Достапни линкови

Вести

Гранатирање и улични борби во Киев

Фотографија од станбена зграда погодена при ракетирањето во Киев, 26 февруари 2022

Гранатирање се слушнало во центарот на Киев во саботата наутро, јави дописникот на Ројтерс, по извештаите за пукотници во истата област и напад на воена база во главниот град на Украина.

Утрово, 26 февруари, во Киев има и улични борби, поради што властите во главниот град на жителите им се советува да останат во засолништа, да избегнуваат приближување до прозорците или балконите и да преземаат мерки на претпазливост за да не бидат погодени од шрапнели или куршуми.

Украинската воена команда објави дека областите во близина на градовите Суми, Полтава и Мариупол биле погодени од воздушни напади во петокот, при што руските крстосувачки ракети Калибар биле лансирани на копно од Црното Море.

Руската инвазија на Украина почна утрото на 24 февруари. Украинските власти пријавија дека има десетици загинати, стотици ранети и голема материјална штета. Голем број држави и меѓународни институции го осудија нападот врз Украина и дадоа поддршка на украинскиот суверенитет и територијален интегритет.

види ги сите денешни вести

Петков ја доставил оставката до Собранието

Кирил Петков за време на седницата за недоверба на Владата, 22 јуни, 2022.

Бугарскиот премиер Кирил Петков до Народното Собрание денеска ја достави оставката на владата предводена од него, соопшти бугарската новинска агенција БТА по потврдата од прес-центарот на парламентот.

Оставката на премиерот Кирил Петков и неговиот кабинет дојде по успешното гласање за недоверба на неговата влада во Парламентот, кое го иницираше опозициската партија ГЕРБ, откако партијата „Има таков народ“ (ИТН) на Слави Трифонов ја напушти владејачката коалиција.

Веќе неделава се очекува претседателот Румен Радев да ја започне процедурата за формирање нова влада во актуелното Народно собрание. Тој рече дека ќе започне со консултации со политичките партии веќе во понеделник.

Првиот мандат Радев треба да го додели на „Продолжуваме со промената“ (ПП) како најголема пратеничка група во бугарскиот парламент, која има намера повторно да го предложи Кирил Петков за премиер.

Доколку „Продолжуваме со промената“ не успеат да обезбедат мнозинство и нова влада, претседателот ќе го предаде вториот мандат на ГЕРБ-СДС, која вчера најави дека веднаш ќе му го врати на Румен Радев. Третиот мандат на претседателот на Бугарија избира на која од останатите пратенички групи ќе и го додели.

Доколку третиот обид не успее, Радев назначува преодна влада, го распушта Националното собрание и закажува предвремени избори.

ПП, БСП и Демократска Бугарија (ДБ) веќе рекоа дека ќе преговараат за нов кабинет. Петков ја отфрли опцијата да разговара со лидерот на ИТН Слави Трифонов.

Сегашната владејачка коалиција нема да преговара со ГЕРБ и ДПС, кои ги сметаат за главна причина за корупцијата и заткулисните политики во Бугарија.

Формирањето на нов кабинет во сегашното Народно собрание изгледа тешко, бидејќи трите партии ПП, БСП и ДБ, кои се подготвени да работат заедно, немаат мнозинство меѓу пратениците. Имаат вкупно 99 пратеници. Има шест независни пратеници кои се отцепија од ИТН, но и со нив бројката е се уште далеку од потребното мнозинство од најмалку 121 од сите 240 пратеници.

Кабинетот на Петков ја презеде функцијата во декември 2021 година и беше на власт вкупно шест месеци. Бугарија минатата година имаше три парламентарни избори, како и две преодни влади назначени од претседателот Румен Радев.

Најмалку 155 деца загинале во земјотресот во Авганистан

Урнатини од земјотресот во Авганистан.

Најмалку 155 деца загинале во земјотресот што го погоди југоисточен Авганистан минатата недела, соопшти организацијата за хуманитарна координација на Обединетите нации, OЦХА, во соопштение објавено на 26 јуни.

Во соопштението се наведува дека уште 250 деца се повредени во земјотресот со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала.

Земјотресот минататанедела ги погоди планинските села во провинциите Пактика и Хост во близина на границата на Авганистан со Пакистан, срамнувајќи илјадници домови и предизвикувајќи лизгање на земјиштето.

Повеќето од децата што загинале се од тешко погодената област Гијан во Пактика.

Авганистанските талибански власти соопштија дека вкупниот биланс на загинати во земјотресот е 1.150, а стотици други се повредени.

ОН, пак излегоа со малку пониски бројки на загинати, околу 770, иако предупредија дека бројката сепак може да се зголеми.
Дополнително, 65 деца наводно останале сираци или останале без придружба како резултат на катастрофата, додаде OЦХА.

Земјотресот уште повеќе ги истакна слабостите на тврдокорната авганистанска влада. Владата предводена од талибанците е во меѓународна изолација поради кршењето на човековите права. Талибанците дојдоа на власт во август лани, откако меѓународните трупи предводени од САД се повлекоа и авганистанската влада поддржана од ОН пропадна во август.

Детската агенција на ОН на 27 јуни соопшти дека работи на повторно обединување на децата кои биле одвоени од нивните семејства во хаосот од земјотресот.

Колапс на трибина за време на борба со бикови во Колумбија, има жртви

Фотографија преземена од видео снимка од настанот, кога паднала дел од трибина. Ел Еспинал, Толима.

Најмалку четири лица загинаа, а повеќе од 300 се повредени откако во неделата се урна трибина за време на борба со бикови во централна Колумбија.

На снимки од настанот се гледа како паѓа трикатна дрвена трибина полна со гледачи на стадионот во Ел Еспинал, департманот Толима.

Бикот продолжил да талка низ рингот, додека луѓето бегале од урнатините од трибината.

Традиционалната манифестација вклучува и влегување на јавноста во рингот со цел да се бори против биковите.

Гувернерот на Толима, Хозе Рикардо Орозко, соопшти дека загинале две жени, маж и дете. Здравствените власти соопштија дека во болница се лекуваат 322 лица, од кои четворица се на интензивна нега.

Настанот во неделата беше дел од прославата на популарниот фестивал Сан Педро.

Претседателот во заминување Иван Дуке рече дека ќе се спроведе истрага, додека новоизбраниот претседател Густаво Петро ги повика локалните власти да забранат такви настани.

Несреќи и повреди на вакви настани не се реткост во Колумбија. Во саботата неколку луѓе беа повредени за време на борба со бикови во Ел Еспинал. На почетокот на овој месец, едно лице почина откако беше избодено од бик за време на борба со бикови во градот Репелон.

Новиот лидер Петро ги забрани борбите со бикови во главната арена на колумбиската престолнина Богота за време на неговиот мандат како градоначалник.

Бугарскиот премиер Петков официјално ќе поднесе оставка

Бугарскиот премер во оставка Кирил Петков

Бугарскиот премер Кирил Петков денеска, според неговите најави, официјално треба да поднесе оставка на владата предводена од него. На владата на Петков минатата недела и беше изгласана недоверба.

Откако тој ќе ја достави оставката, бугарскиот претседател Румен Радев ќе се консултира со пратеничките групи во Народното собрание и потоа ќе даде мандат за составување нова влада.

Според бугарскиот устав, Националното собрание има право да направи три обиди за формирање на кабинет.

Првиот мандат Радев треба да го додели на „Продолжуваме со промената“ како најголема пратеничка група во бугарскиот парламент, која има намера повторно да го предложи Кирил Петков за премиер.

Доколку „Продолжуваме со промената“ не успеат да обезбедат мнозинство и нова влада, претседателот ќе го предаде вториот мандат на ГЕРБ-СДС, која вчера најави дека веднаш ќе му го врати на Румен Радев. Третиот мандат на претседателот на Бугарија избира на која од останатите пратенички групи ќе и го додели.

Доколку третиот обид не успее, Радев назначува преодна влада, го распушта Националното собрание и закажува предвремени избори.

На 22 јуни за недоверба на владата на Петков гласаа 124 пратеници од ГЕРБ, ДПС, Преродба и доскорешниот владин партнер „Има таков народ“ на Слави Трифонов.

За останување на владата беа 115 пратеници од „Продолжуваме со промената“, Бугарската социјалистичка партија, Демократска Бугарија и шестмина независни, кои ја напуштија партијата на Трифонов.

По гласањето, премиерот Петков изјави дека тој и неговата партија ќе испратат писма до сите пратеници во кои ќе ги објаснат принципите и целите на евентуалниот следен мандат. Според него, доколку не одговорат, ќе одат на избори.

Гласањето за недоверба го побара главната опозициска партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. Таа ја обвинува владата за погрешни чекори во областа на јавните финансии и економската политика кои доведоа до галопирачка инфлација.
Петков на функцијата премиер е од 13 декември 2021 година.

На Парадата на гордоста во Истанбул уапсени 200 луѓе

Приведен ученик на Парадата во Истанбул

На Парадата на гордоста во Истанбул, која се одржа вчера, се уапсени 200 луѓе, соопштија организаторите. Уапсени се учесници на Парадата и ЛГБТ активисти, а организаторите велат дека полицијата им забранила пристап до нивните адвокати. Дел од приведените потоа во текот на денот биле пуштени од полиција.

Синдикатот на турските новинари соопшти дека многумина биле претепани од полицијата.

Полицијата во Истанбул на 26 јуни го прекина забранетиот марш на гордоста и приведе десетици демонстранти кои маршираа во градот за правата на ЛГБТ.

Канцеларијата на гувернерот го забрани маршот околу плоштадот Таксим во центарот на Истанбул, но стотици демонстранти кои носеа знамиња со виножито се собраа во близина наспроти забраната.

Нема информации од полицијата или од Канцеларијата на гувернерот за бројот на уапсени.

Здружението Каос ГЛ, кое води кампања за промовирање на правата на ЛГБТ, на Твитер објави дека полицијата во западниот град Измир привела 12 лица и дека едно од нив подоцна е ослободено.

„Сите приведени, исклучиво поради нивното учество на Парадите на гордоста мора веднаш и безусловно да бидат ослободени“, напиша Милена Бујум од организацијата за човекови права Амнести интернешнал на Твитер.

Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, на 24 јуни ги повика турските власти да ги остават демонстрациите да протестираат и да ја осигураат безбедноста на учесниците на маршот.

Турција беше една од ретките земји со мнозинско муслиманско население што дозволи марш на гордоста во 2003 година. Но, вакви собири се забранети од 2015 година, официјално од безбедносни причини.

Зеленски ќе се обрати на Самиот Г7 да побара повеќе оружје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски утре (28 јуни) треба да се обрати на Самиот на седумте најразвиени земји Г7. Се очекува тој во обраќањето да го повика Западот да испрати понапредни системи за тешко вооружување, додека Русија продолжува да ги бомбардира украинските градови и да предизвикува жртви и материјална штета.

Украинската воена команда рано на 27 јуни соопшти дека во регионот Одеса, во јужна Украина, имало. Ден претходно руските сили повторно го напаѓаа главниот град Киев, како и други украински градови.

Командата соопшти при денешниот напад во Одеса има шест жртви, меѓу кои и едно дете, но не е јасно дали станува збор за повредени или загинати. При нападот уништени се цивилни згради и фарми, а пожарникарите уште се борат да ги совладаат пожарите, соопшти Командата.

За време на викендот Украина беше цел на повеќе ракетни напади низ целата земја, Лвив до Хмелницки, Житомир, Чернихив и Киев.

Последните напади дојдоа кога Русија ја презеде целосната контрола врз клучниот град Сјевјеродонецк во источниот регион Луганск по неколку недели тешки борби кои го претворија градот во урнатини и сега се насочени кон блискиот Лисичанск.

Украинските власти повторно ги молат западните земи за повеќе оружје. Лидерите на Г7 почнаа дводневен самит на кој се очекува да објават дополнителни санкции за Русија.

ССМ го блокира влезот на Скопје кај Автокоманда

Синдикалци ја блокираат крстосницата во Автокоманда

Сојузот на синдикатите на Македонија синдикалниот притисок за исполнување на нивните барања за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари за секој работник од денеска продолжува на улица. Синдикалците утрово почна блокада на влезот на Скопје, кај Автокоманда. Блокадата трае од 7 до 10 часот.

Тие бараат зголемувањето на платите да се вметне или преку амандман или преку Општиот колективен договор. Се пропушаат само возила на итна медицинска помош, полиција, армија и пожарна.

Сојузот на синдикатите на Македонија посочи дека незадоволството на работниците од јавниот сектор е огромно и поради тие причини решиле да продолжат со други форми на синдикален притисок и незадоволството да го изразува на улица. ССМ од минатата среда организираше генерален штрајк во јавниот сектор.

Инаку, во саботата вечерта Штрајкувачкиот одбор – Претседателството на ССМ одржа итна седница на која е донесена едногласна одлука за ставање во мирување на генералниот штрајк во регионите на општините Делчево, Виница и Демир Капија, кои тој ден беа погодени од невреме, заради потребата од ставање на сите расположливи капацитети за справување со последиците од елементарната непогода. Штрајкот ќе биде во мирување до завршување на потребата за ангажирање на дополнителни капацитети за справување со последиците од невремето во погодените региони.

Соччево и топло

Во Македонија времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне ќе има услови за ретка појава на краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. УВ индексот че биде 8.

Во Скопје максималната днвена температура ќе биде 34 Целзиусови степени, Маврово 26, Охрид 31, Битола 32, Крива Паланка 30, Берово 29, Кавадарци 35, Дојран 37.

Приведени десетици активисти и новинари во Истанбул на Парада на Гордоста

Турската полиција денеска насилно интервенираше на Парадата на гордоста во Истанбул и уапси десетици лица, вклучително и фоторепортерот на агенцијата Франс прес.

Полицијата дури пред почетокот на Парадата упадна во повеќе кафулиња и приведе ЛГБТ активисти и новинари. Според невладините организации уапсени се 52 луѓе.

Годинава, како и претходните години, Парадата на гордоста е официјално забранета, но стотици демонстранти со знамиња во боја на виножито се собраа на улиците околу плоштадот Таксим, што е целосно затворен за јавноста.

По спектакуларната поворка во 2014 година во Истанбул, на која присуствуваа повеќе од 100.000 учесници, турските власти од година во година ја забрануваат Парадата на гордоста, официјално од безбедносни причини.

Осло тагува по жртвите од „исламистичкиот“ напад

Комеморација се одржа денеска во норвешкиот главен град Осло со цел оддавање почит на жртвите на ноќното пукање во ноќниот клуб за кој полицијата се сомнева дека е акт на „исламистички тероризам“. Две лица загинаа, а 21 беа повредени во пукотници во раните утрински часови на 25 јуни на три локации во Осло, вклучително и во геј бар.

Норвешката престолонаследничка принцезата Мете-Марит присуствуваше на утринската служба на 26 јуни во катедралата во Осло заедно со премиерот Јонас Гар Стоере.

Олтарот на катедралата беше обвиткан во крпа од виножито, а норвешката протестантска црква соопшти дека „целата земја е во жалост“.

Парадата на гордоста која требаше да се одржи вчера, организаторите ја презакажаа за подоцна.

Норвешката полиција се сомнева дека тероризам е мотивот за нападот во дискотека во Осло

Премиерот во својот говор рече дека „пукањето во ноќните часови стави крај на парадата на гордоста, но тоа не ја спречи борбата и напорите за борба против дискриминацијата, предрасудите и омразата“.

Стоере имаше порака и за муслиманската заедница во Норвешка, велејќи дека многу од нив „доживеале страв и немир“ по веста за вооружениот напад.

„Треба да го знаете ова. Ние стоиме заедно, ние сме една заедница и заедно сме одговорни за заедницата“, додаде тој.

Во Осло откажана „Парада на Гордоста“, Киевската се пресели во Варшава, во Скопје ќе се одржи вечерва

Осомничениот, кој беше уапсен набргу по почетокот на пукањето околу 1 часот по полноќ, беше опишан како 42-годишен Норвежанец со иранско потекло, кој веќе им бил познат на службите за борба против тероризмот.

Шефот на норвешката безбедносна служба Роџер Берг, го нарече нападот „екстремен исламистички терористички акт“ и рече дека осомничениот имал „долга историја на насилство и закани“, како и проблеми со менталното здравје.

Петков-Брисел за прв пат ја поддржа бугарската позиција

Progovernmental demonstration, Parliament

Направивме нешто неверојатно. За првпат Брисел ја поддржа бугарската позиција“, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков во интервјуто за бугарското национално радио кое денеска беше објавено. Петков рече дека Скопје веќе има избор за сопствената иднина, а Бугарија успеала да ги заштити своите национални интереси по гласањето „за“ францускиот предлог во бугарскиот законодавен дом и натаму Софија не може да сноси одговорност.

Според Петков, тоа што бугарските позиции се заштитени од Брисел укажало на неверојатно успешна дипломатија која лично ја поздравил.

„Ако Северна Македонија се согласи со францускиот предлог, во Уставот на Северна Македонија ќе влезат Бугарите пред да почне преговарачкиот процес. Второ, имаме јасни контролни механизми за говорот на омраза и дискриминацијата. Трето, имаме многу јасни дефиниции за историските факти и образованието во училиштата во Северна Македонија“, рече Петков повторно повторувајќи дека зад спроведувањето ќе стои Брисел, а дека Македонија треба да биде дел од Европската Унија.

Македонија со три, Бугарија со четири црвени линии за конечен француски предлог

Тој ги коментираше и односите со претседателот Румен Радев заклучувајќи дека тој нема државен пристап во решавањето на важните прашања за државата.

„Моите последни остри забелешки против претседателот беа на следнава основа – кога имате гласање за недоверба и предлог кој го штити бугарскиот интерес, кога истиот ден како премиер ќе го исполнам моето ветување дека ќе поминам низ Народното собрание, нема смисла да зазема остар став. Чувството беше: што мисли овој претседател во моментов, не гледа ли дека има политичка нестабилност? Беше изненадувачки и запрепастувачки“, рече Петков.

Во врска со политичката криза во земјата Петков повтори дека се додека поединци од опозициските партии се инволвирани во корупција , нема да води дијалог со нив. Тој прецизираше дека нема да преговара со Слави Трифонов, Бојко Борисов, Дељан Пеевски и Костадин Костадинов .

„Имаме дијалог со ДБ и БСП. Мојот сон е да видам влада и парламент што не се контролирани од марионетски луѓе, а лидерите се независни. Луѓето кои имаат проблем со ПП, со мене како премиер, со Асен Василев како министер за финансии се тие на кои им застанавме на патот за да не ги трошат јавните средства на стариот начин “, рече Петков.

Османи ја обвинува опозицијата за ослабување на државната позиција

Macedonian and EU flags in Brussels

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николовски вчера во гостувањето во централниот дневник на Сител изјави дека политиката која ја води министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на разговорите со Бугарија за повлекување на ветото и деблокада на евроинтеграциите се повеќе му изгледа дека повеќе е во интерес на Албанија, отколку на Северна Македонија.

На тоа денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на неговиот официјален Фејсбук профил реагираше на обвинувањата на Николоски, со став дека „преку фрлање дрва и камења по Албанците како да се непријатели на оваа држава се прави обид да се направи етнички јаз по стратешките прашања, со цел да се ослабне позицијата на државата и со тоа да се обезбеди политичка предност за опозицијата“.

Според Османи, со ваквите изјави не само што се преминуваат црвените линии на пристојност, туку „без трунка одговорност, онака лежерно и волунатаристички, се напаѓа севкупната државна позиција и успехот на целиот политички спектар да се обедини околу стратешките прашања“.

„ Јас сум свесен дека борбата за политички поени е цврста и непријатна, ние сме сите политичари и се бориме да ги освоиме симпатиите на своите гласачи, но да си дозволиш да го нападнеш и да се обидеш да го загрозиш клучниот државен столб на кој се потпира цврстината на нашите позиции, тоа не говори само за неодговорност, туку за еден вид патологија во чија суштина лежи длабоко вкоренета албанофобија“, нагласува Османи во објавата.

Македонија со три, Бугарија со четири црвени линии за конечен француски предлог

Османи прашува, колку ли само треба да си алчен, и да не си ја ниту почитуваш ниту сакаш државата, за да ја нападнеш нејзината суштинска придобивка – успешната мултиетничка обединетост по стратешките интереси.

„Јасна е намерата на овие тези кои, се надевам не се позиции на ВМРО-ДПМНЕ. Преку фрлање дрва и камења по Албанците како да се непријатели на оваа држава, се прави обид да се направи етнички јаз по стратешките прашања, да се направи раздор по етничка линија, со цел да се ослабне позицијата на државата и со тоа да се обезбеди политичка предност за опозицијата“, изјави Османи.

Гордана Силјановска Давкова, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина насловена „Ќе има ли владина одговорност за трајното нарушување на националните интереси?“ организирана од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека Бугарија со последниот предлог издејствува и барањата да се вметнат во преговарачката рамка.

„Значи, кога го читате последниот документ на Советот пред предлозите има една приказна, еден наратив, каде што од јасно стои во податоците што се наведени дека Македонија ги исполнува условите за почеток на преговорите. Оти кога гледате како се развивала оваа приказна па и ако сакате и во поглед на првиот кластер во поглед на човековите права, малцинските права, мислам ако некому ЕУ не може да замери за почитување на малцински права и тоа во поглед на стандардите, тоа е Македонија. Но, сега за жал гледаме еден друг наратив. Значи ние ќе го отвориме Уставот кога ќе сметаме дека е потребно, не може да се уценува со прво тоа па потоа почеток на преговори бидејќи така ќе не втурнат во сличен тунел како што е Преспанскиот договор“, појасни Силјановска Давкова.

Според неа предлогот од Франција не заслужува внимание и не заслужува да биде прифатен.

Францускиот предлог во сегашната форма предвидува бугарските услови за Скопје, да станат дел од обврските на Северна Македонија кон ЕУ, а Европската комисија да биде гарант за нивното спроведување. Оваа варијанта стана позната како „француски предлог“ бидејќи дојде за време на француското претседателство со Советот на ЕУ.

Турција приведе Грк под сомнение за шпионажа

Турција уапси грчки државјанин под сомнение за шпионaжа, еден ден откако го фати во операција координирана со нејзината разузнавачка агенција, соопшти локалната полиција. Според соопштението осомничениот е приведен во југоисточниот град Газиантеп во близина на границата на Турција со Сирија.

„Агентот, беше приведен од судските власти откако беше откриено дека има врски со грчката национална разузнавачка организација. Тој собрал информации за граничната безбедност на нашата земја и ги префрлил на грчкото разузнавање“, се вели во соопштението на полицијата.

Турските медиуми изминатиот викенд објавија дека осомничениот оперирал маскиран во бизнисмен за време на неговите патувања во Турција.

Грчкото Министерство за надворешни работи во меѓувреме соопшти дека исчезнувањето на нивниот државјанин било пријавено во грчката амбасада во Анкара пред неколку недели.

Турција и Грција се сојузници во НАТО, но се вмешани во голем број спорови.

Тензиите ескалираа во последните недели, при што Анкара ја обвини Атина дека стационира војници на островите во близина на нејзината поморска граница.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави претходно овој месец дека повеќе нема да одржува билатерални средби со грчките лидери.

Турција- Шведска и Финска се уште не ги исполниле условите за влез во НАТО

Турските власти се уште не гледаат конкретни чекори од Шведска и Финска за да ја принудат Анкара да ја преиспита својата позиција за пристапувањето во НАТО на двете северни земји, изјави турскиот потпретседател Фуат Октај за Си-Ен-Ен-Турк.

„Очекуваме конкретна акција од Шведска и Финска“, изјави Фуат Октај, коментирајќи го ставот на Турција во пресрет на самитот на НАТО во Мадрид, на кој треба да се разгледа прашањето за приемот на двете северни земји во НАТО.

Ердоган останува против влезот на Финска и Шведска во НАТО

Октај појасни дека досега не се преземени чекори согласно барањата на Турција.

Под „конкретни“ чекори турскиот потпретседател подразбира забрана на активностите на организациите кои Турција ги смета за терористички во Шведска и Финска и писмени обврски.

Литванија „мора“ и „ќе“ ги спроведе европските санкции против Русија

Литванскиот претседател Гитанас Науседа

Литванскиот претседател Гитанас Науседа истакна дека неговата балтичка земја „мора“ и „ќе“ ги спроведе санкциите на ЕУ за руските стоки поради острата реторика од Москва поради неодамнешните ограничувања на Вилнус што ја засегаат руската ексклава Калининград.

Тој повика на „итен“ почеток на консултации со Европската комисија за заштита на интересите на Литванија и меѓународните обврски во сенка на санкциите против украинскиот „агресор“.

Русија оваа недела го повика претставникот на ЕУ на „жесток“ протест и се закани со „одмазда“ поради копнените ограничувања на испораките до нејзиниот дел од земјата меѓу Полска и Литванија.

На што да се внимава на клучниот самит на ЕУ

„Апсолутно е јасно дека Литванија мора да ги спроведе и ќе ги спроведе санкциите на ЕУ“, рече Наузеда, чија земја беше повторно окупирана од советските сили на крајот на Втората светска војна и ја врати независноста во 1990 година.

„Литванија мора да ја задржи и ќе ја задржи контролата на стоките што се транспортираат преку нејзината територија и не може да се зборува за какви било „коридори“, како и за какви било размислувања за деградирање на Русија како одговор на заканите на Кремљ“, напиша на својот официјален профил на Фејсбук Наузеда.

Вилнус ја затвори рутата за транспорт на челик и други обоени метали, како дел од потребните мерки за да ги спроведе санкциите на ЕУ кои стапија на сила на 18 јуни. ЕУ ги наметна казнените мерки на Русија откако таа ја започна својата тековна инвазија на Украина на 24 февруари .

Раководството на Калининград, поддржано од Москва, рече дека повеќе од половина од увозот на ексклавата е погодена од блокадата на Литванија, што најостро се чувствува на железничките линии.

Литванските власти го отфрлија московскиот обид за блокада, бидејќи Калининград е единственото руско пристаниште без мраз во текот на целата година и стоката може да се транспортира по морски пат.

„Владата мора итно да започне консултации со Европската комисија за да не им наштети на литванските интереси или меѓународните договори со примената на санкциите“, рече Наузеда.

„Само со заедничко дејствување ќе постигнеме санкциите да бидат болни за земјата агресор,“ додаде тој.

Руското Министерство за надворешни работи на 21 јуни соопшти дека амбасадорот на ЕУ во Москва Маркус Едерер бил информиран за „недозволивоста на таквите дејствија“ и предупреди дека „ќе следи одмазда“ доколку ограничувањата не се отстранат веднаш.

Литванската премиерка Ингрида Симонит изјави дека е „иронично да се слуша реторика за наводно прекршување на меѓународните договори“ од Русија, која таа ја обвини за кршење на „можеби секој меѓународен договор“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG