Вести
Ќе се менува методологијата за усогласување на пензиите
Методологијата за усогласување на пензиите ќе се менува со цел да се изнајде модел кој ќе овозможи одржливо решение на долг рок, договорија здруженијата на пензионери и Владата на денешната средба. Следната средба е закажана за почетокот на март, а дотогаш Владата ќе ги направи потребните симулации за предлозите на пензионерите.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи очекува решение да се најде максимум до 10 март. Нагласи дека пензискиот фонд е стабилен и оти има зголемени приходи минатата година, а тенденцијата е тој тренд да продолжи.
„Тоа осигурува дека ние може да одговориме позитивно на зголемување на пензиите. Само во јануари имаме усоглсување на пензиите од три проценти. На просечна пензија тоа е околу 478 денари во апсолутен износ. Ако останеме на истиот модел, пензионерите ќе добијат најмалку уште 500 денари во јули, но ние зборуваме за нов модел на усогласување кој ќе понуди повеќе од тоа“, изјави Битиќи.
- Почнува дијалогот за зголемување на пензиите
- Никој не кажува од каде пари за повисоки плати и пензии
Моделот којшто го предложиле од пензионерските здруженија е тој да биде заснован на промена на животниот стандард и промена на просечните плати. Според министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, треба да се создаде систем кој ќе овозможи сигурност за пензионерите.
Бенефит од зголемувањето на пензиите треба да имаат 328 илјади пензионери. Пензионерите се задоволни од исходот на денешниот состанок и се надеваат на решение кое ќе биде прифатливо за сите страни.
види ги сите денешни вести
Трамп вели дека Русија и Иран се во „ослабена состојба“, го повикува Путин да склучи договор со Украина
Доналд Трамп, новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави(САД), рече дека Русија и Иран се во „ослабена состојба“ и го повика лидерот на Кремљ, Владимир Путин, да стави крај на речиси тригодишната војна во Украина.
Трамп ги даде коментарите во објава на социјалната мрежа „Truth Social“ на 8 декември, кога сириските бунтовници го зазедоа Дамаск, ставајќи крај на полувековното владеење на семејството на претседателот Башар ал-Асад поддржан од Русија и од Иран.
Идниот американски претседател рече дека Русија и Иран не можат да му дадат поддршка на сирискиот диктатор Асад бидејќи тие се во „ослабена состојба во моментов, едната поради Украина и лошата економија, а другата поради Израел и неговиот борбен успех“.
Русија загуби околу 600.000 војници од инвазијата на Украина во февруари 2022 година, рече Трамп, додавајќи дека Украина изгубила околу 400.000, бранејќи ја својата територија.
„Треба да има итен прекин на огнот и да започнат преговорите“, рече Трамп. „Добро го познавам Владимир. Ова е негово време да дејствува. Кина може да помогне. Светот чека!“.
Кремљ не одговори веднаш на коментарот на Трамп.
Трамп во објавата вели дека украинскиот претседател Володимир Зеленски „би сакал да се договори“. Трамп разговараше со Зеленски и со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз на 7 декември, каде се сретнаа по повод повторното отворање на катедралата Нотр Дам.
По средбата, украинскиот претседател Володимир Зеленски напиша на Телеграм дека во „добар и продуктивен“ разговор со Макрон и со Трамп се разговарало за ситуацијата на теренот во Украина и можноста за „праведен мир“.
„Разговаравме за нашиот народ, ситуацијата на бојното поле и праведен мир за Украина. Сите сакаме да ставиме крај на оваа војна што е можно побрзо и праведно“, напиша Зеленски на Телеграм.
Макрон рече: „Да продолжиме со заедничките напори за мир и безбедност“.
Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, го критикуваше испраќањето милијарди долари од САД во Украина откако Русија ја почна инвазијата врз Украина во февруари 2022 година.
Трамп, исто така, рече дека би можел да ја заврши војната во рок од 24 часа ако повторно ја освои Белата куќа, изјава што се толкува како дека Украина ќе мора да ја предаде територијата што сега е под окупација на Русија.
Експертите велат дека ќе биде тешко брзо да се склучи мировен договор бидејќи има многу аспекти, вклучително и безбедносни гаранции за Украина и олеснување на санкциите за Русија.
Во меѓувреме, администрацијата на Бајден во заминување ја забрзува испораката на оружје во Украина за да ја зајакне нејзината одбрана пред Трамп да ја преземе функцијата.
Вашингтон на 7 декември соопшти дека подготвува пакет оружје и опрема во вредност од 988 милиони долари за Украина, средства земени од преостанатите 2,21 милијарди долари достапни во Иницијативата за безбедносна помош на Украина.
Средствата ќе бидат искористени за купување на прецизни ракети за артилериски ракетни системи со висока мобилност (ХИМАРИС) и за беспилотни летала, соопшти Пентагон.
Европските земји, исто така, ја засилуваат помошта во случај администрацијата на Трамп да ја прекине американската поддршка за Киев.
Зеленски на 7 декември објави дека Украина добила втора пратка софистицирани борбени авиони Ф-16 од Данска. Копенхаген минатата година објави дека ќе и испорача вкупно 19 авиони на Украина.
Романската полиција уапси вооружени луѓе кои тргнале кон Букурешт
Полицијата во Романија приведе неколку лица кои се упатиле кон Букурешт носејќи пиштоли, мачети и ножеви за „нарушување на јавниот ред и мир“, соопштија властите во неделата.
Безбедносните служби сослушале најмалку 13 лица откако нивните возила биле запрени во текот на ноќта во областа Илфов, изјавија полициски извори за романската служба на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Властите не ги соопштија имињата на приведените, но според извори во правосудството, меѓу нив е и Хоратиу Потра, водач на контингент романски платеници кои се борат во африканската држава Конго.
Според романските медиуми, Потра во 2011 година бил осуден на две години затвор со условна казна, откако бил прогласен за виновен за основање паравоена група.
Државната новинска агенција „Аџерпрес“ објави фотографија на која се гледа како Потра е придружуван од неколку вооружени полицајци додека го носат на сослушување.
Апсењата се случија кога десетици поддржувачи на романскиот екстремно десничарски, проруски претседателски кандидат Калин Георгеску се подготвуваа да организираат протести во Букурешт откако Уставниот суд ги поништи резултатите од првиот круг гласање на претседателските избори, спречувајќи го вториот круг во неделата.
Собирот на поддржувачите на Георгеску, на кој и тој беше присутен, помина без инциденти.
Руските воени бази во Сирија „во состојба на висока готовност“
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека со „крајна загриженост“ ги следи настаните во Сирија и дека презема мерки за обезбедување на безбедноста на руските граѓани во Сирија.
Во соопштението се наведува дека сирискиот претседател Башар ал - Асад „поднел оставка и ја напуштил земјата по преговорите со голем број учесници во вооружениот конфликт“. Москва објави дека не учествувала во тие преговори.
„Господинот Асад даде инструкции за мирен трансфер на власта“, соопшти Министерството за надворешни работи на Русија.
Кремљ е силен сојузник на режимот на Асад, откако се вклучи за да го задржи на власт во 2015 година.
Не е јасно како Русија ќе биде вклучена во понатамошниот развој на ситуацијата, со оглед на нејзината поддршка за режимот на Асад, но Министерството за надворешни работи соопшти дека е „во контакт со сите сириски опозициски групи“.
Москва соопшти дека нејзините воени бази во Сирија се во состојба „на висока готовност“.
Русија има повеќе воени локации во Сирија, вклучително и воздушна база во Хмејмим и стратешки поморски објекти во Тартус, кои исто така се користат за поддршка на акциите на Кремљ во Африка.
Сириските бунтовници ја презедоа контролата врз главниот град Дамаск рано на 8 декември, откако почнаа молскавична офанзива минатата недела од коалиција на бунтовнички групи предводени од исламистичката фракција Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС).
Советот за безбедност на Обединетите нации, САД, Велика Британија, Канада и Европската унија ја сметаат ХТС за терористичка група.
Асад се потпираше на Иран и на Русија за да остане на власт по избувнувањето на конфликтот во 2011 година.
Протест во Нови Сад, се бара одговорност за смртта на 15 лица на железничката станица
Под слоганот „Рацете ви се крвави“, граѓани и активисти се собраа на 8 декември пред Градското собрание на Нови Сад на уште еден протест на кој бараат одговорност за смртта на 15 лица по падот на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.
Протестот започна симболично во 11:52 часот, време кога се урна настрешницата.
Насобраните го обоија влезот на Собранието со црвена боја и оставија отпечатоци од „крвави раце“, што станаа симбол на протестите со кои се бара одговорност од властите за падот на настрешницата.
Граѓани потоа развиорија црно знаме пред зградата на Градското собрание на Нови Сад.
Тие претходно рекоа дека новосадското собрание „го загубило легитимитетот со срамната расправа за разрешувањето на градоначалникот Милан Ѓуриќ“.
На 3 ноември, Градското собрание расправаше за разрешувањето на Ѓурќ. Седницата беше свикана на барање на опозицијата која го повика да преземе „морална и политичка одговорност“ за несреќата на железничката станица.
Предлогот за негова смена беше одбиен од мнозинството советници. Советниците на владејачкото мнозинство, предводено од Српската напредна партија (СНС), ги отфрлија обвинувањата за одговорност на Ѓуриќ.
Организаторите на протестот порачаа дека „наместо аргументи зошто Ѓуриќ да остане на чело на градот“, добиле „навреди кон опозицијата и активистите кои повеќе од еден месец ја бараат правдата“.
По митингот кај Градското собрание, колоната се упати кон кампусот на Универзитетот во Нови Сад, со цел да им даде поддршка на студентите кои ги блокираат факултетите.
Блокирани се повеќе од дваесет факултети на четири државни универзитети - во Белград, Нови Сад, Ниш и во Крагуевац.
Несреќата во Нови Сад на 1 ноември покрена бран протести и блокади во Србија, а властите одговорија со апсење на учесниците. Инциденти имаше и во институции каде опозицијата ја презеде одговорноста за несреќата.
Властите ги отфрлија обвинувањата, а 13 лица беа уапсени под сомнение дека се одговорни за падот на покривот на зградата на Железничката станица во Нови Сад. Уапсениот министер за градежништво и транспорт, Горан Весиќ, кој по несреќата поднесе оставка но и негираше одговорност, по неколку дена беше пуштен од притвор.
Мицкоски: В среда нема ништо да се случи во Уставниот суд, ДУИ ќе продолжи со политички маневри
ДУИ многу добро знае дека в среда, на седницата на Уставниот суд, нема да се случи ништо, изјави премиерот Христијан Мицкоски во врска со седницатa на Уставниот суд на 11 декември на која ќе се разгледуваат оспорени одредби од Законот за употреба на јазиците.
Опозициската Демократска Унија за интеграција (ДУИ) го квалификува Законот за јазиците како еден од клучните столбови на Охридскиот договор и најави дека ако Уставниот суд го укине овој закон, „последиците ќе бидат непоправливи и нема да можат да преземат одговорност за тоа што може да се случи потоа“.
Мицкоски рече дека „во среда нема ништо да се случи“, затоа што пред „какво било акција“ на Уставниот суд претходат подготвителни седници. Според него, целта на ДУИ е поделба по етничка основа и очекува и во иднина такви обиди од оваа партија.
Тој ги повика граѓаните да бидат спокојни затоа што , „ова е изолирана група на поранешни високи владини функционери за кои постојат основани сомневања за сторен огромен криминал, кој набргу од денеска ќе почне да се обелоденува“.
На прашање дали Законот за употреба на јазиците „може да се врати во Собранието на доработка за да се подобри“, Мицкоски одговори дека процедурата е почната и мора да има крај.
„Ние не можеме да речеме дека не важи. Единствено тие што ја поднеле можат да ја повлечат или Уставниот суд да ја отфрли како нерелевантна. Па дури потоа ние може да зборуваме дали, како, што, и да влегуваме во зона на претпоставки“, рече Мицкоски.
Повеќе од 250 интелектуалци - Албанци на 7 декември испратија отворено писмо до Уставниот суд, во кое бараат да не ја укинува службената употреба на албанскиот јазик.
ДУИ најави дека в понеделник на состанок на највисокото партиско раководство ќе одлучува за натамошните чекори и конкретните мерки во контекст на претстојните одлуки што треба да ги донесе Уставниот суд.
Законот за употреба на јазиците беше оспорен во 2019 година, со 12 иницијативи поднесени од граѓани, политички партии(меѓу кои владеачката ВМРО-ДПМНЕ) и здруженија. Тие го спорат Законот во целина и најголем дел од членовите одделно, како и Указот за прогласување на Законот затоа што не беше потпишан од тогашниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов.
Зеленски: 43.000 украински војници загинаa во војната со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека 43.000 украински војници се убиени во речиси три годишната војна со Русија, јави агенцијата АФП.
„Имаше 370.000 случаи на медицинска помош за ранетите“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Тој додаде дека „половина од ранетите војници се враќаат на бојното поле“.
Во рамки на обидите да обезбеди поддршка за Украина, Зеленски на 7 декември се состана со францускиот претседател Емануел Макрон и со Доналд Трамп, новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД) во Париз, каде светските лидери се собраа на церемонија по поводотворањето на реновираната катедрала Нотр Дам.
По средбата, Зеленски напиша на Телеграм дека во „добар и продуктивен“ разговор со Макрон и со Трамп се разговарало за ситуацијата на теренот во Украина и можноста за „праведен мир“.
„Разговаравме за нашиот народ, ситуацијата на бојното поле и праведен мир за Украина. Сите сакаме да ставиме крај на оваа војна што е можно побрзо и праведно“, напиша Зеленски на Телеграм.
Русија ја почна инвазијата на Украина на 24 февруари 2022 година.
Протести на десницата во Букурешт поради поништените избори по руско мешање
Романскиот екстремно десничарски, проруски претседателски кандидат Калин Георгеску и десетици негови поддржувачи протестираа на затворено избирачко место во Букурешт, откако Уставниот суд на Романија ги поништи претседателските избори поради обвинувања за руско мешање.
Судот ја донесе одлуката на 6 декември, велејќи дека владата сега мора да одлучи кога ќе се одржат нови избори.
Повеќе од 100 луѓе се собраа пред избирачкото место во главниот град на 8 декември, првично закажаниот датум за вториот круг гласање - извикувајќи „Долу диктатурата“, „Сакаме да гласаме“ и „Крадци“.
Георгеску, чии проруски коментари предизвикаа протести на илјадници претежно млади Романци во последниве денови, рече дека властите ги откажале изборите бидејќи се плашеле дека тој ќе победи.
„Јас сум овде во име на демократијата и секогаш ќе бидам“, изјави Георгеску пред гласачкото место.
Георгеску, кој се кандидираше како независен кандидат, победи во првиот круг од изборите на 24 ноември, пред проевропската центристичка кандидатка Елена Ласкони од централнодесничарската партија „Спасете ја романската унија“.
Но, Уставниот суд во својата одлука за поништување на изборите наведе нелегална употреба на дигитални технологии, вклучително и вештачката интелигенција, како и употреба на „непријавени извори на финансирање“.
Георгеску ја отфрли пресудата како „официјален пуч“ и напад врз демократијата, додека Ласкони, исто така, ја осуди одлуката.
Вториот круг на претседателските избори во Романија се сметаше за референдум за идната насока на членството во НАТО и ЕУ поради обвинувањата за руско мешање што извади илјадници Романци на улиците во знак на поддршка дека местото на земјата е во евроатлантската заедница.
Романскиот проевропски претседател Клаус Јоханис изјави дека ќе остане на функцијата се додека не се формира нова влада, која ќе одреди датум за претседателски избори.
Се очекува тој да назначи премиер кој ќе формира влада од парламентот што беше избран на 1 декември. Таа администрација треба да одреди датум за нови избори.
Намалена видливост на патот Кичево-Македонски Брод
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Кичево – Македонски Брод, соопшти Авто-мото сојуз на Македонија (АМСМ).
Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Временска прогноза - претпладне облачно, попладне дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно, претпладне со услови за магла по одделни котлини, соопштија од Управата за хидрометеролошки работи (УХМР).
Попладне и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд, пообилни во западните делови од државата, каде што ќе наврнат и над 15 литри на квадратен метар. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Ќе дува слаб до умерен, а во Повардарието и засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 13 целзиусови степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно, претпладне со услови за појава на магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд и ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне 9 целзиусови степени.
Според прогнозата на УХМР, во наредните денови ќе преовладува променливо облачно време со појава на магла или ниска облачност по котлините. Повремени врнежи од дожд, а на планините од снег, ќе има во вторник.
Отворена катедралата Нотр Дам пет години по пожарот
Катедралата Нотр Дам во Париз беше отворена вечерта на 7 декември, пет години по разорниот пожар кој доведе до уништување на зградата стара 860 години.
Службите за итни случаи кои помогнаа да се спаси готското ремек-дело и луѓето вклучени во реставрацијата беа пречекани со овации додека парискиот надбискуп Лоран Улрих тропна три пати на вратите на Нотр Дам пред симболично повторно да ја отвори зградата.
На двочасовната богослужба присуствуваа околу 40 шефови на држави и влади, вклучувајќи ги и новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Францускиот претседател Емануел Макрон во краткиот говор рече дека „вечерва можеме заедно да споделиме радост и гордост“.
„Стојам пред вас да ја изразам благодарноста на француската нација, нашата благодарност до сите оние кои ја спасија, помогнаа и ја обновија катедралата“, рече Макрон.
Мали групи парижани и туристи, и покрај влажното време и силните ветрови, беа надвор за да бидат сведоци на реставрацијата на катедралата, која беше на работ да се урне поради силниот пожар што ги зафати покривот и кулата.
Реконструкцијата чинеше околу 700 милиони евра, финансирани од донации.
Чувството за национален успех во обновувањето на симболот на Париз е поткопано од политичките превирања што ја оставија Франција без влада откако премиерот Мишел Барние поднесе оставка на 5 декември откако пратениците од екстремната десница и левица гласаа за пад на неговата влада.
Макрон се надева дека повторното отворање може да донесе чувство на национална гордост и единство - како што направија Олимписките игри во Париз ова лето.
Причината за пожарот во 2019 година не беше откриена и покрај форензичката истрага од страна на обвинителите, кои веруваат дека најверојатната причина била несреќа, како што е електричен дефект.
Во Париз во текот на викендот се воведени строги безбедносни мерки, слични на оние за време на Олимпијадата на почетокот на оваа година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете