Достапни линкови

Вести

Османи за разговорите со Бугарија - Треба повеќе мудрост отколку емоции

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Позициите со Бугарија се уште се различно, но разговорите служат за да се изнајдат заеднички решенија, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со новинарите.

„Нашите државни позиции се јасни и нема измени во државните позиции. Најважното прашање за нас се идентитетските прашања во преговарачката рамка како европски решенија, за нив е прашањето на бугарската заедница во Република Северна Македонија и тоа го идентификува на некој начин патот по кој треба да се движи овој процес. Пакетот политички прашања ги опфаќа прашањата што се важни за нас, две се важни барања за нас, а тоа е прифаќање на преговарачката рамка, како што е предложено од страна Европската комисија, посебно во однос на идентитетските атрибути и почетокот на преговори. Од страна на Бугарија се прашањата по однос на правото на самоопределување врз основа на државното уредување, говор на омраза и рехабилитација на жртви на комунизмот. Тоа се пакет прашања во кои се вклучени елементи од едната или другата страна“, појасни Османи.

Во врска со провокациите што се случуваат од двете страни, Османи е дециден дека наша цел не е ескалација на односите со Бугарија, туку деескалација на односите, затоа што нам ни е спречен развојот преку блокадата на ЕУ.

Нема да дозволам, истакна министерот Османи, да правам политиканство од дневна и партиска политика, на теми што се суштински за граѓаните.

„Имам крајна цел, а таа крајна цел е оваа држава да стане европска држава, да ги нормализира односите со соседите, зачувувајќи тоа што е најважно за граѓаните. За тоа ми треба повеќе мудрост во делувањето отколку емоции. Оваа работа или ќе ја водите со глава или со срце. Со срце може ќе ви донесе некоја популарност во моментот, ќе задоволува некои наши фрустрации и емоции и незадоволства, но на крајот нема да нè води таму кај што сакаме. Затоа мора оваа работа да биде со ладна глава и жешко срце, само така ќе може да го надминеме. Но, граѓаните може да бидат спокојни дека нема да дозволиме ништо што е суштински идентитетски за нив да се повреди“, истакна Османи.

Тој уште еднаш повтори дека ние се водиме од принципот ништо не е договорено, додека сè не е договорено, и затоа е важно да има пакет на заемно поврзани елементи како почеток на процесот на имплементација на договорените точки.

Османи рече дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е дел од разговорите и преговорите, но не е решено.

види ги сите денешни вести

Пендаровски - Уставните измени да влезат во процедура најдоцна следниот месец

Постапката за промена на Уставот треба да почне овој или најдоцна следниот месец, смета македонскиот претседател Стево Пендаровски. Тој во интервју за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24 изјави дека единствен начин да се дојде до двотретинско мнозинство е со дебата со опозицијата.

„Јас би преферирал постапката за промена на Уставот да почне овој или најдоцна другиот месец и да заврши пред август, кога се колективните одмори на државните органи, пред се на Парламентот, зашто потоа полека влегуваме во предизборна атмосфера и атмосферата може да биде само полоша. Не би сакал да видам друг начин за да дојдеме до две третини и промена на Уставот сега во однос на Бугарите, освен дебата со опозицијата“, изјави Пендаровски.

Министерството за правда најави дека работната група која ќе работи на амандмани на уставните измени ќе биде наскоро формирана и дека сите барања за измена на Уставот ќе бидат разгледани.

Бугарија ги блокира преговорите за членство во ЕУ на Македонија со барање Бугарите да бидат внесени во Уставот, но опозициската ВМРО-ДПМНЕ се противи на тоа. Без нив го нема потребното двотретинско мнозинство за уставни измени.

Пендаровски вели дека македонската Влада го турка овој процес и ќе го истурка до крај, а во државната позиција на Бугарија кон земјава нема никаква промена. Негова оценка е дека предвремените избори нема да ги решат политичките проблеми во државата.

„Се плашам дека не само предвремените, туку и редовните парламентарни избори нема да ги решат длабоките политички проблеми зашто тие не се од вчера. Имаме огромна дупка меѓу два па и три политички блока кои со години наназад се гледаат преку нишан. Мислам дека за да се влоши состојбата, многу придонесе 27 април, а и немаше извинувања за тоа што беше сторено,“ вели Пендаровски.

Во однос на втор мандат Пендаровски најави дека ќе размислува по Нова Година, за да види дали ќе има поддршка од политичките партии.

„Не би сакал да се туркам ако мојот рејтинг е низок“, истакна претседателот.

Пендаровски стапи на фунција на 12 мај 2019 година. Неговиот мандат истекува следната година.

Украинците во Скопје побара од руските дипломати да го „напуштат кругот на злото“

илустрација, архивска фотографија

Украинското здружение „Лесја Украинка“ во Скопје испрати порака до руските дипломати во Македонија да ги осудат масакрите од војната во Украина особено оние во Буча. Оваа порака ја упатија на денешниот собир во центарот на градот по повод одбележување на годишнина од масакрот во Буча.

„Осудете ја варварската, напаѓачка војна против Украина што ја започна злосторничкиот режим на Владимир Путин. Додека сè уште не е доцна, поднесете оставка и побарајте азил“, се вели во пораката упатена до руските дипломати.

На 31 март минатата година украинските сили влегоа во Буча, откако руската војска се повлече по неуспешниот обид да го освои главниот град на Украина, сликите на мртвите тела расфрлани низ улиците на Буча го обиколија светот, предизвикувајќи бран на шок и осуда.

Русија негираше дека ги извршила масакрите и тврди дека објавените слики и видеа од Буча се „исценирани “ од Украина.

Претседателот на Здружението на Украинците „Лесја Украинка“, Олександар Урбанович потсети на жртвите и на настраданото цивилно население од руската инвазија во неговата држава. Поради направените злосторства, нагласи Урбанович, на Русија не смее да и се дозволи учество на Олимписките игри ниту под белото знаме. Тој во обраќањето до руската амбасада ги повика вработените да излезат од, како што вели кругот на соучесниците на злото.

„Гледате информации за смртта на невините украински деца, жени и мажи кои ја бранат својата држава од неиспровоцираната и незаконска агресија на „рускиот мир“. Ги повикуваме оние од вас кои имаат совет и чест: излезете од овој круг соучесници на злото, немојте да бидете лажговци и лакеи на режимот. Немојте да бидете соучесници во руските злосторства кои режимот на Кремљ ги извршува во Украина“, изјави Урбанович.

Тој посочи дека руска армија се претворила во глутница од осуденици и криминалци, ограбувачи, садисти и убијци.
Урбанович на митингот упати посебна благодарност до Северна Македонија за поддршката и ја нарече „братска“.

„Вашата поддршка во авиони, тенкови и хеликоптери навистина многу ни значи и нема никогаш да го заборавиме тоа“, подвлече Урбанович.

Само според Обединетите нации, повеќе од 8 000 лица загинале за време на војната во Украина, од кои 500 се деца.

Украинските власти проценуваат дека околу 400 тела на цивили се пронајдени во Буча и вкупно повеќе од илјада низ целиот регион околу Киев. Многу од телата беа пронајдени во масовни гробници.

Две тинејџерки исчезнати, полицијата трага по нив

Илустрација, полиција во трговски центар

Две тинејџерки на возраст од 12 и 15 години втор ден како не се вратиле дома. Нивните родители пријавиле во полициската станица Бит Пазар дека од вчера на пладне не се вратиле дома. Полицијата трага по нив.

Во кусото полициско соопштение е наведено дека 15 годишното девојче и претходно, во повеќе наврати се оддалечувало од домот и била враќана дома со полициска придружба.

Таткото на 12 годишното девојче јавно преку дел од медиумите упати апел за помош во нејзиното пронаоѓање. Тој за ТВ 21 изјави дека последен пат ја видел ќерка си вчера во 7 часот наутро пред да ја испрати во училиште.

Приведени дилери во близина на фирма за медицински канабис

Илустрација

Приведени петмина со 4 килограми марихуана изнесена од компанија која има дозвола за производство на канабис за медицински цели. Министерството за внатрешни работи соопшти дека битолски полицајци од криминалистичкиот оддел на СВР Битола забележале автомобил „мерцедес“ од кој совозачот во близина на влез во фабрика за производство на медицински канабис во селото Кравари, подигнал натоварени кеси со марихуана. Откако возачот на „мерцедесот “ ги забележал полицајците од возилото исфрлил две ќеси со марихуана.

По приведувањето на петмината мажи, полицијата по наредба на Основниот суд Битола извршила претрес во фирмата која има лиценца за производство на канабис, и констатирала неправилности во поглед на производство, одгледување и складирање на медицинскиот канабис, за што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

МВР не соопштува повеќе детали од ова. Но, според претходно објавените полициски билтени ова не е прв пат да се откријат неправилности во работењето на фирмата која има дозвола за производство на канабис во село Кравари.
Во октомври минатата година беше објавена вест дека при извршен претрес било пронајдено поголема количина на произведена марихуана од таа што ја пријавиле во Комисијата надлежна за тоа, која е дел од Министерството за здравство.

„При што беше констатирано дека во сеф-собата недостасуваат семки за канабис растенија, како и 127 грама сув цвет од канабис, за што претходно известиле до Комисијата дека го поседуваат. Во сеф-собата се пронајдени 14 килограми и 800 грама сув цвет од канабис, за кој немаат доставено известување дека го поседуваат по завршена берба“, се вели во соопштението објавено на 29 ноември 2022 година.

Од извршениот увид во документацијата која правното лице ја има доставувано до Комисијата, од МВР тогаш соопштија дека констатирале оти правното лице не води соодветна евиденција, делумно нецелосно ги пријавува настанатите промени при одгледувањето на канабис, не известува за денот на почнувањето на бербата на канабисот, не доставува известувања за набрана влажна маса и не го пакува собраниот сув цвет од канабис согласно Закон.

Во неколку наврати во 2020 година беа украдени големи количини марихуана во фабрики за медицински канабис. Во фабрика во село Јосифово во близина на Валандово во декември 2020 беа украдени 2 тони марихуана, а само 231 килограми беа пронајдени во скопско Арачиново. Тогашниот премиер Зоран Заев рече дека дрогата веројатно завршила на Косово.

Потоа беше пронајдени 60 килограми марихуана во крушевско, за кои постоеше сомнеж дека се украдени од фирма за медицински канабис во Крушево.

Македонија ја легализираше марихуаната за медицинска употреба во 2016 година и досега има над 60 лиценцирани фирми за производство на канабис.

Министерство за правда- Барања поврзани со уставните измени ќе бидат разгледани од работната група

Министер за правда Кренар Лога

Сите барања поврзани со уставните измени ќе бидат предложени и разгледани од работната група која наскоро ќе биде формирана, е одговорот на Министерството за правда по барањето на опозициската БЕСА во пакетот уставни измени да влезе и албанскиот јазик.

Во соопштението од Министерството е наведено дека го добиле писмото од политичката партија БЕСА во кое се бара при подготовката на уставните измени да се земе предвид и промената на амандманот V од Уставот.

Во работната група која ќе ги составува амандманите на уставот предвидено е свој член да имаат политичките партии меѓу кои и партијата Беса, соопштија од министерството.

Опозициската Беса денеска во јавноста го повтори својот став дека со отворањето на Уставот за вметнување на Бугарите во Преамбулата треба да се вметне и употреба на албанскиот јазик како службен јазик на ниво на цела територија.

„На целата територија на Република Северна Македонија и во меѓународните односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик и неговото писмо“ е наведено во предлог измената на еден од членовите на Уставот.

Претходно, владиниот коалиционер, лидерот на Алијанса Арбен Таравари истакна дека сега е моментот за отстранување на „20%“ од Уставот и да стои конкретно „албанскиот јазик“ заедно со уставните измени кои предвидуваат внесување на Бугарите во Уставот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е децидна дека уставни измени нема да има и засега е со став дека нема да учествува во оваа работна група, бидејќи ваквиот процес го смета за нелегитимен.

Санчез го охрабри кинескиот претседател да разговара со Зеленски

Шпанскиот премиер Педро Санчез го охрабри кинескиот претседател Си Џинпинг на 31 март да разговара со украинското раководство и од прва рака да дознае за мировната формула на Киев за да помогне да се стави крај на руската инвазија.

Санчез на прес-конференција во Пекинг рече дека го информирал кинескиот претседател, кој ја посети Москва на 20-21 март, дека Шпанија ги поддржува предлозите на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тие вклучуваат барање за враќање на територијата на Украина во статус кво пред руската анексија на Крим во 2014 година.

„Верувам дека тоа е план што ги поставува темелите за траен мир во Украина и е совршено усогласен со повелбата на Обединетите нации и нејзините принципи, кои беа прекршени од рускиот претседател Владимир Путин со неговата инвазија“, рече тој.

Минатиот месец Пекинг изнесе свој мировен план од 12 точки и повика на сеопфатен прекин на огнот во конфликтот.

Русија смета дека Украина мора да ја прифати загубата на Крим и четири други региони на југот и на истокот на земјата.

Шпанија, членка на НАТО, чија надворешна и безбедносна политика е тесно усогласена со онаа на Соединетите Држави, е верен сојузник на Украина. Во јули го презема ротирачкото претседавање со Советот на Европската унија, кој ги групира 27-те национални влади на блокот.

Беса бара со Бугарите во уставните измени да влезе и албанскиот јазик

Опозициската Беса бара со отворањето на Уставот за вметнување на Бугарите во Преамбулата да се вметне и употреба на албанскиот јазик како службен јазик на ниво на цела територија. Според Беса сега е историски и важен момент за иднината на државата со кој како што велат, ќе може да се поправат историските грешки.

„Преку внатре-етничка и меѓуетничка кохезија, кои се направени преку неадекватна формулација во Уставот на Република Северна Македонија и да се изгради устав кој ќе биде главен извор на мирот, толеранцијата и демократските вредности“ изјави на прес конференција Фатмир Сабриу од Беса.

Од партијата посочуваат дека од предлагачот на уставните измени – Владата бараат во текот на составувањето на нацрт верзијата на уставните измени која ќе биде испратена за расправа до Собранието да се вметнат два амандмани.

„На целата територија на Република Северна Македонија и во меѓународните односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик и неговото писмо“ е наведено во предлог измената на еден од членовите на Уставот.

Сабриу вели дека Беса не е против вклучувањето на бугарската заедница во преамбулата на уставот на државата, но инсистира да се смени амандманот V од уставот и албанскиот јазик да биде рамноправен со македонскиот јазик во Македонија.


Претходно, владиниот коалиционер, лидерот на Алијанса Арбен Таравари истакна дека сега е моментот за отстранување на „20%“ од Уставот и да стои конкретно „албанскиот јазик“ заедно со уставните измени кои предвидуваат внесување на Бугарите во Уставот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е децидна дека уставни измени нема да има и засега е со став дека нема да учествува во оваа работна група, бидејќи ваквиот процес го смета за нелегитимен.

Демонстранти во Сараево бараат Шмит да ја напушти функцијата

Високиот претставник на БиХ Кристијан Шмит, архивска фотографија од прес конференција во Сараево во декември 2022 година

Неколку стотици граѓани излегоа на протест во Сараево со барање високиот претставник на БиХ Кристијан Шмит да ја напушти функцијата и да ги повлече донесените одлуки. Пред канцеларијата на Високиот претставник во Сараево на 31 март со автобуси пристигнаа стотици демонстранти со голем транспарент.

Демонстрантите велат дека се незадоволни од одлуките на Шмит кои се однесуваат на измените на Изборниот законик и Устав на БиХ. Пакетот мерки Шмит го донесе на ден по изборите во октомври минатата година и содржи и амандмани на изборниот законик и Устав. Тоа е осмата одлука која тој ја донесе од преземањето на функцијата во август 2021 година.

Тие бараат да престане, како што велат, „разградувањето на државата и одлуки кои ги носат претставници на меѓународната заедница“. Организатор на протестот е Здружението РеСТАРТ БиХ и Здружението на независни интелектуалци Круг 99.

Пред протестот, Шмит се огласи на Твитер.

„Мирните демонстрации се основно право во демократијата и се од клучно значење за плуралистичкото општество“, рече високиот претставник во Босна и Херцеговина.

Уставниот суд оцени дека одлуките на Шмит од 2 октомври минатата година, донесени на денот на изборите, се во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина и дека нема причина да се поништат.

„Политичките актери мора да се однесуваат одговорно и да го завршат процесот на формирање влада“, рече Шмит во момент кога се уште не е јасно како ќе се формира новата влада.

Владата на Федерацијата БиХ последен пат беше формирана во 2014 година, а од претходните избори од 2018 година функционира како „техничка влада“.
Рокот за формирање нова влада истекува на 6 април.

Високиот претставник за БиХ ги носи одлуките врз основа на Бонските овластувања врз основа на кои има право да менува закони, устави на ентитетите или да менува функционери. Тој е конечен авторитет за толкување на Дејтонскиот мировен договор.

Италија го ограничи пристапот до лични податоци за апликацијата ChatGPT

Илустрација

Италијанските власти привремено ја ограничија употребата на личните податоци на италијанските корисници на апликацијата „ChatGPT“ на OpenAI. Причината за таквата одлука е отворената истрага на италијанската агенција за заштита на податоци поради сомневање за прекршување на правилата за собирање податоци на корисниците.

Агенцијата го обвини и ChatGPT, кој е финансиски поддржан од Мајкрософт, дека не ја проверува возраста на своите корисници, наведувајќи дека треба да биде наменет за луѓе над 13 години.


Италијанската агенција наведе „отсуство на каква било правна основа што го оправдува масовното собирање и складирање на лични податоци со цел „обучување“ на алгоритмите кои се во основата на работата на платформата“.

Алатката е дел од новата генерација на системи за вештачка интелигенција (ВИ) кои можат да комуницираат, да произведуваат читлив текст на барање, па дури и да произведуваат нови слики и видеа, врз основа на голем центар за податоци. податоци, вклучувајќи дигитални книги, онлајн пишување и други медиуми.

Алатки за вештачка интелигенција - револуција или ризик за образованието
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:01 0:00


Од објавувањето минатата година, ChatGPT предизвика „технолошко лудило“, што ги натера ривалските компании да лансираат слични производи, додека други се обидоа да го интегрираат истиот или слични технологии во нивните сопствени апликации и производи.

Апликацијата достигна околу 100 милиони активни корисници во јануари, само два месеци по нејзиното лансирање, што ја прави најбрзо растечката апликација во историјата, според студијата објавена минатиот месец.

Мајкрософт соопшти дека ќе направи „повеќегодишна инвестиција од повеќе милијарди долари“ во својата нова програма за вештачка интелигенција, ChatGPT. Во нивното соопштение го опишаа новиот договор како трета фаза од растечкото партнерство со OpenAI, но не го открија точниот износ на инвестицијата

Вол Стрит Журнал го обвинува Путин дека држи Америкаци како заложници

Илустрација

Светскиот познатиот економски медиум Вол Стрит Журнал на 31 март го обвини претседателот Владимир Путин за ескалација на „навиката на Кремљ да држи Американците како заложници“. Ова обвинување се однесува на приведувањето на нивниот новинар под наводни обвиненија за шпионажа. Белата куќа обвинувањата против новинарот ги нарече „смешни“ и посочи дека рускиот лидер е лично одговорен за здравјето и безбедноста на Еван Гершкович.

За време на седницата зад затворени врати еден ден претходно, окружниот суд Лефортово во Москва се согласи со барањето на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), главниот наследник на безбедносната агенција КГБ од советско време, да го задржи Гершкович, 31-годишен стар американски државјанин со седиште во Москва како дописник на WSJ, во притвор два месеци.

Според обвинувањето на руската федерална служба за безбедност Гершкович по инструкции од Соединетите држави „собирал информации за едно од претпријатијата на рускиот воено-индустриски комплекс, што претставува државна тајна“.

„Руското апсење на новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович ја ескалира навиката на Кремљ да ги држи Американците како заложници и тоа е уште еден доказ дека Русија се разведува од заедницата на цивилизирани нации“, се вели во написот на весникот потпишан од неговиот уреднички одбор на 31 март. .

Случајот најверојатно ќе ги влоши и така заладените односи меѓу двете нуклеарни сили. САД се главен поддржувач на украинската војска додека Киев се бори со руската инвазија и наметнаа рунди невидени санкции кон Москва во обид да ја поттикнат да ја прекине војната.

Гершкович, чие семејство емигрирало од Русија во САД кога тој бил дете, официјално е акредитиран за новинар од руското Министерство за надворешни работи.

„Тајмингот на апсењето изгледа како пресметана провокација за да се посрамотат САД и да се заплаши странскиот печат кој сè уште работи во Русија. Кремљ го преплаши домашното известување во Русија, така што странските дописници се последните независни извори на вести“, пишува весникот.

„Апсењето на г-дин Гершкович доаѓа неколку дена откако неговата вест беше објавена и нашироко читана порака која го документира падот на руската економија. Кремљ не сака да се каже таа вистина“, се вели во написот. Во него се додава дека Вол Стрит Журнал ги негира „сомнителните „обвинение за шпионирање.

Отворање на кривичен предмет за шпионажа против Гершкович се чини дека е прв против странски новинар во постсоветска Русија. За делото е предвидена затворска казна до 20 години.

На Гершкович судот во Лефортово му одреди притвор до 29 мај. На неговиот адвокат не му беше дозволено да присуствува на рочиштето, при што му беше доделен друг адвокат да го застапува.

Руските власти не соопштија во кој притвор се држи новинарот Гершкович, но според досегашната пракса во случаи со шпионажа, обвинетите беа задржани во Притворниот центар Лефортово, злогласниот поранешен затвор на КГБ каде што беа затворени политичките притвореници.

Откако ја започна својата неиспровоцирана целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, Русија ги заостри законите за цензура за да го задуши несогласувањето со проширување на дефиницијата за она што претставува државна тајна и одредување строги затворски казни за оние кои се смета дека ја „дискредитирале“ руската воена сила.

Брнабиќ - Ковачевски: „Отворен Балкан“ заслужен за подобрените односи

За подобрените билатерални и економски односи меѓу Северна Македонија и Србија заслужна е регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, изјави на 31 март српската премиерка Ана Брнабиќ. Таа ова го изјави на заедничката прес конференција во Белград со македонскиот премиер Димитар Ковачевски по неговата прва посета. Таа посочи дека главата критика за „Отворен Балкан“ е дека Србија има најголема корист од неа, но оваа регионална иницијатива им користи на сите.

„Вистина е дека Србија има корист, како што е вистина дека Северна Македонија и Албанија имаат корист. Во стоковата размена меѓу Србија и Северна Македонија, Србија има значаен суфицит, но она што го донесе оваа иницијатива, е тоа што извозот од Северна Македонија во Србија многу брзо порасна за цели 56 отсто“ изјави Брнабиќ.

Северна Македонија, Србија и Албанија се членки на регионалната економска иницијатива „Отворен Балкан“. Оваа иницијатива е покрената во 2019 година, за да се подобри економската соработка меѓу три земји.

Брнабиќ најави дека од 1 јули годинава ќе стартува примената на единствен идентификациски број со кој ќе се овозможи полесно движење на работната сила меѓу трите земји.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски изјави дека Македонија покажа дека не отстапува од стремежите да ги оствари своите стратешки цели како што е одржување на добрососедските односи.

„Нема поголема глупост од границите на Балканот. Ние сме биле држави кои меѓу себе единствени немале граници, а сега сме единствени кои меѓу себе имаат граници“, изјави Ковачевски.

Тој изјави дека заедничкиот систем за наплата на патарина треба да им го олесни патувањето на граѓаните низ двете држави.

„Тоа ќе значи дека картичките за наплата на патарина во Северна Македонија и оние кои важат во Србија ќе бидат поврзани со ист софтвер и дека веќе нема да биде потребно да се прави „тесно грло“ на наплатните рампи во текот на туристичката сезона и празниците“ изјави Ковачевски.

Македонската и српската владина делегација на денешна средба во Белград потпишаа меморандуми за соработка во областа на рударството и енергетиката, како и за подобар проток на лица и стоки и електронски систем за патарина.
Меморандумот за соработка во делот на енергетиката се однесува на гасниот интерконектор што ќе се гради меѓу Северна Македонија и Грција и кон кој, според денешните најави, ќе се приклучи и Србија.

Иницијативата „Отворен Балкан“, според српската премиерка, има придонес во подобрувањето на економските и политичкте односи меѓу државите, а економските подобрувања се директна последица на оваа иницијатива.
Во текот на следниот месец треба да се усогласи и терминот за третата заедничка седница на двете влади што ќе се одржи во Србија.

Вооружен грабеж на спортска обложувалница во Скопје

Полиција, лента, увид

Вооружени напаѓачи ограбиле спортска обложувалница сред бел ден во скопската општина Бутел. На терен е забележливо зголемено полициско присуство, меѓу кои и припадници на Интервентната полиција. Од МВР велат дека постапиле по пријава на вработен во обложувалницата.

„Денеска во 10.20 часот вработен во обложувалница на подрачје на општина Бутел, пријавил дека две лица со закана со оружје одзеле пари. Веднаш се упатени полициски службеници на лице место и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во кусото соопштение од МВР.

Претходно денеска беше објавена информацијата за убиство на 46 годишен маж во скопската населба Капиштец. Според првичните полициски информации на убиството му претходела расправија меѓу напаѓачот и жртвата во казиното каде што и двајцата играле на апарати за игри на среќа.

По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција. Ќе се врши вештачење на траги и докази подигнати од лице место и ќе се разговара со сведоци на настанот. Обезбедени се снимки од видео надзорот на објектот.

Владата размислува за корекција на платите за функционерите

Владата размислува да ги коригира коефициентите за пресметување на плати, се до цел тоа зголемување да не биде толку големо колку што би требало да биде според одлуката на Уставниот суд, затоа што сме свесни за предизвиците со кои се соочуваме како држава, изјави на 31 март министерката за одбрана Славјанка Петровска. Ова се наметна како тема во јавноста по донесена одлука на Уставен суд со која се укинува член од закон со кој се укинува досегашната основница за пресметка на функционерската плата.

Петровска за владиниот став околу одлуката на Уставнио суд одговараше на новинарски прашања во касарната Илинден.

На исто прашање на друг настан одговори и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој посочи дека секој политичар што живее од плата сака поголема плата. Но, додаде дека од етички аспект политичарите се последни кои треба да добијат поголема плата.

„Од практичен аспект, секој политичар кој ќе каже дека не му е важна платата не е добра порака бидејќи веројатно има друг извор. Јас немам друг извор за живеење освен оваа плата. Така што , секако дека секој би сакал подобра можност. Но, од етички аспект политичарите треба да бидат последни на листата на граѓани кои треба да имаат зголемување на платите. Да, треба да се зголемат, затоа што се скандалозно мали, ама треба да бидат последни на листата откако на сите ќе им се зголемат, тогаш на политичарите“ вели Османи.

Портпаролката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Марија Митевска изјави дека партијата бара од Владата веднаш да се намали и корегира коефициентот за сложеност на работното место со што би се намалиле платите на функционерите.

„Шесто илјади граѓани живеат со 150 денари на ден. Во услови на економска криза, енормна инфлација и сиромаштија, последна работа што треба да се направи е да се зголемат платите на функционерите“, изјави таа.

Претходно претседателот Стево Пендаровски во интервју за ТВ Сител ја повика Владата да се најде решение со кое ќе се регулира прашањето преку намалување на бодовите.

Со одлука на Уставниот суд на 21 март се укинати два члена во различни закони со кои се уредуваше основицата за пресметка на плата на функционери. Од Судот по објавување на одлуката објаснија дека причината за укинувањето е што функционерската плата се уредува со два закона што претставува неконзистентност во законското уредување на оваа материја.

Од Синдикатот на работниците во управата објаснија дека со одлуката на Уставниот суд се укинува основицата од 26.000 денари за пресметување на платите на функционерите. Од сега основицата ќе изнесува колку просечна бруто плата и таа сума ќе се множи со коефициентот. Според последните податоци од Управата за јавни приходи просечната бруто плата во јануари годинава изнесувала 49.397 денари.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи вчера изјави дека мора да се почитува одлуката на Уставен суд за зголемување на платите на функционерите и дека покачувањето треба да се случи веќе следниот месец. Тој додаде дека ако има друга одлука со која што треба таму да се интервенира, тој ќе биде еден од првите што ќе ја поддржи.

Со одлука на Уставниот суд за укинување на два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, се овозможува зголемување на платите на државните функционери за дури 78 отсто.

Покрај нив, законот се однесува и на примањата на премиерот, претседателот, собранискиот спикер, но и сите вршители на јавни функции, како што се сите заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции.

Зеленски ја одбележа годишнината од масакрот во Буча

Илустрација, одбележување на една година од масакрот во Буча

Украина на 31 март одбележува една година откако руските воени сили се повлекоа од Буча, оставајќи зад себе стотици мртви тела од цивили на улиците, по како што го нарече Киев, извршеното воено злосторство и масакр. Во видеото објавено на социјалните мрежи, украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече масакрот во Буча „симбол на злосторствата“ извршени од руската војска.

„Никогаш нема да простиме. Ќе ги казниме сите виновни“, истакнува Зеленски во објавеното видео.

Додека руската војска беше принудена набрзина да ги напушти Буча и Ирпин, друг град на периферијата на Киев, по неуспешниот обид да го освои главниот град на Украина, сликите на мртвите тела расфрлани низ улиците на Буча го обиколија светот, предизвикувајќи бран на шок и осуда.

Русија негираше дека ги извршила масакрите и тврди дека објавените слики и видеа од Буча се „исценирани “ од Украина.

Украинските власти проценуваат дека околу 400 тела на цивили се пронајдени во Буча и вкупно повеќе од илјада низ целиот регион околу Киев. Многу од телата беа пронајдени во масовни гробници.

Украинските и меѓународните истражители отворија истрага за воените злосторства во Буча, Ирпин и други локации во Украина каде што се случија очигледни масакри.

Во меѓувреме, борбите меѓу украинските и руските сили за контрола на Бахмут и други клучни градови во источниот регион Доњецк продолжија со несмалено темпо, бидејќи североисточниот град Харкив беше цел на напади со проектили и беспилотни летала во текот на ноќта, соопшти војската на 31 март.

Столтенберг- Финска во наредниве денови ќе стане членка на НАТО

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Финска ќе се приклучи на НАТО во рок од неколку дена по одлуката на Турција да го ратификува нејзиниот пристап во западната одбранбена алијанса, рече на 31 март генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

„Сите 30 сојузници на НАТО сега го ратификуваа протоколот за пристап“, рече Столтенберг.

Тој на социјалната мрежа Твитер напиша дека му честитал на претседателот на Финска Саули Ниинисто за завршувањето на како што вели историската ратификација на пристапувањето на Финска.

„Со нетрпение очекувам да го подигнам знамето на # Финска во седиштето на НАТО во наредните денови. Заедно сме посилни и побезбедни“, напиша Столтенберг на Твитер.

Турскиот парламент на 30 март ја ратификуваше кандидатурата на Финска за влез во НАТО. Со тоа е отстранета последната пречка во долго одложуваното пристапување на оваа нордиска земја во Алијансата.

Сите 276 присутни пратеници гласаа за кандидатурата на Финска, неколку дена откако унгарскиот парламент ја одобри.

„Ова ќе го направи целото семејство на НАТО посилно и побезбедно“, напиша на Твитер генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, поздравувајќи го потегот на Турција.

Турција и Унгарија беа последните две членки на НАТО што го ратификуваа пристапувањето на Финска.

Обидот на Шведска да се приклучи на Алијансата останува неизвесен, а Турција и Унгарија одложуваат да и дадат зелено светло, и покрај тоа што изразија поддршка за проширувањето на НАТО.

Вознемирени од руската инвазија на Украина пред една година, Финска и Шведска ја напуштија својата повеќедецениска политика на неврзаност и се пријавија да се приклучат на Алијансата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG