Достапни линкови

Путин бара Западот веднаш да обезбеди безбедносни гаранции на Русија


Москва- Рускиот претседател Владимир Путин одговора на новинарски прашања на годишната прес конференција, 23.12.2021

Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Москва ја одржа својата редовна годишна прес конференција. Тој рече дека постои надеж во однос на претстојните разговори со САД и побара од Западот веднаш да ѝ обезбеди безбедносни гаранции на Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин побара од Западот „веднаш“ да и обезбеди на Русија безбедносни гаранции. Оваа негова изјава доаѓа во период во кој има растечки тензии поради трупањето руски војници на границата со Украина. Говорејќи на својата годишна прес-конференција денеска Путин одговори остро на новинарско прашање за намерите на Русија и упати низа обвинувања за Украина и за НАТО.

„Вие нас треба да ни дадете гаранции. Вие! И тоа не со задоцнување! Сега!“ рече Путин одговарајќи на прашање на новинарот на Скај њус.

Рускиот претседател ги повтори тврдењата на Кремљ дека Соединетите Американски Држави поставиле ракетни системи на границата со Русија. Се чини дека тој мислеше на противракетните системи што Соединетите Држави претходните години им ги распоредија на Романија и на Полска со кои се сојузници во НАТО. Вашингтон инсистираше на тоа дека системите и се потребни за одбрана на Европа поради заканите од иранските проектили, а дека се неефикасни против рускиот арсенал.

„Дали ние поставивме ракети покрај американските граници? Не. САД со неговите проектили дојдоа во нашиот дом и на прагот на нашиот дом... Дали е тоа необично барање? Не поставувајте повеќе системи за напади до нашиот дом?“ рече Путин.

Одговарајќи на друго прашање рускиот претседател кажа и дека постои надеж во однос на претстојните разговори со САД. Прашан дали мисли дека е веројатна нова војна меѓу Русија и Украина тој одговори дека реакцијата што Москва ја добила од Вашингтон за списокот со барања за НАТО и европската безбедност е „позитивна“.

Русија на 17 декември објави список барања за кои сака да преговара со Соединетите Американски Држави и НАТО. Во предлозите објавени од руското Министерство за надворешни работи се бара прекин на проширувањето на НАТО кон исток и ограничувања на воената активност на алијансата во Источна Европа, вклучително и соработката со Украина и Грузија. Американските и руските дипломати треба да се сретнат на нови разговори некаде по Нова година, наводно во Женева.

Москва- Рускиот претседател на годишната прес конференција,23.12.2021
Москва- Рускиот претседател на годишната прес конференција,23.12.2021

Инаку, во последните недели, САД, НАТО и Киев алармираат дека 100.000 руски војници се распоредени во близина на границата со Украина и на полуостровот Крим окупиран од Русија. Американски официјални лица велат дека Москва планира можна воена офанзива која, доколку се случи, би можела да дојде за неколку недели. Новото воено засилување е дел од притисокот на Путин кон САД и НАТО да и дадат на Русија сеопфатни „безбедносни гаранции“ кои драстично ќе го променат поредокот во Европа по Студената војна.

Путин вели дека не сака војна, но тврди дека ако дојде до нови борби, виновни ќе бидат Киев и Западот. Тој ги повтори обвинувањата кон Украина дека Киев спремал нова воена офанзива во источните региони во кои војната трае веќе седум години.

„Сега ни зборуваат војна, војна, војна. Се чини дека подготвуваат уште една операција (во Донбас) и не предупредуваат да не им сметаме, а во спротивно ќе има санкции“, рече Путин.

Тој, исто така, го обвини Западот дека создава „антируско расположение“ во Украина со тоа што ја вооружува земјата и како што го „пере мозокот на народот“.

„Ние правиме се за да воспоставиме добрососедски односи со Украина. Но, тоа е невозможно да се направи со сегашното раководство. Луѓето во Украина кои сакаат да работат со нас се соочуваат со притисок или се убиени“, додаде Путин.

Инаку, рускиот претседател одржува годишни прес конференции откако дојде на претседателската функција во 2001 година. Од 2004 година секоја ваква годишна конференција трае најмалку три часа, а најдолгата беше минатата година и траеше 4 ипол часа.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG