Вести
МОН: Училиштата ќе работат и за време на штрајкот на СОНК - Прекин на наставата не смее да има

Основните и средните училишта и од утре, за кога е најавен штрајкот од страна на раководството на Синдикатот за образование, наука и култура – СОНК, ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и ќе организираат воспитно – образовен процес, информира Министерството за образование и наука (МОН).
„Правната регулатива во оваа област ги штити интересите и на учениците. Согласно законите за основно и средно образование, воспитно – образовната работа мора да се реализира во текот на целата наставна година. Прекин не смее да има, освен во услови на вонредни околности како постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди, за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година“, прецизираат од МОН.
Како што нагласуваат, училишните раководства имаат законска должност да го организираат воспитно – образовниот процес и да овозможат продолжување на континуитетот на следење на настава во училниците, кој беше воспоставен откако по година и половина едукација на учениците во вонредни околности и услови на пандемија, тие повторно се вратија во училишните клупи.
До најавите за штрајк дојде откако претставниците на Синдикатот за образование и наука и владата не постигнаа договор за усогласување на платите во образованието по колективен договор со минималната плата на национално ниво.
СОНК бара следење на процентот на пораст на минималната плата односно покачување за 18,4 проценти да се зголемат платите за потоа да се изнајде системско решение и во иднина да не се протестира секогаш кога ќе се зголемува минималната плата.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков претходно изјави дека одлуката за штрајк на градинките и школите, кој би требало да започне на 11 април, ќе трае сè додека не се исполнат нивните барања за усогласување на минималната плата со останатите плати во образовниот сектор.
види ги сите денешни вести
Шолц ќе го бара Путин да му каже да се повлече од Украина

Германскиот канцелар Олаф Шолц во саботата, 10 јуни, изјави дека планира наскоро телефонски да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за да го повика да ги повлече руските трупи од Украина, објави Ројтерс.
Обраќајќи се на конвенцијата на германската протестантска црква во Нирнберг, Шолц рече дека во минатото разговарал со Путин по телефон.
„Планирам да го направам тоа повторно наскоро. Не е разумно да се принудува Украина да го одобри и прифати нападот што го изврши Путин и делови од Украина да станат руски токму така“, рече Шолц, велејќи дека ќе работи за да се осигура дека НАТО нема да биде вовлечен во војна.
Москва и Киев објавија тешки борби во Украина во петокот, но остана неизвесно дали долгоочекуваниот контранапад на Украина е во тек. Контраофанзивата насочена кон пробивање на руската одбрана и протерување на окупаторските сили на крајот се очекува да вклучи илјадници украински војници обучени и опремени од западните земји, вклучително и Германија.
Русија истрела проектили и беспилотни летала врз цели низ Украина во раните утрински часови во саботата, при што загинаа тројца цивили во црноморскиот град Одеса и нападна воено воздушно поле во централниот регион Полтава, соопштија властите во Киев.
Три деца и бебе пронајдени живи во колумбиска џунгла пет недели по уривањето на авионот во кој биле

Четири деца од домородна заедница во Колумбија се пронајдени живи на југот на земјата повеќе од пет недели откако авионот со кој патуваа се урна во густа џунгла, изјави претседателот на Колумбија, Густаво Петро. Децата беа спасени од војската во близина на границата меѓу колумбиските провинции Какета и Гуавијаре, во близина на местото каде што се урна малиот авион.
Малиот авион Цесна 206 превезувал седум лица на пат меѓу Аракуара, државата Амазонас и Сан Хозе дел Гуавиаре, град во државата Гуавијаре, но пријавил аларм за дефект на моторот во раните утрински часови на 1 мај.
Во несреќата загинале тројца возрасни, меѓу кои и пилотот, а нивните тела биле пронајдени во авионот. Падот го преживеале четири деца на возраст од 13, 9 и 4 години, како и едно 11 месечно бебе.
Првичните информации од Управата за цивилно воздухопловство, која ги координирала напорите за спасување, сугерираат дека децата избегале од авионот и се упатиле во прашумата за да побараат помош.
Спасувачките тимови, со поддршка на кучиња трагачи, претходно пронашле фрлено овошје, кое наводно децата го јаделе и импровизирани засолништа направени од вегетација од џунгла. Во спасувачките операции учествуваа авиони и хеликоптери на колумбиската армија и воздухопловни сили.
Тројца загинати во руски напад со дрон на Одеса

Во напад со беспилотно летало на руските сили, три лица загинаа, а најмалку десет се повредени во областа Одеса на југот на Украина, соопшти украинската армија.
Остатоци од дронот погодиле висококатница, предизвикувајќи пожар кој бил изгаснат. Експлозивниот бран ги оштетил и околните станбени згради.
Против-воздушната одбрана во регионот на Одеса собори осум беспилотни летала Шахед и два проектили во последната серија напади со руски беспилотни летала во последните недели, изјави портпаролот на јужната воена команда.
Руските сили користеа беспилотни летала од иранско производство за да го нападнат регионот, а сите беа уништени од украинската војска, се вели во извештајот.
Официјални лица се уште потврдуваат дополнителни детали за нападот.
Денеска претпладне сончево, попладне можен пороен дожд

Времето денеска претпладне ќе биде сончево со променлива облачност, а од пладневните часови нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
Наместа и особено во западните и крајните источни делови процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме со засилен ветер и појава на град.
СДСМ формира работна група, а ВМРО-ДПМНЕ чека одговори

СДСМ ќе формира работна група која ќе продолжи со разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и другите политички партии за следните чекори со цел усвојување на уставните измени со кои ќе се вметнат Бугарите во Преамбулата. Портпаролката на СДСМ Богданка Кузевска по седницата на Централниот одбор на СДСМ изјави дека работната група ќе ја предводи генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ Вардарски.
Таа посочи дека ЦО го поздравил првиот чекор којшто го направи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ со прифаќањето на уставните измени.
„Централниот Одбор му дава апсолутна поддршка на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски и работната група да продолжат со напорите за обезбедување широк консензус за уставните измени, а со тоа и продолжување на европскиот пат на земјата,“ изјави доцна во ноќта Кузеска.
Таа истакна дека Одборот оценил дека е добро што на средбата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е воспоставен дијалог во исклучително важен момент, како и дека го поздравуваат првиот чекор што го направил Мицкоски со прифаќањето на уставните измени.
На ова реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ која во писменото соопштение вели дека клучното прашање на кое треба да одговори премиерот и како што велат „без кое нема продолжување на разговорите е кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив за СДСМ?“
Инаку, на лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, СДСМ предложи широка коалиција со сите партии кои се за евроинтеграција, но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го прифати предлогот со услов - влада на широка коалиција, но без ДУИ да учествува во неаи одложено важење на уставните измени. Додека ДУИ го прифати предлог да оди во опозиција, но само до одржување на избори, ако ВМРО-ДПМНЕ претходно гласа за уставните измени со стапување во сила веднаш по гласањето во Собрание.
Во соопштението на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е посочено дека за нив уставни измени какви што нуди СДСМ „под бугарски диктат не се прифатливи“ и дека Мицкоски понудил промена на околностите, заштита на националните интереси и европска интеграција.
„И во таа насока беа понудени два предлози. Првиот преодна влада без ДУИ, измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ. Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур и измени од влада без ДУИ поддржана од опозицијата“, се вели во соопштението.
За донесување на уставни измени во Собранието е потребно двотретинско мнозинство во 120- члениот Парламент кое актуелното владејачко мнозинство сега го нема.
Училиштата, судовите и медиумите во Црна Гора добија дојави за бомби

Неколку училишта, судови, институции и медиуми во Црна Гора на 9 јуни добија мејлови со дојави за поставени бомби. Министерството за образование соопшти дека наставата во петок ќе се одржува онлајн, а се укинува и екстерното тестирање за учениците на крајот од деветто одделение од основното училиште по изборни предмети.
Ден претходно, на 8 јуни, многу судови, општини, институции и училишта добија информации за поставување експлозивни направи. Поради дојава евакуирана беше и зградата на Собранието.
По целодневните проверки, полицијата соопшти дека се проверени 165 пријавени локации и дека пријавите се лажни.
МВР соопшти дека се работи на идентификување на IP адресата од која се испратени спорните мејлови.
Прогласена природна непогода во Делчево по силното невреме

Советот на Општина Делчево на денешната Вонредна седница прогласи природна непогода од поплави и град. Градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски денеска информира дека се мобилизирани екипи на јавните претпријатија со механизација и рачно се расчистуваат наносите од земја на коловозите во централното градско подрачје и во реоните и се санираат штетите по домовите.
Тој посочи дека во моментов стручни лица од Општина Делчево прават увид на оштетената инфраструктура на коловози и потпорни ѕидови со цел да се пристапи веднаш кон нивна санација.
„Дефектите на водоснабидителниот систем се санирани уште во текот на ноќните часови и водоснабдувањето е нормализирано, така што граѓаните можат да ја користат водата за пиење“, објави Трајковски.
На седницата донесена е одлука за формирање на комисија за проценка на штетите, како и заклучок за објавување јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети.
Од вчерашното невреме поплавени се десетици приватни домови, институции и фабрики, а оштетени се коловозите на неколку сообраќајници. Најголеми штети се евидентирани во населбите Пролет и Басарица, на улицата „Царевоселска“, булеварот „Македонија“.
САД - Иран планира да изгради фабрика за дронови во Русија

Соединетите држави велат дека имаат информации дека Иран има намера да изгради постројка за производство на беспилотни летала во Русија, која би можела да стане оперативна следната година, бидејќи Москва и Техеран ја зајакнуваат својата воена соработка, што претставува зголемена опасност за Украина, Блискиот Исток и за меѓународната заедница.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа (НСЦ) Џон Кирби на 9 јуни рече дека додека Иран продолжува да и испорачува на Русија дронови што Москва ги користи против украинските цивили во нејзината нелегална војна во Украина. Двете земји сега преземаат чекори за да го приближат производството на беспилотни летала до воената зона со изградба на фабрика за дронови на околу илјада километри источно од Москва.
„Имаме информации дека Русија добива материјали од Иран потребни за изградба на фабрика за производство на беспилотни летала во Русија. Оваа фабрика би можела да биде целосно оперативна на почетокот на следната година“, рече Кирби додека NSC објави сателитска снимка локацијата на фабриката во руската специјална економска зона Алабуга.
Кирби рече дека од минатиот месец, Иран испорачал стотици самоубиствени дронови, како и опрема поврзана со производство на беспилотни летала во Русија, користејќи рута преку Каспиското Море.
„Дроновите се направени во Иран, испорачани преку Каспиското Море, од Амирабад, Иран до Махачкала, Русија, а потоа се користат оперативно од руските сили против Украина“, рече Кирби.
Москва за возврат му обезбедува на Иран, земја која како Русија, е под строги меѓународни санкции, воена опрема на ниво, за кое Кирби вели дека е посложена и поскапа од било кога.
„Русија му нуди на Иран невидена одбранбена соработка, вклучително и за ракети, електроника и противвоздушна одбрана“, изјави Кирби, додавајќи дека Техеран објави договор оваа година за купување борбени авиони Су-35 од Русија.
„Иран бара да купи дополнителна воена опрема од Русија, вклучително и хеликоптери, радари и борбени авиони ЈАК-130. Севкупно, Иран бара воена опрема вредна милијарди долари од Русија“, објасни Кирби.
Тој додаде дека Москва и Техеран го прекршуваат ембаргото за оружје наведено во Резолуцијата 2231 од ОН со трансферот со беспилотни летала САД и нивните сојузници ќе продолжат да ги користат сите расположливи средства за да го прекинат партнерството кое, како што вели е штетно за остатокот од светот.
„Ќе продолжиме да воведуваме санкции за актерите вклучени во трансферот на иранска воена опрема во Русија за употреба во Украина“, рече Кирби, додавајќи дека САД, Велика Британија и Европската унија воведоа нови ограничувања „за да ги спречат електронските компоненти. пронајдени во иранските беспилотни летала од можноста да се пробијат на бојното поле во Украина“.
Кирби, исто така, рече дека подоцна на 9 јуни американската влада ќе издаде нов совет за да им помогне на бизнисите и другите влади подобро да ги разберат ризиците што ги носат иранските беспилотни летала и незаконските средства што Иран ги користи за да добие компоненти за производство на дронови.
Oбвинителството ги отфрли кривичните пријави против Муареми

Обвинителството не пронајде докази за вина кај поранешниот шеф на Управата за финансиска полиција(УФП), Арафат Муареми. Тој е ослободен после пријавите на анонимни граѓани за примање награда за противзаконито влијание, а поради кои поранешната шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска нареди претрес во финансиската полиција.
На 18 јули лани во полицијата беше извршен претрес по анонимна дојава на граѓанин, а сомнежите беа дека се чуваат предмети во фиока за што Муареми земал поткуп. Во соопштението кое на 9 јуни го објави обвинителството се вели дека првично биле запленети 35 предмети, а подоцна, од УФП дополнително се доставени 380 предмети. Од Муареми биле одземени едно УСБ и еден компјутер.
„Од доставеното вештачење и анализа на содржината на одземената компјутерска опрема е утврдено дека документите и компјутерските податоци немаат поврзаност со конкретниот предмет. Не произлезе основано сомневање дека пријавениот со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал или на друг начин влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши, а за посредувањето да примил награда или друга корист“, се вели во соопштението на обвинителството.
Поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Русковска ја отвори истрагата по анонимна пријава и нареди претрес. Но, јавното обвинителството на Љубомир Јовески регистрираше пропусти во претресот затоа што во случајот можело да постапува единствено Специјализираното одделение за гонење кривични дела извршени од лица со полициски овластувања.
По ова и Муареми поднесе кривичната пријава против Русковска, но и за двете обвинителки Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои биле вклучени во истрагата. Во меѓувреме Русковска беше суспендирана, па разрешена од функцијата како прв човек на обвинителството, а Муареми си поднесе оставка.
Обвинителството денеска ги отфрли и кривичните пријави од човекот од Дебар кој бил засегнат од тоа што предметите не се решени па поднесе кривични пријави против директорот и инспектор од полицијата, а беа за сторени кривични дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“, „малтретирање во вршење на службата“ и „насилство и примање поткуп“.
Обвинителството сослушале и вработени во Општина Дебар кои не ги потврдиле наводите на оштетениот дека пријавените го малтретирале и биле насилни кон него за кои тој тврдел дека биле преземани кон него и кон вработените во Општина Дебар.
Ниту еден сведок не го споменал Муареми, а оштетениот со ниту еден доказ не ги поткрепил тврдењата дека луѓе од Косово и Албанија му се јавувале во врска со овој предмет, ниту пак поврзаноста на наводните јавувања со пријавените, се вели во сопштението на Обвинителство.
Русија го напушта Договорот за конвенционални сили, НАТО со осуда

Руското Министерство за надворешни работи на 9 јуни најави дека Москва ќе го напушти Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа на 7 ноември годинава. Министерството во соопштението посочи дека сите земји вклучени во договорот биле информирани за потегот.
„Неодамнешниот пристап на Финска во НАТО и плановите на Шведска да се приклучи на Алијансата „значително ја нарушија сигурната и стабилна рамнотежа на конвенционалните вооружени сили на северот на Европа и беше последната капка што ја натера Русија да го напушти договорот“, се вели во соопштението објавена на страната на руското министерство за надворешни работи.
Во него е наведено дека дополнителна причина за повлекување е „неуспехот од страна на земјите-членки на CFE кои се членки на НАТО, усвоен во Истанбул на 19 ноември 1999 година, да ја забрзаат ратификацијата на Договорот за адаптација на Договорот CFE, како и да ги спуштат нивоата предвидени со овој договор“.
„Други дејствија на голем број земји-членки на CFE кои се спротивни на целите на Договорот, особено дејствија поврзани со трансфер на конвенционално оружје“, се наведува како трета причина во соопштението.
НАТО ја осудува одлуката на Русија да се повлече од како што велат, историскиот Договор за конвенционални вооружени сили во Европа (CFE), камен-темелник на европската безбедносна архитектура.
Договорот CFE воспоставува правно обврзувачки и проверливи ограничувања за клучните категории на конвенционална воена опрема на државите членки.
„Русија долги години не ги исполнува своите обврски за CFE, особено со тоа што го прекина спроведувањето на Договорот за CFE без правна основа во 2007 година“, се вели во соопштението на НАТО.
Во него е посочено дека одлуката на Русија да се повлече од Договорот CFE е најновата во низата акции што систематски ја поткопуваат евроатлантската безбедност.
„Одлуката на Русија дополнително го покажува континуираното непочитување на Москва за контролата на вооружувањето, вклучувајќи реципроцитет, транспарентност, усогласеност и верификација. Ние постојано ја повикавме Русија да го почитува Договорот. Русија не се ангажираше конструктивно и не презеде чекори кон целосна усогласеност“, се вели во соопштението на Алијансата.
Сојузниците во Алијансата ја повикуваат Русија да ги спроведе своите обврски и да го искористи преостанатото време пред нејзиното повлекување за да ја преиспита својата одлука.
„Остануваме обединети во нашата посветеност за ефикасна контрола на конвенционалното оружје како клучен елемент на евроатлантската безбедност, земајќи ја предвид преовладувачката безбедносна средина и безбедноста на сите сојузници. Ја повторуваме нашата целосна посветеност за намалување на воениот ризик, спречување на погрешни перцепции и конфликти, градење доверба и доверба, промовирање на транспарентност и верификација и, со тоа, придонесување за мирот и безбедноста. Сојузниците ќе продолжат да се консултираат за импликациите од повлекувањето на Русија од Договорот CFE и неговото влијание врз безбедноста на Алијансата“, се вели во соопштението.
Дополнително рускиот претседател Владимир Путин на 9 јуни за време на разговорите со белорускиот авторитарен владетел Александар Лукашенко изјави дека трансферот на тактичкото нуклеарно оружје од Русија во Белорусија ќе започне веднаш по завршувањето на изградбата на објектите на 7-8 јули.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете