Достапни линкови

Вести

Трифонов- Најверојатно се купени пратениците што ја напуштија партијата „Има таков народ“

Лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифунов и четворицата пратеници кои ја напуштија владината коалиција

Лидерот на партијата „Има таков народ“ Слави Трифонов на својот официјален Фејсбук профил потврди дека седум пратеници ќе ја напуштат неговата пратеничка група. Тој додаде дека тие ќе ги поддржат копретседавачите на владејачката партија „Промените продолжуваат“ Кирил Петков и Асен Василев.
По излегувањето на „Има таков народ“ од владата, владејачката коалиција нема мнозинство во Парламентот. На владата на Кирил Петков ѝ е потребна поддршка од уште најмалку 12 пратеници.

Бугарски медиуми - Седум пратеници ја напуштаат бугарската партија ИТН

„Најверојатно се купени со пари. Ќе се види на крајот кој каков е и што ќе биде. Нема потреба да бидам гатач за да знам дека Кирил и Асен во нивен стил ќе кажат многу лаги и измислици само за да ги оправдаат своите постапки и да ја смират својата грижа на совест. Но, предавството е предавство и никој не ги сака предавниците. Дури и оние кои имаат корист од нив“, напиша Трифонов на фејсбук., напиша Трифонов на својот профил на Фејсбук.

Пресврт во Бугарија – Што следи по излегувањето на Трифонов од владата

Шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска и министерот за енергетика Александар Николов поднесоа барања за напуштање на кабинетот. Тоа е резултат на одлуката на бугарската партија „Има таков народ“ да стави крај на владејачката коалиција и да го напушти кабинетот.

Опозициските ГЕРБ (со 59 пратеници), ДПС (34 пратеници) и „Преродба“ (13 пратеници) јасно ставија до знаење дека не може да се очекува поддршка од нив.

види ги сите денешни вести

Средба на Огнените и Ахмети во Мала Речица

Колаж од фотографии од лидерот на ДУИ, раководството на партијата и припадниците на т.н. Огнена група

Најтесното раководство на ДУИ денеска во Мала речица, каде се наоѓа нивното партиското седиште, разговара за конфликтот и недоразбирањата во партијата. На денешната седница присуствуваат и членовите на т.н. „Огнена група“ кои веќе неколку месеци водат кампања за смена на министри предложени од партијата, кои според нив не ја заслужуваат довербата и немаат резулатите во работењето.

Нема информации дали на седницата на Централното претседателство на ДУИ воопшто ќе се разговара за внатрепартиските превирање, со оглед дека пред почетокот, портпаролот Бујар Османи истакна дека единствена точка на дневниот ред е создавањето на „Фронтот за Европа“.

„Се наоѓаме во критично време, на крстопат, и мора да ги концентрираме сите сили и енергија на општеството за да ја ориентираме државата кон ЕУ. Тоа го очекуваат граѓаните од нас, подобар стандард, работа, поголеми плати, да останат овде, да ја планираат иднината овде. Ништо друго не може да ја гарантира перспективата освен ЕУ и ние сме должни тоа да го направиме како политичари“, изјави Османи пред средбата.

На граѓаните не им е гајле за битката на ДУИ за Чаир
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:24 0:00

Претходно на социјалните мрежи „Огнена група“ објави листа на разрешени функционери, обвинувајќи дека „првиот вицепремиер Артан Груби ги разрешува лицата кои мислат поинаку во ДУИ“.

Оттаму велат дека политичката елиминација била изведена на најбрутален можен начин, на начин како што во време не едноумието, преку ноќ биле менувани „неподобните“ кадри. На фотографијата се објавени сликите и имињата на следните разрешени функционери- заменик министерот за одбрана, Башким Хасани, кадар-модел на ДУИ, Ресми Ејупи, Аднан Ејуп, многу директори на клиники, како Алајдин Мемеди, Бесим Кока, Азиз Максути, Ќамил Ковачи, потоа Фикри Алити, Миѓен Селмани, Нехат Нухиу, Ајрула Мустафа и други.

Според Огнената група тие се разрешени само затоа што мислат поинаку, без никаква причина или евентуален пропуст во нивните должности.

За поделеноста меѓу двете групи во ДУИ јавно се зборува изминативе неколку месеци. „Огнената група“ е составена од поранешни министри, сегашни пратеници и градоначалници и е предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети. Тие сметаат дека цел владин состав потфрлил и треба да се смени со свеж кадар . Во другата група се владините функционери Артан Груби и Бујар Османи кои имаат поддршка од претседателот на партијата Али Ахмети.

Судирот во ДУИ се заостри откако Ахмети за координатор на чаирскиот огранок го назначи шефот на дипломатијата Бујар Османи, потег кој за „огнените“ е нестатутарен, бидејќи Изет Меџити е претседател на огранокот на Чаир. Тие ваквата одлука ја толкуваат како партиска елиминација на „огнените“ и најава дека очекуваат слични чекори и кон другите „непослушни координатори“.

Папата ја прифати оставката на германски Бискуп по низа обвинувања

Папата Франциск ја прифати оставката на бискупот во Оснабрик, град во северо-западна Германија, соопшти во саботата Ватикан. Епископот Франц-Јозеф Боде, кој беше критикуван за неговото справување со случаите на злоупотреба во црквата , ќе ја напушти и епархијата во Оснабрик.

Папата Франциско го прифати писмото за оставка од бискупот, објави Ватикан, без да наведе дополнителни причини. Соборот на жртвите го обвини Боде дека случајот на сексуално насилство врз малолетници го прогласил за „љубовна врска“ уште минатата година.

Во декември, Соборот на жртви во Ватикан поднесе жалба против Боде, велејќи дека неговиот став сè уште е повеќе наклонет кон сторителот отколку кон жртвата.

Во еден случај, свештеник со години сексуално злоставувал девојка во парохија. Експертите кои изготвија неодамнешен извештај го обвинија Боде дека му дал на свештеникот лидерска позиција во младинската работа во истата година кога девојката го пријавила мажот кај владиката.

Досега Боде велеше дека нема да поднесе оставка. Претседавачот на германската бискупска конференција, Георг Бацинг, ја призна оставката со „големо жалење и почит“, се вели во соопштението на конференцијата. Боде е епископ на Оснабрик од 1995 година.

Мексико сака да биде домаќин на Летните олиписки игри 2036

Мексико Сити беше домаќин на Летните игри во 1968 година.

Мексико изрази желба да биде домаќин на Летните олимписки игри во 2036 или 2040 година. Мексиканските власти тврдат дека веќе поседуваат поголем дел од потребната спортска инфраструктура.

Претходно интерес за домаќин на Олимпијадата во 2036 година изразија и Египет, Англија, Индија, Индонезија, Катар и Јужна Кореја. Мексико Сити беше домаќин на Летните игри во 1968 година.


Мексиканскиот секретар за надворешни односи Марсело Ебрард и претседателката на Мексиканскиот олимписки комитет Марија Хозе Алкала во петокот се сретнаа со претседателот на МОК Томас Бах. Не беше наведен град или регион, но Ебрард и Алкала најавија дека ќе биде формиран комитет за поддршка на иницијативата.

Минатиот октомври, генералниот директор на Меѓународниот олимписки комитет Кристоф Де Кепер рече дека разговарале со „10 заинтересирани НОК и региони низ четири континенти“ во врска со потенцијалните кандидатури за идните Летни игри. Изданието од 2036 година е следното достапно што ќе биде наградено.

При силно торнадо во Мисисипи и Алабама загинаа најмалку 20 луѓе

Илустрација торнадо кое уништи многу згради

Силното торнадо кое ги погоди американските сојузни држави Мисиси и Алабама одзеде најмалку 21 човечки живот, предизвика прекина на струја и уништи згради. Невремето беше проследено и со град со големина на тениско топче и се прошири низ јужниот дел на САД со ветрови кои се движеа со брзина од 113 километри на час.

Националната метеоролошка служба потврди дека торнадото предизвикало штета на околу 96 километри североисточно од Џексон, Мисисипи.Најмалку 13 смртни случаи се регистрирани на околу стотина километри северозападно од Џексон во тешко погодениот округ Шарки.

„Уште три лица загинаа, а најмалку две лица се во критична состојба во округот Хемфрис“, изјави директорот за управување со вонредни состојби Ројс Стид за Си-Ен-Ен.


Националната метеоролошка служба издаде предупредување до локалното население да пронајде засолниште, велејќи дека тоа е ситуација опасна по живот и дека предметите кои ги носи ветерот може да бидат фатални за оние кои не се засолнуваат. Беше предупредено и за можни оштетувања на домови, деловни простории и возила.

Гувернерот на Мисисипи, Тејт Ривс синоќа на Твитер напиша дека екипите за пребарување и спасување се активни и дека се испраќаат дополнителни амбулантни возила и опрема.

Украина- руската офанзива во Бахмут не запира

Илустрација

Жестоките борби продолжуваат во близина на источниот украински град Бахмут, при што Русија изврши десетици напади во последните 24 часа, соопшти украинската војска на брифингот на 25 март. Украинскиот Генералштаб соопшти дека имало 59 судири долж фронтот Бахмут во неколку области каде што имало интензивни борби во последните неколку недели.

Претходниот ден, украинската војска соопшти дека не забележала прекин во руските операции во областа Бахмут, и покрај тврдењата на некои аналитичари дека повеќемесечната офанзива на Москва слабее.

Американскиот Институт за проучување на војната (ISW) напиша дека „се чини дека кулминира пошироката руска пролетна офанзива“ и дека „руската воена команда ќе треба да посвети значителен број сили на линијата на фронтот за да започне обновени офанзивни операции .“

Украинските сили извршија воздушни напади врз руските позиции во областа и наводно собориле руски воен хеликоптер Ми-24. Ваквите тврдења не можеа да бидат независно проверени.

Во интервју за јапонскиот Јомиури Шимбун, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека неговата земја чека „муниција од партнерите“ пред да започне какви било големи офанзиви.

„Украина не може да ги испрати своите храбри бранители во контраофанзива без доволно оружје“, рече Зеленски.

Територијалните одбранбени сили во јужниот регион Керсон на 25 март известија дека имало бројни напади и инциденти со гранатирање во областа во текот на претходните 24 часа. Дел од гранатирањето погодиле станбени области, се вели во соопштението, а двајца цивили биле убиени.

Градскиот совет на Керсон на 24 март ги советуваше жителите кои живеат во близина на реката Днепар да заминат во „побезбедни области“.

„Поради постојаните напади, невозможно е таму да се обезбеди стабилно снабдување со топлина и вода“, напиша Советот на Телеграм. „Најдобрата опција да се заштитите себеси и вашите најблиски е да се евакуирате во побезбедни области“.

Официјални лица рекоа дека договориле бесплатен автобуски превоз од Керсон до пристанишниот град Одеса на Црното Море и дека 59 цивили биле евакуирани на 24 март.

Вечерва стартува летно сметање на времето

Ноќта помеѓу сабота и недела (25/26. 03.) стрелките на часовникот треба да се поместат еден час нанапред – во 2 часот, ќе се смета дека е 3 часот. Во речиси сите земји на Европа со тоа настапува летно сметање на времето.

Кај многу современи уреди, вклучувајќи ги паметните телефони, таблетите, компјутерите, прилагодувањето на времето се случува автоматски.

Летното сметање на времето ќе важи до 29 октомври, во 3 часот, кога ќе се врати зимското сметање.

Промената во летно или зимско сметање на времето, воведена првично во 1980 година заради заштеда на енергија, е спорна одамна. Се тврди дека заштедата на енергија е маргинална, а промената е неомилена кај луѓето.

Европската Унија и другите земји во Европа во 2002 г. одредија дека почетокот на летното сметање на времето е во последниот ден недела од март и трае до последниот ден недела од октомври.

При последното преминување на зимско сметање, во октомври 2022 г., Владата на Северна Македонија побара анализа од Министерството за економија за тоа дали евентуално останување на летното сметање може да значи заштеда на енергија, со оглед на најавите за енергетски тешка зима. Анализата го покажа спротивното, така што ноќта меѓу 29 и 30 октомври граѓаните во земјава, според воспоставената практика, ги поместија стрелките на часовниците за еден час наназад.

Нордиските воздушни сили ќе се обединат против руската закана

Илустрација , руски бомбардер

Воени претставници во четири нордиски земји најавија создавање на обединети воздушни одбранбени сили за да се спротивстават на согледаната закана од Русија.

Командантите на воздухопловните сили од Данска, Финска, Норвешка и Шведска на 24 март рекоа дека нивните воздушни сили ќе бидат интегрирани за да работат заеднички врз основа на стандардите на НАТО.

Командантот на данските воздухопловни сили, генерал-мајор Јан Дам, изјави за новинската агенција Ројтерс дека потегот е резултат на руската инвазија на Украина во 2022 година. Земјите имаат околу 400 модерни млазни ловци или во служба или по нарачка.

„Нашата комбинирана флота може да се спореди со голема европска земја“, рече Дам.


Норвешка има 57 борбени авиони Ф-16 и 37 борбени авиони Ф-35 со уште 15 од вторите по нарачка. Финска има по нарачка 62 авиони F/A-18 Hornet и 64 F-35, додека Данска има по нарачка 58 F-16 и 27 F-35. Шведска има повеќе од 90 авиони Грипенс.

Не е јасно колку од тие авиони се во функција. На потпишувањето во воздухопловната база Рамштајн во Германија минатата недела присуствуваше началникот на воздушната команда на НАТО, генерал Џејмс Хекер, кој исто така ги надгледува американските воздухопловни сили во регионот.

Македонија ќе ѝ донира 12 хеликоптери на Украина, а ќе купи 8 нови

Илустрација

Македонија ќе и донира 12 стари хеликоптери „ми-24“ на Украина. Оваа одлука ќе се разгледува в среда на владина седница на предлог на министерката за одбрана Славјанка Петровска. Таа во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат вели дека анализата на Генералштабот за тоа дали земјава може да ги донира хеликоптерите Ми-24 е завршена и дека на следната владина седница ќе биде доставен предлог за донесување на одлука со која Македонија ќе и донира 12 хеликоптери на Украина. Нагласи дека ваквата одлука нема да влијае на борбената готовност на Армијата.

„Сета опрема која што досега беше донирана, освен што е на барање на Украинците, ним им е потребна и тоа е опрема за која украинската армија е вешта во користењето, опрема која согласно нашите планови за модернизација веќе е на истекот на користење, нема да биде во составен дел на нашето вооружување и многу е извесно дека за кус временски период, ќе требаше да ни биде наплатено за да ја уништиме,“ рече министерката.

Дополнително Министерството за одбрана ќе набавува нови повеќенаменски хеликоптери, најверојатно осум на број, кои ќе имаат првенствено транспортна улога, а не борбена, изјави вчера во интервјуто Петровска. Таа изјави дека стигнати се пет понуди од различни држави и компании и во моментов се прави евалуација од страна на Интегриран проектен тим кој веќе во април треба да достави извештај до министерката. Намерата е леталата што ќе се купат да бидат повеќенаменски и освен за одбраната, да можат да се користат и за цивилната заштита и спасување.

„Кога се правени плановите за трансформација на нашата армија, утврдено е дека согласно нашите цели на способности и НАТО-цели на способности, борбената компонента во делот на хеликоптерската единица нема веќе да биде во функција, а ќе се набавуваат транспортни хеликоптери кои првенствено ќе имаат задача да ги завршуваат потребите на армијата, но, се разбира, ќе бидат оспособени да извршуваат и други задачи кои sе од поширок интерес за граѓаните.


Таа додава дека овие хеликоптери нема да се користат за борби.

„Не им е таа намената поради тоа што согласно плановите наши, борбената хеликоптерска единица не е дел од формацијата.“

Досегашните вкупно седум донации за Украина во воена опрема без последнава одлука за донација на хеликоптери изнесува околу 30 милиони евра, вели Петровска и додава дека за само помалку од една година Македонија беше поддржана од САД со 139 милиони долари, наменети за набавка на нова, најсофистицирана опрема.

Абазовиќ- Предвремени избори, но во правна процедура

Црногорскиот премиер во технички мандат Дритан Абазовиќ смета дека предвремени избори треба да има што е можно поскоро, но под правна процедура односно да се скрати мандатот на Парламентот на Црна Гора.

Тој во интервју за Глас Америка оценува дека Указот на претседателот Мило Ѓукановиќ за распуштање на Собранието и закажување избори за 11 јуни не е во согласност со таа процедура, бидејќи тој мора да го донесе указот врз основа на некои претходни одлуки.

„Тие одлуки треба да следат по одлуките на парламентот, односно на парламентарното мнозинство. Во спротивно, тој указ можеше да го донесе во август минатата година, или кој било ден минатата или оваа година, а не три дена пред првиот круг на претседателски избори, кога се проверува и неговата работа имајќи предвид дека тој е еден од кандидатите, рече Абазовиќ, кој е во посета на САД.

Руски пратеник бара забрана за активностите на Меѓународниот кривичен суд

Претседателот на долниот дом на рускиот парламент кој го поддржува Кремљ повика неговата земја да ги забрани активностите на Меѓународниот кривичен суд (МКС) откако судот издаде налог за апсење за можни воени злосторства на претседателот Владимир Путин.

Собранискиот спикер Вјачеслав Володин објави на социјалната платформа Телеграм на 25 март дека Русија треба да усвои закон со кој се криминализира секоја „поддршка или помош“ на Меѓународниот кривичен суд.

Меѓународниот кривичен суд распиша налог за апсење на Владимир Путин, обвинувајќи го рускиот претседател дека е одговорен за илегалната депортација на деца од Украина, што претставува воено злосторство.

Судот во соопштение наведува дека е распишана потерница и за Марија Лвова-Белова, руска функционерка за правата на децата, која наводно го насочувала отстранувањето на украинските деца во Русија.

Двајцата се осомничени дека „ги извршиле делата директно, заедно со други и/или преку други“, се вели во соопштението, додавајќи дека Путин не успеал „ да изврши соодветна контрола над цивилните и воените подредени кои ги извршиле дејствијата или дозволиле нивно извршување, и кои беа под негова ефективна власт и контрола, согласно одговорноста“.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, го нарече налогот „бесмислен“ бидејќи Русија не е потписничка на Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд и „не сноси никакви обврски“.

Обвинение против јужнокорејскиот крал на криптовалути во Црна Гора

Покренато е обвинение во Црна Гора против јужнокорејски државјани за фалсификување на патни исправи и кражба на идентитет. Станува збор за поранешниот извршен директор и ко-основач на компанијата за крипто валути Terraform Labs – До Квон, и неговиот деловен партнер Хон Чанг Џун.

Тие беа сослушани во обвинителството во Подгорица, на само еден откако биле приведени по нивниот обид да побегнат кон Дубаи со фалсификувани документи од Костарика. Според Интепол тие се осомничени за загуба на инвестиции вредни над 40 милијарди долари, изјави црногорскиот министерот за внатрешни работи, Филип Аџиќ.

Одбраната на приведените демантира дека поседувале фалсификувани пасоши.

„Осомничените се приведени поради околности кои укажуваат на ризик од бегство, бидејќи се работи за странски државјани со адреса на живеење во Сингапур, а нивниот идентитет не може да се утврди без сомнение“, се вели во соопштението на Основниот суд.

На осомничените може да им биде одредена мерка притвор во траење од најмногу 30 дена, соопшти судот. При проверка на нивниот багаж биле откриени патни документи од Белгија и Јужна Кореја. Проверките на Интерпол покажаа дека белгиските документи се фалсификувани, се вели во соопштението од црногорското МВР.

До Квон е баран од Соединетите Држави, Јужна Кореја и Сингапур за она што американската Комисија за хартии од вредност (SEC) го нарекува „оркестрирање на измама со хартии од вредност со крипто средства од повеќе милијарди долари“.

Налогот за апсење беше издаден од Јужна Кореја во септември, откако Terraform Labs и вредноста на нејзината крипто валута се урнаа во мај. Црногорското Министерство за внатрешни работи соопшти дека Квон е уапсен по потерница од Јужна Кореја, а официјалните лица во Сеул најавија барање за екстрадиција, јавува новинската агенција Франс Прес.

Многу инвеститори ги загубија животните заштеди кога крипотовалутите Луна и Тера пропаднаа, паѓајќи на вредност од речиси нула. Последиците од колапсот на Terraform Labs, исто така, се одразија на поширокиот пазар на крипто валута.

Сончево претпладне, врнежливо попладне

Денеска се очекува сончево време со мала до умерена облачност. ВО текот на денот ќе дува слаб, во западните делови умерен ветер од западен правец. Попладне и кон крајот на денот ќе има локално наоблачување со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот.

Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната од 18 до 23 степени.


Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, а попладне облачноста ќе се зголеми и во делови од котлината ќе има пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне 21 степен.

Естонија протера руски дипломат

Архивска фотографија: Руската амбасада во Талин

Министерството за надворешни работи на Естонија соопшти дека денеска го повикало вршителот на должноста на руската амбасада во Талин и му врачило дипломатска нота дека вработен во руската амбасада со дипломатски статус е прогласен за „персона нон грата.

Според извештаите, Министерството за надворешни работи на Естонија смета дека активноста на рускиот дипломат била спротивна на Виенската конвенција за дипломатски односи и тој мора да ја напушти Естонија најдоцна до 29 март.


Протераниот руски дипломат, како што тврди естонското министерство, „директно и активно учествувал во поткопувањето на безбедноста и уставниот поредок на Естонија, ширејќи пропаганда што ги оправдува руските воени дејствија и се занимаваше со создавање расцеп во естонското општество“.

Русија сега има в.д. амбасадор во Естонија зашто официјален Талин на 23 јануари го протера рускиот амбасадор, откако Москва претходно го направи истото со естонскиот амбасадор и ги намали дипломатските односи со Естонија, обвинувајќи ја за „тотална русофобија“.

По почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари минатата година, западните земји протераа стотици руски дипломати. Русија возврати со протерување западни дипломати.

Од кафуле во болница – на битолчанец место вода му дале средство за чистење

Илустрација

На четириесет и двегодишен битолчанец му се слошило откако испил вода во угостителски објект по што бил пренесен во Клиничката болница во Битола, а оттаму на Клиниката за токсикологија во Скопје.

Директорот на Клиниката за токсикологија во Скопје, Ридван Бајрами во изјава за МИА потврди дека кај нив е примен пациент од Битола, кој според исказот, побарал вода во угостителски објект, но наместо тоа му е дадено корозивно средство.

„Пациентот сега е во подобра здравствена состојба, но има оштетување на хранопроводникот и желудникот“, вели доктор Бајрами.

Порталот СДК објави дека се работи за корозивно средство кое се користи за машина за миење садови.

Случајот во полиција го пријавија сестрата на 42-годишниот А.Т. Според пријавата, А.Т. испил кафе и вода по што му се слошило.

За настанот е запознаен јавен обвинител, а увид извршила екипа на СВР Битола.

„Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираа од СВР Битола.

Апелација му ја укина затворската казна на Мијалков, а му ја зголеми на Груевски

Никола Груевски и Сашо Мијалков

Осудениот поранешен директор Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков доби условна казна затвор за предметот „Плацевите на Водно, откако Апелациониот суд денеска соопшти дека му ја уважиле жалбата на пресудата со која беше осуден на 1 година и 3 месеци затвор. За разлика од него на поранешниот премиер од ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски Апелација го осуди на две години повеќе од предвиденото во пресудата односно на вкупно 9 години затвор за истиот предмет.

Во предметот Плацеви на Водно Мијалков беше осуден за нелегално купување на имот на Водно. Во тој случај со првостепената пресуда, Груевски, кој е избеган во Унгарија, доби 7 години затвор. Груевски покрај нелегалното купување на плацеви на Водно, осуден е и за злоупотреба на партиските донации.

Во соопштението на Апелација е наведено дека Судот ги одбил жалбите на Груевски, додека на Мијалков и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција делумно ги уважува. Во алтернативната казна на Мијалков- условна осуда е пресметано и времето кое тој го помина во притвор.

„Се определува дека истата нема да се изврши ако обвинетиот во рок од 4 - четири години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело“, е наведено во соопштението од Апелација.

Во образложението за условната осуда, од Апелација велат дека Мијалков не презел реални постапки во кривичното дело, туку само вербални.

„Советот оцени дека првостепниот суд го повредил член 24 од Кривичниот законик, во кој е наведено дека помагачот се казнува исто или поблаго од сторителот на делото. Имајќи го во предвид член 24 од Кривичниот законик и во сооднос и корелација на казните на Н.Г. од С. (кој е во бегство),, Ј.К: - една година затвор, Н.Ј. алтернативна мерка условна осуда, Р.Н. Алтернативна мерка – условна осуда директни сторители со конкретни дејствија и постапки,“ е наведено во соопштението.


Апелација смета дека во делот на пресудата за Груевски, Кривичниот суд не ги ценел доволно отежнатите околности и поради тоа ја уважил жалбата на Обвинителството со што му се зголемува казната од 7 на 9 години затвор.
Кога станува збор за конфискуваниот недвижен имот од осудените, Апелација ја потврди пресудата, со што имотот од 3 милиони евра ќе се префрли во сопственост на државата.

Кривичниот суд за предметот „Плацеви на Водно“ на една година и три месеци затвор го осуди Мијалков, прв братучед на Груевски и поранешен прв човек на УБК. Тој беше обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело”. А на иста таква казна беше осуден и бизнисменот Јордан (Орце) Камчев за перење пари, кој во ноември минатата година излезе од затвор откако Кривичниот суд му ги спои двете казни за предметите „Плацеви на Водно“ и „ Империја“.

На условни казни затвор беа осудени Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ, казна која според пресудата може да премине во затворска доколку се огрешат пред законот во следните пет години.

Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Останатите беа обвинети дека му помагале при купувањето на плацевите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG