Достапни линкови

Ултиматум за бранителите на Мариупол, Западот вети воена помош


Мариупол, Украина
Мариупол, Украина

Русија им даде ултиматум на бранителите во Мариупол да се предадат. Во меѓувреме е договорен хуманитарен коридор за цивили од градот. Откако Зеленски побара оружје од западните партнери, Западот вети поголема воена помош.

Истече ултиматумот што Русија им го постави на украинските бранители кои се засолнија во индустриски комплекс во опколениот пристанишен град Мариупол. Тие требаше да се предадат до 12 часот според централноевропско време. Во меѓувреме, Русија ги засили нападите врз источните региони на Украина, откако Западот и вети поголема воена помош на Украина и најави дополнителни санкции против Москва.

„Руските вооружени сили, повикувајќи се исклучиво на хуманитарни принципи, повторно предлагаат борците на националистичките баталјони и странските платеници да ги прекинат воените операции од 14 часот по московско време (12.00 часот по централноевропско време) на 20 април и да го положат оружјето“, повика руското Министерство за одбрана на 20 април.

Украинската војска претходно соопшти дека во текот на денот руските сили продолжиле со напад на фабриката за челик Азовстал во Мариупол, каде има и цивили.

Украинскиот командант Серхиј Волина упати очајна молба за помош, велејќи дека неговите маринци кои го бранат Азовстал можеби ги живеат своите последни денови, ако не и часови.

„Непријателот нè надминува 10 спрема еден“, рече Волина, командант на 36-тата одделна поморска бригада.

По неколку недели тешки борби и постојано гранатирање и бомбардирање, ситуацијата во Мариупол достигна кризна точка за десетици илјади цивили за кои се вели дека сè уште се заробени во градот.

Нов обид за хуманитарен коридор

Досега имаше неколку обиди за создавање хуманитарен коридор од Мариупол за евакуација на цивилите од градот.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук рече дека Киев постигнал прелиминарен договор со Русија за создавање хуманитарен коридор за евакуација на жените, децата и постарите од Мариупол на 20 април.

„Со оглед на катастрофалната хуманитарна ситуација во Мариупол, нашите напори денеска ќе ги фокусираме тука“, напиша Верешчук на социјалните мрежи.

Верешчук рече дека обидот за евакуација ќе започне во 14 часот, односно 12 по централноевропско време. Не е јасно дали Русија го условила отворањето на хуманитарниот коридор со предавањето на украинските бранители.

Заземањето на пристанишниот град ќе и овозможи на Русија да има клучен град во регионот, бидејќи бара копнен мост меѓу деловите на источна Украина кои веќе се контролирани од сепаратистите поддржани од Русија и Крим, кој Русија незаконски го анектираше во 2014 година.

Борби и во Доњецк и Луганск

Украинската војска војува против Русија и на други меса. Украинските сили одбиле 10 напади на руските сили во Доњецк и Луганск во изминатите 24 часа, соопшти украинската војска.

На дипломатски план, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел пристигна во Киев на 20 април во знак на поддршка за Украина.

„Денес во Киев. Во срцето на слободна и демократска Европа“, напиша Мишел на Твитер под неговата фотографија на железничка станица.

Киев и Москва немаа разговори лице в лице од 29 март. Секоја страна ја обвинува другата за нивниот прекин.

Шарл Мишел во Киев
Шарл Мишел во Киев

„Тешко е да се каже кога ќе има следна директна рунда преговори, бидејќи Русите сериозно се обложуваат на таканаречената „втора фаза од специјалната операција“, изјави Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Западот вети воена помош

Соединетите Држави, Канада, Британија, Франција и Германија на 18 април ветија поголема поддршка за Украина. Соединетите Држави и Британија најавија дека во следните пратки што ќе ги испратат ќе има и артилерија.
Американскиот претседател Џо Бајден одржа виртуелен состанок со сојузниците за да разговара за конфликтот, за време на кој учесниците ветија поголема поддршка за украинската војска.


На видео-конференцијата учествуваа лидерите на Франција, Британија, Германија, Романија, Полска, Италија, Канада и Јапонија.

„Ќе продолжиме да им обезбедуваме повеќе муниција, а ќе им пружиме и поголема воена помош“, рече портпаролката на Белата куќа Џен Псаки, додавајќи дека се подготвуваат и нови санкции.

Британскиот премиер Борис Џонсон во обраќање пред пратениците рече дека војната „ќе стане артилериски конфликт“, што значи дека на Украина ќе и треба повеќе артилерија.
„Тоа е она што ќе им го дадеме... покрај многу други форми на поддршка“, рече Џонсон.

Германскиот канцелар Олаф Шолц вети дека Берлин ќе финансира директна испорака на оружје од германската индустрија.

Тој вели дека меѓу опремата што ќе ја испорача Германија ќе има противтенковското оружје, опрема за противвоздушна одбрана и муниција и опремата што може да се користат „во артилериски ангажман“.

Ветувањата од западните земји доаѓаат откако украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно се пожали дека „Украина сè уште мора да бара (оружје) кое со години седи во складиштата на земјите партнери“.

ОН - Над пет милиони Украинци ја напуштиле земјата

Агенцијата за бегалци на ОН денеска соопшти дека над пет милиони Украинци ја напуштиле својата земја откако Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари.

Според податоците објавени од Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) на 20 април, 5.034.439 Украинци ја напуштиле земјата.

ОН соопштија дека 90 отсто од оние што побегнале се жени и деца, бидејќи властите во Киев не им дозволуваат на мажите на воена возраст да ја напуштат земјата.

ОН на 5 април соопштија дека околу 7,1 милиони луѓе се раселени во Украина поради војната.

Полска е главна дестинација каде бегаат Украинците. Во Полска досега прими околу 2,83 милиони бегалци. Следна е Романија со околу 757.047 бегалци кои влегле на нејзина територија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG