Достапни линкови

Џугуманов – Директно вмешување на НАТО во Украина може да доведе до Трета светска војна


Џугуманов - Светот го очекува нова потензична Студена војна
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:00 0:00

Џугуманов - Светот го очекува нова потензична Студена војна

Западот дава поддршка од страна, меѓутоа не би се вклучиле во никоја фаза од конфликтот директно во Украина, главно поради тој момент од употребата на нуклеарното оружје, бидејќи секое директно вмешување на Западот во Украина би можело да значи Трета светска војна, вели Илија Џугуманов од Евроатлантскиот совет на Македонија во неделното интервју на Радио Слобода Европа.

Господине Џугуманов, колку е добро што во моментов Македонија е членка на НАТО со оглед на ситуацијата во Украина?

Од безбедносен аспект членството во НАТО значи премногу за земјава. Изразувам сочувство за жртвите и за сè она што се случува во Украина, но јас лично можам да кажам дека овие денови многу помирно станувам наутро од фактот што пред две години станавме членка на најмоќната воена алијанса. Главно тука би алудирал на Членот 5 кој се однесуваа на колективната безбедност, односно нападот на една земја членка на НАТО, без разлика на големината или карактерот, значи напад врз целиот НАТО и оттука сметам дека сме во една алијанса која влева безбедност во последните 70 години.

Во 2018 година, пред Македонија да стане членка на НАТО, Русија предупреди дека членството на земјава може да има негативни последици за регионалната безбедност и дека проширувањето на НАТО „претставува можеби најсериозен предизвик за општата европска стабилност и безбедност“. Како од денешен аспект гледате на овие предупредувања, особено по кризата во Украина?

Точно така. Одреденото ширење или експанзијата на НАТО до одредена мера ја стави на тест и под знак прашање – што понатаму со руската надворешна политика и како да се постави спрема оваа експанзија. Прашањето во 2008 година можеби следеше на онаа претходница која се случуваше при членството на Црна Гора во НАТО каде што, каде што сметам дека и руските структури на терен, меѓутоа и самите изјави беа порадикални и самата Црна Гора помина низ еден потежок процес на интеграција кон алијансата. Точно е дека изјавите се вжештија кога стана јасно дека по Преспанскиот договор нашата земја и официјално ќе стане членка на НАТО. Имаше закани дека ќе следи реципроцитет, дека ќе следат одредени санкции, меѓутоа политичките односи меѓу нашата земја и Русија никогаш не биле на високо ниво, пред сè тука би ја спомнал економската соработка која треба да биде главниот акцент во билатералната соработка со Руската Федерација. Директно можеби не ги осетивме тие закани и последици, но еве гледаме дека руските фрустрации на паѓањето или намалувањето на влијанието на Русија во светот, доведе до ова што се случува денес, односно стравот дека НАТО би дошла сè поблиску до границите на Русија, можеби е една од главните причини за ова што ни се случува денес.

Македонија за украинската криза постапува според одлуките кои ги носат ЕУ и НАТО: воведе санкции кон Русија, забрани руски летови, им беше и укажано на кабелските оператори да ги исклучат руските канали. Како ги оценувате овие одлуки?

Одлуките беа природни. Нашата земја уште во 90-те години се одлучи за оваа евроатлантска агенда, односно да се приклучи кон западните либерални демократии. Заседанието на Обединетите нации покажа дека на едната страна имаме 141 земја кои ја осудуваат интервенцијата во Украина и само пет земји, вклучително Русија, кои го поддржуваат таквиот чекор. Така што сметам дека одлуката која ја донесовме во однос на санкциите и на сите лимитирања беше природна. На глобално ниво, не се согласувам со лимитирање на медиуми, односно со цензура во медиумскиот простор, иако самата слика, и во земјава, во регионот и на светско ниво, со оваа дезинформациска војна, иако е премногу комплицирана за општата јавност, сепак сметам дека секој треба да ги види и двете страни и да изгради свое мислење, бидејќи ваквите чекори дополнително поттикнуваат фрустрации кај одредени луѓе кои се малку поскептични во однос на нашата европска агенда.

Дали после оваа „жешка војна“ може да се очекува нова Студена војна?

Ако ме прашувате лично, јас би го ставил под прашање и завршувањето на првата Студена војна во 90-тите години, односно во 1989 година, бидејќи по самото завршување на таа Студена војна, односно согласноста од двете страни, веќе имавме веднаш после тоа изјава од американскиот претседател дека Америка победи во Студената војна. Сметам дека тоа вооружување или јакнење на двете страни уште од 90-тите години не е престанато. Во изминатите години имаме многу примери кои докажуваат дека, би рекол, билдањето од двете страни не застанува и продолжува. Тука исто би го напоменал и немањето договори за користење на нуклеарното оружје, што дополнително ни покажува дека светот е во една тензична ситуација. По самата криза, во зависност кога ќе заврши и каков ќе биде барем овој воен епилог, светот сметам дека ќе се најде во уште една потензична Студена војна, каде што гледаме дека НАТО веќе ги зголеми силите во источниот блок, зголемена армија, оклопни возила и слично. Така што, и во самата фаза на преговори не верувам дека ова ќе застане и дека тоа јакнење на двете страни, условно речено, на Западот и на Истокот, ќе продолжи во континуитет, што и не е добро за општата јавност и за безбедносната дилема која се наметнува кај секој од нас, бидејќи живееме во 21 век и во едни демократски земји.

Сè почесто се споменуваат зборовите нуклеарно оружје и Трета светска војна. Како гледате на ова?

Искрено ме плашат сите изјави во однос и на самото споменување на употребата на нуклеарното оружје, иако сметам дека кај лидерите и од двете страни има одреден разум кои би биле последиците од користењето на таквото нуклеарно оружје. Претпоставувам дека Западот, пред сè тука мислам на НАТО и Америка, главно можеби затоа даваат поддршка од страна, меѓутоа не би се вклучиле во никоја фаза од конфликтот директно во Украина, главно поради тој момент од употребата на нуклеарното оружје, бидејќи секое директно вмешување на Западот во Украина би можело да значи Трета светска војна, а со тоа мислам дека и употребата на нуклеарните оружја ќе биде неизбежна.

Целото интервју со Илија Џугуманов од Евроатлантскиот совет на Македонија може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.




  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG