба против организираниот криминал“, рече тој.
Судијата Александар Трешњев рече дека од Обвинителството за организиран криминал се плашат оние што сториле кривични дела.
„Но, тие нема да кажат дека се плашат од него, ќе кажат дека има криминалци во тоа обвинителство. Не дојдовме тука да браниме некого по име и презиме, дојдовме да го браниме правото и обврската на обвинителот да напише обвинение кога има докази за тоа“, рече тој.
Претседателот на парламентарниот судски комитет, Угљеша Мрдиќ од владејачката Српска напредна партија (СНС), во ноември објави измени во низа судски закони, наведувајќи дека очекува Јавното обвинителство за организиран криминал да биде префрлено под надлежност на Вишото јавно обвинителство во Белград.
Колегиумот на ТОК во неколку наврати изјави дека во последните месеци обвинителите на тоа тело биле изложени на континуиран притисок преку јавни изјави од претседателот на Србија, претставници на законодавната и извршната власт, како и други актери од политичкиот живот и одредени медиуми.
Претставниците на властите ги отфрлаат ваквите обвинувања.
Зеленски се свртува кон Европа откако разговорите меѓу САД и Украина не донесоа јасен напредок
По тридневните разговори меѓу украинските и американските претставници во Мајами, кои завршија со позитивна нота, иако без јасен напредок, украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да се сретне со европските лидери во понеделник за понатамошни мировни разговори.
Неколку часа откако Зеленски изјави дека имал „многу конструктивен“ телефонски разговор со американскиот преговарачки тим - предводен од специјалниот претставник Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер - Русија ги продолжи ноќните воздушни напади врз клучната украинска инфраструктура, бидејќи температурите продолжуваат да паѓаат со доаѓањето на зимата.
Градоначалникот на централниот украински град Кременчук, клучен индустриски центар и дом на една од најголемите рафинерии за нафта во Украина, рече дека неговиот град претрпел „масовен“ напад што ја оштетил електричната и водоводната инфраструктура. Немаше непосредни извештаи за жртви. Руските воздушни напади го погодија источниот украински град Славјанск, при што беа ранети седум лица и оштетени неколку згради.
Ноќните напади продолжија додека напорите за преговори за крај на војната се интензивираа. Русија соопшти дека соборила 77 украински беспилотни летала на неколку локации преку ноќ.
По разговорите во Флорида, Зеленски изјави на Телеграм дека „Украина е посветена на продолжување на искрената соработка со американската страна за постигнување вистински мир“, додавајќи дека двете страни се согласиле за следните чекори и форматот на разговорите, без да даде дополнителни детали.
Зеленски ќе разговара со европските сојузници кога ќе го посети Лондон во понеделник за да разговара за мировниот процес со британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
„Украина може да смета на нашата непоколеблива поддршка. Тоа е целата поента на напорите што ги презедовме како дел од Коалицијата на волјата“, рече Макрон на X во саботата.
Продолжување на разговорите за напорите предводени од САД за завршување на војната
Францускиот претседател рече дека групата ќе „разгледа“ мировни преговори. Европа се спротивстави на раните верзии на мировниот план подготвен од САД и се обиде да ја добие поддршката на Вашингтон за своите предлози.
Макрон, Мерц, Стармер и Зеленски учествуваа на виртуелен состанок на „коалицијата на добронамерните“ пред околу две недели, каде што разговараа за плановите за испраќање европски мировни сили во Украина во случај на прекин на огнот.
Неодамнешната наплив на дипломатски активности за завршување на војната беше предизвикана кога американскиот мировен план од 28 точки беше објавен во медиумите во ноември. Тој почетен предлог се чинеше дека е во голема мера проруски, иако оттогаш претрпе неколку измени за подобро да се прилагодат на загриженоста на Киев. Конечната верзија на предлогот не е објавена.
Белата куќа врши притисок врз Киев и Москва да се согласат за план за завршување на војната, но досега има малку знаци на напредок, и покрај тоа што двете страни се вклучени во процесот предводен од САД.
„Ќе ги продолжиме овие напори заедно со Американците за да ѝ обезбедиме на Украина безбедносни гаранции, без кои не може да има цврст и траен мир“, продолжи Макрон во својот пост.
„Русија е заглавена во ескалациски пристап и не бара мир“, напиша Макрон, додавајќи: „Мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија за да ја принудиме да склучи мир“.
Во американскиот резиме на разговорите меѓу Украина и САД во Мајами, објавено доцна во петокот, се вели дека „двете страни се согласиле дека вистинскиот напредок кон каков било договор зависи од подготвеноста на Русија да демонстрира сериозна посветеност на долгорочен мир, вклучително и чекори кон деескалација и крај на убивањето“.
Територијалните и безбедносните гаранции долго време беа камен на сопнување во разговорите за договор за завршување на војната.
Украина тврди дека праведниот крај на војната би вклучувал сигурни безбедносни гаранции и нема да ја принуди да ѝ предаде повеќе територија на Русија.
На разговорите во Мајами им претходеше посетата на Кушнер и Виткоф на Москва.
Трамп на 3 декември изјави дека американската делегација имала „многу добар состанок“ со рускиот претседател Владимир Путин и дека тие веруваат дека тој „би сакал да види крај на војната“, иако разговорите не доведоа до никаков пробив.
Нов „Марш на ангелите“ во Кочани - родителите со порака „Не бараме одмазда, туку правда“
Родители и блиски на загинатите во дискотеката „Пулс“ денеска на 6 декември повторно излегоа на марш на улиците во Кочани.
„Маршот за ангелите“ почна во 14 и 5 минути, а колоната тргна од Паркот на револуцијата, преку центарот на градот и продолжи покрај Управата за јавни приходи и полициската станица, за да заврши пред Основниот суд, каде родителите ги повторија своите барања.
Тие велат дека очекуваат правда и судење низ докази и одговорност, а не низ стихови и метафори.
„Дали судницата се претвори во Струшките вечери на поезијата? Дали таму се оди за рецитирање или за вистина? Дали зборовите треба да ја покријат смртта на нашите деца? Затоа што, од тоа го слуша јавноста, може да се помисли дека децата не загинале, дека пожар немало, дека никој не е виновен и дека трагедијата била случајна. Нашите деца изгореа живи, во чад и во паника, со крикови за помош што никој навреме не ги слушна. Обвинителството објави дека за предметот има повеќе од 200 гигабајти доказен материјал. Тоа не се празни зборови, тоа се факти. Тоа се трагите на одлуките и неодлуките, тоа е патот на одговорноста“, изјави Александар Наунов, родител на девојка почината во „Пулс“.
Родителите на загинатите велат дека маршевите ќе продолжат и во иднина, но и дека ќе го следат секое рочиште, се додека правдата не излезе на површина.
„Овој марш е за државата да почне да функционира, за институциите да не бидат празна форма, за функциите да не бидат само плата, туку и обврска“,
рече Наунов.
Судската постапка за пожарот во „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени е во тек.
Судењето почна на 19 ноември, а на рочиштето на 2 декември сите 35 обвинети физички лица се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, а наводите во обвинението ги отфрлија и трите фирми кои се опфатени.
Следното рочиште за судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ е закажано за 10 декември.
На обвинителна клупа седат сопственикот на дискотеката Пулс, управители, инспектори, членови на обезбедување, јавни службеници, па дури и поранешни градоначалници и функционери.
Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ: Христијан Мицкоски реизбран за лидер на партијата
Христијан Мицкоски доби трет мандат од делегатите на 18. партиски конгрес што се одржа во Кавадарци и ќе ја води ВМРО-ДПМНЕ во наредните четири години што според статутот на партијата ќе биде негов последен мандат.
Како што соопшти Зоранчо Јованчев, претседател на Изборната комсија, од 817 присутни делегати, 804 гласале и дале поддршка за нов мандат на Мицкоски.
На конгресот во Кавадарци, Мицкоски беше и единствен кандидат за функцијата.
„Не добив само реизбор како претседател на ВМРО-ДПМНЕ туку денеска победи идејата“, изјави Мицкоски во обраќањето по соопштување на резултатите.
„Победи патот што го трасираме за Македонија. Честа е голема и обврската и долгот кон доделената задача уште поголема, рече тој.
На партискиот конгрес кој се одржа под мотото „Визија што гради држава - За генерацијата што доаѓа 2030“, беа усвоени и два политички документа Стратегијата 2025–2030 и Доктрина.
„Тоа не е обичен документ. Тоа е национален договор и рамката што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала. И јас ви ветувам – никој нема да го прекрши тој договор. Ниту јас, ниту Владата. Ниту кој било што ја носи одговорноста. Влегуваме во ново поглавје, со нови задачи каде што целта е да ги решиме најгорливите прашања за граѓаните. Ова е мандат во кој партијата мора да го вложи целиот свој потенцијал во изградба на систем кој е функционален и систем кој мора да им служи на граѓаните“, рече Мицкоски во обраќањето.
Од партискиот конгрес ги најави и процесите кои ќе се случуваат во идниот период во ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека во наредните шест месеци ќе има реформи и кадровски освежувања во сите структури на партијата - од Извршниот комитет се до општинските и месните комитети.
„На ВМРО-ДПМНЕ му е потребна новата генерација што треба да се роди во наредниот четиригодишен мандат. Генерација која ќе изгради од желбата и поривот да се гради татковината, која ќе ја следи и гради стратегијата што ќе обезбеди стабилно и победничко ВМРО-ДПМНЕ и силна иднина за нашата татковина Македонија.
За спорот со Бугарија
Старо-новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор по реизборот за лидер на партијата се осврна и на прашањето со Бугарија, велејќи дека има желба за фер решение, но оти во моментов нема соговорник од бугарска страна.
„Имаме желба да постигнеме фер решение, но за секој договор сакам да знам, за разлика од моите претходници во владата, што добива Македонија и граѓаните од сето тоа. Сакам да знам која е точната иднина која ќе ја обезбедиме за нашиот народ. Европската Унија се чини неподготвена да го фасцилитира овој процес, пред се, поради своите внатрешни проблеми. А, од друга страна, државава премногу даде на патот кон ЕУ која е и понатаму наша цел, но да бидеме реални дека ние мораме да посветиме внимание пред се на домашната задача, да обезбедиме иднина на сите граѓани“, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го повтори ставот дека не е проблем внесувањето на Бугарите во Уставот, туку новите условувања кои, вели, ќе следат на патот на евроинтеграцијата на земјава. Решението кое би се постигнало, додаде Мицкоски, мора да осигура дека македонскиот идентитет е зачуван.
„Многумина ми велат, еден ден ќе дојде СДС и се ќе смени, ќе прифати и нов Устав и смена на идентитет и се живо, затоа дај да се бориме сега да направиме најдобро можно решение, како што впрочем правеше СДС во историјата, коцкајќи се со државата на сметка на тоа да добијат поддршка од надвор за да дојдат на власт. Затоа, сметам дека Македонија мора да направи решение кое ќе спречи идни предавства и кое ќе ги исцрта црвените линии, но на начин на кој нема да може некој нов трговец од Горни Милановац или хирург од Дубаи“ порача Мицкоски.
Честитки за ВМРО-ДПМНЕ од сестринските партии
На почетокот на Конгресот, се емитуваа и обраќања на лидери на неколку сестрински европски партии со пофалби за партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Унгарскиот премиер и лидер на партијата Фидес, Виктор Орбан им честиташе на партиските членови и на активистите за „неверојатните достигнувања на партијата во изминатите две години“.
„Убедлива победа на парламентарните, локалните и претседателските избори. Исто така, ја поставивте вашата татковина на патот на стабилен, предвидлив и безбеден развој. По долги години опозиција, ВМРО-ДПМНЕ сега стана една од, или можеби, најуспешните политички сили во Европа“, кажа Орбан.
Честитки и желби за понатамошни успеси на партијата испрати и Андреј Пленковиќ, претседател на ХДЗ и премиер на Хрватска.
„Сакам да ви посакам успех во одржување на Конгресот по толку одлични изборни победи на парламентарните, претседателските и сега локалните избори. Повторно и да му дадам поддршка на мојот пријател Мицкоски. Се радувам на унапредување на соработката помеѓу ХДЗ и ВМРО-ДПМНЕ и меѓу Хрватска и Македонија. Голема поддршка на патот за кон ЕУ“, посочува Пленковиќ.
Антонио Тајани, потпретседател на Европската народна партија, претседател на Форца Италија и вицепремиер и министер за надворешни на Италија во својот говор укажува дека Европската народна партија силно ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ.
„ВМРО-ДПМНЕ е почитуван член на семејството на ЕНП, делиме исти вредности, посветеност на демократија, владеење на право, борба против корупција, слободен пазар“, рече Тајани.
Русија изврши напад пред третиот ден од преговорите меѓу САД и Украина
Американските и украинските претставници ќе го започнат третиот ден од разговорите во Мајами на 6 декември, откако Русија започна голем напад со ракети и беспилотни летала врз украинската инфраструктура и електрани.
Нападите во текот на ноќта дојдоа откако врвните украински и американски преговарачи заеднички изјавија во петокот по дводневните разговори во Флорида дека „вистинскиот напредок“ зависи од подготвеноста на Москва да ја заврши војната.
„Двете страни се согласија дека вистинскиот напредок кон каков било договор зависи од подготвеноста на Русија да демонстрира сериозна посветеност на долгорочен мир, вклучително и чекори кон деескалација и прекин на убивањето“, се вели во американскиот резиме од разговорите објавено доцна во петокот.
Соопштението го издадоа специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и секретарот на Советот за национална безбедност на Украина и главен преговарач, Рустем Умеров, кратко пред големиот руски напад со беспилотни летала и ракети што ги оштети електраните во осум украински региони.
Нападот предизвика прекин на електричната енергија и ги принуди нуклеарните централи, вклучувајќи ја и нуклеарната централа Запорожје во Украина, која е под руска контрола, да го намалат производството на електрична енергија, соопштија во саботата украинските власти и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Агенцијата соопшти дека централата Запорожје е без струја оттогаш.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзините сили започнале „масовен напад“ преку ноќ како одговор на, како што наведува, украинските напади врз цивилни цели.
Нападот следеше по дводневните разговори што американските и украинските власти ги опишаа како „конструктивни дискусии“ во услови на обновени напори на САД за постигнување мировен договор за ставање крај на речиси четиригодишната војна.
За време на разговорите, на кои присуствуваа и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, и началникот на Генералштабот на украинските вооружени сили, Андриј Хнатов, украинскиот преговарачки тим беше информиран за разговорите што Виткоф и Кушнер ги водеа со рускиот претседател Владимир Путин во Москва претходно оваа недела.
Специјалниот американски претставник наводно разговарал со Путин речиси пет часа на 2 декември во Кремљ, но руските претставници рекоа дека „не е постигнат компромис“.
Состојба на мировните преговори
Неодамнешната наплив на дипломатски активности за завршување на војната беше предизвикана кога американскиот мировен план од 28 точки беше објавен во медиумите во ноември. Првичниот предлог се чинеше дека е во голема мера проруски, иако оттогаш претрпе неколку измени за подобро да се прилагодат на загриженоста на Киев.
Конечната верзија на предлогот не е објавена.
По разговорите во Русија, Путин рече дека е подготвен да продолжи да се среќава со Американците „колку пати е потребно“.
Подоцна, рускиот претседател зазеде попркостен тон, кажувајќи им на индиските медиуми во петокот за време на посетата на Њу Делхи дека украинските трупи треба целосно да се повлечат од регионот Донбас во источна Украина оваа недела или Русија ќе „ги ослободи овие територии со сила“.
Украина и нејзините сојузници во Европа ја доведоа во прашање посветеноста на Кремљ за завршување на војната, а неодамнешната изјава на САД се чинеше дека го префрла акцентот на подготвеноста на Русија за компромис.
Главните точки на спор меѓу двете страни остануваат, вклучително и оние околу обезбедувањето безбедносни гаранции за Украина во случај на мировен договор и територијални отстапки.
Русија моментално контролира околу една петтина од територијата на Украина, вклучувајќи големи делови од регионот Донбас, кој се состои од регионите Донецк и Луганск.
Напади врз украинските градови и железници
Русија ги интензивираше своите напади врз енергетскиот сектор и инфраструктурата на Украина во последните недели, таргетирајќи електрани и железнички центри додека температурите паѓаат пред зимата.
Украинската војска соопшти во саботата дека Русија лансирала 653 беспилотни летала и 51 ракета преку ноќ, соборувајќи 585 беспилотни летала и 30 ракети.
Постројките за производство на електрична енергија и топлина во регионите Чернигов, Запорожје, Лвов и Дњепропетровск беа главните цели, соопшти Министерството за заедница и територијален развој на Украина, додавајќи дека 9.500 клиенти биле без греење, а 34.000 без водоснабдување во јужниот регион Одеса во саботата наутро.
Железничка раскрсница во близина на Киев, исто така, беше цел на нападот, каде што беа оштетени депо и вагони, соопшти украинската државна железничка компанија „Укрзализниција“.
Железницата не пријави жртви во нападот.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека воздушната одбрана соборила 116 украински дронови над руска територија преку ноќ, додека снимките што кружеа на руските канали на Телеграм се чини дека прикажуваат украински напад врз руска рафинерија за нафта во Рјазан.
РСЕ/РЛ не беше во можност независно да ја потврди снимката.
Украина сè уште не го коментираше наводниот напад.
Павел Малков, регионалниот гувернер на Рјазан, рече дека станбена зграда е оштетена во напад со беспилотно летало и дека остатоците од дронот паднале на земјиштето на „индустриски објект“, но не ја спомена рафинеријата.
Калас: САД остануваат најголем сојузник на Европа
Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, во саботата изјави дека САД остануваат најголем сојузник на Европа, откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп во голем стратешки документ изјави дека Европа се соочува со „цивилизациско бришење“ и дека еден ден би можела да го изгуби статусот на сигурен сојузник.
Новата стратегија за национална безбедност на САД, објавена на веб-страницата на Белата куќа рано во петокот, ја критикува Европската Унија како антидемократска, велејќи дека на Европа ѝ недостасува самодоверба и дека целта на САД треба да биде „да ѝ помогне на Европа да ја поправи својата сегашна траекторија“.
„Постојат многу критики, но мислам дека некои од нив се точни, ако ја погледнете Европа, таа ја потцени сопствената моќ во однос на Русија“, изјави Калас на панел на Форумот во Доха во Катар.
Наведувајќи дека Европа треба да биде посигурна, таа рече дека „САД остануваат наш најголем сојузник“.
„Мислам дека не секогаш сме се согласувале за различни прашања, но мислам дека општиот принцип е сè уште присутен. Ние сме најголемите сојузници и треба да се држиме заедно“, рече Калас.
Новата стратегија за национална безбедност на Вашингтон ја критикува Европа, велејќи дека е премногу регулирана и се соочува со „цивилизациско бришење“ поради имиграцијата.
Документот ефикасно го става на хартија свртувањето на администрацијата на Трамп кон Европа, која САД ја обвинуваат за злоупотреба на американската дарежливост, во радикално отстапување од претходната политика на САД.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете