Достапни линкови

Вести

Шолц побара од Путин да објави прекин на огнот во Украина

Путин се сретна со Шолц на 15 февруари во Москва

Германскиот канцелар Олаф Шолц побарал од рускиот претседател Владимир Путин да нареди запирање на нападот врз Украина за да овозможи да се дојде до дипломатско решение, а истовремено да се избегне хуманитарна катастрофа.
Кабинетот на Шолц денеска соопшти дека двајцата лидери скоро еден час телефонски разговарале за „тековната војна во Украина и напорите за нејзино окончување“.

Не беа соопштени други детали, но Кремљ соопшти дека „руската страна е подготвена да продолжи да трага по решение во согласност со нејзиниот добро познат принципиелен пристап“.

Путин му рекол на Шолц дека Киев се обидува да ги одолговлекува мировните разговори, соопшти Кремљ, додавајќи дека Москва сè уште сака да продолжи со преговорите.

Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков изјави дека се очекува Путин денеска телефонски да разговара и со францускиот претседател Емануел Макрон.

Според германското Министерство за внатрешни работи, повеќе од 187 илјади Украинци избегале во Германија од почетокот на неиспровоцираната руска инвазија врз Украина на 24 февруари, иако експертите велат дека тој број веројатно е многу поголем со оглед на тоа што 2 милиони луѓе влегле во Полска, а голем дел од нив веројатно продолжиле кон Германија.

види ги сите денешни вести

ССМ денеска ќе протестира пред Министерството за труд

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Дарко Димовски на протест пред Министерството за финансии, 24 јуни, 2022.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска од 10 часот до 13 часот ќе протестира пред Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за да го изрази незадоволството од неисполнетото барање за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари во јавниот сектор.

Откако минатата недела не беше прифатен амандманот на ССМ во собраниската Комисија за финансирање и буџет, Претседателството на ССМ организираше протестни активности пред Владата и Собранието, а вчера наутро три часа ја блокираше крстосницата во Автокоманда за влез/излез од Скопје.

„Активностите ги пренасочуваме пред МТСП за да ја прашаме министерката Јованка Тренчевска каде исчезна социјалниот дијалог, ветувањето што ни го даде на 1 Мај и зошто не е прифатен амандманот во расправата за ребалансот на Буџетот. Тогаш ни ветија дека со ребалансот на Буџетот и Законот за извршување на Буџет овие средства можат да ги предвидат најдоцна до 1 јули. Тоа е за четири дена, а од тоа ни трага ни глас, рече претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

ССМ започна генерален штрајк во јавниот сектор на 22 јуни.

Временска прогноза - Сончево и топло, попладне невреме

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 21, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени. Вредноста на УВ-индексот 8.

Во Скопје ќе биде сончево и топло, а попладне ќе има умерен развој на нестабилна облачност. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 35 степени.

Според прогнозата на УХМР, следува период на топло време со дневни температури кои насекаде ќе бидат над 30 степени. Во среда ќе настапи преодно стабилизирање на времето, а во четврток и петок на повеќе места повторно ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град.

Жестока кавга во Собранието меѓу Адеми од ДУИ и опозициските пратеници од ВМРО ДПМНЕ

Расправа меѓу пратеници во собарниска седница за европски прашања

Жестока кавга меѓу претседателот на собраниската комисија за европски прашања и поранешен министер за образование Арбер Адеми со пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ се гледа на видеоснимката што ја објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков на социјалната мрежа Фејсбук.

Повод за жестоката кавга, на раб на физичко насилство, беше гласањето на дневниот ред, на кој се најде и Законот за работата на судовите, со кој се предлага работниот век на судиите да се продолжи до 67 години.

Кавга на раб на тепачка во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:24 0:00

Пратениците од Алијанса за Албанците и од ВМРО-ДПМНЕ се противат на ваквото решение. На снимката се гледа како пратениците Дафина Стојановска и Антинијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ се доближуваат до пултот на Адеми и му го тргаат микрофонот, по што тој го удира Милошоски по рака и фрла шише кон пратениците.

Мистерството за труд и социјала предлага продолжување на работен век на судиите до навршувањето 67 години со што би се продолжил работниот ангажман на 60 судии и 13 обвинители кои се на чекор до пензија.

Во видеото кое го објави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојанова се гледа дека кавгата настанала поради утврдување на дневниот ред според кој требало да заседава собраниската комисија.

Опозицијата обвини за насилничко однесување на Адеми.

„Вака се однесува претседателот на КЕП! Понижување, насилство и навреди во Собрание! Македонија наместо Европа стана див запад со „каубоите“ од власта“, вели Лефков.

Алијанса за Албанците реагираше дека власта се обидува да им го продолжи мандатот на „партиските судии и обвинителите од власта, преку шверцување на законот“. Антониот Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека Адеми не го почитувал Деловникот и не им дозволил на пратениците од опозицијата да предложат измени и дополнувања на дневниот ред.

ДУИ ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците дека вршат насилство „со цел да го заштитат криминалот“. СДСМ, пак, соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да им се продожи мандатот на судиите за да има неефикасни судови „за да го заштитат криминалот“.

Денеска Собранието имаше набиена агенда со закажани неколку седници.

Литванија е мета на хакерски напади

Илустрација

Министерството за одбрана на Литванија денеска соопшти дека државни и приватни интернет страници во земјата денеска биле привремено соборени поради хакерски напад.

Одговорноста наводно ја презела проруска хакерска група.

Врз обезбедената национална мрежа на податоци бил извршен ДДоС напад.

Нападнатите интернет страници биле вратени во функција по неколку часа.
Инцидентот се случува една недела откако руски претставници се заканија со реакција, зашто Литванија го ограничи транзитот на стоки од Русија кон нејзината ексклава Калининград.

Москва ја обвини Литванија и ЕУ за кршење на меѓународните договори и се закани со „недипломатски“ одговор. Локалните власти во Литванија предупредија дека веројатно ќе следат хакерски напади.

Грција за 72 часа спречила над илјада бегалци и мигранти да влезат во земјата по морски пат

Архивска фотографија: Брод со мигранти пристигнува на Лезбос

Во вкупно 24 случаи околу 1.130 бегалци и мигранти со чамци се обиделе да влезат во грчките територијални води во морските делови кај островите Лезбос, Хиос, Самос, Кос и Родос, во периодот од петокот наутро до утрово, соопштија од грчката крајбрежна служба, јави дописничката на МИА од Атина.

Додаваат дека повеќе од половина, односно 16 од случаите биле во близина на островот Лезбос.

Во сите случаи патролните бордови на крајбрежната служба реагирале и по навременото откривање, ниту еден од чамците не навлегол во грчките територијални води, а патниците биле преземени од турската крајбрежна служба.

Руски проектили погодиле преполн трговскиот центар во централна Украина

Руски проектили погодиле преполн трговски центар во централниот украински град Кременчук

Најмалку две лица загинале, а 20 се повредени, од кои девет потешко, откако руски проектили погодиле преполн трговски центар во централниот украински град Кременчук, изјави Кирил Тимошенко, заменик шеф на Кабинетот на украинскиот претседател.

Претходно украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека бројот на жртви е „незамислив“, повикувајќи се на извештаите дека во трговскиот центар кога се случил нападот имало повеќе од 1000 луѓе.

Тој вели дека метата не претставувала „никаква закана за руската војска“ и дека нема „стратешка вредност“. Зеленски ја обвини Русија дека се обидува да го саботира обидот на луѓето да живеат нормален живот, а тоа толку многу ги лути окупаторите.

Градот Кременчук се наоѓа во украинската област Полтава.

Украинските власти претходно денеска соопштија дека градот Лисичанск е цел на руски напад. Градот е последното украинско упориште во источната област Луганск. Нападите доаѓаат во време кога западните лидери на Самиот на Г7 во Германија ветија дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина.

Претседателката на Молдавија во посета на Украина

Молдавската претседателка Маја Санду и украинскиот претседател Володимир Зеленски

Молдавската претседателка Маја Санду денеска е во прва посета на соседната Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари. Таа ги посети Буча и Ирпин, места на наводни руски злосторства против цивилите.

„Без оглед на економската цена, без оглед на политичката цена, ние треба да ја запреме војната и треба да се погрижиме ваквите злосторства никогаш да не се повторат“, рече таа.

Санду соопшти дека е трогателно да се слушаат извештаи од сведоци и жртви на војната.

„Останав без зборови од нивото на насилство и уништување што го видовме“, напиша Санду на Твитер.

„Тоа е незамислива трагедија и ние од сè срце му посакуваме на храбриот и несебичен украински народ мир, слобода, просперитет и живот по сопствен избор“, напиша таа.

Таа се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Посета на Санду на Украина доаѓа неколку дека откако двете земји добија кандидатски статус за членство во ЕУ, што е историски чекор за овие поранешни советски републики.

Молдавија прими голем број украински бегалци од почетокот на руската воена инвазија на 24 февруари.

НАТО го зголемува бројот на војници за брз одговор на 300 илјади

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата ќе го зголеми бројот на сили за брзо реагирање од 40 илјади на над 300 илјади војници како одговор на руската инвазија врз Украина.

„Ќе ја зајакнеме нашата напредна одбрана... Ќе ги трансформираме силите за одговор на НАТО и ќе го зголемиме бројот на нашите сили во висока готовност на над 300 илјади“, изјави Столтенберг.

Силите за одговор на НАТО во моментов имаат околу 40 илјади војници.
Самитот на Алијансата во Мадрид, кој ќе се одржи на 28 и 29 јуни, исто така ќе го промени јазикот на НАТО кон Русија, кој сега ја смета Русија како стратешки партнер. Тој јазик е во сила од 2010 година.

„Тоа нема да биде случај во стратешкиот концепт што ќе го договориме во Мадрид“, рече Столтенберг.

„Очекувам сојузниците јасно да кажат дека Русија претставува директна закана за нашата безбедност, за нашите вредности и за меѓународниот поредок заснован на правила“, рече тој.

Вархеји - Нема веќе пречки за Северна Македонија, Бугарија го прифати решението

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји изјави дека првата меѓувладина конференција на ЕУ со Северна Македонија и Албанија може да се одржи во наредните денови, јави дописничката на МИА од Брисел.

„Многу напори се направени за да се надмине спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сега е време сите чинители да го направат последните чекор. Имам големи надежи дека меѓувладината конференција со Албанија и Северна Македонија може да се одржи за неколку дена. Овие земји испорачаа сѐ е што е побарано од нив. Тие се подготвени, треба и ние да бидеме. Имаме решение на маса кое е одобрено од бугарскиот парламент. Сите пречки се надминати, ЕУ треба да напредува“, изјави Вархеји.

Тој истакна дека ЕУ е решена да го внесе целиот регион во ЕУ и дека земјите од Западен Балкан ќе бидат интегрирани во сите механизми за ублажување на кризите, вклучително и за безбедност на храна и за набавка на гас.

Бугарија го прифати францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции во кој се вметнати речиси сите бугарски барања. Македонските власти оценија дека предлогот е неприфатлив.

Бугарија го блокира почнувањето преговори на Македонија со ЕУ со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Русија санкционираше 43 канадски граѓани како возвратна мерка

Протест за поддршка на Украина во Канада во јануари годинава

Русија воведе санкции за 43 канадски граѓани, вклучително и федерални и регионални функционери, членови на либералната партија на премиерот Џастин Трудо и јавни личности, како одговор на сличните чекори преземени од страна на Канада против руски функционери и бизнисмени и нивните семејства.

Министерството за надворешни работи во Москва на 27 јуни соопшти дека им забранило на канадските граѓани, вклучително и Сузан Кауан, шеф на Либералната партија на Канада, да влезат во Русија.

Минатиот месец, Канада воведе санкции за десетици руски поединци, вклучително и олигарси и лица блиски до Кремљ и Министерството за одбрана на Русија, како и неколку руски компании, поради тековната неиспровоцирана инвазија на Русија на Украина.

Откако Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари, многу западни земји, вклучително и Канада, воведоа опсежни санкции кон Москва. Овие мерки вклучуваат исклучување на неколку руски банки од системот за глобални финансиски пораки SWIFT, ембарго на рускиот извоз, ограничувања на инвестициите, замрзнување на имотот на владините функционери и нивните семејства и забрани за патувања за многу високи руски функционери.

БЕГ остана без лиценците за дистрибуција и снабдување со топлинска енергија

Илустрација

Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи“ ДООЕЛ Скопје и „Снабдување со топлина Балкан Енерџи“ ДООЕЛ Скопје повеќе немаат лиценца за вршење на енергетска дејност дистрибуција и снабдување на топлинска енергија од страна на регулиран производител, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

На главна седница на РКЕ донесени се одлуки со кои престануваат да важат одлуките за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност снабдување, односно дистрибуција на топлинска енергија на компанијата БЕГ.

Од РКЕ потсетуваат дека претходно донеле одлука и за престанок на лиценцата за производство на топлинска енергија.

По ова треба да се спроведе постапка за избор на вршител на енергетска јавна дејност, производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. Откако ќе биде извршен изборот, РКЕ ќе издаде соодветни лиценци, наведуваат од РКЕ.

Сè до завршувањето на процедурата, БЕГ законски е обврзана да ја врши јавната дејност – производство, дистрибуција и снабдување на топлина, по што обврската ќе ја преземе компанијата што ќе биде избрана во постапката спроведена од Владата, стои во соопштението на РКЕ.

МЗ - Граѓаните да се заштитат од сонцето

Граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита на здравјето, а особено да внимаваат и да преземаат соодветни мерки за заштита од УВ зрачењето, апелира Министерството за здравство поради високите температури кои деновиве ја зафатија територијата на државата.

„Доколку УВ индексот е повисок од 8, задолжително да се користи крема со заштитен фактор и капа, како и да се внимава движењето надвор да биде во сенка. УВ зрачењето и топлината се најсилни во периодот помеѓу 10 и 14 часот и се препорачува во тој период да биде што е можно помала изложеноста на сонце. Воедно, посетителите на плажа треба да имаат предвид дека белиот песок и другите светли површини рефлектираат УВ зрачење и може двојно да ја зголемат изложеноста на зрачењето“, наведува Министерството во соопштение.

Министерството за здравство потсетува на општите препораки за заштита на здравјето:

  • Во текот на екстремно топли денови, да се остане повеќе во затворени простории, под клима, а доколку е неопходен престој на отворено, да се најде можност за одмор под сенка.
  • Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа. За сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
  • Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. Воедно, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
  • При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
  • Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката, а ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер. Се препорачува да се избегнуваат производи кои не се термички обработени.
  • На хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Зеленски до Г7 - Војната да заврши пред да почне зимата

Германија - Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се обраќа на лидерите на Г7 преку видео врска за време на нивната работна сесија на 27 јуни 2022 година

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски ги повика лидерите на Г7 да направат сè што е во нивна моќ за да се стави крај на руската инвазија на неговата земја до крајот на годината.

Зеленски во видео обраќање до лидерите на земјите од Групата најразвиени земји Г7, кои одржуваат состанок во Германија, рече дека сака војната да заврши пред да започне зимата. Тој во обраќањето побара системи за противвоздушна одбрана, повеќе санкции за Русија и безбедносни гаранции. Зеленски, исто така, побара помош за извоз на жито од Украина и помош за обнова.

Белата куќа на 27 јуни соопшти дека Соединетите Држави и нивните сојузници од Г7 планираат понатамошни активности за поддршка на Украина и санкции против Русија поради нејзината инвазија на нејзиниот сосед.

На самитот кој завршува утре, Г7 се очекува да издаде изјава за поддршка на Украина, вклучително и нови обврски за санкции.

За три дена нови 180 ковид-позитивни

Во изминатите три дена регистрирани се 180 нови случаи на ковид-19 од направени 2.880 тестови. Оздравени се 153, а починати нема, соопшти денеска Министерството за здравство.

Во Скопје се евидентирани 118 ковид-позитивни, Охрид 12, Кавадарци 8, Тетово 6, Битола и Струмица по 5, Штип и Неготино по 4, Прилеп и Кочани по 3, Куманово, Велес, Гостивар и Кичево по 2, Струга, Ресен, Радовиш и Делчево по 1.
Од вкупниот број на позитивни, 29 реинфекции.

Во текот на изминатите 3 дена (од 24 до 26.06.2022) не е пријавено ниту едно починато лице. Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин не се регистрирани починати лица.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 313.540, бројот на оздравени пациенти е 303.648, на починати е 9.322, а бројот на активни случаи изнесува 570.

МНР - Макрон уверува дека ненамерно згрешил со „Северномакедонци“

Белгија - Францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на состанокот на лидерите ЕУ-Западен Балкан, во Брисел, Белгија, 23 јуни 2022 година.

Направена е ненамерна грешка при употребата на придавката за граѓаните на Северна Македонија, вакво уверување денеска дал Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон во телефонски разговор со министерот за надворешни работи Бујар Османи, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).

Од Министерството велат дека покрај редовната комуникација со амбасадата на Франција во земјава, министерот имал телефонски разговор со Кабинетот на претседателот Макрон.

Од таму го потврдиле официјалниот став на Франција за целосно почитување на официјалното име на државата, државјаните на Северна Македонија, како и соодветните придавки, на начин како тие се дефинирани и прифатени во Обединетите нации, согласно Преспанскиот договор.

Францускиот претседател Емануел Макрон за време на дводневниот самит на ЕУ во Брисел минатата недела во два напрати граѓаните на земјава ги нарече Северномакедонци.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG