Достапни линкови

Вести

Врховниот суд на ЕУ ги отфрли жалбите на Полска и Унгарија

Седиштето на Европскиот суд на правдата
Седиштето на Европскиот суд на правдата

Европскиот суд на правдата денеска ги отфрли жалбите на Полска и Унгарија против новиот механизам за поврзување на европските фондови, со кој на Унијата ѝ се овозможува да го намали или да го запре финансирањето на земјите-членки доколку се утврди дека тие не го поддржуваат владеењето на правото.

Популистичките влади во двете земји го оспорија механизмот велејќи дека Унијата во која има 27 членки нема законско овластување да спроведе таква мерка.

„Судот ја отфрла тужбата“, се вели во изјавата што ја прочита судијата на 16 февруари.

ЕУ влезе во жестока битка со Полска и Унгарија, критикувајќи ги двете земји за усвојување мерки кои ги ограничуваат правата на жените, на ЛГБТ луѓето и мигрантите, како и за задушување на слободата на судовите, медиумите, академиците и невладините организации.

Конечната пресуда на Европскиот суд на правдата со седиште во Луксембург не може да се обжали.

види ги сите денешни вести

Временска прогноза – Облачно време со услови за краткотраен дожд

Жена со чадор во Скопје (Илустративна фотографија)
Жена со чадор во Скопје (Илустративна фотографија)

Времето денеска ќе биде променливо облачно со услови за краткотраен локален дожд. Попладне и во вечерните часови облачноста ќе се намалува. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

Минималната температура ќе се движи во интервал од 3 до 9, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени Целзиусови.

Во Скопје исто така се очекува променливо облачно време со услови за краткотраен дожд. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне 16 степени.

Во текот на викендов времето ќе биде претежно стабилно и потопло. Под влијание на нов влажен бран во понеделник попладне и во вторник времето повторно ќе биде облачно, на повеќе места со врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат обилни, со пороен карактер и со појава на ретки грмежи.

Температурата во вторник ќе биде во опаѓање, а на планините врнежите ќе бидат претежно од снег.

Каспаров - Русија може да се откаже од некои територии ако ја загуби војната во Украина

Гари Каспаров.
Гари Каспаров.

Рускиот опозициски политичар и ко-основач на Форумот Слободна Русија, Гари Каспаров, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека сегашните граници на Русија „можеби не мора нужно да останат“ доколку Москва ја загуби војната во Украина, но нагласи дека целосен колапс на Русија е малку веројатен.

Зборувајќи за можните области кои би можеле да се отцепат од Руската Федерација, Каспаров ги наведе републиките Татарстан, Башкортостан, Дагестан и Чеченија, но додаде дека се уште не е јасно што ќе следи по војната.

„На крајот, економските фактори ќе играат голема улога во ова прашање. Но, денес е многу важно да не се поддржува позицијата на обединета и неделива Русија“, рече Каспаров, додавајќи дека верува дека „промената на империјалистичкиот карактер на Русија е неопходна за нејзино преобликување.

Како што јави РСЕ на англиски јазик, 60-годишниот поранешен светски шампион во шах, исто така, рече дека загубите на Русија ќе бидат „минимални“.

„Но, ако ја отстраните империјата, тогаш треба да се согласите дека некои нејзини делови на крајот може да исчезнат“, рече Каспаров, оценувајќи дека економските врски се отежнувачки фактор за распадот на Русија.

Тој рече дека ако некои делови од Русија се отцепат, тогаш би било можно да се постигнат нови договори меѓу руските територии во рамки на она што би било „слободна конфедерација“.

„Тоа е точно, меѓу другото, и од психолошка гледна точка, бидејќи ќе биде невозможно да се изгради неимперијална Русија со зачувување на погрешните империјални заблуди“, изјави Каспаров за РСЕ во Вилнус на собир на руски опозиционери.

Како што рече, смета дека Соединетите Американски Држави и Европската Унија се „плашат“ од евентуален распад на Русија доколку таа ја загуби војната во Украина.

Според него, тоа создава проблеми во подобро разбирање на светот и војната во Украина, но влијае и на поддршката за Киев во спротивставувањето на руската агресија.

„Украинската победа би била силен удар за Русија и најверојатно ќе доведе до промена на целата [нејзина] политичка структура“, рече Каспаров.

Тој рече дека руската јавност сè уште не разбира дека војната оди кон пораз и дека „диктатурата на Путин нема да опстане“.

Каспаров, кој моментално живее во САД, е познат како остар критичар на политиката на Кремљ, вклучувајќи ја и војната во Украина.

Тој и уште еден истакнат критичар на рускиот претседател Владимир Путин, Михаил Ходорковски, поранешен нафтен тајкун, беа ставени во регистарот на странски агенти на Русија во мај 2022 година.

Иранскиот добитник на Греми осуден на четири години затвор

Шервин Хаџипур, ирански пејач и добитник на наградата Греми, беше осуден на затворска казна.
Шервин Хаџипур, ирански пејач и добитник на наградата Греми, беше осуден на затворска казна.

Иранскиот суд го осуди на речиси четири години затвор добитникот на Греми Шервин Хаџипур, кој првпат беше приведен откако неговата песна „Бараје“ се претвори во химна на протестите против естаблишментот во 2022 година, истовремено принудувајќи го да пишува музика критички настроена кон САД.

Хаџипур ја сподели веста заедно со слика од судската пресуда на својот Инстаграм профил на 1 март. Тој им се заблагодари на своите адвокати што „дале се од себе“ и употреби персиски израз што сугерираше дека не се кае.

Хаџипур е осуден на осум месеци затвор за „пропаганда против естаблишментот“ и три години за „охрабрување и предизвикување на јавноста на бунт за нарушување на националната безбедност“. Хаџипур ќе ја одлежи само подолгата од двете затворски казни.

На пејачот и текстописец, исто така, му е наредено „да создаде музика за американските злосторства против човештвото“ и „да ги документира кршењата на човековите права во Америка во минатиот век“ и да ги објави своите наоди на социјалните мрежи.

Тој, исто така, доби забрана за напуштање на Иран на две години и му е наредено, меѓу другото, да објавува на социјалните мрежи рачно напишани белешки од верски книги за жените.

Бараје, чии стихови беа многу инспирирани од објавите на социјалните мрежи од Иранците кои објаснуваат зошто протестираат, ја освои инаугуративната награда за специјална заслуга за најдобра песна за социјални промени на Греми 2023 година.

Протестите во 2022 година избувнаа откако Махса Амини, која беше приведена поради наводно носење „несоодветна“ облека, почина во полициски притвор. Месечните немири го создадоа движењето „Жени, живот, слобода“ кое претставува едео од најсилните предизвици за исламската република од нејзиниот почеток.

Стотици беа убиени, а илјадници беа уапсени додека властите ги задушија протестите.

Хаџипур беше уапсен во септември 2022 година и беше задржан околу три недели пред да биде ослободен со кауција.

ДПИ - Дел од маркетите веќе ги зголемија цените

Основни прехранбени производи. Илустративна фотографија.
Основни прехранбени производи. Илустративна фотографија.

Дел од маркетите веќе ги зголемиле цените откако од денеска повеќе не важи меката на Владата за гарантирани цени на дел од прехранбените производи, според Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

„Она што исто така го имам како информација е дека снабдувачите на големо веќе ги преправаат цените до трговците на мало со тоа што се очекува да се покачат цените, но повикувам на општествена одговорност од страна на трговците на мало и на трговците на големо со цел доколку има простор и можност цените да ги остават на истото ниво“, изјави денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски.

Тој додава дека дека не можат да влијаат на цените, но верува дека дел од големите ланци на маркети ќе прават акции со кои ќе има намалувања на одредени прехранбени производи.

Владата денеска од октомври 2023 година објави листа од 50 производи чија цена ја намалена за 10 проценти во однос на цената која ја имале на 1 август истата година. Овие производи добија ознака „гарантирана цена“ во маркетите.

Листата вклучуваше над 50 производи во околу 25 категории од пекарската, млечната, месната индустрија.

Трајковски објасни дека она што во следниот период по запирањето на мерката е контрола на Пазарниот инспекторат дали се почитуваат Законот за трговија, Законот за заштита на потрошувачи.

„Дали соодветно се води трговска евиденција, дали потрошувачите евентуално се доведени во заблуда, една цена на рафт, една цена на каса, реалност на попустите и слично“, рече Трајковски.

Во текот на вчерашниот ден инспекторите на ДПИ направиле контрола во сите големи ланци на маркети низ државата по однос на одлуките на Владата, но за резултатите, како што рече Трајковски, мора да се причека додека надзорите не завршат во целост.

Руски обвинител бара осум години затвор за новинар кој известувал за војната во Украина

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Руското обвинителство побара од судот во Королев, во близина на Москва, да го осуди новинарот на „RusNews“ Роман Иванов на осум години затвор под обвинение за ширење лажни информации за руската армија.

Како што јавува Радио Слободна Европа на руски јазик, причина за покренување на случајот биле неговите објави на социјалните мрежи во кои пишувал за убиствата на цивили во Буча, како и извештаите на ОН за хуманитарната ситуација во Украина, како и изјавата на шефот на руското Министерство за одбрана, Сергеј Шојгу за недостигот на проектили.

Иванов се изјасни за невин, велејќи дека ја работи својата работа како новинар.

„Јас сум новинар, а моја задача е да ги информирам читателите. Токму тоа го правам. Дали тоа го поткопува авторитетот [на војската] или не, зависи од лицето кое ги примило информациите и ги анализирало. Моја основна задача е читателите да имаат информации, да знаат што се случува во светот околу нив и какви одлуки се носат“, рече Иванов.

Во февруари 2023 година, судот во Барнаул ја осуди новинарката на „RusNews“, Марија Пономаренко на шест години затвор. Таа беше прогласена за виновна за „ширење лажни вести“ за руската војска.

Многу критичари и групи за човекови права велат дека Кремљ го користи таканаречениот закон за странски агенти за да го потисне различното мислење.

Законот беше потпишан од рускиот претседател Владимир Путин во јули 2022 година и стапи на сила на 1 декември истата година. Со законот се проширува дефиницијата за таканаречени „странски агенти“ за да ги вклучи сите „под странско влијание“, за што противниците на законот велат дека ѝ олеснило на државата да ги нападне домашните критичари.

Законот ја проширува дефиницијата за „политички активности“ за да вклучи нејасна клаузула која ги опфаќа сите активности „спротивни на националните интереси на Руската Федерација“.

Новинарката на Радио Слободна Европа, Алсу Курмашева, која е номинирана за Светската награда за слобода на печатот на УНЕСКО/Гилермо Кано во 2024 година, исто така е во руски затвор од 18 октомври. Таа е обвинета и за дистрибуција на „лажни“ вести за руските вооружени сили, за што ѝ се заканува казна затвор до 10 години.

Притворот на Курмашева предизвика бран критики од групите за човекови права и политичарите кои рекоа дека овој потег сигнализира ново ниво на воена цензура.

Руските власти, исто така, го затворија новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович за наводна шпионажа, што тој и американскиот весник силно го негираат.

Москва е обвинета за приведување Американци за да ги користаи како договори за пазарење за Русите затворени во САД.

Египет се надева на договор за прекин на огнот во Газа пред Рамазан

Чад над Појасот Газа, 22 јануари 2024 година.
Чад над Појасот Газа, 22 јануари 2024 година.

Египет се надева дека разговорите иницирани од Катар ќе доведат до крај на непријателствата во Појасот Газа пред претстојниот месец на постот Рамазан, изјави египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукру.

Преговорите за примирје во Газа, кои започнаа во Париз минатата недела, се најсериозниот обид да се запрат борбите во палестинската енклава меѓу израелските сили и милитантната група Хамас, која САД и ЕУ ја означија за терористичка организација, пишува Ројтерс.

Шукру, говорејќи на меѓународниот дипломатски форум во Анталија, Турција, рече дека дошле до „точка на разбирање“.

„Ќе продолжиме да правиме напори со нашите браќа во Катар и САД и со другите кои се блиску до преговорите. Се надеваме дека можеме да постигнеме прекин на непријателствата и размена на заложници. Сите сме свесни дека имаме ограничено време да успееме пред почетокот на Рамазан“, рече Шукру.

Предложениот договор, од почетокот на Рамазан на 10 и 11 март, вклучува 40-дневна пауза на сите воени операции и размена на палестински затвореници за израелски заложници десет спрема еден, изјави за Ројтерс висок извор близок до преговорите.

Шукру најави дека ќе продолжи да бара соработка со Обединетите нации, „за да се олесни страдањето на народот во Газа и да се зголеми нивото на [помош]“.

„Тоа не може да се случи без прекин на непријателствата“, рече тој.

Палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал-Малки, говорејќи на истиот панел со Шукру, рече дека Израел нема да објави прекин на огнот доколку не се изврши меѓународен притисок врз владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Ако не успееме да постигнеме прекин на огнот во следните две или три недели, јасно е дека ќе видиме уште една рунда напади врз Рафах и продолжување на геноцидот“, рече тој.

Американскиот претседател Џо Бајден на 29 февруари изјави дека САД ги истражуваат извештаите за израелски војници кои пукале во луѓе додека чекале хуманитарна помош во Газа. Тој изјави и дека верува оти инцидентот ќе ги усложни преговорите за прекин на огнот.

Нападите врз Газа траат од 7 октомври како одговор на нападот на Хамас врз Израел. Областа претрпе значително уништување и со месеци е изолирана од останатата територија.

ЕУ ја предупредува Србија за последиците од непочитувањето на надворешната политика на Брисел

Илустративна фотографија - знамиња на ЕУ пред седиштето на Европската комисија.
Илустративна фотографија - знамиња на ЕУ пред седиштето на Европската комисија.

Европската унија (ЕУ) ја предупредува Србија дека ќе следат последици во процесот на европска интеграција бидејќи земјата не се усогласува со надворешната политика на ЕУ.

Портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер, истакна дека усогласувањето е едно од основните барања за секоја земја која цели кон членство во ЕУ.

„Хармонизацијата е дел од процесот на пристапување. Јасно е дека има последици за непочитување на позициите на ЕУ, бидејќи основен услов за една земја да ги почитува овие позиции е да стане членка на ЕУ. А членството во ЕУ е една од стратешките цели на Србија“, рече Мамер.

Србија не се придржува на ниту една одлука на Европската унија во однос на мерките против Русија како одговор на Брисел на агресијата врз Украина.

Земјата не го почитуваше и соопштението на ЕУ поврзано со смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, во кое се оценува дека крајната одговорност за убиството на Навални ја имаат претседателот Путин и руските власти.

Србија е земја-кандидат за полноправно членство во ЕУ, но не се придржува на ниту една одлука за рестриктивни мерки против Русија. Ова е една од причините зошто земјата не напредува во процесот на преговори со ЕУ.

Последниот кластер во процесот беше отворен во декември 2021 година, два месеци пред руската инвазија на Украина.

Брисел редовно ги повикува официјалните лица од Белград да воведат санкции кон Русија. Се очекува земјите-кандидатки постепено да ја усогласуваат својата надворешна политика со политиките на ЕУ. Целосното усогласување е неопходно непосредно пред приемот на нова членка во Унијата.

Поднесено обвинение за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко

Mayor of Struga Ramis Merko
Mayor of Struga Ramis Merko

Поднесено е обвинение против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко за набавката на службениот автомобил „Ауди А6“. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 29 февруари го поднело обвинението до Кривичниот суд Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинението Мерко се соочува со максимална затворска казна од 5 години.

„Иницијативата на државната комисија за спречување корупција лутала долго време по обвинителствата и конечно пристигна кај нас. Се состоеше во целосно повикување на извештај на Државниот завод за ревизија, по што следуваше макотрпна работа. Нашето обвинителство го поднесе предлогот, откако се одржа колегиум во кој се договоривме да ги сработиме предметите кои можеби се во друга надлежност а се стигнати кај нас. Ние го испративме во кривичниот суд во Скопје, кој ако се прогласи за ненадлежен, ќе го препратиме во судот во Струга“, велат од обвинителството.

Инаку за името на Рамиз Мерко, кој во три мандати управува со општина Струга, досега се врзуваа афери и обвинувања за корупција, но ниту една не добила судска завршница.

Антикорупциската комисија (ДКСК) во 2019 година за градоначалникот на Струга иницираше поведување постапка за кривично гонење пред Јавното обвинителство за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“ во Општина Струга.

Рамиз Мерко и неговите членови на семејството во јули 2023 година беа ставени ставени на американската „црна листа“, со што беа првите црната листа на САД по доаѓањето на новата американска амбасадорка Анџела Агелер.

Од ДКСК во 2019 година истакнаа дека градоначалиникот на Општина Струга Рамиз Мерко ја злоупотребил својата положба при набавка на четири автомобили во вкупна вредност на набавката од 114.000 евра меѓу кои и луксузниот автомобил марка „Ауди А6“ со вкупна вредност на набавката од 66.700 евра кое тој го користи. Тие тогаш посочија дека градоначалникот во неговото писмено изјаснување ги отфрла изнесените наводи.

Тие наведоа дека Мерко во своето писмено изјаснување ги отфрлува наводите со образложение за дотраен возен парк на возила на Општина Струга кој, според него, пред објавување на јавниот оглас за набавка на возила го сочинувале стари возила и тоа еден „Мерцедес Е-класа“ од 2006 година, две „Шкода Фабија“ од 2010 година, едно комбе „Фиат“ од 2010, едно „Ауди А6“ од 2011 година со блокиран мотор и една „Шкода Октавија“ од 2010 година, наведоа од ДКСК.

Од Комисијата посочија дека тој во своето изјаснување навел дека се воздржал од патувања на многу важни состаноци и средби со образложение „од други причини“, бидејќи му било срам да ја каже правата вистина дека нема возило за патување со повисоки перфорамнси, кои гарантираат сигурност и безбедност при патувањето на градоначалникот на Општината.

Британски аналитички центар предупредува дека руско-кинеската соработка е ризик за Украина

Илустративна фотографија - Мешународната вселенска станица.
Илустративна фотографија - Мешународната вселенска станица.

Русија ја интензивира соработката со Кина во 5G и сателитска технологија, што може да ја олесни воената агресија на Москва против Украина, се предупредува во извештајот на британскиот безбедносен аналитички центар The Royal United Services Institute.

Во извештајот, објавен на 1 март, се вели дека интеграцијата на 5G мрежите на бојното поле може да наиде на пречки во Русија. Сепак, се додава, инфраструктурата за кинеската помош за руските сателитски системи веќе постои и може „да ја олесни руската воена акција во Украина“.

Кина, која одржува блиски врски со Москва, одби да ја осуди руската инвазија на Украина. Со економска поддршка од Кина, Кремљ преживеа бројни западни санкции.

Пекинг вели дека не ѝ продава смртоносно оружје на Русија за нејзината војна против Украина, но западните влади постојано ја обвинуваат Кина дека помага во протокот на технологија во руските воени напори.

Во извештајот на тинк-тенкот се вели дека соработката меѓу Русија и Кина во 5G и сателитската технологија, исто така, може да ѝ помогне на Русија на бојното поле во Украина.

„Широката употреба на беспилотни летала и напредна телекомуникациска опрема е критична на сите фронтови во Украина, од собирање разузнавачки информации до кампањи за воздушни напади“, се вели во извештајот.

5G е технолошки стандард за мобилни мрежи, кој овозможува побрз пренос на податоци од неговиот претходник 4G.

ЕУ одвои дополнителни 68 милиони евра помош за Палестинците

илустрација
илустрација

Европската Комисија одлучи да одвои дополнителни 68 милиони евра за поддршка на Палестинците во регионот на Блискиот Исток, кои ќе бидат дистрибуирани преку меѓународните партнери на ЕУ, како што е Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Црвената полумесечина, соопшти портпаролот на ЕК, Ерик Мамер.

„Комисијата одвои 125 милиони евра хуманитарна помош за Палестинците за 2024 година, од кои првите 16 милиони ќе бидат проследени денеска или најдоцна на почетокот на следната недела“, изјави Мамер.

Дополнителната помош ќе претставува додаток на предвидената поддршка од 82 милиони евра за 2024 година преку Агенција на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), на која следната недела ќе и бидат исплатени 50 милиони евра.

Комисијата посочува дека одлуката за исплата на средства за УНРВА следи откако Агенцијата презела активности и обврски за расветлување на сериозните наводи за вмешаност на неколкумина нејзини вработени во нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.

„Комисијата ги поздравува истрагата на Канцеларијата за внатрешни надзорни служби на ОН за расветлување на сериозните наводи против персоналот на УНРВА и создавањето на независна истражна група, предводена од Кетрин Колона, за да процени дали Агенцијата прави се што е во нејзина моќ за да обезбеди неутралност“, посочува Еврокомисијата, додавајќи дека добила уверување од УНРВА дека е „подготвена да обезбеди проверка на нејзиниот персонал за да се потврди дека тие не учествувале во нападите и дека се воспоставуваат дополнителни контроли за да се ублажат таквите ризици во иднина“.

Европската Комисија нагласува и дека УНРВА се согласила на ревизија што ќе ја спроведат надворешни експерти назначени од ЕУ.

Со сегашната одлука се предвидува исплата на првата транша за УНРВА од 50 милиони евра од вкупната сума од 82 милиони евра за 2024 година, додека останатите две транши во износ од по 16 милиони евра ќе бидат исплатени дополнително согласно темпото на спроведувањето на договорените обврски.

Комисијата посочува и дека согласно договореното со УНРВА предвидена е можност за суспензија или враќање на исплатените средства, доколку „се појават веродостојни информации кои укажуваат на значителни недостатоци во функционирањето на системот за внатрешна контрола“ на Агенцијата.

Во врска со денешната одлука за дополнителната помош за Палестинците, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен изјави дека таа е доказ за поддршката на ЕУ за палестинскиот народ во Газа и низ целиот регион на Блискиот Исток.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG