Достапни линкови

Макрон останува претседател на Франција, стигнаа првите честитки


Претседателски избори во Франција

Анкетите покажаа голема предност на актуелниот претседател Емануел Макрон во вториот круг од претседателските избори во Франција. Неговата противкандатка Марин Ле Пен го призна поразот, нарекувајќи го „блескава победа“.

Актуелниот центристички претседател Емануел Макрон е победник во вториот круг од претседателските избори во Франција, каде противандидат му беше крајнодесничарска лидерка Марин Ле Пен. Ова се прогнозите на првите излезни анкети обавени непосредно по затворањето на гласачките места, а кои покажаа дека Макрон освил нешто над 58 отсто гласови, додека лидерката на Национален фронт, Марин Ле Пен, скоро 42 отсто од гласовите.

Француската крајнодесничарска лидерка Марин Ле Пен го призна поразот од Макрон, откако проекциите покажаа дека тој има одлучувачко водство.

И покрај загубата, Ле Пен во нејзиниот говор во Париз рече дека „самиот резултат претставува блескава победа“. Резултатот од денешните избори ги надминува оние од пред пет години кога таа освои 33,9% од гласовите.

„Ние сме порешителни од кога било да ги браниме Французите“, изјави таа.

„Овој резултат е сведоштво за големата недоверба на францускиот народ кон нив“, додаде, мислејќи на оние кои се на власт во Франција и во Европската унија.

Исто така најави дека ќе продолжи да се бори со Макрон за прашањата како имиграцијата, несигурноста и зголемувањето на старосната граница за пензионирање.

Први честитки за победата на Макрон

Двајцата највисоки функционери на Европската унија му честитаа на францускиот претседател Емануел Макрон, откако проекциите покажаа дека тој освоил втор мандат.

„Можеме да сметаме на Франција уште пет години“, напиша на Твитер претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Честитка, исто така преку Твитер упати и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која напиша „Среќна сум што можеме да ја продолжиме нашата одлична соработка“.

Честитки за реизборот на Макрон беа упатени и од премиерите на повеќе држави, меѓу кои и на Велика Британија, Италија и повеќе ЕУ држави.

Ако проекциите се потврдат со официјалните резултати, Макрон ќе биде рвиот француски претседател во последните 20 години кој освоил втор мандат, по Жак Ширак во 2002 година. Но, тој ќе се соочи со поделена нација и битка да го задржи своето парламентарно мнозинство на парламентарните избори во јуни.

Пред пет години, Макрон извојува убедлива победа и стана најмладиот претседател на Франција со 39 години.

Гласачките места се отворија во 8 часот, а гласањето траеше до 20 часот. Речиси 49 милиони гласачи имаа право на глас.

Голем влог на претседателските избори

Изборите се организираа во време кога земјата се соочува со последиците од руската инвазија на Украина, што доведе до вртоглаво покачување на цените на храната, горивото и другите основни стоки во Франција, земја во Европската унија која во последниве години имаше жестоки протести поради економските нееднаквости.

Сакајќи да стане првиот претседател на Франција во последните 20 години кој бил реизбран, 44-годишниот Макрон влезе во гласањето со значително водство во анкетите, но не можеше да гарантира победа поради кревкото, вознемирено и уморно гласачко тело. Војната во Украина и пандемијата Ковид -19 го погодија првиот мандат на Макрон, како и неколкумесечните насилни протести против неговата економска политика.

Пресвртите создадоа плодна почва за Ле Пен, која го направи својот трет обид да стане првата жена претседател на Франција. Водејќи жестока кампања околу прашањата за трошоците на животот, таа направи длабок упад меѓу гласачите во незадоволните рурални заедници и поранешните индустриски центри.

Вториот круг од овие претседателски избори значеше и повторна трка меѓу Ле Пен и Макрон по онаа на изборите пред 5 години, кога центристот освои 66 отсто од гласовите.

Ле Пен блескаше додека ги поздравуваше приврзаниците пред да гласа во северниот град Хенин-Бомонт, упориште на нејзината партија Национален собир, која до 2018 година го носеше името Национален фрнт. .

Во меѓувреме, Макрон се сретна со толпа од неколку стотици лица пред да гласа со неговата сопруга Брижит во туристичкиот град Ле Туке, каде што имаат викендица.

Макрон најмногу се надеваше дека левичарските гласачи кои ги поддржаа другите кандидати во првиот круг ќе го поддржат поранешниот инвестициски банкар и неговата про-бизнис, реформистичка агенда за да се запре Ле Пен и нејзината популистичка програма.

Но, лидерот на крајната левица Жан-Лук Меланшон, кој постигна тесно трето место во првиот круг, остро одби да ги повика своите милиони следбеници да го поддржат Макрон, инсистирајќи дека тие не треба да гласаатат ни за Ле Пен.

Самиот Макрон постојано велеше дека изборот на гласачите да останат дома ги донесе шоковите на изборите во 2016 година кои доведоа до Брегзит во Британија и изборот на Доналд Трамп во САД.

Влогот од овие избори беше огромен и за Франција и за Европа, со тоа што Макрон вети реформи и построга интеграција во ЕУ, додека Ле Пен, инсистираше на тоа дека блокот треба да се измени во она што противниците го опишуваат како „Фрекзит“.

Макрон, исто така, се спротивстави на планот на Ле Пен да го направи нелегално носењето муслиманска марама во јавност, иако нејзиниот тим се повлече од предлогот пред гласањето, велејќи дека тој повеќе не е „приоритет“.

Тие се судрија и за Русија, при што Макрон сакаше да ја прикаже Ле Пен како неспособна да се справи со инвазијата на Украина поради заемот што нејзината партија го зеде од руско-чешка банка.

Инаку ова се првични проекции за резултатите од гласањето, додека конечните резултати треба да бидат познати во текот на утрешниот ден. Официјалното прогласување на победникот пак треба да се случи во среда, на 27 април.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG