Достапни линкови

Слобода за Ламбе – Протест во Битола


Протест за ослободување на пејачот Ламбе Алабаковски, осомничен за палењето на бугарскиот Кулурен центар Ванчо Михајлов во Битола, во организација на Левица

Стотици битолчани денеска излегоа на протест со кој побараа ослободување на популарниот пејач Ламбе Алабаковски, кој е во притвор поради сомнеж за палењето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола. Тие порачаа дека во градот на Стив Наумов нема место за Ванчо Михајлов.

Во градот на народните херои Стив Наумов, Тодор Ангелевски, Елпида Караманди нема место за еден Ванчо Михајлов, порачаа од Левица на протестот за слобода на Ламбе Алабаковски што денеска се одржа во Битола.

„Бараме отфрлање на кривичната пријава поднесена против Ламбе Алабаковски. Бараме итно процесуирање на кривичната пријава на Левица против претседателот на клубот „Ванчо Михајлов“, поради излагање на подбив на македонскиот народ и предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа. Сè ова е провокација за битолчани. Испраќаме апел да се борат против новиот фашизам“, рече Горан Велевски од Левица - Битола.

На протестот присуствуваа стотици битолчани кои вееја претежно знамиња со сонцето од Вергина, а поретки беа оние со црвената петокрака. Но, затоа пак, имаше бројни транспаренти кои го величеа делото на народните херои од Битола, како и транспаренти со кои се бараат права за македонското малцинство во Бугарија. Имаше и фотографии од поранешниот бугарски премиер Ѓорги Димитров, кој во 1946 година го одобри пренесувањето на моштите на Гоце Делчев во Македонија.

Некои носеа и маици со натписи „Ќосето“. Присутните скандираа „Никогаш Северна, само Македонија“, „Уа, предавници“, а некои ги искинаа сликите на премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски.

Протест за ослободување на пејачот Ламбе Алабаковски, осомничен за палењето на бугарскиот Кулурен центар Ванчо Михајлов во Битола, во организација на Левица
Протест за ослободување на пејачот Ламбе Алабаковски, осомничен за палењето на бугарскиот Кулурен центар Ванчо Михајлов во Битола, во организација на Левица

„Да го ослободат Ламбе зашто имал мотив и бил изреволтиран, дедо му бил убиен од фашистите. Да го ослободат како што не одговарале Бугарите што ги кршеле македонските клубови во Благоевград“, рече Кире Скупбевски од Битола.

На протестот имаше и претставници од дијаспората.

„Македонската дијаспора е разочарана, се гонат патриотите, а фашистите доаѓаат во Битола и око не им трепнува. Бараме слобода за Ламбе, тоа го направи со почит и патриотизам. Сите финансиски средства ако го судат ќе ги подмириме ние од дијаспората“, рече Стефан Ѓоргиевски.

Говорниците на протестот обвинија дека денес бугарската влада дава пари и купува ветер зашто народот со пари не се купува.

„Во градот на Стив Наумов, Ѓорги Наумов, на Таки Даскало, Елпида Караманди, Тодор Ангелевски, народни херои кои ги положиле животите во борбата со фашистичкиот бугарски окупатор, денес гледаме како актуелната власт дозволува да биде отворен клуб кој носи име на прокламиран фашист. Не убедуваат дека треба да молчиме, да не паѓаме на провокации. Молчевме кога ни го менуваа името, кога поранешниот премиер на бугарска телевизија го релативизираше АСНОМ и НОБ, да молчиме кога ги распродаваа националните интереси и денес да молчиме, до кога ќе молчиме“, рекоа од Левица на протестот.

Бугарскиот клуб беше запален во саботата во пресрет на доаѓањето на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска на средба со Бујар Османи. Како осомничен беше притворен пејачот Ламбе Алабаковски, кој пред неколку месеци со семејството се врати од Америка во Македонија. Тој наводно го признал делото.

Македонските власти го осудија палењето, а Генчовска рече дека откривањето на сторителот ќе покаже дека во Македонија има борба против говорот на омраза.

Протест за ослободување на пејачот Ламбе Алабаковски, осомничен за палењето на бугарскиот Кулурен центар Ванчо Михајлов во Битола, во организација на Левица
Протест за ослободување на пејачот Ламбе Алабаковски, осомничен за палењето на бугарскиот Кулурен центар Ванчо Михајлов во Битола, во организација на Левица

Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е бугарски дијалект.

Отворањето на Културниот клуб во центарот за култура Ванчо Михајлов во Битола во април, на кој присуствуваше и бугарскиот државен врв, предизвика жестоки реакции во Македонија, со оглед на тоа што Михајлов, родум од Штип, во Втората светска војна бил соработник на фашистите. Тој тврдел дека Македонците се дел од бугарскиот народ.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG