Достапни линкови

Вести

Почнува исплатата на минималната плата од 18.000 денари

Илустрација

Од овој месец почнува исплатата на зголемената минимална плата која сега ќе изнесува 18.000 денари. Според најавите, се очекува околу 80.000 работници во државава да земат повисока плата за околу 2.800 денари.

Зголемувањето на минималната плата беше договорено на 7 февруари на седница на Економско-социјалниот совет по неколкудневни преговори. Со цел да се покрие разликата во придонесите до крајот на годината Владата најави дека ќе одвои 16 милиони евра од Буџетот.

Се промени и методологијата за пресметување на минималната плата и отсега износот нема да биде понизок од 57 проценти од просечната плата. Минималната плата ќе се формира и како 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од трошоците за живот.

Дел од синдикатите бараат усогласување на останатите плати со минималната плата, а пред два дена се одржа предупредувачки протест организиран од Конфедерацијата на слободни синдикати, а Синдикатот за образование, наука и култура најави генерален штрајк од 11 април.

види ги сите денешни вести

Косово и Албанија вратија дел од своите државјани од Сирија

Повратници од Сирија во камп во Косово, април 2019

Косово и Албанија во заедничка акција вратија неколку граѓани од воените зони во Сирија, потврди денеска косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свецла, но не го прецизираше точниот број на вратени косовски граѓани.

Од друга страна, властите од Албанија соопштија дека се вратени 13 нивни државјани, четири жени и девет деца.

Зборувајќи од аеродромот во Приштина, Свечља рече дека косовските власти ќе продолжат да соработуваат со властите од Албанија во ваквите акции.

„Нашите тимови од различни профили имаат многу работа да ги рехабилитираат поединците и оние кои се радикални, да ги дерадикализираат, да бидат дел од нашето општество, особено децата кои не се виновни за ситуацијата во која се наоѓаат“, рече министерот Свечља.

Оваа акција беше спроведена со поддршка на Соединетите Американски Држави (САД).

Во јули минатата година косовските власти вратија 11 граѓани од Сирија, меѓу кои и жени и деца.

Претходно во април 2019 година беа вратени 110 косовски државјани, жени, деца и четворица наводни борци од милитантната група на таканаречената Исламска држава.

Од 2012 година, околу 400 косовски граѓани заминале да се борат во Сирија и Ирак на страната на таканаречената Исламска држава.

Бориславова: Владата нема да го предаде бугарскиот национален интерес

Илустрација

За Бугарија е најважно да има широк консензус за прашањето со Македонија и оваа тема нужно треба да помине низ Народното собрание, рече шефицата на кабинет на премиерот Кирил Петков, Лена Бориславова по синоќешниот вонреден коалициски совет на кој се расправаше за односите помеѓу Бугарија и Македонија.

Бориславова рече дека дипломатите во бугарското МНР ќе продолжат активно да работат и да се трудат да го заштитат бугарскиот интерес.

Средбата во бугарската влада се одржа откако премиерот Кирил Петков побара од претседателот Румен Радев да го свика Советодавниот совет за национална безбедност за состојбата на преговорите со Република Северна Македонија.

Бориславова рече дека владејачката коалиција во Бугарија имала конструктивен дијалог на оваа тема, која е исклучително важна за бугарското општество.

Прашана дали Радев и Петков разговарале за Македонија, таа одговори: „таков разговор не е одржан, но двајцата се во дијалог” и додаде дека „Владата и кабинетот нема да бидат тие што ќе го предадат бугарскиот национален интерес“.

За тоа кога би можел парламентот да расправа за Македонија, Босрславова кажа дека „кога ќе има одлука и извештај од МНР кое известува за напредокот на бугарската позиција, тогаш ќе биде доставен предлог до Народното собрание, а во оваа фаза се уште не е стигнато до таму“.

Запрашана за евентуалниот рок за расправа за ова прашање во парламентот, Бориславова рече: „Кога ќе имаме одлука и извештај на Министерството за надворешни работи, кое известува за напредокот на бугарската позиција, тогаш ќе имаме предлог до Народното собрание“.

Македонија пред јунскиот самит на ЕУ сеуште е под бугарско вето за старт на пристапните преговори кое трае веќе 2 години.

Најмалку 15 загинати во поплавите во Кина

Илустрација

Најмалку 15 луѓе загинаа во поплавите и одроните за време на поројните дождови во јужна Кина, објавија државните медиуми.

Според државната новинска агенција Ксинхуа осум лица загинале при уривање на две згради во провинцијата Фуџиан во близина на источниот брег на Кина.

Државната телевизија CCTV објави дека пет лица загинале, додека три се водат како исчезнати во провинцијата Јунан.

Властите соопштија дека водата однела три деца во округот Ксинченг, Гуангкси. Две деца загинале, а едно е спасено, јави Асошиејтед прес (АП).

Невремето оштети патишта, мостови, телекомуникациски врски и енергетски објекти во областа Кубеи, која се наоѓа на околу 130 километри северно од границата со Виетнам.

Обилните дождови започнаа во четвртокот, 26 мај, во округот Вупинг.

Наталитетот зголемен, но природниот прираст и натаму негативен

Илустрација

Во првото тримесечје од 2022 година, во земјава се евидентирани 4 009 живородени деца и во споредба со истиот период од претходната година нивниот број е зголемен за 2.9 %, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во првиот квартал од годинава умреле 7 427 лица, а од нив 12 се умрени доенчиња, што претставува зголемување од 7.2 % во однос истото тримесечје од 2021.

Природниот прираст е -3 418, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.

Во ова тримесечје од годината се склучени 2 468 бракови, и нивниот број е помал за 8.4 % во споредба со истиот период од 2021 година.

Во истиот период добиени се 459 извештаи за разведени бракови.

Соборот на Украинската православна црква прогласи целосна независност

УКРАИНА – Поглаварот на Украинската православна црква, митрополитот Киевски и цела Украина Епифаниј

Украинската православна црква ги прекина односите со Руската црква поради нејзината инвазија врз Украина.

Поглаварите на Украинската православна црква ова го објавија преку соопштение на Фејсбук, по одржување на Собор во Киев, кој бил фокусиран на руската агресија врз Украина.

„Не се согласуваме со ставот на московскиот патријарх Кирил за војната во Украина“, се вели во соопштението.

Украинската православна црква досега официјално му остана лојална на рускиот патријарх Кирил, кој пак даде поддршка за офанзивата на претседателот Владимир Путин во Украина.

Портпаролот на црквата Архиепископот Климент рече дека на Соборот бил целосно отфрлен ставот на патријархот Кирил во однос на војната.

„Не само што не ја осуди руската воена агресија, туку и не кажа ништо за напатениот украински народ“, изјави надбискупот за АФП.

Во соопштението се вели и дека дека односите меѓу Московската патријаршија и московското раководство биле „комплицирани и отсутни“ од почетокот на војната и дека Соборот усвоил измени за целосна независност и автономија на Украинската православна црква.

Во соопштението, исто така, се апелира и Украина и Русија да „продолжат со преговарачкиот процес“ и да најдат начин да го „запрат крвопролевањето“.

Украинските сили можеби ќе мораат да се повлечат од Северодонецк

Илустрација

Украинските сили можеби ќе треба да се повлечат од Северодонецк, додека руските сили се блиску до опколување на градот, предупредија официјални лица.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека моменталната ситуација во регионот на Донбас е „многу тешка“.

„Руските сили се концентрираат на Донбас, користејќи максимален артилериски оган и ракетни напади додека украинските сили ја штитат нашата земја со одбранбените ресурси кои се на располагање“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно видео обраќање.

Руските трупи се фокусираат во регионот на Луганск, на градовите Северодонецк и Лисичанск.

Немилосрдниот и неселективен руски артилериски оган го уништи Северодонецк речиси целосно и уби стотици цивили, соопштија тамошните власти.

Британското Министерство за одбрана објави во својот дневен билтен за разузнавање на 28 мај дека руските сили веројатно го зазеле поголемиот дел од Лиман, железнички центар западно од Северодонецк, во она што изгледа како прелиминарна операција за следната фаза од руската офанзива.

ОН: Во војната во Украина се убиени над 4000 цивили

илустрација

Повеќе од 4.000 цивили се убиени во Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, иако вистинската бројка е веројатно многу поголема, објави Канцеларијата на ОН за човекови права. Според информациите на Канцеларијата, која има десетици набљудувачи во земјата, досега загинале вкупно 4 031 лице, вклучително и околу 200 деца.

Повеќето цивили биле убиени за време на гранатирање или воздушни напади. Канцеларијата на ОН за човекови права не соопшти кој е одговорен за смртта на цивилите. Русија негираше дека цели на цивили во конфликтот.

Обраќајќи им се на индонезиските активисти на 27 мај, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека околу 12 милиони луѓе се раселени поради војната во Украина, а околу 5,5 милиони ја напуштиле земјата.

Русија започна инвазија на соседна Украина на 24 февруари.

Амбасада на САД во Приштина: Отворен Балкан ќе успее ако во него влезат сите земји од регионот

Амбасадата на Соединетите Држави во Косово вели дека Вашингтон ги поддржува сите напори за регионална соработка, вклучително и иницијативата „Отворен Балкан“, покрената од Северна Македонија, Србија и Албанија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во изјава за порталот „Газета Експрес“, американското дипломатско претставништво во Приштина вели дека, „како независна и суверена држава, Косово има право да ги одредува сопствените надворешно-политички приоритети“, додека за регионалните иницијативи, меѓу кои и „Отворен Балкан“, САД сметаат дека “можат да успеат единствено доколку се отворени за сите земји од регионот“ и се во согласност со европските стандарди.

„Соединетите Држави ги поддржуваат сеопфатните напори за обезбедување регионална економска интеграција. Такви се Берлинскиот процес, Заедничкиот регионален пазар, ЦЕФТА и иницијативата „Отворен Балкан“. Сепак, овие иницијативи можат да успеат единствено доколку се отворени за сите земји од регионот и доколку нудат законски и регулаторни системи кои се во согласност со европските стандарди“, се вели во изјавата на Амбасадата на САД во Приштина за „Газета Експрес“.

Косовските државни институции, премиерот Албин Курти, претседателка на државата, Вјоса Османи, како и мнозинството други политички фактори од редовите на косовските Албанци, и од власта и од опозицијата, се противат на иницијативата „Отворен Балкан“, сé додека Србија не го признае Косово како рамноправен партнер, односно како независна држава.

Иницијативата која на почетокот се нарекуваше Мини Шенген, е основана во октомври 2019. Од тогаш се одржани неколку состаноци. Последниот се одржа во декември 2021 во Тирана, кога беа потпишани договорите за слободен проток на пазарот на труд меѓу трите земји, како и неколку договори од областа на ветерината и фотосанитарната инспекција. Иницијаторите на Отворен Балкан постојано повторуваат дека оваа иницијатива е инклузивна и ги повикуваат другите земји од Западен Балкан да се приклучат.

Поранешниот молдавски претседател е спроведен во домашен притвор

Поранешниот претседател на Молдавија, Игор Додон

Молдавскиот суд му одреди домашен притвор од 30 дена на поранешниот претседател, Игор Додон за да им овозможи на обвинителите да ги истражат наводите за корупција и предавство.

Одлуката од 26 мај на окружниот суд Чиокана во Кишињев дојде два дена откако беше претресена куќата на Додон и тој беше ставен во притвор од 72 часа.
Додон на новинарите по сослушувањето изјави дека случајот е политички мотивиран, обвинение што владата го отфрли.

Додон, кој беше отворено поддржан од Москва и се смета за близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, беше претседател од 2016 до 2020 година, кога загуби од Маја Санду, поранешна функционерка на Светска банка. Додон рече дека нема друг имот освен оној што официјално го пријавил, а на новинарите им рече дека судијата извршува „политичка наредба“ од Санду.

Владата ги отфрли обвинувањата за политичко мешање во случајот, кој се случува во време кога односите меѓу Русија и Молдавија се сè позатегнати.

„Обвинителите треба да се водат само од владеењето на правото, да не играат политички игри и да не носат одлуки врз основа на притисок од јавноста“, рече Санду на 27 мај на состанокот на Врховниот совет за безбедност.

„Секој мора да одговара за направените незаконитости, но во строга согласност со законот.Господинот за кој станува збор во овој случај, ако мисли дека е чесен, нема за што да се грижи“, рече Санду во нејзините први коментари за истрагата.

Кремљ изрази „загриженост“ околу информациите за истрага против Додон, при што портпаролот Дмитриј Песков ги повика молдавските власти да обезбедат почитување на неговите права.

Молдавија, една од најсиромашните земји во Европа, официјално поднесе барање за членство во Европската унија во март по неиспровоцираната инвазија на Русија од Украина. Молдавија, која има население од околу 2,6 милиони луѓе, прими повеќе од 472.000 бегалци од соседна Украина.

Лавров во посета на Белград на 7 јуни

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров доаѓа во посета на Белград на 7 јуни, јави дописникот на МИА од Белград. Како што е најавено, тој ќе има средби со српскиот државен врв, а се очекува на средбата со претседателот Александар Вучиќ да стане збор за настаните во Украина и позицијата на Србија кон оваа криза, за ситуацијата во регионот и економската соработка во контекст на санкциите што Западот ги воведе на Русија.

Шефот на руската дипломатија доаѓа во време на голем притисок врз Србија да воведе санкции кон Русија, но и пред најавените разговори во недела меѓу Александар Вучиќ и Владимир Путин за гасот.

Ова е прва посета на висок руски функционер на Србија од избувнувањето на украинската криза, а доаѓа во време кога Европската унија го подготвува најтешкиот пакет санкции, кои Србија, како единствена држава во Европа, досега се нема приклучено.

Лавров треба да присуствува и на приемот по повод Денот на Русија, што ќе го организира руската амбасада во Белград на 7 јуни.

Пожар во Солун, најмалку двајца повредени

илустрација

Неколку лица се пренесени во болница, а двајца приклучени на апарати, по пожарот што изби во центарот на Солун во близина на плоштадот Аристотел, објавија локалните медиуми, а пренесе дописничката на МИА од Атина.

Пожарот, што е ставен под контрола, веројатно избил во напуштен објект, а пожарникарите спасиле 44 лица од соседните згради.

Како што пренесуваат медиумите противпожарната служба интервенирала со 12 возила и 40 пожарникари.

Кина ги критикува САД поради зголемените тензии на јужниот Пацифик

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин

Кина го критикуваше говорот на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој се фокусираше на односите меѓу двете најголеми економски сили во светот, велејќи дека Соединетите Држави се обидуваат да ја омаловажат репутацијата на Пекинг.

Во обраќањето на 26 мај, Блинкен рече дека администрацијата на претседателот Џо Бајден сака да го предводи меѓународниот блок што се противи на руската инвазија на Украина во поширока коалиција за да се спротивстави на она што тој го гледа како посериозна, долгорочна закана за глобалниот поредок од Кина.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, одговори дека САД „во суштина шират дезинформации“ и „ја клеветат внатрешната и надворешната политика на Кина“.

Од министерството велат дека целта на говорот на Блинкен била „да се ограничи и потисне развојот на Кина и да се одржи хегемонијата на САД“.

„Што се однесува до меѓународниот поредок заснован на правилата за кои се залагаат Соединетите Држави, сите луѓе можат да видат дека тие не се ништо друго освен правила формулирани од Соединетите Држави и неколку други земји со цел да се одржи меѓународен поредок во кој доминираат Соединетите Држави“, изјави портпаролот Ванг.

Во својот говор во Вашингтон, Блинкен наведе пристап од три столба кон администрацијата за да ги насочи своите ресурси и сојузници во одвраќање на кинеското влијание ширум светот.

„Инвестирањето во домашната инфраструктура и технологијата на САД заедно со засилените дипломатски контакти со потенцијално ранливите земји се меѓу клучните политички елементи“, рече Блинкен.

Тој рече дека Соединетите Држави не се обидуваат да го променат кинескиот политички систем, туку „ќе го обликуваат стратешкото опкружување околу Пекинг со цел да ја подобрат нашата визија за отворен и инклузивен меѓународен систем“.

Кина одби да ја осуди руската инвазија на Украина, па дури и да ја опише на тој начин, поради почит кон Москва.

Нови 109 случаи на ковид 19, нема починати лица

илустрација

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1 062 тестови, а регистрирани се 109 нови случаи на ковид 19. Најмногу заразени има во Скопје – 77, Битола – 14, Охрид – 6, Прилеп – 3, Штип и Берово – по 2, Куманово, Тетово, Кавадарци, Струга и Виница – по 1 случај на заразен со корона.

Во изминатото деноноќие нема регистрирано починати лица.

Од вкупниот број на позитивни (109), регистрирани се 14 реинфекции.

Досега во земјата се направени вкупно 2.051.008 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 311.701, бројот на оздравени пациенти е 301.819, на починати е 9.300, а бројот на активни случаи изнесува 582.

Бислимоски: Сметките за струја можно е да бидат повисоки за 10 проценти

илустрација

Можно е од први јули цената на струјата да се зголеми за 10 проценти, предупредува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски. Една од причините за ваквото зголемување е, како што вели, малверзациите кои ги прават општините за да ги намалат трошоците за електрична енергија.

Тој објаснува дека за да ги скусат трошоците за струја, општините формирале јавни претпријатија преку кои обезбедувале струја за јавно осветлување по цена за домаќинства и за само четири месеци, оптоварувајќи го системот, на ЕВН им направиле долг од 30 милиони евра. Регулаторна сега бара начин како овој трошок да не падне на товар на граѓаните.

„Измислуваат разно-разни финти за да се вратат на регулиран пазар и заради тоа само за први 4 месеци имаме трошок од 30 милиони евра и тоа значи 10% зголемување на цена на струја. Тој трошок РКЕ сега ќе го префрли назад на општините и ниту на крај на памет не ми е, тој товар да го преземе РКЕ,“ изјави Бислимовски.

Во овие 10% раст кои ги најавува РКЕ, не се пресметани трошоците на енергетските компании и цената на ЕСМ од која всушност најмногу зависи крајната цена на сметките за струја. Дел од компаниите веќе доставиле барања, а се чека уште од МЕПСО.

Во меѓувреме Регулаторна го подготвува новиот тарифник со кој цената на струјата во скапа тарифа ќе зависи од потрошувачката. Бислимовски открива дека се разгледува опцијата над 250 киловати потрошена струја на граѓаните да им се тарифира по повисока цена. За да се спречи големо покачување, Бислимовски бара државните електрани, да обезбеди 100 проценти од потребите на ЕВН ХОУМ.

Киев: Украина се бори да ја задржи контролата врз градот Лиман

илустрација

Украинските војници се борат да ја задржат контролата врз северозападниот и југоисточниот дел на градот Лиман, соопшти Министерството за одбрана на земјата, додека руската офанзива во источна Украина станува се посилна, пренесува Ројтерс.

„Украинските трупи се „спротивставија“ на обидите на Русија да ја прекине нејзината офанзива против клучниот украински град Славјанск“, изјави на брифинг портпаролот на Министерството за одбрана, Олександр Мотузјаник.

Претходно, проруските сепаратисти од самопрогласената Народна Република Доњецк соопштија дека воспоставиле целосна контрола врз стратешкиот град Лиман во источна Украина. Градот Лиман е клучен железнички центар.

Откако беа вратени од главниот град Киев и периферијата на вториот по големина град Харков претходно овој месец, руските сили го започнуваат својот најсилен напредок во последните недели во источниот регион Донбас.

Русија започна инвазија на соседна Украина на 24 февруари. Европската унија, Соединетите Држави и другите западни земји возвратија со санкции против Русија во обид да го запрат нејзиниот напад врз Украина.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG