Достапни линкови

Вести

Лавров: Преговорите не се лесни, но има надеж за компромис

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва ќе ги притисне своите барања Украина да се откаже од кандидатурата за влез во НАТО, да усвои неутрален статус и да се „демилитаризира“. Тој посочи дека мировните преговори со Украина кои продолжуваат денеска не се лесни, но додаде дека постои надеж за компромис.

„Се водам од оценките дадени од нашите преговарачи. Тие велат дека преговорите не се лесни од очигледни причини. Но, сепак, постои некаква надеж за постигнување компромис“, рече Лавров.

Членот на украинската делегација Михајло Подољак, кој е советник на претседателот Зеленски по вчерашните преговори рече дека има „суштински противречности“ за окончување на рускиот воен напад врз Украина, но оти компромис е можен. Руската инвазија вр Украина започна на 24 февруари.

види ги сите денешни вести

Зеленски ја отфрли идејата за примирје за време на Олимписките игри

Претседателот на Украина Володимир Зеленски (архивска фотографија)
Претседателот на Украина Володимир Зеленски (архивска фотографија)

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли идејата за „прекин на огнот“ во војната со Русија за време на Олимписките игри во Париз, за што се залага францускиот претседател Емануел Макрон.

Тој додаде дека примирјето „ќе му користи на непријателот“.

„Да замислиме за момент дека има прекин на огнот. Прво, ние не му веруваме на рускиот претседател Владимир Путин. Второ, тој нема да ги повлече своите војници. Трето, кој гарантира дека Русија нема да ја искористи можноста да ја донесе својата војници на нашата територија“, рече Зеленски во интервју за Агенцијата Франс Прес.

Макрон повикува на светско примирје за време на Олимпијадата. Париз е домаќин на Летните олимписки игри од 26 јули до 11 август.

Зеленски, исто така, рече дека очекува руската армија да ја прошири офанзивата на северот и истокот на Украина со цел да го заземе Харков.

„Тие започнаа операција која може да се состои од неколку бранови, а ова е првиот бран“, рече Зеленски.

Тој посочи дека и покрај руските напредувања во регионот Харков во последните денови, ситуацијата за украинските сили е подобра отколку пред една недела, кога силите на Кремљ ненадејно ја преминаа границата.

Според украинскиот претседател, Русија сака да го нападне Харков, вториот по големина град во земјата.

Зеленски рече дека кога станува збор за системите за противвоздушна одбрана, Украина денес има „25 отсто од она што и е потребно за да ја одбрани Украина“.

„На Украина ќе и требаат 120 до 130 Ф-16 или други борбени авиони за Русија да нема воздушна супериорност. Се наоѓаме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната, но, во исто време не сака Украина да изгуби“, смета украинскиот претседател.

Според АФП, Русија го постигна најголемиот територијален напредок од крајот на 2022 година, со околу 257 квадратни километри освоени само во регионот Харков.

Најмалку три лица загинаа, а 28 се ранети во бомбардирањето на Харков во петокот попладне, изјави градоначалникот Игор Терехов.

Во Авганистан најмалку 50 лица загинаа во новите поплави

Слика по поплавите во авганистанската провинција Баглан, 12 мај 2024 година.
Слика по поплавите во авганистанската провинција Баглан, 12 мај 2024 година.

Најмалку 50 луѓе загинаа во нови силни дождови и поплави во централен Авганистан.

Засега нема прецизни информации колку лица се повредени во поплавите предизвикани од дождот што почна во петокот и предизвика прекин на сообраќајот на многу патишта во провинцијата Гор.

Во оваа област, 2.000 куќи беа целосно уништени, 4.000 беа оштетени, а повеќе од 2.000 продавници беа под вода во Фероз-Кох, главниот град на покраината.

Минатата недела поројните поплави предизвикани од обилните дождови опустошија села во северен Авганистан, при што загинаа 315 луѓе, а повеќе од 1.600 беа повредени, соопштија властите.

Авганистан често е изложен на природни катастрофи, а Обединетите нации ја сметаат за една од земјите најранливи на климатските промени.

Сите седум тужби од „Европски фронт“ се неосновани, одлучи Управниот суд

Управен суд - Скопје
Управен суд - Скопје

Управниот суд синоќа ги отфрли како неосновани сите седум тужби од коалицијата „Европски фронт“ против решенијата на Државната изборна комисија (ДИК) за прегласување на парламентарните избори.

Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.

Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на парламентарните избори. За сите беа оформени предмети и закажани во текот на вчерашниот ден.

Од коалицијата „Вреди“ ги поздравија одлуките на Управниот суд.

„Оваа одлука уште еднаш докажува дека надежта за граѓаните во државата доаѓа, а манипулациите и криминалот на оваа хибридна моќ паѓаат“, се вели во нивното соопштение.

Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.

Претходно, ДИК на 104 седница ги разгледа приговорите поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај.

Од вкупно 27 поднесени приговори - девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица, прифатени беа седум и тоа шест во петтата изборна единица и еден во шестата изборна единица.

Тошковски: Уапсена вработена во МВР - земала 12.500 евра за наводно посредување за социјални станови

Панче Тошковски
Панче Тошковски

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски на неговиот Фејсбук профил објави дека вработена во МВР како виш аналитичар во скопска полициска станица е лишена од слобода под сомнение за сторено кривично дело измама. Вработената се товари дека измамила три лица за наводно посредување за добивање социјални станови.

„Наведеното лице е фатено на лице место во моментот на примопредавање на 12 500 евра, претходно криминалистички обработени кои ги прибавила за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија. Во врска со кривичното дело извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената при што е пронајдена пообемна сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело во вид на разни документи за кои постои сомневање дека се фалсификувани, разни договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи“, објави Тошковски на неговиот Фејсбук профил.

Како што наведува техничкиот министер, при извршен претрес во дом и други простории кои ги користи лицето И.М. лоцирани во Општина Сарај, било пронајдено и огнено оружје со шест парчиња муниција, кое оружје и муниција најверојатно ги поседува без дозвола, за што известено е и Одделението за недозволена трговија со оружје при СВР Скопје заради преземање на дополнителни мерки.

Тошковски пишува и дека МВР ќе продолжи со преземање на мерки и активности насочени кон испитување на евентуална поврзаност на наведеното лице со други високи полициски службеници.

Десетици повредени во насилство во Бишкек

Демонстрации во Бишкек
Демонстрации во Бишкек

Киргистанската влада соопшти дека 28 лица се повредени, меѓу кои и тројца странци, во инцидент што се случи во Бишкек ноќта меѓу 17 и 18 мај.

Насилството било предизвикано од видео снимка што кружеше на социјалните мрежи од тепачка во дворот на хостел во Бишкек во која учествувале „странци“.

Шефот на Државниот комитет за национална безбедност на Киргистан, Камчибек Ташиев рече дека по тепачката вечерта на 17 мај, 500-700 локални граѓани на возраст меѓу 18 и 25 години се собрале во центарот на градот за да протестираат како што велат поради зголемување на бројот на мигранти кои работат во Киргистан.

Полицијата за борба против нереди опколи делови од градот каде што се собраа демонстрантите.

Ташиев рече дека Киргистан се бори со приливот на илегални мигранти кои доаѓаат во земјата, главно од Пакистан и Бангладеш, додавајќи дека многу од нив „го прекршуваат законот“.

„Идентификуваме најмалку 20-30 или 50 илегални мигранти дневно и се обидуваме да ги протераме од земјата. Врз основа на официјалната статистика, повеќето од странците кои го прекршуваат законот се државјани на Пакистан и Бангладеш. Од нив, вративме околу 1.500 луѓе од Пакистан и околу 1.000 луѓе од Бангладеш во нивните земји“, изјави тој.

Министерот за здравство, Алимкадир Беишеналиев рече дека тројца странски државјани по судирите се на лекарска помош во болница, без да ја каже нивната националност.

Исто така, пакистанската амбасада соопшти дека 14 пакистански државјани се повредени во инцидентот, но ги негираше информациите дека тројца Пакистанци се убиени.

Лагумџија: Усогласен конечен текст на резолуцијата за геноцидот во Сребреница

Златко Лагумџија (архивска фотографија)
Златко Лагумџија (архивска фотографија)

Амбасадорот на Босна и Херцеговина во Обединетите нации (ОН) Златко Лагумџија во петокот објави дека е усогласен конечниот текст на резолуцијата за геноцидот во Сребреница.

Измените во текстот на резолуцијата се однесуваат на делот - по „според меѓународното право“ и пред „не е колективна“, сега се пишува зборот „индивидуална“, рече Лагумџија, кој конечниот текст на резолуцијата го даде на Радио Слободна Европа.

„Молчевме пред негаторите на геноцидот додека тие славеа и закажуваа, а потоа ги откажуваа непостоечките седници на Генералното собрание на ОН, како и додека тие „се пресметуваа“ со резолуцијата за геноцидот во Сребреница од 1995 година пред да ја прочитаат и додека текстот не беше ни завршен“, објави Лагумџија во објава на мрежата Икс.

Како што изјави, „ нив ги мачеше само еден збор – геноцид“.

„Сребреница е вратена на глобалната сцена во последните месеци - симбол на борбата за правда, вистина, помирување, учење, спречување на геноцидот и на крајот симбол на борбата против негирањето на геноцидот. Никој не може да избега од тоа веќе“, порача Лагумџија.

Како што наведе, усогласената конечна верзија на резолуцијата, која на 23 следниот четврток (23 мај) ќе им биде претставена на сите членки на ОН „не доведе до уште подобро „испеглан“ текст со два амандмани кои станаа интегрален дел од документот за кој ќе се гласа“.

„Првиот амандман ги покренува аргументите на лажните патриоти кои промовираат непостоечка вина на „нациите од геноцид". Текстот гласи: „Повторуваме дека кривичната одговорност според меѓународното право за злосторството геноцид не може да се однесува на ниту една етничка, религиозна или друга заедница како целина“, наведе амбасадорот на БиХ во Обединетите Нации.

Кога станува збор за вториот амандман, „вториот укажува на зајакнување на единството во различностите, што не е само мотото на Европската унија, туку и природата на нашата земја како европска држава заснована на такви традиции. Текстот гласи: „Ја повторуваме нашата цврста определба за одржување и зајакнување на единството во различностите во Босна и Херцеговина“, наведува Лагумџија во објавата на мрежата Икс.

Тој потоа го сподели конечниот текст на резолуцијата, со порака: „Направивме се што знаевме и можевме. Нема да застанеме. Ви благодариме на сите што беа со нас“.

На 23 мај, Генералното собрание на ОН ќе гласа за предлогот за резолуција за прогласување на 11 јули за „Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година“.

Резолуцијата се повикува на фактите утврдени со пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Меѓународниот суд на правдата, како и на домашните судови за геноцид на најмалку 8.372 Бошњаци и други воени злосторства во регионот на Сребреница, повеќе од 50 луѓе беа осудени на околу 700 години затвор.

Пресудите, меѓу другото, го осудуваа на доживотен затвор воениот претседател на ентитетот Република Српска и врховниот командант на армијата на Република Српска, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.

Временска прогноза - топло и облачно, можно невреме со врнежи и град

Илустрација
Илустрација

Сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне и кон крајот на денот наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за појава на краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град, соопштија од Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).

Во Скопје ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Максималната температура ќе достигне 27 степени. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме, најавуваат од УХМР.

Изгласана новата Влада на Хрватска

Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска, 17 април 2024 година.
Андреј Пленковиќ, премиерот на Хрватска, 17 април 2024 година.

Хрватска во петокот вечер доби нова влада, откако парламентот и изгласа доверба на третата влада која ќе ја предводи актуелниот премиер Андреј Пленковиќ од Хрватската демократска заедница (ХДЗ).

По целодневна, десетчасовна дебата, 79 претставници гласаа за поддршка на владата на ХДЗ и Движењето Татковина, еден беше воздржан, а 61 беа против.

Претседателот и членовите на Владата се заложија совесно и чесно да ја извршуваат својата должност, да ги почитуваат Уставот, законите и правниот поредок и да се залагаат за напредок на државата.

Во петокот пред Собранието беше претставена четиригодишната програма на новата Влада, која се заснова на пет приоритети - успешна, витална, праведна, одржлива и суверена Хрватска.

Во новиот мандат, Владата на Пленковиќ најавува просечна нето плата од 1.600 евра, минимална бруто плата од 1.250 евра и отворање на 125.000 нови работни места.

Се предвидува и олеснување на стопанството за дополнителни 135 милиони евра неданочни и парафискални давачки, поттикнување на приватни истражувачки и развојни проекти во износ од над 250 милиони евра. Шест милијарди евра ќе се инвестираат во железничката инфраструктура во следните десет години за модернизирање на железничкиот транспорт.

Третата влада на Пленковиќ, исто така, планира да ја удвои еднократната финансиска поддршка за новороденче, на мајките да им даде една година пензија за секое родено дете и да го зголеми финансискиот надоместок за користење на правото на родителско отсуство за вработени и самовработени родители.

До крајот на мандатот, пензиите се предвидува да се зголемат за најмалку 30 отсто, а просечната пензија ќе изнесува најмалку 750 евра.

Новата влада, наместо досегашните 16, ќе има 18 министерства и седум потпретседатели.

Четворица повредени во судир на патнички и товарен воз во Белград

Властите велат дека нема жртви во несреќата.
Властите велат дека нема жртви во несреќата.

Неколку лица се повредени во судар на патнички и товарен воз во Белград, потврди за Радио Слободна Европа компанијата Инфраструктура на железници на Србија.

Српското Министерство за внатрешни изјави за РСЕ дека несреќата се случила денеска нешто пред 19 часот во тунелот Вуков споменик-Панчевачки мост.

„Најдобрата вест е дека нема жртви“, изјави министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, кој пристигна на местото околу 20 часот.

Пожарникари на местото каде се судрија товарен и патнички воз во Белград.
Пожарникари на местото каде се судрија товарен и патнички воз во Белград.

Министер за транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, изјави дека нема повреди опасни по живот, а дека четворица од повредените се задржани во белградскиот Ургентен центар, додека деветмина од полесно повредените по прегледите се пуштени дома.

„Според првите информации, композицијата „Беовоз“ поминала низ безбедносното светло и дошло до несреќа. Но, треба да се почекаат резултатите од истрагата кои и официјално ќе ги покажат причините за судирот“, изјави Весиќ.

Полициски службеници и итна медицинска помош на местото каде се судтија товарен и патнички воз во Белград,
Полициски службеници и итна медицинска помош на местото каде се судтија товарен и патнички воз во Белград,

Сите расположливи екипи на белградската Итна помош излегоа на лице место.

На терен се и пожарникарско-спасувачки екипи со повеќе возила.

Израелската армија пронашла тела на тројца заложници кои биле убиени на музичкиот фестивал

Израелски војник среде тековниот конфликт меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас.
Израелски војник среде тековниот конфликт меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас.

Израелската војска денеска соопшти дека нејзините војници во Газа пронашле тела на тројца израелски заложници кои биле киднапирани од Хамас за време на нападот на 7 октомври. Хамас е организација која е прогласена за терористичка од страна на САД и ЕУ.

Армијата го идентификуваше телото на 22-годишниот Шани Лук, со израелско-германско потекло. Останатите две пронајдени тела се на 28-годишната жена Амит Бускила и на 56-годишниот маж Ицак Гелерентер.

Воениот портпарол Даниел Хагари рече дека сите тројца биле убиени од Хамас на музичкиот фестивал Нова - забава на отворено која се одржуваше во близина на границата со Газа, а нивните тела биле однесени на палестинска територија.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја нарече смртта на овие луѓе „срцепарателна“.

„Ќе ги вратиме сите наши заложници, и живи и мртви“, рече тој.

Војската не соопшти детали каде се пронајдени нивните тела. Израел оперира во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, каде што соопшти дека има разузнавачки информации дека се држат заложници.

Милитантите предводени од Хамас во нападот на 7 октомври убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, а киднапираа околу 250 други.

Оттогаш, околу половина од нив се ослободени, повеќето во замена за палестински затвореници кои ги држеше Израел, за време на еднонеделното примирје во ноември.

Израел соопшти дека околу 100 заложници се уште се заробени во Газа, заедно со телата на уште околу 30.

Во израелската кампања во Газа убини се повеќе од 35.000 Палестинци од напад на 7 октомври наваму, според здравствените власти во Газа, со кои управува Хамас.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG