Достапни линкови

Пробивањето на булеварите може да го намали сообраќајниот метеж во Тетово


Булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово.

Продолжувањето на булеварите во Тетово е приоритет и за оваа година, вели градоначалничката Теута Арифи. Инженерот Валентин Тасески предупредува дека улиците само ќе се продолжат, но ако тие не водат кон автопати и регионални патишта, ќе се постигне мал ефект и нема да се реши сообраќајниот хаос.

Сите четири булевари во Тетово почнуваат или завршуваат на крстосници со двонасочни улици и на тој начин тие места веќе долги години претставуваат таканаречени црни точки, каде има огромен сообраќајниот метеж. Исто така со години траат најавите на локалните власти дека барем два од булеварите ќе се продолжат, односно пробиваат.

Како и неколку години наназад така и за 2020 година тетовската градоначалничка Теута Арифи најавува дека ќе се работи на тоа булеварите да бидат подолги.

„Во 2020 година рано напролет ќе продолжиме со работа во општина Тетово. Ќе продолжиме со градежните работи за пробивање на булеварот Индустриска од Спортскиот центар до градската касарна, што ни е многу важен проект, со кој веќе имаме средено и имаме поддршка од Светската банка. Исто така ќе го дооформиме и ќе ја довршиме експропријација во однос на процедурите за отворање и пробивање на булеварот „Благоја Тоска“, изјави градоначалничката Теута Арифи.

Булеварот Видео Смилевски-Бато во Тетово.
Булеварот Видео Смилевски-Бато во Тетово.

Инженерот Валентин Тасески, предупредува дека продолжувањето на булеварите во Тетово само ќе го повтори создавањето на ситуација на таканаречена слепа улица. Аргументира дека булеварите ќе бидат продолжени, но нема да значат и излез од градот кон автопати или регионални патишта.

„Станува збор за Видео Смилевски-Бато односно Индустриска за кој е извесно дека општина решила да го отвора. Меѓутоа факт е дека со таквото отворање нема да се постигне или ќе се постигне многу мал ефект од причина што продолжувањето е само 500 метри односно до касарната со што не се решава на долги стази и ефикасно, гужвата во градот и евентуалните последици по загадувањето на воздухот“, рече Тасески.

Откако ќе го напуштат кој било од булеварите, возачите и понатаму ќе мора да се движат низ двосмерни улици во Тетово.

„И сигурно дека таквата состојба со нив многу придонесува за сообраќајната гужва во градот, тука е она што значи недоволна организираност на едносмерен сообраќај и најмногу на она што значи немање на јавен превоз. Општината во неколку наврати најавува продолжување на еден, два па дури и сите три булевари“, вели Тасески.

Најдолгиот булевар Илинденска е со должина од 2900 метри, булеварот Видео Смилевски Бато 2300 метри како и Мaршал Тито со 1.900 метри. На улицата Благоја Тоска постои делница од 1200 метри уредена како булевар. Тие се главната сообраќајна мрежа во Тетово и околината за над 35 илјади регистрирани возила и уште околу пет до седум илјади за колку што се вообичаено се пресметки дека има нерегистрирани.

XS
SM
MD
LG