Достапни линкови

Вести

Додик: Вооружените сили на БиХ и Управата за индиректни даноци се нелегитимни

Милорад Додик, член на Претседателството на Босна и Херцеговина
Милорад Додик, член на Претседателството на Босна и Херцеговина

Милорад Додик, член на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ) и лидер на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД), изјави дека „вооружените сили на БиХ и Управата за индиректно даночење на БиХ се нелегитимни структури“ додавајќи дека ентитетот Република Српска го укинала нивното формирање“.

„Народното собрание на Република Српска ја отповика согласноста за формирање на вооружените сили и согласноста за индиректни даноци да се организираат на државно ниво, и тоа се незаконски и неуставни структури“, рече Додик на прес-конференција во Источно Сараево.

Тој посочи дека Република Српска не е за автоматско исклучување од државниот систем на индиректни даноци, но дека доколку нема договор ќе формира своја управа за индиректно оданочување.

На 10 декември минатата година, Народното собрание на Република Српска ја задолжи владата на ентитетот во рок од шест месеци, меѓу другото, да ги испрати на разгледување и усвојување законот за данокот на додадена вредност во РС и законот за акцизи во РС.

Во заклучокот потоа беше наведено дека законите, вклучително и Законот за системот за индиректно оданочување во БиХ и Законот за органот за индиректно оданочување на БиХ, нема да се применуваат на територијата на Република Српска од денот на влегувањето во сила на законите за ентитетите.

Во декември, владата на РС, исто така, имаше задача да ги утврди и поднесе законите од областа на одбраната и безбедноста до Собранието на Република Српска. По овие активности, Обвинителството на БиХ отвори предмет против повеќе лица поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело нарушување на уставниот поредок.

види ги сите денешни вести

Израелски медиуми: Граничната област Газа под контрола на Израел

илустрација
илустрација

Според извештаите на израелските медиуми, израелската армија ја презела контролата врз целиот Појас Газа долж границата со Египет, јави ДПА.

Израелските војници се стационирани во поголемиот дел од областа позната како Коридор Филаделфија, област долга 14 километри долж границата со Египет и Појасот Газа, објавија неколку медиуми синоќа, повикувајќи се на армијата.

Извештаите наведуваат дека во областа има околу 20 тунели кои водат кон Египет. Меѓу другото, Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, ги користел тунелите за шверц на оружје во Појасот Газа.

Се додава дека некои од тунелите се уништени. Наводно, на целиот тој простор има вкупно 82 тунели, јави ДПА.

На почетокот на мај израелските трупи почнаа да напредуваат во делови од градот Рафа на југот на Појасот Газа. Тие го окупираа единствениот граничен премин кон Египет на палестинска страна.

Израелските напади врз Рафа беа жестоко критикувани од Меѓународната заедница бидејќи градот е дом на стотици илјади внатрешно раселени палестински лица.

Војната на Израел и Хамас, беше предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври во кој загинаа повеќе од 1200 луѓе, главно цивили.

Иранските активисти ги критикуваат ОН поради планираното оддавање почит на Раиси

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации, 19 септември 2023 година.
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации, 19 септември 2023 година.

Обединетите нации (ОН) најавија церемонија во чест на загинатиот ирански претседател Ебрахим Раиси, што наиде на критики од активистите за човекови права кои го нарекуваат Раиси „месарот од Техеран“, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Претседателот на Генералното собрание на ОН, Денис Френсис оддавање на почит на Раиси на 30 мај, кој заедно со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахијан и неколку ирански претставници загинаа во хеликоптерска несреќа на 19 мај.

Највата за оддавање почит наиде на критики од активистите кои потсетуваат на наводната улога на Раиси во масовна егзекуција на политички затвореници во 1988 година, кога тој беше заменик обвинител на Техеран.

Тие исто така тврдат дека како претседател го надгледувал бруталното задушување на протестите во Иран, одржани по смртта на Махса Амини - девојката која почина во притвор поради наводно прекршување на обврската да ја покрие главата со шамија.

„Кога светските влади издигнуваат флагрантен прекршувач на човековите права на почесна позиција, како да тагуваат за мирољубива и демократска личност, тоа поставува опасен преседан“, напиша лауреатот на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади, кој е во затвор во Техеран.

Моника Грејли, портпаролката на Френсис, рече дека оддавањето почит на починатиот шеф на државата е дипломатска практика.

Но, иранскиот нобеловец, Ширин Ебади, тврди дека одлуката на ОН е во спротивност со сопствените протоколи, бидејќи Раиси не бил највисокиот ирански функционер, истовремено истакнувајќи дека мисијата на ОН неодамна изјавиле дека се извршени „злосторства против човештвото“ од страна на иранскиот режим за време на задушувањето на демонстрантите во 2022 година.

„[Врховниот водач ајатолахот] Али Хамнеи е највисокиот политички и воен функционер во исламската република. Секогаш кога ќе умрат, Обединетите нации можат да одржат четирикратна меморијална церемонија за нив заедно со Садам Хусеин, Моамер Гадафи и Хитлер“, рече Ебади во објава на Инстаграм.

„Сакам почитуваниот генерален секретар и претседател на Генералното собрание да го признаат Ебрахим Раиси како што народот на Иран го нарече, „месарот на Иран“ и „касап на Техеран“ по неговата смрт“.

ОН, исто така, ги вмешаа иранските власти во „физичкото насилство“ што доведе до смртта на Амини, покренувајќи дополнителни прашања за оддавањето почит на Раиси во Обединетите нации.

Украина одби напади со руски дронови врз три региони

Архивска фотографија - Во уништената зграда во Миколајев. Октомври 2023 година.
Архивска фотографија - Во уништената зграда во Миколајев. Октомври 2023 година.

Украинската воздушна одбрана соборила 13 од 14 беспилотни летала кои биле лансирани од Русија рано на 29 мај во три нејзини региони, објавија украинските воздухопловни сили на Телеграм.

„Како резултат на противвоздушна борба, 13 Шахед [дронови] беа соборени во регионите Миколајев, Кировохрад и Ривне“, се вели во пораката.

Нема информации за жртви или материјална штета.

Во меѓувреме, Венјамин Кондратиев, гувернер на јужниот руски регион Краснодар, во порака на Телеграм наведе дека украинско беспилотно летало е соборено од руската противвоздушна одбрана над градот Армавир.

Нема жртви или материјална штета, напиша Кондратиев.

Блинкен го пофали напредокот на Молдавија и подготовките за пристап во ЕУ

Американскиот државен секретар Антони Блинкен и претседателката на Молдавија Маја Санду. 29.05.2024.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен и претседателката на Молдавија Маја Санду. 29.05.2024.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен на 29 мај вети 135 милиони долари помош за Молдавија за енергетска безбедност и за спротивставување на руските дезинформации, потврдувајќи ја поддршката на Вашингтон за европската интеграција на Молдавија и нејзиниот суверенитет против руските закани, во услови на војната врз Украина.

Блинкен ја најави помошта и го изрази своето воодушевување од раководството на претседателката Маја Санду на заедничката прес-конференција со Санду во Кишињев, каде што тој е на станица пред да отпатува за Прага на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.

Тој го пофали неодамнешниот напредок постигнат во Кишињев, вклучително и борбата против корупцијата и подготовките за пристап во ЕУ.

„Пред две години, кога бев тука, разговаравме за тоа како ќе можеме да изградиме динамична Молдавија, закотвена во Европа, која живее во мир. И покрај сите тешкотии со кои се соочувате, презедовте конкретни чекори за исполнување на оваа визија, која ќе создаде силна иднина, преку напредок на европскиот пат“, рече Блинкен.

Блинкен, исто така, повторно се заблагодари на Молдавија за помошта што им ја пружи на украинските бегалци.

„Вие навистина сте мала земја со големо срце“, рече Блинкен.

Од почетокот на целосната инвазија на Русија, Соединетите Држави и обезбедија на Молдавија финансиска помош од 774 милиони долари. Речиси половина од таа сума, 300 милиони долари, беа наменети за енергетска безбедност.

Санду рече дека помошта од САД е искористена за поттикнување на енергетската безбедност, модернизација на земјоделството и борба против корупцијата.

„Всушност, на овој начин не поддржувате во остварувањето на нашиот сон Молдавија да стане земја на загарантиран мир, слобода и благосостојба“, рече Санду.

Блинкен ја посети Молдавија поради загриженоста од обновените закани од Русија и за Молдавија и за Грузија.

Русија сè уште има 1.500 војници стационирани на спорната територија Трансдњестар, а во Грузија ги поддржува антизападните потези на владејачката партија кои се спротивни на нејзините аспирации за пристап во Европската унија.

И двете земји имаат кандидатски статус за приклучување во ЕУ.

Блинкен, исто така, одговори на прашањата дали западните поддржувачи на Украина ќе му дозволат на Киев да го користи оружјето што го обезбедиле за да напаѓа цели во Русија. Одговорот на Блинкен беше дека сојузниците на Украина ќе ги „прилагодат и приспособат“ своите испораки на оружје за да го обезбедат нејзиниот успех.

„Бидејќи она што го прави Русија се промени во однос на тоа како ја продолжува својата агресија, ние се приспособивме на тоа и убеден сум дека ќе продолжиме да го правиме тоа“, рече Блинкен.

Џејмс О'Брајан, највисокиот американски дипломат за Европа, минатата недела рече дека во овој момент нема директна воена закана за Молдавија од Русија, но рече дека има „тековни операции за руско влијание и дека тоа е загрижувачко“.

Молдавија постојано ја обвинува Русија дека се меша во локалните избори и води кампањи за дезинформации во обид да ја собори владата и да го попречи нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ. Санду рече дека очекува руската дезинформации да се зголемат во наредните месеци. Русија ги отфрли обвинувањата.

Во Грузија, тие стравови се интензивираа на 28 мај, кога парламентот на земјата го отфрли претседателското вето на нацрт-законот за „странски агент“ што предизвика неколкунеделни улични протести против законот. Демонстрантите велат дека тоа ќе ја ограничи слободата на медиумите и ќе ги попречи аспирациите на Грузија за ЕУ.

Макрон - на Украина треба да и се дозволи да гаѓа цели во Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон.
Францускиот претседател Емануел Макрон.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се залага да ѝ се дозволи на Украина да ги напаѓа воените бази внатре во Русија со оружје со долг дострел обезбедено од западните партнери.

На 29 мај Макрон се приклучи на претходните изјави на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој исто така повика на промена на таа позиција поради сложеноста на војната во Украина.

Прашањето дали да ѝ се дозволи на Украина да гаѓа цели на руска територија со оружје испорачано од Запад е деликатно откако Москва ја започна својата инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година, пишува АП.

Украина ги притиска своите западни поддржувачи да ѝ дозволат да гаѓа цели во Русија користејќи оружје со поголем дострел што Киев го добива од Западот.

Клучните поддржувачи на Украина, вклучително и САД и Германија, не сакаа да дозволат Киев да изврши напади преку границата поради стравот дека би можело да ги доближи до директен конфликт со Москва.

Макрон рече дека позицијата на Франција е дека на Украина мора да ѝ се дозволи да ги неутрализира руските воени локации од кои истрелува проектили.

„Ако им кажеме на Украинците дека немаат право да ги таргетираат местата од кои се испукани проектили кон нив, ние всушност им кажуваме дека ќе ве снабдуваме со оружје, но дека не можете да се браните со него“, рече Макрон на прес-конференци за време на неговата официјалната посета на Германија.

И шефот за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Жозеп Борел, ги повика земјите да ги балансираат стравувањата од ескалација со потребата на Украина да се брани, велејќи дека Киев има право да користи западно оружје за да нападне внатре во Русија.

ВМРО-ДПМНЕ и Вреди: ДУИ да биде одговорна опозиција - „тоа е волјата на мнозинството“

Средба помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, 11.5.2024
Средба помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, 11.5.2024

Нема ниту мајоризација, ниту шовинизам, ниту е важно што Ахмети имал чувство на навреденост, важно е што волјата на мнозинството е ДУИ да оди во опозиција и се соочи со одговорност, велат од ВМРО-ДПМНЕ во реакција на денешната прес-конференција на лидерот на ДУИ Али Ахмети кој рече дека почнуваат со чекори за спречување мајоризација.

„Ако одењето на ДУИ во опозиција е кршење на Рамковниот договор, тогаш и Али Ахмети го прекрши кога реши да ја изостави ВМРО-ДПМНЕ од владата и не го почитуваше резултатот на изборите 2016-та година каде победи ВМРО-ДПМНЕ. Што само значи дека почитувањето на Охридскиот договор нема врска со фактот дали ДУИ е власт или опозиција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска во Мала Речица рече дека започнуваат со спречување на нова мајоризација и ги повика граѓаните да им се придружат во нивните напори „за заштита на гласот, легитимитетот и духот“ на Охридскиот рамковен договор.

Ваквите коментари од Ахемти доаѓаат во услови кога Коалицијата Вреди од албанскиот блок преговара со ВМРО-ДПМНЕ за формирање на новата влада по изборите на 8 мај, но за ДУИ е спорно тоа што Вреди освоија помалки мандати од Коалицијата „Европски фронт“ од која е дел и ДУИ.

Како што рече денеска Ахмети, Коалицијата „Европски фронт“ се легитимниот претставник на Албанците во државата, велејќи дека оваа коалиција победила со над 30 илајди гласвои повќе од Коалцијата Вреди, додека на претседателските избори со 40 илади гласови повеќе. Тој исто така рече дека „Европскиот фронт“ и албанската опозиција во декември 2023 и јануари 2024 година потпишале договор за да не влегуваат во владата без уставни измени и гаранција за продолжување на европскиот пат.

„Европскиот фронт победи во 20 општини во кои живеат и гласаат Албанците и другите заедници. Европскиот фронт излезе како втора сила во државата, што се случи за првпат во историјата на земјата. Овие резултати беа прекршени и продолжуваат да се прекршуваат преку изборен инженеринг во очите на целата локална, регионална и меѓународнa jaвност“, рече Ахмети.

По изјавите на Ахмети, денеска реагираше и Коалицијата Вреди наведувајќи дека новата влада ќе ја сочинуваат победникот во македонскиот блок со победникот во албанскиот блок.

„ВЛЕН (Вреди), како коалиција на обединетата албанска опозиција, на изборите од 8 мај се потврди како носител на етничкиот легитимитет на гласачите албанци“, наведуваат од Коалицијата.

Од Влен апелираат „Ахмети треба да ја прифати реалноста“, бидејќи како што наведоа, тој одамна веќе немал право да се обидува да го монополизира ЕУ процесот како и процесот на унапредување на етничките права на Албанците во Република Северна Македонија.

„Уставните измени се еден од најважните приоритети на ВЛЕН, тргнувајќи од внесување на Бугарите во Уставот како услов за продолжување на ЕУ перспективите, бришење на срамната формулација 20 проценти и промена на изборниот модел за шеф на државата“, велат од Вреди. Тие апелираат до ДУИ да се однесува како одговорна опозиција и заради лични и теснопартиски интереси да не ги жртвува ЕУ перспективите на Северна Македонија.

Русија го стави актерот Алексеј Панин на листата екстремисти

Актерот Алексеј Панин ја напушти Русија во 2020 година и сега живее во САД (фото од 2013 година).
Актерот Алексеј Панин ја напушти Русија во 2020 година и сега живее во САД (фото од 2013 година).

Руската агенција за сузбивање на перење пари и финансирање тероризам на 29 мај објави дека актерот Алексеј Панин го ставила во регистарот на терористи и екстремисти.

Не беше наведена причина зошто Панин бил ставен во регистарот. Тој ја напушти Русија во 2020 година и сега живее во Соединетите Американски Држави (САД).

Против него беше распишана потерница пред една година, по истрага за обвиненијата дека го „оправдувал“ тероризмот.

Обвинението произлегува од објавувањето на Панин во октомври 2022 година на интернет, во кое тој ја поддржува експлозијата којашто го оштети мостот Керч.

Мостот го поврзува анектираниот украински Крим со полуостровот Таман на руска територија, а Москва ја обвини Украина дека е поврзана со експлозијата.

Федералната служба за безбедност на Руската Федерација (ФСБ) по експлозијата објави дека за неа е одговорна главната разузнавачка управа на украинското Министерство за одбрана, што Киев демантираше.

Ердоган ги критикуваше ОН за израелските напади во Газа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ги критикуваше Обединетите нации (ОН) и го повика „исламскиот свет“ да реагира по последните израелски напади врз Газа.

„ОН не можат да го заштитат ниту својот персонал. Што чекате да дејствувате? Духот на ОН е мртов во Газа“, рече Ердоган.

Израелските тенкови вчера на 28 мај стигнаа до центарот на Рафа, за прв пат по тринеделната копнена операција во југот на Појасот Газа, која наиде на глобална осуда и доведе до уште едно масовно преселување на палестинските бегалци.

За време на нападот на израелската армија врз кампот западно од Рафа, загинале повеќе од 20 лица, според податоците на цивилната одбрана во Газа.

Ердоган денеска критикуваше и одредени земји со мнозинско муслиманско население, посочувајќи дека тие немале заедничка акција во врска со израелскиот напад.

„Имам неколку зборови за исламскиот свет. Што чекате за да донесете заедничка одлука?“, рече Ердоган за време на обраќањето пред претставниците на неговата политичка партија, Партијата на правдата и развојот (АКП).

Тој исто така рече дека „Израел не е закана само за Газа, туку и за целото човештво“.

Израелските тенкови денеска продолжија втор ден по ред со пробните напади низ Рафа - град кој е едно од последните засолништа за раселените Палестинци.

Военото крило на Хамас - група која Европската унија и САД ја сметаат за терористичка и за Исламски џихад, соопштија дека се спротивставиле на израелските сили со противтенковски и минофрлачки ракети.

Израелската армија тврди дека на 29 мај тројца нејзини војници биле убиени, а тројца биле тешко ранети во борбите во јужниот дел на Газа.

Палестинските здравствени власти известија дека неколку луѓе биле ранети од израелски оган во источниот дел на Рафа и дека некои продавници биле запалени.

Израел продолжи со нападите врз Рафа и покрај одлуката на највисокиот суд на Обединетите нации, кој во петокот му нареди да ја прекине офанзивата.

Повеќе од 36.000 Палестинци се убиени во Појасот Газа од почетокот на војната, соопшти Министерството за здравство на Газа ко е под контрола на Хамас.

Израел ја започна операцијата откако милитантите предводени од Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници, според израелските извештаи.

Кацарска - „Трпам закани неколку години наназад“

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска.
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска.

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска денеска изјави дека се решила да пријави закани кон неа кои „се случувале речиси секој втор или трет ден“.

„Ова се закани што ги пријавив, но јас трпам закани неколку години наназад. И, така речено, нема недела да помине, а да немам некоја закана. Имав и физички напад. Бев физички нападната, но никогаш претходно не пријавував, сметав дека се работи за изолирани случаи“, рече Кацарска.

Таа додаде дека засега нема никаква информации дали има некаква разврска од институциите за пријавените закани кон неа.

„Она што беше пријавено како прв настан немам никаква информација, а за тој што лично ми се закануваше мене, тој беше приведен во полициска станица. До каде е постапката и што се случува понатаму, не би можела да одговорам, рече Кацарска.

На 14 мај годинава во полициска станица пријавила евентуално загрозување на сигурноста откако на нејзин приватен паркинг во подземна гаража на зграда во Центар беа пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож.

За овој случај тогаш беше соопштено од страна на портпаролката на Уставен суд Христина Беловска, која рече дека оставаат на надлежните да утврдат дали се работи за закани или случајност.

Беше кажано дека Кацасрса се соочила со повеќе непријатности во континуитет.

На 18 мај, во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје непознато лице вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд по што интервенирало нејзиното обезбедување.

Јутуб го затвори профилот на иранското министерство за надворешни работи

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Видео платформата Јутјуб потврди дека ја укинала сметката на иранското Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на почитување на американските санкции наметнати кон Техеран.

„Гугл е посветен на почитување на важечките санкции и закони. Доколку откриеме дека некој ги прекршува нашите услови за користење, преземаме соодветни мерки“, рече портпаролката на Јутуб, Алзбета Хузарова во писмена изјава за Радио Слободна Европа на 28 мај.

Санкциите на Вашингтон кон Иран ја забрануваат речиси целата американска трговија со земјата и ги блокираат владините средства во Соединетите Американски Држави.

Илјадници луѓе и компании, ирански и странски, беа цел на програмата за санкции, додека Вашингтон се обидува да ја ограничи иранската влада.

Иранската официјална новинска агенција ИРНА објави дека профилот на Јутуб е суспендиран, откако објави видео на англиски јазик за поддршка на Палестинците во време на израелската војна против Хамас во Појасот Газа.

Агенцијата ИРНА, која е под државна контрола, го обвини Јутуб кој е забранет во Иран од 2009 година, за „нарушување на слободата на говорот“.

Запрашана за тврдењето на иранската агенција дека пропалестинското видео резултирало со отстранување на сметката, Хоузарова повтори дека причината се санкциите на Соединетите Американски Држави (САД).

„Поради воведените санкции на САД, иранските државни канали не се дозволени на YouTube“, наведуваат од Јутуб.

Иран ги блокираше сите поголеми платформи за социјални медиуми и ја забрани употребата на виртуелни приватни мрежи (ВПН) кои би можеле да се употребат за заобиколување на забраната. Сепак, иранските власти продолжуваат да користат блокирани платформи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG