Достапни линкови

Вести

Невреме со град во Скопје - поплавени улици, подвозници, куќи и дворови

Storm in Skopje
Storm in Skopje

Невреме проследено со пороен дожд, град, грмотевици и ветер попладнево го зафати Скопје.

Невреме во Скопје
Невреме во Скопје

Невремето предизвика поплавување на улици, подвозници, куќи и дворови. Има и искрешни дрва и гранки.

Силниот дожд и градот го отежнуваат движењето по улиците чии коловози се под вода.

Невреме во Скопје
Невреме во Скопје

Од Центарот за управување со кризи информираат дека освен Скопје, од невреме попладнево се зафатени и Штип, Велес, Демир Хисар, Свети Николе.

УХМР најави дека нестабилното време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер ќе се задржи до петок, особено во попладенвните часови.

Времето денеска: променливо облачно, попладне нестабилно

Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силен ветер и услови за појава на град.

види ги сите денешни вести

ОЈО: Заврши распитот на таткото на Вања, во основа ги негира дејствата

Книга на жалост за убиената Вања Ѓорчевска пред Основното училиште „Ј.Х.Песталоци“-Скопје, 4.12.2023
Книга на жалост за убиената Вања Ѓорчевска пред Основното училиште „Ј.Х.Песталоци“-Скопје, 4.12.2023

Во Обвинителството денеска попладне(5 декември) заврши распитот на таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска во врска со нејзиното убиство, за кое тој е осомничен дека споделувал информации со останатите осомничени за нејзиното излегување од дома. Од ОЈО Скопје велат дека во основа, тој ги негирал дејствата.

Малолетната Вања беше пронајдена мртва на 3 декември во близина на Скопје, по пријавата за нејзино исчезнување на 27 ноември годинава.


Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и скопскиот јавен обвинител Гаврил Бубевски, вчера (4 декември) на прес-конференција ја образложуваа инволвираноста на таткото на Вања во случајот. Според нив, тројцата претходно приведени кажале дека тој му ги дал информациите на првоосомничениот во врска со движењето на неговата ќерка, за излегувањето од дома и маршутата на нејзиното движење.

Обдукцијата врз телото на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски во Институтот за судска медицина и криминалистика е, исто така, завршена, но резултатите од обдукцијата засега не се доставени до Јавното обвинителство.

Зеленски ќе се заложи кај американските сенатори за поголема воена помош за Украина

Володомир Зеленски, претседател на Украина, Киев, 21 ноември 2023
Володомир Зеленски, претседател на Украина, Киев, 21 ноември 2023

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски се очекува денеска (5 декември) да им се обрати на американските сенатори и да се заложи за континуирана американска воена помош за Украина додека киевските сили се подготвуваат за тешка зима на бојното поле, а руските гранатирања и напади продолжуваат да убиваат цивили.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден побара од Конгресот во октомври да усвои пакет помош во вредност од околу 106 милијарди долари за Украина, за Израел и за граничната безбедност, но Домот под контрола на Републиканците го отфрли барањето.

Водачот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, рече дека Зеленски бил поканет да зборува преку видео на доверлив брифинг „за да можеме директно од него да слушнеме што точно е во прашање“ кога законодавците гласаат за нацрт-законот кој вклучува милијарди долари помош за Украина.


Брифингот, на кој ќе биде вклучен и американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, доаѓа еден ден откако Белата куќа предупреди дека американската помош за Украина ќе „пресуши“ до крајот на годината.

Додека Конгресот усвои повеќе од 110 милијарди долари помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари минатата година, тој не одобри никаква дополнителна финансиска помош откако Републиканците го презедоа Домот во јануари.

Брифингот е во ек на борбата на украинските сили со руските трупи околу индустрискиот град Авдијивка. Руските сили веќе неколку недели се обидуваат да го опколат градот во источниот регион на Доњецк, кој стана симбол на украинскиот отпор.

Во текот на изминатите 24 часа, украинските војници одбија 18 руски напади во областа Авдијивка, соопшти Генералштабот во својот дневен извештај за 5 декември.

Киргистан и Таџикистан се договорија за уште неколку спорни сегменти за границата

Изградба на пат близу границата меѓу Таџикистан, Киргистан и Узбекистан
Изградба на пат близу границата меѓу Таџикистан, Киргистан и Узбекистан

Киргистан и Таџикистан се договорија за спорните сегменти за уште 15 милји (24 километри) граница меѓу двете земји, по специјалните разговори за ова прашање минатата недела, известија официјални лица од овие две поранешни советски републики.

Државниот комитет за национална безбедност на Таџикистан денеска (5 декември) објави дека разговорите се одржале во северниот град Бустон, во близина на границата со Киргистан.

Следната рунда преговори за другите делови на границата ќе се одржи на територијата на Киргистан на датум што допрва треба да се одреди.


Разграничувањето и демаркацијата на киргистанско-таџичката граница е прашање со децении, но во последните години се претвори во исклучително итно прашање по неколку смртоносни судири во должина на спорните делови на границата.

Во пролетта 2021 година, во вооружен конфликт на границата загинаа 36 Киргистанци, меѓу кои и две деца, а 154 беа повредени на киргистанска страна.

Таџикистанските власти официјално објавија дека за време на конфликтот загинале 19 таџикистански државјани, а 87 се повредени. Меѓутоа, локалните жители тогаш за таџикистанскиот сервис на Радио Слободна Европа јавија дека бројот на загинати во судирите е многу поголем.


Вкупно, границата меѓу Киргистан и Таџикистан е долга 972 километри, од кои сега се договорени 688 километри, додека останатите уште се спорни.

Многу погранични области во поранешните советски републики во Централна Азија се спорни по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Ситуацијата е особено комплицирана во нестабилната долина Фергана, каде што се спојуваат границите на Таџикистан, Узбекистан и Киргистан.

Тензиите во тие области доведоа до судири меѓу локалното население и граничарите на трите земји.

update

Стејт Департмент: Забрана за влез на Кочо Анѓушев во САД

Кочо Анѓушев
Кочо Анѓушев

На поранешниот заменик премиер Кочо Анѓушев му е забранет влез во Соединетите Американски Држави, како што е наведено, „поради вмешаност во значителна корупција“, соопшти Стејт Департментот.

„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и во јавни процеси. Денешната акција покажува дека САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“, се вели во соопштението објавено на интернет страницата на Стејт Департментот.

Во соопштението пишува дека и оваа ознака за Анѓушев „ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“.

Стејт Департментот им забрани влез во САД и на неговата сопруга Елизабета и на децата Ангел и Огнен.

По соопштението од Стејт Департментот се огласи и американската амбасадорка Ангела Агелер која на социјалната мрежа „Х“ порано позната како Твитер, напиша дека денешната одлука на Стејт Департментот е уште еден доказ дека Соединетите Држави ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка определба или времето на злоупотребите.

„Ќе следуваат повеќе означување за корупција, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија“, напиша Агелер.

Анѓушев беше вице премиер од 2017 до 2020 година, во владата предводена од Зоран Заев, како премиер.

Анѓушев e сопственик и извршен директор на групацијата Феро Инвест и фабриката Брако.

Американското економско списание Форбс во 2014 го прогласи Анѓушев за еден од петте најбогати Македонци.

Македонските средношколци потпросечно писмени, покажаа резултатите од ПИСА тестовите

илустрација
илустрација

Македонските ученици постигнаа пониски резултати од просекот на ОЕЦД (Организацијата за економска соработка и развој) на меѓународното ПИСА-тестирање во сите три полиња: читање, математика и наука, покажува најновиот извештај за 2022 година.

Просечните резултати за минатата година се полоши од оние во 2018 година во сите три тестирани полиња. Сепак, покрај неодамнешниот пад, резултатите по математика за 2022 година се подобри од оние во 2015 година, додека резултатите по читање и наука се вратиле на нивото кое последен пат било забележано во 2015 година.

Во периодот од 2018 до 2022 година јазот меѓу 10 отсто ученици со најдобри и најлоши резултати се намалил и на полето на математиката и на читањето и науката. По математика, најслабите станале подобри, но најдобрите ослабнале.

Со минимална разлика, резултатите за Северна Македонија го задржуваат нивото кое беше измерено во 2018 година. Од вкупно 81 држава кои беа дел од тестирањето, со постигнати 389 поени, нашата земја е на 61-то место според резултатите по математика. Со постигнатите 359 поени при мерењето на јазичната писменост, односно читање со разбирање, рангирани сме на 71-то место, додека по природни науки нашите ученици постигнаа 380 поени, што ја рангира државата на 68-то место во Европа.

„Резултатите ќе бидат од исклучителна важност за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики. ПИСА е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања кое ја мери писменоста, односно применливото знаење што му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот. Задачите во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците, и преку одговорите не се мери репродуктивното, туку функционалното знаење, кое е важно за поврзување, разбирање и решавање на проблеми“, соопшти МОН.

ПИСА тестот е меѓународен програм на процена на образовните постигнувања на учениците, а се оценува писменоста од математика и читање и знаењата од природните науки.

Ова е четврто учество Република Северна Македонија во ПИСА, преку Министерството за образование и наука. Претходно бевме дел од студиите во 2000, 2015 и 2018 година. Во месеците април и мај 2022 година беа опфатени 6610 ученици од 111 средни училишта, каде во зависност од големината се тестираа од 35 до 155 ученици на македонски и албански јазик. Реализатор на студијата кај нас е Државниот испитен центар.

МВР демантира дека имало обид за киднапирање деца во училиште во Штипско

илустрација
илустрација

Министерството за внатрешни работи демантира дека во основното училиште „Страшо Пинџур“ во општина Карбинци, Штипско, денеска (5 декември) имало обид за киднапирање на две деца.

Информацијата претходно ја објави штипската телевизија ТВ Стар, а ја потврдија и директорката на училиштето Наталија Костова и градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов. Тие велат дека наводно грабнувачите се обиделе да внесат две деца во возилото.

„Она што го имам како информација од персоналот и од инспекторите тука на терен е дека имало таков обид, грабнувачите се обиделе да ги воведат двете деца во возилото кое влегло до почетокот на училишниот двор. Безбедносните камери го имаат фатено возилото и се работи на расчистување на случајот и утврдување на регистарската табличка на самото возило“, изјави градоначалникот Паунов и упати апел родителите да не се вознемируваат.

Сепак тој побара од МВР да ја зголеми безбедноста во овој дел од општината.

Од МВР пак дематираат дека се работи за обид за киднапирање на деца. Оттаму соопштија дека случајот бил пријавен во СВР-Штип. Според полицијата, машко лице со возило „голф“ поканило една ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила назад во училиштето.

„Денеска (05.12.2023) во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот“, информираат од МВР.

Претходно, во изјава за ТВ Стар, и директорката на училиштето, Наталија Костова, кажа дека станува збор за две деца, од кои едното со македонска, а другото со турска националност.

Обдукциите на Вања и Панче завршени, се чекаат извештаите на ОЈО

илустрација
илустрација

Обдукцијата врз телото на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски во Институтот за судска медицина и криминалистика е завршена, но извештаите сѐ уште не се готови, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство Скопје за МИА.

Извештајот од обдукцијата треба да ги утврди причините за смртта на малолетничката Вања и велешанецот Панче кои беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември, по нивното пријавување за исчезнување на 27, односно 24 ноември годинава.

Во 48-часовен притвор за овие случаи во моментов се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот, Љупчо Палевски - Палчо, кој е во бегство и надвор од државата и за кого е донесена наредба за спроведување истрага и издадена е меѓународна потерница.

Скопскиот Кривичен суд синоќа определи краткотраен притвор од 48 часа и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски заради опасност од бегство и влијанија врз сведоци.

Освен истрагата за Палевски, се очекува кривична пријава и за останатите осомничени по што би се покренала истрага. Со тоа, јавното обвинителство би имало можност да побара определување на нови мерки.

Франција воведе санкции за шефот на Хамас во Газа

Шефот на палестинската екстремистичка група Хамас во Газа, Јахја Синвар
Шефот на палестинската екстремистичка група Хамас во Газа, Јахја Синвар

Франција во вторникот (5 декември) го замрзна имотот на шефот на палестинската екстремистичка група Хамас во Газа, Јахја Синвар.

Синвар стана најновиот водач на групата означена како терористичка организација од Соединетите држави и Европската Унија и додадена на листата на санкции на Франција, се вели во декретот објавен во официјалниот француски весник.

На 13 ноември, Франција, исто така, воведе национални санкции за воениот командант на Хамас Мохамед Деиф и неговиот заменик Марван Иса.

Франција, исто така, работи со партнерите за воведување санкции на личности на радикалната палестинска група и нејзината финансиска мрежа на ниво на Европската Унија, изјавија неколку дипломати, според Ројтерс.

Хамас ја поттикна војната со Израел со извршување на смртоносни напади во јужен Израел на 7 октомври, при што борците на палестинската група убија речиси 1200 луѓе, а зедоа 240 заложници.

Оттогаш, во израелските напади врз Газа загинаа повеќе од 15 000 Палестинци, а речиси две третини од жртвите се жени и деца, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас.

Повеќе од три четвртини од населението на оваа територија се раселени од своите домови поради израелските бомбардирања и копнени напади, кои создадоа хуманитарна криза.

Обврските од договорот во Охрид се дел од европскиот пат за Косово

илустрација
илустрација

Обврските од договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, вклучително и анексот за имплементација, ќе бидат вклучени во европските процеси поврзани со Косово.

Во нацрт-заклучоците од претстојниот министерски состанок, од Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања, ќе биде побарано да ја ажурира агендата на следната косовска Специјална група за нормализација за да ги одрази обврските на Косово кои произлегуваат од Договорот и Анексот за негова имплементација.

Овие заклучоци до кои има пристап Радио Слободна Европа (РСЕ) треба да ги усвојат министрите за европски прашања на Советот за општи работи што ќе се одржи на 12 декември. Истите заклучоци потоа ќе ги потврдат и лидерите на земјите од ЕУ на самитот закажан за 14 и 15 декември.

Косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ на 27 февруари во Брисел постигнаа договор за патот кон нормализација на односите. На средбата што се одржа на 18 март во Охрид беше договорен анекс за имплементација на овој договор.

Договорите не беа потпишани бидејќи претседателот на Србија одби да го стори тоа.

Сепак, во текстот на Охридскиот договор се наведува дека страните прифаќаат дека Договорот и Анексот за имплементација ќе станат составен дел на соодветните процеси за пристапување во ЕУ на Косово и Србија. За Србија тоа значи дека обврските од овие договори ќе бидат составен дел од преговарачката рамка во процесот на членство.

Косово, кое не е признаено од сите земји на ЕУ и затоа е во застој во однос на процесот на европска интеграција, ќе ги има овие обврски во рамките на Специјалната група за нормализација, што ќе ги одразува новите обврски на Косово кои произлегуваат од Договорот и овој анекс.

Советот на ЕУ ќе го поздрави постигнувањето договор на патот кон нормализација на односите, но ќе изрази жалење за недоволната имплементација на овој договор од двете страни, како и за другите нерешени обврски кои произлегуваат од дијалогот.

Косово и Србија се поканети целосно и без одлагање да ги почитуваат и спроведат овие обврски.

„Ова вклучува и формирање на Заедница на општини со српско мнозинство. Советот ја поздравува подготвеноста на Косово и Србија да го прифатат нацрт-статутот што им го презентираше на партиите од страна на олеснувачот на ЕУ, со разбирање дека е неопходно да се работи понатаму по оваа основа“, се наведува во нацрт-заклучоците.

Министрите за европски прашања ќе го повикаат Косово да се вклучи во дијалог со добра волја и во духот на компромисот за да се постигне, без одлагање, сеопфатен правно обврзувачки договор со Србија за нормализација на односите во согласност со меѓународното право и ЕУ.

Се наведува дека овој договор треба да ги реши сите клучни отворени прашања и со тоа да придонесе за регионалната стабилност.

Путин во посета на ОАЕ и Саудиска Арабија во среда

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин во среда ќе отпатува во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Саудиска Арабија, на посети посветени на израелско-палестинскиот конфликт и нафтата, објави во вторникот (5 декември) Кремљ.

„Работните посети на Путин на ОАЕ и Саудиска Арабија ќе се одржат утре (среда). Се ќе биде за еден ден“, изјави за новинарите портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

Според него, за време на посетата Путин ќе разговара за „билатералните односи, меѓународните прашања, израелско-палестинскиот конфликт“, како и за намалувањето на производството на нафта во рамките на Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК), во која е и Русија членка.

Кремљ не соопшти дали рускиот претседател ќе присуствува на Меѓународната конференција за климата -COP 28, која во моментов се одржува во Емиратите.

Рускиот лидер, кој од март беше цел на налог за апсење на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за „депортирање на украински деца“, досега ги ограничуваше своите патувања во странство.

Откако беше издаден налогот, Путин одлучи да не присуствува на неодамнешниот самит на БРИКС во Јужна Африка, бидејќи земјата ќе беше обврзана да го уапси по пристигнувањето како потписник на договорот на Меѓународниот суд на правдата.

Со оглед на тоа што ниту Саудиска Арабија ниту ОАЕ не го потпишаа основачкиот договор на судот, ниту еден не би бил принуден да го уапси.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG