Достапни линкови

Вести

Франција бира Претседател - Макрон фаворит на анкетите

Илустрација

Французите денеска гласаат на првиот круг од претседателските избори, кои ќе одредат кој ќе раководи со втората по големина економија во Европската унија (ЕУ), додека војната беснее на прагот на ЕУ.

Актуелниот претседател Емануел Макрон е фаворит во анкетите. Но, неговата предвидена маргина на победа е многу помала отколку кога беше избран во 2017 година, а тој се соочува и со жестока конкуренција од Марин Ле Пен од крајната десница.

Ако победи, Макрон ќе биде првиот француски претседател по Жак Ширак во 2002 година кој освоил втор мандат.

Анкетите покажуваат дека многумина не се сигурни за кого да гласаат, а излезноста би можела да биде многу помала од вообичаеното, што дополнително ја зголемува неизвесноста.

Анкетите исто така покажаа и дека гласачите се незадоволни од економската политика на Макрон, но невработеноста е на најниско ниво во последните години и испитаниците не мислат дека некој од неговите противници би поминал подобро.

Победникот на изборите во Франција ќе треба да се справи со прашањето за руската инвазија на Украина и последиците за цела Европа. Сега кога Британија ја напушти ЕУ, Франција е главната воена сила на блокот.

Од тоа како ќе поминат претседателските и парламентарните избори ќе зависи и реконструкцијата и на десницата и на левицата во земјата.

По првиот круг од изборите денеска, во вториот круг ќе одат двајца кандидати со најмногу гласови.

Новиот претседател ќе ја преземе функцијата најдоцна до 13 мај.

види ги сите денешни вести

Поранешниот молдавски претседател е спроведен во домашен притвор

Поранешниот претседател на Молдавија, Игор Додон

Молдавскиот суд му одреди домашен притвор од 30 дена на поранешниот претседател, Игор Додон за да им овозможи на обвинителите да ги истражат наводите за корупција и предавство.

Одлуката од 26 мај на окружниот суд Чиокана во Кишињев дојде два дена откако беше претресена куќата на Додон и тој беше ставен во притвор од 72 часа.
Додон на новинарите по сослушувањето изјави дека случајот е политички мотивиран, обвинение што владата го отфрли.

Додон, кој беше отворено поддржан од Москва и се смета за близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, беше претседател од 2016 до 2020 година, кога загуби од Маја Санду, поранешна функционерка на Светска банка. Додон рече дека нема друг имот освен оној што официјално го пријавил, а на новинарите им рече дека судијата извршува „политичка наредба“ од Санду.

Владата ги отфрли обвинувањата за политичко мешање во случајот, кој се случува во време кога односите меѓу Русија и Молдавија се сè позатегнати.

„Обвинителите треба да се водат само од владеењето на правото, да не играат политички игри и да не носат одлуки врз основа на притисок од јавноста“, рече Санду на 27 мај на состанокот на Врховниот совет за безбедност.

„Секој мора да одговара за направените незаконитости, но во строга согласност со законот.Господинот за кој станува збор во овој случај, ако мисли дека е чесен, нема за што да се грижи“, рече Санду во нејзините први коментари за истрагата.

Кремљ изрази „загриженост“ околу информациите за истрага против Додон, при што портпаролот Дмитриј Песков ги повика молдавските власти да обезбедат почитување на неговите права.

Молдавија, една од најсиромашните земји во Европа, официјално поднесе барање за членство во Европската унија во март по неиспровоцираната инвазија на Русија од Украина. Молдавија, која има население од околу 2,6 милиони луѓе, прими повеќе од 472.000 бегалци од соседна Украина.

Лавров во посета на Белград на 7 јуни

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров доаѓа во посета на Белград на 7 јуни, јави дописникот на МИА од Белград. Како што е најавено, тој ќе има средби со српскиот државен врв, а се очекува на средбата со претседателот Александар Вучиќ да стане збор за настаните во Украина и позицијата на Србија кон оваа криза, за ситуацијата во регионот и економската соработка во контекст на санкциите што Западот ги воведе на Русија.

Шефот на руската дипломатија доаѓа во време на голем притисок врз Србија да воведе санкции кон Русија, но и пред најавените разговори во недела меѓу Александар Вучиќ и Владимир Путин за гасот.

Ова е прва посета на висок руски функционер на Србија од избувнувањето на украинската криза, а доаѓа во време кога Европската унија го подготвува најтешкиот пакет санкции, кои Србија, како единствена држава во Европа, досега се нема приклучено.

Лавров треба да присуствува и на приемот по повод Денот на Русија, што ќе го организира руската амбасада во Белград на 7 јуни.

Пожар во Солун, најмалку двајца повредени

илустрација

Неколку лица се пренесени во болница, а двајца приклучени на апарати, по пожарот што изби во центарот на Солун во близина на плоштадот Аристотел, објавија локалните медиуми, а пренесе дописничката на МИА од Атина.

Пожарот, што е ставен под контрола, веројатно избил во напуштен објект, а пожарникарите спасиле 44 лица од соседните згради.

Како што пренесуваат медиумите противпожарната служба интервенирала со 12 возила и 40 пожарникари.

Кина ги критикува САД поради зголемените тензии на јужниот Пацифик

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин

Кина го критикуваше говорот на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој се фокусираше на односите меѓу двете најголеми економски сили во светот, велејќи дека Соединетите Држави се обидуваат да ја омаловажат репутацијата на Пекинг.

Во обраќањето на 26 мај, Блинкен рече дека администрацијата на претседателот Џо Бајден сака да го предводи меѓународниот блок што се противи на руската инвазија на Украина во поширока коалиција за да се спротивстави на она што тој го гледа како посериозна, долгорочна закана за глобалниот поредок од Кина.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, одговори дека САД „во суштина шират дезинформации“ и „ја клеветат внатрешната и надворешната политика на Кина“.

Од министерството велат дека целта на говорот на Блинкен била „да се ограничи и потисне развојот на Кина и да се одржи хегемонијата на САД“.

„Што се однесува до меѓународниот поредок заснован на правилата за кои се залагаат Соединетите Држави, сите луѓе можат да видат дека тие не се ништо друго освен правила формулирани од Соединетите Држави и неколку други земји со цел да се одржи меѓународен поредок во кој доминираат Соединетите Држави“, изјави портпаролот Ванг.

Во својот говор во Вашингтон, Блинкен наведе пристап од три столба кон администрацијата за да ги насочи своите ресурси и сојузници во одвраќање на кинеското влијание ширум светот.

„Инвестирањето во домашната инфраструктура и технологијата на САД заедно со засилените дипломатски контакти со потенцијално ранливите земји се меѓу клучните политички елементи“, рече Блинкен.

Тој рече дека Соединетите Држави не се обидуваат да го променат кинескиот политички систем, туку „ќе го обликуваат стратешкото опкружување околу Пекинг со цел да ја подобрат нашата визија за отворен и инклузивен меѓународен систем“.

Кина одби да ја осуди руската инвазија на Украина, па дури и да ја опише на тој начин, поради почит кон Москва.

Нови 109 случаи на ковид 19, нема починати лица

илустрација

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1 062 тестови, а регистрирани се 109 нови случаи на ковид 19. Најмногу заразени има во Скопје – 77, Битола – 14, Охрид – 6, Прилеп – 3, Штип и Берово – по 2, Куманово, Тетово, Кавадарци, Струга и Виница – по 1 случај на заразен со корона.

Во изминатото деноноќие нема регистрирано починати лица.

Од вкупниот број на позитивни (109), регистрирани се 14 реинфекции.

Досега во земјата се направени вкупно 2.051.008 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 311.701, бројот на оздравени пациенти е 301.819, на починати е 9.300, а бројот на активни случаи изнесува 582.

Бислимоски: Сметките за струја можно е да бидат повисоки за 10 проценти

илустрација

Можно е од први јули цената на струјата да се зголеми за 10 проценти, предупредува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски. Една од причините за ваквото зголемување е, како што вели, малверзациите кои ги прават општините за да ги намалат трошоците за електрична енергија.

Тој објаснува дека за да ги скусат трошоците за струја, општините формирале јавни претпријатија преку кои обезбедувале струја за јавно осветлување по цена за домаќинства и за само четири месеци, оптоварувајќи го системот, на ЕВН им направиле долг од 30 милиони евра. Регулаторна сега бара начин како овој трошок да не падне на товар на граѓаните.

„Измислуваат разно-разни финти за да се вратат на регулиран пазар и заради тоа само за први 4 месеци имаме трошок од 30 милиони евра и тоа значи 10% зголемување на цена на струја. Тој трошок РКЕ сега ќе го префрли назад на општините и ниту на крај на памет не ми е, тој товар да го преземе РКЕ,“ изјави Бислимовски.

Во овие 10% раст кои ги најавува РКЕ, не се пресметани трошоците на енергетските компании и цената на ЕСМ од која всушност најмногу зависи крајната цена на сметките за струја. Дел од компаниите веќе доставиле барања, а се чека уште од МЕПСО.

Во меѓувреме Регулаторна го подготвува новиот тарифник со кој цената на струјата во скапа тарифа ќе зависи од потрошувачката. Бислимовски открива дека се разгледува опцијата над 250 киловати потрошена струја на граѓаните да им се тарифира по повисока цена. За да се спречи големо покачување, Бислимовски бара државните електрани, да обезбеди 100 проценти од потребите на ЕВН ХОУМ.

Киев: Украина се бори да ја задржи контролата врз градот Лиман

илустрација

Украинските војници се борат да ја задржат контролата врз северозападниот и југоисточниот дел на градот Лиман, соопшти Министерството за одбрана на земјата, додека руската офанзива во источна Украина станува се посилна, пренесува Ројтерс.

„Украинските трупи се „спротивставија“ на обидите на Русија да ја прекине нејзината офанзива против клучниот украински град Славјанск“, изјави на брифинг портпаролот на Министерството за одбрана, Олександр Мотузјаник.

Претходно, проруските сепаратисти од самопрогласената Народна Република Доњецк соопштија дека воспоставиле целосна контрола врз стратешкиот град Лиман во источна Украина. Градот Лиман е клучен железнички центар.

Откако беа вратени од главниот град Киев и периферијата на вториот по големина град Харков претходно овој месец, руските сили го започнуваат својот најсилен напредок во последните недели во источниот регион Донбас.

Русија започна инвазија на соседна Украина на 24 февруари. Европската унија, Соединетите Држави и другите западни земји возвратија со санкции против Русија во обид да го запрат нејзиниот напад врз Украина.

Османи-Кулеба: Поддршка за евроинтеграциите на Украина и на Северна Македонија

Минситрите за надворешни работи на Украина и Северна Македонија Дмитро Кулеба и Бујар Османи во Киев

Во рамките на својата денешна посета во Украина, шефот на дипломатијата Бујар Османи се сретна со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, со кого разговарале за актуелната војна во оваа земја, но и за евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија и Украина, соопштија двајцата министри на заедничка прес-конференција за медиумите.

„Слободата на Северна Македонија и секоја друга европска земја денеска се брани во Украина, и Украина ја заслужува сета почит, помош и поддршка поради тоа. Поддршката кон Украина не треба да се намали, напротив, треба да се зголеми сè додека целосно не се повлечат руските трупи од територијата на оваа земја. Само на тој начин ќе може да се спречи нечие непосакувано влијание да создаде проблеми и да предизвика дестабилизација во Европа, “ изјави Османи, појаснувајќи дека државата од почеток се приклучила кон сите мерки на осуда и санкции против Руската Федерација.

Централна тема на разговорите била руската агресија врз Украина и нејзините последици врз украинската држава и граѓани, но и пошироко.

Соговорниците се сложиле дека во прашање е грубо кршење на меѓународното право и неиспровоциран напад врз суверенитетот на една земја, но и сериозен обид да се уништат темелите на регионалната и глобална безбедност и стабилност.

Кулеба му се заблагодари на министерот Османи за целата помош и додаде дека се што побарале добиле од македонската страна. Истакна дека се работи за големо пријателство кое ќе продолжи и понатаму.

Инаку на средбата се разговарало и за европската перспектива на двете земји, влијанието на украинската војна врз овој контекст и потребата процесот да го добие своето зголемено внимание, согласно новата геополитичка и безбедносна динамика.

Османи рече дека ќе ја поддржи кандидатурата на Украина, а потоа и Кулеба изрази поддршка за интеграцијата на Македонија во ЕУ.

За време на својата посета во Киев, министерот Османи ја реотвори Амбасадата на Република Северна Македонија во Украина со што истата е ставена во полна функција.



Наредното светско првенство во хокеј ќе се игра во Финска и Летонија, наместо во Русија

Илустративна фотографија

Меѓународната федерација во хокеј на мраз (ИИХФ) ги избра Финска и Летонија за заеднички домаќини на светското првенство во хокеј на мраз во 2023 година, откако турнирот беше повлечен од рускиот град Санкт Петербург по руската неиспровоцирана инвазија на Украина.

ИИХФ во соопштението на 27 мај соопшти дека финскиот град Тампере ќе биде главното место на турнирот, а главниот град на Летонија Рига ќе биде домаќин на прелиминарното коло и два четврт-финални натпревари.

Турнирот беше повлечен од Санкт Петербург на 26 април, кога ИИХФ соопшти дека „одлуката за преместување на настанот е донесена првенствено поради грижа за безбедноста и благосостојбата на сите учесници, официјални лица, медиуми и навивачи“.


Претходно повлечено беше и Светското јуниорско првенство во 2023 година од руските градови Омск и Новосибирск, наведувајќи слични причини.

Русија ја започна својата неиспровоцирана инвазија на Украина на 24 февруари.

Турција бара Шведска и Финска да преземат „конкретни чекори“за влез во НАТО

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека Шведска и Финска мора да преземат „конкретни чекори“ за да ги смират безбедносните грижи на неговата земја со цел да се надминат приговорите на Анкара за нивната кандидатура за НАТО.

Чавушоглу рече дека делегациите на двете нордиски земји се вратиле дома со барањата на Турција по посетата оваа недела и дека Анкара ги чека нивните одговори.

За аспирациите на земјите за членство е потребна поддршка од сите земји од НАТО, но Турција се противи на влезот на Шведска и Финска. Како причина Анкара ја наведува наводната поддршка за курдските милитанти кои Турција ги смета за терористи, но и ограничувањата за продажба на оружје на Турција.


Двете нордиски земји ги отфрлија тврдењата на Турција.

Чавушоглу инсистираше на тоа дека „овие земји мора да преземат конкретни чекори“ наведувајќи дека не е исправен пристапот „како и да е навреме ќе ја убедиме Турција, ние сме пријатели и сојузници“.

Турскиот министер за надворешни работи додаде дека ја разбираат загриженоста за безбедноста на Финска и Шведска, но дека „сите мора да ги разберат и легитимните безбедносни грижи на Турција“.

Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО по руската инвазија на соседна Украина.

Гир: Висока надеж за почеток на преговорите во тек на француското претседателство

Евроамбасадорот Дејвид Гир

Евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир истакна дека во ЕУ имаат висока надеж дека конечно ќе почнат преговорите со Албанија и Северна Македонија и тоа уште во текот на француското претседателство со ЕУ. Изјавата ја даде на конференцијата „Бугарски гласови за Европа“ во Скопје која е дел од дебатите на Конференцијата за иднината на Европа.

Тој додаде дека институциите на ЕУ се цврсто посветени на унапредување на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан и ги ценат напорите што ги направиле сите страни.

Гир напомена дека е мошне важно да се запаметат корените на ЕУ, додавајќи дека е мошне лесно да се запостават достигнувањата на Унијата – мирот, просперитетот, единствениот пазар, демократските врдности и почитување на различностите, како и самиот процес на проширување.

„Секако се соочувавме со предизвици, финансиската криза во 2008 година, пандемијата, сега е руската војна во Украина, сите овие работи изгледаат предвидливи, но не се и во се ЕУ водат интензивни дискусии и покажавме единство и брзо се придвиживме напред. Оваа дискусија е мошне важен процес и таа е контраст на тоа што Русија го прави во Украина, а тоа е да ја одреди иднината на Украина без никакви консултации“, рече Гир кој додаде дека посветеноста на земјава кон евроинтеграцијата се видела и во стратешкиот избори кои го направила земјата со поддршка на резолуцијата за осуда на руската агресија во ОН.

На настанот меѓу другите говореше и бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов. За спорот со Македонија, а тој рече дека Бугарија сака гаранции од земјава дека Договорот за добрососедство од 2017 година ќе биде почитуван.


Според Ангелов, бугарските барања за нивното малцинство во Албанија се исполнуваат, поради што немаат задршка да и дадат зелено светло на Тирана, но како што кажа, ќе видат дали во тој пакет ќе биде и Скопје.

Организатор на конференцијата во Скопје беше бугарската агенција, БТА. Заклучоците од Конфренцијата за идниата на Европа ќе бидат презентирани во септември од страна на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Многу најави за позитивни промени пред самитот на Отворен Балкан во Охрид

Знамињата на државите кои се дел од иницијативата Отворен Балкан

По денешниот видео-конференциски состанок со српскиот претседател, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, Ковачевски на својот Фејсбук профил напиша дека разговарале за забрзување на имплементацијата на проектите во рамките на Отворен Балкан.

„Со Отворен Балкан ги отстрануваме работните дозволи и ги признаваме дипломите. Бариерите паѓаат, а ние се поврзуваме побрзо“, истакна Ковачевски и нагласи дека на самитот во Охрид на 7 и 8 јуни фокусот ќе биде насочен на туризмот и културата.

Српскиот претседателот Александар Вучиќ пак по разговорите со партнерите од двете земји изјави дека се подготвуваат големи работи за граѓаните.

„Отворен Балкан е најдобрата иницијатива за народите на Балканот. Подготвуваме големи работи за граѓаните на Србија, Албанија и Северна Македонија, порача Вучиќ на инстаграм профилот „будучностсрбијеав“, заедно со фотографии од видео-конференцијата.

На средбата присуствуваа и српскиот министер за финансии Синиша Мали, министерката за трговија Татјана Матиќ и претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС) Марко Чадеж.

На почетокот на јуни во Охрид се очекува средба во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, на која ќе присуствува и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.

Како што јави РТЦГ, Абазовиќ изјави дека се уште не слушнал валиден аргумент дека оваа регионална иницијатива не е добра за Црна Гора.

Иницијативата која на почетокот се нарекуваше Мини Шенген, е основана во октомври 2019. Од тогаш се одржани неколку состаноци. Последниот се одржа во декември 2021 во Тирана, кога беа потпишани договорите за слободен проток на пазарот на труд меѓу трите земји, како и неколку договори од областа на ветерината и фотосанитарната инспекција.

Иницијаторите на Отворен Балкан постојано повторуваат дека оваа иницијатива е инклузивна и ги повикуваат другите земји од Западен Балкан да се приклучат.

Ќе се обновуваат осумте големи хидроелектрани

Високиот државен врв на одбележувањето на 65-годишнината од постоењето на хидроенергетскиот систем „Вруток“

Осум хидроелектрани, „Вруток“, „Врбен’, „Равен“, „Тиквеш“, „Шпилје“, „Глобочица“, „Козјак“ и „Света Петка“, ќе бидат дел од проектот за ревитализација најави премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски додаде дека покрај обновата на машинскиот дел на овие капацитети, чија инсталирана моќност изнесува околу 85 проценти од моќноста на хидроцентралите во земјава, предвидено е зголемување на капацитетот на акумулацијата „Маврово“. Ова додаде, ќе обезбеди пораст на годишното производство за околу 40 гигават часови.

Средствата за реализација на овој капитален проект во висина од околу 29 милиони евра, ќе бидат обезбедени од грантови и поволни кредити, како и од средства на ЕСМ.

Генералниот директор на најголемата енергетска компанија во земјава „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски зборуваше за почетокот на градбата и развојот на хидроенергетскиот систем „Маврово“ и напомена дека ревитализацијата доаѓа во исклучително важен период. Притоа најави дека во третата фаза на ревитализација на големите хидроелектрани ќе инвестираат дополнителни 36 милиони евра.

Изјавите беа дадени на денешното одбележување на 65-годишнината од постоењето на хидроенергетскиот систем „Вруток“.

Мировните преговори во прекин, Кремљ ја обвинува Украина за „контрадикторни“ изјави

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Кремљ ја обвинува Украина за закочувањето на мировните преговори меѓу двете земји, велејќи дека не им е јасно што сака Киев.

„Украинското раководство постојано дава контрадикторни изјави. Тоа не ни дозволува целосно да разбереме што сака украинската страна“, изјави денеска пред новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно рече дека неколку пати се обидел да организира состанок со рускиот претседател Владимир Путин за да се стави крај на војната, но дека Русија изгледа дека се уште не е подготвена за сериозни мировни преговори.

„Има работи за кои треба да се разговора со рускиот лидер. Не ви велам дека нашите граѓани сакаат да разговараат со него, но мораме да се соочиме со реалноста на она што го живееме“, рече Зеленски во обраќањето пред активисти во Индонезија.


„Што сакаме од оваа средба... Ги сакаме нашите животи назад... Сакаме да го вратиме животот на суверена земја на нејзина територија“, истакна тој, додавајќи дека Русија се уште не е подготвена за сериозни мировни преговори.

Според него, околу 12 милиони луѓе се раселени поради војната, а околу 5,5 милиони ја напуштиле Украина.


Познато е дека последните мировни преговори лице в лице се одржаа на 29 март. Контактите продолжуваат на далечина некое време, но двете страни сега велат дека се прекинати.

Русија започна инвазија на соседна Украина на 24 февруари.

Седуммина осомничени за купувањето парцели за фотоволтаици во делчевско

Илустративна фотографија

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против седум лица во случајот за купување земјиште со намена за изградба на фотонапонски волтаици во делчевско-беровскиот реон, за што била остварена имотна корист од околу 1,5 милиони евра. За шестмина е побаран притвор, додека за една осомничена се предложени мерки на претпазливост.

Истрагата се отвора откако вчера Финансиската полиција извести дека е поднесена кривична пријава за седуммина, од кои двајца во својство на управители на ЕВН Електрани. Тие се сомничат за сторено кривично дело измама во служба за купопродажба на ниви во Делчево.

Како што денеска информираа од ОЈО, за двајца постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело „измама во службата“ од член 355 став 4 во врска со став 3 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик, додека останатите се осомничени за „помагање при извршување на кривичното дело“. Притоа наведуваат дека во текот на 2021 година, двајцата во својство на управители, со намера за друг да прибават противправна имотна корист, ги довеле во заблуда членовите на Управниот одбор на оштетено правно лице, а потоа и овластеното лице во правното лице да извршат незаконита исплата.

„Во постапка за купување на недвижен имот – земјиште со намена за изградба на фотонапонски волтаици, двајцата осомничени не ги почитувале и ги заобиколиле интерните постапки и не ги извршиле неопходните претходни проверки кои што биле должни да ги извршат. Притоа намерно исклучиле дел од вработените лица кои поради нивната стручност било задолжително да бидат вклучени во постапката, а на дел од вработените им дале директни наредби и насоки за изготвување на cost benefit анализи за исплатливоста на инвестицијата, вметнувајќи невистинити податоци и прикривајќи ја реалната состојба. Врз основа на лажните податоци од анализите за исплатливост, изготвени по наредба на двајцата осомничени, купопродажбата била оценета како погодна, па на 15.09.2021 година надзорниот одбор на правното лице донел одлука – Одобрение за купување на недвижниот имот“, соопштија од ОЈО.

Со таквите дејствија, како што посочуваат, првоосомничениот и второосомничениот влијаеле да бидат одобрени изготвените невистинити анализи од страна на доминатниот акционер во компанијата и да се реализира инвестицијата за купување на недвижен имот – вкупно 48 катастарски парцели во КО Делчево, КО Ветрен, КО Габрово и КО Берово од кои биле 29 во сопственост на останатите осомничени.

Според Јавното обвинителство, осомничените првично ги стекнале парцелите со формални договори за дар, кои во суштина се договори за купопродажба бидејќи за трансакцијата им биле исплаќани парични средства. Со тоа незаконски била избегната обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за земјиштето.

Оттаму посочуваат дека правното лице, врз основа на склучените договори, за недвижност – земјоделско земјиште од 5, 6, 7 и 8 класа, со вкупна проценета пазарна вредност од 2.146.723 денари, на продавачите им исплатило парични средства во вкупен износ од 99.431.060 денари. Разликата помеѓу исплатената сума и реалната вредност на парцелите изнесува околу 97.284.337 денари (околу 1,5 милион евра) и претставува значителна имотна корист што ја оствариле осомничените.

Истрагата се отвора откако вчера Финансиската полиција извести дека е поднесена кривична пријава за седуммина, од кои двајца во својство на управители на ЕВН Електрани за сторено кривично дело измама во служба за купопродажба на ниви во Делчево.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG