Достапни линкови

Вести

Руските рудари велат дека е намалена побарувачката за извоз на јаглен и дијаманти

Илустративна фотографија/ Копање јаглен во Русија
Илустративна фотографија/ Копање јаглен во Русија

Руските компании за природни ресурси имаат пад на извозот поради западните санкции, а некои компании велат дека можеби ќе треба да го намалат бројот на работници, се вели во извештајот на Централната банка.

Регионот Кемерово во Западен Сибир забележа пад од 20 отсто на извозот на јаглен во април, додека залихите се зголемија за 13 отсто, се додава во извештајот.

Кемерово е најголемиот регион за производство на јаглен во Русија.

Една од компаниите за јаглен во Источен Сибир, според извештајот, проценила дека голема е веројатноста дека ќе треба да го затвори производството и да отпушти работници.

Европската унија во април се согласи целосно да го укине рускиот увоз на јаглен до 1 август, како дел од серијата санкции кои имаат за цел да ја казнат Русија за нејзината инвазија на Украина.


Русија беше најголемиот извозник на јаглен во ЕУ пред војната.

Руските компании сега се обидуваат да ја пренасочат својата продажба на јаглен во Азија, но не успеаја целосно да ја надоместат загубата на пазарите на ЕУ, се вели во извештајот.

Сепак, остриот пораст на цените на јагленот во текот на изминатата година им помогна на руските компании да ја задржат профитабилноста во услови на намален обем на продажба.

Во меѓувреме, во регионот на Далечниот Исток на Русија, рудар на дијаманти рече дека многу трговци одбиваат да го купат неговото производство поради финансиските санкции наметнати на земјата.

Банките во Индија, еден од најголемите пазари за дијаманти, не ги обработувале плаќањата на руските рудари, се вели во извештајот.


Руската економија може да се намали за дури 15 отсто оваа година бидејќи западните санкции ја намалуваат побарувачката за извоз на стоки во земјата и го блокираат увозот на критична технологија неопходна за производство.

Извозот на стоки претставува огромен дел од приходите на федералниот буџет на Русија.

види ги сите денешни вести

МВР: Сузбиена криминална група, приведени 10 лица

Полиција, Северна Македонија (Илустрација)
Полиција, Северна Македонија (Илустрација)

Во координирана полициска операција денеска полициските службеници од слобода лишиле 10 лица, од кои четири од Гевгелија, три од Струмица, две од Струга и едно лице од Демир Капија, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Притоа, извршени се претреси на четири локации во Струмица, Струга, Гевгелија и Битола и се обезбедени материјални докази, односно пари и поголема количина на наркотична дрога која потекнува од правен субјект регистриран за извршување на дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија наменети за медицински цели.

Приведените лица, се наведува во соопштението, ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, пронајдената дрога ќе биде дадена на вештачење, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 став 3 од Кривичниот законик - „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”.

Операцијата е спроведена од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал - Сектор за криминалистички истраги - Единица за недозволена трговија со дрога при Бирото за јавна безбедност, со цел сузбивање на организирана криминална група која делувала на неколку локации на територијата на Република Северна Македонија.

„Групата била инволвирана во организирање, набавка, продажба и пуштање во промет на марихуана. Имено, од октомври 2023 година кога започна акцијата преземени се повеќе оперативно-тактички мерки и активности за сузбивање на групата“, се појаснува во соопштението од МВР.

Зеленски побара повеќе системи за противвоздушна одбрана по новите жртви во руските напади

Спасувачите бараат преживеани во урнатините по напад со руски дрон врз станбена зграда во Одеса, пристанишен град во јужна Украина, 2 март 2024 година.
Спасувачите бараат преживеани во урнатините по напад со руски дрон врз станбена зграда во Одеса, пристанишен град во јужна Украина, 2 март 2024 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска на 2 март го повика Западот да обезбеди повеќе системи за противвоздушна одбрана, откако најмалку шест лица загинаа во најновите руски напади, објави АФП.

Според украинските власти, четири лица, меѓу кои и едно тригодишно дете, се убиени во воздушни напади во текот на ноќта во пристанишниот град Одеса на југот на земјата, додека гранатирање убило едно лице во областа Харков во близина на Руската граница, како и уште една жртва на јужната линија на фронтот во регионот Керсон.

„Ни треба повеќе воздушна одбрана од нашите партнери. Треба да го зајакнеме воздушниот штит на Украина за да додадеме поголема заштита за нашиот народ од рускиот терор. Повеќе системи за противвоздушна одбрана и повеќе проектили за системи за противвоздушна одбрана спасуваат животи“, рече Зеленски во објавата на социјалните мрежи.

Украина чека нов пакет воена помош од Соединетите Американски Држави (САД) во вредност од 60 милијарди долари, кој е блокиран од Конгресот.

Четири лица загинаа, осум се ранети, додека шест се водат за исчезнати откако руски дрон се урна на 2 март во станбен блок во пристанишниот град Одеса во јужна Украина, соопштија властите, пренесе Ројтерс.

„Русија продолжува да се бори против цивилите... Едно од непријателските беспилотни летала погоди станбена зграда во Одеса. Уништени се 18 станови“, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на мрежата Телеграм.

На видеото објавено од Зеленски се гледа оштетената станбена зграда, како и десетици спасувачи кои се борат да се пробијат низ урнатините.

Според Зеленски, станува збор за беспилотно летало Шахид од иранско производство. Русија лансираше неколку илјади вакви беспилотни летала при напади врз цели во Украина.

Регионалниот гувернер на Одеса, Олех Кипер, изјави дека активностите за расчистување на урнатините се во тек и дека еден човек е извлечен жив, кој најверојатно бил во подрумот во моментот на ударот.

Украинскиот јавен радиодифузен сервис „Суспилне“ го цитираше локалното обвинителство дека шест лица се уште се водат како исчезнати.

Вооружените сили на Украина соопштија дека регионот Одеса бил нападнат со осум беспилотни летала, од кои седум биле соборени од противвоздушната одбрана.

Регионалниот гувернер на Харков, Олех Синиехубов (Синјехубов) на 2 март објави дека повеќе од 20 населени места во источната украинска провинција претрпеле руски артилериски и минофрлачки напади, додека високи згради во регионалната престолнина биле оштетени од напад со дрон.

Поддржувачите на Навални и денеска положуваат цвеќиња на неговиот гроб и покрај полициското присуство и апсењата

Граѓани и денеска оддаваат почит на гробот на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални на московските гробишта, 2 март 2024 година.
Граѓани и денеска оддаваат почит на гробот на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални на московските гробишта, 2 март 2024 година.

Повеќе граѓани и денеска на 2 март продолжија да доаѓаат и да положуваат цвеќиња на гровот на рускиот опозиционер Алексеј Навални, кој беше погребан во Москва на 1 март по неговата сомнителна смрт во арктичкиот затвор минатиот месец, и покрај големото полициско присуство на гробиштата и апсењата на повеќе повеќе од 120 луѓе ширум Русија за учество на собири во чест на споменот на починатиот опозициски политичар.

Навални беше погребан на гробиштата во близина на неговиот дом каде го поминал детството, а илјадници негово поддржувачи и покрај силното полициско обезбедување сепак се појавија да му оддадат почит.

Рускиот новинар Александар Пљушчев со седиште во Литванија повторно објави на својот канал Телеграм порака од жена која ги посети гробиштата Борисовски утрото на 2 март и рече дека безбедносните сили се уште се на гробиштата во голем број.

„Жената рече дека „сè уште се носат многу цвеќиња, а луѓето продолжуваат да доаѓаат“, и објави неколку фотографии на кои се гледа гробот на Навални покриен со свежо цвеќе и венци. Жената кажа и дека и покрај тоа што полиција е присутна, сепак луѓето поминуваат време на гробиштата“, се вели во објавата на Пљушчев на Телеграм.

Ала Абросимова, мајката на сопругата на Навални, Јулија, на 2 март повторно го посетила гробот на својот зет заедно со мајката на Навални. На Телеграм е објавена фотографија од двете мајки.

Мајката на Алексеј Навални, Људмила Навалнаја (лево) и неговата свекрва Ала Абросимова, пристигнуваат на гробиштата Борисовски во Москва на 2 март, 2024 година.
Мајката на Алексеј Навални, Људмила Навалнаја (лево) и неговата свекрва Ала Абросимова, пристигнуваат на гробиштата Борисовски во Москва на 2 март, 2024 година.

Абросимова на 1 март објави видео во кое држи говор на гробот на Навални.

„Јулија денес ми се јави 10 пати. Кажете му нему (Алексеј Навални) директно дека го сакам неизмерно. Иако не мора да зборувате, бидејќи тој тоа многу добро го знае. И знаете, сегс некаде тој е среќен, бидејќи не секој така сака“, вели Абросимова во видеото.

Јулија Навалнаја, која живее надвор од Русија од безбедносни причини, не присуствуваше на богослужбата. Но, таа објави емотивно писмо и видео на Инстаграм во кое му оддава почит на нејзиниот сопруг, велејќи дека успевал да ја насмее, дури и кога бил затворен.

„Не знам како да живеам без тебе, но ќе се потрудам да те направам среќен и горд на мене. Не знам дали ќе успеам, но ќе се обидам “, вели таа во видеото, алудирајќи на нејзиното ветување дека ќе ја продолжи работата на нејзиниот сопруг за да донесе демократија и слобода во Русија.

На роднините и блиските соработници им беше дозволено да присуствуваат во црквата на кратката погребна церемонија на најистакнатиот непријател на претседателот Владимир Путин, пред погребот кој се одржа во околните гробишта.

Полициските сили беа присутни во голем број насекаде ширум Русија каде граѓани се собираа да му оддадат почит на Навални, а иако не беа пријавени непосредни инциденти за време на церемониите, сепак полицијата апсеше луѓе во Москва, Новосибирс, Екатеринбург и други руски градови каде граѓаните му оддаваа почит на Навални.

Оштетени две згради, жителите евакуирани по експлозија во Санкт Петербург

Оштетена зграда во Санкт Петербург, Русија, 2 март 2024 година.
Оштетена зграда во Санкт Петербург, Русија, 2 март 2024 година.

Две згради se оштетени, а луѓето од нив евакуирани во рускиот град Санкт Петербург во утринските часови на 2 март, откако жителите пријавија силна експлозија која уништила прозорците, објави Ројтерс.

Гувернерот на Санкт Петербург, Александар Беглов, изјави дека „инцидентот“ се случил во североисточниот кварт Красногвардејски.

„Немаше жртви, но жителите се евакуирани од нивните станови“, рече Беглов, без да ја објасни причината за инцидентот или да прецизира што точно се случило.

На видеото на Ројтерс направено на местото на настанот се гледа оштетената фасада на зградата и балконите со скршени прозорци, како и скршено стакло и остатоци на земјата.

Граѓаните кои претрпеле штета за Ројтерс изјавиле дека слушнале чудни звуци проследени со експлозија и пожар.

„Прво слушнав свиреж, бидејќи само го отворив прозорецот, потоа истрел, а потоа видов пламен и чад, прозорецот излета“, изјави жителката Елена за Ројтерс.

Руските медиуми објавија дека инцидентот би можел да биде предизвикан од соборен украински дрон, кој бил насочен кон складиште за гориво во близина.

Руските власти досега не се огласи во врска со овие тврдења.

Вучиќ за нови избори во Белград, ја повика Владата да ги спроведе препораките на ОДИХР

Александар Вучиќ, претседател на Србија (Илустративна фотографија)
Александар Вучиќ, претседател на Србија (Илустративна фотографија)

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 2 март изјави дека побарал од изборната листа околу Српската напредна партија (СНС) да оди на нови избори во Белград.

„Знам дека го имате мнозинството, но подобро е да загубите отколку да се повтори ситуацијата од 2008 година, кога Демократската партија и социјалистите извршија изборна кражба“, рече Вучиќ на прес-конференција во Претседателството на Србија.

Тој ја повика Владата веднаш да започне со спроведување на препораките дадени од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) во извештајот за декемвриските избори во Србија.

ОДИХР на 28 февруари го објави конечниот извештај за изборите во Србија, кои се одржаа на 17 декември минатата година.

Во него се наведува дека на вонредните парламентарни избори во Србија „доминирало одлучното учество на претседателот, кое заедно со системските предности на владејачката партија создало нефер услови за учесниците“.

Меѓу другото, се наведува и дека „во кампањата генерално биле почитувани основните слободи, но таа била поткопана со остра реторика, пристрасност во медиумите, притисок врз вработените во јавниот сектор и злоупотреба на јавните ресурси“.

Покрај ОДИХР, на нерегуларности во изборниот процес укажаа и странски и домашни набљудувачи.

Во меѓувреме, Европскиот парламент усвои Резолуција со која бара меѓународна истрага за наводни нерегуларности за време на изборите, како и суспендирање на европските фондови, доколку се докаже дека властите биле директно вмешани во изборна измама.

Во Резолуцијата, ЕП повика на независна истрага со посебен осврт на изборите за градското собрание на Белград и наводите за организирана миграција на гласачите на локално ниво.

Во Србија на 17 декември се одржаа избори на парламентарно и покраинско ниво и во 65 градови и општини во Србија, вклучително и Белград.

Конститутивната седница на градското собрание на Белград, која требаше да се одржи на 1 март, по втор пат е одложена за 3 март, бидејќи немаше кворум за нејзино одржување. Советниците од владејачката Српска напредна партија (СНС) и Социјалистичката партија на Србија (СПС) не присуствуваа на седницата.

Ванковска и Јакимовски ги собраа потписите, официјализирани пет кандидатури за претседател

Избори, Северна Македонија (Илустративна фотографија)
Избори, Северна Македонија (Илустративна фотографија)

Податоците на Државната изборна комисија (ДИК) покажуваат дека заклучно со вчера, од вкупно 11 кандидати, уште шестмина од нив ги немаат потребните 10.000 потписи за претседателска кандидатура, а петорица веќе ја постигнаа потребната бројка.

Од синоќа, до потребните потписи стигна и Билјана Ванковска (Левица) која според пресекот на ДИК има 10.278 потписи, како и Стевчо Јакимовски (ГРОМ) кој има 10.269 потписи.

Претходно со собрани 10.000 потписи претседателски кандидати се Максим Димитриевски (ЗНАМ-За наша Македонија), со 11.562, Бујар Османи (ДУИ), со 11.079 и Арбен Таравари (коалиција „Вреди“) со 10.706.

Од другите кандидати, Вело Марковски има 1330 потписи, Мерсиха Смаиловиќ 1286, Ѓорѓи Манасков 388, Зорица Цветковска 176, Господин Поповски 106 и Томе Николовски со 0 потписи.

Од утре пак, потписи ќе собираат и кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и на СДСМ Стево Пендаровски, и покрај поддршката што за нив се очекува партиите да ја официјализираат овој викенд.

Постапката за собирање потписи почна на 23 февруари, а ќе трае до 8 март до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.

Палестинските власти се надеваат на примирје во Газа до Рамазан

Палестинците во Газа носат вреќи со брашно добиени како дел од хуманитарната помош, 19 февруари 2024 година (Фото-архива).
Палестинците во Газа носат вреќи со брашно добиени како дел од хуманитарната помош, 19 февруари 2024 година (Фото-архива).

Палестинските власти се надеваат на договор за прекин на огнот во Газа до Рамазан, светиот месец за муслиманите, изјави на 2 март нивниот министер за надворешни работи Ријад ал Малики, пренесе Ројтерс.

Зборувајќи на прес-конференција на дипломатскиот форум во Анталија, Турција, Малики рече дека Палестинската управа ќе биде „единствената легитимна власт“ да управува со Газа по војната.

Палестинската управа, која има ограничена самоуправа во делови од Западниот Брег кој го окупираше Израел, ја загуби контролата врз Газа од Хамас, кој Соединетите Американски Држави (САД) и Европската унија (ЕУ) го означија како терористичка организација .

Израел и Хамас преговараат преку посредници за можен прекин на огнот во Газа, со цел да ги прекинат борбите навреме за Рамазан, муслиманскиот месец на постот, кој треба да започне на 10 март оваа година.

Војната во Газа трае од 7 октомври 2023 година, откако во нападот на Хамас врз Израел загинаа повеќе од 1.200 луѓе, а според израелските власти, уште 100 починале од повредите. Хамас зеде повеќе од 250 заложници во Газа.

Според Министерството за здравство во Газа под контрола на Хамас, повеќе од 30.320 луѓе загинале на територијата од почетокот на војната.

Групите за човекови права го обвинуваат Израел за употреба на непропорционална сила како одговор на нападот и во последователната војна против Хамас.

Според Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) за координација на хуманитарни прашања, повеќе од 576.000 луѓе во Појасот Газа, што е една четвртина од населението на енклавата, се на работ на гладување.

ОН соопштија дека се соочуваат со „огромни пречки“ во обезбедување помош.

Џо Бајден, претседателот на САД, најголемиот сојузник на Израел, на 1 март објави дека земјата ќе испорача храна и други резерви во Газа со воени авиони.

Наместо во училници, државната матура ќе се полага во холови и спортски сали

Матурантите полагаат државна матура по мајчин јазик (Илустративна фотографија)
Матурантите полагаат државна матура по мајчин јазик (Илустративна фотографија)

Оваа учебна година државната матура наместо во училници ќе се полага во големи простории во училиштата – холовите, училишните спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање.

Во голема просторија ќе има и повеќе тестатори така што оваа новина ќе овозможи подобра контрола на случувањата во текот на испитот и ќе оневозможи препишувања или масовно споделување на одговори, како што се случи минатата година во група на апликацијата Вибер на испитот по Англиски јазик, информираат од Државниот испитен центар (ДИЦ) кои го организираат оваа полагање за МИА.

Според нив, целта на новиот начин на реализирање на испитите е самостојно решавање на тестот и почитување на правилата за полагање кои постојат од воведувањето на државната матура во 2007 година (не е дозволено: користење какви било дополнителни средства - учебници, хартија, мобилни телефони и други електронски уреди, консултација со другите матуранти, препишување, недолично однесување кон други лица во просторијата, пишување недолични знаци на тестот или текст кој го открива идентитетот и слично).

„Очекуваме оваа промена да овозможи подобра работна атмосфера во текот на испитот и можност матурантите да го покажат своето објективно знаење, со што резултатите од матурата ќе бидат генерално поверодостојни“, изјави за МИА Билјана Михајловска, директорка на ДИЦ.

Работна група на ДИЦ, во која учествувале и претставници од Министерството за образование и наука, ги контактирала сите средни училишта и собрала податоци за нивните просторни услови и според нив најголемиот дел од училиштата имаат доволно големи простории за своите ученици.

„Само мал дел од училиштата немаат доволно простории и дел од матурантите од тие училишта ќе полагаат во најблиското училиште во кое има услови за полагање“, додава Михајловска.

За предлозите за воведување блокатори на сигнали на мобилни телефони, директорката на ДИЦ вели дека без оглед дали во испитната просторијата има или нема блокатор, матурантите воопшто не смеат да користат електронски уреди во текот на испитот, така што блокаторите би го спречиле користењето на мобилните телефони за препишување и споделување информации во ситуација кога тестаторот не го забележал или го игнорирал прекршувањето на правилата.

Двата екстерни испита од државната матура во јунската сесија оваа година ќе се полагаат на 1 јуни – задолжителниот испит (македонски јазик, албански јазик и турски јазик) и литература и на 8 јуни – изборниот испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија и естетика).

Двајца загинати и осум повредени лица во руски напад со дрон во Одеса

Спасувачите бараат преживеани во урнатините по напад на руски дрон врз станбена населба во Одеса, пристанишен град во јужна Украина, 2 март 2024 година.
Спасувачите бараат преживеани во урнатините по напад на руски дрон врз станбена населба во Одеса, пристанишен град во јужна Украина, 2 март 2024 година.

Две лица загинаа, осуммина се повредени, додека шест лица се водат за исчезнати откако руски дрон се урна на 2 март во станбен блок во пристанишниот град Одеса во јужна Украина, соопштија властите, пренесе Ројтерс.

„Русија продолжува да се бори против цивилите... Едно од непријателските беспилотни летала погоди станбена зграда во Одеса. Уништени се 18 станови“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на мрежата Телеграм.

На видеото кое го објави Зеленски од висина се гледа дека на станбената зграда и недостасува дел, како и десетици спасувачи кои се борат да се пробијат низ урнатините.

Според Зеленски, станува збор за беспилотно летало Шахид од иранско производство. Русија лансираше неколку илјади вакви дронови при напади врз цели во Украина.

Регионалниот гувернер на Одеса, Олех Кипер изјави дека работите за расчистување на урнатините се во тек и дека еден човек е извлечен жив, кој најверојатно бил во подрумот во моментот на ударот.

Украинскиот јавен радиодифузен сервис „Суспилне“ го цитираше локалното обвинителство дека шест лица се уште се водат како исчезнати.

Сообраќајка кај село Колари, загина 46-годишен скопјанец

Полиција, лента, увид (Илустрација)
Полиција, лента, увид (Илустрација)

Во сообраќајна несреќа вчера околу 18 часот на магистрален пат Кичево – Гостивар кај селото Колари животот го загубил 46 годишник од Скопје, откако со возилото што го управувал излетал од патот, соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР)

Во сообраќајката со тешки повреди се здобила малолетна сопатничка во автомобилот.

„На 01.03.2024 во 18.20 часот во полициската станица Кичево, пријавено е дека на магистрален пат Кичево – Гостивар, кај селото Колари, патничко возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.Н.(46) од Скопје, излетало од коловозот. Притоа, тој од здобиените повреди починал на местото на настанот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Со тешки телесни повреди се здобила малолетна сопатничка, констатирани во болницата во Кичево“, информираше СВР Охрид.

Увид на местото извршила увидна екипа од Одделението за внатрешни работи Кичево.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG