Достапни линкови

Вести

Киев- Русија држи 600 Украинци во Херсон

Украинските власти ги обвинија руските сили дека уапсиле околу 600 луѓе, главно новинари и прокиевски активисти во јужниот регион Керсон, кој сега војската на Москва го држи под своја контрола, јавува новинската агенција Франс прес.

„Според нашите информации, околу 600 луѓе се задржани во специјално преуредени подруми во регионот на Херсон“, изјави Тамила Тачева, постојан претставник на украинското претседателство на Крим, полуостровот јужно од Херсон, кој Москва го анектираше во 2014 година.

Тачева рече дека најголемиот дел од приведените биле „новинари и активисти“ кои организирале „проукраински собири“ во Херсон и регионот околу него, откако бил окупиран од руските сили по инвазијата која започна кон крајот на февруари.

„Според нашите информации, тие се држат во нечовечки услови и се жртви на тортура“, додаде Тачева посочувајќи дека дел од Украинците кои се затворени во регионот Керсон, меѓу кои цивили и приведени борци биле испратени во затворите на Крим.

Регионот Херсон се протега покрај Црното Море и Азовското Море и пред инвазијата беше дом на околу милион жители. По инвазијата илјадници луѓе го напуштија клучното пристаниште на реката Днепро откако Русите го нападнаа градот, кој стана првиот голем урбан центар што падна во првата недела од март.

види ги сите денешни вести

Кремљ: Русија ќе продолжи да бара истрага за „Северен тек“

Илустрација

Кремљ соопшти дека ќе продолжи да бара меѓународна истрага за експлозиите што ги оштетија гасоводите „Северен тек“ под Балтичкото Море минатата година, откако не доби поддршка за истрага во Обединетите нации.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека сите треба да бидат заинтересирани за непристрасна истрага за да се откријат виновниците.

Русија денеска не успеа да го натера Советот за безбедност на ОН да побара независна истрага за експлозиите во септември кои ги пукнаа гасоводите „Северен тек“ што ги поврзуваа Русија и Германија и исфрлија гас во Балтичкото Море.

Северен тек 1 носеше руски гас во Германија додека Москва не ги прекина испораките на крајот на август 2022 година. Северен тек 2 никогаш не стапи во употреба бидејќи Германија го суспендираше својот процес на сертификација непосредно пред Русија да ја нападне Украина, на 24 февруари 2022 година.

Експлозиите на Северниот тек Гасоводите 1 и 2 се случија на 26 септември. Русија тврди дека САД стојат зад нападот. САД го негираат тврдењето.

Маричиќ: Не е разговарано за друга интервенција во Уставот

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека нема никаков договор ниту е разговарано за каква било друга интервенција во Уставот, освен за впишување на Бугарите, Црногорците, Хрватите и другите етнички заедници кои тоа го бараат.

Вицепремиерот во изјава за Дојче Веле, вели дека фокусот мора да е ставен на уставните измени кои произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ.

„Некои прашања може да се решат и со идни процеси на уставни промени“, посочува Маричиќ.

Според Маричиќ, отворањето на нови прашања и други теми надвор од првичната цел за промена на Уставот донекаде биле и очекувани.

„Не е првпат да слушнеме предлози, барања или пакет измени кои би биле предложени во случај на отворање на Уставот. За секоја тема која има значење за граѓаните може да се отвори општествена дебата, но, фокусот мора да е ставен на обврската која сме ја презеле во Францускиот предлог, кој е преточен во нашата преговарачка рамка и сите треба да сме насочени кон тоа“, нагласува Маричиќ.

Ако сакаме да успееме со уставните измени, подвлекува тој, процесот мора да биде фокусиран на оние теми важни за брза интеграција во ЕУ.

Македонија и Бугарија водат долгогодишен идентитетски, јазичен и историски спор, поради кој се блокирани и македонските евроинтеграции.

Дојави за бомби во училишта во Сараево

БиХ - Основно училиште

Неколку училишта во Сараево се евакуирани откако добиле дојави за псотавени бомби, потврдија за баканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) од Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево.

Поради дојавите за поставени бомби во неколку училишта во кантонот Сараево, наредена е превентивна евакуација на училиштата, а се вршат проверки од страна на полицијата, соопшти Министерството.

„Полицијата работи по наредба на обвинителството и во моментов не можеме да зборуваме за точниот број училишта кои се загрозени, ниту за бројот на училишта кои се евакуирани“, рече Мерсиха Новалиќ, раководителка на Одделението за односи со јавноста на Управата за полиција за РСЕ.

Таа додаде дека меѓу првите биле евакуирани училиштата во општина Центар во Сараево.

„Ние сме на терен и собираме информации. Ги преземаме сите неопходни мерки и дејствија што се предвидени за вакви случаи. Известен е и дежурниот обвинител“, рече Новалиќ.

Повеќе информации ќе имаат по собраните податоци.

Амнести Интернешенел: Одговорот на Западот кон Украина открива „двојни стандарди“

Илустрација

Глобалниот бес поради руската инвазија на Украина минатата година само ги разоткри „двојните стандарди“ на Западот кон кршењето на човековите права ширум светот, соопшти денеска „Амнести Интернешенел“.

Во својот годишен светски извештај за 2022 година, „Амнести Интернешенел“ укажа на, како што го опиша, молкот на Западот за правата во Саудиска Арабија, репресијата во Египет и постапувањето на Израел кон Палестинците.

„Силичниот одговор на Западот на руската инвазија на Украина ги истакна двојните стандарди, разоткривајќи колку безначајни биле нивните реакции на толку многу други прекршувања на Повелбата на ОН“, рече генералниот секретар на „Амнести Интернешенел“, Агнес Каламард додека го промовираше светскиот извештај на групата во Париз.

„Рускиот напад, кој започна на 24 февруари 2022 година, ни даде многу редок увид на тоа што е можно кога постои политичка волја да се дејствува, додека Западот ги затвора редовите за поддршка на Украина“, додаде таа.

По инвазијата, многу земји воведоа санкции кон Москва и ги отворија границите за украинските бегалци, а Меѓународниот кривичен суд започна истрага за воени злосторства во Украина.

„Амнести Интернешенел“ соопшти дека конфликтот ги истакна недостатоците во одговорот на кршењето на правата во другите делови на светот, како и „заглушувачкиот молк на Западот за состојбата со човековите права во Саудиска Арабија, неактивноста кон Египет и одбивањето да се соочи со израелскиот систем на апартхејд против Палестинците“

Организацијата соопшти дека нејзиниот извештај, кој ја испитува состојбата со човековите права во 156 земји во 2022 година, ги истакнува двојните стандарди ширум светот за човековите права и неуспехот на меѓународната заедница да се обедини околу човековите права и универзалните вредности.

Исто така, откри дека двојните стандарди и несоодветните одговори на кршењето на човековите права ширум светот поттикнуваат неказнивост и нестабилност.

Средношколците го прифатија предлогот на МОН за олеснување на матурата

Илустрација

Сојузот на средношколци ја прифати понудата на Министерството за образование и наука (МОН), наместо одложување на датумот на првиот екстерен испит, да се намали обемноста на испитот. Тој ќе носи од 60 до 80 бодови, наместо досегашните од 80 до 100, што значи дека ќе има намалување на бројот на прашања, информира Сојузот.

Во допис до медиумите истакнува дека успешно постигнал договор со МОН за државната матура и таа ќе биде приспособена на состојбата во образованието и ќе биде олесната за оваа генерација матуранти која, како што вели, беше најмногу погодена од прекините на наставата.

Сојузот на средношколци имаше четири барања од кои три вчера беа веднаш прифатени од МОН, а за четвртото, т.е. за барањето да се одложи почетокот на полагањето на матурата им го понуди компромисот за намалување на обемот на тестот.

Министерството за образование и наука преку Владата ќе им препорача на универзитетите да направат ваква промена во конкурсите. Исто така, на универзитетите ќе им биде препорачано првиот екстерен испит - мајчин јазик (македонски, албански, турски) и литература да се смета за соодветен на сите студиски програми, што значи дека оценката од овој испит ќе се множи со повисок коефициент.

„Со тоа, матурантите ќе добијат додатни два поена при упис поради оваа промена, а државата ќе покаже грижа за важноста на мајчиниот јазик и литература“, нагласува Сојузот.

Договорено е, исто така, наставниците да ги споделат банките со прашања за интерните испити најдоцна четири недели пред испитот и банките да содржат трипати поголем број на прашања од бројот на прашања на испитот. Тоа е значајно олеснување за матурантите, сметаат од Сојузот на средношколци, бидејќи матурантите ќе имаат доволно време да се подготват и за интерните испити.

Средношколците бараа да се олесни начинот на полагање на државна матура, оти во последните четири години, средношколците повеќе од година и пол учеа онлајн поради пандемијата со ковид-19, а оваа учебна година речиси секојдневно имаше дојави за бомби во училиштата поради што губеа часови.

Владата најави замрзнување на цените на хигиенските производи, овошјето и зеленчукот

Зеленчук на тезга на пазар

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави дека најверојатно утре, на владина седница, ќе се донесе одлука за замрзнување на цените на хигиенските производи, а во текот на оваа недела ќе бидат замрзнати и цените на дел од овошјето и зеленчукот.

„Нема да чекаме несоодветно работење на одредени комисии во Собранието. Со одлука на Владата ќе ги намалиме цените на лепеза хигиенски прозводи на истиот начин како што го сторивме тоа и кај цените на прехранбените производи, до одреден датум, но датумот до кога ќе трае замрзнувањето ќе се дознае утре“, истакна Бектеши по посетата на маркет во скопската населба Тафталиџе, заедно со преимерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.

За овошјето и зеленчукот Бектеши рече дека вчера ги добил анализите од Министерството за земјоделство.

„Денеска мојот тим работи, најверојатно цените на повеќе од пет-шест производи ќе бидат замрзнати во текот на оваа недела. Ги чекаме и анализите од Царинската управа за увозните цени на трговците за да видиме колку е ралзиката во делот на маржите“, нагласи Бектеши.

Владата претходно донесе одлука за замрзнување на цените на основните производи и цените на јајцата и оризот. Претходно замрзнати беа цените на тестенините и млечните производи, а замрзна и цената на белиот леб и полубелиот леб до 33 денари. Одлуката за замрзнати цени ќе важи до 31 мај.

Нов руски напад врз Украина со дронови

Илустративна фотографија

Русија изврши уште еден напад со беспилотни летала од иранско производство во Киев и околината, но украинската воздушна одбрана ги собори речиси сите и нема информации за жртви, соопшти денеска украинската војска.

„Руските сили употребија 15 беспилотни летала Шахед-136 за да извршат воздушни напади врз Украина, а 14 од нив беа уништени од украинската војска“, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина во својот дневен билтен.

Војската предупреди дека веројатноста за понатамошни ракетни и воздушни напади останува висока низ целата територија на Украина. Шефот на градската воена управа на Киев, Серхи Попко, извести дека во текот на ноќта во близина на главниот град на Украина биле соборени 12 дронови.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, извести за експлозии во повеќе области во главниот град. Пожар зафатил продавница, но тој брзо бил локализиран и нема пријавени жртви, рече Кличко. Пожарот бил предизвикан од паѓање на остатоци од соборен дрон.

На истокот пак, Генералштабот соопшти дека борбите беснеат на неколку фронтови во регионот на Доњецк, каде што украинските сили одбиле 62 напади во изминатите 24 часа. Руските сили продолжија со нападите врз Бахмут, разурнатиот рударски град кој стана епицентар на офанзивата на Москва.

Во изминатиов период, руската војска, го засили гранатирањето на Маријнка и Авдијевка, два града под контрола на Украина во предградието на градот Доњецк, кои се под контрола на силите поддржани од Москва од 2014 година.

Во Адвдијивка, руското гранатирање ги затвори сите јавни служби, а општинските работници се евакуирани. Само околу 2.000 цивили од предвоеното население од околу 30.000 останале во градот.

Виталиј Барабаш, началникот на воената администрација на Авдијивка, рече дека континуираните руски бомбардирања го претвориле градот во „место од постапокалиптични филмови“.

Азески ќе го олеснува бизнис дијалогот меѓу Србија и Косово

Претседател на Стопанска комора Бранко Азески

Македонската Стопанска комора именуваше олеснувачи за надминување на административните бариери во економската соработка меѓу Србија и Косово. Претседателот на Стопанската Комора Бранко Азески ги именуваше своите советници од кабинетот Елена Милевска Штрбевска и Јадранка Аризанковска за олеснувачи во разговорите што ќе се одвиваат меѓу тимови од стопанските комори на двете земји.

Првиот состанок ќе се одржи во четврток, на 30 март во Скопје. Целта на состанокот е што побрзо разрешување на сите спорни прашања поврзани со административните бариери кои ја кочат економската соработка меѓу овие две земји.

Дијалогот меѓу Белград и Приштина се одвива 12 години со посредство на Европската унија.

Косово и Србија постигнаа договор за тоа како да го спроведуваат договорот за нормализирање на меѓусебните односи, рече шефот за надворешна политика на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел, по речиси 12 часовните средби во рамки на дијалог меѓу Косово и Србија кој се одвиваше во Охрид на 18 март годинава.

Од прогласувањето на независноста на Косово, во 2008 година, помеѓу двете земји постојат различни предизвици во однос на економската размена, имајќи предвид дека официјален Белград не ги признава документите кои ги издаваат косовските институции, како на пример сертификатите за потекло на производите од Косово.

„Усогласувањето на спорните прашања во трговската соработка меѓу Србија и Косово е исклучително важно економско, но и политичко прашање, од причина што тоа може да доведе до нормализација на односите помеѓу овие две земји, како нов исчекор во децениските тензични односи“, се вели во соопштението од Стопанската комора

Во него е наведено дека постојат и веќе потпишани договори кои треба да обезбедат основа и инструменти за значајно подобрување на конкурентноста, економската кохезија и поврзаноста на целиот регион на Западен Балкан.

„За да се елиминираат сите недостатоци кои се јавуваат во трговската размена, сега е вистинско време да се повлечат мудри потези, во насока на интензивирање на регионалната интеграција и трговската соработка, што ќе обезбеди економски просперитет на двете земји, но и на Западен Балкан во целина“, се вели во соопштението.

Според македонската Стопанска комора сега е потребно отстранување на сите административни бариери и создавање услови за подобрување на економската соработка, за странските партнери и меѓународните институции да гледаат на регионот како просперитетен иден политички и економски партнер. Оттаму велат дека во овој период земјите од Западен Балкан влегуваат во неизвесност која е катастрофална за бизнисот.

„Компаниите во овој момент се наоѓаат во многу тешка позиција, бидејќи ваквата неизвесност е смрт за инвестициските активности и за нивниот развој“, се вели во соопштението.

Постигнатиот договор меѓу Косово и Србија во саботата во Охрид е правно обврзувачки за двете страни од секој аспект. И двете земји ќе бидат оценувани за сработеното од Договорот, изјави на 20 март американскиот специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ексобар на брифинг со новинари од целиот Балкан.

Велика Британија и Полска ќе градат нови привремени села во Украина

Илустрација, град погоден од руски проектили во Украина

Велика Британија и Полска ќе изградат две привремени села во западна и централна Украина за да обезбедат домување за оние што беа принудени да ги напуштат своите домови поради руската инвазија. Ова го соопшти британската влада со ветување за инвестиција од 10 милиони фунти односно 12,3 милиони долари.

Речиси 118.000 Украинци беа примени од британски семејства како дел од одговорот на владата на руската инвазија во февруари 2022 година. Дел од украинските семејства се уште имаат проблеми трајно да добијат станови.
Британската влада соопшти дека селата во Лавов и Полтава ќе можат да вдомат повеќе од 700 луѓе, дел од милионите раселени во Украина или, пак за оние кои ја напуштиле земјата, а сакаат да се вратат.

„Во изминатата година, рускиот претседател Владимир Путин продолжи да ги напаѓа цивилните домови и украинската инфраструктура, при што украинскиот народ плаќа висока цена. Ова ново партнерство меѓу Обединетото Кралство и Полска ќе помогне да се донесат светлина, топлина и домови на оние на кои им е најпотребна “, изјави британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли.

Според податоците на Високиот комесаријат на Он за бегалци руската инвазија врз Украина протера 14 милиони Украинци од нивните домови.

Унгарија го одобри членство на Финска во НАТО, но не на Шведска

Гласањето во унгарскиот Паралемнт

Унгарскиот Парламент на 27 март ја одобри кандидатурата на Финска да се приклучи на НАТО. Со тоа стави крај на неколкумесечните одложувања и ја доведе нордиската земја чекор поблиску до станување полноправна членка на западната воена алијанса.

Унгарската влада до сега често го одложуваше гласањето во Парламентот со кое треба да се ратификува приспатувањето на Финска во НАТО. Во меѓувреме речиси сите други членки на алијансата ја ратификуваа кандидатурата на Финска.

Додека одобрението на Унгарија беше дочекано со олеснување во Хелсинки и на други места, приемот на Шведска во НАТО остана да „виси во воздух“. Финска и Шведска заеднички аплицираа за членство по руската инвазија на Украина.

Минатата недела шведскиот премиер Улф Кристерсон денеска најави дека ќе бара објаснување од Унгарија зошто унгарскиот парламент избра да го одобри влезот на Финска во Алијансата пред Шведска, пренесе АФП.

„Ќе прашам зошто ја одвојуваат Шведска од Финска. Тоа се сигнали што досега не сме ги виделе“, изјави Кристерсон за шведското радио СР, додавајќи дека има намера да разговара за ова прашање со својот унгарски колега Виктор Орбан, на тековниот ЕУ самит во Брисел.

Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО во мај 2022 година по почетокот на руската инвазија на Украина. Унгарија и Турција се единствените членки на НАТО кои се уште не го ратификувале во своите парламенти пристапувањето на овие две земји, додека останатите 28 членки веќе го направиле тоа.

Ривали на талибанците презедоа одговорност за самоубиствен напад

Илустрација

Одговорноста за самоубиствениот бомбашки напад во главниот авганистански град Кабул ја презеде огранок на милитантна група од Исламска држава која се именува како Хорасан. Станува збор за самоубиствен напад во кој загинаа шест лица, а рани 12 други на 27 март во близина на Министерството за надворешни работи.

По враќањето на талибанците на власт во 2021 година, Исламската држава-Хорасан се појави како главен ривал на талибанците во земјата зафатена од војна.

Пред нападот на 27 март, безбедносните сили го забележале бомбашот и пукале во него, но не можеле да го спречат да стигне до контролен пункт на плоштадот Малик Асгар, каде што го активирал својот експлозивен елек, изјави Калид Задран, портпарол на безбедносната команда на талибанците во Кабул.

Нападот се случи еден ден откако талибанците тврдеа дека убиле тројца клучни милитанти на ИД за време на рација во Мазар-и-Шариф, главниот град на северната провинција Балх.

Исламска држава - Хорасан неодамна организираше неколку напади во Авганистан. На 11 јануари, бомбаш-самоубиец уби најмалку 10 луѓе кога се разнесе во близина на Министерството, недалеку од местото на нападот на 27 март.

Оваа група исто така, ја презеде одговорноста за бомбашкиот напад во близина на контролен пункт на воениот аеродром во Кабул на 1 јануари, во кој загинаа до 20 луѓе и нападот во декември врз хотел во Кабул, посетен од бизнисмени. Најмалку пет кинески државјани беа ранети во декемврискиот напад врз хотелот.

Русија тестираше противбродски ракети во Јапонското Море

Русија – Воена морнарица – Бродови од Пацифичката флота за време на прославата на Денот на морнарицата, 31 јули 2005 година

Руската морнарица истрела суперсонични противбродски ракети врз лажна цел во Јапонското Море, објави руското Министерство за одбрана во вторник, 28 март.

„Во водите на Јапонското Море, бродовите на Тихоокеанската флота истрелаа крстосувачки ракети „Москит“ врз лажна непријателска цел“, се вели во соопштението на профилот на Телеграм.

„Целта, која се наоѓа на оддалеченост од околу 100 километри, беше успешно погодена директно со две крстосувачки ракети Москит“.

Ракетата е суперсонична крстосувачка ракета со среден дострел од советско потекло, способна да уништува бродови на домет до 120 километри.

Јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши изјави дека Токио ќе остане на будност за воените операции на Москва, додавајќи дека не е забележана штета по лансирањето на ракетата.

„Како што руската инвазија врз Украина продолжува, руските сили исто така стануваат поактивни на Далечниот Исток, вклучително и околу Јапонија“, рече Хајаши на редовната прес-конференција.

Лансирањето на ракетата доаѓа една недела откако два руски стратешки бомбардери способни да носат нуклеарно оружје надлетаа над Јапонското Море повеќе од седум часа во, како што рече Москва, „планиран лет“.

Запрашан за плановите на Русија да распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, Хајаши рече дека Јапонија го осудува потегот и бара Русија и Белорусија да престанат со „таквата акција што дополнително ќе ги зголеми тензиите“.

Три деца и тројца возрасни убиени во оружен напад во училиште во САД

Одри Елизабет Хеил била снимена од безбедносните камери за време на пукањето во училиштето

Тешко вооружен поранешна ученичка уби три деца и тројца членови на персоналот во планиран напад во приватно основно училиште во Нешвил во понеделникот, пред да биде застрелана од полицијата. Началникот на полицијата Џон Дрејк ја именуваше осомничената како Одри Хејл, која зад себе остави манифест и имаше мапа на училиштето со детали за надзорот и влезните и излезните точки.

„Осомничената била подготвена за пресметка со органите на прогонот“, изјави началникот на полицијата.

Во интервју за Ен-Би-Си, Дрејк рече дека осомничената најверојатно планирала поширок напад бидејќи манифестот „покажува дека ќе има пукотници на повеќе локации, а училиштето е едно од нив“.

Полиција во дворот на училиштето во нешвил по нападот
Полиција во дворот на училиштето во нешвил по нападот

Според полицијата, вооружена со најмалку две автоматски пушки и пиштол, Хејл влегла во Училиштето ковенант, христијанска академија, од страничниот влез, наводно пукајќи низ вратата, а потоа испукала повеќе истрели додека се движела низ зградата.

Полицијата идентификувала шест жртви, наведувајќи дека едно од трите деца имало осум години, а две по девет години, додека убиените возрасни се од 60 до 61 година. Една од жртвите, Кетрин Кунсе, е наведена како директорка на училиштето на веб-страницата на академијата. Првичната конфузија имаше околу родовиот идентитет на убиецот, но полицијата подоцна соопшти дека Хејл е трансродова.

Престрелките во училиштата се алармантно чести во САД. Претседателот Џо Бајден го опиша последното пукање како „гадно“ и рече дека оруженото насилство „ја кине душата на нацијата“.

Тој го повика Конгресот да донесе забрана за јуришно оружје, кое често се користи во масовни престрелки.

Шмит – Крајно време е да се формира влада во Федерацијата БиХ

Високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, за време на прес-конференција во Сараево, 12 април 2022 година

Високиот претставник за Босна и Херцеговина (БиХ) Кристијан Шмит денеска предупреди дека е крајно време да заврши процесот на формирање на влада на Федерацијата БиХ врз основа на резултатите од изборите одржани уште во октомври минатата година. Тој ги повика политичките партии да дејствуваат одговорно и на тој начин да обезбедат продолжување на потребните реформи.

Во авторски текст за сараевски „Дневни аваз“, Шмит се огласи за првпат откако Уставниот суд на Босна и Херцеговина минатата недела ги отфрли жалбите против неговите одлуки за измени на изборниот закон и Уставот на Федерацијата Босна и Херцеговина (ФБиХ) во врска со постизборното конституирање на посредно избраните тела.

Жалбите ги поднесоа тогашните членови на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ.

Уставниот суд оцени дека одлуките на Шмит од 2 октомври минатата година, донесени на денот на изборите, се во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина и дека нема причина да се поништат.

„Политичките актери мора да се однесуваат одговорно и да го завршат процесот на формирање влада“, рече Шмит во момент кога се уште не е јасно како ќе се формира новата влада.

Владата на Федерацијата БиХ последен пат беше формирана во 2014 година, а од претходните избори од 2018 година функционира како „техничка влада“.

Рокот за формирање нова влада истекува на 6 април.

Високиот претставник за БиХ ги носи одлуките врз основа на Бонските овластувања врз основа на кои има право да менува закони, устави на ентитетите или да менува функционери. Тој е конечен авторитет за толкување на Дејтонскиот мировен договор.

Уставна надлежност за именување и менување на владата на Федерацијата БиХ има претседателот на овој ентитет во земјата, со согласност на двајцата потпретседатели, а именувањето го потврдува Претставничкиот дом на Парламентот на ФБиХ.

Претседателката на БиХ Лидија Брадара од Хрватската демократска заедница на БиХ (ХДЗ) и потпретседателот Игор Стојановиќ од Социјалдемократската партија на БиХ (СДП) претходно најавија дека за премиер на ФБиХ ќе го предложат лидерот на СДП Нермин Никшиќ.

Другиот потпретседател Рефик Лендо од Странката за демократска акција (СДА) се противи на тоа и инсистира новата влада да ја формираат СДА, ХДЗ и СДП.

ХДЗ и коалицијата предводена од СДП велат дека имаат мнозинство во Претставничкиот дом и не сакаат коалиција со СДА.

СДА, ХДЗ и Сојузот за подобра иднина ја сочинуваат владата на Федерацијата БиХ од 2015 година. Во таа влада, СДА има премиер – Фадил Новалиќ.

Нетанјаху ќе ја одложи расправата за контроверзната судска реформа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе ја одложи расправата за контроверзната судска реформа за наредниот месец, се вели во денешното соопштение на крајно десничарскиот коалиционен партнер во владата, партијата „Еврејска моќ“.

Во соопштението се вели дека законот ќе биде поместен за наредната седница на израелскиот парламент за „реформата да помине преку дијалог“. Парламентот наредната недела заминува на одмор поради празникот Пасха.

Крајно десничарската влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се соочува со повеќе протести и генерален штрајк, поради плановите на властите да направат ревизија на правосудниот систем.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG