Достапни линкови

Вести

Кривичниот суд го издал упатниот акт за затворската казна на Камчев за „Империја“

Јордан Орце Камчев

Кривичниот суд го издал упатниот акт за бизнисменот Јордан Камчев за отслужување на затворската казна од една година, која ја доби по спогодбата со обвинителството за случајот ,,Империја“, потврдија за РСЕ од Кривичниот суд. Упатниот акт е во фаза на достава и затоа, како што велат од судот, со дополнителни детали ќе излезат утре.

Но, Камчев и покрај упатниот акт, има законска можност да побара и одложување на издржувањето на затворската казна, поради одредени причини. Покрај затворската казна, Камчев треба да уплати и 5,1 милиони евра на државниот буџет преку УЈП.

Обвинителството соопшти и дека спогодбено признал вина и се спогодил за една година затвор и осомничениот Ненад Јосифовиќ.

Истрагата за случајот „Империја“ по три и пол години заврши неодамна и резултираше со замрзнување на имотот на фирми поврзани со Камчев и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Истрагата беше отворена на 9 ноември 2018 година. Осомничени, освен Камчев, Јосифовиќ и Мијалков беа уште 10 лица - нивни соработници, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Првичната истрага покажа дека осомничените испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф шор компании. Тие го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6.3 милиони евра.

види ги сите денешни вести

Две милијарди долари помош од Светска банка поради поплавите во Пакистан

Илустрација: Поплави по Пакистан

Светската банка соопшти дека ќе обезбеди околу две милијарди долари помош за Пакистан, каде што во годинашните поплави загинаа над 1600 луѓе.

Потпретседателот на Светската банка за јужна Азија, Мартин Раисер ја најави оваа помош синоќа, по првата официјална посета на Пакистан. Тој рече дека работат со пакистанските власти на пружање итна помош за оние кои биле најмногу погодени од поплавите.

За време на посетата, тој се сретна со сојузните министри и со главниот министер на јужната покраина Синд, најтешко погодениот регион, каде што го обиколи тешко погодениот округ Даду.

Во таа покраина има илјадници импровизирани медицински кампови за преживеаните од поплавите, а Националната управа за управување со катастрофи објави дека епидемиите на тифус, маларија и денга треска убиле најмалку 300 луѓе.

Претставници на Светската банка минатата недела, на состанокот со премиерот Шабаз Шариф, одржан на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, се согласија да обезбедат 850 милиони долари за помош на Пакистан поради поплавите. Најавената помош од 2 милијарди долари го вклучува и тој износ.

Раисер рече дека поправката на инфраструктурата и станбените објекти треба да почне што поскоро.

Во изминатите два месеци Пакистан испрати скоро 10 илјади доктори, медицински сестри и друг медицински персонал да се погрижи за преживеаните во покраината Синд.

Во монсунските дождови и поплавите кои го погодија Пакистан на средината на јуни, а кои многумина стручњаци ги поврзуваат со климатските промени, беа повредени 13 илјади луѓе.

Поплавите раселија милиони луѓе, уништија посеви и половина милион домови, како и илјадници километри патишта.

Евакуација на Филипини поради силен тајфун

Архивска фотографија: Поплави на Филипините што уследија по силен тајфун во 2014 година

Поголемиот дел од Филипините се наоѓа во состојба на готовност поради тајфунот Нору, кој ги погоди источните острови на таа земја.

Тајфунот Нору, со ветер со брзина до 240 километри на час, ги погоди островите Полило и се движи на запад, кон главниот остров Лузон.

Тоа би можело да предизвика свлечишта, поплави и опасни бури, а ризици има и за главниот град Манила. На жителите на високоризичните области им е кажано да се евакуираат.

Брзината на ветрот за само еден ден порасна за 90 километри на час.

Филипинската метеоролошка служба објави највисок степен на предупредување, кој тајфунот Нору го означи како супертајфун.

Шефот на националната полиција Родолфо Азурин ги повика граѓаните да се придржуваат до наредбата за евакуација.

Во провинцијата Куезон, источно од Манила, на рибарите им е забранет риболов, а одредени подрачја останаа без струја. Авионските летови и траектите се откажани.

Филипини, архипелаг со над 7000 острови во Тихиот Океан, се многу чувствителни на невремиња. Околу 400 луѓе загинаа во декември 2021 година, кога тајфунот Раи ја погоди таа земја.

Зеленски до руските војници – Предајте се, ви ветуваме цивилизиран однос

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Руските војници кои ќе се предадат во Украина ќе бидат третирани на „цивилизиран начин“, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски во ноќното обраќање до нацијата.

Зборувајќи на руски јазик, Зеленски ги повика Русите да се предадат и да избегнат ризик по војната да им се суди како на воени злосторници.

„Украина кон дезертерите ќе постапува во согласност со меѓународните конвенции и нема никого да врати во Русија доколку се плаши од последиците. Подобро да се предадат отколку да загинат од нашето оружје“, рече Зеленски.

Неговиот повик доаѓа откако рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се воведуваат построги казни за руските војници кои дезертираат или не постапуваат според наредбите.

Путин на 24 септември потпиша амандмани со кои се заоструваат казните за дезертерите и за оние кои одбиваат да се борат на до 10 години затвор, само неколку дена откако нареди „делумна“ мобилизација поради неодамнешните руски воени губитоци во Украина.

Во изминатите денови во Русија ескалираа протестите поради одлуката за „делумна мобилизација“ на дополнителни 300 илјади војници.

Руската организација за човекови права ОВД-Инфо соопшти дека вчера биле приведени 700 луѓе, додека повеќе до 1000 луѓе биле уапсени оваа недела.

Потезите на рускиот претседател, Западот ги смета за обид за повторно преземање на иницијативата откако неговите сили претрпеа неуспех на бојното поле.

Со друг закон потпишан вчера се олеснува пристапот до руско државјанство за странците кои ќе се пријават во војска.

Во меѓувреме, во четири украински региони окупирани од Москва, од 23 до 27 септември, се одржуваат монтирани референдуми за припојување кон Русија. Референдуми се одржуваат во украинските региони Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје.

Украина и Западот ги осудија гласањата како недемократски, а во неколку извештаи е предупредени на заплашување на локалното население кои руските војници го принудуваат на гласање.

Ахмети - ДУИ може и без Али Ахмети и без Изет Меџити

Лидерот на ДУИ Али Ахмети

ДУИ може да функционира без кој било поединец затоа што има стабилни структури, изјави денеска лидерот на партијата Али Ахмети по вчерашниот апел до него од членови на партијата да го искористи својот авторитет за да се зачува партиското единство.

„Без сомневање дека ДУИ има воспоставено стабилни структури кои можат да функционираат без Али Ахмети, Блерим Беџети, Муса Џафери, Изет Меџити. Ова е национална инвестиција која има силна основа и силна поддршка. За 20 години има инвестирано во кадарот на партијата. Советот и Конгресот се функционални, за анархијата нема место“, изјави Ахмети.

На новинарско прашање како ќе се одрази ова барање на дел од членовите на ДУИ меѓу кои има и двајца пратеници, Ахмети со одговор дека ќе се работи на менаџирање на ситуацијата.

„Пратениците не верувам дека ќе ја ризикуваат иднина на генерациите. Ова е дневна политика. Не е нешто што не може да се менаџира и да се надмине. Ние не отстапуваме од нашата платформа. Секогаш имало незадоволство и дебати и сум бил отворен за предлози и мислења. Поголем дел од ДУИ не сака анархија, сака правила, мир и дебата“, истакна Ахмети.

Истакнати членови на ДУИ вчера обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување, како што велат, станало индивидуално.

Во писмото, потпишано од 20-тина членови меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта, Блерим Беџети, тие побараа внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и го повикаат лидерот на партијата Али Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство. За состојбите во партијата тие го обвинуваат вицепремиерот Артан Груби.

Мицкоски - Потребни се предвремени избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека треба да се искористат сите демократски алатки кои им стојат на располагање за да се дојде до предвремени парламентарни избори.

Лидерот на оваа партија, во интервју за МРТ 2, посочува дека народот е против оваа Влада и затоа нагласува оти е добро да има предвремени избори.

„Власта тврди дека ќе оди до крајот со својот мандат, но ние цениме дека е добро да има предвремени избори, исто како што цени огромно мнозинство од граѓаните во Македонија, од кои ние го црпиме нашиот легитимитет. И ако гледаме како народна партија дека народот е против оваа влада, а сите перформанси велат, па дури и поддржувачите на СДСМ и ДУИ дека Владата е катастрофална и дека треба да замине, тогаш логично е да сториме сè што е во наша моќ, да ги искористиме сите демократски алатки што ги имаме на располагање, да дојдеме до предвремени парламентарни избори“, изјави Мицкоски.

Тој во интервјуто се осврна на неколку актуелни политички прашања, поврзани со односите помеѓу политичките субјекти во државата, состојбите и политичките текови.

Швајцарија уништува 10 милиони вакцини против коронавирус

Илустрација

Швајцарија е принудена да уништи 10,3 милиони вакцини против коронавирус од производителот Модерна, откако им истече рокот на употреба, соопшти швајцарското Министерство за здравство.

Министерството наведе дека нема друг избор, зашто рокот истече во средата, пренесоа тамошните медиуми. Вредноста на вакцините изнесува околу 280 милиони швајцарски франци, односно околу 294 милиони евра.

Министерството наведе дека стратегијата за снабдување со вакцини од почетокот на пандемијата се состоеше во нарачување повеќе дози од потребното за 8,7 милиони жители на Швајцарија.

Земјата нарачала вакцини од различни лаборатории за да избегне да стане зависна од вакцини кои би можеле да бидат неефикасни и да избегне проблеми со испораката или со непочитување на договорите.

Швајцарските медиуми во јуни пренесоа дека земјата има вишок од 38 милиони дози од различни вакцини против коронавирус, чиј рок истекува до крајот на годинава.

Во Швајцарија од почетокот на пандемијата од коронавирус умреа 13556 луѓе, а скоро 70 отсто од населението е вакцинирано.

Србија не ги прифаќа резултатите од референдумите во украинските региони

Српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ

Српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ изјави дека Србија не може да ги прифати резултатите од референдумите во украинските региони поддржани од Русија бидејќи, како што истакна, тоа би било целосно спротивно на српските државни и национални интереси, јави дописникот на МИА од Белград.

„Од една страна, нашата принципиелна посветеност на принципите и правилата на меѓународното јавно право, Повелбата на Обединетите нации (ОН), а од друга страна тоа би било целосно спротивно на нашите државни и национални интереси, целосно спротивно на нашата политика на зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет и посветеност на принципот на неповредливост на границите“, истакна Селаковиќ на прес-конференција.

Администрацијата назначена од Москва во четири украински региони - Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје, од 23 до 27 септември организира нелегални референдуми за припојување на овие области кон Русија.

Србија е една од ретките држави во Европа која не воведе санкции против Москва по рускиот воен напад врз Украина кој почна на 24 февруари. Сепак, Србија повторува дека го поддржува украинскиот територијален интегритет, и правејќи паралела со Косово, бара непроменливост на границите.

Северна Кореја испука балистичка ракета

Илустрација

Северна Кореја денеска испука неидентификувана балистичка ракета во водите кај својот источен брег, соопшти јужнокорејската војска, пренесува Франс пред.

Детали за лансирањето не се соопштени.

Ова лансирање, едно од многуте кои оваа година ги изведе Пјонгјанг, доаѓа по извештаите дека Северна Кореја можеби се спрема да лансира подводна балистичка ракета.

Јапонската крајбрежна страна исто така соопшти дека е можно да е лансирана балистичка ракета, според информациите на јапонското Министерство за одбрана.

Јапонскиот медиумски сервиси НХК објави дека испуканиот објект паднал надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија.

Ракетата е лансирана неколку дена откако американски носач на авиони на нуклеарен погон стигна во регионот за вежби.

Американски носач на авион стигна во Јужна Кореја на 23 септември, првпат после четири години, каде што им се придружи на останатите пловила кои учествуваат во заеднички воени вежби.

Наредната недела, американската потпретседателка Камала Харис треба да пристигне во посета на Јужна Кореја.

Бурата Фиона уништи куќи и урна далноводи во Канада

Подготовки за бурата Фиона во Халифакс

Бурата Фиона, која изминатите денови ја погоди Канада, урна далноводи и уништи неколку куќи. Силното невреме го зафати источниот дел на Канада, со ветар со јачина на ураган, скоро седум дена откако помина преку Карибите.

Поради невремето, вчера околу 500 илјади потрошувачи на источниот атлантски брег на Канада останаа без струја, а силните ветрови и дождот оштетија домови. Ветрот дувал со брзина до 160 километри на час.

Предупредување за тропска бура беше издадено за атлантските области Нова Шкотска, Островот на Принцот Едвард, Њуфаундленд и Њу Брунсвик, како и за делови на Квебек.

Војската е распоредена во Нова Шкотска за да помогне во операциите за расчистување.

Канадскиот премиер Џастин Трудо го одложи планираното патување во Јапонија, каде што требаше да присуствува на државниот погреб на поранешниот премиер Шинзо Абе.

Фиона се трансформираше од ураган во посттропска бура доцна во петокот, но метеоролозите предупредија дека и понатаму би можела да донесе ветрови со ураганска јачина, дождови и огромни бранови.

Метеоролозите претходно предупредија дека тоа би можело да биде една од најсилните бури кои ја погодиле Канада.

Шолц – Напредок во преговорите за купување нафта и гас од Емиратите

Министерката за климатски промени и животна средина на ОАЕ Марјам Ал Мухаири го пречека германскиот канцелар Олаф Шолц на аеродромот во Абу Даби на 24 септември 2022

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека има видлив напредок во преговорите за купување течен природен гас (ЛНГ) и нафта од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

Германија, која со години е многу зависна од руски гас, се обидува да го диверзифицира своето снабдување со енергенси, откако Русија на 24 февруари почна војна во Украина.

Шолц, кој беше во дводневна посета на земјите од Персискиот Залив, не изнесе детали за разговорите со ОАЕ.

„Мора да се погрижиме производството на ЛНГ во светот да напредува до точка во која големата побарувачка, која постои, може да се задоволи, без прибегнување кон производните капацитети од Русија“, изјави тој.

Шолц вчера во Џеда разговараше со престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, додека денеска патува и во Катар.

Избори во Италија на кои се очекува победа на десницата

Џорџа Мелони, лидерка на националистичка партија Браќа на Италија

Италијанците денеска гласаат на парламентарни избори, кои се предвидува дека на власт ќе ја донесат најдесната влада од Втората светска војна и оти за првпат ќе биде избрана жена за премиер.

Изборите беа предизвикани од внатрепартиските судири кои во јули ја урнаа широката влада на национално единство на премиерот Марио Драги.

Се очекува десничарскиот сојуз предводен од Џорџа Мелони и нејзината националистичка партија Браќа на Италија да победи, па дури можеби и да освои апсолутно мнозинство.

Мелони би можела да стане прва жена на чело на една италијанска влада.
Овој блок ја вклучува и десничарската популистичка Лига на Матео Салвини и конзервативната партија Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони.

Партијата на Мелони, која е критична кон Европската унија (ЕУ), националистичка, а понекогаш дури и расистичка, доминира со сојузот.

Многумина стравуваат дека италијанската политика ќе се придвижи кон десно ако сојузот победи. Можно е партијата Браќа на Италија на Мелони да освојат повеќе гласови од Лига на Салвини и Форца Италија на Берлускони заедно.

Претставниците на левицата и на политичкиот центар, во пресрет на изборите, се фокусираа на меѓусебни напади наместо на формирање заедничка опозиција против десничарските партии, што, според очекувањата, ќе доведе до најниска излезност на изборите.

Излезните анкети ќе бидат објавени вечерва во 23 часот, кога затвораат гласачките места, а првите прелиминарни резултати ќе се објават во текот на ноќта.

Иако последните анкети беа објавени пред две недели, зашто според законот не смеат да се објавуваат непосредно пред избори, ништо не укажува на можна промена на трендот.

Десничарската коалиција на Мелони, Салвини и Берлускони, според тие анкети, треба да освои 46 отсто од гласовите, а Мелони би можела да ја формира првата крајно десничарска влада во Италија од Втората светска војна.

Левицата, предводена од Демократската партија се предвидува да освои 28,5 отсто од гласовите, а популистичкото Движење пет ѕвезди 13 отсто.

Временска прогноза – Денеска сончево, од утре дожд

Илустрација

Времето денеска ќе биде сончево со ниски утрински температури кои ќе се спуштат до четвртиот степен, а максималната температура ќе достигне до 23 степени.

Од понеделник, синоптичарите најавуваат врнежи од дожд во попладневните часови најпрвин во западните делови кои во текот на ноќта ќе се прошират и во останатите делови од државата.

Во вторник ќе биде нестабилно и врнежите наместа ќе имаат пороен карактер и ќе бидат проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Во овие денови ќе дува умерен до засилен јужен ветер.

Незадоволство во ДУИ – Партиски функционери против вицепремиерот Артан Груби

Потписи на истакнати функционери на ДУИ на писмото до партискиот лидер Али Ахмети

Во последниве две години партиските органи не се активни, одлучувањето стана индивидуална сопственост, не сме веќе добро организирана и структурирана партија... Ова меѓу другото го пишуваат десетина истакнати членови на ДУИ, поранешни и сегашни функционери, во писмото до партискиот лидер Али Ахмети, пренесува ТВ Клан. Писмото, на албански јазик, е објавено и на Фејсбук профилот на градоначалникот на скопската Општина Чаир, Висар Ганиу.

Потписници на писмото, меѓу другите, се и пратениците Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, поранешниот вицепремиер Муса Џафери, поранешниот министер за правда Блерим Беџети, поранешниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта, како и уште десетина членови.

„Во ДУИ веќе нема дебата и консултација со партиската база. Кадровските решенија се привилегија само на Артан Груби. Речиси две години нема отчет за работата на Владата и политичката програма. Поради нефункционалноста на организираниот живот на ДУИ, констатираме дека има пад на поддршката за партијата (последните избори во Тетово). Арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Артан Груби, предизвика незадоволство, револт и пасивност на структурите и гласачите“, пишува во писмото и се истакнува големиот револт на најзаслужните членови на партијата за нејзините досегашни победи.

Потписниците бараат политичка дебата внатре во партијата за надминување на оваа состојба и одговорност и отчетност од носителите на извршната власт. Тие бараат претседателот на ДУИ, Али Ахмети, да ги искористи своите политички и статутарни овластувања и да најде решение за зачувување на партиското единство.

Ковачевски во ОН – Русија веднаш да ги повлече војниците од Украина

Обраќање на премиерот Димитар Ковачевски на 77. Генерално собрание на Обединетите нации

Со непредизвиканата агресија врз Украина, Руската Федерација флагрантно ја прекрши Повелбата на Обединетите нации, како и на нормите и принципите на меѓународното право, оцени премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето пред присутните на 77. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк.

Ковачевски рече дека агресијата не може да се оправда, ниту да се релативизира.

„Руската Федерација мора веднаш да ја прекине агресијата и да ги повлече своите трупи од Украина“, рече тој.

Со тоа, според него, ќе се отвори патот за дипломатско решение на конфликтот.

Ковачевски се осврна и на неизвесноста во снабдувањето со храна и енергија во светот, која, како што рече, „ќе ги продлабочи разликите на глобално ниво меѓу богатиот Север и сиромашниот Југ и ќе доведе милиони луѓе на работ на основна егзистенција, дури и во опасност од глад“.

Затоа, тој побара меѓународна солидарност за надминување на проблемите.

„Ефектите ќе ги почувствуваме сите – и економски повеќе развиените и помалку развиените држави. Мора да се извлечат искуствата од пандемијата – дека меѓународната солидарност не е добро да се води од тоа дали е потребна меѓу развиени или помалку развиени држави, ако сакаме да спречиме отворање нов предизвик од растечко граѓанско незадоволство на глобален план“, рече Ковачевски.

Тој зборуваше и за борбата со тероризмот, бегалскиот бран предизвикан од конфликтот, како и климатските промени и природните катастрофи предизвикани од нив.

Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари, а западните земји воведоа жестоки санкции против Москва. Од вчера, во четири делумно окупирани региони во Украина, проруските сили организираат нелегални референдуми за приклучување кон Русија.

Француски пратеници бараат истрага за руско финансирање на политички партии

Претседателката на Долниот дом на Парламентот, Жаел Брoн-Пиве.

Членови на француското Национално собрание побарале од претседателот на Долниот дом на Парламентот да формира комисија што треба да ги истражи наводите за руско финансирање на политички партии.

Пратеници на 24 септември пред новинарите го покажаа писмото што го испратиле до претседателката на Долниот дом на Парламентот, Жаел Брoн-Пиве.

Нивниот потег уследи откако неодамна беа декласифицирани американски разузнавачки информации кои покажуваат дека Русија платила стотици милиони евра на странски политички партии „со цел да влијае на избори“.

Осум пратеници, од партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, „Република во движење“, која деновиве беше преименувана во „Преродба“, исто така истакнаа дека екстремно десничарската Национална партија на Марин Ле Пен сè уште го отплаќа заемот доделен од руските банки.

„Овие факти јасно укажуваат на руската волја да се одмери и во француската јавна дебата. Тоа налага да се формира истражен комитет за да се утврди дали француските политички партии, и кои од нив, имаат корист од руското финансирање“, напишаа пратениците.

САД: Русија потрошила над 300 милиони долари за тајно влијание врз светската политика

Американскиот Стејт департмент на 13 септември соопшти дека Русија од 2014 година наваму тајно потрошила повеќе од 300 милиони долари на напорите да влијае врз политичари и други функционери во повеќе од дваесетина земји.

Во извештајот не се посочени конкретни руски цели, но се вели дека Русија најверојатно сè повеќе ќе се насочи кон тајно политичко финансирање за да ги поткопа меѓународните санкции што и беа воведени поради нејзината војна во Украина.

Русија јавно не го коментираше ова прашање.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG