Достапни линкови

Вести

Од 2024 година Германија ќе увезува течен гас од Катар 

Танкер за течен гас од Катар (LNG) во пристаништето Раслафанс
Танкер за течен гас од Катар (LNG) во пристаништето Раслафанс

Катар се надева дека во 2024 година ќе започне со продажба на течен природен гас во Германија, изјави денеска катарскиот вицепремиер за германскиот весник „Ханделсблат“.

„Сакаме нашата американска фабрика за течен природен гас „Голден Пас“ во Тексас, во која „Катар енерџи“ има удел од 70 отсто, да биде подготвена за испорака во Германија веќе во 2024 година “, рече шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани, кој исто така е министер за надворешни работи.

Подоцна денеска, катарскиот емир, шеик Тамим бин Хамад Ал Тани треба во Берлин да разговара со германскиот канцелар Олаф Шолц.

Катар ги има третите по големина резерви на гас во светот, по Русија и Иран.

Германија ги забрзува плановите за поставување терминал за гас во обид да ја намали зависноста од рускиот гас, како одговор на нападот на официјална Москва врз Украина.

Германија од Русија увезува 55 отсто од гасот.

види ги сите денешни вести

Грузијците повторно протестираа против „законот за странски агенти во руски стил“

Илјадници граѓани протестираа на улиците во Тбилиси, Грузија против „законот за странски агенти“, 28 април 2024 година
Илјадници граѓани протестираа на улиците во Тбилиси, Грузија против „законот за странски агенти“, 28 април 2024 година

Илјадници луѓе синоќа повторно излегоа на улиците на грузиската престолнина за да протестираат против плановите на владејачката партија да воведе закон за кој домашните критичари и западните земји рекоа дека ќе се користи за сузбивање на независните гласови во оваа јужнокавкаска држава.

Акцијата на 28 април беше продолжение на двонеделните митинзи предводени од опозициските партии и активистичките групи против таканаречениот закон за „странски агенти“, кој критичарите велат дека го отсликува оној што го користи Кремљ за да ги замолчи критичарите во Русија.

Околу 10 000 луѓе се собраа на Плоштадот на Републиката во центарот на Тбилиси, при што многумина ги пееја химните на Грузија и на Европската Унија и држејќи транспаренти на ЕУ.

Извештаите пренесуваат дека некои демонстранти ги пробиле безбедносните линии во близина на зградата на парламентот, поради што полицијата употребила солзавец за да ја растера толпата.

Очевидци велат дека полицијата се движела со потешка опрема околу местата за протести на Плоштадот на Републиката и во близина на парламентот.

Двопартиска група американски сенатори на 26 април преку писмо до грузискиот премиер Иракли Кобахиџе предупреди дека планот на нацијата повторно да воведе „закон за странски агенти во руски стил“ може да доведе до промена на американската политика кон Тбилиси.

Во писмото во кое имаше увид Гласот на Америка (VOA), сенаторите велат дека се „сè повеќе загрижени дека трансатлантските аспирации на Грузија се поткопуваат“.

Официјални претставници на ЕУ рекоа дека ако Грузија го усвои нацрт-законот како закон, тоа ќе ги наруши надежите за членство на нацијата.

Владејачката партија Грузиски сон го воведе законот во 2023 година, но беше принудена да го повлече по масовните протести. Пратеничката група на партијата го врати законот со мали измени во формулацијата и тој помина во првото читање на 17 април.

За последното читање на законот треба да се расправа на 17 мај. Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили за Би-Би-Си изјави дека ќе стави вето доколку биде одобрен во неговото последно читање.

Зурабишвили рече дека нејзина главна грижа е фактот што предлог-законот е „копија на законот на рускиот претседател Владимир Путин“. Сепак, Зурабишвили потсети дека владејачката партија Грузиски сон има доволно пратеници за да го поништи законотдоколку го искористи своето вето.

Поранешниот грузиски премиер Иракли Гарибашвили, претседател на Грузиски сон и други партиски лидери велат дека законот има за цел да ја зголеми транспарентноста во политичката средина во земјата.

Блинкен во посета на Саудиска Арабија, Јордан и Израел

Американскиот државен секетар Ентони Блинкен пристигна во Ријад, Саудиска Арабија, 29 април 2024 година
Американскиот државен секетар Ентони Блинкен пристигна во Ријад, Саудиска Арабија, 29 април 2024 година

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигна во Ријад како дел од посетата на регионот.

Блинкен од денеска (29 април) до среда ќе ги посети Саудиска Арабија, Јордан и Израел, соопшти Стејт департментот.

Како што е наведено, на средбите ќе се разговара за тековните напори за постигнување прекин на огнот во Газа што треба да обезбеди ослободување на заложниците.

Се додава дека ќе разговараат и за зголемување на хуманитарната помош испорачана во Газа.

„Секретарот, исто така, ќе ја нагласи важноста од спречување на ширење на конфликтот и ќе разговара за тековните напори за постигнување траен мир и безбедност во регионот“, соопшти Стејт департментот.

Неформален состанок на Советот за општи работи на ЕУ

илустрација
илустрација

Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) денеска и утре (29 и 30 април) ќе одржи неформално заседание, на кое централен настан ќе биде одбележување на 20-годишнината од големото проширување на Унијата на 1 мај 2004 година.

Заседанието ќе започне вечер со свеченост во Центарот за ликовни уметности „Бозар“ во Брисел со која ќе се одбележи годишнината од приемот на Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка во Европската Унија.

Работниот дел од неформалното заседание на ГАК ќе продолжи утре во чии рамки министрите или државни секретари на земјите членки на ЕУ задолжени за европски прашања ќе одржат серија работни сесии на кои ќе разговараат за процесот на проширување, вклучувајќи и за искуствата од проширувањето во 2004 година, за потребата од зајакнување на Унијата, како и инструментите на блокот за заштита на владеењето на правото.

Меѓу другото, предвидено е европските министри да одржат размена на мислења со претставници на земјите кандидати и аспиранти за членство на ЕУ за владеењето на правото во рамките на процесот на проширување.

На состанок европските министри ќе разговараат и за иднината на ЕУ, при што се очекува да разменат мислења за потребните чекори и реформи за зајакнување на капацитетот за дејствување на Унијата.

Неформалните заседанија на Советите на ЕУ се средби на ресорните министри на кои не се носат никакви одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења за различни теми и прашања по кои треба да се решава на формалните средби или на состаноци на други тела на Унијата

Мицкоски најави коалиција со „Вреди“, продолжува кампањата за изборите на 8 мај

Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ
Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Идната коалиција во Македонија ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, а во нејзе ќе биде коалицијата која на овие избори настапи под името „Вреди“, изјави денеска, 28 април, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање на настан при увид на градежни активности во општина Аеродром.

„Треба да се почитува волјата на граѓаните. Ако го анализирате изборниот резултат, ќе дојдете до следниот заклучок, дека владините кандидати Стево Пендаровски и Бујар Османи освоија вкупно 300,000 гласа. Ако го гледате резултатот кој го одлучија граѓаните, а тоа е резултатот на Гордана Силјановска Давкова идниот претседател и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари тоа е близу 450,000 гласа што значи за еден и пол пати повеќе“, истакна Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјави и дека во вториот круг од претседателските избори ВМРО-ДПМНЕ ќе очекува поддршка и од гласачите на ЗНАМ, кои во првиот круг го поддржаа нивниот кандидат за претседател Максим Димитриевски.

Сепак одговарајќи денеска на новинарско прашање на денешната пресконференција во Чаир, еден од лидерите на коалицијата на албанските опозициски партии - „Вреди“, претседателот на Демократско движење, Изет Меџити, истакна дека услов за коалицирање со која било партија се прифаќање на уставните измени и спроведување на нивната предизборна кампања.

Меџити рече и дека според него мандатар на новата влада ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, а посочи и дека ДУИ сакале да бидат дел од таа власт, но „сите бегаат од нив“.

„ Од ДУИ бега и ВМРО-ДПМНЕ, од ДУИ бега и Максим Димитриевски, не сака Влада со нив, на ДУИ и екс-премиерот Ковачевски им е налутен оти некоректно играа и со него. Значи и Социјалдемократскиот сојуз не сака со ДУИ. По се изгледа, ДУИ ќе остане во опозиција со Левица“, истакна Меџити на денешната пресконференција.

Инаку денеска продолжија и партиските активности во рамките на предизборната кампања за двојните избори на 8 мај, па така претседателот Стево Пендаровски одржува средби со жителите во Велебрдо и општина Аеродром, а професорката Гордана Сиљановска-Давкова ја презентира својата програма пред граѓаните во Могила, Ресен Демир Хисар и Битола.

Претседателот на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе оствари средби со граѓаните на Крушево, Кичево, Струга и Охрид, додека, во Штип на народен собир ќе се обрати претседателот на Левица, Димитар Апасиев.

Али Ахмети денеска е во Струга и Дебар, додека Изет Меџити во рамките на кампањата денеска беше во посета на Чаир.

Предизборната кампања веќе влезе во својата втора половина, а граѓаните на 8 мај за првпат ќе имаат прилика да гласаат на двојни избори во ист ден.

Москва тврди дека презела контрола врз село во источна Украина

Еден човек стои покрај куќите уништени од артилериски оган и воздушни напади во селото Очеретине, во близина на градот Авдијивка во регионот Доњецк, на 15 април 2024 година, среде руската инвазија на Украина. Илустративна фотографија
Еден човек стои покрај куќите уништени од артилериски оган и воздушни напади во селото Очеретине, во близина на градот Авдијивка во регионот Доњецк, на 15 април 2024 година, среде руската инвазија на Украина. Илустративна фотографија

На 28 април руското Министерство за одбрана објави дека нејзините сили презеле контрола врз уште едно село во источна Украина.

„Како резултат на активните операции, единицата „Центар“ го ослободи селото Новобахмутивка во Доњецката Народна Република“, соопшти руското Министерство за одбрана на дневниот брифинг од бојното поле.

Селото е на околу 10 километри северно од Авдиевка, која руските сили ја зазедоа во февруари по една од најкрвавите битки во двегодишниот конфликт.

Москва еден ден претходно објави дека нејзините војници околу Доњецк успеале да навлезат „длабоко“ во украинските одбранбени линии.

Украинските воени лидери претходно признаа дека Русија имала некои „тактички успеси“ во областа и дека нејзините позиции се влошени.

Шефот на украинската разузнавачка служба во Министерството за одбрана, Кирило Буданов, овој месец изјави дека ситуацијата на бојното поле за Украина најверојатно ќе се влоши од средината на мај до почетокот на јуни.

Киев чека помош од милијарди долари американско оружје, за кое се надева дека ќе ја стабилизира состојбата на главните линии на фронтот.

Приведен уште еден руски новинар поради наводна соработка со тимот на Навални

Портрет на покојниот руски опозициски лидер Алексеј Навални, кој почина во руски арктички затвор на 20 февруари 2024 година. (Илустративна фотографија).
Портрет на покојниот руски опозициски лидер Алексеј Навални, кој почина во руски арктички затвор на 20 февруари 2024 година. (Илустративна фотографија).

Уште еден руски новинар беше приведен во Русија за „екстремизам“, а обвинет е и за снимање видео материјал за тимот на покојниот дисидент Алексеј Навални, објави на 28 април меѓународната новинска агенција Асошиејтед прес (АП).

Сергеј Карелин, кој работеше за АП, е вториот новинар уапсен поради ваквите наводи по приведувањето на Константин Габов, кој повремено работеше за новинската агенција Ројтерс и беше уапсен на 27 април.

„Асошиетед прес се многу загрижени поради приведувањето на рускиот новинар Сергеј Карелин“, изјави агенцијата за АФП, додавајќи дека бараат дополнителни информации за неговото апсење.

Габов, кој, според пишувањата на медиумите, работел и за руските телевизиски канали Москва 24 и МИР, како и за белоруската новинска агенција Белсат, ќе остане во притвор најмалку до 27 јуни, соопшти прес-службата на судот на Телеграм.

Карелин и Габов се обвинети дека помогнале во подготовка на видеа за објавување на каналот на Навални на Јутјуб, платформа што ја користи тимотна покојниот руски опозиционер, соопштија судовите.

Навални, најистакнатиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, почина под сомнителни околности во затвор на Арктикот во февруари.

Неговото движење е означено како „екстремистичко“ во Русија, што ги изложува неговите поддржувачи и соработници на кривично гонење.

Повеќето сојузници на Навални се во егзил или отслужуваат долги затворски казни.

Руските власти го засилија притисокот врз независните и странските медиуми во последниве месеци во заеднички напори да ги замолчат гласовите на дисидентите по офанзивата врз Украина.

Во март, фотографката Антонина Кравцова беше обвинета и за „екстремизам“ откако таа често известуваше за судењата на Навални за SOTAvision, една од ретките медиумски организации кои документираат политички конфронтации во Русија и властите ја сметаат за „странски агент“.

Сергеј Мингазов, руски новинар кој работи за руската верзија на Форбс, беше приведен на 26 април и обвинет за ширење „лажни информации“ за воени злоупотреби во Украина.

Меѓу другите затворени новинари е и новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович, кој се соочува со обвинувања за шпионажа кои тој и американските власти ги негираат.

Руско-американската новинарка Алсу Курмашева, која работи за Радио Слободна Европа, исто така е зад решетки од октомври бидејќи, според руските власти, не се пријавила како „странски агент“.

Таа отпатува во Русија поради итна семејна ситуација во мај минатата година.

Дипломатски реакции од Западот за новиот закон против ЛГБТ лицата во Ирак

Месечината зад ирачкото знаме во центарот на Багдад, Ирак, на 5 април 2023 година. (Илустративна фотографија)
Месечината зад ирачкото знаме во центарот на Багдад, Ирак, на 5 април 2023 година. (Илустративна фотографија)

Групите за човекови права и дипломатите го критикуваа законот усвоен од ирачкиот парламент за време на викендот, со кој ќе се наметнат строги затворски казни за геј и трансродовите лица.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер во својата изјава предупреди дека законот донесен на 27 април „ги загрозува најранливите во ирачкото општество“ и „може да се користи за да се попречи слободата на говор и изразување“.

Тој предупреди дека законот може да ги обесхрабри странските инвестиции.

„Меѓународните деловни коалиции веќе укажаа дека таквата дискриминација во Ирак ќе му наштети на бизнисот и економскиот раст на земјата“, се вели во соопштението.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон го нарече законот „опасен и загрижувачки“.

Иако хомосексуалноста е табу во претежно конзервативното ирачко општество, а политичките лидери повремено започнуваат кампањи против ЛГБТ лицата, Ирак претходно немаше закон со кој експлицитно се криминализира.

Законот е донесен без најава како измена на постоечкиот закон против проституција во земјава.

Казна од 10 до 15 години е пропишана за истополови односи и затвор од една до три години за лица кои вршат операции за промена на полот и за „намерно практикување женственост“.

Што се случува на ЛГБТ „терапијата за конверзија“ во Русија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:11 0:00

Исто така, се забранува секоја организација која промовира „сексуална девијација“ со изрекување казна од најмалку седум години затвор, како и парична казна од најмалку 7.600 долари.

Претходниот предлог-закон против проституција, кој на крајот не беше усвоен, предвидуваше смртна казна за истополовите врски.

Ирачките власти го бранеа законот и ги прикажаа критиките за него како мешање на Западот.

Вршителот на должноста претседател на ирачкиот парламент Мохсен Ал-Мандалави, рече дека гласањето е „неопходен чекор за заштита на вредносната структура на општеството“ и за „заштита на децата од повиците за морална изопаченост и хомосексуалност“.

Раша Џунс, постар истражувач во програмата за ЛГБТ права на Хјуман Рајтс Воч, рече дека усвојувањето на законот „го потврдува ужасното досие на Ирак за прекршување на правата на ЛГБТ заедницата и претставува сериозен удар врз основните човекови права, вклучувајќи го правото на слобода на изразување и здружување, приватност, еднаквост и недискриминација“.

Во извештајот објавен од оваа организација во 2022 година, вооружените групи во Ирак беа обвинети за киднапирање, силување, мачење и убивање на лезбејки, хомосексуалци, бисексуалци и трансродови лица, а ирачката влада не ги повика сторителите на одговорност.

Русија му се заканува на Западот со „остар“ одговор доколку се запленат замрзнатите руски средства

Поглед кон седиштето на руското Министерство за надворешни работи, кулата Кремљ и други згради за време на зајдисонце во Москва, Русија, на 29 септември 2022 година.
Поглед кон седиштето на руското Министерство за надворешни работи, кулата Кремљ и други згради за време на зајдисонце во Москва, Русија, на 29 септември 2022 година.

На 28 април, руските власти му се заканија на Западот со „остар“ одговор доколку бидат запленети замрзнатите руски средства. Рускиот државен врв констатирал дека Западот го чекаат „бескрајни“ правни предизвици и реципрочни мерки.

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес во април усвои закон со кој се дозволува администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да ги заплени руските средства во американските банки и да ги пренесе во Украина.

Групата Г7 со земји претставници на големи демократии, исто така, размислува што би можела да направи за замрзнатите руски средства.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Русија никогаш нема да ги отстапи териториите одземени од Украина во замена за враќање на замрзнатите средства.

„Нашата татковина не е на продажба“, напиша Захарова на Телеграм.

„Руските средства мора да останат недопрени бидејќи во спротивно ќе има силен одговор на оваа западна кражба. Многумина на Запад веќе го сфатија тоа. За жал, не сите“, стои во нејзината објава.

Како одговор на руската војна во Украина, САД и нивните партнери ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии и замрзнаа околу 300 милијарди долари руски средства на Запад.

Повеќето од тие средства се во европски, а не американски финансиски институции.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во посебен коментар рече дека во Русија се уште има многу западни пари кои би можеле да бидат цел на контрамерките на Москва.

„Просторот за правни предизвици против конфискацијата на руските средства ќе биде широко отворен“, рече тој, додавајќи дека Русија ќе го искористи тоа.

Рускиот функционер Дмитриј Медведев на 27 април истакна дека Русија може да одговори на американската конфискација на нејзините девизни резерви замрзнати на Запад со запленување на имот и пари на американски граѓани и инвеститори во Русија.

Француски официјален претставник на разговори во Либан за спречување на војна меѓу Хезболах и Израел

Чад се издигнува за време на израелското бомбардирање на селото Алма ал-Шаб во јужен Либан на 25 април 2024 година, во услови на тековни прекугранични тензии меѓу Израел и палестинските милитанти Хамас во Појасот Газа.
Чад се издигнува за време на израелското бомбардирање на селото Алма ал-Шаб во јужен Либан на 25 април 2024 година, во услови на тековни прекугранични тензии меѓу Израел и палестинските милитанти Хамас во Појасот Газа.

Францускиот министер за надворешни работи на 28 април рече дека ќе разговара со либанските претставници за предлозите кои имаат за цел да ги смират тензиите меѓу Хезболах и Израел и да спречат избувнување на војна.

Франција има историски врски со Либан, а претходно оваа година министерот за надворешни работи Стефан Сежурне предложи Хезболах да се повлече 10 километри од израелската граница, додека Израел да ги запре нападите во јужен Либан.

Предлогот беше дискутиран со партнерите, вклучително и САД, поради израелските закани за воена операција во јужен Либан.

Израел и Хезболах извршуваат напади во последниве месеци, а тензиите се зголемија кога Иран истрела проектили врз Израел како одговор на убиството на припадникот на силите Кудс на иранската револуционерна гарда во сирискиот главен град Дамаск.

Повеќе израелски напади беа извршени во јужен Либан во текот на ноќта во близина на мировните сили на Обединетите нации, според информации на воени претставници, и тоа само неколку часа пред Сежурне да го посети своето седиште во Накура.

„Ако ја погледнам состојбата денеска, ако немаше војна во Газа, би можеле да зборуваме за војна во јужен Либан со оглед на бројот на напади и влијанието врз таа област“, рече Сежурне по разговорите со УНИФИЛ (Силите на Обединетите нации во Либан).

„Ќе пренесам пораки и ќе дадам предлози до локалните власти за стабилизирање на оваа зона и избегнување војна“, рече тој.

Мировната мисија на ОН позната како УНИФИЛ, како и невооружените технички набљудувачи познати како УНТСО, се стационирани во јужен Либан за да ги надгледуваат непријателствата долж демаркационата линија меѓу Либан и Израел, позната како Сина линија.

Франција има 700 војници кои се дел од 10.000-члениот УНИФИЛ.

Хезболах соопшти дека нема да влезе во конкретни дискусии додека не дојде до прекин на огнот во Газа, каде што војната меѓу Израел и исламистичката милитантна група Хамас влезе во шестиот месец.

Израел соопшти дека сака да го врати мирот на својата северна граница за да можат илјадници раселени Израелци да се вратат во областа без страв од ракетни напади.

Во писмото испратено до француската амбасада во Бејрут во март, либанското Министерство за надворешни работи рече дека Бејрут верува оти француската иницијатива ќе биде значаен чекор кон мирот и безбедноста во Либан и поширокиот регион.

Локалните либански медиуми објавија дека владата им дала повратна информација на Французите за предлогот, но француските власти велат дека досега одговорите биле општи и дека нема консензус меѓу Либанците.

Израел, каде што Сежурне ќе патува подоцна оваа недела, остана внимателен на француската иницијатива.

Француски и официјални претставници на ОН велат дека војниците не можат целосно да го извршат својот мандат поради кршење на правата на двете страни.

Во Куманово откриен мурал со ликот на Бобан Трајковски, еден од загинатите бранители кај Вејце

Мурал со ликот на Бобан Трајковски - еден од загинатите бранители кај Вејце
Мурал со ликот на Бобан Трајковски - еден од загинатите бранители кај Вејце

Мурал посветен на Бобан Трајковски, еден од загинатите припадници на безбедносните сили во настаните кај Вејце во 2001 година денеска, 28 април, беше откриен во Куманово.

Трајковски беше еден од осумте припадници на македонските безбедносни сили кои загинаа на денешен ден во 2001 година.

Денеска во Куманово пак беше организиран настан за откривање на муралот на Трајковски и оддавање почит на другите загинати борци.

„Во 2001 година се случи еден настан во текот на борбените дејства при одбрана на државата каде што загинаа осум припадници на безбедносните сили, четворица од армијата, од специјалната единица „Волци“ меѓу кои и Трајковски Бобан-Другарчики“, изјави од Антонио Станковски, од здружението „СИЛА“, организатор на денешниот настан во Куманово.

Муралот го изработија уметниците од „Форма“ кои се сограѓани на кумановецот Трајковски. Од здружението се надеваат дека општината ќе се именува улица или друг објект во чест на припадникот на безбедносните сили кој го даде животот за државата.

Покрај членови на семејството на Трајковски, на настанот во Куманово присуствуваа и негови членови на семејството, колеги, припадници на безбедносните сили и други кумановци.

На 28 април 2001 година, во 17:45 часот, се случи масакрот во Вејце, кога осум припадници на специјалната единица Волци и полицајци од посебната единица беа начекани во подмолна заседа и беа убиени.

Тој дена беа убиени Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG