Достапни линкови

Вести

Бектеши- Мерки за домаќинствата и индустријата штом се прогласи кризна состојба

Министерот за економија Крешник Бектеши на средба со претставници на енергетскиот сектор.

Со прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор веднаш почнуваме со мерки за стопанството и домаќинствата за излез од енергетската криза, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, кој имаше средба со претставници на енергетскиот сектор. Т

ој изјави дека секојдневно се во комуникација за да се креираат мерки со кои ќе се ублажи кризата како кај домаќинствата, така и во индустријата.
На состанокот се дискутираше за можните мерки и чекори кои ќе ги преземе Владата за излез од енергетската криза. Кризната состојба ќе се прогласи од почетокот на август и ќе бидат преземени мерки. Сега засегнатите страни предлагаат мерки, а потоа Владата треба да одлучи што ќе прифати.

Министерот Бектеши ја повика опозицијата да помогне да се надмине кризата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека нè очекува тешка зима и дека Владата уште во мај требаше да обезбеди енергенси.

На средбата со Бектеши, присуствуваше и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој изјави ЕСМ целосно ќе ги задоволи потребите на ЕВН Хоум, Електродистрибуција и МЕПСО во текот на грејната сезона. Тој вели дека сите неопходни набави се направени навремено и по поволни цени. За набавка на досега испорачаниот мазут, потврдува, се потрошени околу 25 милиони евра, а за јагленот околу 30 милиони евра.

види ги сите денешни вести

Северна Кореја истрела две ракети од градот Ончон на западниот брег

Лансирање ракети од страна на Северна Кореја (фотографија од датотека)

Северна Кореја денеска истрела две крстосувачки ракети од градот Ончон на западниот брег, изјави јужнокорејски воен извор, без да наведе детали за дострелот или висината на ракетите. Лансирањето доаѓа откако Јужна Кореја и Соединетите држави вчера ја започнаа својата четиридневна заедничка вежба како подготовка за долго прекинатата обука на терен, „Штитот на слободата на Улчи“, што ќе се одржи од 22 август до 1 септември.

Русија ќе ги проширува односите со Северна Кореја

Во меѓувреме, јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол изјави дека е подготвен да обезбеди етапна економска помош за Северна Кореја доколку таа стави крај на развојот на нуклеарно оружје и започне со денуклеаризација.

Бајден го потпиша законот за пакет мерки за климата, здравството и даноците

Американскиот претседател Џо Бајден го потпиша пакетот климатски, здравствени и даночни мерки

Американскиот претседател Џо Бајден го потпиша пакетот климатски, здравствени и даночни мерки во вредност од 430 милијарди долари, што се смета за најголем климатски пакет во историјата на САД. Законот има за цел да ги намали емисиите на стакленички гасови и да ги пренасочи потрошувачите кон зелена енергија, како и пониски трошоци за лекови на рецепт за постарите лица и построги даноци за корпорациите и богатите. Општиот нацрт-закон беше усвоен во Сенатот на САД на 7 август.

Бајден со нов предлог буџет: повисоки даноци за богатите, повеќе пари за одбрана

Водачот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер претходно изјави дека законот го содржи „најхрабриот пакет за чиста енергија во американската историја“. Републиканците во Конгресот нападнаа многу елементи на законот, и тврдат дека неговата примена ќе ја забрза наместо да ја заузда инфлацијата.

Холандски суд ќе објави пресуда за соборувањето на авионот над Украина во 2014 година

судии и адвокати ги гледаат остатоците од летот MH17 на Малезија ерлајнс, во воената воздухопловна база Гилзе-Ријен, 26 мај 2021 година

Холандскиот суд кој го води судскиот процес против четворицата осомничени за соборувањето на авионот на летот MH17 на Малезија ерлајнс над Украина во 2014 година денеска треба да ја донесе својата пресуда. Обвинителите велат дека еден Украинец и тројца руски обвинети, кои сите се на слобода, помогнале во снабдувањето со ракетен систем што сепаратистите поддржани од Русија го користеле за да истрелаат ракета врз авионот на 17 јули 2014 година. Сите 298 лица во авионот загинале. Обвинителството бара доживотни казни за сите осомничени. Во почетокот на годинава Австралија и Холандија започнаа заедничка правна постапка во Меѓународната организација за цивилно воздухопловство против Русија поради соборувањето на летот МХ17 на Малезија ерлајнс.

Холандија ќе ја тужи Русија за соборувањето на малезискиот авион

Владите на двете земји тврдат дека Русија е одговорна според меѓународното право за ракетен напад што го урна патничкиот авион кој летал на линија Амстердам-Куала Лумпур над источна Украина. Холандската влада истакна дека тековната неиспровоцирана инвазија на Русија врз Украина не е поврзана со започнувањето на случајот, но додаде дека актуелните настани „ја нагласуваат виталната важност“ за обезбедување на правдата.

Вучиќ и Курти на одделни средби со Столтенберг

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска во Брисел одвоено ќе разговараат со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, ден пред новата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ. Столтенберг најпрво ќе се сретне со Вучиќ, а потоа и со Курти. Вучиќ во минатата недела изјави дека ќе разговара со Столтенберг за улогата што НАТО и КФОР ја имаат на Косово. „Тоа ќе бидат понатамошни разговори за воспоставување добра соработка, добра комуникација, што е многу важно во моменти на криза. Се надевам дека ќе имаме добар разговор. Веќе имавме телефонски разговор и се договоривме да седнеме и да разговараме во Брисел за сите проблеми во Косово, особено на северот “, рече Вучиќ.

Вучиќ и Курти одат во Брисел

За утре е најавена нова рунда од дијалогот Косово-Србија, а ЕУ соопшти дека ќе се разговара за сите отворени прашања, повторувајќи дека за Брисел „најважно е двете страни да ги прекинат непријателствата, со запаливи пораки и тензии и да постапуваат одговорно“. Вучиќ во пресрет на дијалогот рече дека е клучно во дијалогот да се донесе одлука за спроведување на договорот за Заедницата на српските општини на Косово. Курти пак, изјави дека разговорот мора да се фокусира врз меѓусебното признавање и додаде дека не сака да разговара за спорот околу регистарските таблички и личните карти за Србите во Косово.

Германски војници повторно во мисијата на ЕУ во БиХ што предизвика гнев кај Русија

Мисијата на ЕУФОР Алтеа во Босна

Контингент од дваесетина германски војници пристигна во Босна и Херцеговина како дел од речиси дведецениската мировна и безбедносна мисија на Европската унија, потег кој брзо беше омаловажен од руската амбасада. Враќањето на германските војници во мисијата ЕУФОР за прв пат по една деценија ја одразува загриженоста на Западот за етничките и политичките сили и потенцијалното геополитичко прелевање од војната во Украина. ЕУФОР во минатата недела објави распоредување до 50 војници на Бундесверот во поранешната југословенска република, која останува поделена на бошњачка и хрватска федерација и претежно српскиот ентитет познат како Република Српска според условите на прекинот на огнот од 1995 година.

Германската влада го одобри распоредувањето војници во БиХ

ЕУФОР го нарече доаѓањето на германските трупи „понатамошна демонстрација на посветеноста на ЕУ за стабилна, просперитетна и европска иднина за сите граѓани“ на Босна. Мисијата на ЕУФОР Алтеа во Босна опфаќа околу 1.100 војници од 20 земји. Српскиот член на трипартитното претседателство на Босна, Милорад Додик, кој отворено бара отцепување на Република Српска, го критикуваше доаѓањето на германските трупи повикувајќи се на Втората светска војна. Сегашниот мандат на ЕУФОР истекува во ноември и има шпекулации дека Москва би можела да го искористи своето вето во Советот за безбедност на ОН за да го прекине продолжувањето.

ЕУФОР: Франција ќе врши обука на воени летови над БиХ

Руската амбасада во Сараево оцени дека пристигнувањето на германските војници покажува дека Соединетите Држави и Британија го „подготвуваат теренот за ползечката НАТОизација“ на Босна. Според амбасадата, „неприфатливи“ се сугестиите дека руско-украинскиот конфликт влијае врз ситуацијата во Босна.

Илон Маск изјави дека се шегувал со купувањето на Манчестер Јунајтед

Милијардерот Илон Маск

Милијардерот Илон Маск изјави дека се шегувал кога на Твитер напишал оти ќе го купи англискиот фудбалски клуб Манчестер Јунајтед, „Не, ова е долготрајна шега на Твитер. Не купувам ниту еден спортски тим“, изјави Маск, на прашањето на еден корисник дали е сериозен за купување на клубот. Претходно, најбогатиот човек на светот, на Твитер објави дека го купува англискиот фудбалски клуб Манчестер Јунајтед, без да понуди никакви детали. Маск има историја да објавува вакви твитови. Само четири месеци откако објави дека ќе го купи Твитер, Маск сега се обидува да излезе од договорот вреден 44 милијарди долари за купување на компанијата за социјални медиуми, што го изведе пред суд.

Спорот на Илон Маск и Твитер се сели во судница

Манчестер Јунајтед е едно од најпознатите имиња во светскиот фудбал, но моментално е во криза на теренот поради лутите повици од навивачите да се повлечат сегашните сопственици на клубот, американското семејство Глејзер. „Го купувам Манчестер Јунајтед“, напиша Маск на Твитер. Тимот со седиште во северна Англија има повеќе од 32 милиони следбеници на својот главен профил на Твитер, а твитот на Маск собра речиси 320.000 „лајкови“ на платформата во рок од три часа. Некои незадоволни навивачи на Јунајтед претходно го повикаа Маск да размисли за купување на клубот наместо Твитер. Некои корисници на потсмев го споредија најновиот твит на Маск со оној за Твитер, додека други изразија надеж дека е вистина.

Одбележување на јубилејот „30 години АРМ”

АРМ

Одбележувањето на три-деценискиот јубилеј на Армијата ќе биде со неколку настани. Денеска во 18.30 часот на Воениот стадион е предвидено заедничко дружење со граѓаните при што ќе биде презентирана најновата опрема, новите оклопни транспортери, вештините на армиските специјалци, а тоа ќе биде проследено и со музички изведби на воениот оркестар и повеќе изведувачи. Министерката за одбрана Славјанка Петровска по повод јубилејот изјави дека Армијата е национална гордост, дел од најмоќниот воено-политички сојуз - НАТО. „Тоа е Армија која забрзано се модернизира и тоа веќе станува видливо. Во среда на Воениот стадион, ќе бидат изложени првите 6 нови оклопни транспортери од американско производство кои неодамна пристигнаа и со кои значително се влијае на подобрувањето на борбената готовност на Армијата. До крајот на годината ќе биде испорачана нова пратка, од 27 вакви возила и понатаму следуваат испораките согласно договорот. Продолжуваме и со набавка на други системи кои ни се потребни, набавка на специјални возила за посебни намени, артилериски системи и муниција, против-воздушен одбранбен систем, а во наредниот период ќе започнеме и со обнова на нашата воздухопловна компонента“.

Одбраната на Балканот од можна агресија

Во контекст на одбраната, министерката посочи дека таа се трансформира согласно стандардите на НАТО, стратегијата НАТО 2030 и новиот Стратешки концепт на Алијансата. „Нашата основна цел е: Безбедни дома, одговорни во НАТО! Изработивме Концепт МКД Одбрана 2030, кој се состои од три главни столбови и пет мисии. Ова ја покажува нашата одлучност да бидеме активна членка на Алијансата”, потенцираше Петровска.

Времето денеска: сончево со мала до умерена облачност

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Дневната температура ќе се движи од 27 до 37 степени. Во Скопје и околината слично време, со температура до 34 степени.

Средба на Зеленски, Ердоган и Гутереш во Украина

Архивска фотографија - Зеленски и Ердоган во Турција, 10 април 2021

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган и шефот на ОН Антонио Гутереш ќе се сретнат во четврток во Украина, соопштија Обединетите нации.

Гутереш следниот ден ќе го посети украинското пристаниште Одеса на Црното Море, од каде повторно се извезува жито. Извозот беше запрен поради петмесечната инвазија на земјата од страна на Русија. Освен од Одеса, жито се извезува уште од две пристаништа.

Првиот брод изнајмен од ОН, натоварен со жито, ја напушти Украина во вторникот и замина за Африка.

Украина и Русија, се меѓу најголемите извозници на жито во светот.

„На покана на претседателот Володимир Зеленски, генералниот секретар в четврток ќе биде во Лвив за да присуствува на трилатерален состанок со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и украинскиот лидер“, рече портпаролот на Гутереш Стефан Дужарик на брифинг со новинарите во вторникот во Њујорк.

На состанокот лидерите ќе разговараат за „потребата од политичко решение на овој конфликт“, рече Дужарик, додавајќи дека не се сомнева дека ќе се постави прашањето и за нуклеарната централа Запорожје.

Киев и Москва разменија обвинувања за серијата напади овој месец врз нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина, најголемата во Европа.

МИОА - Во администрација ќе се вработат 31,5 отсто Албанци согласно пописот на вкупното население

Попис на население, 5 септември 2021

Во администрацијата треба да се вработат 31,54 отсто Албанци, според правична застапеност, затоа што Министерството за информатичко општество и администрација за основа го зело вкупното попишано население, а не само резидентното население. Според пописот, 24,3 отсто од жителите на Македонија се Албанци.

На веб страницата на МИОА на 5 август беше објавено соопштение дека е направена промена во веб алатката „Балансер“ согласно резултатите од спроведениот Попис во 2021 година. Министерството е надлежно за Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно принципот на правична и соодветна застапеност донесена од 2016 година.

„За основа се земени предвид, податоците добиени од вкупниот број на попишани лица“, стои во одговорот од МИОА за МИА на прашањето дали алатката „Балансер“ ги користи податоците само од резидентото население или ги зема предвид резидентно и нерезидентно.

Претходно, порталот СДК објави дека според Методологијата која ја усогласил министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, отсега во државните институции ќе се вработуваат 31,54 отсто Албанци, иако во Македонија живеат 24,3 отсто Албанци.

Според Законот, во јавната администрација мора да има правична застапеност на етничките заедници.

Резултатите од Пописот, кои беа објавени во март покажуваат дека вкупното резидентно население во земјава изнесува 1 836 713 лица, од кои 58,44 отсто се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци.

Во резидентно население се вклучени и 132 269 граѓани кои не биле попишани, што претставува 7,3 отсто од вкупниот број евидентирани 1 836 713 лица.

Бројот на вкупно попишаното население, пак, изнесува 2 097 319 лица, а на нерезидентното 260 606. Од вкупниот број попишани, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 се Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 Срби, 0,87 Бошњаци и 0,44 Власи.

Зеленски пред Макрон ја обвинил Русија за нуклеарен тероризам

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека разговарал со неговиот француски колега Емануел Макрон за како што вели, рускиот „нуклеарен тероризам“. Зеленски му ја опишал на Макрон ситуацијата во нуклеарната централа во Запорожје, на југот на Украина, која е под руска контрола и која е цел на напади.

Зеленски на својот профил на Твитер напиша дека му е благодарен на Макрон за „опипливата одбранбена помош“. Тој го повтори повикот за зголемени санкции против Русија.

Од Kабинетот на Макрон потврдија дека имало разговор, но не соопштија детали.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш побара создавање на демилитаризирана зона околу електраната Запорожје.

И ОН и нивното тело - Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), рекоа дека на инспекторите на МААЕ треба да им се дозволи да ја посетат централата.

Гутереш, наводно, разговарал со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на 15 август. И руското Министерство за надворешни работи инсистира дека ќе стори „сè што е потребно“ за да им дозволи на експертите на МААЕ пристап до објектот, кој се наоѓа во близина на линиите на фронтот во југоисточна Украина.

Исцрпените украински работници во централата се пожалија дека ги држат под закана со оружје, а операторот на централата, Енерхоатом, рече дека Русија подготвува ризичен маневар за да го пренасочи производството на енергија во Запорожје на мрежа која е под руска контрола.

Постојаниот претставник на Русија во МААЕ, Михаил Уљанов, во интервју за руската државна телевизија на 16 август призна дека ситуацијата во Запорожје претставува „опасност со која сите се соочуваат, бидејќи може да има голема контаминација или катастрофа слична на Чернобил под одредени услови“.

Улјанов ги повторува обвинувањата на Москва дека украинските сили и нејзините западни сојузници стојат зад неодамнешното гранатирање околу Запорожје, кое руските сили го зазедоа во март.

Киев вели дека руските трупи ја користат најголемата нуклеарна централа во Европа како воена база, вклучително и за складирање опасно оружје, и ја гранатираат областа.

Уапсена жена која украла бебе во ГТЦ

Илустрација

Полицајци денеска ја уапсиле С.С од Скопје набрзо откако во 11:30 добиле пријава дека таа одземала бебе од Ѓ.М., која, според пријавеното, бебето го оставила пред маркет во Градски трговски центар во Скопје.

Како што сооопшти МВР, детето и С.С. се пронајдени на територија на Ѓорче Петров и С.С. е приведена во полициска станица. Веднаш по добиената пријава преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и известен е јавен обвинител, соопшти МВР.

Извршен е разговор со сопругот на пријавителката, како и со возачот на такси возилото со кое С.С. заминала кон Ѓорче Петров. Против С.С. ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство и таа по брза постапка ќе биде изнесена пред надлежен судија.

Првата дама на САД позитивна на ковид додека е на одмор

Првата дама на САД, Џил Бајден.

Првата дама на САД, Џил Бајден, е позитивна на коронавирус, откако разви благи симптоми додека е на одмор со нејзиниот сопруг во Јужна Каролина, соопшти во вторникот Белата куќа.

Брзиот антигенски тест првично бил негативен, но ПЦР тестот се покажал позитивен. Таа сега ќе биде изолирана во викендицата најмалку пет дена и ќе се лекува со антивирусниот лек Паксловид.

Првата дама прими две вакцини против ковид и уште две бустер дози.

Претседателот на САД Џо Бајден, пак само што закрепна од ковид. Тестот направен денеска покажал дека тој е негативен на коронавирус.

Претседателот на САД треба да се врати во Вашингтон, како што е планирано, за да потпише нов пакет на договори за клима, здравство и даноци.

Oштетени кровови и поплавени домови од невремето во Неготино

Неготино го зафати силно невреме

Повеќе граѓани на Неготино пријавиле штети од невремето, кое попладнево го зафати овој град.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопштија дека од 16:10 до 16:30 часот општина Неготино ја зафати силно невреме проследено со ветер и пороен дожд. По невремето на терен излегле пожарникарите од ТППЕ Неготино кои интервенираат на најкритичните места погодени од невремето.

Неготино го зафати силно невреме проследено со ветер и пороен дожд
Неготино го зафати силно невреме проследено со ветер и пороен дожд

Има искорнати дрвја, паднати бандери, оштетени кровови од куќи и поплавени домови, велат од ЦУК.

Во Македонија деновиве наместа има нестабилно време со пороен дожд и грмежи.

На 14 август невреме го зафати соседниот град на Неготино, Кавадарци, при што имаше поплавени подруми на куќи и оштетени улици.

Вучиќ и Курти одат во Брисел

Архивска фотографија - Специјалниот претставник на ЕУ за Белград-Приштина Мирослав Лајчак на средба со косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Алкесандар Вучиќ. Берлин, 5 мај 2022 година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ќе престојува во Брисел на 17 и 18 август, соопштија од неговиот кабинет.

Според информациите, причина за неговата посета ќе биде продолжувањето на дијалогот меѓу Србија и Косово.

Во соопштението се наведува и дека Вучиќ за време на посетата на Брисел ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

По повеќе од една година, Александар Вучиќ и Албин Курти ќе се сретнат во седиштето на ЕУ за да ги продолжат разговорите во рамки на дијалогот за нормализација на односите.

Косовскиот премиер Албин Курти, пред средбата со Вучиќ, на 18 август во Брисел, изјави дека очекува повеќе од Европската унија (ЕУ) како посредник во дијалогот.

„Имаме право да очекуваме повеќе од ЕУ, особено да покаже поголема јасност и цврстина во однос на сопствените позиции, особено кога станува збор за настани како што се последните барикади и инциденти на северот на Косово“, рече Курти за Би-Би-Си на српски јазик.

Пред најавената средба, двајцата функционери меѓусебно се обвинија за можно насилство на Косово. Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но официјален Белград го смета Косово за дел од Србија.

Европската унија (ЕУ), која посредува во дијалогот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите, изрази загриженост поради зголемената потпалива реторика меѓу претставниците на Косово и Србија.

Средбата во Брисел доаѓа во време на зголемени тензии на Косово, кои настанаа поради одлуката на Владата на Косово за издавање документи за влез-излез за српските државјани кои влегуваат во Косово и за промена на српските регистарски таблички. По тензиите и блокирањето на граничните премини Јариње и Брњак одуката беше одложена на еден месец, односно треба да стапи на сила на 1 септември.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG