Достапни линкови

Вести

Грција воведува нови ограничувања за коронавирус

Нови ограничувања во угостителскиот сектор во Грција

Грција од денеска воведува нови ограничувања во угостителскиот сектор, со што ќе се повлечат мерките планирани за почетокот на јануари, бидејќи се зголемуваат инфекциите со коронавирус. Одлуката дојде еден ден откако властите објавија нов дневен рекорд од 21.657 случаи, повеќе од двојно во споредба со понеделникот. Властите соопштија дека варијантата омикрон, која е многу заразна, се чини дека е доминантна, едвај еден месец откако првпат беше откриена.

Во Грција регистриран нов рекорден број на заразени со ковид-19

СЗО: Варијантата омикрон е најпренослива досега

Баровите, ноќните клубови и рестораните ќе бидат принудени да се затворат на полноќ, со исклучок на новогодишната ноќ кога тогаш може да останат отворени до 2 часот по полноќ. „Овие мерки, доколку се применат во целост, ќе ни овозможат од средината на јануари да се вратиме на нашите нормални животи“, рече на прес-конференција министерот за здравство Танос Плеврис. Властите, исто така, ги зајакнаа ограничувањата во минатата недела, наложувајќи маски на отворени простори и забранувајќи ги божиќните и новогодишните прослави на јавни места.

види ги сите денешни вести

Столтенберг: Не ја сметаме Кина за противник, но сме загрижени за врските со Русија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

НАТО не ја гледа Кина како противник, но Алијансата е загрижена за се поблиските врски на Пекинг со Москва по руската инвазија врз Украина, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Ние не ја сметаме Кина за противник“, рече Столтенберг на маргините на самитот на НАТО во Мадрид, додавајќи дека Кина наскоро ќе биде најголемата економија во светот и дека НАТО треба да го вклучи Пекинг во прашања како климатските промени.

„Но, ние сме разочарани од фактот што Кина не можеше да ја осуди руската инвазија на Украина, дека Кина шири многу од лажните наративи за НАТО, Западот, а исто така и дека Кина и Русија сега се поблиски од порано“, додаде тој.

Лидерите на земјите членки на НАТО од денеска учествуваат на Самиот на Алијансата во Мадрид. Се очекува ова да биде еден од најважните самити на НАТО во последниве години, поради руската неиспровоцирана инвазија на Украина. Столтенберг вчера рече дека на тридневниот самит ќе се договори нов пакет помош за Украина во области како безбедни комуникации, системи против дронови и гориво.

САД со помош од 55 милиони долари за Авганистан

Авганистан по земјотресот.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави денеска дека САД
ќе обезбедат речиси 55 милиони долари итна помош за Авганистан како одговор на земјотресот што минатата недела ја погоди земјата.

Најмалку 1.000 луѓе загинаа, повеќе од 3.000 беа повредени и 10.000 домови уништени од земјотресот со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала што ја погоди областа во близина на границата на земјата со Пакистан на 22 јуни.

„Земјотресот ја засили тековната хуманитарна криза што авганистанскиот народ ја трпи премногу долго“, соопшти Блинкен.

Со овие средства вкупната помош на САД за Авганистан до минатата година кога талибанците ја презедоа контролата врз земјата и по повлекувањето на американските војници изнесува 774 милиони долари.

Повлекувањето и прекинувањето на директната помош за Авганистан од страна на Соединетите Американски Држави и другите финансиери од кои зависеше осиромашената нација ги влошија финансиските и хуманитарните кризи кои доведоа до колапс на економијата, а милиони луѓе претрпеа недостиг на храна.

Киргистанскиот суд го ослободи екс претседателот Атамбаев

Алмазбек Атамбаев

Судот во Бишкек го ослободи поранешниот киргистански претседател Алмазбек Атамбаев во случајот поврзан со масовните протести што ја зафатија централноазиската нација во 2020 година.

Судот ги прогласи Атамбаев и уште шестмина обвинети за невини за организирање и учество во масовни нереди, нелегално поседување огнено оружје и закани кон органите на редот. Претходно денеска обвинителите побараа 12 години затвор за Атамбаев. Тие бараа казни од 7 до 9 години за другите обвинети.

Атамбаев моментално отслужува 11-годишна затворска казна, која му беше изречена во 2020 година за неговата улога во незаконското ослободување на озлогласениот криминалец Азиз Батукаев во 2013 година.

Антивладините протести во октомври 2020 година беа поттикнати од контроверзните парламентарни избори кои многумина ги сметаат за наместени.

Атамбаев беше ослободен за време на протестите и им се придружи на демонстрантите заедно со уште неколку политичари. Подоцна повторно беше уапсен и вратен во затвор.

Руските власти го привеле градоначалникот на Херсон

Ихор Колихаев

Руските власти кои го окупираа украинскиот град Херсон го привеле градоначалникот Ихор Колихаев, откако тој одбил да работи со нив. Советничката на Колихаев, Халина Љашевска, на Фејсбук напиша дека офицери на руската Национална гарда ја пребарале канцеларијата на градоначалникот и го привеле на 28 јуни.

Според Љашевска, Колихаев најверојатно бил приведен поради неговото отворено одбивање да соработува со окупаторските руски власти. Гувернерот на регионот Херсон, Хенадиј Лахута, го потврди притворот на Колихаев.

Откако руските трупи го презедоа градот Херсон на почетокот на март, Колихаев остана во градот и продолжи да работи како градоначалник и одбиваше да соработува со руските трупи.

Кон крајот на април, Русија назначи свои таканаречени шефови на воено-цивилни администрации во градот и областите што руските трупи ги презедоа за време на нивната тековна инвазија на Украина.

Медиумите во Украина на 28 јуни објавија дека окупаторските руски сили, исто така, уапсиле службеник во украинскиот град Енерходар во регионот Запорожје минатата недела.

Нови 168 случаи на ковид

Илустрација

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се 1.101 тестови, а регистрирани се 168 нови случаи на Ковид-19. Од вкупниот број на позитивни 28 се реинфекции, а нема починати лица.

Досега во земјата се направени вкупно 2.079.613 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 313.708, бројот на оздравени пациенти е 303.738, на починати е 9.322, а бројот на активни случаи изнесува 648.

Гир: Во сечиј интерес е преговорите да почнат сега

Евроамбасадорот Дејвид Гир

Во сечиј интерес е преговорите да почнат сега, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир, на првата сесија на 19-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет- Република Северна Македонија и ЕУ, кој се одржува денеска во Собранието. Според него, ЕУ останува со Северна Македонија преку донациите и поддршката на реформите, а вложува и во инфраструктурата, работни места и деловни субјекти. Тој рече дека и покрај важните геополитички случувања на Самитот на ЕУ, за жал не можело да се отворат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, нагласувајќи дека напорите се во тек.

„Свесен сум за бранот јавна фрустрација и разочарување. Многумина разбираат дека членството во ЕУ дава најдобра перспектива за стабилност, просперитет и за демократската иднина на земјата. Не, тие не може да разберат зошто земјата не може да напредува на патот кон ЕУ. Треба да одработиме подобро“, изјави Гир.

Евроамбасадорот Гир, исто така, порача дека земјата има напредок во судските реформи, во спроведувањето на стратегијата за судски реформи 2017-2022.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, посочи дека е многу важно да се задржи и исполни определбата за пристапување на државите од Западен Балкан во европското семејство, дадена уште во 2003 година на Самитот во Солун. Без разлика на исходот од француското претседателство со ЕУ тој нагласи дека земјата останува посветена и на спроведувањето на реформите и задржување на европскиот курс на државата.

Постојниот известител на Европскиот парламент за Северна Македонија Илхан Ќучук, рече дека Северна Македонија има важна улога во гео-политичкиот контекст.

„За жал, ние како Европски парламент не успеавме да убедиме некои од земјите членки, вклучително и мојата, да го крене ветото многу порано, за да може да се даде зелено светло за иднината на Северна Македонија и да се свика првата меѓувладина конференција“, изјави Ќучук.

Бугарија го прифати францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции во кој се вметнати речиси сите бугарски барања. Македонските власти оценија дека предлогот е неприфатлив.

Бугарија го блокира почнувањето преговори на Македонија со ЕУ со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

МПК, основан 2004 година врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација, претставува форум каде што членовите на Собранието и Европскиот парламент разменуваат искуства, мислења и ставови за зајакнување на меѓусебното партнерство. Комитетот се состанува два пати годишно, еднаш во нашето Собрание и еднаш во Европскиот парламент.

Министерката за одбрана ќе присуствува на Самитот на НАТО

Министерката за одбрана Славјанка Петровска

Министерката за одбрана Славјанка Петровска утре и задутре ќе биде дел од високата државна делегација, предводена од претседателот на државата и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски на претстојниот Самит на НАТО, што ќе се одржи во Мадрид, Кралството Шпанија.

Од Министерството за одбрана најавија дека министерката ќе учествува на дискусијата на тема „Придонесот на НАТО за безбедноста и стабилноста во неговото соседството“.

Во текот на утрешниот ден министерката Петровска ќе учествува на работна вечера на министрите за одбрана на НАТО земјите членки на која ќе се разговара за влијанието на хибридните закани во земјите од Западен Балкан.

На претстојниот Самит на НАТО главна тема ќе биде усвојувањето на новиот Стратешки концепт на НАТО, кој ќе биде патоказ во наредните десетина години, базирајќи се на новата безбедносна реалност, а со цел прилагодување на промените во светот за зачувување на безбедноста на своите над една милијарда граѓани.

На самитот ќе се дискутира и за зајакнување на капацитетите за одвраќањето и одбраната, за апликациите на Шведска и Финска, за идната поддршка на Украина, за безбедносни прашања на денешницата и за останати важни прашања со кои се соочува Алијансата.

Расте бројот на барања за азил во ЕУ

EUROPE-MIGRANTS/HUNGARY

Европската унија минатата година примила 648 илјади барања за меѓународна заштита, објави денеска Агенцијата на ЕУ за азил (ЕУАА).

Тоа е за една третина повеќе во однос на 2020 година.
Авганистанците и Сиријците се најголемата група баратели на азил.

Освен тоа, Унијата примила околу 3,4 милиони барања за привремена заштита од луѓе кои избегале од војната во Украина.
Агенцијата соопшти дека од вкупно околу 6 милиони луѓе избегале од руската агресија, но дел од нив се вратиле во Украина.

Сиријците поднеле околу 117 илјади барања, додека Авганистанците 102 илјади. По нив следуваат граѓани на Ирак, Пакистан, Турција и Бангладеш.

Дестинациите на кои сакаат да стигнат се Франција, Германија, Италија и Шпанија.

Половина од сите пријавени биле на возраст од 18 до 34 години, а околу 70 отсто од барателите се мажи.

ЕУ соопшти дека ги прифатила барањата за азил или заштита на 185 илјади луѓе.

Најголем процент усвоени барања имале жителите на Еритреја – 81 отсто, додека најнизок жителите на Грузија – 3 отсто.
Околу 770 илјади одлуки сè уште се на чекање, наведува Агенцијата на ЕУ.

Адеми жали за собранискиот инцидент, тензиите продолжуваат и на денешната седница

Пратеникот од ДУИ Арбер Адеми, архивска фотографија

Пратеникот од ДУИ Арбер Адеми денеска изјави дека жали за тоа што се случило на синоќешната седница на Комисијата за европски прашања во Собранието. Тој вели дека жали за сите сцени што јавноста имаше можност да ги види и за кои вели дека се испровоцирани од опозицијата.

На видео снимка од вчерашната седница можеше да се види како при жестока кавга меѓу координаторот на ДУИ и претседател на комисијата за европски прашања Арбер Адеми и опозициските пратеници Антонијо Милошоски и Халин Снопче летаа филџани и пластични шишиња.

Кавга на раб на тепачка во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:24 0:00

Денеска Адеми во изјава за ТВ Клан вели дека ваквите сцени се грди и не се во интерес ниту на пратениците, ниту на граѓаните.

„Без оглед дали станува збор за пратеници од опозицијата или од власта, повторување на такви сцени не треба да се случат, треба заедно да ги надминеме проблемите и овие провокации, како и недоразбирањата за да обезбедиме непречено одвивање на работата на Собранието", изјави Адеми.

Тој вели дека за време на вчерашниот инцидент бил повреден, кога пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски му го влечел микрофонот и му предизвикал повреда на раката.

Денеска продолжи седницата на Комисијата, на која повторно пратениците се обраќаа на висок тон, се довикуваа и тропаа по масите. И овојпат пратениците се расправаа за тоа дали е утврден дневниот ред. Повод за жестоката кавга вчера, на раб на физичко насилство, беше гласањето на дневниот ред, на кој се најде и Законот за работата на судовите, со кој се предлага работниот век на судиите да се продолжи до 67 години.

Г7 ветија меѓународна конференција за помош за обнова на Украина

Германија - Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се обраќа на лидерите на Г7 преку видео врска за време на нивната работна сесија на 27 јуни 2022 година.

Лидерите на групата седум најразвиени економи во светот Г7 ветија дека ќе одржат меѓународна конференција за собирање средства за повоена обнова на Украина. За време на нивниот Самит во Германија тие ја осудија руската инвазија на Украина како „незаконска и неоправдана“.

„Ние сме силно посветени на поддршката на реконструкција на Украина преку меѓународна конференција“, се наведува во соопштението на Г7, додавајќи дека членовите се согласиле да потрошат 4,5 милијарди долари за решавање на проблемите со безбедноста на храната ширум светот, влошени со зголемените трошоци за жито и храна по инвазијата на Русија.

Белата куќа додаде дека Соединетите Држави ќе вложат 2,76 милијарди долари за тој напор, што ќе им помогне на 47 земји и регионални организации кои се занимаваат со недостиг на храна и неухранетост.

Во завршната изјава од Самитот, кој завршува на 28 јуни, се адресира и прашањето за глобалната безбедност на храната, кое беше нарушено со руската блокада на украинските пристаништа, со што резервите на жито од еден од најголемите светски производители не се извезуваат.

На лидерите на Г7 им се придружија и лидерите на Аргентина, Индија, Индонезија, Сенегал и Јужна Африка, како и Украина, се вели во соопштението.

За време на тридневниот Самит лидерите веќе ветија дека ќе продолжат со санкциите кон Русија до кога и да треба и дека ќе го засилат меѓународниот економски и политички притисок врз рускиот претседател Владимир Путин и неговите поддржувачи во Белорусија.

Тие ја осудија Русија и за, како што наведоа, „гнасниот“ напад врз трговскиот центар во централна Украина, нарекувајќи го „воено злосторство“ и ветија дека Путин „ќе одговара“ за постапките на Москва.

Лидерите на Г7 за време на самитот зборуваа и за ограничување на цената на руската нафта, зголемување на царините за руските стоки и воведување други нови санкции, но на состанокот во Германија не беше постигнат конечен договор. Се очекуваат дополнителни дискусии по самитот.

Тројца загинати во уривање на зграда во Мумбаи во Индија

Индија, Мумбаи, архивска фотографија.

Најмалку тројца луѓе загинаа, а 11 се повредени во уривање на трошна станбена зграда во финансискиот центар на Индија, Мумбаи, соопштија денеска локални претставници.

Четирикатницата се урнала доцна синоќа.

Десетици спасувачи го расчистуваат теренот во потрага по најмалку четворица станари кои се заробени под урнатините, пренесоа тамошните медиуми.

На телевизиските снимки се гледа како граѓани им помагаат на полицијата и пожарникарите во спасувањето на луѓето и превозот на повредените во болница.

Министерот за екологија на индиската држава Махараштра изјави дека на станарите неодамна им било кажано да ја напуштат трошната зграда, но тие продолжиле да живеат во неа.

Уривањето на згради често се случува во Индија за време на сезоната на монсуни од јуни до септември, кога поради силните дождови доаѓа до слабеење на и онака лошо направените темели на објектите.

Пациентите со дијабетес разочарани од односот на министерот за здравство

Систем за мерење на гликемија

Пациентите со дијебетес бараат Mинистерството за здравство да ја заврши постапката за промена на моделот за набавка на глукомери и ленти, односно лентите и апаратите за мерењето на шеќер во крвта да се тргнат од тендерската постапка за набавка на инсулин и да бидат достапни во сите аптеки по дефинирана цена.

Меѓу пациентите има и 500 деца кои што се засегнати од проблемот.

Наташа Димитриевска - Деспотовска од Здружението на деца со дијабетес, вели дека нема перспектива за овие деца ако не се применуваат сите модерни средства за лекување и контрола на болеста.

„Не заради фактот што сме единствени во Европа и на Балканов што без државно учество во обезбедување на овие помагала, туку заради фактот што тие помагала се суштински во животот со дијабетесот, во борбата со него, во превенцијата од мноштво несакани, а крајно животозагрозувачки опасности кои што, за жал, оваа состојба ги носи, а се работи за деца, за нивниот развој и нивниот живот, засега како да разговараме со ѕид“, изјави Наташа Димитриевска - Деспотовска од Здружението на деца со дијабетес.

За јавната набавка велат дека државата веќе обезбедила средства, рапишан бил и тендер, но тој пропаднал. Поради тоа бараат здравствените власти неодложно да го решат проблемот.

Специјализантите останаа без платени дежурства, бараат решение од премиерот

Пациентите реагираат и на односот на министерот за здравство Беким Сали кон пациентските здруженија. Велат дека изминативе шест месеци се обидуваат да дојдат до него, како најрелевантен фактор, за да најдат решение за проблемите со кои се соочуваат во делот на лековите и терапиите, но безуспешно.

„Созјузот на здружение на дијабетичари (СЗДСМ) )официјално досега во пет наврати поднесе барања за средба со министерот за здравство во кои што тематски беа наведени точките за разговор, но единствен одговор добивме пред неполн месец кога се сретнавме со неговиот советник за соработка со граѓански организации. За жал, и ние како и сериозно мнозинство на пациентски организации се уште сме далеку од можноста да имаме воспоставена редовна комуникација со министерот за здравство за сите прашања кои што пред нас стојат како реални проблеми и тешкотии“, вели претседателот на СЗДСМ, Димче Велев.

Алармантен раст на новозаболени од дијабетес во земјава

Од пациентските здруженија се покажалија на, како што велат, не само непостоење на инситуционален интерес, туку и за непостоењето на трунка човечка емпатија и незаинтересираност да се биде сервис на граѓаните.

Бугарскиот претседател ги заврши консултациите пред да го додели мандатот за нова влада

Бугарскиот претседател Румен Радев со преставникот на ИТН, Ташко Јорданов.

Претседателот на Бугарија Румен Радев ги заврши консултациите со партиите во Националното собрание, откако минатата недела на владата и беше изгласана недоверба.

Радев изјави дека првиот мандат за формирање на новата влада во рамките на овој парламент ќе го предаде на најголемата партија во Собранирто „Продолжуваме со промената“. Тој не прецизираше кога ќе им го даде мандатот. Радев вечерва заминува за Мадрид на самитот на НАТО, каде ќе биде до 30 јуни.

Во меѓувреме партиите меѓусебе се консултираат за нова влада.

Од досега владејачката партија „Продолжуваме со промените“ соопштија дека денеска почнува преговори со актуелните партнери од владејачката коалиција во Бугарија. Доколку се договорат, ќе предложат влада и акциски план во форма на јавна покана до сите пратеници во Националното собрание, со цел да се формира мнозинство од 121 пратеник.

Од партијата „Има таков народ“ (ИТН), која ја напушти владејачката коалиција пред да и биде изгласана недоверба, велат дека нема да поддржат влада со премиерот Кирил Петков или Асен Василев, туку партијата ќе направи „сè што е во нејзина моќ“ да формира кабинет. Од партијата велат дека доколку бидат поканети ќе учествуваат во преговорите за формирање влада, дека ќе дадат сè од себе, но не по секоја цена.

Од Демократска Бугарија (ДБ) соопштија дека ќе инсистираат на формирање влада со првиот мандат, кој ќе го добие „Продолжуваме со промената“ (ПП).

Откако Кирил Петков поднесе оставка од владата во понеделникот наутро, почна процедурата за формирање на нова влада. Радев мора да даде мандат за формирање кабинет прво на ПП, која е најголема парламентарна партија, па на ГЕРБ и на крај на некоја од другите партии по негов избор.

ССМ реагира на одлуката трговците во туристичките места да работат во недела

Маркет

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) реагира на одлуката да им се дозволи на трговците во туристичките места да работат во недела, само неколку месеци откако на сила стапи Законот за недела неработен ден.

„ССМ со право, уште на самиот почеток на процесот на уредување на недела како ден на неделен одмор укажуваше дека ова право во никој случај не смее да се регулира со друг закон освен со Законот за работните односи и дека во тој случај му се дава можност на еден министер со потпис да одлучува за судбината на работниците, што по 6 месеци се покажа како точно, иако во тој период од министрите бевме убедувани дека тоа нема да биде случај“, реагира Сојузот на синдикати.

Собранието вчера ги усвои измените и дополнувањата на Законот за трговија со кој се овозможува работа во недела и државни празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места. Според министерот за економија Крешник Бектеши, со измените и дополнувањата на Законот за трговија се очекува дополнително да се поттикне економската активност во земјата, посебно во туристичките места.

Русија воведе санкции за сопругата и ќерката на американскиот претседател

Американскиот претседател Џо Бајден и неговата сопруга Џил.

Русија воведе санкции за сопругата и ќерката на американскиот претседател Џо Бајден. Тие се последните американски граѓани додадени на листата на санкционирани од Москва како одмазда за потезите на Вашингтон против Русија поради нејзината војна во Украина.

Министерството за надворешни работи во Москва во соопштение на 28 јуни соопшти дека 23 други високи функционери се на листата на санкционирани. Санкции има и за лидерот на малцинството во републиканскиот Сенат, Мич Мекконел, и за сенаторите Чарлс Грасли, Кирстен Гилебранд, Сузан Колинс, Бен Сас и Мартин Хајнрих.

„Како одговор на постојано проширувањето на американските санкции против руските политички и јавни личности, 25 американски граѓани се ставени на таканаречната „стоп листа“. На неа се ставени и сенаторите одговорни за формирање на русофобичен наратив, како и членовите на семејството на претседателот Џо Бајден“, се вели во соопштението.

На луѓето од списокот им е забранет влез на руска територија.

Соединетите Држави ги предводеа меѓународните напори за воведување далекусежни санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Вашингтон и Европската унија воведоа санкции против поединци, вклучително и рускиот претседател Владимир Путин, неговите ќерки, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и членовите на неговото семејство и неколку олигарси поврзани со Путин.

Тие, исто така, воведоа осакатувачки економски санкции кон Русија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG