Достапни линкови

Вести

Заев - Договорот од Преспа вредеше и допрва ќе се покаже дека вреди

Поранешниот премиер Зоран Заев

Договорот од Преспа вредеше и допрва ќе се покаже дека вреди и го претвори проблемот во решение, конфликтот во соработка и непријателството во сојузништво, вели поранешниот премиер Зоран Заев во интервју за грчкиот информативен портал „Ајидисис“, пренесува МИА.

Заев ќе учествува на третиот Конгрес на грчката опозициска партија СИРИЗА што ќе се одржи од 14 до 17 април.

Тој вели дека „има точки каде се соработува и напредува многу брзо, има и точки каде соработката е со умерено темпо“, истакнувајќи дека сепак, напредокот е очигледен и нема застој, нема назадување.

На прашањето за Договорот од Преспа, одговара со неколку прашања, „дали пред 2018 година бевме соседи кои не се слушаат, кои не комуницираат и кои имаат непријателски однос едни кон други?“, но и „дали сега сме соседи кои се заедно во НАТО, кои се поддржуваат и штитат меѓу себе, дали компаниите од двете земји соработуваат повеќе од претходно“, како и „дали конечно Грција нема проблем со тоа што ние сме Македонци од Северна Македонија?“

„Ве повикувам Вам, но и сите кои ќе го прочитаат ова интервју, ставете ја десната рака на вашето срце и одговорете си ги овие прашања, онака како што јас го правам тоа во овој момент. Јас велам: вредеше. И велам дека допрва ќе вреди“, истакнува Заев.

Заев и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во 2018 година го потпишаа Преспанскиот договор со кој Македонија го смени името во Северна Македонија, а Грција ја тргна блокадата за членство на земјава во НАТО.

види ги сите денешни вести

Мисијата на ОН пристигна во Нагорно - Карабах, прва посета по 30 години

Бегалци од Народно - Карабах.

Мисијата на Обединетите нации пристигна во Нагорно-Карабах, соопшти портпаролот на азербејџанското претседателство. Мисијата пристигнала на почетокот на 1 октомври за да ги процени хуманитарните потреби на регионот.

Ова е првпат по околу 30 години ОН да добијат пристап во регионот.

Етничките Ерменци, кои го контролираа Нагорно-Карабах три децении, се согласија да се разоружаат и да ја распуштат својата влада по азербејџанската офанзива минатата недела.

Ерменија соопшти дека над 100 илјади луѓе избегале од Нагорно-Карабах откако Азербејџан ја зазеде таа отцепена територија во молскавична офанзива пред нешто повеќе од една недела.

Азербејџан, пак, ги повика Ерменците да останат во своите домови и ги повика агенциите на ОН да испратат мисија „за да се запознаат со тековните хуманитарни активности што ги спроведува Азербејџан во регионот“.

Бабовски - Небезбедниот јогурт е вратен во Србија

Агенција за храна и ветеринарство АХВ

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски на 1 октомври ги отфрли тврдењата дека протеински јогурт со зголемено присуство на афлатоксин од Србија е пласиран на македонскиот пазар.

Ваквите тврдења претходно во јавноста ги пласираше претседателот на Комисијата за земјоделство на ВМРО – ДПМНЕ, Цветан Трипуновски.

Бабовски вели дека тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ се за собирање ситни политички поени и злоупотреба на чувствата на народот.

Директорот на Агенцијата вели дека двете пратки пробиотски јогурт веќе се вратени во Србија.

Трипуновски вчера побара оставка од Бабовски и презентираше докази дека во протеински јогурт од Србија и во млеко од една млекарница од Македонија имало амфлатоксин над дозволената граница.

Бабовски вели дека неговата денешна изјава не е одговор на манипулациите на Трипуновски, туку е објаснување за граѓаните, за тие да бидат сигурни дека она што е на рафтовите во маркетите и продавниците е безбедно и контролирано од институциите.

„Со изнесување т.н. факти, презентирајќи лабораториски наоди за небезбедно млеко со афлатоксин, кои во ниту еден момент не ги демантираме како институција, тој, непознавајќи ги процедурите за работа и законските прописи, несвесно, не само што ги доведува во заблуда потрошувачите, туку кај нив шири страв за безбедноста на храната која ја консумираат и за нивното здравје“, рече Бабовски.


Тој вели дека пред да се пуштат во промет, пратките млеко и млечни производи кои се увезуваат од Србија и Босна и Херцеговина се проверуваат уште на граничните премини.

Со таканаречен брз тест од страна на АХВ било утврдено и афлатоксин во сурово млеко откупено од домашни производители, но потоа бил направен и потврден тест од страна на Факултетот за ветеринарна медицина, кој бил негативен на афлатоксин, па
суровото млеко може да се употреби од млекарницата за преработка.

Вучиќ најави докази за настаните во Бањска „во следните 24 часа“

Српскиот претседател Александар Вучиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека „во рок од 24 часа“ на јавноста ќе ѝ бидат претставени докази и искази на очевидците кои биле на лице место во Бањска на северот на Косово.

Во видеоснимката објавена на Инстаграм, Вучиќ наведува дека „Србија нема да се смири додека не се дознае вистината за тоа што се случило во Бањска“, каде што беше убиен албански полицаец и најмалку тројца Срби.

„Кога осуммина полицајци беа убиени во Северна Македонија, тоа не беа терористи. Но, кога албански полицаец, кој не ни требало да биде на тоа место, е убиен, сите Срби до 14-то колено мора да бидат истражени, поапсени и убиени“, наведе Вучиќ.

Ден претходно, српскиот претседател изјави дека нема намера да ѝ нареди на војската да ја премине границата со Косово и дека ќе ги повлече српските сили од тоа подрачје.


„Минатата година имавме 14 илјади луѓе во близина на административната линија, денеска имаме 7500 и тоа ќе го намалиме на 4000“, изјави Вучиќ за Фајненшал тајмс.

Владата во Приштина доцна синоќа ги повика српските власти да ги повлечат своите воени сили од граничната линија со Косово.

Соединетите Американски Држави на 29 септември ја повикаа Србија да ги повлече силите од границата, нарекувајќи го нивниот потег „многу дестабилизирачки развој на настаните“.

Истиот апел Европската унија го упати до Србија ден подоцна преку шефот на дипломатијата Жозеп Борел.

До распоредувањето на српските сили долж границата со Косово доаѓа по нападот врз косовската полиција на 24 септември во Бањска кај Звечан. Косово ја обвини Србија за овој напад, која негира каква било поврзаност.

Косовската полиција тој ден беше нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обиде да отстрани два камиони поставени во правец на селото Бањска.

Тогаш беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина други беа повредени.

Во престрелката, полицијата убила тројца напаѓачи од српска националност, додека шестмина беа уапсени. Ден подоцна, во Бањска беа уапсени уште двајца.

Победици на Скопскиот маратон се Киплагат и Матебо од Кенија

Виктор Киплагат од Кенија победи на Скопскиот маратон, Скопје, 01 октомври, 2023

Победник на 19-тото издание на Скопскиот маратон е Виктор Киплагат од Кенија. На второ место е неговиот сонародник Чериот Лабан, а третото место го освои Дарио Ивановски од Северна Македонија.

На победникот му требаа два часа, 15 минути и девет секунди да ја истрча патеката долга 42 километри. На македонскиот атлетичар, кој стигна трет на финишот, му беа потребни два часа, 19 минути и осум секунди.

И во женска категорија, победничката е од Кенија. Рут Матебо истрча за два часа, 44 минути и 17 секунди. Од македонските претставнички на четвртото место се најде Билјана Кираџиева која оствари време од три часа, 15 минути и 17 секунди.

Денеска се трчаше и полумаратон, како и штафетен маратон и трка на пет километри. На годинашниот Скопскиот маратон учествуваа над 11 илјади натпреварувачи од 53 земји.

Мајка го запалила станот во Хром за да го прикрие убиството што го сторил синот

Пожар во зграда во скопската населба Хром. Полицијата пронајде тело, за кое подоцна соопштија дека лицето било убиено, а пожарот подметнат за да се скрие убиството. 22 септември, 2023.

Синот осомничен за убиството во Хром е во бегство, мајката осомничена за подметнување пожар доби 30 дена притвор.

По пожарот во стан во зграда на улица Исаија Мажовски во скопската населба Хром на 22 септември беше пронајдено безживотното тело на 36-годишниот сопственик на станот со траги на насилство.

Скопското обвинителство денеска соопшти дека обезбедените докази даваат основано сомнение за еден осомничен како сторител на кривично дело убиство на свиреп начин.

„Осомничениот го сторил делото по кратка расправија со жртвата, лишувајќи го од живот оштетениот со повеќе од 45 убодни рани во вратот и телото“, соопшти обвинителството.

Во соопштението се наведува дека по убиството, тој повеќепати телефонски ѝ се јавил на својата мајка, која зела пластично шише и отишла до најблиската бензинска пумпа, купила литар и пол гориво и во соизвршителство со синот подметнале пожар со намера да ги прикријат трагите за извршеното свирепо убиство. Со тоа предизвикале значителна опасност по животот и телото на станарите кои што живеат во зградата.

Осомничениот за убиството е недостапен за полицијата.

Неговата 59-годишна мајка е уапсена по што ѝ бил определен 30-дневен притвор.

Русија и Украина меѓусебно се напаѓаат со дронови

Пожарникари гаснат пожар вомагацини за жито погоден во напад со руски дрон, регион Черкаси, Украина, 1 октомври 2023 година.

Русија соопшти дека нивната противвоздушната одбрана соборила шест украински беспилотни летала над западните и јужни региони. Ова е последниот во низата напади со беспилотни летала и ракети насочени кон руски локации.

Министерството за одбрана соопшти дека едно беспилотно летало било соборено во јужниот регион Краснодар околу зори на 1 октомври, а уште пет биле соборени над западниот регион Смоленск во следните часови.

Нема информации за жртви и не е јасно дали има штета на теренот.

Украина, која ретко преземаше официјална одговорност за напади со беспилотни летала или ракетни напади врз руски цели, немаше коментар.

Во меѓувреме, Русија лансираше речиси триесетина беспилотни летала на цели низ Украина во текот на ноќта, а украинската војска соопшти дека повеќе од половина биле соборени од воздушната одбрана.

Најмалку пет лица беа повредени во нападите главно во Херсон, јужен регион што украинските војници делумно го повратија од Русија минатата година.

Едно лице е повредено и во регионот Черкаси, изјави регионалниот гувернер Ихор Табуретс.

„Во текот на ноќта, непријателот масовно го нападна нашиот регион Черкаси со беспилотни летала. Како резултат на тоа, избувнаа пожари во магацини, особено каде се складира житото“.

Градот Кривји Рих, исто така, беше погоден, при што е оштетена електричната и гасоводна инфраструктура, соопштија локалните власти.

Новиот пакет помош од САД за Украина ќе почека

Во Вашингтон, пак, пратениците го укинаа новиот пакет за финансирање за Украина, бидејќи во последен момент ги усвоија мерките за привремено финансирање на владата на САД.

Поддршката за континуирано финансирање за Украина има широка поддршка од двете партии. Но, сè поголем број републикански пратеници во Претставничкиот дом се противат на таквите напори, а прашањето за ново барање на Белата куќа за помош од 24 милијарди долари на Украина беша клучна точка на републиканската опозиција во преговорите за финансирање на владата.

Од целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година, Конгресот одобри околу 113 милијарди долари за вооружување, опрема, хуманитарна помош и економска помош за Украина.

Мерката за привремено финансирање трае до 17 ноември, до кога американските законодавци ќе треба да се договорат за друг буџет или американската влада ќе затвори.

Бомбаш самоубиец детонирал бомба во Анкара, повредени се двајца полицајци

Полицајците обезбедуваат област во близина на Министерството за внатрешни работи по бомбашкиот напад во Анкара, Турција на 1 октомври 2023 година.

Бомбаш самоубиец активирал експлозивна направа во главниот град на Турција, Анкара. Вториот „терорист“ бил убиен во престрелка со полицијата, при што биле ранети двајца полицајци, наведе министерот за внатрешни работи Али Јерликаја во објава на социјалната платформа Х, поранешен Твитер.

Турскиот министер вели дека експлозијата се случила околу 9:30 часот по локално време на 1 октомври пред седиштето на Министерството за внатрешни работи.

Во областа каде се случил нападот има и неколку други министерства и турскиот парламент, кој денеска треба повторно да биде отворен по летните одмори, со обраќање на претседателот Реџеп Таип Ердоган, јавуваат турските медиуми.

Јерликаја во објавата на социјалните мрежи напиша дека терористите се доближиле до зградата на полицијата со лесно комерцијално возило и дека еден од нив го активирал експлозивот и се разнел, а вториот, додаде, бил „неутрализиран“ во престрелката со полицијата која следела, во која двајца полицајци, исто така, биле полесно ранети.

Обвинителството во Анкара соопшти дека отвора истрага и забрани пристап до областа.

Никој веднаш не презеде одговорност за нападот.

Турскиот претседател Ердоган требаше да зборува за време на отворањето на денешната парламентарна седница, на која треба да се потврди влезот на Шведска во НАТО алијансата.

Унгарија и Турција во јули го укинаа ветото против влезот на Шведска во Атлантскиот сојуз, но бавно го ратификуваат нејзиното членство.

Ердоган во јули посочи дека ратификацијата од турскиот парламент нема да се случи пред октомври, но се очекува таа да биде одобрена во текот на оваа парламентарна година.


Ердоган со месеци вршеше притисок врз Шведска да преземе мерки против сквернавењето на Куранот што ги затегна односите меѓу двете земји.

Финска стана 31-ва земја-членка на НАТО во април, по три децении воена неутралност и во екот на војната во Украина.

Во главниот град на Турција, Анкара досега имало неколку напади, особено во текот на 2015 и 2016 година, за кои напади одговорноста ја презеде забранетата сепаратистичка група Курдистанска работничка партија (ПКК) или групата Исламска држава.

Косово бара од Србија да ги повлече воените трупи од граничната линија

Зградата на Владата на Косово

Владата во Приштина доцна во саботата ги повика властите на соседна Србија да ги повлечат своите воени трупи од граничната линија со Косово.

„Владата на Република Косово внимателно и будно ги следи последните случувања во врска со движењето на воените единици на Вооружените сили на Србија во правец на граничната линија со Косово и е во постојан контакт со САД и земјите од ЕУ во врска со оваа сериозна закана од Србија“, соопшти Владата на Косово.

Движењето на српските војници долж границата со Косово доаѓа околу една недела по нападот врз косовската полиција на 24 септември во селото Бањска во општина Звечан, кога беше убиен полицаецот Африм Буњаку.

Во соопштението од косовската влада се наведува дека: „движењата на Армијата на Србија е од три правци: единици на Втората бригада на Армијата на Србија се движеле од правец на Рашка кон северната граница на нашата држава, единици на Третата бригада на Армијата на Србија се движеле од регионот на Ниш кон североисточната граница на нашата земја, а единиците на Четвртата бригада тргнаа од регионот на Врање кон источната граница на Република Косово“.

Во петокот, како што соопшти Владата на Косово, српската армија ги распоредила „своите воени и жандармериски капацитети во 48 напредни оперативни бази долж граничната линија со Косово, неколку километри длабоко во територијата на Србија“.

Ова распоредување, како што соопшти Владата во Приштина, опфаќа и распоредување на противвоздушни системи и тешка артилерија.

Владата соопшти дека е во постојан контакт со Соединетите Држави и Европската унија во врска со, како што ја нарече, сериозната закана од Србија.

Соединетите Држави во петокот ја повикаа Србија да ги повлече војниците од границата, нарекувајќи го нивниот потег „многу дестабилизирачки развој“.

Ист апел во саботата испрати и Европската унија, преку шефот на дипломатијата Жозеп Борел.

Во саботата вечера српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека нема намера да и нареди на армијата да ја премине границата со Косово. Тој вели дека ќе ги повлече српските сили од тоа подрачје, нагласувајќи дека е лага оти Србија испраќа војска на границата.

Србија ги негира обвинувањата на Косово дека е вмешана во настаните во Бањска, кој косовските власти го окарактеризираа како терористички.
Одговорноста за организирање на нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово.

Во нападот биле убиени тројца напаѓачи, додека други тројца биле уапсени.

По нападот, косовската полиција пронајде и заплени воен арсенал.

Спречена блокада на американската влада

Семафот пред куполата на американскиот Капитол на 28 септември 2023 година.

Американските пратеници во последен момент усвоија привремен нацрт-закон за финансирање за да не се блокира американската влада.

Законот доцна синоќа го поддржаа и демократските и републикански пратеници, и го испратија на одобрување на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден непосредно пред крајниот рок на полноќ. Бајден стави потпис на законот за привремено финансирање.

Претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Кевин Мекарти ја предложи мерката за привремено финансирање, која беше усвоена од 335 пратеници, а 91 беа против.

После тоа, законот помина во Сенатот, каде мнозинството го сочинуваат демократите.

Планирано е администрацијата да се финансира со итни средства во наредните 45 дена, до 17 ноември.

Предлог-законот за привремено финансирање не вклучува помош за Украина, приоритет на Белата куќа на кој се спротивставуваат сè поголем број републиканци, но ја зголемува федералната помош за катастрофи за 16 милијарди долари, исполнувајќи едно од клучните барања на Бајден.

Сепак, лидерите на Конгресот ветија дека повторно ќе го разгледаат прашањето за помош на Украина во наредните недели. Бајден побара уште 24 милијарди долари за Украина, покрај 133 милијарди долари вооружување и хуманитарна помош испратена од руската инвазија во февруари 2022 година.

Американскиот претседател во соопштение наведе дека САД „во никој случај не можат да дозволат прекин на американската поддршка за Украина“ и дека очекува Мекарти „да ја задржи својата посветеност кон народот на Украина и да обезбеди усвојување на потребната поддршка за Украина во овој критичен момент. "

Доколку законот не беше донесен, околу еден и пол милион вработени во федералната влада ќе се соочеа со отпуштања, а повеќе од два милиони активни и резервни воени трупи ќе останат без плата.

Временска прогноза – сончево, со температура до 30 степени

Центарот на Скопје.

Денеска не очекува сончево време со мала, а претежно во северните делови со умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.

Максималната температура ќе биде во интервал од 23 до 30 степени.
Во Скопје сончево со умерена облачност и со умерен до засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне 27 степени.

Од Управата на хидрометеоролошки работи (УХМР) известуваат дека ќе продолжи периодот на претежно сончево и релативно топло време со свежи утра и со повремена умерена облачност.

„Денеска и во понеделник ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Во четврток и петок ќе има делумно зголемување на облачноста и услови за краткотраен локален дожд“, информираат од УХМР.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG