Достапни линкови

Вести

Албанскиот парламент гласаше против усвојување на резолуција за признавање на геноцидот во Сребреница

Албанскиот парламент.

Албанскиот парламент го отфрли барањето на опозицискиот пратеник да ја поддржи резолуцијата со која се признава дека злосторствата извршени во Сребреница во јули 1995 година се геноцид.

Предлогот на пратеникот на Демократската партија, Тритан Шеху, беше одбиен со гласовите на пратениците на Социјалистичката партија, кои го сочинуваат мнозинството во албанскиот парламент.

Шеху им рече на пратениците дека одбивањето на албанскиот Парламент да го осуди геноцидот во Сребреница и ја принуди Србија да ги признае своите злосторства е „грдо дело, невидено шоу, демонстрација на срам“.

Предлогот за резолуција за признавање на злосторствата во Сребреница како геноцид извршен од страна на српските сили и отфрлањето на предлогот предизвика нов конфликт меѓу членовите на опозициската Демократска партија и владејачката Социјалистичка партија, кои разменија сериозни обвинувања едни против други за војната во Босна и Херцеговина.

Поранешниот албански премиер Сали Бериша ги обвини албанските лидери за „пријателски односи“ со српскиот претседател Александар Вучиќ, кого го нарече „инспираторот на српскиот геноцид, малиот Путин, подготвен да го повтори тоа во секој момент“.

Пратеникот Таулант Бала рече дека Албанија ја препознала трагедијата во Босна и го обвини Бериша, тогашниот претседател на Албанија, за улогата на Албанија во војните во поранешна Југославија.

„Неразбирливо е човекот кој е единствениот во оваа соба да има директна одговорност за срамот што тогаш го доби Албанија“, рече Бала.

„Српскиот геноцид беше поттикнат од твоето масло, Сали“, рече Бала.

Дебатата за резолуцијата за геноцидот во Сребреница доаѓа во време кога Албанија бара поактивна улога во регионот, вклучително и реформулирање на односите со Србија преку регионалната иницијатива Отворен Балкан, идеја поддржана од Србија, но отфрлена од Косово и Босна и Херцеговина кои сметаат дека имаат нерешени проблеми со Србија.

Во 1995 година, силите на босанските Срби убија околу 8.000 бошњачки мажи и момчиња во Сребреница.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија осуди 20 лица за злосторства во Сребреница, од кои седум за геноцид. Според Меморијалниот центар во Сребреница, Судот на БиХ во Сребреница осудил 26 лица, од кои 13 за геноцид.

види ги сите денешни вести

ЕУ се обидува да ги зајакне врските со Латинска Америка

илустрација

Европската Унија го објави планот за зајакнување на односите со Латинска Америка, додека таа се обидува да го зголеми своето влијание соочена со руската инвазија врз Украина.

Врските на ЕУ со регионот се отежнати поради неуспехот да се склучи сеопфатен трговски договор со групата од четири земји, Меркосур – Аргентина, Бразил, Уругвај и Парагвај, за кој преговорите траат веќе две децении.

Несогласувања имаше со клучни регионални сили како што е Бразили тоа за инвазијата на Москва врз Украина и последиците од таа војна.

„Некогаш ова партнерство се зема здраво за готово или пак се занемарува“, рече високиот претставник на ЕУ за надворешни политики и безбедност Жоезеп Борел.

Напорот за подобрување на односите со регионот е поттикнат од Шпанија, која го презема шестмесечното ротирачко претседавање со ЕУ следниот месец.

ЕУ ја гледа Латинска Америка како важен потенцијален извор на клучни суровини бидејќи Брисел се обидува да ја одвикне Европа од нејзината зависност од Кина.

Напорите за склучување трговски договор со групата Меркосур се во застој веќе 20 години, при што земјите од Латинска Америка се спротивставуваат на напорите на ЕУ да ги принуди да се усогласат со строгите еколошки и климатски барања на Унијата.

ЕУ во моментов е најголемиот странски инвеститор во Латинска Америка и Карибите.

Русија ја обвини Украина дека го кренала во воздух клучниот цевковод за амонијак

илустрација

Москва соопшти дека украинската „диверзантска“ група кренала во воздух дел од нафтоводот Толјати-Одеса што Русија го користела за извоз на амонијак пред почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.

Нафтоводот долг 2 500 километри е дел од меѓународните преговори за да се дозволи извоз на жито од Украина во услови на конфликт со Русија.

Украинските власти ги обвинија руските сили дека пукале на цевковод за амонијак кај Масиутивка.

„Во понеделникот вечерта украинска диверзантско-извидувачка група го разнесе цевководот за амонијак Толјати-Одеса“ во близина на селото Масјутовка во североисточниот регион Харков“, соопшти руското Министерство за одбрана.

Министерството соопшти дека се ранети неколку цивили, додавајќи дека им била укажана неопходна медицинска помош.

Гасоводот престана да работи откако Москва испрати војници во Украина во февруари 2022 година.

Обновувањето на рускиот извоз на амонијак преку гасоводот е еден од условите на Москва за продолжување со договорот за извоз на жито, што овозможува безбедно поминување на украинските пратки.

Русија го обвини Западот дека го блокира нејзиниот извоз на вештачко ѓубриво, чија главна компонента е амонијакот.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Киев е „единствената земја која никогаш не била заинтересирана за заживување на гасоводот“. Таа го обвини Киев дека „им нанесува удар на напорите на ОН за борба против гладта во светот“ и рече дека доколку ќе бидат потребни еден до три месеци за да се санираат штетите, доколку тимовите можат да пристапат до локацијата.

Османи сака КФОР да остане во Косово додека државата не влезе во НАТО

Косовската претседателка Вјоса Османи

Во Косово може да се одржат нови избори во општините со мнозинско српско население, погодени од протестите, доколку 20 отсто од гласачите потпишат петиција со која бараат избори, јавија денеска косовските медиуми пренесувајќи делови од интервју на косовската претседателка Вјоса Османи за Ројтерс.

Османи вели дека верува оти петицијата е „најдемократскиот начин“ да се придвижи кон нови избори.

Според неа смената на градоначалниците со гласачка петиција ќе биде „нешто како референдум“ што ќе го отвори патот за второ гласање за избор на нови градоначалници.

Додека тензиите меѓу Србија и Косово се разгоруваат, НАТО ги зајакна своите мировни сили на северот на земјата. Османи изјави дека сака овие мировни трупи да останат додека Косово не биде примено во НАТО.

Таа изјави дека целиот овој процес може да се направи во рок од неколку месеци. Сепак, не е јасно дали локалните српски гласачи ќе учествуваат во петицијата, забележува агенцијата.

Османи вели дека пред да се распишат нови избори, на Косово ќе му требаат гаранции од меѓународната заедница дека Белград нема да се меша.

Пекинг негира дека управува со станици на тајната полиција во Британија

илустрација

Кина остро го негираше постоењето на тајни полициски станици во Обединетото Кралство, откако Лондон нареди да ги затвори.

Министерот за безбедност на Велика Британија Том Тугендхат изјави дека владата и рекла на кинеската амбасада да ги затвори станиците, откако групата за човечки права „Safeguard Defenders“ го објави извештајот за нивното постоење во Обединетото Кралство.

Според извештајот, станиците се отворени за давање на административни услуги, но истовремено се користени и за „надгледување и вознемирување на заедницата во дијаспората, а во некои случаи и за принудување на луѓето да се вратат во Кина надвор од легитимните канали“, рече Тугендхат.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ван Ванбин, во средата на редовниот брифинг за медиумите им рече на новинарите дека не постојат таканаречени станици на тајната полиција“.

„Кина апелира до Обединетото Кралство да ги почитува фактите, да престане да претерува, да ја клевети Кина и да престане да создава пречки во односите меѓу Кина и Велика Британија. Кина отсекогаш строго се придржувала до меѓународното право и го почитувала судскиот суверенитет на сите земји“, рече Ванг.

„Министерството за надворешни работи на Велика Британија „ја информираше кинеската амбасада дека сите активности кои се однесуваат на такви „полициски станици“ во Велика Британија се неприфатливи и не смеат да работат во каква било форма“, изјави Тугендхат.

Амбасадата на Пекинг во Обединетото Кралство го демантираше извештајот, предупредувајќи на „лажни обвинувања“ од медиумите, пишува агенцијата Франс прес.

Мајк Пенс ја објави кандидатурата за претседател

Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс

Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс, кој лојално му служеше на Доналд Трамп, но се сврте против него по нападот на Капитол во 2021 година, денеска официјално ја објави својата кандидатура за претседателска номинација на Републиканската партија за изборите во 2024 година.

„Секогаш ќе бидам горд на напредокот што го постигнавме заедно за посилна и попросперитетна Америка“, нагласи Пенс во видео пораката, критикувајќи го актуелниот демократски претседател Џо Бајден, но не го именуваше директно Трамп.

Многу ретко се случува поранешен потпретседател да се кандидира против претседателот за кој работел. Ова се случило само неколкупати во американската историја.

На Пенс му претстои тешка задача бидејќи има поддршка од само 5 отсто од републиканските гласачи, зад Трамп за 44 процентни поени, според анкетата на Ипсос за Ројтерс во мај.

Пенс, кој наполни 64 години, ќе се соочи со Трамп и најмалку десет други кандидати за претседателска номинација на Републиканската партија, што во суштина е битка меѓу двајцата фаворити, Трамп и гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис.

Пенс им се приклучува на се поголемиот број републикански кандидати, меѓу кои се Трамп, гувернерот на Флорида, Рон Десантис, поранешниот гувернер на Њу Џерси, Крис Кристи, сенаторот Тим Скот и поранешната гувернерка на Јужна Каролина, Ники Хејли.

Судските и политички актери не се свесни колку ЕУ ја следи работата во владеење на правото

Шведската амбасадорка во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џаин

Се сомневам дека судските и политички актери се свесни колку одблизу ЕУ ја следи работата во областа на владеење на правото, порача шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин, нагласувајќи дека е неопходна искрена посветеност од сите засегнати страни во борбата против корупцијата и дека не постои скратен пат кон ЕУ.

„Шведска останува посветен партнер на Северна Македонија, на нејзиниот пат кон ЕУ“, изјави амбасадорката, на отворањето на дискусијата „Мониторинг на владеењето на правото за земјите-членки на ЕУ и кандидатите: Премостување на јазот“ што се одржа денеска во Скопје во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ).

Борбата против корупцијата и останатите димензии од владеењето на правото, нагласи Џаин, се фундаментални вредности на членството во ЕУ, со кои почнува и завршува процесот на пристапување.

„Потребна е поструктурирана и системска борба против корупцијата во земјата. Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси се уште останува да биде целосно применет, како и Националната стратегија и акционен план. Друг клучен елемент за владеење на правото во Северна Македонија е да се обезбедат независноста, компетентноста и соодветни ресурси за судството“, изјави Џаин.

Зголемувањето на транспарентноста, според шведската амбасадорка, исто така, е особено важно, со акцент, како што кажа, на трошењето на јавните средства.

Според Џаин, геополитичката реалност даде импулс на процесот на проширување на исток, но и исто така и на Балканот и дека ЕУ моментумот е мошне значајна околност.

„Постои моментум за членството на вашата земја во ЕУ, со геополитичката реалност со руската агресија во Украина. Северна Македонија е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Заедно стоиме на правилната страна на историјата,“ изјави Џаин.

Мицкоски и Ковачевски разговарале за можноста од заедничка влада, но нема договор

Лидерт на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и премиерот Димитар Ковачевски на лидерска средба. Скопје, 07.06.2023

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски, изјави дека разговарале за варијанти во врска со уставните измени и за начините како тие да бидат изгласани во Парламентот, меѓу кои и за формирање заедничка влада.

„Понудата на Ковачевски е во парламентот да почне дискусија и да се изгласа со две третини потребата за промена на Уставот, а потоа да се формира широка влада, во која 5 ресори ќе бидат на ВМРО-ДПМНЕ, да поминат уставните измени, да почне процесот на преговори за членсво во ЕУ, да се затворат некои поглавја, а таа влада потоа да оди на избори.

Јас, пак предложив заедничка влада, без ДУИ, да го почнеме процесот, уставните измени да бидат изгласани, а да важат дури тогаш кога ќе почне ратификацијата на нашето членство во ЕУ во парламентите на земјите членки.

Очигледно е дека немаат 80 пратеници за да поминат уставните измени, тогаш логично е да одиме на избори, оти нема ниту една причина зошто оваа Влада да остане на власт“, изјави Мицкоски по средбата.

Каков исход ќе има лидерската меѓу Ковачевски и Мицкоски, што мислат новинарите?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:46 0:00

Меџити го повика Јовев да биде национален координатор за кардиохирургија, тој одби

Министерот за здравство Фатмир Меџити

Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска упати повик до разрешениот директор на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, проф. д-р Сашко Јовев да биде негов национален советник за кардиохирургија.

„Буџетот што го наследив, беше многу дефицитарен. Имаме барање од Кардиохирургија, претходно во разговор со професорот и други колеги и со ребалансот на буџетот сум подготвен да побарам да се зголеми тој буџет, со цел Клиниката за кардиохирургија и програмата за трансплантација да функционираат подобро и да ги зголемиме позитивните резултати и да им излеземе во пресрет на пациентите“, рече министерот на денешниот брифинг со новинарите.

Тој нагласи дека Јовев ќе продолжи да биде вработен во Клиниката и ќе ја има неговата поддршка во понатамошното работење.

Професор д-р Сашко Јовев му одговори дека тоа е голема чест, но неговото место е на Клиниката за кардиохирургија, заедно со неговиот тим.

„Сметам дека моето место е на Клиниката за кардиохирургија, да го водам својот тим и заеднички да постигнуваме уште многу успеси“, изјави Јовев.

Јовев рече дека ќе продолжи со борбата, затоа што е сигурен дека министерот ќе ја поправи оваа грешка.

Меџити во понеделникот го разреши Јовев од должноста директорот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, поради како што изјави вчера „утврдени нерегуларности во работењето“, нагласувајќи дека нема политика во неговото разрешување.

На брифингот со министерот стручни лица разјаснуваа дилеми околу разрешувањето на Јовев, што предизвика реакции во јавноста.

„Сегде ќе има инспекции, каде ќе има нерегуларности и индиции за злоупотреба, ние таму и ќе постапиме“, додаде Меџити.

Јовев не е единствениот разрешен директор, откога Меџити е на функција министер. Непосрдно по преземањето на функцијата Меџити ги смени директорите на клиниките за неврологија, онкологија, дерматологија, гинекологија и офтамологија

„Имаше промени во многу други здравствени установи, на медицински директори, организациски, некои си поднесоа самите оставка, а други беа разрешени, додаде Меџити, истакнувајќи дека и во иднина секаде ќе има инспекции и ќе се постапува според закон“, изјави Меџити.

Јовев од своја страна вчера побара преиспитување на одлуката за негово разрешување, истакнувајќи дека државната Клиника за кардиохирургија не се утврдени нерегуларности.

ИК на ВМРО-ДПМНЕ ја потврди позицијата против уставни измени под диктат

Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

Уставни измени под диктат и под околности кои се поразителни за Македонија не смее да има, потврдија на денешната седница на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ. Седницата на ова тело се случи непосредно пред почетокот на лидерската средба помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на која како што е најавено ќе се разговара за внесувањето на Бугарите во Уставот и европската иднина на земјата.

Потпретседателот на партијата, Тимчо Муцунски, рече дека е погрешна тезата дека на оваа лидерска средба се одлучува за интеграција или изолација на земјава. Она што се одлучува, според ВМРО-ДПМНЕ е дали ќе има уставни под диктат или ќе има одбрана на националното достоинство и државните интереси.

„Поаѓајќи од националните и државните интереси и запазувајќи го мислењето на огромното мнозинство на граѓани во државата, уставни измени под диктат и под околности кои се поразителни за Македонија не смее да има. Носењето на уставни измени во состојба кога е нападнат националниот и државен идентитет на македонскиот народ, кога се оспорува јазикот, историјата и културата не е никаков чекор напред, туку отворање на вратата за нови поразителни условувања и себеодрекување“,изјави Муцунски по седницата на ИК.


Тој додава дека Македонија токму поради лесните отстапки и штетните политики на власта, веќе е во изолација.

„На оваа лидерска средба се одлучува или за уставни измени и национални порази или за одбрана на националното достоинство и националните интереси“, додаде Муцунски.

Муцунски порача она што го бара ВМРО-ДПМНЕ е фер шанса каква што ја имаат и другите народи во Европа кога ѝ пристапувале на ЕУ. Тој е дециден дека по неуспехот на уставните измени, следниот чекор треба да бидат предвремени парламентарни избори.

Најмалку двајца убиени во престрелка во Вирџинија

Местото на нападот во Вирџинија, 6 јуни 2023

Најмалку две лица загинале, а неколку други се повредени во пукање за време на матурска забава во театарот „Алтриа“ во Ричмонд, главниот град на американската сојузна држава Вирџинија, пренесоа американските медиуми.

Полицијата потврди дека во престрелката загинале мажи на возраст од 18 и 36 години.

„Престрелката избувнала по 17 часот по локално време во кампусот на Универзитетот „Вирџинија Комонвелт“, каде се одржуваат локалните матурски церемонии, изјави привремениот шеф на полицијата во Ричмонд, Рик Едвардс и други официјални лица.

Според извештаите, еден маж е во критична состојба, додека други четворица се полесно повредени. Дополнително, во болница биле пренесени уште неколку лица, меѓу кои и деветгодишно девојче кое било удрено од автомобил за време на пукањето. Таа веќе е пуштена од болница.

Две лица се повредени како резултат на падот, додека тројца отишле во болница поради напади на вознемиреност, пренесе ABC.

Полицијата соопшти дека по пукањето приведени се две лица, но Мсеедниот осомничен бил пуштен на слобода бидејќи полицијата смета дека тој не бил вмешан во нападот.

Ковачевски и Мицкоски на средба за уставните измени

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и премиерот Димитар Ковачевски

Вклучување на Бугарите во Преамбулата и иднината на земјата во контекст на евроинтеграциите ќе бидат главните теми за кои денеска ќе разговараат премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Клубот на пратениците.

Ковачевски повикува опозициската партија да поддржи уставни измени, додека ВМРО-ДПМНЕ во деновите пред официјалните разговори го повтори ставот дека уставни измени под бугарски диктат нема да има.

Според владиното соопштение од понеделникот на средбата Ковачевски-Мицкоски ќе се разговара пред сѐ за одлуките кои треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на земјата, како и за пристапот на државата, институциите и сите политички чинители во насока на градење и одржување на добрососедски односи со сите наши соседи.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, исто така соопштија дека ставот на партијата е оти уставни измени нема да има и ова Собрание нема легитимитет за таков чекор.

Мицкоски синоќа од трибина во Прилеп упати апел за национално единство и обединување, и рече дека, „не постои она што го велат од владата или уставни измени или изолација, туку единствено мора да има зачувување на идентитетот и фер шанса за влез во Европската Унија“.

Работната група на седница одржана пред десетина дена ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување.

Уставните измени се потребни за да се продолжи европската интеграција на Северна Македонија. Но, за да се смени Уставот потребно е двотретинско мнозинство во 120-члениот Парламент, а засега мнозинството ги нема потребните гласови.

Локвенец поднесе оставка од Железници, Владата му најде замена

Воз на железничка станица во Скопје.

Директорот на Јавното претпријатие Железници - Инфраструктура Хари Локвенец на 6 јуни поднесе оставка од функцијата. Тој за МИА вели дека оставката ја поднел од лични причини.

Локвенец беше на функцијата директор на Железници - Инфраструктура од ноември 2020 година.

Владата на седница на 6 јуни му препорача на Управниот одбор на јавното претпријатие да го разреши Хари Локвенец од должноста директор, на негово барање. За в.д директор е одлучено да биде именуван Зоран Трифуновски, соопшти владината прес-служба.

Јавното претпријатие Железници Инфраструктура е едно од најголемите должници во Македонија.

Ескобар - Има предизвици во билатералните односи со Курти

Косовската претседателка Вјоса Османи со претставниците на ЕУ и САД Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар

Односите меѓу народите на Соединетите Американски Држави (САД) и Косово се силни и нема да се променат, но има „некои предизвици во билатералните односи со премиерот на Косово, Албин Курти“, изјави американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

„Ние ќе продолжиме да бидеме ваша најсилна поддршка во меѓународната заедница“, додаде тој во изјавата што ја даде пред дел новинари во Приштина.

Ескобар изрази надеж дека народот на Косово ќе разбере дека „актуелните тешкотии со премиерот нема да влијаат на ова чувство“.

Зборувајќи за актуелната ситуација на северот на Косово, Ескобар рече дека патот напред е предлогот на ЕУ за итна деескалација, вклучувајќи план градоначалниците да не работат од општинските згради додека има тензии на теренот, како и организацијата на нови избори со учество на Срби и имплементација на Охридскиот договор.

Охридскиот договор е постигнат во март и всушност е анекс документ за имплементација на Основниот договор за нормализирање на односите врз основа на предлогот на ЕУ.

„Тоа значи дека треба да го видиме вистинскиот напор на Косово за формирање на Заедницата и треба да ги видиме и чекорите преземени од Србија. Тоа треба да се направи сега, треба да се договориме за тоа денес и утре, бидејќи од петок Мирослав (Лајчак) и јас поднесуваме извештај до нашите претпоставени дали успеавме или не“, рече Ескобар.

Ескобар рече дека формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство е начин да се укине контролата на Србија врз северот, односно да се стави под контрола на Косово. Тој исто така рече дека Косово мора веднаш да го претстави нацрт-статутот за формирање на Заедницата.


На прашањето какви мерки ќе бидат преземени против Косово ако тоа не е конструктивно, Ескобар рече: „Ништо не можеме да планираме, ќе видиме како ќе биде “.

Тој додаде дека, доколку мисијата за посредување не успее, тоа ќе значи дека Косово не е заинтересирано за координација, поточно, како што рече, „не Косово, туку премиерот (Албин Курти)“.

Ескобар, заедно со специјалниот пратеник за дијалог меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак, претходно се сретнаа со Курти и со претседателката Вјоса Османи.

Триста животни угинаа во Зоолошка во Украина по поплавата од уништената брана

Локална жителка си ги спасува кучињата во поплавениот дом во Херсон.

Најмалку 300 животни угинале откако била поплавена по експлозијата на браната во Украина, соопшти Зоолошка градина лоцирана на брегот на реката Дњепар.

Зоолошката градина наречена Казкова Диброва објави за нивната загуба на Фејсбук.

„Паркот беше миниран и беше невозможно да се евакуираат животните“, се вели во соопштението.

„Се обидовме да ги спасиме. Секој ден, под непријателски оган, двајца работници си ги ризикуваа животите за да одат во Диброва да ги нахранат животните, соопшти претставник на зоолошката градина.

„Сега Русија уништи сè. Душата ни е растргната од болка“, додаде тој.

Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за уништување на на големата брана Каховка на реката Днепар во област окупирана од Москва.

НДИ – Ниските плати, високите цени и корупцијата се најголеми проблеми на граѓаните

Луѓе во центарот на Скопје

Ниските плати и пензии се најголемиот проблем со кој се соочува Северна Македонија, покажува истражувањето на јавното мислење на Националниот демократски институт (НДИ) објавено на 6 јуни.

Во истражувањето „Северна Македонија: Перцепција на граѓаните за општата состојба, економските политики и заштитата на потрошувачите“, речиси третина од испитаниците (27,2) проценти рекле дека најголем проблем тоа е животниот стандард, ниските плати и пензиите. За 22,9 од испитаниците најголем проблем се криминалот и корупцијата, а за 13,3 проценти зголемување на цените и инфлацијата.

Минималната плата во земјава изнесува 20.175 денари, околу 330 евра, најниската пензија изнесува околу 200 евра, инфлацијата во Македонија е скоро 20 отсто, додека потрошувачката кошничка изнесува нешто под 50.000 денари (813 евра).

Следни на листата најголеми проблеми за државата се невработеноста (8,4 проценти), интеграција во ЕУ, отвореното прашање со Бугарија (6,7 проценти), владеење на правото и демократијата (5,9 проценти), иселувањето (5,4 проценти), судството (4,6 проценти), здравството (два процента)...

Животниот стандард, како проблем, почесто го споменуваат испитаниците на возраст од 35 до 54 години и лицата со помали семејни приходи. За корупцијата и криминалот како проблем, пак, се изјаснуваат повозрасните од 55 години и тие со повисоки примања. Невработеноста и иселувањето ги мачи тие на возраст од 18 до 34 години.

Во истражувањето се наведува дека повеќе од половина од испитаниците (56 проценти) сметаат дека државата се движи во погрешна насока, една третина (31,3 проценти) имаат неутрален став, а 11,1 отсто од испитаниците велат дека државата се движи во правилна насока.


На прашањето „Доколку утре се одржуваат парламентарни избори, колку е веројатно дека ќе излезете да гласате?“ одговор дека би гласале дале 71 процент од испитаниците, дека не би гласале 23 отсто. Според истражувањето, доколку утре се одржат парламентарни избори, 21,5 проценти ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, 13,9 проценти за СДСМ, 6,2 проценти за ДУИ, 3,6 проценти за БЕСА, 3,4 проценти за Алијанса за Албанците, 2,9 проценти за Левица...

Истражувањето на Националниот демократски институт е спроведено од 13 до 24 април годинава на примерок од 1003 испитаници на возраст од над 18 години, со метод лице-в-лице и маргина на грешка +/-3,09 процентни поени.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG