Достапни линкови

Вести

Русија го блокира пристапот до Телеграф

Илустрација
Илустрација

Рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор ја блокираше веб-страницата на британскиот дневен весник Телеграф додека Москва се обидува да го контролира протокот на информации поврзани со нејзината неиспровоцирана инвазија врз Украина.

Според соопштението, одлуката била донесена во април на барање на генералното обвинителство, кое сметало дека еден од текстовите на на Телеграф е „лажен“. Одлуката вчера стапи на сила. Онлајн материјалите од Телеграф сега можат да бидат достапни само преку претплата.

Откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари, Москва блокираше повеќе од 2.300 веб-страници, вклучувајќи ги и оние на рускиот сервис на РСЕ, Тековно време, Гласот на Америка, Дојче Веле, Билд и Медуза.

види ги сите денешни вести

ДИК утврди, но и отфрли неколку пратенички листи

Гласачо ливче (архивска фотографија)
Гласачо ливче (архивска фотографија)

Државната изборна комисија (ДИК) на седница на 12 април ги утврди листите за избор на пратеници поднесени од неколку партии за одреден број изборни единици (ИЕ), но исто така и отфрли неколку листи.

Едногласно беа прифатени листите за пратеници на Демократи - Скопје за ИЕ 6, на Единствена Македонија за ИЕ 1, 2, 3, 4 и 5, на Нова алтернатива и Десна за ИЕ 1, 2 3 и 4, на Работничка партија за ИЕ 1 и 5, како и на Родина Македонија за ИЕ 3.

Поради некомплетна документација едногласно беа отфрлени листите на кандидати за пратеници во ИЕ 2, 3, 4 и 6 на Работничка партија, листата на Едниствена Македонија за ИЕ 6 и листите на кандидати на Десна за ИЕ 5 и 6.

За листата на Работничка партија за ИЕ 6, членот на ДИК, Борис Кондарко, информира дека се воочени специфични неправилности за кои се известени надлежните институции.

За парламентарни избори, Северна Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници, при што според таканаречениот Донтов модел се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие.

Парламентарните избори во Северна Македонија ќе се одржат на 8 мај. Тогаш ќе се гласа и во втор круг претседателски избори. Првиот круг претседателски избори ќе се одржи на 24 април.

МНР:Граѓаните да избегнуваат патувања во Израел, Иран, Либан и Палестинските територии

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија
Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија

Министерството за надворешни работи (МНР) апелира до државјаните на Република Северна Македонија да избегнуваат патувања кои не се неопходни, во Израел, Иран, Либан и Палестинските територии, сопштија од МНР на 12 април.

Причина се информациите за можно влошување на безбедносните состојби во Израел и во регионот, се вели во соопштението од МНР.

Претходно во петокот, 12 април, Соединетите Држави им забранија на своите вработени во Израел и на членовите на нивните семејства да патуваат надвор од поголемите области на Тел Авив, Ерусалим и Бер Шева, поради потенцијален одмазднички напад на Иран врз Израел по смртта на командантот на Револуционерната гарда во Сирија.

„Поради голема претпазливост, на вработените во американската Влада и на членовите на нивните семејства им е забрането приватно патување надвор од пошироката област Тел Авив, Ерусалим и Бир Шева до натамошно известување“, соопштија од американската Амбасада во Израел.

Американскиот претседател Џо Бајден пред два дена изјави дека Иран се заканува дека ќе изврши „значаен напад врз Израел“ и дека САД остануваат посветени на безбедноста на својот сојузник.

Во нападот на иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април загинаа командантот на Револуционерната гарда во Сирија и Либан, Мохамад Реза Захеди и неговиот заменик, како и пет офицери кои ги придружуваа.

Израел тврди дека не стои зад нападот, додека неколку официјални лица од Техеран, исто така, претходно се заканија со одмазда за нападот, вклучувајќи го и иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, кој кажа дека „злобниот режим мора да биде казнет и ќе биде казнет“.

Вучиќ побара поддршка од Кина во „борбата за вистината“ пред ОН

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Ли Минг, амбасадорот на Кина во Србија, Белград, септември 2023 година
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Ли Минг, амбасадорот на Кина во Србија, Белград, септември 2023 година

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, побара од кинескиот амбасадор во Србија, Ли Минг поддршка од Кина „во борбата за вистината пред Обединетите нации“.

На затворен состанок во Обединетите нации (ОН) на 17 април ќе биде претставена нацрт-резолуцијата со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, како што претходно објави Гласот на Америка.

Властите во Белград, и покрај меѓународните пресуди, негираат дека во 1995 година во Сребреница бил извршен геноцид врз Бошњаците.

По средбата со кинескиот амбасадор на 12 април, Вучиќ на Инстаграм напиша дека е благодарен за „цврстата и непоколеблива поддршка на Кина за Србија на глобалните форуми“.

„Истакнав дека Србија во овие тешки моменти ги цени принципиелните партнерства и челичното пријателство, што се покажа со акции во најтешките моменти“, додаде тој.

За конечната резолуција, на која се уште се работи, земјите членки на ОН би можеле да се изјаснат на седницата на Генералното собрание на ОН на почетокот на мај.

Во нацрт-резолуцијата, во која Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше увид, меѓу другото, се бара без резерва да се осуди секое негирање на геноцидот во Сребреница и да се охрабрат членките на ОН да ги зачуваат утврдените факти и да развијат соодветни програми преку нивните образовни системи, со цел да се спречи геноцидот во иднина.

Иницијатори на резолуцијата се Германија и Руанда, но како што објави Гласот на Америка повикувајќи се на неофицијални извори, во создавањето на текстот учествувале и САД, Албанија, Босна и Херцеговина, Чиле, Финска, Јордан, Нов Зеланд, Турција и други земји.

Пресудите на меѓународните судови и судовите во Босна и Херцеговина утврдија дека е извршен геноцид врз околу 8.000 бошњачки цивили во јули 1995 година, кога војската на Република Српска ја окупираше Сребреница.

Досега повеќе од 50 лица се осудени на повеќе од 700 години затвор за геноцид и злосторства во Сребреница.

Одбележана годишнината од убиството на 105 Бошњаци во Сребреница

Комеморација за Бошњаците убиени во 1993 година, Сребреница, 12 април 2024 година
Комеморација за Бошњаците убиени во 1993 година, Сребреница, 12 април 2024 година

Во петокот, на 12 април, Сребреница ја одбележа 31-годишнината од страдањата на 105 Бошњаци, убиени од гранати истрелани од позициите на војската на Република Српска на спортските терени на Основното училиште во Сребреница.

Настанот се случи за време на фудбалски турнир на 12 април 1993 година, кога 74 лица загинаа веднаш од експлозии на гранати, а повеќе од сто цивили беа ранети. Уште 31 лице починало на пат кон болницата и во болница.

На трибините во близина на спомен плочата беа положени венци, а на оградата на спортското игралиште мајки и членови на семејствата на загинатите положија 105 цвеќиња во спомен на жртвите.


Во јули 1995 година, во Сребреница беше извршен геноцид врз Бошњаците, што се смета за едно од најтешките злосторства извршени во Европа од Втората светска војна.Се проценува дека силите на Армијата на Република Српска убиле повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња во и околу градот за само неколку дена. Повеќе од 40.000 луѓе беа протерани.

Досега во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари се погребани над 6.650 жртви, а на други локации над 230 жртви. Според податоците на Институтот за исчезнати лица на БиХ, уште се трага по околу 1.200 жртви.

Повеќе од 50 лица беа осудени на вкупно повеќе од 700 години затвор за геноцид и злосторства во Сребреница пред меѓународните, регионалните судови и судовите во БиХ.

Судот во Хаг, исто така, го осуди Ратко Младиќ, водачот на војската на босанските Срби за време на војната 1992-1995 година, на доживотен затвор. година, како и Радован Караџиќ, поранешниот претседател на Република Српска.

Уште 44 случаи на голема кашлица, вкупно 443 заболени

Северна Македонија - Вакцинален пункт „Идадија“ во Скопје, вакцинација против голема кашлица, 12.2.2024 година
Северна Македонија - Вакцинален пункт „Идадија“ во Скопје, вакцинација против голема кашлица, 12.2.2024 година

Нови 44 случаи на голема кашлица се пријавени од 5 до 11 април, најголем дел од нив се во Скопје, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Тоа е намалување на бројот на случаи од 10 отсто во споредба со претходниот седумдневен период.

Според последниот извештајот на ИЈЗ, освен во Скопје, случаи се регистрирани и во Битола, Куманово, Кратово и во Крива Паланка. Возраста на заболените е од еден месец до 75 години. Најмногу случаи се во возрасната група од 10 до 14 години. Од новите 44 случаи, два се хоспитализирани.

Заклучно со 11 април, во Северна Македонија се регистрирани вкупно 443 случаи на голема кашлица. Од нив, 263 лица (59,4 отсто) не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација.

Од заболените, хоспитализирани се 60 лица и тоа 49 од нив на возраст до четири години.

Доц. д-р Валентина Цвејоска-Чолаковска, директорка на Клиниката за детски болести, денеска на брифинг со новинарите рече дека Се намалува бројот на заболени деца од голема кашлица во земјава, а тоа се должи на зголемувањето на имунитетот со порастот на вакцинацијата.

„На нашата Клиника болнички беа лекувани шест деца, доминантно мали доенчиња. Сите деца беа испишани во добра здравствена состојба. Подолго време немаме хоспитализации на деца со голема кашлица Детска клиника. Изразуваме задоволство што се зголеми вакцинацијата со вакцини кои содржат пертусис, со што се подигна имунитетот кај децата. Исто така погодуваше и тоа што и сезоната на респираторните заболувања е на крај, што резултираше со намалување на бројот на болни“, рече Цвејоска-Чолаковска.


Во периодот од 18 јануари до 11 април се дадени вкупно 39.031 доза вакцина што содржи компонента против голема кашлица.

Големата кашлица е едно од најзаразните заболувања. Кашлањето е често, силно, трае и до 100 дена. Силната бактериска инфеција може да предизвика дополнителни компликации.

Во Северна Македонија, епидемија на голема кашлица е прогласена во Скопје и во Куманово.

Москва го протера словенечкиот амбасадор

Илустрација, пасош на Руската Федерација
Илустрација, пасош на Руската Федерација

Русија му нареди на словенечки дипломат да ја напушти земјата како одмазда откако Љубљана протера руски дипломат, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи од 12 април.

Министерството, исто така, му порача на словенечкиот амбасадор дека неговата земја е одговорна за, како што го нарече, „уништување на билатералните односи“ меѓу Русија и Словенија.


„Овој отворено непријателски чекор го сметаме во контекст на општиот курс на Љубљана кон уништување на руско-словенечките врски“, соопштија од руското Министерство за надворешни работи.

На 21 март Словенија протера руски дипломат поради „активности некомпатибилни со дипломатскиот статус“.

Не изгоре Универзална, туку материјал, тврди компанијата што ја реконструира

Илустрација од пожарот што избувна во Универзална сала, 9 април 2024 година
Илустрација од пожарот што избувна во Универзална сала, 9 април 2024 година

Во Универзалната сала изгоре елементот кој што требаше да биде дислоциран. Речиси 70 проценти е демонтиран материјалот кој беше во наша надлежност да го демонтираме, а секоја штета која е направена на терен ќе ја сносат нашите компании, изјави денеска по брифингот со новинарите Лазар Арсоски, сопственик на „Универзал Балкан“ Скопје, фирмата изведувач што ја реконструира Универзална сала.

„Речиси 70 проценти е демонтиран материјалот којшто беше во наша надлежност да го демонтираме и да го исфрлиме шутот. Во глобала во Универзална сала изгореа елементи коишто требаше да бидат дислоцирани од тој објект. Се’ што беше вредно, се што имаше некаква вредност за во музеј и за да може да се искористи уште во 2021 година беше извадено од салата. Во глобала, во салата беа старите материјали како иверица, стар челик, стар алуминиум“, рече Арсоски.

Тој посочи дека двете компании кои ја реконструираат Универзалната сала - Актива Штип и „Универзал Балкан“ ќе ја сносат штетата која е направена на терен. Осигурано е, како што подвлече, се што е во објектот на Универзална сала, а секоја штета ја поправа компанијата.

„Договорот е таков и од него нема бегање. Ќе се види која е направената штетата и нашите компании ќе ја сносат. Секоја штета што ја има на оваа челична конструкција ако биде увидена, ќе биде заменета со нова и се тоа ќе се среди. Се дури е во наше владение проектот ние тоа мораме да го направиме и ќе го направиме. И уште еднаш да објаснам, од овој пожар нема жртви и не е направена преголема штета на самиот проект. Доколку постои штета, ние ќе ја сносиме како последица. Професорите од Градежен факултет ќе кажат што е она што треба да се санира“, изјави Арсоски.

На денешниот брифинг, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска посочи дека Универзалната сала ќе биде реконструирана и вратена на скопјаните. Таа упати апел до градоналачничката на Град Скопје да ја признае важноста на Универзалната сала, посочувајќи дека им требало многу време да ја добијат документацијата за преземање на надлежностите.

На 9 април, избувна пожар во Универзална сала во Скопје, но набргу беше локализиран. Причинета е само материјална штета.

Бајрамовска-Мустафа: Мерките за згрижување на децата питачи не даваат резултати

илустрација
илустрација

Досегашните мерки за згрижување на децата од улица и работата со нив не го даваат посакуваниот резултат, вели Васка Бајрамовска-Мустафа од канцеларијата на омбудсманот на Меѓународниот ден на деца од улица. Еден од главните предуслови за решавање на проблемите со питачењето и со честата појава на деца питачи на улиците е подобрувањето на социолошката и економската состојба во која егзистираат нивните семејства, истакнува таа.

„Праксата покажува дека ефектите од згрижувањето на децата, начините на работа со нив очигледно не ги даваат посакуваните резултати. Податоците што ги обезбедивме преку центрите за социјална работа, преку Заводот за социјални дејности, од интервјуата со самите родители, со самите деца згрижени во дневните центри за деца во социјален ризик, деца на улица, укажуваат на тоа дека се уште причините за појавата на деца на улица не се сфаќаат сериозно“, вели Бајрамовска-Мустафа.

Таа вели дека сегашната состојба со децата на улица треба да се сфати како аларм за посериозен пристап на институциите кон решавањето на проблемот оти децата на улица многу лесно може да завршат како жртви на трговија со деца.

„Сите деца што питаат потекнуваат од семејства што живеат во супстандардни услови, без вода, без струја, и за многумина социјалната помош е единствен извор на приход, па од тука решение на проблемот би било вработување, образование и обезбедување постојан приход за родителите, кои би обезбедиле нормален развој на децата“, посочува Бајрамовска-Мустафа.

Најсоодветно решение, според институцијата Народен правобранител, е да може да се работи со овие деца и со родителите еднакво. Бајрамовска-Мустафа вели дека постои протокол за меѓусекторско работење, односно вклучување на сите институции за решавање на овој проблем: Министерството за труд и социјална политика, центрите за социјална работа, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, граѓанските организации и локалните самоуправи.

Овие пораки беа испратени по повод 12 Април-Меѓународниот ден на децата на улица.

Брисел се сомнева во руско мешање на изборите во ЕУ

илустрација
илустрација

Белгискиот премиер Александар Де Кро на 12 април објави истрага за сомнително руско мешање во европските избори во јуни, велејќи дека разузнавачката служба на неговата земја го потврдила постоењето на мрежа која се обидува да ја поткопа поддршката за Украина.

„Целта е многу јасна: ослабената европска поддршка за Украина и служи на Русија на бојното поле и тоа е вистинската цел на она што беше откриено во последните недели“, рече Де Кро, чија земја претседава со Европската Унија.

На 6 и 9 јуни се одржуваат избори во цела Европа за избор на нов состав на европскиот парламент.

Брисел е веќе преполн со гласини пред годинашниот избор за високи позиции во институциите на ЕУ и во НАТО. Четири големи политички работни места ќе бидат преземени во 2024 година: претседателите на Европската Комисија и Европскиот Совет, на чии позиции во моментот се Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел, како и шеф за надворешна политика и безбедност што во последните пет години ја извршуваше Шпанецот Жозеп Борел. Исто така, во друг дел од белгиската престолнина, НАТО бара замена за Јенс Столтенберг, кој од функцијата генерален секретар на Алијансата ќе замине по една деценија.

Граѓаните најмалку им веруваат на Обвинителството и судството, а најмногу на Армијата, религиските институции и полицијата

илустрација
илустрација

Граѓаните најмалку им веруваат на Обвинителството и судството (9 отсто) и на Собранието (12 отсто), додека најголема доверба од 44 отсто имаат во Армијата, потоа следат религиските институции со 35 отсто, полицијата со 28 отсто, па Претседателот на државата со 24 отсто. Владата традиционално е на средина на рангирањето со доверба од 18 отсто, покажуваат резултатите од истражувањето „Еврометар 2024“ што го спроведе Центарот за европски стратегии - Евротинк.

„Во ова мерење има мал раст на довербата во полицијата која е институција во фокусот на овој проект. Традиционално Армијата и религиозните заедници се наоѓаат на првите две места, а полицијата на четврто, но овој пат е на трето место. Потоа следат претседателот на државата, невладините организации и безбедносно разузнавачки институции. Владата е некаде на средина со 18 проценти доверба, ДКСК и народниот правобранител се со доверба од 15 и 13 отсто и на дното се Собранието, судството и Обвинителството. Има мало враќање на довербата кај Обвинителството и судството кои претходно имаа доверба од 7, односно 6 отсто“, рече Александар Стојановски од Евротинк.

Нагласи дека во мерењето има доминантно изразена недоверба, освен кај првите две институции. Кај полицијата има генерално подобрување на перцепцијата на испитаниците освен во делот на работата на управните служби за издавање на лични документи.

Речиси 34 проценти од испитаниците ја оценуваат достапноста на информации поврзани со вадење на документи како лоша, а скоро 40 проценти како лоша ја оценуваат работата на управните служби на полицијата кои се одговорни за издавање на документи

„На прашањето дали граѓаните веруваат дека полицијата ќе ги заштити доколку нивната безбедност е загрозена, како што кажа, одговорите се речиси исти со претходните мерења и додаде дека поголем дел од нив сметаат дека ќе ги заштити“, вели Стојановски.

Од Евротинк сметаат дека високата доверба на Армијата не се должи на влегувањето на земјава во НАТО.

„Довербата во Армијата не би ја поврзувал со нашето влегување во НАТО. Веројатно граѓаните ја гледаат оваа институција како поголем заштитник или институција која е најимуна на влијанијата како што се партизирање, корупција, злоупотреба, инструментализација на институцијата во различни цели“, рече Стојановски.

Анкетата е спроведена телефонски од агенцијата „Брима“ врз репрезентативен примерок од 1001 испитаник во периодот од 31 јануари до 14 февруари годинава со маргина на грешка од 3,1 проценти во рамките на истражувањето „Перцепции и ставови на граѓаните за работата на полицијата во февруари 2024 година“.

Истражувањето е направено во рамки на проектот „Подобрување на отчетноста и транспарентноста на полицијата“ што се спроведува од јули 2022 година до јуни 2024 година и е подржано од Националниот фонд за демократија на Соединетите Држави.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG