Достапни линкови

Вести

Зеленски- 130 спасени од бомбардираниот театар во Мариупол

Театарот во Мариупол кој беше погоден од руски воздушен напад

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека досега се спасени околу 130 луѓе од театарот во Мариупол кој беше погоден од руски воздушен напад, а уште стотина лица се уште се заробени во зградата.

Зеленски во видео обраќањето објавено на социјалната мрежа Фејсбук рече дека спасувачките операции на терен ќе продолжат и покрај тоа што руските сили продолжуваат да го гранатираат опколениот пристанишен град.

„Стотици жители на Мариупол се уште се под урнатините“, рече тој.

Театарот се користеше како засолниште за стотици жители заробени во градот кога руските гранати го уништија на 16-ти март.

Официјалните лица рекоа дека повеќето луѓе во моментот на експлозиите биле под театарот во засолништето од бомби.

Нападот на цивилна зграда, означена со зборовите „ДЕТИ“, или „деца“ на руски, што е јасно видливо од воздух, предизвика бран на меѓународна осуда и голем притисок врз неколкуте преостанати сојузници на Русија, особено Кина, да се осуди намерното таргетирање од страна на Москва на невоени локации за време на војната, која започна на 24-ти февруари.

види ги сите денешни вести

Ескобар: Тензиите на Косово можеа да се избегнат

Габриел Ескобар

Ескалацијата на северот на Косово делумно е резултат на неподготвеноста на официјална Приштина да ја слуша Меѓународната заедница, изјави за Би-Би-Си американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Тој додаде дека порастот на тензиите на север можело да се избегне:

„Оваа ескалација делумно е резултат на неподготвеноста на косовската страна да ја сослуша меѓународната заедница. Предизвика тензии, непотребно, со инсистирање на користење на општинските згради. Има и други згради од кои можеме да работиме, а ако ништо друго, пандемијата на корона вирусот не научи дека можеме да работиме и од алтернативни локации“, рече Ескобар.

На северот на Косово денеска е мирно, соопшти екипата на Радио Слободна Европа.

Новоизбраните градоначалници од албанска националност во петокот на 26 мај влегоа во општинските згради во три општини на северот.

На 29 мај протестот прерасна во насилство меѓу членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР и демонстрантите. За време на немирите беа повредени 30 припадници на мировните сили и 52 лица од српска националност.

Пентагон: Aктивностите на Кина во Азија се сѐ поризични

Зградата на Пентагон во Вирџинија, САД

Американското Министерство за одбрана денеска ги осуди „се поризичните“ акции на кинеската војска во Азија по двата инциденти меѓу силите на двете земји во измиантите денови.

„Остануваме загрижени за се поризичните и насилните активности на Народноослободителната армија во регионот, вклучително и последните денови“, изјави портпаролот на Пентагон, генерал Пет Рајдер, кој е заедно со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на безбедносна конференција во Сингапур.

Изјавите беа дадени по двата инцидента меѓу американската и кинеската војска во Тајванскиот теснец и Јужното Кинеско Море во изминатите десет дена.

Американската морнарица вчера обвини кинески брод дека „опасно“ се движел околу еден негов разурнувач кој пловел низ Тајванскиот теснец придружуван од канадски брод.

Кина не го спомна инцидентот, но ги обвини САД и Канада дека „намерно предизвикуваат проблеми во Тајванскиот теснец“.

Мирно на северот на Косово

Звечан, 4 јуни 2023 година

Косовската полиција соопшти дека состојбата во општините на север - Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, моментално е мирна.

„Следењето на ситуацијата и координираниот ангажман на полицијата со соодветните безбедносни институции, како и обично, продолжува во северните општини,“ изјави портпаролот на косовската полиција Баки Келани во интервју за Радио Слободна Европа.

И екипата на Радио Слободна Европа во Звечан известува дека бројот на демонстрантите на 4 јуни е мал.

Во меѓувреме косовскиот премиер Албин Курти за британската телевизија Би Би Си изјави дека општинските згради во три општини на север - Зубин Поток, Лепосавиќ и Звечан - се сопственост на Република Косово и не може да има компромис за демократијата.

Коментирајќи ги неодамнешните тензии на северот, Курти рече дека Косово може да го намали бројот на полицајци во општинските згради, ако однапред, рече тој, бандите, кои се финансирани од Белград, отидат „или во Србија, или во затвори“.

„Во овие три општини Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан имаме три згради и ако не градоначалниците, тогаш кој треба да биде во нив? Ако не се за лидерите, кому му служат? Градоначалниците се во зградите и така и треба да биде зошто тие се сопственост на Република Косово“, рече премиерот на Косово.

Тој додаде дека порано имало паралелни институции на Србија, кои биле незаконски, „создадени со средства на официјален Белград, кој сака да ја дестабилизира нашата земја, со идеја да создаде голем српски свет“.

„Ние сме против такво нешто“, вели Курти во интервјуто.

Новоизбраните градоначалници од албанска националност во петокот на 26 мај влегоа во општинските згради во три општини на северот.

На 29 мај протестот прерасна во насилство меѓу членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР и демонстрантите. За време на немирите беа повредени 30 припадници на мировните сили и 52 лица од српска националност.

Грешка во сигнализацијата ја предизвикала железничката несреќа во Индија

илустрација од несреќата во Одиша, Индија

Железничка несреќа во источна Индија, во која загинаа повеќе од 300 луѓе, а стотици беа повредени е предизвикана од дефект во системот за електронска сигнализација, поради што возот ја смени пругата, изјави министерот за железници на Индија, пренесува агенцијата Асошиетед прес ( АП).

„Кој го направи тоа и која е причината ќе покаже истрагата“, изјави министерот Ашвини Ваишнав во интервју за телевизијата Њу Делхи.

Властите работат на расчистување на остатоците од двата патнички воза што излетаа од шините во петокот вечерта во областа Баласоре во источната индиска држава Одиша, во една од најтешките железнички несреќи во земјата во последните децении. Индиската новинска агенција PTI претходно објави дека прелиминарната истрага открила што му било сигнализирано на возот „Коромандел експрес“ да влезе во главната пруга, а подоцна сигналот бил исклучен.

Возот влегол во вториот коловоз, познат како обиколница и налетал на товарен воз паркиран таму, соопшти агенцијата.

Од оштетените вагони во саботата навечер беа извлечени 15 тела, а во текот на ноќта продолжија напорите со помош на кранови да се отстрани локомотивата која паднала врз еден од вагоните.

„Во локомотивата не се пронајдени тела, а работата е завршена во недела наутро“, изјави генералниот директор на противпожарната и итната служба Одиша.

Несреќата се случи во период кога премиерот Нарендра Моди се фокусираше на модернизирање на индиската железничка мрежа од британската колонијална ера.

И покрај напорите на владата да ја подобри безбедноста на железницата, секоја година се случуваат неколку стотици несреќи во најголемата единствена железничка мрежа во светот. Повеќето железнички несреќи во Индија се случуваат поради човечка грешка или застарена опрема за сигнализација. Повеќе од 12 милиони луѓе патуваат со 14 000 возови низ Индија секој ден, по 64 000 километри пруги.

Османи објави план од 9 чекори за нормализација на ситуацијата во Косово

илустрација

Претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи, објави план во девет чекори за деескалација и нормализација на тензиите на северот на Косово.

Планот, како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи, е во насока на постигнување траен мир и стабилност на северот на Косово и враќање на косовските Срби во институциите и демократските процеси.

Како прв чекор, планот превидува Косово и Србија да ја реафирмираат посветеноста кон основниот договор и Охридскиот протокол. Понатаму се предлага Косово да ги повлече специјалните полициски сили, а Србија да ја намали борбената готовност на вооружените сили.

Трето, на полицијата на Косово, заедно со силите на КФОР и ЕУЛЕКС, да им се овозможи во целост да се грижат за редот и безбедноста на земјата. Понатаму се предлага протестите да се откажат и да се стават во функција општинските функции и услуги, за нормално функционирање на општествениот живот и да се дозволува пристап на вработените во општините.

Петтиот чекор подразбира градоначалниците да поднесат оставки до летото оваа година, отворајќи го патот за предвремени општински избори оваа година.

ОБСЕ ќе го поддржи изборниот процес, преку техничка поддршка на косовските власти кои ќе ги организираат изборите и ќе ги ангажира младите во програмите и процесите за помирување. Последниот чекор се однесува на тоа ОБСЕ да ги стави своите капацитети на располагање за поддршка на имплементацијата со добра волја од двете страни на договорените одредби и продолжување на дијалогот.

Двегодишно девојче загина, 20 повредени во најновиот руски напад на Днепар

Последици од нападот на Днипро во април 2023

Двегодишно девојче загина, а 22 лица се повредени, меѓу кои пет деца, кога руска ракета го погоди градот Днепар во централна Украина, изјави во неделата регионалниот гувернер.

„Во текот на ноќта, телото на двегодишното девојче беше извлечено од под урнатините на една куќа“, напиша Сергеј Лисак на апликацијата за пораки Телеграм.

Седумнаесет лица се во болница по нападот со крстосувачки проектил со краток дострел „Искандер“ врз станбена зона, рече Лисак.

Никола Лукашук, претседател на Советот на Днепропетровската област, рече дека 17 деца загинале во регионот откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.

„Ниту еден збор не може да ја смири болката на родителите кои го изгубиле најскапоценото нешто во нивните животи“, рече Лукашук.

Во војната во Украина, најмалку 485 деца загинаа, а речиси 1500 беа повредени, објави во неделата на Телеграм канцеларијата на главниот обвинител во земјата.

Ракетата паднала меѓу две двокатни станбени згради во населбата Пидородненска, делумно уништени и оштетени бројни куќи, автомобили и инфраструктура.

„Русија уште еднаш докажува дека е терористичка држава“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски по првите извештаи за експлозии.

Москва и Киев негираат дека нивните воени сили целат цивили.

По нападот на Днепар, Русија во текот на ноќта започна нов бран воздушни напади врз земјата. Украинските воздухопловни сили во неделата објавија дека уништиле повеќе од половина од воздушните цели.

Четири од шест крстаречки ракети и три од пет беспилотни летала Шахед од иранско производство, лансирани од Русија се соборени, објави Военото воздухопловство на Телеграм. Градската воена управа на Киев претходно соопшти дека биле пресретнати „сите цели“ кои Русија ги лансирала кога се приближувале до главниот град.

Од мај, Русија постојано го напаѓа главниот град на Украина, главно ноќе, пред долгоочекуваната украинска контраофанзива за враќање на територијата, во, како што велат украинските власти, обид да се нанесе психолошки проблем на цивилите, пишува Ројтерс.

Одговорност за масовните убиства побараа учесниците на протестот против насилството во Белград

Учесници на петтиот протест против насилството во Белград, 3 јуни 2023

Десетици илјади луѓе синоќа прошетаа низ централните улици на Белград и на крајот ја опколија зградата на Претседателството на Србија.

Одговорноста на властите за масовните пукања на почетокот на мај во Србија беше главното барање на говорниците на протестот „Србија против насилството“ во Белград. Некои демонстранти оставија пораки и до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, односно на контролните пунктови во близина на Претседателството на Србија, како што претходно повикаа организаторите.

Десетици илјади граѓани дојдоа на собирот што го свика дел од опозицијата пред српското Собрание, незадоволни од реакцијата на властите по двете масовни убиства во кои загинаа 18 лица. Се одржа и едноминутно молчење за жртвите на масовноста престрелки.


Насобраните носеа транспаренти на кои пишуваше „Да се сретнеме со слободата“, „Посилни од насилството“, „Слобода или ништо“.

На 3 јуни се навршува еден месец од трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“ кога 13-годишен ученик уби осум ученици и еден припадник на обезбедувањето, а повреди шест ученици и еден наставник. Едно повредено девојче подоцна почина и таа е десеттата жртва.

Граѓаните кои протестираа бараат оставка од министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ и од директорот на Безбедносно информативната агенција Александар Вулин.

Тие побараа и замена на Регулаторното тело за електронски медиуми, затворање на таблоидите кои пропагираат насилство и го прекршуваат етичкиот кодекс и одземање на националните фреквенции од телевизиите Пинк и Хепи.

Властите засега ги игнорираат повеќето барања. Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ на 3 јуни на Твитер оцени дека протестот против насилството „промовира насилство“ објавувајќи фотографија на која се гледа „обесена“ кукла со ликот на Вучиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на Инстаграм објави видео во кое вели „време е да се обединиме за нашата земја да оди напред“.

Претпладне сончево, попладне нестабилно со пороен дожд

илустрација

Времето денеска претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Oд пoпладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со интензивен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и изолирана појава на град.

Минималната температура е во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 21 до 26 степени.

Во Скопје денеска претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и појава на град. Минималната температура се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 25 степени.

Во текот на следната седмица, времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а попладне нестабилно со појава на локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Кремљ забрани присуство на западните новинари на економски форум во Русија

Рускиот претседател Владимир Путин

Официјална Москва објави дека нема да биде дозволено присуство на новинари од „непријателските земји“ на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.

Форумот во Санкт Петербург се одржува од 1997 година и многу официјални лица го сметаат за одговор на Русија на Светскиот економски форум што се одржа во Давос.

На западните новинари досега не им беше забранет пристапот на форумот на овој начин, пренесува Ројтерс.

„Овој пат навистина беше одлучено да не се акредитираат куќи од непријателски земји“, изјави за ТАСС портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Непријателски земји“ е дефиницијата која Москва ја користи за да ги опише оние што ја санкционираа поради војната во Украина.

Организаторите на форумот за московското биро на Ројтерс изјавија дека акредитацијата на нивните новинари била одземена, откако претходно добиле потврда за акредитација во четвртокот.

Ројтерс побара писмено објаснување, но сѐ уште не доби.

Кога Русија беше во подем во 2000-тите, големите западни инвеститори и инвестициски банкари се собраа на форумот, потсетува Ројтерс, додавајќи дека во последните години кинеските и арапските инвеститори ги заменија западните.

Путин претходно изјави дека Русија се врти кон Кина и азиските сили бидејќи Западот започна, како што вели, економска и хибридна војна против Русија, чија цел е да ја распадне земјата.

ЕУ подготвена на одлучни мерки ако не се смири ситуацијата во Косово

илустрација

Неуспехот да се смири ситуацијата на северот на Косово ќе има негативни последици, а Европската унија е подготвена да спроведе решителни мерки во оваа прилика, се вели во соопштението на 27-те земји-членки на ЕУ, објавено на 3 јуни 2023 година.

„Очекуваме Косово да дејствува на начин што не ескалира и веднаш да ги прекине полициските операции во близина на општинските згради на северот на Косово“, се вели во соопштението.

Се додава дека новоизбраните градоначалници покрај во општинските згради привремено треба да ги извршуваат своите должности и во други простории, а што поскоро да се распишат и предвремени избори.

„Очекуваме учество на косовските Срби на овие избори“, се вели во изјавата што портпаролот на ЕУ Петер Стано ја објави на Твитер.


Политичките претставници на српската заедница во Косово ги бојкотираа вонредните локални избори на 23 април, на кои беа избрани градоначалници заедно со албанската заедница во четири општини на северот на Косово.

Европската унија изрази загриженост за статусот на највисоката борбена готовност на српските вооружени сили.

„Ги повикуваме и Косово и Србија веднаш и безусловно да преземат мерки за деескалација, да престанат да ја користат реториката на поделба и да се воздржат од какви било понатамошни некоординирани дејства. Итно е да се врати мирот“, се наведува во соопштението од земјите членки на ЕУ.

Србија и Косово се поканети што поскоро да се вклучат во дијалогот што го води ЕУ, што значи, според најавата, почеток на работата за формирање Заедница на општини со српско мнозинство „без натамошно одлагање или предуслови“.

Новоизбраните градоначалници од албанска националност во петокот на 26 мај влегоа во општинските згради во три општини на северот.

На 29 мај протестот прерасна во насилство меѓу членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР и демонстрантите. За време на немирите беа повредени 30 припадници на мировните сили и 52 лица од српска националност.

Насилството го натера НАТО да испрати дополнителни 700 војници на Косово, покрај 4.000-те што веќе се во земјата.

„Европската унија силно го осудува насилството врз граѓаните, војниците на КФОР, органите на редот и медиумите на северот на Косово. Насилството можеше да се избегне и мора да се избегнува во иднина“, соопштуваат од ЕУ.

Од почетокот на тензиите, меѓународната заедница континуирано апелира да се преземат чекори за смирување на ситуацијата.

Косовската претседателка Вјоса Османи и косовскиот премиер Албин Курти дадоа индикации дека може да се распишат нови избори за четирите општини на север. Во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, групи граѓани од вторник, 30 мај, секојдневно протестираат против новоизбраните градоначалници Албанци на општините.

Ердоган положи заклетва за трет претседателски мандат

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган положи заклетва за трет мандат како претседател, ветувајќи дека ќе служи „непристрасно“ по победата на вториот круг на изборите за продолжување на неговото дводецениско владеење.

На инаугурацијата во парламентот која е проследена со раскошна церемонија во неговата палата во главниот град Анкара, присуствуваат десетици светски лидери.

„Како претседател, се колнам во мојата чест и интегритет, пред големата турска нација дека ќе работам со сета моја моќ за да го заштитам постоењето и независноста на државата и да ја исполнувам мојата должност непристрасно“, рече Ердоган во турскиот парламент.

Поддржувачите во парламентот го поздравија со овации, додека некои опозициски пратеници одбија да станат додека тој положуваше заклетва.

Ердоган вети и дека нема да отстапува од владеењето на правото и секуларните принципи на републиката основана од Мустафа Кемал Ататурк пред 100 години.

Ердоган освои 52,1 отсто од гласовите, а неговиот секуларен ривал Кемал Киличдароглу 47,9 отсто, покажуваат официјалните резултати.

Турскиот лидер со најдолг стаж се соочува со непосредни и големи предизвици во третиот мандат поттикнати од забавената економија и тензиите во надворешната политика со Западот.

Решавањето на економските проблеми во земјата ќе биде приоритет на Ердоган кој треба да се справи со инфлација од 43 отсто, делумно поради неговата неортодоксна политика на намалување на каматните стапки за да се поттикне растот.

Доцна вечер, претседателот треба да го претстави својот нов кабинет, а медиумите шпекулираат дека улога би можел да има поранешниот министер за финансии Мехмет Шимшек, компромисна личност со меѓународен статус.

Тројца Европејци вратени дома откако Иран ги ослободи во размена на затвореници

илустрација, затвор во Иран

Тројца Европејци се вратија дома на 3 јуни, еден ден откако беа ослободени од Иран во размена на затвореници. Техеран соопшти дека нема причина Европејците да бидат уапсени, доколку не биле ангажирани од странски безбедносни служби.

„Тројцата мажи, двајца со двојно австриско-иранско државјанство и еден Данец во петокот беа ослободени од Иран во замена за иранскиот дипломат Асадола Асади, како дел од размената во која Иран минатата недела го ослободи белгискиот хуманитарен работник Оливие Вандекастиле“, изјави портпаролот на белгиската влада.

Иран го ослободи хуманитарниот работник Вандекастиле по речиси 15 месеци поминати во притвор.

Иранскиот диплмат Асади пак, беше осуден во Белгија во 2021 година во врска со осуетен бомбашки заговор во Франција и осуден на 20 години затвор. Иран тврди дека обвиненијата против него се измислени.

Турција испраќа војници на Косово во рамки на мисијата на КФОР

Војник на КФОР во Звечан, јуни 2023

Турција планира да испрати војници во Косово во недела и понеделник како одговор на барањето на НАТО да се приклучи на мировните сили, КФОР, по немирите во северно Косово, објави денеска турското Министерство за одбрана.

Во соопштението, Министерството повика на воздржаност и конструктивен дијалог за решавање на кризата, која, според турските власти, може да ја загрози регионалната стабилност и безбедност.

„Нашите единици планираат да се ангажираат на Косово од 4 до 5 јуни“, соопшти Министерството.

Во меѓувреме четири невладини организации кои ги штитат правата на српската заедница во Косово - NSI, InTER, Aktiv и ACDC, упатија јавно писмо до Европската Унија, Соединетите Држави, Германија, Франција, Италија и Велика Британија, барајќи заштита на Србите во Косово.

Во „Апелот за мир“, кој го потпишаа повеќе од 100 лица од северот на Косово, овие организации изразија загриженост за, како што рекоа, „репресивната и агресивна акција на Владата на Косово и однесувањето на специјалните полициски сили на северот на Косово“.

Тие порачаа дека повикуваат на мир, како и на исполнување на нивните барања, меѓу кои се: повлекување на специјалните полициски единици од северот на Косово, отстранување на новите градоначалници Албанци од општинските згради во северните општини, распоредувањето на КФОР и ЕУЛЕКС на север, со цел да се гарантира безбедноста, формирање на Заедница на општини со српско мнозинство на Косово и организирање нови избори на северот.

Од 26 мај локалните Срби редовно протестираат во општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток со цел да се спротивстават на влегувањето на новите албански градоначалници во општинските згради.

На 29 мај демонстрантите се судрија со војниците на мировната мисија на НАТО - КФОР во Звечан. Тогаш 30 војници на мировните сили на НАТО, КФОР, беа повредени за време на конфликтот меѓу демонстрантите и органите на редот.

„Агентот на Путин“- во Софија протест против претседателот Радев

илустрација од протестот против претседателот Румен Радев, Софија, 2 јуни 2023 година

Над илјада демонстриранти во Софија, во петокот вечерта протестираа против претседателот Румен Радев, за кој велат дека промовира проруски ставови. Исто така, демонстрантите протестираа против неговите постапки минатата недела кои ги коментираат како пречка за формирањето на успешна коалициска влада.

Демонстрантите вееја знамиња на Бугарија, ЕУ и НАТО барајќи Бугарија да продолжи по својот прозападен пат.

Протестот е втор во оваа недела и се одржува под мотото „Бугарија е парламентарна република и полноправна членка на ЕУ и НАТО!“. На почетокот на неделата на истото место се собраа илјадници луѓе барајќи импичмент за Радев.


Претседателот предизвика негодување во јавноста оваа недела, откако го предаде вториот мандат на партијата ПП-ДБ, и притоа ја повика да не формира Влада. Така, тој се изјасни против формирањето владејачко мнозинство меѓу ПП-ДБ и ГЕРБ-СДС со премиерите Николај Денков и Марија Габриел.

Претходно двете коалиции постигнаа договор за формирање Влада, а неколку дена пред примопредавањето на мандатот пратеникот Радостин Василев од ПП-ДБ дистрибуираше снимка од состанокот на „Продолжуваме со промената“ и ги обвини учесниците во средбата за национално предавство.

По случајот, ГЕРБ привремено ги замрзна преговорите, а два дена подоцна ги обнови со услов за повторно преговарање. Во петокот и официјално го соопштија составот на Министерскиот совет кој во понеделник ќе му го претстават на Радев.

Многумина од присутните на протестот во петокот носеа плакати со натписи „Радев, слободно можеш да одиш на исток“, „Радев, агентот на Путин“, „Радев ја предаде европска Бугарија“ и др. Организаторите од иницијативата „Правда за сите“ повикаа на функционален парламент, редовна влада и реформи во судството.

На протестот учествуваа и пратениците од „Продолжуваме со промената - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) Јавор Божанков и Манол Пејков. Тие дадоа куси изјави за време на протестот, зборувајќи за нивните искуства во парламентот со пратениците од проруската партија „Преродба“.

„Најстрашното не се луѓето од „Преродба “ во парламентот, најстрашното се оние што ги поддржуваат нив“, рече Пејков на протестот.

Демонстрантите го обвинуваат Радев дека владее сам, го продолжува мандатот на службените кабинети и дека отворено се противи на формирање на нов проевропски кабинет. Претседателот назначи две преодни влади од падот на прозападната влада на Кирил Петков во летото 2022 година. Тие досега владееја вкупно речиси една година.

Од почетокот на војната во Украина, Румен Радев постојано зазема позиции кои се совпаѓаат со тезите на Кремљ. Тој се противи на воената помош и често зборува против санкциите против Русија.

Иран планира формирање поморски сојуз со земји од Заливот

илустрација, знамето на Иран

Иран, Саудиска Арабија и три други земји од Заливот планираат да формираат нов поморски сојуз, објавија денеска иранските медиуми. Преостанатите три земји од Заливот кои ќе учествуваат во алијансата се Обединетите Арапски Емирати, Катар и Бахреин.

Покрај тоа, во Алијансата се планира да учествуваат и Ирак, Индија и Пакистан.

„Земјите од регионот денес сфаќаат дека само со меѓусебна соработка можат да ја гарантираат регионалната безбедност“, се вели во соопштението на командантот на иранската морнарица Шахрам Ирани.

Командантот на иранската морнарица не даде детали каков точно ќе биде механизмот на дејствување на Алијансата, но истакна дека таа ќе биде формирана наскоро.

Иран неодамна се обиде да ги поправи заладените врски со неколку арапски земји од Заливот.

Во март, Саудиска Арабија и Иран ставија крај на седумгодишното непријателство, со посредство на Кина, нагласувајќи ја потребата за регионална стабилност и економска соработка.

Зближувањето на Саудиска Арабија со Иран ги спречи напорите на Израел дипломатски да го изолира Иран, оценува Ројтерс.

ОАЕ, првата арапска земја од Персискиот залив што потпиша договор за нормализација со Израел во 2020 година, ги обнови формалните односи со Иран минатата година.

Бахреин и Мароко подоцна им се приклучија на ОАЕ во воспоставувањето врски со Израел.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG