Достапни линкови

Продолжува руската офанзива врз Украина, прекин на огнот во два града


Чад се крева од базата за воздушна одбрана во Мариупол како последица на рускиот напад во првите денови од инвазијата.

Инвазијата на Русија врз Украина продолжува и денеска, иако двете страни договорија прекин на огнот во градовите Мариупол и Волноваха за воспоставување на хуманитарни коридори. Додека руските сили уверуваат дека воените дејствија се запрени, градските власти во Мариупол тврдат дека руската војска не го почитува прекинот на огнот и дека евакуацијата на цивилите е одложена.

Војската на Русија денеска продолжи со гранатирање во и околу украинскиот главен град Киев, кој пред започнувањето на руската инвазија беше дом на речиси три милиони жители.

Украинската војска предупреди дека инвазивните руски сили се борат да го опколат Киев, како и вториот по големина источен град Харкив, а западните дипломати бараат мерки за запирање на конфликтот. Тие предупредија дека украинските цивили најверојатно ќе бидат под поинтензивен напад.

Претходно утринава, руското Министерство за одбрана нареди делумен прекин на огнот во опколените украински градови Мариупол и Волноваха, за да се овозможи цивилите да ги напуштат градовите низ хуманитарни коридори. Сепак, градскиот Совет на Мариупол подоцна соопшти дека прекинот на огнот не се почитува целосно.

Во пораката објавена на Телеграм, Советот на Мариупол соопшти дека борби се водат во регионот на Запорожје, каде што завршува хуманитарниот коридор. Во пораката се вели дека украинските власти преговараат со руската страна за да се потврди привремен прекин на огнот по должината на целата рута на евакуација.

Евакуацијата на цивилите од Мариупол е одложена, соопшти градскиот Совет на Мариупол. Во соопштението се наведува дека руската страна не го почитувала привремениот прекин на огнот.

Заменик градоначалникот на Мариупол Сергеј Орлов изјави дека самиот град сѐ уште е под гранатирање.

„Русите продолжуваат да нѐ бомбардираат и да користат артилерија. Тоа е лудост“, изјави Орлов за Би-Би-Си.

„Нема примирје во Мариупол и нема примирје на целата рута. Нашите цивили се подготвени да побегнат, но не можат да избегаат под гранатирање“, рече тој.

Во меѓувреме попладнево рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров одржа брифинг со новинарите во Москва, каде рече дека Русија е подготвена за трета рунда разговори со Украина, тврдејќи дека Киев „измислува оправдувања“ за да го одложи состанокот.

„Засега не добивме нови датуми. Бевме подготвени од вчера вечерта да ја спроведеме третата рунда“, рече Лавров. Тој додаде дека „оптимизмот“ за ситуацијата е пригушен со „гневите“ изјави на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Руското Министерство за одбрана претходно соопшти дека продолжува офанзивата низ остатокот на Украина, каде меѓународните тела веќе ги истражуваат обвинувањата за извршени воени злосторства и други прекршувања против цивили.

Висок советник на украинската влада посочи дека, освен за Мариупол и Волноваха, ќе следат повеќе договори со кои ќе им се дозволи на цивилите да се евакуираат и од другите области.

„Дефинитивно ќе има уште вакви договори за сите други територии“, рече советникот на украинското Министерство за внатрешни работи Антон Херашченко.

Хуманитарните премини и излезните патишта од Мариупол и Волноваха, биле координирани со украинската страна, како што соопшти руското Министерство за одбрана.

Украинската влада соопшти дека планот бил да се евакуираат околу 200.000 луѓе од Мариупол и околу 15.000 од многу помалиот град Волноваха.

Руското Министерство за одбрана ги цитираше локалните власти во Мариупол како велат дека евакуацијата ќе трае само пет часа. Не беше веднаш можно да се потврди дали е прекинат огнот околу двете јужни урбани области.

Руските медиуми објавија дека министрите за надворешни работи на Русија и Белорусија разговарале за поставување хуманитарни коридори за „странците“ кои ја напуштаат Украина.

Русите бомбардираат цивилни цели - сведочат жителите на Харков
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:56 0:00

Гранатирањето денеска продолжи во и околу главниот град Киев. Украинската војска предупреди дека инвазивните руски сили се борат да го опколат Киев, како и Харкив на истокот, додека западните дипломати бараат мерки за спречување на конфликтот и предупредуваат дека цивилите најверојатно ќе бидат под поинтензивен напад.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео порака потврди тој и други високи украински функционери остануваат во Киев.

„Продолжуваме да се бориме. Ќе ја заштитиме нашата држава. Ќе ја ослободиме нашата земја“, рече Зеленски.

Но, Зеленски огорчено реагираше, откако НАТО ги отфрли неговите молби за воведување зона на забранети летови над Украина, земја која не е членка на Алијансата.

„Сите луѓе кои умираат од овој ден наваму ќе умрат и поради вас, поради вашата слабост, поради вашиот недостаток на единство“, рече тој во своето обраќање.

„Алијансата даде зелено светло за бомбардирање на украинските градови и селата со одбивање да создаде зона за забранети летови“, рече Зеленски.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека во услови на интензивни дипломатски напори во Брисел, ситуацијата во Украина „веројатно ќе се влоши пред да се подобри“, рече тој.

Министрите за надворешни работи на НАТО на состанокот на 4 март ги отфрлија повиците, вклучително и од Киев, Западот да воведе зона на забранети летови во Украина. Барањата на Зеленски за воведување на зона на забранети летови е за да ја стави украинската армија и цивилната одбрана на порамномерна положба со руските сили.

Украинската војска денекса соопшти дека руските војници се обидуваат да ја прошират својата заземена територија до административните граници на источните региони Луганск и Донбас, каде што сепаратистите водат осумгодишна војна против централната влада.

НАТО не сака конфликт, но ќе ја брани секоја педа од својата територија
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:47 0:00

Украинската команда соопшти дека Киев продолжува да се бори против „непријателската офанзива“.

Десетици илјади жители ја преполнија главната железничка станица во Киев, додека главно жени и деца се обидуваа да побегнат од заканата од опкружување и бомбардирање.

Проценките на Обединетите нации велат дека има најмалку 331 загинати цивили, иако недостатокот на пристап до многу опколени области. Украинските власти соопштија дека загинале најмалку 2.000 цивили.

Агенцијата на ОН за бегалци соопшти дека повеќе од 1,2 милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на војната на 24 февруари. Повеќе од половина од тие воени бегалци заминале во Полска.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG