Достапни линкови

Вести

Почна средбата Ковачевски – Села во Клубот на пратеници

Зијадин Села

Во Клубот на пратеници претпладнево почна средбата на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села во врска со францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија. Широките консултации за францускиот предлог почнаа во петокот најпрво со коалициските партнери во Владата, од кои дел веќе се изјаснија позитивно за предлогот, а дел се очекува тоа да го сторат во следниот период. Премиерот одржа и консултативни средби со дипломатскиот кор, граѓанскиот сектор, со претставници на експертската јавност и медиумите.


Мицкоски нема да бара предвремени избори ако Ковачевски го одбие францускиот предлог

Вчера, премиерот Ковачевски имаше средба и со лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски. За ВМРО-ДПМНЕ, францускиот предлог е неприфатлив. Мицкоски по средбата изјави дека му предложил на Ковачевски две опции – да го одбие предлогот, а ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од барањето за предвремени парламентарни избори или доколку Ковачевски верува дека со предлогот е обезбеден идентитетот, тогаш да бидат избришани четири члена. Францускиот предлог вчера беше разгледан и од страна на Советот за безбедност кој го свика претседателот на државата Стево Пендаровски. Шефот на државата по седницата на прес-конференција изјави дека францускиот предлог е прифатлив. Со прифаќањето на предлогот, како што наведе, ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и се дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Се овозможува скрининг процес, што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите – поглавја и она што е најважно, како што рече, е тоа што со ништо не се поткопува македонскиот идентитет затоа што темелната одреденица за македонскиот јазик во предлогот има чиста формулација без фуснота.

види ги сите денешни вести

Бајден вети 625 милиони долари воена помош за Украина

САД – Претседателот на Украина Володимир Зеленски за време на состанокот со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон, 1 септември 2021 година

Американскиот претседател Џо Бајден му рекол на украинскиот претседател Володимир Зеленски во телефонски разговор на 4 октомври дека Соединетите Држави ќе обезбедат воена помош од 625 милиони долари за Украина, соопшти Белата куќа.

Помошта ќе се состои од повеќе артилериски ракетни системи со висока мобилност познати како ХИМАРС, муниција и оклопни возила, се вели во соопштението на Белата куќа.

Бајден „вети дека ќе продолжи да ја поддржува Украина додека таа се брани од руската агресија онолку долго колку што е потребно“, се вели во соопштението.

Американскиот претседател, исто така, потврди дека Соединетите Држави се подготвени „да наметнат сериозни последици за секој поединец, ентитет или земја што обезбедува поддршка за наводната анексија на Русија“.

Во соопштението се истакнува дека на повикот на Бајден му се придружила и потпретседателката Камала Харис, а се повторува и ставот на Вашингтон дека никогаш нема да ја признае руската анексија на украинска територија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно потпиша декрет со кој официјално се прогласуваат за „невозможни“ какви било преговори меѓу Киев и рускиот претседател Владимир Путин, откако Путин прогласи четири региони на Украина делумно окупирани од Москва како дел од Русија, што за Киев и Западот е нелегитимна фарса.

Зеленски издаде декрет според кој разговори на Украина со Путин се „невозможни“

Во декретот се наведува и дека Украина ќе користи воени средства за да ги врати под своја контрола териториите окупирани од Русија.

Ковачевски: Ќе се разгледаат предлозите на ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Димитар Ковачевски

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги достави до Владата своите контакти за набавка на поевтини енергенси, за што конкретно е задолжен министерот за економија Крешник Бектеши, кој потоа ќе ги исконтактира посочените субјекти за да се утврди дали нивните понуди ги задоволуваат потребните критериуми.

Ова е договорено на денешната средба на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на која присуствуваа и економски тимови на Владата и на партијата.

Премиерот Ковачевски по средбата изјави дека на средбата ги образложиле сите активности што ги презема Владата за надминување на енергетската криза. Информирале за производството на енергетските капацитетети, за обезбедувањето енергенси – јаглен и мазут.

Ја нагласиле потребата што побрзо да се донесат во Собранието сите закони поврзани со надминувањето на енергетската криза. Станува збор за Законот за задолжување од ЕБОР во износ од 100 милиони евра по поволна каматна стапка за поддршка на работата на ЕСМ, Законот за енергетика, Законот за нафта и нафтени резерви, како и за спроведување на одлуката за кратење на финансиски средства од буџетот кои се со помал процент на исполнетост и и кои не се неопходни и префрлање во ставки за справување со енергетската криза, посочи Ковачевски.

Мицкоски по средбата со Ковачевски - Го презентирав планот за излез од енергетската криза, треба да се работи за надминување на проблемите

„Разговаравме и за префрлање на основните и средните училишта на регулираниот пазар, како и за префрлувањето на здравствените установи за снабдување кај ЕСМ продажба. Беше реафирмирано барањето на опозицијата за вклучување на јавните комунални претпријатија на регулираниот пазар, кое ќе биде разгледано од Министерството за економија во соработка со ЗЕЛС“, изјави Ковачевски.

Премиерот информира дека Владата денеска донела одлука со која ЕСМ е задолжено да врши јавна услуга регулирано производство на топлинска енергија во Скопје. Потпишан е договор меѓу ЕВН и Адора за закуп на топланите.
Посочи дека од формирањето на Владата се презмени низа мерки за ликвидноста на компаниите и стандардот на граѓаните, издвоени се над 300 милиони евра буџетски средства.

Продолжува субвенционирањето на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи, како и разговорите со соседните земји за набавка на електрична енергија, а се очекува помош и поддршка и од ЕУ, за што претседателот Стево Пендаровски разговарал со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен изминатиот викенд за време на посетата на Бугарија, рече премиерот Димитар Ковачевски по средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Мицкоски по средбата со Ковачевски - Го презентирав планот за излез од енергетската криза, треба да се работи за надминување на проблемите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со премиерот Димитар Ковачевски на која беше разговарано за ублажување на последиците од енергетската криза

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со премиерот Димитар Ковачевски на која беше разговарано за ублажување на последиците од енергетската криза, кажа дека и натаму е загрижен, меѓутоа рече дека дал совети до Владата како полесно да се преброди оваа криза.

ВМРО-ДПМНЕ нуди помош при набавката на гас и на мазут. Контактите што партијата ги има ќе ги даде на министерот за економија Крешник Бектеши, кој е определен од премиерот како лице со кое партијата на Мицкоски ќе контактира за барање излез од енергетската криза.

Еден од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ е и да се обезбеди енергенс за работа на ТЦ Неготино по цени поевтини од берзанските, а струјата што ќе се произведе да се даде на стопанството, за да се зачуваат работни места.

„Цената по која што тој ресурс ќе биде донесен до ТЕЦ Неготино нормално и комерцијалните услови ќе си испреговара и Владата, зголемена за трошоците на производство на тој ресурс ќе даде цена на електрична енергија која што ќе биде најмалку два пати помала од таа која што во вој момент е на берзите. Таа количина на електричната енергија нашиот предлог е да ја отстапиме на стопанството. Зошто на стопанството? За да спасиме илјадници работни места на нашите сограѓани. Затоа што компаниите не можат да плаќаат цена на електричната енергија која што е на берзите односно берзанската. Затоа велиме тие количини кои ќе бидат по отприлика овие цени, обезбедени од ресурс, од позициите кои што ги ставаме на располагање да бидат дадени на стопанството“, изјави Мицкоски по средбата во Владата.

Како дојде до тоа земјава да нема доволно струја?

Друг предлог кој што го изложиле е измени на Законот за енергетика за мигрирање на сите јавни претпријатија од слободниот на регулираниот пазар, како и сите објекти од образованието и од здравствениот систем, со цел, како што кажа, парите да останат кај граѓаните и стопанството, место да одат кај трговците со струја од увоз.

„Тогаш најодговорно тврдам дека Македонија нема да има потреба од увоз на електрична енергија, но под претпоставка првичното сценарио Владата да успее да го задржи оперативно. Кога зборувам оперативно, зборувам да работат трите блока во Битола, да работи Осломеј, да работат двете турбини во Неготино, да работи хидропотенцијалот и да работи ТЕ-ТО Скопје“, додаде Мицкоски.

На институциите им се стемни - исклучени од струја поради неплатени сметки

Средбата помеѓу Мицкоски и Ковачевски траеше околу два часа. Заедно со Мицкоски на средбата присуствуваше и економски тим од партијата, а предлозите што ги дале според Мицкоски, делувало дека се прифатливи за Владата.

ДУИ ќе избира ново претседателство

Претседателот на партијата ДУИ - Али Ахмети

По речиси шест часа во седиштето на ДУИ во Мала Речица заврши средбата на претседателот на партијата Али Ахмети со т.н. огнена група која барa партиски реформи.

Лидерот на ДУИ по овие разговори најави дека дебатата во партијата ќе продолжи, а за десетина дена ќе има Централно собрание на кое ќе се избере ново претседателство.

„На 15 октомври ќе има Централно собрание каде ќе се разговара за политичката ситуација, но и ќе се избере новото претседателство и веднаш истиот ден новото претседателство ќе се врати во седиштото на ДУИ каде што ќе меѓу другото ќе се разговара за политичката ситуација и ќе има отчет од владиниот состав на ДУИ“, изјави Ахмети на прес-конференцијата придружуван од Муса Џафери, Блерим Беџети, Изет Меџити, Садула Дураку и Невзат Бејта.

Груби - Нема раскол во ДУИ

Пратеникот Изет Меџити, еден од т.н. огнена група рече дека е задоволен, додека за побараната смена на вицепремиерот Артан Груби кажа дека ќе се продолжи со дебатирање околу нивните барања.

„Дебатата ќе се врати во ДУИ, органите ќе одлучат за тоа што понатаму со нашите барања“, истакна Изет Меџити.

До оваа средба и одлуки дојде откако на 24 септември медиумите го објавија писмото со кое функционери на ДУИ, кои се нарекоа „огнена група“ побараа од раководството да запре „војната“ во партијата, а одредени функционери од извршната власт да понесат одговорност. Ова е втора средба по онаа на 29 септември на кои се дебатираше во насока на внатрепартиски договор.

Продолжуваат протестите во Иран поради смртта на Махса Амини

Ирански студенти на протести по смртта на Махса Амини

Продолжуваат протестите во Иран по смртта на младата Махса Амини која почина во болница на 16 септември, три дена откако полицијата за морал ја одвела во „центар за превоспитување“ на часови за скромност поради наводно носење хиџаб на начин кој не бил во согласност со строгите прописи на Иран.

Протестите од иранските улици денеска се прелеаја и во универзитетите и во средните училишта ширум земјата.

Истовремено денеска од парламентот иранскиот претседател Ебрахим Раиси повика на „национално единство“.

Тој призна дека државата има „слабости и недостатоци“, но го повтори официјалниот став на властите, вклучително и на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, дека немирите се заговор на иранските непријатели.

Хамнеи најави построги мерки против демонстрантите во Иран

Смртта на младата Амини на 16 септември предизвика бран протести поради спроведувањето на правилата за хиџаб, но и гнев во меѓународната јавност.

Иранските власти тврдат дека таа починала од срцев удар, додека нејзините роднини и поддржувачи велат дека извештаите на очевидците укажуваат дека била претепана откако била уапсена.

Стотици луѓе, вклучително и уметници, активисти и новинари се уапсени за време на протестите.

ЕСМ и АДОРА постигнаа договор за закуп на топланите

Парно

Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и компанијата „АДОРА“ постигнаа договор за закуп на топланите во сопственост на „АДОРА“, кои ќе се користат од страна на ЕСМ во процесот на обезбедување парно греење за градот Скопје, информираат од ЕСМ.

Договорот за закуп е со трајност за времетраење на грејната сезона 2022/23 година. Закупнината е дефинирана според постоечката цена утврдена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), соопшти попладнево ЕСМ.

Адора Инженеринг: Закупот на топланите е штетен за компанијата

Двете компании, се вели во соопштението, покажале општествена одговорност и свесност за моментот во однос на потребите на граѓаните на Скопје и постигнат е договор сите прашања кои претставуваа предмет на дискусија да се апсолвираат во следниот период.

Од компанијата „Адора Инженеринг“ пак велат дека во интерес на граѓаните склучиле краткорочен договор за закуп на топланите Исток и Запад со ЕСМ, кој важи од денеска до 30 април 2023 година, но додаваат дека истовремено добиле гаранции дека во најбрз рок ќе почне и постапката за купопродажба на топланите.

„Менаџментот на Адора инженеринг доби цврсти гаранции од ЕСМ АД дека во најбрз можен рок, според сите домашни законски прописи ќе почне постапката за купопродажба на топланите Исток и Запад и дека на компанијата ќе и бидат исплатени долговите настанати во изминатата година по основ на закуп и амортизација на топланите“, се вели во соопштението од компанијата.

Топланите кои се во сопственост на „Адора“ ќе се користат од страна на ЕСМ во процесот на обезбедување греење за градот Скопје во претстојната грејна сезона која започнува на 15 октомври.

Мицкоски пристигна во Владата да го претстави планот за справување со енергетската криза

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пристигна во Владата каде ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пристигна во Владата каде ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски.

На средбата ќе се разговара за ублажување на ефектите од енергетската криза.

Мицкоски пред средбата изјави дека како партија се подготвени да понудат решенија за тешката состојба во енегретиката и кризата што ги погодува граѓаните.

„Цениме дека како ВМРО-ДПМНЕ во овие тешки моменти треба да се помогне. Побаравме и официјална средба и еве конечно дали беше од суета или од други причини, вчера добивме потврден одговор од страна на Ковачевски дека ќе најде време да не прими и слушне нашите предлози, нашиот концепт којшто не се однесува само за оваа есен и зима, туку се однесува и за следната година. Цениме дека во овие тешки моменти, потребно е да помогнеме на граѓаните на Македонија, и тоа е момент кога треба да покажеме државност, а не да собираме политички поени. Тоа е суштината“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски го повика Ковачевски на дебата за енергетската криза

На средбата, покрај Мицкоски, присуствува и економски тим на партијата кој, според претходните најави од ВМРО-ДПМНЕ, ќе го презентира нивниот план за надминување на последиците од кризата.

Се раскинуваат договорите за концесија за седум мали хидроцентрали на Шар Планина

Шар Планина, Попова Шапка.

Владата ги раскина договорите за концесија на седум мали хидроцентрали во Националниот парк Шар Планина.

Шест од малите хидроелектрани се во строго заштитеното подрачје на Националниот парк Шар Планија, а една е во зоната на одржливо користење, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСП).

„Опфатени се шест мали хидро-електрични централи во строго заштитено подрачје, кои нема да се реализираат. Со спогодбено раскинување на договорите за концесија, предвидено е да се надоместат реално направените трошоци за реализација на договорите, и трошоците на име на концесијата. Покрај ова, доставен е предлог за спогодбено раскинување на договорот за концесија за уште една хидро-централа лоцирана на Шар планина, во зоната на одржливо користење, при што на концесионерот ќе му се врати уплатениот концесиски надоместок“, се вели во соопштението на МЖСП.

Малите хидроелектрани - Меѓу екологијата и профитот

Граѓанските организации за заштита на животната средина подолго време реагираат дека изградбата на малите хидроцентрали е закана за животната средина и дивиот свет.

Активисти за заштита на животната средина бараа со Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк да биде забранета и изградбата на хидроцентрали и да не се продолжат концесиите за оние за кои би се утврдило дека негативно влијаат врз природата и биодиверзитетот и за водата на локалното население.

Спасовски: Македонија е подготвена за прифаќање на украински бегалци

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Државата е целосно подготвена доколку има каква било потреба за прифаќање на украинските бегалци, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Спасовски посочи дека државата има активирано Директива за привремена заштита и покрај тврдењата на Здружението на млади правници дека Македонија, заедно со Косово и Босна и Херцеговина ја немаат активирано оваа директива.

„Ние имаме активирано таков механизам како држава. Целосно сме подготвени. Имаме влез на околу 21 илјада украински државјани на територијата на државата, пред се, кои се во роднински или пријателски врски со наши државјани, а дел од нив работат во ИТ компании кои доаѓаат тука. Има мал број на лица коишто поднеле барање и им се издава престој од хуманитарни причини. Меѓутоа, како држава сме целосно подготвени доколку има каква било потреба за прифаќање на украинските бегалци“, тврди министерот.

Украинските бегалци оставени на хуманоста на македонските граѓани

Од здружението на млади правници пак посочуваат дека украинските државјани кои престојуваат во земјава се соочуваат со сериозни потешкотии и како што велат се оставени сами да се снаоѓаат со решенија во однос на нивниот статус.

„Еден дел од нив веќе аплицираа за привремена заштита, еден друг вид заштита кој се дава согласно Законот за странци, не е заштита од типот како за бегалци наменета, бидејќи со оваа заштита тие неможат да работат, да користат здравствено осигурување, освен ако не си плаќаат сами приватно, не можат да добиваат бесплатно образование итн“, рече Зоран Дранговски од Здружението на млади правници.

Според податоците на Црвениот крст, во Македонија се присутни околу 300 лица од Украина.

Нови 75 случаи на ковид-19, од нив 23 се реинфекции

Тестирање за Ковид-19

Нови 75 случаи на ковид-19 се регистрирани во изминативе 24 часа, од вкупно направени 745 тестови.

Од новодијагностицираните 23 се реинфекции.

Според информациите од Мој Термин, регистрирани се и две лица од Скопје и Кавадарци кои починале во домашни услови во периодот од 21 септември до 2 октомври. Оздравени се 94 пациенти.

За ЕУ пандемијата на ковид-19 не е завршена

Досега во земјата се направени вкупно 2.164.862 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 343.143, бројот на оздравени пациенти е 333.158, на починати е 9.539 а бројот на активни случаи изнесува 446.

Владата ќе прави пресметки за зголемување на платите во високото образование

Илустрација

Владата ќе направи анализи и пресметки дали ќе може да се зголемат платите во високото образование. Ова било заклучено на денешната средба со Синдикатот на УКИМ, кој бара потпишување Колективен договор и постепено покачување на платите, по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да стигнат на ниво од 100-процентно покачување.

Средба на Синдикатот на УКИМ во Владата за зголемување на платите

Како што информира владината прес-служба, од страна на премиерот и министрите истовремено било побарано од Синдикатот да се направи реорганизација на факултетите и воведување нови атрактивни студиски програми, кои ќе ги зголемат сопствените приходи на високообразовните установи.

Во изминатите четири години платите на вработените на универзитетите се зголемени за вкупно 20 отсто, односно 5 отсто од септември 2019 година, 8 отсто од септември 2021 година и 7 отсто од септември годинава.

ЕУ за бугарските културни центри-Не се занимаваме со историја

Џулијан Васало, заменик aмбасадорoт во делегација на ЕУ во Скопје

Заменик aмбасадорoт во делегација на ЕУ во Скопје, Џулијан Васало во врска со отворањето на вториот бугарски културен центар „Цар Борис Трети“ во Охрид денеска порача дека ЕУ не се занимава со историјата.

„Знаеме дека кога првиот клуб беше отворен тоа предизвика реакции во земјата. Знаеме дека Северна Македонија и Бугарија дискутираат меѓу себе за историјата. ЕУ не се занимава со историјата. Ние ја ставаме историјата зад себе и одиме напред. Во ЕУ сакаме да гледаме напред, а не да гледаме на работите од минатото“, рече Васало на брифинг со новинарите на прашање како ЕУ го коментира отворањето на бугарските културни центри и нивните имиња.

Отворањето на првиот бугарски културен клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, на кое присуствуваше бугарскиот државен врв, наиде на реакции и негодувања во македонската јавност. Михајлов, родум од Штип, бил соработник на фашистите во Втората светска војна и тврдел дека Македонците се Бугари.

На 7 октомври е најавено отворањето на вториот културен центар во Охрид. Тој ќе го носи името „Цар Борис Трети“, кој е бугарски цар за време на Втората светска војна, кога Бугарија е дел од оската со Нацистичка Германија и Фашистичка Италија. Еврејската заедница на Македонија најави и кривична пријава за името на овој културен центар и реагираше дека е згрозена заради „величање на фашизмот и ширење на говор на омраза“.

Во однос на уставните измени, односно внесување на Бугарите во Преамбулата, кои се потребни за Северна Македонија да започне со отворање на поглавјата на патот кон членството во ЕУ, Васало рече дека се работи за суверена одлука на државата, но Северна Македонија се обврзала дека тоа ќе го спроведе. Тој додаде дека се во постојан контакт со опозицијата и со ВМРО-ДПМНЕ која, како што рече, го поддржува европскиот пат на земјата.

„Во одреден момент ќе треба да преземат одговорност ако сакаат да ја видат земјата на тој пат“, посочи Васало и притоа повика на лидерство од опозицијата.

На прашањето дали во земјава има влијанија од Истокот, Васало одговори потврдно.

„Имате една политичка партија во парламентот која е отворено проруска и која ја поддржа руската инвазија во Украина и има одредени медиуми кои шират дезинформации за тоа што се случува во Украина и Русија“, додаде Васало.

Заменикот евоамбасадор информираше за скрининг процесот со ЕУ и што следи по неговото завршување. Според него, процесот се состои од објаснувачки и билатерален скрининг, кој нема за цел само да покаже до каде е земјата во нејзината подготвеност за членство во ЕУ, туку и Владата треба да презентира во детали што досега е направено и што планира да направи.

Во однос на наредниот извештај за напредокот на земјава кон членството во ЕУ, што треба да се објави овој месец, тој посочи дека очекува полоши оценки за правосудството. Васало информираше и дека очекува во наредните недели да се потпише Договорот со Фронтекс на македонски јазик без никакви фусноти.






ЕУ ја одобри реформата на полначите за телефони, принудувајќи го Apple да се прилагоди

Европскиот парламент денеска одобри нови правила со кои во Европската унија ќе се воведе единствен приклучок за полнач за мобилни телефони, таблети и камери до 2024 година, што се очекува да влијае врз производителот на iPhone, Apple отколку врз неговите ривали. Гласањето го потврдува претходниот договор меѓу институциите на ЕУ и ќе ги направи USB-C конекторите што ги користат уредите базирани на Android стандардни во ЕУ, принудувајќи го Apple да го промени својот приклучок за полнење за iPhone и другите уреди.

ЕУ воведува универзален полнач за мобилни, таблети и камери

Меѓу големите добавувачи на електронски уреди за европските клиенти, Apple се очекува да биде меѓу најпогодените, но аналитичарите очекуваат и можно позитивно влијание бидејќи тоа би можело да ги поттикне купувачите да ги купат најновите гаџети на компанијата наместо оние без USB-C. Apple во минатото предупредуваше дека предлогот ќе им наштети на иновациите и ќе создаде планина од електронски отпад.

Зеленски издаде декрет според кој разговори на Украина со Путин се „невозможни“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша декрет со кој официјално се прогласуваат за „невозможни“ какви било преговори меѓу Киев и рускиот претседател Владимир Путин. Уредбата ја спроведе одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина и ги формализираше коментарите дадени од Зеленски на 30 септември, откако Путин прогласи четири региони на Украина делумно окупирани од Москва како дел од Русија, во како што Киев и Западот рекоа дека е нелегитимна фарса. „Тој (Путин) не знае што е достоинство и чесност. Затоа, ние сме подготвени за дијалог со Русија, но со друг претседател на Русија“, рече Зеленски на 30 септември.

Гневот по поразите на Русија на бојното поле - предизвик за Путин

Во декретот се наведува и дека Украина ќе користи воени средства за да ги врати под своја контрола териториите окупирани од Русија. Указот на Зеленски дојде откако силите на Киев, наводно, ја пробиле руската одбрана во јужна Украина и ја прошириле брзата офанзива на исток, заземајќи ја назад територијата во областите прогласени за анектирани од Русија. Путин, кој оваа недела наполни 70 години, би можел да се кандидира за функцијата уште два пати според уставните амандмани со кои тој претседаваше, потенцијално останувајќи на власт до 2036 година.

Нобеловата награда за физика доделена на научниците Аспект, Клаузер и Цајлингер

Нобеловата награда

Научниците Ален Аспект, Џон Клаузер и Антон Цајлингер ја добија Нобеловата награда за физика за 2022 година за „експерименти со заплеткани фотони, утврдување на прекршување на нееднаквостите на Бел и пионерска квантна информациска наука“, соопшти денеска телото кое ја доделува наградата. Наградата вредна 10 милиони шведски круни (902.315 долари), ја доделува Кралската шведска академија на науките.

Швеѓанецот Сванте Паабо ја доби Нобеловата награда за медицина за 2022 година

Наградата за физика е втора што се додели оваа недела, откако шведскиот генетичар Сванте Паабо вчера ја доби наградата за физиологија или медицина. Престижните награди за достигнувања во науката, литературата и мирот се создадени во тестаментот на Алфред Нобел, кој се збогатил со својот изум на динамит, а се доделуваат од 1901 година со одредени прекини, за двете светски војни. Наградата за физика често го зазема централното место меѓу наградите, со имиња на познати научници како Алберт Ајнштајн, Макс Планк, Пјер Кири и Марија Кири и наградни откритија кои го преобликуваа начинот на кој го гледаме светот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG