Достапни линкови

Вести

Сончено и топло време со можност за попладневен пороен дожд

NMACEDONIA-WEATHER-HEAT

Денеска не очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од променлив правец, а попладне ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Максималната температура ќе биде во интервал од 26 до 32 степени. УВ индексот ќе биде 8.

Во Скопје сончево и топло претпладне, а од пладневните часови во делови од котлината ќе има појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Максималната температура ќе достигне до 31 степен.

Во следните денови ќе се задржи топло време со максимални температури малку над просекот за овој период од годината, но во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, понекаде и во форма на невреме, како и со услови за појава на град.

види ги сите денешни вести

Мишел: Имаме решение за старт на преговорите со Северна Македонија, сега е време да се каже да

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Го поздравувам решението на француското претседателство со ЕУ за договор што ќе го отвори патот за старт на пристапните преговори со Северна Македонија, објави попладнево на Твитер претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Решението се однесува на изразените загрижености. Најблиску сме од кога и да сме биле досега: Сега е време да се каже да“, додава Мишел во твитот.

Владата попладнево соопшти дека преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигнал предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови.

„Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата“, се наведува во соопштението владината Прес-служба.

Претходно на прес-конференција на Самитот на НАТО во Мадрид, и францускиот претседателот Емануел Макрон изјави дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија за отворање на првите поглавја од преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Шведска и Финска следната недела ќе потпишат протокол за влез во НАТО

Финскиот претседател Саули Ниинисто и шведската премиерка Магдалена Андерсон на прес-конференција за време на самитот на НАТО во Мадрид, јуни 2022 година

Шведска и Финска ќе потпишат протокол за пристапување во НАТО во вторник (5-ти јули), рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Политичката одлука за прием на Финска и Шведска беше донесена вчера на самитот на лидерите на Алијансата, а протоколот за пристапување ќе биде потпишан во вторник“, рече Столтенберг на прес-конференција по самитот на НАТО во Мадрид.

Откако ќе се потпише, пристапниот протокол мора да биде ратификуван во сите 30 земји-членки на НАТО.

Столтенберг рече дека на „трансформативниот самит“ лидерите на НАТО донеле далекусежни одлуки за прилагодување на Северноатлантската Алијанса за иднината.

Меѓу другото, тој ги спомена суштинската реорганизација на силите за одвраќање и одбрана, одлуката за прием на Шведска и Финска за членство, долгорочна поддршка за Украина и усвојување на нов стратешки концепт.

За време на самитот, 30-те сојузници на НАТО, исто така, се согласија формално да ја третираат Русија како „најзначајна и најдиректна закана за безбедноста на сојузниците“.

Лидерите на земјите членки на НАТО го поддржаа новиот стратешки концепт кој, како што се наведува, ги потврдува темелните вредности на НАТО и ја наведува клучната цел на Алијансата.

Стратешкиот концепт е главниот документ на Алијансата. Во претходната верзија од 2010 година, Русија беше опишана како стратешки партнер на НАТО, а сега е идентификувана како главна закана.

„Руската Федерација е најзначајната и најдиректната закана за безбедноста на сојузниците и мирот и стабилноста во евроатлантската област“, соопшти НАТО.

Во документот за прв пат се наведува Кина како предизвик.

„Се соочуваме со системска конкуренција од оние, вклучително и Народна Република Кина, кои ги предизвикуваат нашите интереси, безбедност и вредности и се обидуваат да го поткопаат меѓународниот поредок заснован на правила“, се вели во соопштението на самитот во Мадрид.

Нов предлог до Владата, Макрон вели дека ќе им одговара на сите

До Владата преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигна предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови, соопшти денеска владината Прес-служба.

„Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата,“ се наведува во соопштението.

Од Владата посочуваат дека „одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани“.

„Сакаме да упатиме благодарност до претседателот Макрон и француското претседателство, за нивните напори да се надминат пречките и да се зачува европскиот кредибилитет на Балканот“, се додава во владиното соопштение.

Пред малку на прес-конференција на Самитот на НАТО во Мадрид, францускиот претседателот Емануел Макрон изјави дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија.

„За прашањето на пристапувањето на Северна Македонија ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите,“ изјави Макрон.

Тој изрази надеж дека „разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди ова“.

„Од сега премиерот и претседателот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. Прифаќањето ќе бара консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото“, потенцира Макрон.

Македонската влада ги истакна своите црвени линии: јазикот, Уставот, протоколот, историјата, и рече дека е подготвена да разгледа нов предлог, доколку таков биде ставен на маса.

Пред два дена премиерот Димитар Ковачевски рече дека немало ништо ново во процесот со Бугарија, и дека тој е во рацете на МНР, а доколку има прифатлив предлог тој ќе биде ставен пред институциите на државата.

Зеќири пуштен во куќен притвор

Поранешниот генерален секретар во владата Мухамед Зекири пред судот во Скопје

Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири по неколку месеци поминати во притвор во истражниот затвор „Шутка” во Скопје поради здравствени причини заминува во куќен притвор. Одлуката, како што потврдија од Апелацискиот суд Скопје ја донеле денеска. Од судот посочија дека на Зеќири му е одземен пасошот.

Во однос на тоа кога Зеќири ќе биде спроведен од болница во куќен притвор, од Апелација немаат информации бидејќи, како што велат, полицијата треба да го спроведе кога за тоа ќе има услови.

Мухамед Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинението тој без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале хрватски државјани

Партијата на Петков утре ќе го добие мандатот за состав на влада

Доскорешниот премиер Кирил Петков и бугарскиот претседател Румен Радев

Бугарскиот претседател Румен Радев утре ќе ѝ го врачи мандатот за состав на нова влада на партијата Продолжуваме со промената (ПП) на доскорешниот премиер Кирил Петков. Процедурата за формирање влада почнува од ново, откако на кабинетот на Петков му беше изгласана недоверба во Парламентот.

Пред два дена ПП објави дека започнува преговори за нова влада со досегашните коалициски партнери – Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Демократска Бугарија, но тие вчера беа прекинати од социјалистите. Причина за прекинот е протерувањето на 70 руски дипломати, соопшти претседателката на БСП Корнелија Нинова.

Петков утринава разговарал со пратеници од БСП, но нивниот услов останува непроменет – ќе продолжат со разговорите за нова влада, ако ПП предложи друг кандидат за премиер, а не Петков.

Шефот на пратеничката група на ПП во Народното собрание, Андреј Ѓуров, за Нова ТВ изјави дека со колегите ќе разговараат и за други кандидати.

„Во ПП има доволно луѓе подготвени да заземат различни позиции, но ова не е пазар за невести“, рече тој.

Минатата недела, поранешниот премиер и лидер на опозициската ГЕРБ Бојко Борисов предложи формирање на евроатлантска коалиција, но Петков одговори дека би соработувал со партијата, ако лидерот ѝ „замине на топол остров“. Борисов потоа изјави дека нема намера да се повлече од политиката.

Ако ПП не успее да формира влада, Радев ќе ѝ го додели мандатот на ГЕРБ, но од партијата се изјаснија дека веднаш ќе го вратат без да се обидат на формираат влада.

При таков развој на настаните, претседателот по трет и последен пат ќе го додели мандатот на некоја од останатите партии по негов избор. Ако и тогаш не се избере влада, парламентот ќе се распушти и ќе се закажат нови предвремени избори.

Владата го изгуби мнозинството во парламентот откако партијата Има таков народ на Слави Трифонов ја напушти владејачката коалиција поради, како што рече, преговорите со Македонија и тоа што нема пари.

Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

ВМРО-ДПМНЕ бара Џафери да ја контролира владата, тој пак бара опозицијата да погледне во огледало

Собраниска седница, архивска фотографија

Претседателот на Собранието Талат Џафери не треба да бара начини за заобиколување на документите или законите за контрола на Владата побара денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски образложувајќи ја интерпелацијата за Џафери. Тој вели дека во одговорот на Џафери на интерпелацијата доставен до пратениците и јавноста не дал директни одговори на директни забелешки за неговата работа.

„Најголемата обврска на овие 120 пратеници е контрола на Владата и кога ќе дојде документ за контрола на Владата немојте да барате начин како да го изиграте преку процедурите неговото разгледување“, рече Мицевски.

Тој рече дека во овие пет години Собранието е направено во машина за гласање на криминалните зделки на Владата, а Џафери сето тоа го одобрува. Мицевски обвини дека Џафери не ги почитува уставот и законите и Деловникот за работа на Собранието. Ги повика пратениците од власта да гласаат за интерпелацијата и да ги поддржат.

Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека опозицијата пред да направи нешто треба прво да си погледне во огледало и да се преиспита. Спикерот обвини дека во изминатиот месец опозицијата изнела многу лични навреди кон него, но рече дека тој нема да зборува на тој начин.

„Колку и да зборувате и да делите епитети колку сакате јас нема да се спуштам на ниво на Христијан Мицкоски и да користам епитети“, рече Џафери.

Одговарајќи на наводите на Мицевски за непочитување на законите, Уставот и Деловникот, Џафери потсети дека кога сите барале Собранието да продолжи да работи по распуштање тој велел дека не можело што било подоцна потврдено и од Уставниот суд.

Во однос на листата на говорници, рече дека го чуди зошто Антонио Милошоски како прв потписник не ја образложува интерпелацијата.

За збор се пријавени 41 пратеник, а со седницата претседава потпретседателот Горан Мисовски.

Гласањето по интерпелацијата треба да се одржи најдоцна пред полноќ. Очекувањата се дека опозицијата нема да има доволен број пратеници за смена на Џафери.

Европскиот суд бара од Русија да не ја изврши смртната казна за заробените Британци

Британските државјани Аиден Аслин и Шон Пинер

Европскиот суд за човекови права (ЕЦХР) денеска објави дека на Русија ѝ издал налог да осигура да не се изврши смртната казна против двајцата Британци заробени во борбите во Украина.

Претходно овој месец, судот во самопрогласената Народна Република Доњецк во источна Украина ги осуди британските државјани Аиден Аслин и Шон Пинер на смрт под обвинение за „платенички активности“.

Судот наведе дека на Русија ѝ издал налог за привремена мерка, барајќи да „осигура смртната казна против подносителите на барањето да не се изврши, и да осигура примерни услови за нивниот притвор и да им ја пружи сета потребна медицинска помош и лекови“.

Семејствата на Британците негираат дека двајцата, кои биле ангажирани во украинските оружени сили, биле платеници.

Велика Британија досега одбиваше јавно да го покрене тоа прашање со властите во Доњецк, чија независност ја признава само Русија, велејќи дека се надева дека Киев би можел да обезбеди ослободување на осудениците.

Пендаровски се сретна со Блинкен на Самитот на НАТО во Мадрид

Претседателот Стево Пендаровски и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен на маргините на НАТО Самитот

Претседателот Стево Пендаровски имаше кратка средба со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, на маргините на НАТО Самитот во Мадрид, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Претседателот за време на средбата ја истакнал важноста на американската поддршка за македонските европски аспирации, како и помошта во конкретни области, вклучувајќи го унапредувањето на демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата, соопшти кабинетот на шефот на државата.

На средбата беа реафирмирани одличните билатерални односи меѓу САД и Северна Македонија, при што беше оценето дека почетокот на Стратешкиот дијалог месецов претставува важен исчекор во развојот на односите меѓу двете држави и конкретна имплементација на Стратешкото партнерство, се наведува во соопштението.

Во однос на безбедноста на европскиот континент, и влијанието на руската инвазија врз Украина на стабилноста на европскиот континент, претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија е подготвена за споделување на предизвиците како полноправна земја членка на НАТО. Тој посочи дека членство на Шведска и Финска во НАТО ќе придонесе за зајакнување на безбедноста во Европа и на НАТО во целина.

Пендаровски ја предводи македонската делегација на Самитот на НАТО во Мадрид. Во делегацијата се и министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Украина вели дека го зазела Змискиот Остров, Русија дека се повлекла во знак на добра волја

УКРАИНА – Сателитска снимка на Змискиот остров, Украина, 17 јуни 2022 година.

Украина соопшти дека нејзините сили ги принудиле руските војници да го напуштат Змискиот Остров во близина на Одеса во Црното Море, додека Москва тврди дека се повлекле во знак на добра волја, за да покажат дека земјата не го попречува извозот на земјоделски производи од Украина.

„Веќе нема руски војници на Змискиот Остров. Нашите оружени сили завршија голема работа“, напиша Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер, објавувајќи фотографија на кои се гледаат облаци чад над малиот, но стратешки важен остров, кој беше заземен од Русија на почетокот на инвазијата.

Руското Министерство за одбрана потврди дека нивните сили го напуштиле островот, кој се користеше како база противбродски и противвоздушни, како и радарски системи. Тие соопштија дека повлекувањето дошло, откако војниците стационирани таму ги извршиле сите должности кои им биле доделени.

Контролата врз Змискиот Остров, лоциран на околу 40 километри од украинскиот брег, ѝ овозможи на Русија да ги загрози морските патишта што водат до и од Одеса, главното украинско пристаниште за извоз на жито во светот.

Островот стана симбол на отпорот за Украина, кога граничарите стационирани таму ги одбија руските барања да се предадат. Наместо предавање, еден од граничарите испрати порака со пцовка до рускиот брод Москва.

Бродот Москва потоа го бомбардираше островот. Не е јасно колку луѓе загинаа во нападот, но војникот што ја испрати пораката преживеа.

Командниот брод на руската Црноморска флота, Москва, потоа беше потопен во украински напад.

Во центарот на Скопје ќе патролираат лекарски тимови за помош од топлотен бран

Лето во Скопје, архивска фотографија

За справување со топлински бранови на граѓаните ќе им бидат на располагање мобилни екипи составени од лекар или парамедик (давател на итна медицинска помош), кои ќе патролираат низ центарот на Скопје, ќе делат вода и летоци со совети за заштита од топлото време, ќе мерат притисок на граѓани кои ќе се пожалат на тегоби, а за потешките случаи ќе биде обезбеден и транспорт до најблиската медицинска установа или до домот на лицето, информира Црвениот крст на град Скопје.

Ангажирани ќе бидат 20 волонтери од Тимот за одговор при катастрофи, пет возила кои ќе патролираат низ градот. Планирано е денеска и утре мобилните тимови да излезат на терен од 11 до 16 часот и да патролираат низ централното градско подрачје и на поголемите автобуски постојки. Активностите ќе продолжат согласно прогнозите за високите температури.

Во наредните денови следува период на многу топло време со дневни температури кои насекаде ќе бидат над 30 степени. Поради зголемената влага во атмосферата ќе се има чувство дека температурата на воздухот е повисока за 1 до 2 степена, соопшти УХМР.

И покрај топлото време поради влијание на циклонска активност од исток, претежно во попладневните и вечерните часови наместа ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а локално ќе има услови за краткотрајно невреме со појава на град и силен ветер.

На седницата за интерпелацијата на Џафери пријавени за збор 41 пратеник

Претседателот на Парламентот Талат Џафери

Пратениците ја почнаа расправата за Интерпелација за работата на претседателот на Парламентот Талат Џафери, поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. За дневниот ред гласаа „за“ 82 пратеници. За збор се пријавени 41 пратеник.

Пред гласањето на дневниот ред, претседателот на Собранието го образложи текот на седницата посочувајќи дека претресот ќе трае цел ден односно дека пред полноќ треба да се гласа по интерпелацијата или по исцрпување на пријавените пратеници за збор.

Џафери рече дека има пријавено голем број пратеници и дека очекува седницата да трае до полноќ. Имајќи предвид дека интерпелацијата е за него, за да може да ја следи дебатата седницата со седницата ќе претседава потпретседателот Горан Мисовски.

Тој исто така кажа дека денеска му било доставено писмото за тоа кој ќе ја образложи интерпелацијата, иако првопотпишаниот на документот е пријавен да зборува како 27-ми. Поднесената интерпелација ја образложува координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Пратениците од опозицијата го обвинуваат Џафери за нестручно и несовесно работење и претседавање со македонското Собрание. Според нив, во неколку наврати Џафери еклатантно ги кршел одредбите од Уставот.

Британија праќа воени експерти во БиХ за спротивставување на руско влијание

Премиерот на Велика Британија Борис Џонсон

Велика Британија испраќа воени експерти во Босна и Херцеговина (БиХ) за спротивставување на руското влијание, за зајакнување на Мисијата на НАТО и за да се промовира стабилноста и безбедноста во земјата, соопшти британската влада.

„Не можеме да дозволиме Западен Балкан да стане уште едно игралиште за катастрофалните аспирации на (рускиот претседател Владимир) Путин“, рече премиерот Борис Џонсон во изјавата.

Џонсон вели дека Русија се обидува да ги смени успесите сторени во последните три децении во Босна и Херцеговина, па затоа се засилува поддршката на земјата.

„Одговараме на повикот на нашите пријатели да помогнеме во заштитата на мирот што со право го заслужуваат“, соопштија од Лондон.

Британија испраќа двајца експерти за борба против дезинформациите и реформи во одбраната. Тие треба да соработуваат со вооружените сили на БиХ и НАТО за одржување на мирот и безбедноста во земјата, соопшти британската влада. Британија, исто така, ќе обезбеди средства за зајакнување на сајбер безбедноста во БиХ, со што земјата ќе стане поотпорна на напади.

„Босна и Херцеговина моментално се соочува со најголема егзистенцијална закана во нејзиниот повоен период, а сецесионистичките лидери активно работат на создавање дополнителни поделби и конфликти. Овие планови се поддржани од Москва како дел од напорите на Путин да ја поткопа евроатлантската интеграција на Босна и нејзината стабилност“, предупредија од Британската влада.

На барање на седиштето на НАТО во Сараево, се наведува во соопштението, за поддршка и обука на вооружените сили на БиХ ќе бидат распоредени воен експерт за борба против дезинформации на Обединетото Кралство и советник за цивилна стратешка одбрана.

Покрај тоа, Британија најави дека ќе обезбеди 750.000 фунти за формирање центар за сајбер безбедност во рамките на Универзитетот во Сараево. Според британската влада, ова „ќе ја зајакне одбраната на Босна и Херцеговина од сајбер напади - кои можат да повредат луѓе внатре и надвор од земјата“.

Во соопштението се наведува и дека британското Министерство за одбрана во моментов работи со колегите во БиХ за да ја задржи земјата цврсто на евроатлантскиот пат, развивајќи ги способностите и издржливоста на вооружените сили на БиХ потреби за да се справат со безбедносните предизвици.

На почетокот на јуни, министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Селмо Цикотиќ, побара дополнителна помош од НАТО за „обезбедување безбедност и стабилност во БиХ“.

Во средината на јуни, Парламентарното собрание на НАТО објави дека БиХ се справува со најтешката политичка криза откако излезе од пепелта на жестоката граѓанска војна пред речиси триесет години.

Пратката со жито го напушти украинското пристаниште Бердјанск

Украина - Пристаништето во Бердјанск, архивска фотографија од март 2022.

Трговски брод со 7.000 тони жито го напушти украинското пристаниште Бердјанск, окупирано од Русија, што е прва таква пратка откако Москва ја започна инвазијата на Украина кон крајот на февруари.

Шефот на администрацијата назначена од Москва во регионот Запорожје, Евгениј Балицки, на 30 јуни на Телеграм соопшти дека бродот се движи кон „пријателските земји“.

Тој не прецизираше кои земји се сметаат за „пријателски“, ниту, пак, даде детали за потеклото на житото.

Украина ја обвини Русија за кражба на нејзиното жито за време на инвазијата и блокирање на нејзините пристаништа за да спречи житото да ја напушти земјата, што придонесе за глобалниот недостиг на храна.

Русија негираше дека земала украинско жито, но сателитски снимки и ГПС податоци ги поддржуваат наводите дека Русија транспортирала жито надвор од Украина преку пристаништето Севастопол на Крим. Русија илегално го анектираше Крим во 2014 година.

Многу области во јужна Украина се ставени под контрола на официјални претставници назначени од Русија, откако Москва започна инвазија на Украина на 24 февруари. Некои од тие области сега се насилно интегрирани во руската економија.

Извозот на жито од Украина лани изнесуваше 12,2 милијарди долари и претставуваше речиси една петтина од извозот на земјата. Преку украинските пристаништа на Црното Море, вклучително и Бердјанск, до пред војната беа процесирани околу шест милиони тони жито и други култури секој месец.

Русија и Украина заедно, сочинуваат речиси една третина од светската понуда на пченица.

По инвазијата, многу западни земји и Европската унија воведоа санкции кон Русија, што пак создаде список на „непријателски“ странски држави и територии.

Талибанците не кажуваат дали ќе ги отворат школите за девојчињата

Специјалниот пратеник на ЕУ за Авганистан Томас Никласон во посета на Авганиста на средба со вршителот на должноста министер за надворешни работи на талибанците, Мавлави Амир Кан Мутаки. мај 2022 година

Пристапот на девојчињата до средно образование бил на дневен ред на неодамнешните разговори што ги имал специјалниот претставник на Европската унија за Авганистан, Томас Никласон со членовите на владата предводена од талибанците.

Тој за Радио Азади, сервис на РСЕ за Авганистан, вели дека, талибанските власти не објасниле зошто девојчињата биле исклучени од училиштата, ниту пак било посочено кога би можеле повторно да се отворат школите за девојки.

Томас Никласон во интервју објавено на 29 јуни рече дека со талибанските власти и со вршителите на должноста министри разговарал во мај и многу од нив се согласиле дека прашањето за образованието на девојчињата треба да се разјасни, но немало предлог акција.

„Некои од вршителите на должност рекоа дека се надеваат, а потоа посакуваат и мислеа дека училиштата ќе се отворат релативно брзо, но никој не даде датум и никој не беше поконкретен зошто не можат да отворат и што би било потребно за да се отворат во блиска иднина“, рече специјалниот претставник на ЕУ за Авганистан.

Талибанците лани во август ја презедоа власта во Авганистан и донесоа одлука да ги тргнат девојчињата од училиштата, што предизвика негодувања и во самата држава, но и меѓународни осуди.

Поради непочитување на правата на луѓето и тврдокорните исламистички политики Владата предводена од талибанците остана главно изолирана на меѓународно ниво. Владата предизвика дополнителен бес минатиот месец кога издаде декрет со кој им се наложува на жените да носат бурка од глава до пети на јавно место.

Никласон рече дека причината поради која ЕУ продолжува да се ангажира со талибанците е тоа што западните влади научиле од владеењето на талибанците во деведесеттите години на минатиот век дека нивното изолирање не е погодно за желбата на Западот да остане ангажиран и да го поддржува авганистанскиот народ.

Тој одби да ги именува министрите кои биле поотворени за олабавување на ограничувањата за образованието на девојчињата, но рече дека некои од вршителите на должноста министри „кои можеби имаат помало религиозно потекло“ се поподготвени на тоа училиштата да се отворат.

Никласон, исто така, рече дека ЕУ оценила дека е постигнат многу мал напредок во однос на петте одредници што ЕУ ги постави за подлабок ангажман со талибанците и тоа е причината поради која ЕУ не се ангажира на кој било начин освен дијалогот и хуманитарната помош.

ЕУ соопшти дека петте одредници, вклучувајќи го почитувањето на човековите права, гаранциите за слободата на медиумите и ветувањето дека Авганистан повторно нема да стане плодна почва за тероризам, мора да бидат исполнети пред да продолжи со редовната развојна помош.

ЕУ од септември дава хуманитарна помош на Кабул, а преку тој механизам беше обезбедена помош и по неодамнешниот земјотрес, рече тој.

Лисичанск подложен на „огромно“ бомбардирање

Лисичанск

Украинскиот град Лисичанск продолжи да биде мета на силен руски напад со артилериско оружје, велат регионалните власти. Тие велат дека градот, кој е последното украинско упориште на истокот, е подложен на „огромно“ бомбардирање. Руските сили, исто така, гранатирале цивилни населби во регионот Дњепропетровск.

Шефот на воената администрација на регионот Луганск, Серхи Гајдеј рече дека Лсичанск е постојано гранатиран од руска страна со оружје со голем калибар. Русите се обидуваат да го опколат стратешкиот град со што Москва би го освоила индустрискиот центар на Украина - Донбас.

Москва претходно по неколкунеделни борби ја презеде контролата врз соседниот град Сјевјеродонецкм, при што загинаа стотици цивили и го претворија градот во урнатини, а сега руските сили се насочени кон Лисичанск.

„Борбите продолжуваат на периферијата на градот. Руската армија се обидува постојано да напаѓа“, изјави Гајдеј за украинската телевизија, подоцна објавувајќи го видеото на својот канал на Телеграм.

Тој вели дека сега е врвот на борбите и фреквенцијата на гранатирање е огромна. Гајдеј вели дека во градот во кој до пред војната имало 10 илјади население, сега останале уште околу 15 илјади цивили.

„Русите донесоа голем број возила, огромен број луѓе. Гранатирањето и нападите не престануваат“, рече Гајдеј.

Британското Министерство за одбрана во својот дневен билтен за разузнавање објавен на 30 јуни наведува дека руските сили во Лисичанск во моментов најверојатно се фокусирани околу градската нафтена рафинерија, на околу 10 километри југозападно од центарот, додавајќи дека украинските сили продолжуваат да ги држат своите позиции во градот по нивните повлекување од Сјевјеродонецк.

Во областа Днепропетровск, руските сили ги гранатираа селата Зеленодолск и Велика Костромка, изјави шефот на регионалната воена администрација Валентин Резниченко

„Непријателот продолжува да ги тероризира градовите и селата во областа Криви Рих... Во Зеленодолск, непријателот уништи складиште со 40 тони жито. Експлозијата предизвика пожар“, напиша Резниченко на Телеграм.

Британското разузнавање соопшти дека способноста на украинските сили да продолжат со борбите што го забавуваат непријателот и го избегнуваат опкружувањето ќе продолжи да биде клучен фактор за исходот на војната.

Но директорката на Американското националното разузнавање Аврил Хејнс на 29 јуни рече дека изгледите остануваат „прилично мрачни“ и рече дека рускиот претседател Владимир Путин сè уште сака да заземе поголем дел од Украина.

Хејнс рече дека американските разузнавачките агенции сметаат дека најверојатното сценарио во блиска иднина е војната да стане тежок конфликт во кој руските сили постигнуваат само дополнителни придобивки, но нема пробив кон целта на Путин.

Но, разузнавачките агенции разгледуваат две други можни сценарија: голем руски пробив и Украина да успее да ги стабилизира првите линии, а притоа да постигне мали придобивки, можеби во близина на градот Керсон, кој е под контрола на Русија и други области на јужна Украина.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG